12. Јули   (29. Јуни)

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПРВОВРХОВНИ АПОСТОЛИ ПЕТАР И ПАВЛЕ

ЖИТИЕТО, ПОДВИЗИТЕ И СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ СЛАВЕН И СЕФАЛЕН ВРХОВЕН АПОСТОЛ ПЕТАР

Свети апостол Петар, кој пред апостолството се викал Симон, родум беше Евреин, син на Јона, од племето Симеоново, брат на светиот апостол Андреј Првоповикан, од малото и непознато галилејско гратче Витсаида во Палестина. Беше оженет со ќерката на Аристовул, братот на светиот апостол Варнава, и со неа имаше еден син и една ќерка. Симон беше неписмен, но простодушен и богобојазлив човек, кој ги држеше заповедите Господови и одеше пред Господа, без мани во сите свои дела. По занимање беше рибар и како сиромав, тој со трудот на своите раце го хранеше своето семејство, жената, децата, тештата и својот стар татко.

Симоновиот брат Андреј, презирајќи ја суетата и вревата на овој свет, го одбра безбрачниот живот, отиде кај светиот Јован Крстител, кој на Јордан проповедаше покајание, и стана негов ученик. Слушајќи ги сведоштвата на својот учител за Христа - Месијата, а особено неговите зборови кога со својот прст укажа на Господа: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на светот врз себе...“ (Јован 1, 29-36) Андреј го остави Јована, и заедно со другиот Крстителов ученик тргна по Господа Христа, прашувајќи Го:

„Учителе, каде живееш?“

„Дојдете и видете“, - им одговори Спасителот.

И тие отидоа и видоа каде живее и останаа кај Него во оној ден (Јован 1, 37-39).

Утредента Андреј дојде кај својот брат Симон и му рече:

„Го најдовме Месијата, Христос“.

И го одведе кај Исуса. А Исус го погледна и му рече:

„Ти си Симон, синот на Јона; ти ќе се викаш Кифа, што значи Петар“! (Јован 1, 41-42).

И во тој час, свети Петар беше ранет од љубов кон Господа, поверува дека Он е вистинскиот Месија, испратен од Бога за спасението на светот. Но тој сѐ уште не го оставаше својот дом и занимање, и заработуваше за потребите на своите домашни, во што понекогаш му помагаше брат му Андреј, поради нивниот стар татко. Тоа траеше сѐ додека и двајцата не беа повикани од Господа на апостолство.

Еднаш, по затворањето на Јован Крстител во темницата, Господ Христос, одејќи покрај морето Галилејско, ги виде двајцата браќа Петар и Андреј како фрлаат мрежа во морето, и им рече:

„Појдете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе“ (Матеј 4, 18-19).

Всушност какви ловци Господ сакаше да ги направи, тоа Он пред тоа го беше покажал со чудесното ловење на риби, кога, влегувајќи во Симеоновиот кораб и наредувајќи му да ги фрли мрежите во морето, Симон му одговорил:

„Учителе, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме. Но по Твоите зборови ќе ја фрлам мрежата“.

И штом го направија тоа, уловија толку големо количество риба, што дури и мрежите им се кинеа. Тоа беше праслика на духовниот апостолски риболов, зашто апостолите требаше со мрежата на зборовите Божји да уловат многу народи за спасение. Кога го виде таквото чудо, Симон Петар падна пред нозете Исусови и Му рече:

„Оди си од мене, Господи, зашто јас сум грешен човек!“

Зашто него, и сите што беа со него, ги беше обзел страв од ловот на рибите, што ги уловија. Како одговор на Петар, кој му вели на Господа да си оди од него, Господ го повикува да го следи, и му вели:

„Не плаши се! Отсега ќе ловиш луѓе за живот, како што досега си ловел риби на смрт“ (сп. Лука 5, 1-11).

Од тој час свети Петар, брат му Андреј и останатите новоповикани ученици станаа следбеници Христови. И Господ го љубеше Петар поради неговата простосрдечност. И го посети Господ неговиот беден дом и неговата тешта болна од треска ја исцели фаќајќи ја за рака (Марко 1, 30). А кога Господ утредента, во темни зори, стана, излезе и отиде сам на пусто место и таму се молеше, тогаш Петар, бидејќи не можеше да издржи ниту еден час без Господа, го остави својот дом и сите домашни, и отрча по Него, грижливо барајќи го својот возљубен Учител. И штом го најде му рече:

„Сите те бараат, Господи!“ (Марко 1, 30-37).

И од тогаш не се делеше од Господа, и постојано беше со Него, и се насладуваше гледајќи го Неговото лице и слушајќи ги зборовите Негови, послатки од мед. Како очевидец тој посматраше многу и големи чудеса Негови, кои јасно потврдуваа дека Христос е Син Божји, во Кого тој верува без никакво сомневање. И како што со срцето веруваше за правдата, така и со устата исповедаше за спасението. Зашто кога Господ дојде во краевите на Кесарија Филипова, ги праша учениците Свои:

„За кого ме сметаат луѓето?“

Тие одговорија:

„Едни дека си Јован Крстител, други Илија, а некои за Еремија или еден од пророците“.

И повторно ги праша:

„А вие, што мислите, Кој сум Јас?“

Тогаш Симон Петар одговори и рече:

„Ти си Христос, Синот на живиот Бог“.

Ова Петрово вистинско исповедање, Господ го пофали, говорејќи:

„Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Отец, Кој е на небесата. А Јас тебе ти велам: Ти си Петар, и на тој камен ќе ја изградам Црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат. И ќе ти ги дадам клучевите на Царството Небесно, и што ќе сврзеш на земјата ќе биде сврзано на небесата, а што ќе разрешеш на земјата ќе биде разрешено на небесата“ (Матеј 16, 13-19).

Свети Петар имаше топла љубов спрема Господа, и сакаше никогаш да не му се случи никакво зло. Затоа, кога Господ однапред зборуваше за Своите страдања, Петар се спротивстави на тоа, и од незнаење рече:

„Биди милостив кон Себе Господи; тоа со Тебе нема да се случи!“ - иако овие Петрови зборови не беа по волја на Господа, бидејќи Он за тоа и дојде, за со Своите страдања да го искупи родот човечки од гибелта, но сепак, преку нив се обелодени усрдната љубов на Петар кон Господа, а и Петровата безазленост, зашто, слушајќи го страшниот укор од Господа: “Бегај од Мене, сатано!“, - Петар не му се налути на својот Господ, ниту замина од Него, туку со љубов го прими прекорот, и со уште поголемо усрдие го следеше (сп. Матеј 16, 21-23).

Еднаш многумина од учениците Спасови, не можејќи да ги разберат Спасовите зборови за Светата Тајна Причест, говореа за нив:

„Тешки се овие зборови! Кој може да ги слуша!?“

И мнозина од Неговите ученици се вратија назад, и повеќе не одеа со Него. Тогаш Господ Исус им рече на дванаесетмината:

„Да не сакате и вие да заминете?“

А Симон Петар Му одговори:

„Господи, кај кого ќе отидеме? Ти ги имаш зборовите за вечниот живот. И ние поверувавме и познавме дека си Ти Христос, Син на Живиот Бог“ Јован 6, 53-69).

Со таквата вера и усрдност кон Господа, свети Петар се осмели да бара од Господа да дојде кај Него по водата. И Господ му дозволи. Тогаш свети Петар, излегувајќи од коработ, одеше по водата за да стигне до Исуса. Но, бидејќи тој при примањето на Светиот Дух сѐ уште не беше совршен во цврстата вера, штом го виде силниот ветар се уплаши и почна да тоне и извика:

„Господи, спаси ме!“

Исус веднаш му подаде рака, го фати и му рече:

„Маловернику, зошто се посомнева?“ (Матеј 14, 22-31).

И Господ, Кој го избави светиот апостол од потопување, го избави и од маловерието кога му рече:

„Јас се молев за тебе, за да не се изгуби твојата вера“ (Лука 22, 32).

Заедно со двајцата апостоли Јаков и Јован, свети апостол Петар се удостои на Тавор да ја види славата на преображението Господово и со своите уши да го чуе гласот на Бога Отца, кој од небото дојде кај Господа Исуса. За тоа светиот апостол вака пишува во своето Послание:

„Ние вам ви ги објавивме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос не преку измислени приказни, туку самите бевме очевидци на Неговото величие. Зашто Тој прими чест и слава од Бога Отецот, кога од Велелепната Слава Му дојде ваков глас: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја“. И тој глас ние го слушнавме како дојде од небото кога бевме со Него на светата гора (2 Петар 1, 16-18; сп. Матеј 17, 1-8; Марко 9, 2-9; Лука 9, 28-36).

Кога Господ се приближи до Своите доброволни страдања и крсната смрт, свети апостол Петар ја покажа својата ревност за Господа не само со збор, велејќи: „Господи, готов сум да одам со Тебе и во темница и во смрт“, туку и на дело, кога го извлече ножот и му го отсече увото на првосвештениковиот слуга Малх (Лука 22, 33; Јован 18, 10).

И кога промислата Божја допушти апостол Петар да падне под трикратно одрекување од Господа, сепак тој со вистинско покајание и горко ридање стана и се поправи, и се удостои прв меѓу сите апостоли да Го види Господа Христа по Неговото воскресение, како што за тоа зборува светиот евангелист Лука:

„Навистина воскресна Господ, и му се јави на Симона“ (Лука 24, 34).

За тоа пишува и светиот апостол Павле, говорејќи:

„Христос воскресна во третиот ден според Писмото, и му се Јави на Кифа, и потоа на Единаесетмината“ (1 Кор. 15, 4-5).

Кога го виде Господа, свети Петар се исполни со неискажана радост и доби од Него милостиво простување на својот грев. Своето поранешно трикратно одрекување од Господа, тој потполно го изглади со трикратното исповедање на својата љубов кон Господа, одговарајќи му на Неговото трикратно прашање: „Симоне Јонин! Ме љубиш ли?“ -“Господи! Ти сѐ знаеш; Ти знаеш дека те љубам“, И беше поставен од Господа за пастир на словесните овци и за клучар на Небесното Царство (Јован 21, 15-17).

По вознесението на нашиот Господ Исус Христос, свети Петар, како врховен меѓу апостолите рамни на него, беше прв учител и проповедник, и за еден час Црквата Христова стекна до три илјади души (Д. А. 2, 14-41). Покрај тоа, тој се истакна и како извонреден чудотворец, зашто влегувајќи во храмот со светиот Јован на молитва, здогледа таму еден човек хром од утробата на Својата Мајка, ставен пред вратата на храмот кој се вика Красна. Кога ги виде Петар и Јован, хромиот просеше милостиња од нив. А Петар, заедно со Јована, го впери погледот кон него и му рече:

„Погледни во нас“.

И тој ги гледаше внимателно, мислејќи дека ќе му дадат нешто. Но Петар рече:

„Сребро и злато јас немам, а што имам тоа ти давам: во името на Исус Христос Назареецот, стани и оди“.

И го фати за десната рака и го подигна. И веднаш се зацврстија неговите стапала и глуждови; и тој скокнувајќи стана, и одеше, и влезе со него во храмот одејќи и скокајќи и фалејќи Го Бога. Поради ова чудо и проповедта на светиот апостол Петар, во Христа поверуваа околу пет илјади луѓе (Д. А. 3, 1-26; 4, 4).

А еден човек на име Ананиј со својата жена Сапфира од Ерусалим, свети Петар ги усмрти со збор поради затајување на пари и лажење на Светиот Дух (Д. А. 5, 1-10). Во Лида, кога најде еден човек по име Енеј, кој веќе осум години лежеше парализиран, свети Петар го исцели со збор, велејќи му:

„Енеј! Тебе Те исцелува Исус Христос! Стани и направи си ја постелата сам. И тој веднаш стана“. (Д. А. 9, 32-34).

