8. Август (26. Јули)
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЕРМОЛАЈ,
и со него Ермип и Ермократ
Светиот презвитер Ермолај и неговите сострадалници, свештеномачениците Ермип и Ермократ, му припаѓаа на клирот на светата Никомидиска црква, преживеани од оние дваесет илјади маченици, кои царот Максимијан ги спали заедно со црквата, чиј што спомен се слави на дваесет и осми декември. Овие тројца слуги Господови се криеја од страв од незнабошците по разни места, и каде што можеа ги поучуваа незнабошците во Светата Вера и ги обраќаа кон Господ Христос. Така свети Ермолај, штом го виде Пантелејмон лекарот, го обрати во христијанството по боговдахновениот разговор со него. Свети Пантелејмон од истиот незнабожен римски цар Максимијан беше изведен на мачење. Прашан кој го поучил во христијанската вера, светителот, не можејќи да излаже, кажа за светиот христијански презвитер Ермолај. Затоа тој веднаш беше фатен заедно со своите сослужители Ермип и Ермократ и доведен на нечестивиот суд. При испрашгувањето тие храбро исповедаа дека Христос е вистинскиот Бог и ги исмеваа идолите и нивните поклоници. Поради тоа царот мачител ги осуди на смрт и тие беа посечени со меч. За нивното страдање поопширно се зборува во житието на светиот великомаченик Пантелејмон под 27 јули.
Овие свети свештеномаченици чесно пострадаа околу 304-та година.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТАТА ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦА ПАРАСКЕВА
Светата преподобномаченица Параскева живееше во времето на царот Антонин. Се роди во Рим од христијански родители Агатон и Политеа, кои ревносно ги исполнуваа заповедите Господови. Бидејќи беа бездетни, тие постојано Му се молеа на Господа да им даде едно дете. А Господ, Кој ја исполнува волјата на оние што Му се бојат, им даруваше женско чедо, на кое на светото крштение му го дадоа името Параскева, бидејќи се роди во петок. Од мала посветена на Бога, Параскева од својата мајка беше поучена во христијанската вера и одгледана во неа. А кога се научи на книга постојано го читаше Светото Писмо. Долго остануваше во црквата и се оддаваше на светата молитва. Кога умреа нејзините родители, Параскева сиот свој имот го раздаде на сиромашните и се замонаши. Како монахиња таа уште поревносно ја проповедаше верата во Христос, единствениот Бог, и многу незнабошци приведе кон Господа Христа, иако во тоа време Христовата вера беше крваво гонета од римските власти. Некои злобни евреи ја наклеветија света Параскева кај царот Антонин за проповедањето на забранетата вера, велејќи дека Го проповеда Исус, Синот на Марија, Кого нивните предци го распнале.
Царот нареди да ја доведат пред него. Набјвудувајќи ја, поразен и воодушевен од нејзината мудрост и убавина, тој ѝ рече:
- Девојко, ако им принесеш жртва на боговите, ќе станеш наследничка на многу добра. Во спротивно ќе бидеш подложена на страшни маки.
Светителката бестрашно му одговори:
- Никогаш нема да се одречам од мојот Бог Христос! Како што вели пророкот Еремија, боговите кои не ги створија небото и земјата ќе се истребат од земјата.
Царот се разбесни, нареди да вжештат железен шлем и да и го стават на главата. Тоа беше сторено, но светителката остана неповредена, зашто ја сочува божествена роса. Од тоа чудо многу незнабошци веднаш поверуваа во Христос. Потоа царот нареди да се наполни огромен казан со зејтин и смола и да ја фрлат во него. Таа стоеше среде врелиот казан неповредена, а царот, многу зачуден ѝ рече:
- Параскево, попрскај ме, за да видам дали е врело.
Светителката црпна во раката, му фрли в лице и тој веднаш ослепе, па почна да бара помош:
- Смилувај ми се, слугинко на вистинскиот Бог, па и јас ќе поверувам во Богот Кого ти Го проповедаш!
