7. Август (25. Јули)

УСПЕНИЕТО НА СВЕТАТА И ПРАВЕДНА АНА,

мајката на Пресвета Богородица

Денес се празнува успението на света Ана, но нејзиниот централен празник е на 9 септември, под кој датум е напишана и нејзина служба и житие. Света Ана беше од коленото Левиево, ќерка на Матан свештеникот и Марија од градот Витлеем. Тие имаа уште две ќерки: Марија, која ја роди Саломија, и Совија која ја роди света Елисавета, мајката на свети Јован Крстител. После долгиот и богоугоден живот, света Ана, мајката на Пресвета Богородица, се упокои во длабока старост. Се празнува и на 9 септември и 9 декември.

ЖИТИЕТО НА СВЕТА ОЛИМПИЈАДА,

 ѓакониса при Цариградската црква

Света Олимпијада, наречена така по името на својата мајка, се роди во Цариград од многу знамените и благородни родители. Нејзиниот татко Анисиј Секунд беше еден од најугледните сенатори, а мајка ѝ беше ќерка на славниот велможа Евлавиј, кој се спомнува во житието на свети Никола Чудотворец, кој во времето на царот Константин Велики беше прва личност после царот. Евлавиевата ќерка Олимпијада прво беше верена за најмладиот син на Константин Велики, Констанц, кој после својот татко царуваше во стариот Рим, но беше убиен пред да стапи во брак, па таа беше омажена за Ерменскиот цар Арсак, со кој поживеа кратко време, па остана вдовица. Потоа се омажи за гореспоменатиот сенатор Анисиј Секунд и ја роди света Олимпијада, која пред полнолетството родителите ја верија за благородно момче, син на епархот Невридиј. Венчавањето беше одложено, но по дваесет месеци нејзиниот свршеник умре и Олимпијада остана девојка а истовремено и вдовица. Иако беше полнолетна, таа повеќе не сакаше да се мажи за друг и одлучи својот живот да го помине во девственост и целомудрие.

По смртта на своите родители Олимпијада стана наследничка на огромните богатства и безбројните имоти. Сето тоа таа го посвети на Бога и започна со својата дарежлива рака да го раздава на потребитите: на црквите, манастирите, пустиножителите, болниците, сиропиталиштата, гостоприемниците, сиротите и вдовиците. Испраќаше таа обилна милостиња и на затворениците по темниците, и на оние во заточение, та многу места се исполнуваа со нејзиното милосрдие. Самата, пак, времето го минуваше во молитви и пост и на сите можни начини го умртвуваше своето тело и го потчинуваше на духот.

Во тоа време царуваше Теодосиј Велики, таткото на Аркадиј и Хонориј. Тој имаше роднина на име Елпидиј, за кого сакаше да ја омажи блажената Олимпијада, која беше млада и многу убава, но таа одбиваше. Царот многу пати ѝ се обраќаше, молејќи ја и советувајќи да се омажи за неговиот роднина Елпидиј, но таа не се согласуваше, иако и се закануваа и знаеше дека царот е разлутен. Таа му испрати ваков одговор на царот:

- Господару, ако Бог сакаше да се омажам, тогаш не би го зел од мене мојот прв маж. Но, бидејќи Тој знае дека за мене не е корисно во овој живот да бидам мажена, го ослободи мажот од заедничкиот живот со мене, а мене ме избави од тешкиот јарем на мажевата власт и ми го стави на ум Својот благ јарем.

Царот се разгневи и му нареди на градоначалникот да го земе под своја власт сиот имот на Олимпијада и да го чува додека таа не наполни триесет години. Покрај наредбата, градоначалникот по наговарање на Елпидиј многу ја злоставуваше Олимпијада, така што таа немаше власт не само над ништо од својот имот туку и над самата себе. Тој не ѝ дозволуваше ниту да разговара со богоугодните светители, ниту да оди в црква, но таа Му благодареше на Бога за се. По извесно време вака му напиша на царот:

„Господару, ти си ми укажал царска милост и си постапил навистина епископски, наредувајќи му на друг да се грижи и да го носи моето тешко бреме, за кое што јас самата се грижев. Ќе ми сториш уште поголемо добро ако на својот чиновник му наредиш сиот мој имот да го раздаде на црквите, ништите и неволните, за да ја одбегнам славата на овој свет. И тогаш, слободна од грижите за земните минливи богатства, јас нема да престанам да се грижам за вистинското богатство“.

Царот, размислувајќи за нејзиното писмо, нареди Олимпијада повторно да ја превземе власта над својот имот, зашто многу беше слушал за нејзиниот доблесен и богоугоден живот, за нејзиното огромно воздржание и жестокото умртвување на телото. Навистина, таа воопшто не јадела месо, ниту се капела, а ако болест ја натерала да се измие, го правела тоа облечена во кошула, во када полна со топла вода, без да се соблекува, зашто се срамела не само од слугинките, туку и од самата себеси, и не сакала да го гледа своето голо тело.

Поради таквиот целомудрен и чесен живот, на кој се восхитуваа и архиерејите, света Олимпијада беше земена на црковна служба од пресветиот патријах Нектариј како ѓакониса. И Му служеше таа на Господа со останатите чесни ѓакониси во светост и правда, слично на евангелската вдовица света Ана, која не заминуваше од црквата, служејќи Му на Бога ден и ноќ со пост и молитва (Лука 2, 37). Животот на блажената Олимпијада беше толку беспрекорен што ни нејзините непријатели не можеа да и пронајдат некаква мана, Непријателите на свети Јован Златоуст, кој беше патријарх после Нектариј, беа непријателски расположени и спрема оваа невина слугинка Христова. Особено многу гневен на неа беше александрискиот патријарх Теофил, затоа што таа чесните монахињи, протерани од негова страна од Египетската пустина, ги примила кога дошле во Цариград и ги хранела Христа ради. Таа со голема чест ги примаше и згрижуваше сите монаси и епископи кои доаѓаа во градот, служејќи им со својот имот. И самиот Теофил порано многу пати уживал во нејзиното гостопримство и бил честен со подароци. Но подоцна тој започна непријателски да се однесува кон неа и заради споменатите монаси, и заради свети Јован Златоуст, и се обидуваше да ја извалка, изнесувајќи против неа злобни лаги и клевети. Но, никој не веруваше во тоа, зашто на сите им беше познат нејзиниот чист и свет живот.

Славата за оваа вистинска слугинка Христова се ширеше по сите цркви. Таа постапуваше како евангелскиот самарјанин, кој човекот изнаранет од разбојниците и отфрлен од минувачите, го качи на својот добиток, го однесе во гостилницата и се погрижи за неговото оздравување (Лука 10, 30-37). Таа им даваше прибежиште на сите кои немаа каде глава да засолнат. Усрдно се грижеше и за ништите и болните, за ранетите, за фрлените на улица, за напуштените од сите и навистина беше вистинска творителка на сите милосрдни дела. Невозможно е да се искаже колку таа трошеше на добрите дела, давајќи злато и сребро, секојдневно раздавајќи им на сиромашните и бедните облека, храна и сè останато. Многу им помагаше и на големите светители, кои доаѓаа во Цариград по работа, сестрано задоволувајќи ги нивните потреби. Така таа многу послужи со својот имот, подарувајќи им многу злато, сребро и црковни украси на свети Амфилохиј, епископот икониски и Оптим пантиски, (а порано и на свети Григориј Богослов, кој бил патријарх во Цариград пред Нектариј), на свети Петар Севастиски, братот на свети Василиј Велики и на свети Епифаниј Кипарски. На Оптим, кој умре во Цариград, таа со своите раце му ги затвори очите. Им вршеше добро не само на светите и доблесни луѓе, туку и на одметниците и непријателите, какви што беа Антиох, епископот Птолемаидски, Акакиј Вериски, Северијан Гавалиски и сличните на нив. Таа беше безазлена, сета предадена на Бога, и затоа и својот имот не го сметаше за свој, туку за Божји. Неа свети Златоуст ја почитуваше како голема слугинка Божја, ја сакаше со духовна љубов како некогаш свети апостол Павле Персида, за која пишува: „Поздравете ја почитуваната Персида, која многу се потруди во Господа“ (Рим. 16, 12). И света Олимпијада не направи помалку од Персида, трудејќи се многу ради Господа и служејќи им на Светите со огромна вера и топла љубов.

Кога невиниот свети Јован Златоуст беше неправедно симнат од престолот, блажената Олимпијада многу плачеше со останатите чесни ѓакониси. Излегувајќи последен пат од црквата, свети Златоуст влезе во крстилницата, ја повика блажената Олимпијада со ѓаконисите Пентадија, Проклија и Салвина, прекрасната доблесна вдовица, и им рече:

- Дојдете, ќерки, и послушајте ме. Веќе го гледам крајот на она што се прави против мене. Но, и јас го завршив своето дело и мислам дека повеќе нема да ме видите. Ве молам, не оставајте ја црквата заради епископот кого ќе го постават на моето место, било насилно или со општа одлука, туку покорувајте му се како што сте му се покорувале на Јован, зашто црквата не може да биде без епископ. Милоста Божја нека биде со вас и спомнувајте ме во своите молитви!