Во Јопија тој ја воскресна умрената девојка Тавита (Д. А. 9, 36-42). Но не беа чудотворни само рацете и зборовите на светиот апостол Петар, туку и самата сенка негова даваше исцеленија, така што и по улиците изнесуваа болни, ги ставаа на постела и на носила, за кога ќе помине Петар, барем сенката негова да осени некого од Нив (Д. А. 5, 15).

А кога царот Ирод крена рака да ја мачи Црквата на верните во Ерусалим, тој, погубувајќи го Јакова, братот Јованов, со меч, го фати свети Петар, го окова во железни ланци и го фрли во темница. Но, ангел Господов ноќе го разреши од оковите и го изведе од темницата (Д. А. 12, 1-10).

Овој врховен апостол прв ја отвори вратата на верата за незнабошците, крштевајќи го во Кесарија римскиот стотник Корнилиј, бидејќи претходно имал видение во кое го видел небото отворено и сад кој слегол од небото полн со четвороножци и лазачи, и чул глас кој му наредуваше сето тоа да го заколе и изеде, и да не го смета за нечисто она што Бог го исчистил. Ова видение беше знамение на обраќањето на незнабошците кон Христа (Д. А 10, 1-48).

Свети апостол Петар го изобличи Симон магот, самарјанинот, кој лицемерно го примил светото крштение и сакал со пари да го купи дарот на Светиот Дух, велејќи му:

„Твоите пари нека загинат заедно со тебе, зашто помисли дека дарот Божји може да се стекне со пари. Ти немаш дел ниту право на таа работа, бидејќи срцето твое не е право пред Бога. Покај се за овој свој грев, и помоли Му се на Бога да ти се прости помислата на срцето твое; бидејќи те гледам дека си исполнет со горчлива жолчка и во окови на беззаконие“ (Д. А. 8, 18-23).

Овие и многу други дела на светиот апостол Петар опширно се опишани во Евангелието и во Делата Апостолски, кои постојано се читаат по црквите. Затоа овде нема потреба да се изложува од Светото Писмо сето она што се однесува на светиот апостол Петар. Тоа треба добро да им е познато на сите христијани. Во понатамошните пак, малку кому познати благовестнички подвизи и трудови на свети апостол Петар, свети Симеон Метафраст го вели следново:

„Од Ерусалим свети Петар дојде во Кесарија Стратониска". Тука постави епископ од презвитерите кои го придружуваа. Оттаму отиде во Сидон, каде исцели многумина и постави епископ. Потоа отиде во Вирит, и таму постави епископи. Оттаму отпатува за Вивла, па во Трипол Финикиски, каде престојуваше кај еден паметен човек Марсон, кого што го ракоположи за епископ на верните во тој град. Од Трипол отпатува за Ортосија, па оттаму во Антарда, потоа на островот Арадос, па во Валанеја, Пант и Лаодикија. Во Лаодикија исцели многу болни и истера нечисти духови од луѓето, и ја собра црквата на верните и им постави епископ. Оттаму свети Петар отпатува за сирискиот град Антиохија, каде Симон магот се криеше од војниците испратени од римскиот цар Клаудиј, да го фатат. Кога дозна за доаѓањето на светиот апостол Петар, Симон побегна во градовите на Јудеја. Во Антиохија свети Петар исцели многу болни, и по проповедта за Едниот Бог во Три Лица, постави епископи: Маркијан за Сиракуза на Сицилија и Панкратиј на Тавроменија. Од Антиохија свети Петар отпатува за Тиана Кападокиска а оттаму за Анкира Галатиска во која со молитва воскресна мртовец, изгради црква, многумина огласи и крсти и им постави епископ. Од Анкира отиде во Синоп Понтиски, а оттаму во Амасија која се наоѓа среде Понтиската земја. Потоа отпатува во Гангр Пафлагонски, па во Клавдипол Онориадиски. Оттаму во Никомидија Витиниска, и потоа во Никеја. Со намера да појде во Ерусалим на празникот Пасха, тој од Никеја тргна назад, дојде во Писинунт, па оттаму во Кападокија и Сирија.

Откако повторно ја посети Антиохија, тој најпосле стигна во Ерусалим. За време на престојот во Ерусалим беше посетен од светиот апостол Павле, три години по своето обраќање кон Христа, како што самиот вели во Посланието до Галатјаните:

„А три години подоцна отидов во Ерусалим за да се видам со Петар, и останав кај него петнаесет дена“ (Гал. 1,18).

Откако за тие денови ги уредија црковните закони, блажениот Павле отиде да ја извршува работата на која што беше повикан, а свети Петар повторно ја посети Антиохија, каде што го постави епископот Еводија. Од Антиохија отпатува во Синад, фригиски град, па оттаму во Никомидија. Во неа го постави епископот Прохор, кој и како епископ го пратеше светиот Јован Богослов. Кога стигна од Никомидија во хелеспонтскиот град Илион, светиот апостол тука за епископ го постави Корнилиј капетанот, па се врати во Ерусалим. Тука на свети Петар му се јави во видение Господ Христос, зборувајќи му:

„Стани Петре и појди на Запад, зашто е потребно да го просветиш Запад со својата светлина, и Јас ќе бидам со тебе“.

Во тоа време, Симон магот веќе беше фатен од страна на војниците и доведен во Рим, за да ја прими казната за своите дела.

Но тој таму со своите маѓепснички вештини ги помрачи умовите на многумина, и така ги прелага не само да не биде казнет, туку многумина започнаа да го сметаат и за бог. Овој преттеча на сатаната толку го занесе со своите магии самиот ќесар Клаудиј, што беше извајана негова статуа и поставена помеѓу два моста на Тибар, со натпис: „На Симон, светиот бог“. За тоа подробно пишуваат свети Јустин и свети Иринеј. А ние, вели свети Симеон Метафраст, да се вратиме на својот предмет.

Великиот Петар, известувајќи ги браќата за своето видение на Господа, се прости со нив, па тргна кон Антиохија, посетувајќи ги црквите. Во Антиохија го затекна светиот апостол Павле. Тука тој постави епископи: Урван на Тарс, Епафродит на Левкија Адријатска, братот Поликарпов Апелија на Смирна, и Фигел на Ефес. За Фигел велат дека скршнал од правиот пат и му пристапил на Симон, но се покајал. Од Антиохија Петар дојде во Антиохија, каде исто така постави епископи: Олимп на Филипјаните, Јасон на Солунјаните, и Сила, кого го најде покрај светиот апостол Павле, на Коринтјаните. Откако во Патар за епископ го постави Иродион, свети Петар отплови за Сицилија, и во Тавроменија кратко се задржа кај многу красноречивиот маж Панкратиј. Тука огласи и крсти некој Максим, го постави за епископ, па допатува во Рим.

Во Рим, светиот апостол Петар, по плоштадите и по домовите секојдневно го проповедаше Едниот Бог, Отецот семоќен, и Едниот Господ Исус Христос, Синот Божји, Богот вистински од Бога вистинскиот, и Едниот Дух Свети, животворниот Господ, и многумина привлече кон Христовата вера и ги извлече со светото Крштение од идолопоклоничката заблуда. Гледајќи го сето тоа, Симон магот не сакаше да молчи и да ја таи својата злоба против него, зашто ја сметаше за свој срам проповедта на апостолот, со која се уништуваше славата негова. И вистинското учење на апостолот магот започна отворено да го попречува со своите лажни зборови и дела, бесрамно противречејќи му на свети Петар среде градот. И тој пред народот ствараше некои привиденија, така што и пред него и зад него одеа привиденија, за кои тој му зборуваше на народот дека се души на умрените, и ги покажуваше воскреснати од мртвите како му се поклонуваат како на бог, и правеше хроми да одат и да скокаат. Но сето тоа не беше вистина, туку привидно, слично на митолошкиот Протеј, кој земал на себе разни облици: некогаш се јавувал со две лица, потоа по кратко време се претворал во коза, во змија и во птица, па потоа се уподобувал на огнот. Со еден збор земал на себе најразлични облици, мамејќи ги будалите. Меѓутоа било доволно големиот апостол Господов само да погледне во она што го прави Симон, па веднаш сите негови привиденија да исчезнат.

За борбата на светиот апостол Петар со Симон магот, покрај Метафраст, и Прологот, и Великите Минеи - Чети го велат следното:

„Кога свети Петар пристигна во Рим и дозна дека Симон се нарекува себеси Христос, и пред луѓето прави многу чудеса, ревносен за Вистинскиот Бог тој се упати кон Симоновиот дом. Пред вратите на неговата куќа затекна многу луѓе, кои не му дозволуваа да влезе внатре.

Тогаш свети Петар ги праша:

„Зошто не ми дозволувате да влезам кај овој маѓепсник измамник?“

Тие му одговорија:

„Тој не е маѓепсник туку моќен бог. Тој постави стража на своите врати, зашто ги знае човечките помисли“.

Откако го рекоа тоа, тие му укажаа на апостолот на црниот пес кој лежеше пред вратите и додадоа:

„Овој пес ги усмртува сите кои му вршат неправда на Симона“.

На тоа свети Петар рече:

„Јас ја зборувам вистината за него, зашто Симон е од демонот“.

Потоа, приоѓајќи кон песот, апостолот му рече на песот:

„Оди, и речи му на Симон: Петар, апостолот Христов, сака да влезе кај тебе“.

Песот појде и со човечки говор му го соопшти на Симона она што му го нареди Петар. И сите кои го слушнаа песот да зборува се запрепастија. А Симон го испрати истиот пес, зборувајќи му:

„Петар нека влезе овде“.

Кога свети Петар влезе, Симон започна да прави маѓии пред народот. А светиот апостол со силата Христова изврши поголеми чудеса. Всушност какви чудеса? Од многуте такви чудеса, едно големо чудо спомнува древниот црковен историчар Егезип, кој живеел околу апостолската доба. На една високородна вдовица од царски род во Рим, ѝ умре синот во млади години и таа неутешно плачеше по него. Оние што ја тешеа се сетија дека во Рим се појавиле Петар и Симон магот, кои мртви воскреснуваа, и веднаш едни кај умрениот го повикаа Петар, а други Симон. На погребот на момчето се беа насобрале многу угледни луѓе и народ. Свети Петар му рече на Симон магот, кој поради својата моќ гордо стоеше пред целиот народ:

„Кој од нас ќе го воскресне овој мртовец, неговото учење нека се признае како вистинито“.

Народот со пофалба ги прифати Петровите зборови. А Симон, надевајќи се во своите маѓепснички вештини, повика кон народот:

 „Ако јас го воскреснам мртовецот, ќе го убиете ли Петар?“

„Жив ќе го спалиме пред твоите очи!“ - повика народот.

Пристапувајќи кон одарот на умрениот, Симон започна да ги извршува своите маѓии и со дејство на ѓаволите кои му помагаа, направи мртовецот да ја покрене својата глава. И народот веднаш започна да зборува дека момчето е живо и дека воскреснало. И веднаш сакаа да го фатат свети Петар и да го спалат. Но апостолот им даде знак со раката, молејќи ги да се смират, па рече:

„Ако момчето навистина е живо, тогаш нека стане, и нека зборува, и нека оди. Додека не го видите тоа, бидете сигурни дека Симон ве лаже со своите маѓии и привиденија“.

