26. Декември (13. Декември)
СТРАДАЊАТА НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ:
ЕВСТРАТИЈ, АКСЕНТИЈ, ЕВГЕНИЈ, МАРДАРИЈ и ОРЕСТ
Во времето на царевите Максимијан и Диоклецијан во целото Римско царство царуваше безбожната идолопоклоничка заблуда, и луѓето како луди просто се натпреварувале во служењето на идолите. Особено кога по сите градови и места започнаа да пристигнуват царски наредби до управителите на областите и судиите, во кои се наредувало во одредените денови и празници да се принесуваат дарови и жртви на боговите. Во тие наредби се ветувани царска благонаклонетост, почести и високи функции во државата, за оние кои усрдно им служат на боговите. А за непокорните следувало најпрво одземање на имотот, потоа подложување на најразлични маки и смртна казна. И големо гонење беснееше по целото царство и насекаде царските намесници и воопшто властите се трудеа на сите можни начини верата Христова целосно да ја искоренат од земјата.
Во тоа време незнабожните цареви беа известени дека на нивните наредби се противат цела Голема Ерменија и Кападокија, еднодушно веруваат во распнатиот Христос и цврсто се надеваат во Него и сакаат да се отцепат од Римското царство.
Оваа вест многу го вознемири царот Диоклецијан и тој ги свика сите свои велможи. Три дена од утро до вечер се советуваше со нив како целосно да го искорени христијанството. За таа цел најпрвин во Кападокија и Ерменија ги симна од власт царските намесници, како неискусни и неспособни добро да управуваат со доверените области и да го смируваат народното незадоволство. На нивно место избра двајца грци, Лисиј и Агриколај, сурови и свирепи луѓе. Нив ги назначи над овие области. На Лисиј му го довери чувањето и одбраната на границите а на Агриколај целата управа. Ним им ја потчини и целата војска во овие области.
Кога стигнаа на своето назначување, отпочна беспоштедно убивање на луѓето од сите возрасти, и тоа без никакво испитување, само при најмала клевета на пакосните христијански непријатели. Секој ден трагаа по христијаните, ги фаќаа и ги предаваа на крвожедните управници како на крволочни зверови. Лисиј, кој живееше во градот Саталион, штом ќе најдеше христијани, мажи или жени, ги подложувал на најразлични испитувања и многу маки, па под силна стража врзани ги праќал кај Агриколај, кој живеед во Севастија, за да не умрат во својот крај и да бидат погребани од своите роднини и пријатели, туку убиени и погребани во туг крај, да останат без трага. Исто така постапуваше и Агриколај. Тие беа големи пријатели и сложни истомисленици. Бедниците се бед договориле што довеќе маки да им задаваат на христијаните со убивањето надвор од нивниот роден крај.
Во тоа време во Саталион живееше еден угледен човек Евстратиј. Меѓу своите сограѓани беше прв по благородност и по чин. Како војвода по чин, Евстратиј се одликувал со побожноста, богобојазливоста и беспрекорниот живот. Додека секојдневно го гледал големото гонење на христијаните, тој многу тагуваше и срцето му се кинеше. Горко плачеше и времето го минуваше во пост и молитви, повикувајки кон Господа да се смилува и сожали на слугите Свои и да ги спаси од злото. При тоа и лично сакаше да влезе во подвигот на светите Маченици и да се удостои да стане учесник во нивните маки. Но, додека размислуваше за најразличните измачувања и свирепоста на мачителите, тој се плашеше. Најпосле сепак се одлучи да ја провери својата намера. Својот појас го даде на својот верен слуга и му нареди да го однесе во црквата Аравракиска, од каде што беше родум. Презвитер во таа црква тогаш беше Аксентиј, осведочен слуга Божји. При тоа Евстратиј му даде на својот слуга упатство, појасот тајно да го стави во олтарот, да се сокрие во црквата и да наблудува кој прв ќе дојде и ќе го земе. Ако го земе презвитерот Аксентиј кога ќе дојде на молитва, тогаш слугата без нешто да му рече да се врати дома. Ако пак дојде некој друг од клирот, да не му дозволи да го земе појасот, туку веднаш да му го врати назад.