Тие со солзи паднаа ничкум пред него, а светителот тргна кон местото на своето заточение.

По прогонството на свети Златоуст се опожари соборната црква и изгоре голем дел од градот. Кога градоначалникот ги сослушуваше невините истомисленици на свети Златоуст околу тој пожар, претпоставувајќи дека тие го предизвикале, света Олимпијада настрада како и таа да е виновна. Беше изведена на суд и сурово сослуштувана, зашто градоначалникот беше свиреп и нечовечен. Иако не најде никаква вина кај неа, тој сепак неправедно ја осуди да даде многу злато поради пожарот, за кој таа не беше виновна. Потоа светителката го напушти Цариград и отиде во Кизик. Меѓутоа непријателите и таму не ја оставија на мира, туку ја осудија на прогонство и ја заточија во Никомидија. Штом дозна за тоа, свети Јован Златоуст ѝ напиша писмо од своето заточение, тешејќи ја во нејзините неволји. По долгото заточение и многубројните маки, блажената се престави кај Господа. По своето преставување, додека нејзиното чесно тело се уште не беше погребано, светителката му се јави на сон на Никомидискиот епископ и му рече:

- Стави го моето тело во дрвен сандак и фрли го во морето, па на кој брег ќе го исфрлат брановите, таму нека биде погребано.

Епископот постапи така. Носен од брановите, ковчегот беше исфрлен на брегот во местото Врохти, близу Цариград, каде се наоѓаше црквата на свети апостол Тома. На жителите на ова место им беше откриено од Бога за телото на света Олимпијада. Тие излегоа на брегот, го најдоа ковчегот и го положија во црквата на светиот Апостол. Од нејзините мошти се даваа исцеленија од најразлични болести. Но, по многу години варвари го нападнаа тоа место, ја запалија црквата, а светите мошти кои останаа неповредени од огнот, иако ковчегот изгоре, ги фрлија во морето. И на местото каде беа фрлени моштите водата стана крвава. Така Бог објавуваше за страдањето на слугинката Своја. Но верните повторно ги извадија чудотворните мошти од морето а цариградскиот патријарх Сергиј го испрати презвитерот Јован и му нареди чесно да ги донесе во Цариград. Кога презвитерот ги подигна, од нив истече многу крв. И сите многу се восхитуваа како после двеста години тече крв од сувите коски, како од живо тело. И ги пренесоа во царскиот град и ги положија во женскиот манастир, основан од света Олимпијада. И многу чудеса се случуваа од нив, зашто најразлични болести се исцелуваа и ѓаволи се истеруваа по молитвите на света Олимпијада а со благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНАТА ДЕВИЦА ЕВПРАКСИЈА

За време на владеењето на благочестивиот цар Теодосиј Велики, во Цариград имаше еден знаменит големец на име Антигон, царев роднина, човек мудар и на збор и на дело, умен советодавец, Тој секогаш даваше добри и корисни совети за целата држава, Покрај тоа беше добар, жалостив спрема луѓето, милостив спрема сиромасите и многу дарежлив кон сите што имаа потреба. Царот го сакаше не само како роднина, туку и како набожен христољубец и добар советник. Антигон беше многу богат, најбогат човек после царот. Тој ја зеде за сопруга прекрасната девојка Евпраксија, исто така од царски род. Таа беше побожна и многу богобојазлива, постојано ги посетуваше светите цркви, со солзи се молеше на Бога и даваше многу скапоцени подароци на храмовите Божји, за украсување на светињите Господови. На овие чесни и богоугодни сопружници Антигон и Евпраксија, соединети со телото и душата, сакани од царот и царицата, им се роди женско чедо, на кое му го дадоа мајчиното име Евпраксија. Ден по нејзиното раѓање, Антигон и рече на својата жена Евпраксија:

- Знаеш дека овој живот е краток и богатствата се минливи, а ние, пак, врзани со световните грижи, залажувани со богатствата привремени, ги минуваме во суета своите денови, без корист за нашите души.

Евпраксија го праша:

- Тогаш што треба да правиме, господару мој?

Антигон одговори:

- Бог ни даде една ќерка и таа ни е доволна. Од денес ќе продолжиме да живееме без телесна врска. Тогаш Евпраксија ги крена рацете и очите кон небото и воздивнувајќи рече:

- Нека е благословен Господ Бог, Кој те приведе во стравот Свој и те упати на правиот разум. Вистина е, господару мој, дека јас многу пати Го молев Бога, да го просвети твоето срце и да ти даде таква мисла. Бидејќи самиот отпочна разговор за тоа, ќе речам како што вели апостолот „Останатото време е многу кратко, та оние кои имаат жена да бидат како да ја немаат; и кои се радуваат како да не се радуваат; и кои купуваат како да немаат, зашто минлив е овој свет“ (1.Кор. 7, 29. 30. 31). Затоа да го поминеме овој краткотраен живот без телесна врска, за заедно да го добиеме неминливиот живот за навек. Огромното богатство и имотите кои сега ги имаме, што ќе ни се? Зарем нешто од тоа ќе понесеме со себе во гробот? Раздај го сето богатство на сиромашните, за да не остане бесплодна нашата одлука.

Антигон Го прослави Бога и започна великодушно да го раздава својот имот на сиромашните, а со својата сопруга живееја како брат и сестра, угодувајќи Му на Бога во се. По една година Антигон се престави, а царот и царицата го оплакаа како праведен и побожен човек. После погребот на Антигон тие ја тешеа младата вдовица Евпраксија, а таа им ја даде својата ќерка и низ солзи им рече:

- Во рацете на Бога, и во вашите, го предавам ова сираче, Вие бидејте ѝ мајка и татко.

Многумина од присутните се расплакаа заедно со царот и царицата. Четири години подоцна, кога девојчето Евпраксија имаше пет години, царот се посоветува со нејзината мајка, и ја верија со еден од сенаторските синови, благородно момче, кое вети дека ќе ја чека до полнолетството. По некое време еден сенатор посака да се ожени со Антигоновата вдовица Евпраксија и ја замоли царицата, кришум од царот, преку некои угледни жени да ја наговори Евпраксија да се согласи на брак со него. Царицата испрати од своја страна дворски жени, а кога Евпраксија го слушна нивниот совет се расплака и им рече:

- Тешко вам во идниот живот што ми давате таков совет, зашто Јас Му ветив на Бога дека ќе живеам како чиста вдовица. Одете си од мене!

Така прекорени и посрамени, тие заминаа и и раскажаа на царицата. Царот многу се разлути на царицата и започна да ја кара, велејќи:

- Навистина си извршила дело што не ти доликува. Зарем тоа е достојно за христијанска царица? Зарем ти не Му вети на Бога дека ќе царуваш побожно? Така ли се сеќаваш на Антигон, нашиот близок роднина и корисен советник? Неговата жена, која кратко време поживеа со него и уште за време на неговиот живот со негова согласност го избра чистиот живот ради Бога, ти ја наговараш повторно да му се врати на световниот живот. Зарем не се плашиш од Бога? Кој не би ја исмеал твојата неразумност?

Царицата многу се засрами и цели два часа молчеше. Кога слушна за тоа, Евпраксија многу се нажали, многу тагуваше, и донесе одлука тајно да замине од Цариград, па низ солзи ѝ рече на својата ќерка:

- Чедо мое, ние во Египет имаме огромен имот. Да појдеме таму да го видиш, зашто сето тоа е твое.

Така ја зеде својата ќерка и неколку робови, и кришум отиде во Египет на својот имот. Понекогаш таа одеше во внатрешна Тиваида со своите слуги, ги посетуваше црквите и манастирите и даваше огромни прилози и милостиња.

Во близина на градот имаше еден девствен манастир со сто и триесет монахињи, за чии што огромни и чудесни богоугодни дела многумина зборувале. Ниту една од нив немала вкусено ниту вино, ниту масло, ниту некакво овошје. Некои од нив, кои како деца стапиле во тој манастир, никогаш и ги немале видено. Храна им биле само леб со вода, леќа и зеленчук, и тоа без масло. Јаделе еднаш дневно и тоа навечер. Некои меѓу нив на секој втор ден, а некои на третиот земале по малку храна. Тие никогаш не одморале, ниту се миеле, а за бања не станува ни збор. За постела им служела костретна покривка, долга три лакти, широка еден лакт, на која спиеле и тоа многу малку. Облека им биле власеници, долги до земјата. Сите се труделе според својата моќ. Кога ќе се случело некоја од нив да се разболи не земела никаков лек, туку со благодарност ја поднесувала болеста, примајќи ја од Бога како голем благослов и очекувајќи помош единствено од Него. Ниту една од нив не излегувала надвор од манастирот, ниту пак разговарала со дојденците, туку сите одговори се давале преку вратарката. Нивната единствена грижа била да разговараат единствено со Бога, со молитвен ум, и Нему да Му угодат. Затоа и Бог ги примаше нивните молитви и вршеше многу чудеса заради нив, давајќи им исцеленија на сите болни кои прибегнуваа таму.