А пак Симон долго одеше околу одарот, повикувајќи ја демонската сила, но без никаков успех. Посрамен, тој започна да бега, но народот го задржа. Меѓутоа свети Петар, вистинскиот чудотворец, кој Тавита ја воскресна, и направи многу други славни чудеса, стоејќи понастрана, ги крена очите и рацете кон небото и се молеше зборувајќи:

„Господи Исусе Христе, Ти си ни наредил со Твоето име да воскреснуваме мртви. Затоа Те молам: Оживи го ова момче, за овие луѓе да познаат дека си Ти Вистинскиот Бог и дека не постои друг Бог освен Тебе, Кој живееш и царуваш со Отецот и Светиот Дух за навек. Амин“.

Откако така се помоли, свети Петар викна кон мртовецот:

„Момче, стани! Те воскреснува и те исцелува мојот Господ Исус Христос!“

И веднаш мртовецот ги отвори своите очи, стана и започна да зборува и да оди“.

Ова Егезипово кажување го дополнува Маркел Римјанинот, кој првин беше ученик на Симон магот, па потоа свети апостол Петар го просвети со светата вера и светото крштение. Во своето послание до светите маченици Нерион и Архилиј, пишувајќи за ова чудо, Маркел го додава и ова:

Воскреснатото момче, паѓајќи пред нозете Петрови, кликнуваше:

„Јас го видов Господ Исус како им наредува на ангелите, заради твојата молитва да ме вратат кај мојата мајка вдовица“.

Тогаш целиот народ започна да вика:

„Еден е Бог, и тоа Богот Кого Петар Го проповеда!“

А Симон магот со своите ѓаволски маѓии ѝ даде на својата глава изглед на глава од пес, и започна да бега. Но народот го фати и едни сакаа да го затрупаат со камења а други да го спалат. Но свети Петар им забрани, зборувајќи:

„Нашиот Господ и Учител не наредил на злото да се враќа со зло. Пуштете го нека си оди во својот дом. Доволни му се срамот и потсмевот, и сознанието дека неговото маѓепсништво е беспомошно и немоќно“.

Откако беше пуштен, Симон дојде кај мене, вели Маркел, претпоставувајќи дека јас ништо не знам за тој чудесен настан. Притоа Симон со железни синџири го врза на капијата од мојот дом огромниот пес и ми рече:

„Да видам, дали Петар по својот обичај ќе дојде кај тебе“.

И по кратко време свети Петар дојде пред капијата, го одврза песот и му рече:

„Оди и кажи му на Симон магот: престани со ѓаволската сила да ги лажеш луѓето, за кои Христос ја пролеа Својата крв“.

Песот отиде, и зборувајќи како човек, му го рече на Симон она што му го нареди апостолот. Кога го слушнав и видов тоа, вели Маркел, јас поитав да го пречекам свети Петар и чесно го примив во својот дом, а Симон магот и оној пес ги истерав надвор. Песот пак, без да нападне некого, се фрли врз самиот Симон, го зграпчи со забите и го собори на земјата. Кога го здогледа тоа низ прозорецот, свети Петар со името Христово му нареди на песот да не го повредува. И песот, без да го допира телото на магот, му ја раскина облеката и го остави потполно гол. Кога го виде тоа народот, викаше по Симона, го исмеваше и грдеше, па заедно со песот го истераа од градот. Од таквиот срам, Симон цела година не се појави во Рим, додека наследникот на Клаудиј, злиот цар Нерон, не слушна пофалби за расипаниот маг, и откако го пронајде многу го засака и се спријатели со него.

Прологот и Беликите Минеи-Чети за Симон магот го зборуваат и следното:

Симон нареди со меч да му ја отсечат главата, ветувајќи дека ќе воскресне во третиот ден. И наместо себеси, тој под мечот стави овен, давајќи му изглед на човек. И така овенот беше посечен наместо него. А свети Петар, бркајќи го од огнот ѓаволскиот привид, ја обелодени Симоновата лага. И сите видоа дека е отсечена глава на овен, а не неговата.

А пак за конечната победа на свети Петар над Симон магот, и за маговата гибел, сите сложно го соопштуваат следново:

Бидејќи Симон магот не можел во ништо да го победи светиот апостол Петар, и не можејќи повеќе да го поднесе својот срам, вети дека ќе се вознесе на небото. И ги собра сите ѓаволи што му служеа, и со ловоров венец на главата дојде сред градот Рим, се качи на една висока зграда и започна да ја ниша, налутено зборувајќи му на народот:

Бидејќи вие, римјани, сѐ досега останавте при своето безумие и го следите Петар, сега јас ве оставам. Повеќе нема да го штитам вашиот град, туку ќе им наредам на моите ангели, пред вашите очи да ме земат на своите раце, и јас ќе се вознесам кај својот отец на небото, од каде ќе испратам големи казни врз вас, затоа што не ги послушавте моите зборови и не им верувавте на моите дела.

Откако го рече тоа, магот плесна со рацете и се фрли во воздухот. Држан од ѓаволите, тој започна да лета низ воздухот, кревајќи се во висина. А луѓето, многу восхитени, си зборуваа меѓу себе:

„Да се лета во воздухот е дело Божјо“.

А пак великиот апостол Петар, започна да се моли на Бога гласно, за сите да чујат, зборувајќи:

„Господи Исусе Христе, Боже мој! Обелодени ја измамата на овој маг, за да не ги соблазни луѓето кои веруваат во Тебе!“

Потоа извика:

„Вам, о, ѓаволи, ви наредувам со името на мојот Бог, не носете го повеќе туку оставете го таму, каде што тој сега се наоѓа во воздухот!“

И во тој момент ѓаволите, покорувајќи им се на апостоловите зборови, го оставија во воздухот и бедниот маг полета надолу, како некогаш исфрлениот ѓавол од небото, и паѓајќи на земјата целиот се разби. Кога го виде тоа присутниот народ долго воскликнуваше:

„Голем е Богот кој Петар Го проповеда, и навистина нема друг Бог освен Него!“

А пак паднатиот маг, иако сиот беше сокршен, по Божја промисла сѐ уште беше жив, за да ја увиде немоќта и бедата на ѓаволите, како и својата немоќ и беда, и посрамен да ја повика силата на Семоќниот Бог. И лежеше сокршен на земјата во силни болки по целото тело, додека сиот народ го исмеваше. Утредента тој во страшни маки ја исфрли својата гадна душа, предавајќи ја во рацете на ѓаволите, да ја однесат во пеколот кај сатаната, таткото негов. А свети Петар по Симоновиот пад низ воздухот застана на повисоко место, и давајќи му знак на народот да замолчи, започна да го поучува на познание на Вистинскиот Бог, и со својата втора беседа многумина обрати кон христијанската вера.

Кога дозна за така срамната смрт на својот пријател, царот Нерон многу се разгневи на свети Петар и сакаше да го убие. Но, како што вели свети Метафраст, разјарениот цар не ја изврши веднаш таа своја зла намера, туку по неколку години. Зашто по смртта на Симон магот, свети Петар не остана долго во Рим. Откако обрати многумина и ги просвети со светото Крштение, утврдувајќи ја Црквата и поставувајќи го Лина за епископ, тој отпатува во Таракина, каде за епископ го постави Епафродит (вториот, не оној гореспоменатиот). Потоа отиде во Сирмија, град во Шпанија, и тука за епископ го ракоположи Епенет. Оттаму отпатува во афричкиот град Картагена, каде за епископ го посвети Крискент. Кога дојде во Египет, таму ги постави епископите: на седмовратната Тива, Руф, а на Александрија евангелистот Марко. Потоа со откровение беше во Ерусалим, ради Успението на Пречистата Дева Марија Богородица, па повторно се врати во Египет. Преминувајќи ја Африка, тој дојде во Рим, оттаму во Медиолан, па во Фотикин, насекаде поставувајќи епископи и презвитери. Кога отпатува во Британија, тој долго време живееше таму, привлекувајќи многу народ кон верата Христова. Во Британија му се јави Ангел и рече:

„Петре, се приближи времето на твоето заминување од овој живот. Затоа треба да појдеш во Рим. Таму ќе поднесеш крсна смрт и ќе добиеш праведна награда од Христа Господа“.

Заблагодарувајќи Му се на Бога за тоа, свети Петар се задржа уште неколку дена во Британија, утврдувајќи цркви, поставувајќи епископи, презвитери и ѓакони. Во дванаесеттата година на Нероновото владеење тој допатува во Рим и како помошник во црковната управа го постави Климент за епископ, иако тој се откажувал, не сакајќи таков јарем. Но, посоветуван од светиот апостол, Климент како послушен син, ја преклони својата глава под јаремот Христов и заедно со својот учител и останатите свештени мажи, ја влечеше кочијата на зборовите Божји. И многу благородни познати мажи и жени во Рим се просветуваа со верата и светото Крштение. Кај царот Нерон имаше две преубави жени, кои тој ги сакаше повеќе од сите свои наложници. Откако ја примија светата вера, тие решија да живеат целомудрен живот и не сакаа да се покоруваат на царевите похотни желби. А тој, најбесрамниот и ненаситен блудник, се разгневи заради тоа на целата Црква, особено на апостол Петар, виновникот за обраќањето на тие жени кон Христа и нивниот целомудрен живот, (притоа царот се сети и на смртта на својот сакан пријател Симон магот), и започна да го бара за да го убие.

Гореспоменатиот историчар Егезип пишува дека кога го бараа свети Петар за да го убијат, верните го молеа да се сокрие и да се тргне од Рим за корист на многумина. Светиот апостол не се согласуваше на тоа, сакајќи подобро да пострада и да умре за Христа. Но верните со солзи го молеа апостолот да го сочува својот живот, толку потребен на светата Црква, загрозена од бранови на опасности сред неверниците. Убеден од солзите на целокупното свое словесно стадо, свети Петар даде ветување дека ќе се оддалечи од градот и ќе се сокрие. Наредната ноќ, откако се прости со сите по соборната молитва, тој тргна сам од градот. И кога беше до градската капија, тој Го здогледа Господа Христа како доаѓа кон него од градот, и поклонувајќи Му се, Го праша:

„Господи, каде одиш?“

„Одам во Рим, за повторно да бидам распнат“, - му одговори Господ.

Поразен, апостолот сфати дека Господ Христос, страдајќи во слугите Свои, како во вистински членови Свои, сака и во неговото тело да пострада во Рим. Затоа тој се врати кај верните, и беше фатен од војниците за смрт. Свети Метафраст вели дека свети Петар бил фатен не сам, туку со мноштво верници, меѓу кои беа: Климент, Иродион, Олимп. Сите нив мачителот ги осуди на посекување со меч, а светиот апостол Петар на распнување. Војниците ги изведоа осудените на губилиштето, но Климент, како царски сродник го поштедија и ослободија, а Иродион и Олимп, кои заедно со апостол Петар беа дошле во Рим, ги убија со меч, и со нив посекоа и многу верни. А пак свети Петар ги молеше своите распнувачи да го распнат со главата надолу, со тоа оддавајќи Му почит на својот Господ, доброволно распнатиот на крстот, зашто не сакаше со своето распнување да личи на Господа, туку под Неговите нозе да ја преклони својата глава. Така го заврши својот живот великиот апостол Господов, свети Петар, прославувајќи Го Бога со крсна смрт. Трпејќи страшни болки од клинците во рацете и нозете, тој ја предаде својата непорочна душа во рацете Божји, на 29 јуни. Неговиот ученик свети Климент го измоли телото на светиот апостол, го симна од крстот, го подготви за погребение, ги повика сите верни и епископите и чесно го погребаа. Чесно ги погребаа и телата на светите кои пострадаа со него: Иродион, Олимп и останатите верни, славејќи Го Христа Бога, славениот со Отецот и Светиот Дух. Амин.