Слугата тргна а Евстратиј обмисли, ако појасот го земе презвитерот тоа ќе биде знак дека Бог сака да биде мачен за Христа, а ако го земе некој друг, тогаш не треба да оди на мачење туку тајно да ја чува својата Света Вера. По неколку дена слугата се врати и му раскажа дека штом го оставил појасот во олтарот, дошол презвитерот, како специјално испратен, и кога влегол во олтарот го зел појасот.
Евстратиј многу се израдува и лицето му блескаше од радост, на што многу се чудеше неговиот пријател Евгениј.
Набрзо потоа блажениот Аксентиј беше фатен со други христијани, испитан на суд и мачен, па окован фрлен во темница. Потоа повторно среде градот беше подготвено судиште на една височинка, а Лисиј арогантно седеше и нареди да се доведат затворениците од темницата, за да им суди. Свети Евстратиј дојде во темницата и ги молеше сите заради Христа оковани светии, да се помолат на Бога за него. Кога ја завршија молитвата, војниците ги поведоа а на чело одеше Евстратиј. Лисиј нареди да ги изведуваат затворениците пред него еден по еден. Кога отпочна судењето, Евстратиј рече:
- Според царската наредба, издадена порано, и сега на судот повторно прочитана, сите христијани, каде и да се наоѓаат, подлежат на суд. Според таа наредба ваму е доведен Аксентиј, одамна познат по своето потекло и побожен живот а сега уште попознат поради јунаштвото и цврстината, со помош на кои се објави за слуга на Христа, Царот небесен. Стоејќи на овој суд, тој веќе се подвичувал во подвигот на бесмртноста, судијо, и го изобличил твоето безбожне со зборони и на дело, премудро зборувајќи и јуначки маки поднесувајки. Од тој ден, како злосторник бил ставен во темница а денес ти нареди повгорно да биде изведен на сослушување со својата дружина. И ево, сите тие стојаг со мене, непоколебливи и храбри, и подготвени да те посрамат и потполно да ги развеат сите лукави замисли против нив, на кои те поттикнува твојот татко ѓаволот.
Лисиј се збуни од неочекуваната смелост на Евстратиј, па крвнички го погледна, бесно и гневно избувна и со грозен глас викна:
- Никогаш не ми се случило да изречам толку строг суд како денес, кога овој одвратен грешник се дрзна да се искажува пред мене. Веднаш да се симне од него појасот и војничкото одело, и сите нека знаат дека се лишува од досегашниот чин. Потоа да го соблечат гол и да му ги врзат рацете и нозете! Положен на земјата, нека ја продолжи својата беседа!
Слугите веднаш ја извршија наредбата. Тогаш Лисиј му рече на Евстратиј:
- Се каеш ли за својот погубен потфат? Ако се каеш, ќе те опсипам со благонаклонетост и ќе ја одбегнеш казната. Во секој случај, пред мачењето кажи ми го своето име и татковината и изложи ни ја својата вера.
Светителот одговори:
- Роден сум во градот Араврак. Се викам Евстратиј, што на јазикот на мојот крај значи Кирисик. А слуга сум на Господарот на сите, Бог Отец и Синот Негов Господ Исус Христос и Светиот Дух, од пелени сум научен да Му се поклонувам на Овој во Троица еден Бог и да верувам во Него.
Лисиј рече:
- Нека кажат војниците колку години е во војската овој.
Војниците одговорија:
- Веќе е дваесет и седмата година откако стапи во воената служба.
Тогаш Лисиј му рече на исповедникот:
- Евстратиј, самиот гледаш какви маки си навлече со својата непокорност. Остави го своето безумие! Предомисли се и не упропастувај си ги честа и чинот, што си ги стекнал со долгогодишното служење во војската. Повикај ја милостивата сила на боговите и умоли ја царската кротост и човекољубието на судот.
Свети Евстратиј одговори:
- На одвратните демони и глуви идоли, направени од луѓето, никој со здрав разум никогаш не сметал дека треба да им се поклонува. Затоа и во нашите Свети Книги се вели: „Боговите, кои не ги створиле небото и земјата нека исчезнат“ (Ерем. 10.11).
На тоа судијата рече:
- Значи, здрав разум нема оној што не Му се поклонува на Бога Распнатиот, како што правите вие, заблудените.
Свети Евстратиј му одговори:
- Ако твоите духовни сетила не се изопачени со служењето на суетата и ако душата не ти е целосно потопена во земното умување, јас би ти докажал дека Тој Распнат навистина е Спасител и Господ и Создател на сите твари, Кој е пред вековите во Отца и Кој со својата неискажлива мудрост оживеал преку препородот на нашата умртвеност.