Блажената вдовица Евпраксија многу го засака тој манастир, заради чудесниот живот на неговите монахињи и често го посетуваше со ќерка си, носејќи во црквата свеќи и темјан. Еднаш таа и рече на игуманијата:

- Сакам на вашиот манастир да му дадам мал подарок - дваесет или триесет литри злато, да се помолите на Бога за мене, за мојата ќерка и за нејзиниот покоен татко Антигон.

Игуманијата, која беше ѓакониса и се викаше Теодула, ѝ одговори:

- Госпоѓо моја, на овие твои слугинки не им е потребно ни злато ни имот, зашто тие презреа се во овој свет, за да се удостојат на насладата на вечните богатства. Не сакаме да имаме нешто на земјата, за да не се лишиме од небесните богатства. Но, да не те натажиме, донеси малку зејтин за црковните кандила, свеќи и темјан, и за тоа ќе добиеш награда од Господа.

Евпраксија постапи така и ги замоли игуманијата и сестрите да се помолат за нејзиниот сопруг Антигон и за ќерка и. Кога еднаш по својот обичај Евпраксија дојде во овој манастир, игуманијата, како поттикната од Духот Божји, ја праша малата Евпраксија:

- Госпоѓо моја, Евпраксија. Ги сакаш ли овој манастир и овие сестри?

Таа одговори:

- Да, госпоѓо, ги сакам.

Игуманијата продолжи:

- Ако ги сакаш, тогаш остани со нас како монахиња,

Девојчето одговори:

- Ако не се натажи мојата мајка, јас навистина нема да заминам одовде.

Тогаш игуманијата ја праша:

- Кажи ми, кого повеќе сакаш, нас или својот свршеник?

Девојчето одговори:

- Него не го познавам, а вас ве знам и ве сакам. Но, кажете ми и вие, кого повеќе сакате, мене или Оној Кого Го нарекувате Свршеник?

Игуманијата на тоа ѝ рече:

- Ние те сакаме тебе и нашиот Христос.

Девојчето одговори:

- Јас ве сакам вас и вашиот Христос.

А нејзината мајка Евпраксија седеше, слушаше и солзи ронеше. Игуманијата се восхитуваше на малото девојче, а тажната мајка рече:

- Чедо мое, да си одиме, веќе се стемнува.

Девојчето одговори:

- Јас ќе останам овде со госпоѓата игуманија.

На тоа игуманијата забележа:

- Појди со мајка си. Ти не можеш да останеш овде, зашто остануваат само девојчињата кои Му се посветиле на Господ Христос.

Девојчето праша:

- А каде е Господ Христос?

Игуманијата се израдува и со прстот и посочи кон иконата Христова. Девојчето се стрча, ја бакна иконата на Спасителот и рече:

- Навистина и јас Му се заветувам на Христос и нема да заминам одовде.

Игуманијата рече:

- Чедо, ти нема на што да спиеш, и затоа не можеш да останеш.

- На што спиете вие, на тоа ќе спијам и јас, - возврати девојчето. Ноќта веќе се спушташе, а мајката и игуманијата ја наговараа Евпраксија да замине од манастирот, но таа не сакаше. Најпосле игуманијата и рече:

- Чедо, ако сакаш да живееш овде, треба да се научиш на писменост и на псалтирот, и да постиш до вечерта како другите сестри.

Девојчето одговори:

- Се ќе сторам, само оставете ме овде.

Тогаш игуманијата и рече на мајката:

- Госпоѓо, остави ја овде, зашто гледам дека благодатта Божја заблеска во неа, а праведните дела на нејзиниот татко и твојот чист живот, и вашите родителски молитви и благослов, ја водат во вечниот живот.

Тогаш благородната Евпраксија ја одведе својата ќерка до иконата на Спасителот и со солзи започна да се моли:

- Господи Исусе Христе, Ти погрижи се за ова дете, зашто тоа чезнее за Тебе и себеси се предава на Тебе. Потоа се обрати кон девојчето:

- Ќерко моја, Евпраксија, Бог, Кој ги утврдил неподвижни горите, нека те утврди тебе во стравот Божји!

И го предаде девојчето во рацете на игуманијата, плачејќи и удирајќи се во градите. Сите монахињи плачеа со неа. Така таа излезе од манастирот, предавајќи ја својата ќерка на Бога.

Рано наутро повторно дојде во манастирот. Игуманијата го зеде девојчето Евпраксија, го однесе во црквата и извршувајќи ги молитвите го облече во монашкиот ангелски лик, во присуство на неговата мајка. А мајката ги крена рацете кон небото и започна да се моли:

- Цару вечен, Ти го започна во неа доброто дело, Ти доврши то! Дај и да оди по Твојата света волја! Нека добие милост во Тебе, Творецот свој, сирачето кое од детство ти е предано.

Потоа ја праша ќерка си:

- Чедо мое, ја сакаш ли оваа монашка облека?

-Да, ја сакам, - одговори девојчето, - зашто сум слушнала од госпоѓата игуманија и од други монахињи дека оваа облека ја дава Христос, како залог за верност на оние кои Го љубат.

Мајката ѝ рече:

- Христос, за Кого си се верила, чедо, нека те удостои на Својот дворец.

Потоа ја бакна, се прости со сите и излезе од манастирот. По својот обичај таа продолжи да посетува и други манастири низ Египет, помагајќи им на сите. На сите страни се ширеше славата за блажената вдовица Евпраксија, за нејзините добри дела и преобилната милостиња. Гласот за тоа дојде до самиот цар Теодосиј Велики и неговите големци, и сите и се восхитуваа. За неа слушнаа дека пости секој ден до ноќта и доцна зема многу малку посна храна. По неколку години игуманијата на гореспоменатиот манастир ја повика кај себе доблесната вдовица Евпраксија и насамо и рече:

- Госпоѓо моја, сакам да ти соопштам една важна работа, но немој да се вознемируваш.

Па продолжи:

- Ако сакаш нешто да наложиш за својата ќерка стори го побрзо, зашто на сон го видов твојот сопруг Антигон, како стои во голема слава пред Господ Христос и Го моли, Тој да ти нареди да излезеш од телото, со него да живееш во иднина и да се насладуваш на истата слава како и тој.

Побожната жена не само што не се вознемири, туку напротив многу се израдува, зашто сакаше да се разреши од телото и да премине кај Господа. Веднаш ја повика својата ќерка, веќе дванаесетгодишна, и ѝ рече:

- Чедо мое, мене веќе ме повикува Христос и близу е денот на мојата смрт. Затоа сиот имот ти го предавам да го распоредиш побожно, за да го наследиш Царството Небесно.

Девојчето започна да плаче, велејќи:

- Тешко мене, останувам сираче.

Мајката и рече:

- Чедо, тебе татко ти е Христос и место мене за мајка ја имаш госпоѓата игуманија, само труди се да исполниш се што си Му ветила. Плаши се од Бога, почитувај ги сестрите и служи им со смирение. Во своето срце никогаш не помислувај дека си од царски род, туку биди смирена, за да те сака Господ. Биди сиромашна на земјата, за да се збогатиш на небото. Ако му се потребни пари на манастирот, дај колку треба и моли се за твојот татко и за мене, за да се избавиме од вечните маки.

По три дена блажената Евпраксија се престави кај Господа и беше погребана во тој манастир.

Кога царот слушна за смртта на Евпраксија, го повика сенаторот за чиј син беше верена малата Евпраксија и му рече дека таа се одрекла од светот и заминала во манастир. Тогаш тој многу го молеше царот да издаде наредба веднаш да ја донесат и да ги венчаат. Царот се согласи. Но невестата Христова се насмеа на писмото од царот и му напиша:

„Господару, царе! Така ли ми наредуваш да Го оставам Христос и да се врзам за гнилежен и смртен човек? Нема да го сторам тоа. Јас сум невеста Христова, и ве молам, во спомен на моите родители, земете го сиот нивен имот и раздајте го на светите цркви и манастири, на вдовиците и сирачињата, а робовите и робинките ослободете ги и сите долгови простете им ги на должниците. Уредете се, господару мој; за јас безгрижно и непречено да Му служам на мојот Христос, Кому со сета душа Му се доверив. И вие, заедно со царицата, помолете Му се на Господа за мене, да ме направи достојна за слаткото служење Нему“.

Царот и царицата долго плачеа од умиление кога го прочитаа нејзиното писмо, па ги свикаа сите големци и пред нив повторно го прочитаа, та сите низ солзи рекоа:

- Царе, навистина таа девица е од твојот род, прекрасно чедо од прекрасните родители Антигон и Евпраксија, света фиданка на светиот корен.

И сите Го фалеа Бога заради неа, а пак таткото на нејзиниот вереник не се осмели повеќе ништо да каже. Царот се погрижи за нејзиниот имот а Евпраксија започна усрдно да се подвизува, служејќи Му на Бога. На почетокот јадеше еднаш дневно и тоа навечер, а потоа продолжи на вториот, па на третиот ден да зема храна. Се трудеше да им служи на сестрите и ги извршуваше сите најтешки работи со смирение. Немаше поревносна од неа.