ЖИТИЕТО, ПОДВИЗИТЕ И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ СЛАВЕН И СЕФАЛЕН ВРХОВЕН АПОСТОЛ ПАВЛЕ

Светиот апостол Павле, кој пред апостолството се викал Савле, по раѓање беше евреин од племето Венијаминово. Се родил во Тарс Киликиски од познати родители Кои најпрвин живееле во Рим, па потоа се преселиле во Тарс Киликиски со почесно звање на римски граѓани, поради што и Павле се нарекува римски граѓанин. Тој беше сродник на светиот првомаченик Стефан и од родителите беше испратен во Ерусалим, за изучување на Мојсеевиот закон. Во Ерусалим стана ученик на славниот учител Гамалил. Негов другар по учење и пријател беше Варнава, кој потоа стана апостол Христов. Савле темелно го изучи отечкиот закон, и стана негов голем ревносник и стапи во партијата на фарисеите.

Во тоа време во Ерусалим и во околните градови и краеви, светите апостоли го ширеа благовестието Христово. Притоа тие често водеа долги препирања со фарисеите и садукеите и со сите еврејски книжници и законици, кои ги мразеа и гонеа Христовите проповедници. Светите апостоли ги мразеше и Савле, па дури не сакаше ни да ја слуша нивната проповед за Христа. А Варнава, кој веќе беше апостол Христов, тој го исмеваше и зборуваше хули за Господа Христа. А кога пак евреите го засипаа со камења неговиот сродник, светиот првомаченик Стефан, Савле не само што не жалеше што невино се пролива крвта на неговиот роднина, туку и го одобруваше убиството и ја чуваше облеката на евреите кои го убиваа Стефана (Д. А. 7, 58).

Потоа, откако од првосвештениците и старешините еврејски измоли полномоштво, Савле жестоко ја напаѓаше Црквата. Влегуваше во домовите на верните и ги влечеше мажите и жените во темница. Без да се задоволи со гонењето на верните во Ерусалим, и дишејќи како закана и смрт против учениците Господови, Савле појде во Дамаск, со послание на првосвештеникот од тамошните зборници, за и таму, ако најде некој од верните во Христа, да ги фати и врзани да ги доведе во Ерусалим. Тоа беше за време на царувањето на Тибериј.

Кога Савле веќе беше близу Дамаск, одеднаш го осветли светлина од небото, и паѓајќи на земјата слушна глас како му вели:

„Савле, Савле! Зошто ме гониш““ - а тој запрепастен праша:

„Кој си Ти, Господи?“ - а Господ рече:

„Јас сум Исус, Кого ти Го гониш. Тешко е за тебе да се риташ против бодило“.

А тој, треперејќи од страв праша:

„Господи, што сакаш да направам?“

И Господ му рече:

„Стани и влези во градот, и ќе ти се каже што треба да правиш“ (Д.А. 9, 3-16).

Војниците кои одеа со Савле беа запрепастени и стоеја зачудени зашто слушаа глас кој му зборуваше на Савле, но никого не гледаа. А Савле стана, и со своите отворени очи не можеше да види никого. Зашто му ослепеа неговите телесни очи, а започнаа да му гледат духовните. Војниците го фатија за рака и го одведоа во Дамаск. Тука помина три дена слеп, и ниту јадеше, ниту пиеше, туку непрестано се молеше (Д. А. 9, 7-9). А пак во Дамаск беше свети апостол Ананија. И нему му се јави Господ во видение и му нареди да го побара Савле, кој се наоѓа во домот на еден човек Јуда, за да му ги просвети телесните очи со допир, а душевните со свето крштение. Ананиј одговори:

„Господи, јас од многумина слушнав колку зло им извршил овој човек на светите Твои" во Ерусалим. И овде има власт од свештеничките главари да ги врзе сите кои го призиваат Твоето име“.

А Господ му рече:

„Оди без страв, зашто тој е Мој избран сад да го изнесе Моето име пред незнабошци и цареви и синови Израилеви. А Јас ќе му покажам колку треба да пострада за Моето име“ (Д. А. 9, 10-16).

По наредба на Господа, свети Ананиј отиде и наоѓајќи го Савле, ги стави рацете врз него. И во тој час отпадна од неговите очи нешто како крлушт и тој веднаш прогледа и стана и се крсти, и се исполни со Духот Свети кој го посвети на апостолска служба и му беше променето името од Савле во Павле. И веднаш започна да проповеда по зборниците за Исуса, дека Он е Син Божји. И сите кои го слушаа се восхитуваа и говореа:

„Овој не ли е оној што ги гонеше во Ерусалим оние кои Го спомнуваа ова име, и дојде овде за таквите да ги фаќа и води пред свештеничките главари?“

А Савле, сѐ повеќе се силеше и ги збунуваше евреите кои живееја во Дамаск, докажувајќи дека Исус навистина е Христос, односно ветениот Месија. Најпосле евреите се исполнија со гнев и се договорија да го убијат. И ги чуваа градските капии и ден и ноќ, за да не им побегне. А учениците Христови, кои беа со Ананија во Дамаск, кога дознаа за договорот на евреите да го убијат Павле, ноќе го спуштија преку градскиот ѕид во кошница (Д. А. 9, 17-25). Кога излезе од Дамаск, свети Павле не се упати веднаш во Ерусалим, туку најпрвин појде во Арабија, како што самиот за тоа пишува во Посланието до Галатјаните:

„Не го прашав ни телото ни крвта, ниту пак отидов во Ерусалим кај оние што станаа апостоли пред мене, туку заминав за Арабија и пак се вратив во Дамаск. А три години подоцна отидов во Ерусалим да го видам Петар“(Галатј. 1, 16-18).

Кога дојде во Ерусалим, свети Павле се обидуваше да им се придружи на Господовите ученици, но тие се плашеа од него, и не веруваа дека и тој е ученик Господов. А свети апостол Варнава, кога го виде и се убеди дека се обратил кон Христа, се израдува и го приведе кај апостолите. И Павле им раскажа како на патот го виде Господа, и што му рече Господ, и како во Дамаск смело го проповедаше името Исусово. Ова многу ги израдува светите апостоли, и тие Го славеа Христа Господа. Свети Павле и во Ерусалим се препираше со евреите и грците околу името на Господа Исуса. Еднаш пак, додека стоеше во црквата и се молеше, тој се најде надвор од себе, и го виде Господа Кој му рече: побрзај и излези од Ерусалим, зашто нема да го примат твоето сведоштво за Мене. А Павле му рече на Господа:

„Господи, самите евреи знаат дека јас ги затворав и биев по синагогите оние, кои веруваа во Тебе. И кога се проливаше крвта на Стефана, Твојот сведок, таму стове и јас и го одобрував неговото убиство, пазејќи ги алиштата на оние што го убиваа“.

И Господ му рече:

„Оди! Јас те праќам далеку, при јазичниците“ (Д. А. 22, 17-21).

По ова видение свети Павле, иако сакаше, сепак не можеше уште неколку дена да остане во Ерусалим, и да се насладува на состаноците и разговорите со апостолите, зашто евреите со кои тој се препираше за Христа, се разбеснија и сакаа да го убијат. Кога дознаа ерусалимските христијани, го отпратија Павле во Кесарија, а оттаму во Тарс, каде остана некое време, проповедајќи го словото Божјо на своите сограѓани, додека таму не дојде апостол Варнава и го одведе во Антиохија Сириска, зашто знаел дека Павле е одведен за апостол на незнабошците.

Во Антиохија тие цела година го проповедаа Евангелието и многу народ обратија кон Христа, и за прв пат ги нарекоа учениците христијани (Д. А. 11, 25-26). Потоа и двајцата се вратија во Ерусалим и ги известија светите апостоли што стори благодатта Божја во Антиохија, и со тоа многу ја израдуваа Црквата Христова во Ерусалим. Покрај тоа, тие донесоа и обилна милостиња од доброволни дарители од Антиохија, како помош за сиромашните и бедни браќа во Јудеја, бидејќи во тоа време, додека царуваше Клаудиј, настана голем глад претскажан од свети Агав, еден од седумдесетмината апостоли.

Кога излегоа од Ерусалим, Варнава и Павле повторно дојдоа во Антиохија. Поминаа тука некое време во пост и молитва, во служење на Божествени Литургии и во проповедање на зборовите Божји, Му беше угодно на Светиот Дух да ги испрати на проповед меѓу незнабошците. Духот Свети им рече на старешините во Антиохиската црква:

„Одвојте ми ги Варнава и Савле за дело, за кое ги повикав“.

Тогаш тие, откако постеа и се помолија на Бога, ги положија рацете над нив и ги отпуштија (Д. А. 13, 2-3).

Така испратени од Духот Свети, Варнава и Савле се симнаа во Селевкија и оттаму отпловија за островот Кипар. И кога стигнаа во Саламина, тие го проповедаа словото Божјо во јудејските синагоги. Откако го поминаа целиот остров сѐ до Пафос, во Пафос најдоа еден човек маѓепсник и лажен пророк, евреин, кој се викаше Варисус, или Елима (Елима на арапски значи маг, врач, маѓепсник), кој се наоѓаше при тамошниот проконзул Сергиј Павле, кој беше разумен човек. Овој проконзул ги повика Варнава и Савле и посака од нив да го слушне словото Божјо, и поверува во тоа што тие го зборуваа. А Елим врачарот започна да им се спротивставува, за да го одврати проконзулот од верата. Но свети Павле, исполнет со Духот Свети, го впери погледот во него и рече:

„О, ти, кој си полн со секакво лукавство и злоба, сине ѓаволски, непријателу на секоја праведност, нема ли да престанеш да ги искривуваш правите Господови патишта? И еве сега раката Господова е врз тебе. Ќе бидеш слеп и некое време нема да го гледаш сонцето!“

И наеднаш над него падна мрак и темнина, и пипајќи бараше водач. Тогаш намесникот, откако виде што се случи, поверува, восхитен од учењето Господово (Д. А. 13, 4-12).

А со нив поверува и многу народ и се множеше Христовата црква.

Откако отпловија од Пафос дојдоа во Перга Памфилиска, а оттаму во Антиохија Писидиска. Тука Го проповедаа Христа, и кога веќе многумина приведоа кон верата, јудејците ги наговорија градските старешини, кои беа незнабошци, та ги истераа светите апостоли од градот и неговата околина. Тие го истресоа правот од нозете свои на нив и дојдоа во Иконија. Тука се задржаа доста време, смело зборуваа за Господ, и приведоа кон верата многу евреи и незнабошци, не само со проповед туку и со знаменија и чудеса. Тука тие ја обратија и светата девојка Текла и ја уневестија за Христа. А неверните евреи ги наговорија градските старешини, незнабошци, та тие се готвеа да ги хулат и каменуваат. Тие штом разбраа, се засолнија во Ликаониските градови Листра и Дерва и во нивната околина. Таму почнаа да го проповедаат Евангелието. Во Листра исцелија еден човек парализиран од раѓање, кој никогаш не можел да оди. Тие со името Христово го кренаа на нозе и тој скокна и почна да оди. А луѓето, кога го видоа ова чудо го подигнаа гласот свој и извикаа на ликаониски:

„Боговите дошле кај нас во човечки лик!“

И Варнава го нарекоа Зевс а Павле Хермес, и доведоа јунци, и донесоа венци и сакаа да им принесат жртви. Но апостолите Варнава и Павле кога слушнаа за тоа ги раскинаа своите облеки, се втурнаа меѓу народот, гласно викајќи:

„Луѓе зошто го првите ова? И ние сме смртни како и вие“.

И долго им зборуваа за едниот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сѐ што е во нив, и дава од небото дожд и родни години, и ги полни срцата човечки со храна и веселост. И зборувајќи го ова, одвај го убедија народот да не им принесува жртва“ (Д. А. 14, 1-18).