Во тој момент насилниот судија го прекина и рече:
- Овој безобразник со јажиња нека биде обесен и под него да се стави оган а одозгора нека го тепаат по плеќите со три стапа, па тогаш нека биде красноречив со нас.
Така мачен, светителот трпеше долго време, и не пушти ни глас, како да страда во туѓо тело, така што и мачителот се восхитуваше. Најпосле Лисиј нареди да попуштат со мачењето и насмевнувајќи се пакосно, му рече:
- Што мислиш, Евстратиј, сакаш ли малку да ти ги ублажиме болките од нанесените рани?
И веднаш нареди да се донесе солена вода помешана со оцет, па со неа да му ги поливаат раните и силно да ги тријат со остри црепови. Страдалникот јуначки ги претрпе тие маки, како да не чувствува болки. Мачителот помисли дека со некакви маѓии не ги чувствува болките а светителот му рече:
- Кога ме стави на маки без да сакаш ми направи добро, зашто ме направи победник на искушенијата на мојот самовластен ум, кои одамна ме вознемируваат, и ми овозможи да ги победам сите напади на страстите и немири на душата. Среде воинствените напасти ја сочува внатрешната цврстина на мојот дух, залогот на мојот бесмртен живот, каде за сите верни е собрано непропадливо богатство. Ми го покажа патот скратен и бестрастен, по кој можам и во ова трошно тело да достигнам ангелски живот и да се насладувам на небесната вечност. Сега знам дека јас сум црква на Бога Живиот и Светиот Дух, кој живее во мене. Затоа отстапете од мене сите кои вршите беззаконија, бидејќи Господ го чу плачот мој, Господ ја прими молитвата моја. Навистина мојата душа ќе се радува во Господа и ќе се весели во спасението Негово. Сите мои коски ќе речат: Господи, кој е како Тебе, Кој ги избавуваш страдалниците од рацете на силните, и ништите и бедните од оние што ги упропастуваат. Затоа побрзај, слуго на ѓаволите! Немој да пропуштиш ниедно од орудијата за мачење што ги имаш на располагање! Испитај ме како злато во оган, па и уште посилно! Твоите богови се гадост, која владее со тебе и твојот безумен цар!
Мачителот на тоа возврати:
- Ми се чини дека од силните болки ти се пореметил умот и зборуваш бесмислици. Кога тој твој Бог би можел, како што велиш ти, да те стори бесмртен, тогаш и би те спасил од раните. Затоа престани да се залажуваш со празна надеж и мечтаење и потруди се да го прифатиш спасувањето што ти го нудам.
Евстратиј одговори:
- Сакаш ли, заслепен човеку, да поверуваш дека за мојот Бог ништо не е невозможно? Внимавај и гледај во мене.
Тогаш сите погледи се свртеа кон него и го наблудуваа со го. лемо внимание, ѝ ете, ненадејно красти од раните паднаа како крлушт и тој стана потполно здрав, без никаква трага од раните по челото. Од ова чудо сите Го прославија единствениот вистински Бог. А Евгениј, пријателот на Евстратиј, силно викна:
- Лисиј! И јас сум христијанин! Ја проколнувам твојата вера! И Јас одбивам да се покорам на царската наредба!
Лисиј многу се разбесни и нареди веднаш да го фатат и постават среде судиштето и рече:
- Испитувањето на овие бара многу време и труд. А пред мене стојат народните работи што морам да ги средам. Затоа наредувам овој маѓепсник Евстратиј, како и Евгениј, неговиот истомисленик, да се оковаат во синџири, па да се фрлат во темница со останатите христијани до следното иследување.
Потоа стана и го прекина судењето. Кога ги одведоа во темницата, свети Евстратиј ги поучуваше и подготвуваше сите за престојниот подвиг.
Така помина денот. Нокта Лисиј им нареди на војниците да се подготват за пат, оти имаше намера да оди во Никопол. Додека војниците се подготвуваа, Лисиј отиде во темницата, го повика Евстратиј и лицемерно смеејќи се, му рече:
- Здраво, драги Евстратиј!
Светителот одговори:
- Семоќниот Бог, на Кого Му служам, достојно нека те награди за твојот поздрав, судијо!