Светата маченица се помоли на Бога и му го врати видот и тој поверува и со сите свои телохранители прими свето крштение. Света Параскева излезе од Рим и одеше по градовите и селата, проповедајќи го Евангелието Господово. Така дојде и во еден град, во кој кнез беше некој Асклипиј. Изведена пред него, таа го призва името Господово, се прекрсти, изјави дека е христијанка и објави дека Христос е Бог на небото и земјата. Кнезот Асклипиј се смути, па ја испрати кај една страшна змија надвор од градот во една пештера, кај која обично ги фрлаа осудените на смрт. Змијата ја погледна, страшно запишти, ја отвори устата и испушти многу дим. Светителката ѝ се приближи и рече:
- Ѕверу! Дојде гневот Божји врз тебе!
Потоа дувна во неа, ја прекрсти, и змијата вресна страшно, се распукна на два дела и цркна. Од ова чудо кнезот и сите со него поверуваа во Господа Христа.
Оттаму светителката отиде во друг град, во кој кнез беше некој си Тарасиј, кој веднаш ја изведе на суд. Прашана за верата изјави дека е христијанка и дека Христос е вистинскиот Бог Поради тоа кнезот ја фрли во котел полн со зејтин, смола и олово, но Ангел Господов го разлади котелот, та маченицата Христова остана неповредена. И на многу други маки ја ставаше овој бездушен тиранин, но не можеше да ја поколеба нејзината цврста вера. Затоа најпосле ѝ ја отсече чесната глава и нејзината победоносна душа одлета во вечните небесни живеалишта.
ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МОЈСЕЈ УГРИН
Нечестивиот враг особено навикнал да војува против човекот со нечистата блудна страст, зашто човекот, помрачен од таа гадост, во своите дела престанува да се свртува кон Бога, зашто „само чистите по срце ќе Го видат Бога“ (Матеј 5, 8). Нашиот блажен отец Мојсеј се подвизуваше во таквата борба повеќе од другите, многу се намачи како добар војник Христов, додека целосно не ја победи силата на нечистиот враг и со тоа ни остави пример за углед. За него пишува:
Се знае дека блажениот Мојсеј по раѓање беше Угрин, љубимец на благоверниот, свет и страдален руски кнез Борис. Тој му служеше на кнезот заедно со својот брат Георгиј, кој, заштитувајќи го со , своето тело господарот свој, падна убиен заедно со свети Борис, од војниците на безбожниот Свјатополк на реката Алта. Притоа војниците му ја отсекоа главата заради златниот синџир, подарен од свети Борис. Единствено блажениот Мојсеј се спаси од смртта и дојде во Киев кај Јарославовата сестра Предислава. Остана таму криејќи се од Свјатополк и усрдно молејќи Му се на Бога, додека не стигна благочестивиот кнез Јарослав, кој, од жалост за убиениот брат, го победи безбожниот Свјатополк. А кога Свјатополк, кој побегна во Полска се врати со Болеслав, го протера Јарослав и започна да кнезува во Киев, Болеслав на враќање во својата земја ги одведе со себе во ропство двете сестри на Јарослав и многу бојари, меѓу кои беше и блажениот Мојсеј. Беше одведен окован во синџири и многу чуван, зашто беше со силно тело и прекрасно лице.
Во Полската земја блажениот Мојсеј виде една жена, властелинка, млада и убава, која имаше огромно богатство и власт. Нејзиниот маж беше заминал со Болеслав и беше убиен во војната. Кога ја виде убавината на преподобниот, таа жена започна заводливо да му зборува:
- О, човеку! Зошто трпиш вакви маки, кога можеш да се избавиш од овие окови и страдања!?
Мојсеј ѝ одговори:
- Таква е волјата Божја.
На тоа жената му рече:
- Ако ми се покориш, јас ќе те избавам и ќе те направам познат по целата полска земја, и ти ќе владееш со мене и со сето мое властелинство.
Штом ја почувствува нејзината нечиста желба, блажениот ѝ возврати:
- Кој маж, откако ја послушал жената, некогаш тргнал на добро? Првосоздадениот Адам, откако ја послуша жената беше истеран од рајот. Самсон, кој со својата сила ги надминувал сите и победил цела војска, од жена беше предаден на иноплемениците. Соломон, кој ги достигна длабочините на премудроста, откако се потчини на жена, им се поклони на идолите. Ирод, кој беше освоил многу победи, заробувајќи се себеси на жена, ја отсече главата на Јован Крстител. Како тогаш јас ќе станам слободен, ако се сторам роб на жена?