Додека светите апостоли се наоѓаа во Листра и таму поучуваа, од Антиохија и од Иконија пристигнаа некои јудејци. И кога апостолите зборуваа отворено, тие го убедија народот да ги напушти, велејќи дека ништо вистинско не зборуваат, туку само лажат. А кога го придобија народот, го каменуваа Павле, па го извлекоа надвор од градот, мислејќи дека е мртов. Кога се собраа околу него учениците тој стана и се врати во градот, па утредента со Варнава заминаа за Дерва. И го проповедаа Евангелието во тој град и мнозина придобија за свои ученици, па се вратија во Листра Иконија и Антиохија Писидиска, зацврстувајќи ги душите на учениците, и храбрејќи ги да бидат истрајни во верата, па откако им ракоположија свештеници за секоја црква, се помолија со пост и ги предадоа на Господа, во Кого беа поверувале. Потоа минаа низ Писидија и дојдоа во Памфилија. Откако го проповедаа словото Господово во Перга, слегоа во Аталија а оттаму отпловија за Антиохија, откаде што беа предадени на Божјата благодат за делото што го завршија. И кога стигнаа во Антиохија тие ја собраа црквата, и соопштија за сѐ што направи Бог со нив и како Он ја отворил вратата на верата и за незнабошците. (Д. А. 14, 19-27).

По некое време во Антиохија меѓу верните од евреите и незнабошците настана расправија во однос на обрезанието, и едни велеа дека е невозможно човек да се спаси без обрезание, а други пак сметаа дека обрезанието е тешко за нив. Поради тоа се јави потреба светите апостоли Павле и Варнава и некои други од нив да појдат во Ерусалим кај апостолите и презвитерите, заради оваа препирка. Тие, пак, испратени од Црквата, патуваа низ Феникија и Самарија и раскажувајќи за обраќањето на незнабошците предизвикуваа голема радост кај сите браќа. Во Ерусалим се собраа светите апостоли и презвитерите и потполно го отфрлија старозаветното обрезание како непотребно во новата благодат, а заповедаа:

„Да се чувате од месо принесено како жртва на идоли, од блуд, и да не му го правите на друг она што не сакате и вам да ви се случи“ (Д. А. 15, 1-29).

Со ваквата одлука тие ги испратија од Ерусалим Павле и Варнава, а со нив и Јуда и Сила.

Во Антиохија останаа доста време, па повторно тргнаа меѓу незнабошците, разделувајќи се еден од друг. Варнава го зеде со себе својот роднина Марко и отплови за Кипар. Павле го одбра Сила и појде во Сирија и Киликија и, минувајќи низ тамошните градови ги утврдуваа црквите. Кога пристигна во Дерва и Листра, тој во Листра го обреза својот ученик Тимотеј, поради Јудејците, кои живееја по тие места зашто сите знаеја дека татко му е Елин. Оттаму отпатува во Фригија и Галатискиот крај. Потоа дојдоа во Мизија и имаа намера да појдат во Витинија, но Духот на Исус не ги пушти. Кога ја напуштија Мизија, тие слегоа во градот Троада и преку ноќта Павле имаше вакво видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше:

„Дојди во Македонија и помогни ни!“ (Д. А. 15, 36 -16, 9).

По тоа видение Павле веднаш посака да тргне за Македонија, бидејќи сфати дека Господ го повикува таму да го проповеда Евангелието. И отпловија од Троада и пристигнаа во Самотрак а утредента во Неапол, а оттаму во Филипи, главниот град на Македонија и римска колонија. Во тој град останаа неколку дена, поучуваа во Христовата вера и крстија една жена на име Лидија, која продаваше црвени ткаенини. Таа го замоли со своите ученици да живее во нејзината куќа. Еднаш кога Павле одеше на молитва, по патот го сретна една слугинка, која имаше гатачки дух. Таа на своите господари им донесуваше големи приходи од гатањето. И одејќи по Павле и неговите ученици таа викаше, зборувајќи:

„Овие луѓе се слуги на севишниот Бог! Тие го навестуваат патот на спасението“.

Ова го правеше таа многу дни. И кога му здодеа на Павле, тој се сврте и му рече на духот:

„Ти заповедам во името на Исус Христос, излези од неа!“

И излезе во истиот час.

Штом видоа господарите нејзини дека пропадна надежта за нивното богатење, ги фатија Павле и Сила и ги одвлекоа на плоштадот кај началниците, зборувајќи:

„Овие луѓе, што се јудејци, го бунтуваат нашиот град и проповедаат обичаи што нам, како римјани не ни доликува ни да ги примаме, ни да ги извршуваме“.

Војводите им ги раскинаа алиштата и наредија да ги тепаат со стапови. Откако многу ги тепаа ги фрлија во темница. А на полноќ одеднаш настана голем потрес така што и темелите на темницата се поместија, и веднаш се отворија сите врати и оковите на сите отпаднаа. А стражарот на затворот, кога дојде при свест и ги виде вратите на темницата отворени сакаше да се убие, зашто мислеше дека затворениците побегнале. Но Павле викна со силен глас и рече:

„Не задавај си на себе никакво зло, бидејќи сите сме овде!“

А тој истрча растреперен, падна пред Павле и Сила и рече:

„Господари, што треба да направам, па да се спасам?“

И тој поверува во Христос, ги однесе апостолите во својот дом и им ги изми раните. Потоа веднаш беше крстен со сите свои домашни. Тогаш им постави трпеза и се зарадува со целиот свој дом, зашто поверува во Бога. А кога осамна, војводите се покајаа што жестоко ги казнија невините луѓе, па испратија судски служители во темницата, со наредба апостолите да се пуштат на слобода. А кога стражарот им соопшти за тоа, Павле рече:

„Зарем откако нас, римски граѓани, нѐ тепаа пред народот без суд и нѐ фрлија во темница, сакаат сега тајно да нѐ пуштаат? Не, нека дојдат и сами нека нѐ изведат!“

Градските служители им го кажаа тоа на судиите, а тие се исплашија кога слушнаа дека биле римски граѓани. И дојдоа, па се извинија пред нив, ги изведоа и ги замолија да излезат од градот. А тие, штом излегоа од темницата, отидоа во домот на Лидија, ги видоа браќата, ги утешија и си тргнаа. Отпатуваа во Амфипол и Аполонија, па оттаму во Солун! (Д. А. 16, 10-40).

Во Солун, откако многумина придобија за Евангелието, завидливите евреи собраа некои зли луѓе, ја нападнаа јасоновата куќа каде престојуваа апостолите, но штом не ги најдоа го фатија Јасон и некои од браќата, и ги изведоа пред градските началници и ги клеветеа како противници на кесарот, кои зборуваат дека имаат друг цар наречен Исус. И одвај се ослободи Јасон од таа напаст (Д. А. 17, 1-9).

А светите апостоли се сокрија од тие луѓе, и преку ноќта излегоа од Солун и заминаа за Верија. Но и таму еврејската завист не му даде мир на светиот Павле. Зашто кога солунските евреи разбраа дека Павле во Верија го проповеда словото Божји, дојдоа и таму го кренаа и побунија народот против Павле. И светиот апостол беше приморан да замине и оттаму, не затоа што се плашеше од смртта, туку од настојувањето на браќата да го сочува својот живот за спасението на многумина. И браката го испратија Павле да оди кон морето. А пак своите сопатници Сила и Тимотеј светиот апостол ги остави во Верија, да ги утврдат во верата новообратените, бидејќи знаеше дека евреите ја бараат само неговата глава. Оние што го придружуваа Павле го доведоа до Атина? (Д. А. 17, 10-14).

Кога во Атина го виде градот полн со идоли, свети Павле се вознемири и жалеше за гибелта на толку многу души. Секојдневно се препираше по синагогите со евреите и побожните, и секој ден на плоштадот со оние што ќе ги сретнеше. А некои од философите го одведоа на Аеропагот, место каде што покрај идолскиот храм се вршеле јавните судења. Го одведоа таму за да слушнат нешто ново од него и, според мислењето на светиот Златоуст, затоа што сакале да го судат, мачат и убијат, ако започне да зборува нешто што заслужува казна. А свети Павле, кој претходно беше видел во градот жртвеник на кој пишувало: „На непознатиот Бог“, по тој повод го отпочна своето слово и започна да им проповеда за вистинскиот Бог, зборувајќи:

„Богот, Кого вие не Го знаете, а Го почитувате, за Него јас ви проповедам“.

И продолжи да им зборува за Бога Творецот на целиот свет, за покајанието, за судот и за воскресението на мртвите. А кога слушнаа за воскресението на мртвите, некои од слушателите му се потсмеваа, а некои изразија желба повторно да им зборува за тоа. И Павле си замина од тој собир неосуден, како потполно невин. Словото Божјо, кое тој го проповедаше, не остана без корист за придобивање на душите, зашто некои се согласуваа со него и поверуваа во Христос. Меѓу нив беше и Дионисиј Ареопагит и некоја позната жена на име Дамара, и многу други со нив и се крстија (Д. А. 17, 16-34).

Од Атина свети Павле отпатува за Коринт и таму се насели кај еден евреин на име Акила. Таму кај него дојдоа Сила и Тимотеј од Македонија, и заедно го проповедаа словото Божјо. Акила со својата жена Прискила по занает беше килимар. Павле го научи нивниот занает и работеше заедно со нив, и со трудот на рацете свои заработуваше храна за себе и за своите сопатници, како што за тоа зборува во посланието до Солунијаните:

„Кај никого не јадевме бадијала леб, туку во труд и работа, ден и ноќ работејќи, за да не бидеме на товар на никого од вас (2 Солунјан. 3, 8) и повторно на моите потреби и на оние со мене им послужија овие мои раце“ (Д. А. 20, 34).

И секоја сабота Павле се препираше со евреите во зборниците, докажувајќи дека Исус е Христос, вистинскиот Месија. Но, бидејќи евреите упорно се противеа и хулеа, тој ја истресе својата облека и рече:

„Крвта ваша на главите ваши! Јас сум чист. Отсега одам меѓу незнабошците“ (Д. А. 18, 1-б).

И кога имаше намера да го напушти Коринт, ноќе му се јави Господ во видение и му рече:

„Не плаши се, туку зборувај и немој да замолчиш, зашто Јас сум со тебе и никој нема да се осмели да ти стори нешто, бидејќи имам многу народ во овој град“.

И остана Павле во Коринт една година и шест месеци, и поучуваше во словото Божјо. И многумина поверуваа и се крстија. Па и самиот старешина на синагогата Криспт поверува и се крсти со целиот свој дом (Д. А. 18, 7-11).

А пак некои од непријателски расположените јудејци еднодушно го нападнаа Павле и го доведоа на суд кај проконзулот Галион, брат на философот Сенека. Но Галион одби да му суди на Павле, велејќи:

„Ако имаше извршено некаква неправда или зло дело, лукаво, веднаш ќе ве ислушав по должност. Но штом е препирката за учење и за имиња, и за вашиот закон, разгледајте сами, зашто јас не сакам да бидам судија во тие работи“.

И ги истера од судницата (Д. А. 18, 12-16).

Потоа свети Павле остана таму за долго, па откако се прости со браќата, со своите сопатници отпатува за Сирија. Меѓу нив беа Акил и Прискила. Сите се задржаа во Ефес. Проповедајќи го словото Божјо во Ефес, светиот апостол Павле правеше многу чудеса. И не само што неговите раце беа чудотворни и со допир ја исцелуваа секоја болест, туку и неговите убруси и чалми натопени со потта од неговото тело, ја имаа таа иста чудотворна сила. Штом ќе ги ставеа врз болните, тие веднаш се исцелуваа и злите духови излегуваа од нив. Гледајќи го тоа, еден евреин скитник, заколнувач во ѓаволот, се дрзна да го призива името на Господа Исуса над оние во кои беа злите духови, зборувајќи:

„Ве заколнувам во Исус, Кого Павле Го проповеда“.