Во тој манастир имаше обичај, ако на некоја од сестрите и се случи да има во сонот некое искушение од ѓаволот, должна е тоа веднаш да и го соопшти на игуманијата. А Евпраксија со солзи Му се молеше на Бога да го избрка ѓаволот од таа сестра, и ѝ наредуваше да собере камења, да ги нареди под својата костретна постела на која спие, а врз постелата да насипа пепел и врз неа да стие десет дена. Еднаш и на Евпраксија на сон ѝ се случи да биде искушана. Тогаш таа нареди камења под својата костретна постела и ја посипа одозгора со пепел. Кога го виде тоа игуманијата се насмевна и ѝ рече на една од постарите сестри:

- Ете, и ова девојче започна да страда од ѓаволот.

И се помоли за неа, говорејќи:

- Боже, Ти си ја створил според ликот Свој, Ти утврди ја во стравот Твој и сочувај ја од аволските напади.

Потоа ја повика Евпраксија и ја праша зошто не и кажала за искушението, а таа падна пред нејзините нозе и рече:

- Прости ми, госпоѓо, но ми беше срам да ти кажам.

Игуманијата забележа:

- Ќерко моја, тоа е почеток на твојата борба со врагот, Биди храбра, за да го победиш.

По некое време Евпраксија повторно ја снајде пакост од ѓаволот и таа ѝ раскажа на една сестра Јулија, која многу ја сакала и поучувала во подвизите. Јулија и рече да не го крие тоа од игуманијата, за таа да се помоли за неа, зашто и самата во младоста претрпела многу искушенија. Потоа продолжи велејќи:

- За неа зборуваат и дека една ноќ, по силното искушение излегла од ќелијата, застанала под отворено небо, ги кренала рацете и останала така четириесет дена и ноќи без храна, без вода и без сон, стоејќи и молејќи се на Бога, додека не го победила ѓаволот. И ние сите биваме искушувани од ѓаволот, но се надеваме во Христос, со Негова помош да го совладаме нашиот искушгувач. Затоа сестро, не чуди се, не вознемирувај се, туку што побрзо раскажи и на игуманијата.

Тогаш Евпраксија отиде, ѝ раскажа сè, а таа ѝ рече:

- Не чуди се, ќерко моја, зашто ѓаволот нè напаѓа со најразлични оружја. Не плаши се, туку јуначки остани со непоколеблив ум. Ти престојат уште многу искушенија, но ти подвизувај се, за да го победиш. Засили го твојот подвиг на постот, зашто оној што се подвизува добива почест. Кажи ми, чедо, како постиш?

Евпраксија одговори:

- Храна земам секој трети ден.

Игуманијата и рече:

- На својот пост додај му уште еден ден, та јади на четвртиот по зајдисонце.

Евпраксија со радост ја прими оваа заповед. Веќе на дваесет годишна возраст Евпраксија зајакна со телото и беше убава како вистинска фиданка на царскиот род. Повторно подложена на искушение, таа ја извести игуманијата, која и рече:

- Не плаши се, чедо мое, Бог е со тебе.

На едно место во манастирот имаше куп од камења, па игуманијата, сакајќи да ги испита послушноста и смирението на Евпраксија, и рече:

- Оди, чедо, пренеси ги ваму оние камења и нареди ги близу печката.

Евпраксија веднаш започна да ги носи. Имаше тука и големи камења, кои одвај би ги подигнале две силни сестри, но таа сама ги носеше и никому не се обрати со молба да и помогне. По неколку дена игуманијата повторно и рече: -

 Не е убаво што овие камења се наоѓаат близу печката, затоа врати ги на нивното старо место. Таа, без никакво двоумење, веднаш со ревност започна да ти носи. Гледајќи го таквото нејзино послушание, трпение и трудоњубие, сестрите се восхитуваа, некои од младите се смееја, а некои пак зборуваа:

- Држи се, сестро Евпраксија и биди храбра.

Но, таа ја извригуваше својата работа, весело и пеејќи. Тој нејзин труд траеше триесет дена, додека игуманијата не ја испрати на послушание во пекарата. Таа со голема радост извршуваше се што ќе ѝ се наредеше. И никогаш не беше немарна, туку постојано беше бодра, вредна и трпелива. Покрај тоа таа никогаш не го пропушти молитвеното правило на полноќ, ни утринското богослужење, ни првиот, ни шестиот, ни деветиот час, а по вечерната богослужба им разнесуваше храна на посниците. Еднаш ѓаволот се обиде да ја вознемири со ноќно искушение. Една ноќ и се јави на сон во вид на она момче, нејзин свршеник, како да дошол со многу војници да ја грабне, и насилно ја влечеше од манастирот. А таа, лежејќи во својата постела, започна да вика за помош. Сестрите дотрчаа и започнаа да ја прашуваат, а таа им раскажа за видението и сите започнаа да се молат за неа. Но, бидејќи искушувачот повторно започна да ја вознемирува, игуманијата и рече:

- Чедо мое, Евпраксија, внимавај ѓаволот да не ти го раслаби умот и да не пропадне твојот труд. Потрпи уште малку и тој ќе побегне од тебе.

Јулија и зборуваше:

- Сестро, ако додека сме млади и силни не се бориме со нашиот непријател и не го победиме, како тогаш ќе го победиме во староста?

Евпраксија ѝ одговараше:

- Во името на Господа, сестро моја, ако игуманијата ми нареди, јас нема да земам храна цела седмица, додека со Божја помош не го победам врагот, кој ме вознемирува.

Јулија ѝ рече:

- Навистина, сестро моја, јас не можам толку да постам, но ако ти можеш, добро ќе сториш. Во овој наш манастир, освен нашата мајка игуманија, никој не успеал да издржи цела седмица без храна.

Тогаш Евпраксија отиде кај игуманијата и ја замоли да ѝ наложи пост од една седмица.

Игуманијата ѝ рече:

- Прави сè што можеш, чедо мое. Бог, Кој те створил, нека те поткрепи и нека ти даде победа над ѓаволот.

И започна Евпраксија да пости по цела седмица. При тоа не ги оставаше ни манастирските работи, ни услугите на сестрите, така што сите се восхитуваа на нејзините големи подвизи. А некои од сестрите зборуваа:

- Цела година ја наблудуваме Евпраксија и не ја видовме да седне, освен кога јаде или кога ќе прилегне на постелата да се одмори. Инаку таа и храна земаше стоејќи. Сите сестри ја сакаа што така се трудеше и смируваше, иако беше од царски род и се молеа на Бога да ѝ даде сила и спасение.

Меѓу сестрите имаше една монахиња на име Германа, за која зборуваа дека е родена од прости и бедни робови. Единствено таа не ја сакаше блажената Евпраксија, зашто ѓаволот ја поттикнуваше на завист. Еден ден Германа ја затекна Евпраксија во кујната сама на работа, и со потсмев и рече:

- Евпраксија пости по цела недела како игуманијата, но ние не можеме. Што ќе правиме ако и нам ни наложат таков пост?

Евпраксија ѝ одговори:

- Прости, госпоѓо, но нашата голема госпоѓа нареди секоја од нас да се подвизува според своите сили. Мене силум не ми го наметна овој јарем.

Германа се разгневи и рече:

- Препредена низаедна! Преполна си со секоја неправда! Кој не знае дека ти лицемерно го правиш тоа за суетна слава, сакајќи по смртта на игуманијата да го земеш чинот на себе. Но, јас верувам во Христос, дека ти никогаш нема да се удостоиш на старешинството над нас.

Евпраксија со смирение падна пред нејзините нозе, велејќи:

- Прости ми, госпоѓо, согрешив пред Бога и пред тебе!

Штом дозна за тоа, игуманијата ја повика Германа и започна пред сите да ја кара, говорејќи:

- Лукава робинко и туѓа на Бога! Какво зло ти стори Евпраксија, та ѝ пречиш во нејзиното богоугодно дело? Како недостојна те одлачувам од црковните богослужби и од трпезата со сестрите.

Евпраксија долго со солзи ја молеше игуманијата да и прости, но не можеше да ја умоли триесет дена, кога ја поведе со себе и Јулија, за заедно да ја умолат. Игуманијата тогаш ја повика Германа и рече:

- Зарем не сфати, несреќнице, колку големо зло е да му пречиш на некого во доблесното живеење? Ти не си ни помислила дека Евпраксија е ќерка на сенатор, од царски род, а толку се смири себеси, ради Бога става робинка и ти служи тебе недостојната!

Тогаш сите сестри започнаа да ја молат игуманијата за Германа и одвај ја умолија. Така видливиот непријател престана со својата злоба на некое време, но невидливиот непријател многу бесно војуваше против неа и една ноќ и наведе нечисти соништа, со што многу ја смути. Штом го почувствува жестокиот напад, таа скокна од постелата, се прекрсти, излезе од својата ќелија, застана надвор, ги крена рацете кон небото и стоеше така, молејќи се ден и ноќ. Не се помрдна од местото четириесет дена, и за тоа време ниту јадеше, ниту пиеше, ниту со некого проговори, ниту задрема, ниту рацете ги спушти долу. На почетокот дојде нејзината игуманија и рече:

- Бог нека те поткрепи, чедо, и нека ти подари трпение.