Лисиј на тоа рече:
- За угодувањето на Бога и труди се. А сега земи ги чизмите и обуј се, за со нас весело да тргнеш на пат.
А тие чизми беа железни и одвнатре начичкани со долги и остри клинци. Му ги навлекоа на нозете, цврсто ги врзаа со каиши, па Лисиј со својот прстен ги запечати нивните јазли и нареди да го водат по него окован со другите затвореници, и по целиот пат да го тепаат и тераат што побрзо да оди. Така Лисиј со своите војници одеше пред нив. По два дена стигнаа во градот Араврак, родниот крај на Евстратиј и Евгениј.
Сите жители излегоа да ги пречекаат, за да го видат блажениот Евстратиј. Но, никој не се осмели да му пријде, од страв да не биде фатен и мачен. На патот кон Араврак живееше еден човек, на име Мардариј, прост, со средна имотна состојба, но многу задоволен со тоа. Додека минуваа Евстратиј и останатите затвореници, тој беше зафатен со правење на кровот на својата нова куќа. Кога го виде спроведувањето на затворениците, и го забележа меѓу нив како светла звезда свети Евстратиј, веднаш се симна од кровот и ѝ рече на својата жена на ерменски:
- Го гледаш ли, жено, властелинот на оваа земја, познат по своето потекло и богатство и по високиот воен чин? Гледаш ли, како тој сето тоа го презре, и оди да стане благопријатна жртва на Бога? Блажен е тој, зашто и во овој живот беше славен а и кај Владиката наш Христос ќе добие голема награда и ќе биде удостоен на неискажливо блаженство со Ангелите.
Благочестивата жена му одговори:
- Што те спречува и ти да појдеш по неговиот пат и заедно со него да се удостоиш на свет крај, за и на небото да бидеш застапник за мене и нашите мали деца и сиот наш род?
Мардариј и рече:
- Дај ми ги обувките, за да појдам по саканиот пат.
Таа со радост му ги даде. Тој се обу, се опаша, ги прегрна своите два мали сина, па се сврте на исток и се помоли на Бога, говорејќи:
- Владико Боже, Оче Седржителу, Господи Исусе Христе и Свети Духу, едно Божество и една Сила, помилуј ме грешниот, смилувај се и биди чувар на оваа слугинка Твоја и овие дечиња, заштитнику на вдовиците и хранителу на сирачињата! Еве Јас, Владико, со голема радост и со сето срце доаѓам кај Тебе!
Потоа ги бакна децата и рече:
- Биди здрава жено, не тагувај и не плачи, туку биди весела, зашто тебе и децата наши, и душата своја, ги полагам во рацете на нашиот семоќен и себлаг Бог!
Откако го рече тоа веднаш излезе од дома, радосно пратен од својата жена. Отиде кај угледниот граѓанин Мукарор, човек богат и со висок чин, се поздрави со него и му рече:
- Еве, јас одам кај твојот пријател и роднина Кирисик. Ако Му биде угодно на Бога, ќе му бидам сопатник и заедно со него ќе влезам во подвигот на мачеништвото. Затоа после Бога биди заштитник на мојата жена и децата во овој живот. А јас, ако најдам милост пред Бога, ќе ти помогнам во денот кога сите ќе застанеме пред Него и ти ќе ја добиеш својата награда.
Благочестивиот Мукарор му одговори:
- Оди со мир, чедо мое! Помини го тој прекрасен пат и не грижи се. Јас ќе ја исполнам твојата желба и ќе бидам родител на твојата жена и децата.
Тогаш Мардариј се прости со Мукарор, па тргна, ги стигна светите во близина на самиот град и силно викна кон свети Евстратиј:
- Господине, Кирисиче, како што овцата ита кон својот пастир, така и јас прибегнав кај тебе, за да ви бидам сопатник. Прими ме во твојата дружина и приведи ме кон маченичкиот подвиг, иако сум недостоен, за и јас да станам сведок на Господа Христа.
Потоа уште посилно викна:
- Чујте, слуги на ѓаволот, чујте! И јас сум христијанин како и господинот мој Евстратиј!