Но злиот дух одговори:

„Исус го знам и Павле го познавам. Но кој си ти?“

И откако скокна врз нив човекот во кој беше злиот дух, ги надвладеа, ги притисна на подот, та одвај се извлекоа живи. За тоа дознаа сите во Ефес, и евреи и незнабошци, и се преплашија и го величаа името на Господа Исуса Христа и многумина поверуваа во Него. Па дури и многумина од оние што се занимаваа со маѓии ја примија светата вера, и потоа ги собраа своите маѓепснички книги и сите ги изгореа. И пресметаа дека вределе педесет илјади сребреници. Така брзо растеше и надвладеваше зборот Господов (Д. А. 18, 18-19; 19, 9-20).

Потоа свети Павле намисли, откако ќе ја мине Македонија и Ахаја, да оди во Ерусалим, па рече:

„Штом ќе бидам таму, ќе треба да го видам Рим“.

Но во тоа време во Ефес се створи голем бунт против патот Господов од некој си златар Димитриј, кој правеше сребрени храмови за Артемида. Бидејќи се стиши буната, свети Павле, по својот тригодишен престој во Ефес, отпатува за Македонија. Оттаму отиде во Троада, каде што остана седум дена. А во првиот ден од неделата, кога верните се собраа да кршат леб, односно на света Евхаристија (Литургија, Причест), Павле, бидејќи имаше намера утредента да замине, ја продолжи својата беседа до полноќ, во собата во која гореа многу свеќи. Меѓу слушателите имаше едно момче на име Евтих. Тоа седеше на прозорецот, и совладано од длабок сон, падна од третиот кат и го дигнаа мртво. А свети Павле се симна долу, го прегрна и рече:

„Не стварајте немир, зашто душата негова уште е во него“.

Павле повторно се качи горе, а момчето го доведоа живо и тоа многу ги утеши. А Павле, зборуваше уште долго, сѐ до зори, па откако се прости со верните, замина (Д. А. 19, 23-20, 12).

Кога дојде во Милит, свети Павле испрати во Ефес и ги повика кај себе црковните презвитери, зашто самиот не сакаше да оди таму, за да не задоцни на Педесетница да биде во Ерусалим. И кога Ефеските презвитери дојдоа кај него, тој им одржа поука и меѓу останатото им рече:

„Внимавајте на себе и на сето стадо, над кое Духот Свети вас ве постави за владици, да ја пасете црквата на Господа и Бога, која ја стекна со крвта Своја“.

Им претскажа дека по неговото доаѓање меѓу нив ќе влезат тешки волци, кои нема да го штедат стадото. Им кажа и за патот на кој има намера да појде, зборувајќи:

„Ете, сега, поттикнат од Духот, одам во Ерусалим, без да знам на што ќе наидам таму, освен дека Духот Свети по сите градови посведочи, велејќи дека ме чекаат окови и неволји. Но јас не се грижам за ништо, ниту пак ми е мил животот, доволно е само со радост да ја завршам борбата и службата, што ја примив од Господа Исуса, да го проповедам Евангелието на Божјата благодат“.

А кога им рече:

„Сега знам, дека нема веќе да го видите моето лице, сите вие, настапи голем плач од сите и сите го прегрнуваа и го целиваа нажалени, особено од тоа што им рече дека повеќе нема да го видат лицето негово, и го испратија светиот апостол до коработ. Тој им даде последен целив на сите и замина (Д. А. 20, 17-38).

Откако помина многу градови и краеви, како на приморјата така и на островите, и насекаде ги посети и утврди верните, свети апостол Павле пристигна и во Птолемаида. Оттаму замина за Кесарија Стратонова, и таму отседна во домот на свети апостол Филип, едниот од седумте ѓакони. Тука кај свети Павле дојде пророкот, на име Агав, и откако го зеде Павловиот појас, ги врза своите раце и нозе и рече:

„Тоа го вели Духот Свети; така ќе го врзат евреите во Ерусалим оној маж, на кого што му припаѓа овој појас, и ќе го предадат во рацете на незнабошците“.

Штом го слушнаа тоа, браќата со солзи го молеа Павле да не оди во Ерусалим. А Павле им одговори:

„Што правите, та плачете и го нажалувате срцето мое? Јас сум готов, не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим за името на Господа Исуса“.

И замолкнаа браќата, велејќи:

„Нека биде волјата Господова“ (Д. А. 21, 1-14).

Потоа свети Павле замина за Ерусалим со своите ученици, меѓу кои беше и Трофим Ефесјанецот, незнабожец обратен кон Христа. И со љубов беше примен свети Павле од светиот апостол Јаков, братот Господов, и од целата црква на верните. Во тоа време од Асија во Ерусалим дојдоа на празникот Педесетница азиски евреи, кои беа Павлови непријатели и насекаде предизвикуваа бунтови против него. Штом го здогледаа Павле во градот, и со него Трофим Ефесјанецот, тие се пожалија кај еврејските првосвештеници, книжници и старци, дека Павле го разорува Мојсеевиот закон, го забранува обрезанието и насекаде Го проповеда распнатиот Исус. И целиот град се раздвижи и народот се собра, и сакаа да го фатат. И кога тие евреи од Асија го здогледаа свети Павле за празникот во храмот Соломонов, веднаш го наклеветија, го побунија сиот народ, и го фатија, викајќи:

„Помагајте луѓе, израилци! Овој човек насекаде учи против народот, против законот, против ова место. А освен тоа уште и елини воведе во храмот, та го оскверни ова свето место“, - бидејќи мислеа дека Павле и Трофим го внел во храмот. И се раздвижи целиот град, и го фатија Павле и го изведоа надвор од храмот. И веднаш вратата беше затворена. И сакаа да го убијат Павле, но не во храмот, за да не го осквернат светото место (Д. А, 21, 27-30).

Во тоа време стигна вест до војводата на војничкиот стражарски полк, дека се побунил цел Ерусалим. И тој со војниците и капетаните веднаш дотрча во храмот. Бунтовниците ги видоа војводата и војниците и престанаа да го тепаат Павле. Тогаш заповедникот се приближи, го фати и заповеда да го врзат со двојни ланци и започна да се распрашува кој е и што направил. А народот викаше кон војводата да го убие Павле. А тој, не можејќи да ја дознае вистината поради силната врева, заповеда да го одведат во тврдината. И кога стигнаа до скалите, војниците требаше да го носат поради насилството од народот, бидејќи многу народ ги следеше и викаше:

„Погуби го“.

Кога сакаа да го внесат во тврдината, Павле му рече на заповедникот:

„Можам ли да ти кажам нешто?“

А кога тој му дозволи, рече:

„Јас сум Јудеец од Тарс, граѓанин на тој мошне познат град. Те молам, дозволи ми да му проговорам на народот“.

А кога заповедникот му дозволи, Павле застана на стапалата, му мавна со рака на народот и откако стана длабока тишина, се обрати на еврејски:

„Мажи, браќа и татковци! Послушајте ја сега мојата одбрана пред вас“.

И започна да им зборува за својата поранешна ревност за законот Мојсеев, и како на пат за Дамаск бил осветлен од небесна светлина, и како Го видел Господа, Кој го праќа меѓу незнабошците. А народот, без да сака повеќе да го слуша, започна да вика кон заповедникот:

„Тргни го од земјата таквиот! Тој не треба да живее!“

Викајќи така, тие мавтаа со своите алишта, бесни од јад, та дигаа прав во воздухот, и настојуваа Павле да биде убиен.

Војводата заповеда да го одведат во тврдината и порача да го испитуваат со камшикување, за да дознае зошто така викаат против него. И кога го растегнаа со ремења, за да го камшикуваат, тој му рече на стотникот кој стоеше таму:

„Зар ви е дозволено да камшикувате римски граѓанин и тоа без пресуда?“

Кога го слушна тоа стотникот, отиде да го извести заповедникот, па му рече:

„Што мислиш да правиш? Овој човек е римски граѓанин“.

Тогаш заповедникот се приближи до него и рече:

„Кажи ми, римски граѓанин ли си ти?“

Тој одговори:

„Да“.

На тоа војводата одговори:

„Тоа граѓанско право јас сум го стекнал со многу големи пари“.

И веднаш го ослободи Павле од оковите (Д. А. 21, 31-22, 29).

На вториот ден, кога сакаше да дознае за што всушност го обвинуваат јудејците, заповеда да дојдат првосвештениците и целиот нивен Синедрион, па го доведе долу Павле и го исправи пред нив. Павле го впери својот поглед кон Синедрионот, и рече:

„Луѓе, браќа! До денес, јас со најчиста совест живеев пред Бога“.

А првосвештеникот Ананиј, на оние што стоеја пред него им нареди да го удрат по устата. Тогаш Павле му рече:

„Бог тебе ќе те удри, ѕиду варосан! Ти седиш за да ме осудиш според законот, а заповедаш да ме бијат против законот“.

А кога дозна дека еден дел од нив се садукеи а другиот фарисеи, Павле извика во Синедрионот:

„Луѓе, браќа! Јас сум фарисеј, син на фарисеј. За надеж во воскресение на мртвите, ми се суди!“

Кога го кажа тоа, настана расправија меѓу фарисеите и садукеите и мнозина од народот се раздвоија. Фарисеите зборуваа:

„Ништо лошо не наоѓаме во овој човек. Ако пак нему му зборувал дух или ангел, тогаш да не му се противиме на Бога“.

А садукеите го тврдеа спротивното. И додека расправата продолжуваше, заповедникот, уплашен да не го растргнат Павле, им заповеда на војниците да слезат и да го грабнат од нив, и да го одведат во тврдината. Ноќта му се јави Господ на свети Павле и му рече:

„Не плаши се, Павле, и како што сведочеше за Мене во Ерусалим, така ќе треба да сведочиш и во Рим“ (Д. А. 22, 30-23, 11).

А кога осамна, некои од јудејците се договорија, се заколнаа со заклетва и си рекоа да не јадат ниту да пијат додека не го убијат Павле. Беа повеќе од четириесет мажи што дадоа таква заклетва. Кога дозна за тоа заповедникот, го испрати Павле со голем одред вооружени војници во Кесарија, кај намесникот Феликс (Д. А. 23, 12-35).

Кога дозна за ова правосвештеникот Ананиј со најстарите членови на Синедреонот отиде во Кесарија и таму го обвинуваа Павле пред игемонот Феликс, се препираа пред него и ја бараа неговата смрт. Но не им успеа, зошто кај него не најдоа никаква вина која заслужува смрт. Сепак игемонот, сакајќи да им угоди на евреите, го остави Павле во затвор (Д. А. 24, 1-27).

По две години, наместо Феликс, за игемон дојде Фист. Еврејските првосвештеници го молеа игемонот Фист да го испрати Павле во Ерусалим, и подготвуваа заседа да го убијат патем. Но Фист одговори дека Павле се чува под стража а и дека тој самиот наскоро ќе отпатува таму. Но, сакајќи да им угоди на јудејците, го праша Павле дали сака да оди во Ерусалим на суд, а Павле му одговори:

„Јас стојам пред царевиот суд, каде што треба да бидам суден. Јудејците не сум ги навредил со ништо, како што и ти тоа многу добро го знаеш. Ако пак, сум направил нешто што заслужува смрт, јас не се откажувам да умрам, но ако од сето тоа во што ме обвинуваат тие нема ништо, тогаш никој не може да ме предаде на нив. Се повикувам на царот“.