Таа му одговори:
- Јас ќе те откупам, ќе те направам познат и господар на мојот дом. Сакам да те имам за свој маж. Исполни ми ја волјата, зашто не можам да гледам како бесмислено пропаѓа твојата убавина.
На тоа блажениот Мојсеј ѝ рече:
- Нема да ја исполнам твојата волја, не ја сакам твојата власт, ниту пак твоето богатство, зашто над сето тоа за мене е душевната и телесната чистота. Нема да го уништам овој мој петгодишен подвиг што Господ ми го дари, невин да трпам во овие окови, поради што се надевам дека ќе бидам избавен од вечните маки.
Тогаш жената премина на друга ѓаволска одлука, расудувајќи вака: „Ако го откупам, тој секако, макар и под присила, ќе ми се покори“.
Затоа реши да го купи од сопственикот кај кого што светителот беше во ропство. Сопственикот ја искористи таа прилика да се збогати, зеде од неа околу илјада златници и и го предаде Мојсеј. Штом доби власт над него, жената без никаков срам започна да го вовлекува во несвето дело. Откако го ослободи од оковите, таа го облече во скапоцена облека и го хранеше со најубава храна. Потоа, прегрнувајќи го похотно го тераше на грев. Штом го виде лудилото на оваа жена, блажениот Мојсеј започна уште повеќе да се моли и да пости, претпочитајќи ги ради Бога сувиот леб и водата со чистотата, отколку скапоцените јадења и виното со нечистотијата. И веднаш ја соблече од себе раскошната облека, како некогаш Јосиф, и го одбегна гревот.
Посрамената жена тогаш падна во таква јарост, што намисли да го усмрти блажениот со глад, па го фрли во темница. Но, Бог, Кој му дава храна на секое створение, Кој некогаш го прехрани Илија во пустината (3 Цар. 17, 2-6), потоа Павле Тивејски и многу други Свои слуги, кои се надевале во Него, не го остави ни овој блажен: поттикна на сочувство еден нејзин роб, та тој тајно му носеше храна. Други пак го наговараа, зборувајќи му:
- Брате, Мојсеј, што ти пречи да се жениш? Ти си се уште млад а оваа вдовица поживеа со мажот само година дена и е поубава од другите жени. Нејзиното богатство е неизмерно; нејзината важност во Полската земја е огромна, па кога таа би сакала ни кнезот не би се згнасил од неа, а ти, заробеник и роб, не сакаш да станеш нејзин господар?! Ако речеш дека не сакаш да ги нарушиш заповедите Христови, тогаш сети се што вели Христос во Евангелието: „Затоа, ќе остави човек татко и мајка и ќе се прилепи до жената своја, и двајцата ќе бидат едно тело“ (Матеј 19, 5). Исто така и Апостолот вели: „Подобро е да се женат отколку да се возбудуваат“ (1 Кор. 7, 9)). А за вдовиците истиот Апостол вели: „Само помладите вдовици да се мажат“ (1 Тим 5, 14). А ти не си дал монашки завет, туку си слободен. Зошто се предаваш на злите и тешки маки и така страдаш? Ако се случи да умреш во оваа беда, каква пофалба ќе имаш? Всушност, кој од првите праведници, како што се Авраам, Исак и Јаков, се згнасил од жената? Никој, освен денешните црнорисци. Јосиф за кратко време ја одбегна жената, но потоа и тој се ожени (1Мојсеј 41, 45). Така И ти, ако жив си заминеш од оваа, подоцна самиот ќе си побараш друга жена. И, кој не би се насмеал на твоето безумие? Подобро е да и се покориш и да бидеш слободен господар на целиот нејзин дом.