Тогаш Евпраксија имаше дваесет и пет години. Во триесеттиот ден од нејзиното стоење сестрите многу се восхитуваа а по истекот на четириесеттиот таа остана да стои уште пет дена, па потоа изнемоштена падна на земјата и лежеше како мртва. Тогаш се собраа сестрите, ја внесоа во собата, но не можеа да ѝ ги свиткаат рацете, зашто целото тело и беше како дрво и не можеше ни збор да изговори. Игуманијата и принесе храна до устата и ѝ рече:

- Чедо мое, Евпраксија, во името на нашиот Господ Исус Христос, Јади!

И таа веднаш зеде храна и проговори, и доби малку сила и стана. Тогаш ја одведоа во црквата и Му заблагодарија на Бога. Потоа Евпраксија започна по малку да зема храна и да закрепнува. Оттогаш ѓаволот повеќе не можеше да ѝ наштети, зашто таа ги победи неговите искушенија. Затоа започна да измислува други замки против неа, сакајќи да ја лиши од животот. Еден ден блажената Евпраксија отиде на бунарот да наполни вода, а ѓаволот, со допуштање Божјо, ја фрли во бунарот. Таа, како што подоцна сама раскажувала, удрила со главата на дното од бунарот, па испливала на површината, се фатила за Јажето од кофата и повикала: „Господи Исусе Христе, помогни ми!“ Сестрите дотрчале и ја извлекле а таа се прекрстила, се насмевнала и рекла: „Во името на мојот Христос, нема да ме победиш, ѓаволе! До денес носев вода во една стомна а од сега ќе носам во две“. И започна така да прави.

После тоа се случи Евпраксија да цепи дрва за кујната. Кога замавна со секирата ѓаволот ѝ ја сврте раката, та и ја расече ногата. Раната беше голема и течеше многу крв. Од изнемоштеност падна на земјата и лежеше како мртва. Тоа го виде Јулија и се запрепасти, па отрча викајќи за помош кај сестрите, кои дотрчаа. Игуманијата ја поли со ладна вода, ја осени со крсниот знак, па таа ги отвори очите и рече:

- Не плачи, мајко моја, душата е во мене.

Тогаш игуманијата се помоли на Бога, говорејќи:

- Господи Исусе Христе, исцели ја слугинката Твоја, зашто многу страда ради Тебе.

Потоа и ја превија раната со волнена марама и сакаа да ја одведат во ќелијата, но таа рече:

- Нема да заминам одовде додека не ги соберам дрвата и не ги однесам во кујната.

На тоа Јулија рече:

- Јас ќе ги соберам а ти оди и легни.

Но Евпраксија самата зеде дрва и ги понесе. Кога во кујната се искачи на последната степеница, ѓаволот ја сплетка и таа падна со лицето врз дрвата што ги носеше и една треска и се зари близу окото, Јулија крикна и притрча, велејќи:

- Нели ти реков дека не си во состојба да носиш и дека треба да легнеш? Но, ти не ме послуша.

Евпраксија рече:

- Не тагувај, сестро, туку внимателно извлечи ја треската од лицето. По милоста Христова окото ми е здраво.

Од раната истече многу крв. Игуманијата зеде масло и сол и откако се помоли ја премачка. Јулија започна да ја наговара Евпраксија:

- Оди, сестро, и легни, а јас ќе ги послужам сестрите. Но, Евпраксија одговори:

- Нема да се одморам додека не го извршам моето послушание спрема сестрите.

И сите сестри ја молеа да одмори, но таа стоеше и ја приготвуваше храната, додека и од двете рани и течеше крв. И не легна додека не ја послужи трпезата. Доцна во ноќта отиде во својата постела, а Бог, гледајќи го нејзиното трпение, набрзо и ги исцели раните и таа оздраве.

Уште еднаш се обиде ѓаволот зависник да ја погуби Евпраксија. Еднаш таа со сестрите се качи на висока градба по некоја работа. ѓаволот ја фрли одозгора, но таа стана од земјата неповредена и на прашањето од сестрите кои мислеа дека умрела, таа одговори:

- Не знам како паднав и како станав.

И сите Го славеа Бога, Кој ја сочува слугинката Своја од смртта.

Во друса прилика Евпраксија вареше во котле зеленчук за сестрите и кога сакаше да го симне котлето со врелата храна од огнот, ѓаволот и ги сплетка нозете. Таа падна на грбот а котлето и се истури врз лицето. Нејзината помошничка Јулија започна да вика за помош и кога дотрчаа сестрите, Евпраксија брзо стана и рече:

- Што правиш, сестро? Залудно ги вознемири сестрите.

И тие видоа дека лицето ни најмалку не ѝ е повредено, а таа рече:

- На своето лице почувствував ладна а не врела вода.

Восхитена, игуманијата рече:

- Бог нека те чува до крај, чедо мое!

Потоа на постарите сестри насамо им рече:

- Гледате ли дека Евпраксија се удостоила на благодатта Божја. Од кровот падна и немаше никаква повреда, врелата храна и се истури врз лицето и остана неповредена.

Во овој манастир доаѓаа жени мирјанки од блискиот град и околните села, и ги носеа своите болни деца, а доведуваа и бесомачни. Зашто Господ им даваше исцеленија по молитвите на богоугодната игуманија и сестрите кои живееја по Бога. Тие се собираа во црквата на заеднички молитви за најразлични болни, и тие се исцелуваа и здрави се враќаа дома. Во тој манастир имаше и една бесомачна жена во која од нејзината младост живееше лут демон и ја мачеше. На таа жена со синџири и беа врзани и рацете и нозете. Таа чкрташе со забите, пена исфрлаше и силно врескаше, така што од нејзиното врискање сите се ежеа. Многу пати игуманијата со стариците се молеше во црквата, Бог да го избрка бесот од таа измачена жена, но нивните молитви не беа слушнати, зашто по промисла Божја тоа дело беше оставено за големо чудо, за обелоденување на светоста на невестата Христова, Евпраксија. Во таа жена имаше толку опак бес, што никој не можеше да и се приближи. Беше врзана за столб во една подрумска соба, а храна и вода ѝ даваа оддалеку. На долг стап приврзуваа сад со храна и и даваа да јаде. Така ја чуваа во манастирот долго време.

Еден ден вратарката дојде кај игуманијата и ја извести дека во манастирот дошла некоја жена плачејќи, а со себе имала осумгодишно момче, фатено и глувонемо. Таа просела молитви за негово исцеление. Игуманијата, знаејќи со откровение од Бога дека на Евпраксија веќе ѝ е дадена благодат на исцелување и власт над нечистите духови, ја повика и ѝ рече:

- Оди, земи го детето од мајката што стои пред капијата, и донеси го ваму.

Таа појде, и кога го виде глувонемото дете многу болно, се сожали, воздивна и го прекрсти, говорејќи:

- Бог, Кој те створил, нека те исцели, чедо.

И го зеде на раце и појде со него кај игуманијата. И додека го носеше на рацете, детето веднаш се исцели. Проговори и започна да ја повикува својата мајка. А Евпраксија се запрепасти и го спушти на земјата. Детето стана и отрча кон капијата, повикувајќи ја мајка си. Вратарката, пак, отиде и ѝ го раскажа тоа на игуманијата, Тогаш таа ја викна мајката и ѝ рече:

- Сестро, зарем дојде да не искушуваш, та ни носиш здраво дете?

А мајката рече:

- Госпоѓо моја, до овој час моето дете ниту зборуваше ниту слушаше, ниту на нозе можеше да застане. А кога оваа чесна девица го зеде на раце, тоа веднаш проговори, оздраве и започна да оди.

Тогаш игуманијата и рече:

- Со благодатта Христова твоето дете оздраве. Затоа оди си со мир и слави Го Бога.

Кога жената замина, игуманијата и рече на Евпраксија:

- Чедо, сакам ти со твоите раце да ја храниш сестрата што страда од бесомачност во нашиот манастир, ако не се плашиш од неа.

Евпраксија одговори:

- Не се плашам, госпоѓо моја, и што ќе ми наредиш ќе сторам. Потоа Евпраксија зеде леб и вариво и го однесе кај лудата. Оваа зачкрта со забите и и се нафрли, за да го фати садот и да го скрши. Но Евпраксија ја фати за рака и ѝ рече:

- Во името на Господа ќе те соборам на земјата, ќе земам еден стап од игуманијата и многу ќе те тепам, за повеќе да не правиш лудости.