Тогаш Фист, откако се посоветува со советот, одговори:

„Кај кесарот, рече, сакаш да појдеш, кај кесарот ќе појдеш“ (Д. А. 25, 1-12).

По неколку дена, во Кесарија дојде царот Агрип, да го посети Фист и кога дозна за Павле, посака да го види. И кога Павле застана пред царот Агрип и игемонот Фист, опширно им зборуваше за Христа Господа и за својата вера во Него, па царот Агрип му рече:

„Уште малку, па ќе ме наговориш да станам христијанин“.

На тоа Павле му одговори:

„Го молам Бога, и за малку и за многу, не само ти, туку и сите што ме слушаат денес да бидат такви каков што сум јас, освен овие окови“.

По овие зборови, царот, игемонот и нивната свита, станаа, и откако се повлекоа разговараа меѓу себе, велејќи:

„Овој човек не сторил ништо што заслужува смрт или окови“.

А Агрип му рече на Фист:

„Овој човек можеше да биде пуштен, да не речеше дека сака кај царот“.

И така одлучија да го испратат Павле во Рим кај кесарот ( Д. А. 25, 13-26, 32).

И ги предадоа Павле и некои затвореници на капетанот на царевата чета. Тој ги прими затворениците со Павле, ги внесе во коработ и отпловија. Нивната пловидба по морето не беше без опасности поради спротивните ветрови. А кога допловија под Крит и дојдоа на местото викано Добро Пристаниште, свети Павле, провидувајќи ја иднината, ги советуваше тука да презимат со коработ. Но капетанот го послуша поголемиот кормилар и господар на коработ, наместо Павле. Кога испловија на морската шир, дувна спротивен силен ветар, настана силна бура и падна таква магла, што четиринаесет дена тие не видоа ни сонце дење, ни ѕвезда ноќе, ниту пак знаеја каде се наоѓаат, зашто ги носеа брановите и тие во очајание не јадеа сите тие денови, и веќе ја очекуваа смртта. На коработ имаше двеста седумдесет и шест души. Павле застана среде нив и ги тешеше, зборувајќи:

„О, луѓе! Требаше да ме послушате мене и да не тргаме од Крит, па немаше да ги имате овие маки и штета. Затоа сега ве молам, послушајте ме и никој од вас нема да пропадне освен коработ. Зашто оваа ноќ пред мене застана ангел на Богот, на Кого јас Му служам, зборувајќи: „Не плаши се, Павле! Ќе стигнеш кај кесарот. Еве, Бог ти ги подарува сите кои патуваат со тебе“. Затоа не плашете се, оти верувам во Бог, дека ќе биде како што беше речено“.

И Павле ги замоли сите да јадат, зборувајќи:

„Не плашете се, зашто на ниту еден од вас ни влакно од главата нема да му падне“.

Откако го рече тоа, зеде леб, Му заблагодари на Бога пред сите, го прекрши и започна да јаде. Тогаш сите се охрабрија, та и тие јадеа. А кога се раздени здогледаа земја, но не знаеја која е и го свртеа коработ кон брегот. Во близина на брегот наидоа на срт и коработ се настрани. Клунот се зари и остана неподвижен. А задниот дел од коработ се разбиваше од силните бранови. Војниците пак се договорија да ги убијат затворениците, за некој да не исплива и побегне. Но, капетанот, сакајќи да го сочува Павле, им забрани и им заповеда на оние кои знаат да пливаат, први да скокнат во водата и да испливаат на брегот. Гледајќи ги нив, и други започнаа да пливаат, некои врз даски, а некои пак врз сѐ што ќе најдеа од коработ. Така сите излегоа живи на земјата (Д. А. 27, 1-44).

Тогаш дознаа дека островот се вика Мелит. А жителите на тој остров беа домородци и им укажаа голема љубов, зашто запалија оган поради дождот и студот, за да се стоплат накиснатите. А кога Павле зграби купче гранки и го стави врз огнот, излезе змија од горештината и му се впи за раката. И кога видоа дивјаците дека змијата виси на неговата рака, си велеа еден на друг:

„Сигурно овој човек е убиец, кога тој, спасен од морето, судот Божји не го остава да живее“.

А Павле ја истресе змијата во огнот и не му се случи никакво зло. Тие пак очекуваа дека тој ќе отече или веднаш ќе падне мртов. А кога по долго чекање видоа дека не му се случи ништо, го променија своето мислење и зборуваа дека тој е бог (Д. А. 28, 1-16).

Поглаварот на тој остров, Публиј, ги прими во својот дом спасените од морето и три дена пријателски ги гостеше. Во тоа време неговиот татко лежеше болен од треска и болки во стомакот. Павле влезе кај него, се помоли на Господа, ги стави своите раце врз болниот и го исцели. По овој настан кај свети Павле доаѓаа и други болни од тој остров, и се исцелуваа (Д. А. 28, 7-9).

По три месеци сите спасени бродоломци со аспостолот, испловија оттаму со друг кораб и стигнаа во Сиракуза, оттаму во Ригија, а потоа во Путеол и најпосле стигнаа во Рим. И кога браќата кои живееја во Рим дознаа за Павловото доаѓање, излегоа да го пречекаат дури на Апиевиот плоштад и Три Крчми. Кога ги виде, Павле духовно се утеши и Му благодареше на Бога. А пак во Рим, капетанот кој ги спроведе затворениците од Ерусалим, ги предаде на војводата, а на Павле му дозволи да живее каде што сака, со војникот кој го чуваше. И остана Павле во Рим две години, и ги примаше сите кои доаѓаа, проповедајќи им го Царството Божјо и слободно учејќи за нашиот Господ Исус Христос и никој не му бранеше (Д. А. 28, 11-31).

Дотука за животот и трудовите на Павле од книгата „Дела Апостолски“ напишана од свети Лука. А пак за останате трудови и дела свои, тој самиот зборува во Второто Послание до Коринтјаните, кога, споредувајќи се себеси со останатите апостоли пишува вака:

„Повеќе се трудев, повеќе рани поднесов, повеќе пати бев во темница, често пати и во смрт. Од евреите примив пет пати по четириесет без еден удар, три пати сум тепан со стапови, еднаш камења фрлаа по мене, три пати коработ ми се потопуваше, ноќ и ден поминав во морската длабочина, многу пати патував, бев во опасност по вода, во опасност од разбојници, во опасност од роднини, во опасност од незнабошци, во опасност по градовите, во опасност во пустините, во опасност по морето, во опасност меѓу лажни браќа. Во трудот и работата, во многу неспиење, во глад и жед, во многу постење, во студ и голотија, и грижа за сите цркви (2 Кор. 11, 23-28).

Како што апостол Павле ја измери ширината и должината на земјата со одење, а морињата со пловење, така и висината на небесата ја позна на тој начин што беше вознесен до третото небо. Зашто Господ, тешејќи го Својот апостол во многу страдалните трудови, кои ги земаше врз себе, заради светото име Негово, му ги покажа небесните блага, кои око не ги виде, и тој слушна неискажани зборови, за кои на човекот не му е дозволено да зборува (сп. 2 Кор. 12, 2-4).

А пак, како овој свет апостол ги изврши останатите подвизи и дела на својот живот, раскажува црковниот историчар Евсениј Памфил, епископ на Кесарија Палестинска. По две години затвореништво во Рим, свети Павле беше ослободен како невин и го проповедаше словото Божјо и во Рим и по други западни земји. А свети Симеон Метафраст пишува дека светиот апостол после затворот во Рим се трудел уште неколку години во благовестието Христово. Излегувајќи од Рим, тој ја пропатува Шпанија, Галија и цела Италија, просветувајќи ги незнабошците со светлината на верата и обраќајќи ги од идолопоклоничката заблуда кон Христос, Кога светиот апостол се наоѓаше во Шпанија, една високородна и богата жена, штом слушна за апостоловата проповед за Христа, сакаше лично да го види апостол Павле, и го наговори својот сопруг Пров, да го умоли светиот апостол да го посети нивниот дом, за да го угостат со љубов. И кога свети Павле влезе во нивниот дом, таа погледна во неговото лице и на неговото чело ги виде испишани со златни букви овие зборови: „Павле Христов апостол“. Кога го виде тоа што никој друг не можеше да го види, жената падна пред нозете на апостолот со страв и радост, исповедајќи дека Христос е вистински Бог и просејќи свето крштение. И најнапред таа се крсти. А името и беше Ксантипа. Потоа и нејзиниот сопруг Пров и сиот нивен дом, и градоначалникот Филотеј и многу други, се крстија.

Откако ги помина сите тие земји на Запад, и ги просвети со светлината на светата вера, и го провиде својот страдалнички крај, свети апостол Павле повторно се врати во Рим. Оттаму тој му напиша на својот ученик свети Тимотеј, зборувајќи:

„Јас веќе се жртвувам и времето на моето заминување настапи. Добра војна војував, трката ја завршив, верата ја одржав. Понатаму значи за мене е подготвен венецот на правдата, кој ќе ми го даде Господ во оној ден“ (2 Тм. 4, 6-18).

Што се однесува до времето на маченичкиот крај на свети апостол Павле, црковните историчари не се совпаѓаат. Никифор Калист, во својата втора книга „Црковна историја“ во глава 36 пишува дека свети апостол Павле пострадал во иста година и во исти ден со свети апостол Петар, затоа што му помагал на Петар да го победи Симон магот. Други пак велат дека Павле пострадал една година по смртта на апостол Петар, и тоа во истиот ден 29 јуни. А поводот за тоа било тоа што апостол Павле во својата проповед на Евангелието Христово им препорачувал на девојките и жените чист целомудрен живот. Всушност, помеѓу овие кажувања нема големо несовпаѓање, зашто во житието на свети Петар од Симеон Метафраст се вели дека свети Петар не пострадал веднаш по смртта на Симон магот, туку по неколку години, и тоа поради двете омилени наложници на Нерон, кои апостол Петар ги беше обратил кон Христа и научил на целомудрениот живот. А бидејќи свети Павле живеел во Рим и околните покраини во исто време со свети Петар, тогаш лесно може да биде и едното и другото, односно дека свети Павле му помагал на свети Петар против Симон магот за време на својот прв престој во Рим, и кога дошол по втор пат во Рим, повторно со свети Петар, еднодушно служел за спасението на луѓето, упатувајќи ги и мажите и жените на целомудрен живот и чистота. На тој начин светите Апостоли го разјарија незнабожниот и развратен цар Неров, кој откако ги осуди и двајцата на смрт, Петар како дојденец го казни со распнување, а Павле како римски граѓанин, за кого е невозможно да биде предаден на срамна смрт, го казни со посекување со меч, и тоа, ако не во истата година, тогаш во ист ден. Кога беше отсечена чесната глава на свети Павле, од раната истече крв со млеко. Верните го зедоа неговото свето тело и го положија на исто место со свети Петар. Така се упокои избраниот сад Христов, учителот на народите, вселенскиот проповедник, очевидецот на небесните висини и рајските милини, на гледање и восхитување на ангели и луѓе, големиот подвижник и страдалник, кој раните на својот Господ ги претрпе на своето тело - светиот врховен апостол Павле. И повторно беше земен, сега без тело, вознесен до третото небо, и се претстави на Троичната Светлина, заедно со својот пријател и сотрудник, светиот врховен апостол Петар, и Го слават Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бога, Кому и од нас грешните чест, слава, поклонение и благодарност, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

БЕСЕДА ЗА СВЕТИ АПОСТОЛ ПАВЛЕ на свети Јован Златоуст

Што всушност е човекот, од каков племенит род е нашата природа, и за какви добродетели е способно ова битие, најдобро од сите луѓе ни покажал светиот апостол Павле.