Блажениот Мојсеј им одговори:
- О, браќа и добри пријатели! Вие добро ме советувате! Сфаќам, вие ми предлагате зборови полоши од зборовите на змијата упатени на Ева во рајот. Ме терате да ѝ се покорам на оваа жена, но јас во никој случај нема да го примам вашиот совет. Ако умрам во овие окови и горките маки, сигурно ќе добијам милост од Бога. Иако многу праведници се спасиле преку жените, единствено јас, грешникот, не можам да се спасам. Но, ако Јосиф најпрвин ѝ се покорел на жената Пентефриева, тогаш тој потоа, кога се оженил, не би царувал во Египет. Меѓутоа Бог, гледајќи го неговото претходно трпение, му го подари египетското царство. Затоа тој се прославува од поколенија во поколенија како целомудрен, иако и деца имал. А јас не сакам египетско царство, ниту пак да поседувам власт, и да бидам голем во оваа полска земја, и да уживам почитување далеку во својата Руска земја. Сето тоа јас го презрев заради Небесното Царство. Затоа, ако жив излезам од рацете на оваа жена, јас нема да барам друга, туку, ако Бог сака, ќе станам црноризец. Христос во Евангелието вели: „Секој, кој што остава куќа, или брат, или сестра, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, заради Моето име, ќе наследи сто пати повеќе И ќе добие живот вечен“ (Матеј 19, 29). Христос ли да Го послушам или вас? А Апостолот зборува: „Неженетиот се грижи како да Му угоди на Господа, а женетиот како да ѝ угоди на жената“ (1 Кор. 7, 32-33). Затоа ве прашувам, за кого треба повеќе да се работи? За Господа или за жената? Исто така знам дека Апостолот го пишува и следново: „Слуги, бидете им послушни на вашите господари по тело“ (Ефес. 6, 5), но за добро а не за зло. Затоа знајте дека женската убавина никогаш нема да ме заведе, ниту да ме раздели од љубовта Христова.
Кога го слушна тоа жената скрои лукав план. Нареди блажениот да го качат на коњ, и во придружба на многу слуги да го водат по нејзините градови и села и да му зборуваат: „Сето ова е твое, ако ти се допаѓа. Со се прави што сакаш“.
А И самата им зборуваше на луѓето: „Тој е ваш господар а мој маж. Секој што ќе го сретне да му се поклонува“.
Тој се насмеа на нејзиното безумие и рече;
- Залудно се трудиш! Нема да ме прелестиш со гнилежни работи, ниту ќе ме лишиш од моето духовно богатство. Сфати го тоа и не мачи се залудно!
Жената јаросно му одговори:
- Зарем не знаеш дека си ми продаден? Кој може да те ослободи од моите раце? Жив нема да те пуштам, туку страшно ќе те мачам и на смрт ќе те предадам!
Блажениот ѝ одговори:
- Не се плашам од маките, зашто Господ е со мене. Отсега сакам да Му служам во монашки живот.
Во тоа време, воден од Бога, кај блажениот Мојсеј дојде еден ереј црноризец од Света Гора и го потстрижа во светиот ангелски монашки лик. Притоа го поучи и замина. Овој црноризец го бараа насекаде, но не го најдоа. Тогаш жената изгуби надеж и го подложи преподобниот инок Мојсеј на тешки маки, така што земјата се натопи со крв. Оние што го тепаа му зборуваа:
„Покори ѝ се на својата господарка, зашто телото ќе ти го здробиме на парчиња. Сожали се на себе, облечи се во скапоцена облека, за да се избавиш од маките што те очекуваат“.
Мојсеј јуначки им одговори:
- Вршете што ви е наредено. Јас нема да се одречам од монаштвото и од љубовта Божја. Никакви маки, ни оган, ни меч, ни рани, не можат да ме разделат од Бога и од овој голем ангелски лик. А на оваа бесрамна и помрачена жена, која несомнено ги загубила не само стравот Божји туку и срамот човечки, никогаш нема да и се покорам, ниту ќе ја исполнам нејзината бедна волја.
Размислувајќи како да се освети за доживеаниот срам, таа жена најпосле му напиша на кнезот Болеслав:
„Самиот знаеш дека мојот маж е убиен во војната, која ти си ја водел, а ти ми дозволи да се омажам за кого сакам. Јас засакав едно убаво момче од твоите заробеници, го откупив за многу злато, го доведов во својот дом, му ја предадов сета власт, само да посака да стане мој маж, но тој тоа не го сака. Не му е доволно што пет години бил во окови, па еве и шестата ја минува кај мене, и беше многу мачен од моја страна за својата непослушност а сега е замонашен од некој црноризец. Нареди што да правам со него?“
Кнезот Болеслав ѝ нареди заедно со светиот да дојде кај него, преподобниот. Тој долго го присилуваше преподобниот да се ожени со неа, но не успеа. Најпосле му рече:
- Како можеш да се лишиш од толку блага и почести и да се предадеш на горки маки? Знај дека од денес твојот живот и твојата смрт се во твои раце.