Кога виде дека Евпраксија е посилна од неа, бидејќи Господ ја поткрепи слугинката Своја, бесомачната се исплаши и замолкна. Тогаш светителката започна милно да ја советува, велејќи:

- Седи, сестро моја, јади и пиј, и не вознемирувај се. Таа седна, јадеше, пиеше и заспа. Оттогаш престанаа да и даваат храна од далеку на стап. Таа се хранеше од рацете на Евпраксија и на тоа се восхитуваа сите сестри. И кога бесомачната понекогаш ќе почнеше да се вознемирува, да се тегне и да вика, сестрите ѝ зборуваа:

- Замолкни, еве доаѓа Евпраксија со стапот. Сега ќе те натепа.

И бесомачната веднаш се смируваше и молчеше.

А гореспоменатата Германа повторно ја обзеде завист, та им велеше на другите сестри:

- Зарем нема други сестри освен Евпраксија, кои би и носеле храна на бесомачната? Дајте ми леб, па и јас ќе и служам на лудата како Евпраксија.

И зеде леб и леќа, и пријде на бесомачната и рече:

- Земи, сестро, и јади!

Бесомачната цврсто ја зграпчи, и ја раскина облеката и, чкртајќи со забите ја собори на земјата, седна врз неа и започна да ја гризе и да и кине месо од рамењата и вратот. И кога на нејзиниот вик за помош никој не се осмелуваше да и се доближи, Јулија отрча во кујната и ѝ рече на Евпраксија:

- Бесомачната ја убива Германа!

Евпраксија дотрча, ја фати бесомачната за рацете и за вратот, и ја спаси изнаранетата раскрвавена Германа. Враќајќи се кон бесомачната, ја праша:

- Добро ли стори што сестрата така ја изнарани?

А таа стоеше чкртајќи со забите и исфрлајќи пена. Евпраксија рече:

- Ако отсега ѝ сториш зло на некоја од сестрите, нема да те поштедам, туку ќе го земам стапот од игуманијата и ќе те тепам без милост.

Тогаш бесомачната легна и замолкна.

Утредента рано Евпраксија дојде да ја посети настраданата и Ја затекна како со целосно искината облека седи гола на земјата, ја собира својата нечистотија и ја јаде. Блажената се сожали на неа, се расплака, па ја облече во друга облека, И донесе леб и вода ѝ ја нахрани. Потоа се врати во својата ќелија и цел ден плачеше тајно од сестрите, и се молеше на Господа да ја исцели страдалничката. Таа и ноќта ја помина на молитва. Нејзината молитва Господ и ја откри на игуманијата. Кога осамна таа ја повика и рече:

- Чедо мое, зошто ја сокри од мене својата молитва за страдалницата? Ако ми кажеше и јас ќе се потрудев со тебе.

Евпраксија ѝ одговори:

- Прости ми, госпоѓо моја, јас ја видов во многу жална состојба, па се сожалив на неа.

На тоа игуманијата и рече:

- Чедо, имам нешто да ти кажам, но немој да се погордееш. Ете, Христос ти даде власт да го истераш тој бес, а и против сите други бесови ти е дадена сила.

Кога го слушна тоа Евпраксија падна на земјата, ја посипа со прав својата глава и рече:

- Која сум јас, бедната и преполна со секоја нечистотија, да го истерам бесот кого вие, молејќи се толку години, не успеавте да го истерате досега.

Игуманијата рече:

- Чедо мое, ова дело те чекало тебе, за да се дознае колку голема награда ти е подготвена на небото. Затоа не противречи, туку врши што ти се наредува.

Евпраксија најпрвин отиде во црквата, се фрли на земјата пред иконата на нашиот Господ Исус Христос и со солзи просеше помош одозгора. Потоа, имајќи ја на ум наредбата на игуманијата, појде кај бесомачната. По неа тргнаа и сите сестри, за да видат што ќе се случи. Евпраксија и пристапи на страдалничката и ѝ рече:

- Те исцелува нашиот Господ Исус Христос, Кој те створил. И ѝ го осени челото со крсниот знак. Бесот страотно викна: - О, лажливи и нечисти монахињи! Колку години живеам во оваа жена и никој не ме истера, а сега сака оваа нечиста!

На тоа Евпраксија рече:

- Не те истерувам јас, туку мојот Бог Христос.

А бесот викаше:

- Нема да излезам, о нечиста, зашто немаш власт да ме истераш.

Светителката одговори:

- Јас сум нечиста и преполна со секоја нечистотија, како што тврдиш и ти, но мојот Бог Христос ти наредува: Излези од неа! Ако пак не сакаш, ќе го земам жезолот на нашата игуманија и ќе те тепам.

Но, бесот не сакаше да излезе. Тогаш Евпраксија го зеде жезолот и му претеше:

- Излези, зашто ќе те тепам!

А тој одговори:

- Како ќе излезам од неа, кога склопив договор со неа и не можам да го нарушам.

Тогаш светителката удри три пати со жезолот и рече:

- Излези од створението Божјо, нечист духу, Христос Господ ти наредува!

Бесот зарида и запраша:

- Каде да одам?

Светителката одговори:

- Оди најнакрај, во огнот вечен, во маките бесконечни, кои се подготвени за тебе, за твојот татко сатаната и за сите што ја извршуваат вашата волја.

Сестрите, пак, стоеја и од далеку гледаа. Бидејќи бесот не сакаше да излезе, света Евпраксија ги крена очите кон небото и рече:

- Господи Исусе Христе, немој да ме посрамиш сега, за да не се израдува нечистиот бес.

И во тој миг бесот викна со силен глас и излезе, и жената стана потцолно здрава. Евпраксија ја поведе, ја изми, ја облече во чиста облека и ја внесе во црквата. Тука сите заедно Му заблагодарија на Христа Бога.

Од тој ден света Евпраксија започна уште повеќе да се смирува и ропски да им служи на сите сестри. А кога мајките ги носеа своите болни деца во манастирот, игуманијата ги упатуваше кај света Евпраксија. А таа, иако не сакаше, сепак, покорувајќи се на наредбата на игуманијата, ги исцелуваше со благодатта Христова.

Кога наближи времето за блажената смрт на света Евпраксија, на игуманијата и беше откриено од Бога на сон, дека невестата Христова веќе се повикува во небесните дворови. Тоа видение многу ја вознемири, зашто не сакаше да се раздели од милата Евпраксија, и не сакаше со никого да зборува за тоа. Кога видоа дека е тажна и секој ден плаче, стариците се осмелија да ја прашаат, а таа им одговори:

- Не терајте ме да ви го кажам тоа до утре. На нивните упорни молби, таа им рече:

- Бидејќи настојувате, ќе ви речам дека Евпраксија не напушта и утре заминува од овој живот. Но, ниту една од вас не смее да ѝ каже, за да не се вознемири.

Сестрите започнаа да плачат, зашто многу ја сакаа и почитуваа, а една од дежурните слушна и отрча во пекарата каде ги затекна Евпраксија и Јулија како печат леб. Таа и рече на Евпраксија:

- Знаеш, госпоѓо, игуманијата и стариците плачат за тебе.

Евпраксија и Јулија се зачудија и стоеја молчејќи. Потоа Јулија рече:

-Твојот некогашен вереник, да не го умолил царот насилно да те земе од манастирот?

Светителката одговори:

- И сите земни царства да се соберат, не ќе можам да ме присилат да Го оставам мојот Христос. Сепак, појди и дознај зошто плачат, зашто душата ми се вознемири.

Јулија појде, застана крај вратата и слушна како зборуваат. Во тоа време игуманијата им го раскажуваше на стариците своето видение:

Видов, раскажуваше таа, двајца чесни мажи во светла облека, кои влегоа во манастирот и ми рекоа: „Пушти ја Евпраксија, Царот ја бара“. Потоа дојдоа други двајца, уште посветли и ми рекоа: „Земи ја Евпраксија и води ја кај Царот“. Јас ја зедов, ја поведов, и кога дојдовме до едни чудесни врати, чија убавина не можам да ја опишам, тие сами се отворија и ние влеговме внатре. Таму видов неракотворна палата, преполна со неискажана слава, и висок престол на кој седеше Сесветлиот Цар. Јас не можев да влезам внатре, а Евпраксија ја зедоа и ја приведоа кај Царот. Таа падна, Му се поклони и ги целиваше Неговите пречисти стапала. Видов таму безброј Ангели и Светители. Сите тие стоеја и гледаа во Евпраксија. Потоа ја видов Мајката Божја, Пречистата Дева Марија, Владарката наша. Таа ја зеде Евпраксија, и покажа прекрасен дворец и подготвен венец, кој блескаше со слава и чест. И слушнав глас кој И велеше: „Евпраксија, еве ти награда и покој! Но, сега оди, па по десет дена дојди и ќе се насладуваш на сето ова во бесконечните векови“.