Откако станал апостол, па сѐ до денес, тој со силен глас ги оправдува пред Господа сите кои го обвинуваат заради ваквото устројство на човечкото суштество. Поттикнува на добродетели, им ја затвора устата на бесрамните хулители и покажува дека помеѓу ангелите и луѓето не постои големо растојание, ако посакаме да обрнеме големо внимание на себе. Апостол Павле не добил поинаква природа, ниту имал поинаква душа, ниту пак живеел во некој друг свет, туку, одгледан на иста земја и на ист простор, и според исти закони и обичаи ги надминал сите луѓе откако постои светот. Каде се тогаш оние што зборуваат дека добродетелта е тешка а порокот лесен? Павле не им дава за право, зборувајќи: „Нашите сегашни незначителни страдања ни донесуваат многу пообилна и вечна слава (2 Кор. 4, 17). А кога неволјите се лесни, тогаш колку повеќе се лесни внатрешните задоволства. И кај апостол Павле не е достојно за восхит само тоа што од многу ревност не ги чувствувал напорите што ги земал врз себе заради добродетелите, туку што им бил предан на добродетелите, без да очекува награда. Ние и при очигледна награда не се трудиме во добродетелите, а тој, и без награди ги сакал и љубел и многу лесно ги совладувал препреките кон неа, без да се жали на немоќта на телото, ниту на многубројната работа, ниту на силовитоста на природата, ниту на ништо друго. Иако бил оптоварен со поголеми грижи, отколку сите војсководци и цареви на земјата, сепак тој секојдневно напредувал и со зголемувањето на опасностите стекнувал нова ревност, која што и ја изразува, зборувајќи:

„Го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене...“ (Филипјан. 3, 13).

И кога ја очекувал смртта, тој повикувал на учество во таа радост, зборувајќи:

„Радувајте се и вие, радувајте се со мене“. (Филипјан. 2, 18.)

И кога го сполетувале опасности и навреди, и најразлични погрди, тој и тогаш ликувал, и пишувајќи им на Коринтјаните, зборувал:

„Затоа уживам во слабостите, во навредувањата, во прогонувањата, во тага за Христос, зашто кога сум слаб тогаш сум силен“ (2.Коринт. 12, 10).

Сето тоа тој го нарекувал оружје на правдата, покажувајќи дека и од тоа извлекувал најголема корист и непријателите од ниедна страна не можеле да го фатат. Ударан од сите страни, навредуван, бркан, тој, како да врши триумфален поход и, подигајќи победнички споменици по целата земја, со тоа се кител и Му принесувал благодарност на Бога, зборувајќи:

„Да Му благодариме на Бога, Кој секогаш ни дава победа во Исуса Христа“ (2 Коринт. 2, 14).

Понижувањата и навредите заради проповедањето на Евангелието тој ги сакал повеќе отколку ние почестите, повеќе смртта отколу животот, повеќе сиромаштвото отколку богатството, повеќе напорите отколку одморот, и не само повеќе туку многу повеќе. Повеќе ја сакал тагата отколку радоста, повеќе молитвата за непријателите отколку другите молитвата против непријателите. Така тој го обратил поредокот на работите, или, подобро речено, ние го преобративме, а тој го сочувал онаков, каков што Бог го востановил. Зашто сѐ првобитно е природно, а подоцнежното е спротивно. Кој е доказот за тоа? Павле, кој како човек повеќе го сакал првобитното отколку подоцнежното.

За него било страшно и опасно само едно, да се навреди Бога, и ништо друго. Исто така, најмногу од сѐ тој сакал да Му угоди на Бога. Не велам дека тој тоа го сакал повеќе од сѐ во овој свет, туку повеќе од сѐ и во оној свет. Не зборувајте ми за градовите, народите, царевите, војските, оружјата, богатствата, силите, властите, зашто сето тоа тој не го сметал ни за пајажина, туку замислете го она што е на небесата и тогаш ќе ја согледате јачината на неговата љубов спрема Христос. Опиен од таа љубов, тој не се восхитувал на достоинството на ангелите, ни на архангелите, ниту на нешто слично на нив, зашто во себе имал нешто повеќе од сето тоа: љубовта Христова, и со неа се сметал себеси за поблажен од сите, а без неа не сакал да биде ни со господствата, ни со поглаварствата, ни со властите. Со оваа љубов, тој повеќе сакал да биде меѓу последните и казнуваните, отколку без неа меѓу највисоките и славените. За него единствена казна е да се лиши од оваа љ убов. Тоа за него е пекол, тоа е мачење, тоа е врв на сите зла, како што за него повторно е наслада да се стекне таа љубов. Тоа за него е живот, тоа за него е врв на сите добра. Сѐ останато што се однесува на ова, тој не го сметал ниту за жалосно, ниту за пријатно, туку сѐ што е видливо го презирал како гнила трева.

Владетелите и народите кои дишеле со гнев му личеле на комарци, а смртта, казните и безбројните маки на детски играчки, кога ги поднесувал заради Христа. Тогаш и им се восхитувал, и им се радувал на оковите, онака како што Нерон не се гордеел на својата круна на главата. Во темницата живеел како на самото небо, а раните и ударите ги примал порадосно од било која друга награда. Тој не помалку ги сакал трудовите од наградите, сметајќи ги самите напори и трудови како награда поради што ги нарекувал благодат (арх). Погледни: за него било награда да се ослободи од телото и да биде со Христос, а пак подвиг да се остане во телото. Сепак, тој со радост го избра она второто и вели дека тоа за него е неопходно. Да се биде одлачен за Христос за него било напор и мака, или подобро речено, повеќе и од напорите и од маките, а да се биде со Христос - награда. Па сепак, заради Христа, тој со радост го одбира она првото, отколку второто. Но, можеби некој ќе рече дека тоа нему му било пријатно заради Христа. Тоа и јас го велам, дека нему му било многу пријатно она што нам ни причинува тага.

Но, зошто зборувам за опасностите и за останатите неволји? Тој непрестајно тагувал и поради тоа зборувал:

„Кој изнемоште, и јас да не изнемоштам? Кој се соблазнува, без да се распалам и јас? (2 Кор. 11, 29.) Некој ќе рече дека и во тагите има пријатности. Многумина пак, на пример, откако ќе ги изгубат децата и имајќи слобода да плачат, во тоа наоѓаат утеха. Ако бидат спречени во тоа, тие патат. Така и Павле, пролевајќи солзи ден и ноќ, наоѓал утеха во нив, зашто никој толку не жалел заради своите несреќи, колку тој заради туѓите. Што мислиш, како се чуствувал тој кога гледал дека евреите не се спасуваат? Молел самиот да биде лишен од севишната слава за тие да се спасат. Од тука станува јасно дека нивното неспасување за него било далеку потешко, зашто ако не било тешко, тој не би се молел за тоа. Тој избрал да биде лишен од небесната слава како нешто полесно и утешно. И не само што го сакал тоа, туку со лелек зборувал: „Многу ми е жал и срцето ме боли“ (Рим. 9, 2). Значи оној, кој плачел за сите кои живеат во вселената, и воопшто за сите народи и градови, и за секој поединец, со што би можел да се спореди, со какво железо, со каков дијамант? Како можеме да ја наречеме таквата душа, златна или дијамантска? Таа била поцврста од секој дијамант, поскапоцена од златото и скапоцениот камен. Дијамантот го надминувала со својата цврстина, а златото со својата скапоценост. Со што можеме да ја споредиме? Со ништо од постоечките работи.

Кога дијамантот би станал злато а златото дијамант, тогаш би се добило нешто што би личело на Павловата душа. Но зошто да ја споредуваме со дијамантот и златото? Сиот свет стави го наспроти неа и ќе видиш дека Павловата душа е поважна од него. Зашто кога тој за овие кои во кожуфи и козји кожи се криеле по пештерите и јамите земни вели дека не им е достоен сиот свет (Евреите 11, 37-38), тогаш попрво ние можеме да кажаме за него дека вредел исто колку сите нив.

Но, ако светот не вреди колку што вреди тој, тогаш кој вреди? Можеби небото? Не, и тоа е мало, зашто кога тој самиот е небо, и на она што е на небото ја надредил љубовта Господова, тогаш дотолку повеќе Господ, Кој е толку подобар од Павле, колку добрината од порочноста, надредил за Павле мноштво небеса. Господ нас нѐ сака, не онака како ние Него, туку толку многу, што тоа не може да се изрази со никакви зборови. Погледни само на што Он го удостои Павле уште пред идното воскресение. Го однесе во рајот, го издигна до третото небо, му откри такви тајни за кои не е слободно да се зборува на никого од оние што имаат човечка природа. И сосем разбирливо, зашто тој, додека сѐ уште одеше по земјата, сѐ правеше така што живееше со ангелите. Ограничен од смртното тело, тој се истакнуваше со ангелска чистота. Подложен на толкуте неволји, тој се трудеше ни најмалку да не биде понизок од вишните Сили. Тој летал како птица по вселената и како бестелесен ги презирал тешкотиите и опасностите, и како оној кој веќе го достигнал небото, презирал сѐ земно, и како оној кој општи со бестелесните Сили бил постојано бодар. Иако на ангелите често пати им биле доверувани различни народи, сепак ниту еден од нив не го уредил така доверениот народ, како Павле целата вселена. Немој да ми зборуваш дека Павле не бил нејзин градител, зашто и јас самиот го признавам тоа. Зашто ако самиот не го извршил сето тоа, сепак и во тој случај не треба да го лишиме од пофалбата за тоа, бидејќи се сторил себеси достоен на таквата благодат. На Архангел Михаил му бил доверен јудејскиот народ, а на Павле земјата и морето, населените и ненаселените краеви. Ова ви го зборувам, не за да ги навредувам ангелите (далеку од тоа!), туку да докажам дека човекот, како човек, може да биде заедно со нив и да стои напоредно со нив. Но, зошто тоа не им било доверено на ангелите? Затоа, за ти да немаш никаков изговор за ова невнимание и неодговорност, па за да ја оправдаш својата неработа да не се повикуваш на разликите на природата. Меѓутоа се случило нешто уште почудесно. Всушност, зарем не е чудесно и необично, зборот изговорен со земен јазик да ја брка смртта, да отпушта гревови, да ја поправа ранетата природа, да ја претвора земјата во небо? Заради тоа се восхитувам на силата Божја, заради тоа ја фалам ревноста Павлова, што примил таква благодат, што така се подготвил себеси. И ве молам, не само да се восхитувате, туку и да го подражавате овој образец на добродетелите, зашто така ќе можеме да станеме со него заедничари на исти венци. Ако се чудиш кога слушаш дека ако и ти го сториш истото ќе ги добиеш тие исти награди, тогаш чуј што вели самиот Павле: „Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив; сега ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија; но не само мене, туку и на сите кои се радуваат на Неговото доаѓање (2 Тим. 4, 7-8). Гледаш ли како тој сите ги повикува да заедничарат во тоа? Бидејќи пред сите стои истото тоа, да се потрудиме сите да станеме достојни на ветените добра. Да не гледаме само на величината и превасходноста на неговите дела, туку и на силата на неговата ревност, со која тој стекнал таква благодат, и на сродноста на природата, според која тој би го имал истото што и ние. На тој начин, и тешко извршливото за нас ќе стане лесно и откако ќе се помачиме за ова кратко време, ние ќе се удостоиме да го добиеме неминливиот и бесмртен венец со благодатта и човекољубието на нашиот Господ Исус Христос, Кому слава и власт, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.