Или ќе не послушаш, или ќе умреш.
А на жената и рече:
- Немој да го ослободиш, туку постапи со него како што сакаш, за и други да не се дрзнат на непослушност кон своите господари.
Преподобниот Мојсеј му одговори:
- Каква е ползата за човекот ако го придобие целиот свет а на душата своја и наштети? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа? (Матеј 16, 26) А ти? Како ми ветуваш слава и чест, кога од нив и самиот наскоро ќе се лишиш, и гробот ќе те прими како ништо да не си имал? Исто така и оваа нечиста жена ќе биде свирепо убиена.
Според претскажувањата на преподобниот, сето тоа се исполни. Но пред тоа таа жена, добивајќи над него целосна власт, уште побесрамно започна да го вовлекува во грев. Нареди Мојсеј насилно да го стават во нејзината постела, каде го прегрнуваше и бакнуваше, но не успеа да го прелести. Тој ѝ рече:
- Залудно се трудиш, жено! Од страв Божји се гнасам од тебе, нечистата.
Кога го слушна тоа жената, нареди секој ден да му удираат по сто стапови. Најпосле нареди да му го отсечат тајниот орган. Преподобниот лежеше како мртов од течењето на крвта, и одвај покажуваше знаци на живот. Згора на тоа Болеслав крена големо гонење против монасите и ги протера од својата земја, сакајќи да ѝ угоди на Мојсеевата господарка поради нејзиниот висок род и од љјубов кон неа. Но, Бог наскоро се одмазди за слугите Свои. Една ноќ Болеслав ненадејно умре и настанаа големи безредија во целата Полска земја. Бунтовниците ги убија епископите и своите болјари, меѓу кои беше и онаа бесрамна жена.
За овој гнев Божји, кој се случи по прогонството на монасите поради постригот на преподобниот Мојсеј, по многу години му спомнува на големиот киевски кнез Изјаслав неговата кнегиња, по потекло од Полска, ќерка на Болеслав, која со предупредување го молела да не ги протерува од својата земја преподобниот Антониј и неговите браќа, заради постригот на блажениот Варлаам и евнухот Ефрем. Но, да се вратиме на нашиот предмет. Откако се опорави малку, преподобниот Мојсеј дојде во пештерата кај преподобниот Антониј со маченичките рани на себе, како храбар војник Христов, и живееше богоугодно, подвизувајќи се во молитви, пост и бдение и во сите монашки доблести, со помош на кои што целосно ги победи сите лукавства на нечистиот враг. За премногуте победи над нечистите блудни страсти Господ му дари сила да ги победува тие исти страсти и кај другите. Така еден брат, нападнат од блудна страст, дојде кај преподобниот и го молеше да му помогне. Тој брат му рече:
- А јас ветувам дека ако нешто ми наредиш, ќе го исполнувам сè до смртта.
Тогаш преподобниот му нареди:
- Никогаш немој да ѝ прозбориш ниту збор на својата жена, целиот свој живот.
Овој со сето свое срце вети. Тогаш светителот, подражавајќи го првиот Мојсеј, кој со стапот вршел чудеса, ги допре со својот стап градите на тој брат, и во тој миг сите нечисти страсти се умртвија во неговото тело и повеќе не му досадуваа.
Така живеејќи, овој добар војник Христов поживеа шеесет години во страдања и во својот богоугоден подвиг: пет години беше мачен во окови од човекот кој го беше заробил, покажувајќи како Јов благодарност кон Бога со трпението; шест години јуначки страдаше за целомудрието повеќе од Јосиф; потоа, со десеттодишното рамноангелско безмолвие предадено од Света Гора Атонска заблеска пред другите како првиот Мојсеј со десетчлениот закон, кој му беше предаден со ангелска уредба од светата Синајска Гора. Потоа и овој наш преподобен Мојсеј се удостои навистина да биде боговидец, зашто се најде достоен за блаженството на чистите по срце, да го гледа Бога лице во лице. Се пресели на 26 јули, уште за време на животот на преподобниот Антониј, во чија пештера и до денес нетлено почиваат чудотворните мошти на овој свет маж, кој не го повреди своето целомудрие.