Тогаш војниците го фатија Мардириј и го врзаа, па со останатите христијани го фрлија во темница, за што го известија Лисиј. Тој рикна како лав, и веднаш седна на судискиот стол. Војниците по обичај започнаа да доведуваат христијани од темницата. Беше доведен и свети Аксентиј, гол и со врзани раце. Останатите затвореници стоеја и гледаа. Судијата му рече:
- Аксентиј, спаси не од напорот а себе си од мачењето, и кажи ни дали ја остави својата убиствена непокорност и им се врати на нашите милостиви богови?
Свети Аксентиј одговори:
- Чуј, Лисиј! Се колнам во Вистината која е над сите и сѐ и проникнува во сѐ, дека мојот ум непроменливо ќе Го исповеда Единствениот Бог и јас само Нему ќе Му се поклонувам, па макар да ми зададеш и илјадници рани и ме подложиш на страшни мачења, поголеми од претходните. Нее важно како ќе ме погубиш, сепак нема да го промениш моето мислење. Затоа веднаш прави што сакаш.
Тогаш мачителот изрече ваква смртна пресуда:
- Аксентиј, кој по многуте мачења и понатаму останува упорен и тврдоглав, нека биде лишен од животот со обезглавување. Тоа да се изврши во пусто место и непроодна шума, за неговото бедно тело да не се удостои на доличен погреб. А оној што неодамна им се придружил на затворениците, нека биде изведен на средината овде и веднаш да ги добие почестите што ги бара.
Додека војниците ги раскинуваа оковите од свети Мардариј, тој му зборуваше на свети Евстратиј:
- Господине мој, Кирисиче! Те молам, моли го Бога за мене и научи ме што да му одговорам на тој погубен човек, за свирепиот мачител да не ме измами, како прост и необразован.
Свети Евстратиј му рече:
- Брате мој, Мардариј, ти постојано повторувај едно и исто: христијанин сум, слуга сум Христов; и ништо друго не одговарај, што и да ти зборува тој или да прави со тебе.
Кога војниците го доведоа Мардариј пред Лисиј, тој побара да го каже своето име, татковината, занимањето и местото на живеење и верата. Мардариј одговори дека е христијанин и на сите останати прашања само повторуваше:
- Христијанин сум!
И долго така испрашуван, тој ништо друго не одговараша осве тоа.
Судијата Лисиј тогаш нареди да му ги продупчат глуждовите на нозете, да му провлечат јаже низ нив и со главата надолу да го обесат а телото да му го горат со вжештени железни шипки.
Долго висејќи така мачен, Мардариј најпосле воскликна:
- Господи, Ти благодарам што ме удостои на овие богатства. Чезнеев да бидам спасен од Тебе, и Те сакав со сето срце. Прими ја мојата душа во мир.
И го предаде духот во Божјите раце. Кога го остранија неговото тело од мачилиштето, Лисиј рече:
- Доведете го сега Евгениј од Сатал, кој се дрзна да влезе ваму за време на сослушувањето на Евстратиј. Јас не тврдам дека тој е христијанин, како што тие брборат, но сметам дека е многу незгоден човек,
Кога го доведоа, му рече:
- Кажи ми, најнечист човеку, каков зол дух те натера на таква дрскост, та бесрамно нѐ прекори, потценувајќи Ја строгоста на судот?
Свети Евгениј одговори:
- Мојот Бог, Кој ги разоружува демоните почитувани од тебе, Он ми даде сила и смелост да плукам на твојата бедност, смрдлив песу, слуго на сатаната, кој ќе гориш во пеколот!
Мачителот викна:
- Отсечете му го безобразниот јазик, отсечете му ги двете раце, прекршете му ги колената, за попокорно да се однесува пред нас!
Додека оваа наредба се извршуваше, Евгениј го предаде духот на својот Бог.
Набрзо потоа Лисиј излезе надвор од градот да изврши преглед над војската. За време на тој преглед, кога секој војник покажуваше како владее со оружјето, еден од нив, на име Орест, со висок раст и прекрасен изглед, според својот чин беше повикан да излезе пред Лисиј. Тој го пофали, го нарече вистински војник и му нареди со копје да гаѓа во метата. Кога замавна со копјето, златниот крст што го носеше на градите се појави при замавот над облеката така што го видоа сите, па и Лисиј, кој веднаш го фати крстот и држејќи го праша:
- Што е ова? И ти ли си од оние што го следат Распнатиот?
Орест одговори:
- Јас сум роб на Распнатиот, мојот Господ и Бог. Го носам Неговиот крст за заштита од сите лошотии.