Така игуманијата им го раскажуваше своето видение на стариците леејќи солзи, па заврши:

- Ете, денес е десетиот ден откако го видов тоа, и утре Евпраксија ќе се престави. Јулија започна да се удира во градите и отиде во пекарата, плачејќи и ридајќи. Евпраксија ја праша: - Кажи ми што слушна и зошто плачеш? Таа одговори: - Плачам, бидејќи денес се разделувам од тебе. Слушнав од нашата игуманија дека утре ќе се упокоиш. Евпраксија веднаш падна на земјата како мртва, а Јулија седеше крај неа и плачеше. Потоа Евпраксија рече:

- Дај ми ја раката, сестро моја, одведи ме во шупата за дрва и положи ме таму. Јулија така и стори. Евпраксија лежеше на земјата, плачеше и зборуваше кон Господа:

- Зошто, Господи, се згнаси од мене, странкињата и сираче? Зошто ме презре? Ете, сега е време да се трудам и борам со ѓаволот, а Ти ја земаш мојата душа! Смилувај се на мене и остави ме барем уште една година да ги покајам моите гревови, зашто сум без покајание и без добри дела и ми нема надеж за спасение. Подари ми една година како на неродната смоква. Додека Евпраксија така ридаше, една сестра отрча и ја извести игуманијата. А таа ја праша:

- Кој ѝ кажа за нашиот разговор? Кој ѝ ја вознемири душата? Зарем не ви наредив никој да не ја открива оваа тајна? Што сте сториле? ја испративте предвреме. Одете и доведете ја ваму.

Кога ја доведоа, Евпраксија се фрли пред нозете на игуманијата, велејќи:

- Зошто, мајко моја, не ми кажа дека ми дошол крајот, за да можев да ги оплачам своите гревови? Ете, сега заминувам без надеж за спасение. Во мене нема добри дела. Смилувај се на мене, владарко моја, и умоли Го Бога да ми даде уште една година живот, за да се покајам за своите гревови.

Игуманијата ѝ рече:

- Керко моја! Твојот бесмртен Младоженец Христос те удостои на Небесното Царство и ти подготви прекрасен дворец и венец на чесната слава.

И започна да ѝ го раскажува своето видение и така ја утеши. Игуманијата ја молеше да Го умола Бога и за неа, да ја удостои на истиот удел. Евпраксија лежеше крај нејзините нозе истоштена. Потоа ја фати треска, па игуманијата им рече на сестрите:

- Внесете ја во собата за молитаи, зашто се приближи нејзиниот час.

Сестрите ја положија таму и седеа покрај неа, тагувајќи и плачејќи до стемнување. Вечерта игуманијата нареди ла земат храна, и кај Евпраксија да остане само Јулија, билејќи таа никако не се делеше од неа. Јулија се затиори со неа до утрелента и ја молете, говорејќи:

- Сестро, немој да ме заборавиш пред Господа. Сети се дека не се разделувив од тебе. Сети се дека на писменост те научив. Сети се дека и на подвиг те поттикнував, па умоли Го Христа и мене да ме земе со тебе.

Кога осамна, игуманијата виде дека Евпраксија е веќе на умирање, па ја испрати Јулија кај сестрите да им каже да дојдат да се простат со неа.

Сестрите со солзи се простуваа со неа, а таа, билејќи пе можете да зборува, молчеше. После сите дојде и сестрата која Евпраксија ја избави од бесот. Таа ги целиваше нејзините раце и со солзи велеше.

- Овие свети раце многу ми послужија, мене недостојната, ради Бога. Тие го истераа од мене ѓаволот, кој ме мачеше.

Евпраксија молчеше а игуманијата праша:

- Зарем не ти е жал за сестрите, та молчиш додека тие толку плачат?

Евпраксија погледна кон таа сестра и рече:

- Зошто ме вознемируваш, сестро? Остави ме на мира, зашто сум на издивнување. Всушност, плаши се од Бога и Тој ќе те сочува.

Потоа, погледнувајќи кон игуманијата, рече:

- Моли се за мене, мајко моја. Тешко и е на мојата душа во овој час.

И започнаа сите сестри да се молат за неа. Кога рекоа „амин“ светата и преподобна невеста Христова Евпраксија ја предаде својата чесна и света душа во рацете Божји. Поживеа на земјата триесет години. Сестрите силно плачеа над неа, ја погребаа покрај нејзината мајка и Го прославуваа Бога што ги удостои покрај себе да имаат толку богоугодна сестра и да ја испратат кај Бога, Јулија остана три дена крај нејзиниот гроб, плачејќи и ридајќи, а во четвртиот отиде кај игуманијата весела и радосна и рече:

- Моли се за мене, мајко моја, зашто веќе ме повикува Христос, Кого Го умоли за мене госпоѓа Евпраксија, за да бидам заедно со неа.

Откако го рече тоа, таа се прости со сите сестри и се упокои во петтиот ден. Ја погребаа покрај гробот на света Евпраксија.

По триесет дена преподобната игуманија Теодула ѓакониса ги свика сестрите и им рече:

- Изберете си мајка наместо мене, која ќе управува со вас. Мене ме повикува Господ, Кого Го умоли за мене госпоѓа Евпраксија, за да ме насели со неа и со Јулија. И Јулија заедно со неа се удостои на небесниот дворец. Јас заминувам кај нив.

Сите сестри се радуваа што Евпраксија и Јулија влегоа во радоста на својот Господ и се молеа и нив да ги удостои на тоа, Тие плачеа по неа и за старешина си избраа една од сестрите на име Теогнија. Неа ја повика кај себе игуманијата која беше на умирање и ѝ рече:

- Ти добро го знаеш поредокот и уставот на манастирскиот живот. Те заколнувам во Пресветата Единосушна Троица, не стекнувај никакви имоти ни богатства за манастирот, за умот на сестрите да не се сврте кон земни грижи, па да се лишат од небесните богатства, туку презирајќи го временото да го добијат вечното.

А на сестрите им рече:

- Вие го знаете житието на света Евпраксија. Бидете како неа, за заедно со неа да се удостоите на небесните дворови.

Потоа се прости со сите и нареди да ја внесат во собата за молитва, да ја затворат вратата и никој да не влегува кај неа до утрешниот ден. Рано наутро сестрите ја најдоа упокоена во Господа. Откако ја оплакаа, ја погребаа покрај света Евпраксија. Оттогаш никој повеќе не погребаа на тоа место. А пак од чесните мошти на овие угоднички Божји се случуваа многу чудеса. Се даваа исцеленија од најразлични болести и се истеруваа демони, кои силно викаа: „О, Евпраксијо, ти и после смртта нè победуваш и бркаш!“

Такви беа житието и животот на преподобната Евпраксија, која се удостои на небесната слава. Да се потрудиме и ние да ги стекнуваме смиреноста, послушноста, кроткоста, трудољубието, трпението, чистотата и целомудреноста нејзина, за по нејзините молитви да се покажеме достојни на вечните богатства, на радоста и живеењето со ангелските хорови, та да се удостоиме да се насладуваме на славата на нашиот Господ Исус Христос во Неговото Небесно Царство, со сите Светии низ бесконечните векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ОТЦИ НА ПЕТИОТ ВСЕЛЕНСКИ СОБОР

Сетиот Вселенски Собор беше одржан во Цариград за време на Јустинијан Велики во 553-та година. На овој Собор зедоа учество сто шеесет и пет свети Отци под претседателство на патријархот свети Евтихиј (се слави на 6 април). На овој Собор беа осудени несторијанската и монофизитската ерес, како и еретичките списи на Теодор Мопсуетски, Теодорит Кирски, Ив Едески и Ориген.

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МАКАРИЈ ЖОЛТОВОДСКИ

Светиот Божји угодник Макариј се роди во Нижни Новгород од побожните и богобојазливи родители Јован и Марија. Уште како бебе се радуваше кога родителите го носеа во црква на богослуженија. Кога потпорасна го дадоа да учи книга. Како многу паметен, Макариј со благодатта Божја набрзо ги надмина сите свои врсници. Ненаклонет кон детските игри, тој многу внимателно учеше во кротост и тишина. Секој ден одеше во црквата и со радост слушајќи го црковното читање и пеење во неговата душа се разгоруваше љубов кон Бога и тој уште од мал се навикна на богоугодниот живот, Кога како дете виде монаси, тој многу го засака монаштвото, исполнет со желба да стане монах, зашто Светиот Дух му го загреваше срцето. Без некому да каже за својата намера и желба, тој тајно ги напушти родителите и отиде во манастирот недалеку од градот, на брегот на реката Волга. Патем сретна еден просјак со искината облека и го замоли да си ја разменат облеката и му ја даде на просјакот својата нова облека, Кога дојде во светата обител, тој го молеше архимандритот Дионисиј, кој потоа стана епископ Суздалски, да го замонаши. Гледајќи мало момче пред себе, архимандритот го распрашуваше од каде е и кои му се родители. А тој одговараше дека е од друг град, дека е сираче без родители и дека сака да Му служи на Бога. Гледајќи дека момчето е паметно и, претчувствувајќи дека ќе стане избран сад на Светиот Дух, архимандритот го прими во манастирот, по кратко време го облече во ангелскиот образ и му стана наставник и учител.

Штом ја оствари својата желба, Макариј започна од срце да се подвизува, извршувајќи ги сите монашки добродетели и во се угодувајќи Му на Бога. Му угодуваше тој и на својот наставник како на самиот Христос, а исто така им служеше и на браќата, извршувајќи го секое послушание со смирение, со молчење и незлобивост, та на самиот почеток се истакна како прекрасен монах и добар подвижник.