Со своите мошти свети Мојсеј и по смрлта ги победува нечистите страсти, како што го дозна тоа свети Јован Многустрадалниот. Зашто тој, откако се затвори во пештера и се закопа во земја до рамењата, спроти моштите на овој преподобен Мојсеј, долго страдал победувајќи ја во себе блудната страст, и најпосле слушнал глас од Господа да се помоли на мртовецот кој се наоѓа наспроти него, односно на преподобниот Мојсеј Угрин.
Кога Многустрадалниот го стори тоа, веднаш беше избавен од нечеистата напаст.
Исто така и друг брат, кој страдал од истата напаст, го избави истиот свети Јован Многустрадален, кога на овој страдалник му даде една коска од моштите на преподобниот Мојсеј да ја долепи до своето тело, како што за тоа пишува во житието на преподобниот Јован Многустрадалниот. Затоа и нам преподобниот Мојсеј нека ни биде водач и со своите молитви нека не води по патот на спасението, за со него и ние да Му се поклониме на Бог, во Троица почитуваниот, Кому слава сега и секогаш и во сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ОРЕОЗИЛА
Nе е познато местото на раѓање на оваа света маченица, но се знае дека родителите ѝ биле незнабошци. Кога светите Апостоли се разидоа по целиот свет на проповед на Светото Евангелие, свети Андреј Првоповикан со мрежата на своето боговдахновено благовестување ја избави Ореозила од идолопоклонството. Крстена и просветена од свети апостол Андреј, таа се посвети да Му служи на Бога во една мала црква на светиот архистратиг Михаил. Во тој храм ги исполнуваше заповедите Христови и се трудеше со своите добри дела да стане благовестничка на нашиот Господ Христос.
Кај неа се собираа многу незнабошци и добиваа голема духовна корист од нејзините проповеди. И многумина се обраќаа кон Господа Христа. Меѓу нив имаше и две девици, кои обземени од Јбубовта Христова, имајќи ја пред очите света Ореозила како образец и пример на добродетелите, постојано се трудеа и со божествена ревност се подвизуваа во постовите, молитвите, бденијата и останатите богоугодни трудови. Со сето тоа овие свети девојки ги обраќаа кон Христа неверниците, а ги зацврстуваа душите на христијаните. Поради тоа Ѓаволот го поттикна царот да ги гони христијаните и да ги присилува да се поклонуваат на идолите.
Тогаш блажена Ореозила беше изведена на суд пред царот. Прашана зошто ја отфрлила татковската вера и Го проповеда Христос, зборувајќи им на луѓето да веруваат во смртен Човек, таа одговори:
- Си дознал, царе, дека од мене проповеданиот Христос е распнат како човек, но не си дознал дека истиот Тој и воскреснал како Бог. Како не си слушнал дека Тој слегол во адот, ги извел оттаму сите и како Водач на животот им подарил на мртвите вечен живот? Како не си слушнал дека Христос, вечниот Бог, доброволно станал човек, страдал и бил распнат заради нас и за спасението на родот човечки? Но, непотребно е ова да им се зборува на луѓе кои не ја разбираат оваа тајна. Сакам да ти кажам уште нешто. Што и да ми правиш, што и да ми ветуваш, нема да ме разделиш од њубовта на мојот Христос! Никогаш нема да се одречам од мојот Бог, Кој од небитие ме вовел во битие, и слегнал од небото и се воплотил за моето спасение. Затоа прави што сакаш. Еве, пред тебе стои моето земјено тело: печи го, сечи го, дави го, мачи го!
Царот многу се разбесни и нареди света Ореозила да ја соблечат и долго да ја тепаат. Сите присутни беа запрепастени од јуначкото трпение на невестата Христова, а царот, додека често се свртуваше, погледнувајќи ја со надеж дека ќе се откаже од верата Христова, веднаш ослепе. Тогаш нареди да ја затворат во темница а самиот се врати во дворецот слеп.
Меѓутоа светителката, сакајќи што побрзо да отиде кај многусаканиот Христос, му испрати ваква порака:
- Ако своите очи не ги премачкаш со крв од мојата отсечена глава, никогаш нема да прогледаш.
Царот нареди веднаш да и ја отсечат главата, па ги премачка своите очи и веднаш прогледа. Но, остана неблагодарен и при таквата добрина, та исполнет со завист, нареди моштите на светата маченица да се спалат, за христијаните да не го земат нејзиното чесно тело и со него да не ги обраќаат елините во верата Христова. А пак светата маченица живее во вечната радост на небото, соцарувајќи со својот многусакан младоженец Христос.
Во храмот на светата маченица Ореозила, изграден близу храмот на светата великомаченица Анастасија, се случуваат најразлични исцеленија. За тоа сведочат исцелени од фатеност, сведочат бездетни, доилки кои го изгубиле млекото... Така Господ ги прославува оние што Него Го прославуваат и за Него крвта своја ја проливаат.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ГЕРОНТИЈ,
основачот на скитот Света Ана на Света Гора
Преподобниот Геронтиј беше игумен на манастирот на Света Гора, наречен Вулевтирион. Бидејќи тој манастир беше на морскиот брег и варварите често го пљачкаа, монасите го напуштија и се искачија на повисоки места на Атонската Гора, по карпите и пештерите. Кога подоцна престанаа овие наезди и пљачкања, монасите започнаа да се враќаат, но не во својот запустен манастир, туку на стрмнината каде денес се наоѓа скитот Света Ана. Тука имаше обилен извор на свежа вода, та тие си изградија колибички со најпотребното за живот. А пак старецот Геронтиј, сакајќи помирен и поповлечен живот, со еден свој послушник остана на врвот на овој скит, и тука подигна храм во спомен на светиот великомаченик Пантелејмон, кој постои и денес. На тој начин овој преподобен стана прв основач на овој скит Света Ана, кој потоа јави многу светилници на подвижништвото и мачеништвото.
Ученикот на старецот Геронтиј, кој се мачеше од долу да носи вода на врвот, му се жалеше на старецот и го молеше да се симнат пониско. А старецот му одговараше:
- Истрпи уште малку, па ќе ја видиш богатата награда Божја за тоа. Да не престанеме да ја полагаме нашата надеж во Пресветата Владичица Богородица, Која е Заштитничка на цела Света Гора. Таа се добро ќе ни уреди. И навистина, по молитвите на старецот светата Богомајка му се јави една ноќ и му го откри местото каде требало малку да раскопа, за веднаш да се јави извор вода. Така навистина и се случи. Утрото, кога старецот и ученикот појдоа на посоченото место и малку раскопаа, веднаш потече жива вода, бистра и лековита. И двајцата ѝ заблагодарија на Богомајката за овој голем дар. Но, по некое време ученикот започна да сади наоколу дрвја и да ги полева со таа вода, а исто така и да ја пере својата облека со неа. Тогаш водата одеднаш секна и изворот пресуши. Тоа многу го нажали старецот и тој повторно со солзи се молеше на Пресветата Владичица. На неговите топли молитви повторно се јави Пресветата и ги прекори што водата не ја употребувале само за пиење, туку и за други некорисни работи. Потоа им рече дека водата повторно ќе протече, но повеќе да не ја злоупотребуваат, туку да ја користат само за пиење на луѓето и добитокот.
Така навистина и се случи, само што сега водата беше многу малку, како што се гледа и денес. Затоа од тогаш отците оваа вода ја нарекоа агиазма, односно света водичка. А пак старецот Геронтиј поживеа богоугодно до длабока старост и се престави во мир.
СОБОР НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
во Пикадија близу Емвол
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ЕРУСАЛИМА
Светата маченица Ерусалима со меч беше посечена за Господ Христос и се пресели во небесниот Ерусалим за време на Декиј Трајан (249-251г.).
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ЕРМОЛАЈ
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АПИОН
Светиот маченик Апион пострада за Господ Христос посечен со меч.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ СИМЕОН,
архимандрит и столпник во Анапл
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ИГНАТИЈ СТИРОНИТ
Во мир се преставил кај својот Господ.
ОБНОВУВАЊЕ НА ХРАМОТ НА СВЕТИТЕ
АРХАНГЕЛ МИХАИЛ во Скала и АРХАНГЕЛ ГАВРИЛ во Халда