По Макариевото заминување од дома, родителите насекаде го бараа, но не можеа да го најдат. Тие многу тагуваа и плачеа, мислејќи дека зверовите го изеле или зли луѓе го убиле. Но по три години неговиот татко Јован сретна во градот еден монах од манастирот на Макариј. Раскажувајќи му Ја својата мака на овој монах, Јован во разговорот со него дозна дека пред три години во нивниот манастир дошло момче на име Макариј. Според описот тој сфати дека тоа е неговиот син Макариј. Инокот додаде дека Макариј многу доблесно се подвизува и дека напредува подобро од сите. Јован се расплака и побрза во манастирот да го види својот син. Падна пред архимандритот Дионисиј и со солзи го молеше да му го покаже синот. Архимандритот отиде во ќелијата и му рече на Макариј:

- Чедо, твојот татко, за кого ни немаш зборувано, дошол и сака да те види.

Блажениот Макариј одговори:

- Мој татко е мојот Господ Бог, Кој ги створил небото и земјата, А по Господ Бог, учителу мој, ти си мој татко.

Таткото стоеше надвор близу прозорчето од ќелијата, го слушна гласот на својот син и радосно со солзи викна:

- Чедо мое, Макариј! Дај ми да го видам твоето лице и утеши ме!

Макариј одговори од ќелијата:

- Невозможно е, татко, да се видиме овде, зашто Господ Христос во Евангелието вели: „Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене“ (Матеј 10, 37). Ако сакаш да ме видиш овде, значи не сакаш да ме видиш во идниот живот. Зарем не е подобро да се гледаме таму во благодатта на нашито Господ, отколку овде привремено? Затоа немој да ме вознемируваш, татко, туку оди си со мир. Не сакам заради твојата љубов да се лишам од љубовта на мојот Господ.

Тогаш таткото започна уште посилно да плаче и да зборува:

- Чедо мое мило, јас нема да заминам одовде додека не го видам твоето лице. Зарем и јас не се радувам на твоето спасение? Зарем сакам да му попречам на твојот добар подвиг? Никако, туку само да го видам твоето лице и да поразговарам малку со тебе.

Но, блажениот остана цврст како дијамант, непотресен од солзната родителска молба и не се согласи да го види. Најпосле таткото рече:

- О, чедо мое! Барем низ прозорчето пружи ми ја твојата десница.

Преподобниот сосем неволно, одвај ја пружи раката за да го стиши ридањето на таткото. Тој ја фати неговата рака и рече:

- Слатко мое чедо, Макариј, спасувај ја својата душа и моли се на Бога за нас, по твоите молитви и ние да бидеме спасени.

Така Јован си замина од својот дом, радосен и ја извести својата сопруга за нивниот син, та и двајцата се радуваа за него и Го славеа Бога. Живеејќи во својата обител, преподобниот Макариј напредуваше во монашките подвизи над сите, а јадеше колку да не умре од глад. За време на ручекот секогаш седеше со браќата на трпезата, но со толку големо воздржание и страв Божји примаше храна, како да прима Света Причест. Се преправаше дека јаде, за да не се обелодени неговото постење. За таквиот свој живот по извесно време стана угледен меѓу браќата и сите го славеа. Тој не ја сакаше човечката слава и затоа со надеж во Господа кришум го напушти манастирот. Одејќи низ пустината вооружен со верата и молитвата, дојде до реката Лух. Тука му се допадна едно место, си направи една мала колиба и започна да живее сам во Бога. Какви беа неговите подвизи во таа пустина, каква беше борбата со невидливите непријатели, какво трпението и трудовите, кој би можел да искаже?! Тоа му е познато единствено на севидливиот Бог. Меѓутоа овој светилник не можеше долго да се крие под капакот на пустинската осаменост, зашто по некое време Господ го објави Својот слуга, за корист на многумина. Кај него започнаа да доаѓаат оние што бараа спасение. Го оставаа светот и се населуваа кај него. Така за неколку години се собраа доста браќа И преподобниот Макариј изгради манастир и подигна црква во име на нашиот Господ Исус Христос, на светото Богојавление Негово. Откако целосно ја уреди оваа обител, угодникот Божји повторно го обзеде желба за безмолвие. Не можејќи да ја поднесе вревата и надворешните грижи и славата од луѓето, тој им одреди игумен на браќата, ца тајно го напушти манастирот и се упати во внатрешната пустина. Одејќи низ непроодни места, воден од Бога дојде до Жолта Вода, од другата страна на реката Волга, каде има и езеро. Тоа место му се допадна. Тој си направи пештера и се насели во неа, славејќи Го Бога. Отпрвин живееше сам во Бога, како и кај реката Лух. Потоа Бог, кој се уредува за корист, повторно го обелодени својот слуга пред луѓето и Го прослави не само меѓу христијаните, туку и меѓу муслиманите кои живееја во тој крај под власта на руските кнезови. Ги наклони нивните срца на јубов кон својот угодник. Агарјаните доаѓаа кај светителот и кога го гледаа неговото бедно живеење во пустината се восхитуваа на неговото трпение, се исполнуваа со умиление и му носеа леб, мед во саќе и пченица, и останатите намирници. Тој го примаше тоа со благодарност и го чуваше за оние што доаѓаа кај него. Многумина започнаа да го посетуваат за духовна корист. Други пак, одрекувајќи се од светот, сакаа да живеат покрај него, за тој да ги раководи по патот на спасението. Преподобниот не отфрлаше никого од себе, ниту пак забрануваше некој да се насели во пустината. По некое време, откако се собраа многу браќа, преподобниот Макариј создаде манастир и изгради црква во име на Пресветата Животворна Троица и им стана игумен на браќата, грижејќи се за нивното спасение. А за потребното за живот се грижеше Бог, зашто или нивната работа ја наградуваше со изобилен бериќет, или преку дарежливи луѓе ги снабдуваше со се што им е потребно.

Обителта на преподобниот Макариј стана славна, та многумина започнаа да доаѓаат тука и тој ги замонашуваше. Меѓу таквите беше и блажениот Григориј Пелшемски. Откако ја виде таштината на светот, тој ги остави своите родители и дојде во пустото место Жолта Вода, кај преподобниот игумен Макариј, кој го замонаши. Григориј стана одличен постник и за својата огромна доблест беше удостоен на свештеничкиот чин. Гласот за богоугодниот живот на преподобниот Макариј и неговото стадо се носеше низ цела Русија и неговото име го почитуваа сите. Неговата обител цветаше и со надворешната и со внатрешната убавина. Преподобниот ги предводеше своите монаси како што Господ наредува во Евангелието: тој на сите им беше слуга, Самиот како настојател им служеше на своите потчинети; како пастир им угодуваше на своите овци: во сите манастирски работи беше прв и никогаш не беше виден незапослен се до староста. И народот го нарече Жолтоводски, според називот на местото каде што ја изгради обителта.

Според својот обичај блажениот Макариј живееше во светост и правда, дење и ноќе служејќи Му на Господа со молитвата, славословењето и подвижничките трудови. Така на сите им беше образец на богоугодништвото и светоста. Поради тоа му беше дадена од Бога благодат на исцелување. Така тој го изврши следното чудо.

Кај него некои родители ја донесоа својата слепа и луда ќерка - девојка. Тој со молитвата и крсниот знак ја исцели, истерувајќи го бесот од неа и подарувајќи им вид на очите нејзини. Исто така со својата молитва тој направи од шумата да дојде елен кај гладните луѓе и тие со негов благослов го заклаа и ја заситија гладта. Доживеа длабока старост и пред смртта се разболе. Откако се помоли на Бога и се прости со сите, тој заспа во Господа во дваесет и петтиот ден на месец јули, откако помина осумдесет години во богоугодните монашки подвизи. Поживеа на земјата деведесет и пет години. Во часот кога ја предаде својата света душа во рацете Божји, местото и околината се исполнија со чудесен мирис, та луѓето го чувствуваа насекаде.

Тогаш на сите им беше јасно дека преподобниот Макариј Жолтоводски се преставил кај Господа. И се слеа многу народ на неговиот погреб, и настана плач што се лишија од таквиот светилник и молитвеник пред Бога. Чесно го погребаа, славејќи Го Бога.

Во времето на преставувањето и погребението на неговите чесни мошти, многу болни, кои страдале од најразлични болести, се исцелија по неговите молитви. И по преставување од неговиот чесен гроб им се даваа исцеленија на оние кои со вера пристапуваа, по неговите свети молитви, а со благодатта на нашиот Господ Исус Христос, Кому чест и слава со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ САКТ, МАТУР, АТАЛ и БЛАНДИН

Овие свети маченици страотно страдаа и пострадаа за верата Христова во градот Лион, за време на царот Марко Аврелиј, во 177 година.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ХРИСТОФОР

Христофор беше ученик на преподобниот Лонгин. Тој е основач на Христофоровата Богородична пустина во Вологодската губернија, во шеснаесеттиот век.