Тогаш Лисиј рече:
- И овој прекрасен војник нека биде врзан со Евстратиј и нека му биде сопатник до Никопол, каде во свое време ќе бидат сослушани.
Кога допатува во Никопол, многу војници од полкот што беше во тој град, дојдоа кај него и едногласно викаа:
- Лисиј! И ние сме војници на нашиот Господ Исус Христос! Со нас прави што сакаш!
Тоа најпрвин го исплаши Лисиј од завера против него, но кога виде дека ги симнуваат појасите, нареди да ги врзат и фрлат во темница, и размислуваше како да ги погуби, а при тоа да не предизвика метеж. Најмногу од сѐ се плашеше од Евстратиј, за кога ќе го мачи повторно да не се случи некое чудо слично на првото, и така не само христијаните да се утврдат во верата туку и незнабошците да и пристапат. Затоа одлучи утредента да ги испрати свети Евстратиј и Орест во Севастија, кај намесникот Агриколај.
При тоа му напиша на Агриколај вакво писмо:
„На неговото велелепие, намесникот Агриколај, војводата Лисиј му посакува здравје. Нашите божествени цареви не познаваат никого во вселената, кој би можел подобро од тебе да го испитува она што е непознато и ти дадоа власт да управуваш со овие земји, зашто добро знаат дека ти и деновите и ноќите ги поминуваш во пожртвувано средување на народните работи, и дека попрво сонот ќе ги заспие незаспивливите звезди, отколку твоите очи, додека не го направиш она што си го одлучил за општа корист. Со еден збор, бидејќи тие единствено во тебе најдоа големи особини, и те одликуваа со големата чест што сега ја поседуваш, и јас, како сведок на тоа, го испраќам кај тебе овој затвореник Евстратиј, кој тешко боледува од христијанството, особено затоа што јас не бев во состојба да измислам нешто што би можело да го одврати од неговата заблуда. Иако од моја страна беше удостоен на почесните должности над мојата подрачна војска, тој страотно се погордеа и ни зададе многу јадови. Дури и му се заканував, но тој во својата арогантност ја претскажува иднината, и се бодри со своите вражбини. Иако виде други како се измачуваат, сепак не ја остави својата дрскост, па и самите маки ги смета попрво за среќа отколку за мачење. И еве, него и со него Орест, кој е негов истомисленик, ги испраќам кај твојот премудар суд, држејќи се до царските наредби“.
Со ова писмо, записниците и светите маченици, војниците тргнаа на пат. По пат светителите пееја: „По патот на заповедите Твои трчам, Господи, вразуми ме и научи ме на Твоите заповеди“ (Пс. 118, 32, 73). А по молитвата свети Евстратиј го праша Орест:
- Брате, кажи ми, како се упокои свети Аксентиј и на кое место?
Свети Орест започна да раскажува:
- Бидејќи му беше изречена смртна пресуда од страна на судијата, тој ги молеше војниците да му дозволат да се види со тебе, за да се поздрави, но не му дозволија, бидејќи беше време за ручек и стомакоугодниците брзаа што побрзо да ја извршат наредбата. Затоа веднаш го поведоа свети Аксентиј во шумата, на местото Орорија. По пат светителот го пееше псалмот: „Блажен е оној човек што не оди по патот безбожнички..., целиот до крај (Пс. 118, 1-176). Потоа ги преклони колената, се помоли, ги испружи рацете како да прима некој принос и откако рече „амин“ се сврте наоколу, ме повика и ми рече:
- Брате Оресте, кажи му на господинот Евстратиј да се помоли за мене, и дека наскоро ќе ме стигне. Ќе го чекам.
Потоа му ја отсекоа главата, откако претходно ги избркаа сите, за кои се сомневаа дека се христијани. Неговото свето тело ноќе го украдоа презвитерите Аравракиски. Не ја најдоа главата, па започнаа да плачат и да се молат на Бога да им каже каде е. По промисла Божја на еден даб заграка гавран и презвитерите тргнаа по неговиот глас. Така ја најдоа главата на разгранетите гранки од тој даб. Ја зедоа и ја ставија до телото, го однесоа на чисто место и таму чесно го погребаа.
Свети Евстратиј заплака, се помоли на Бога и му рече на Орест:
- Да се погрижиме, брате, да појдеме по неговите стапки.
По пет дена, светите маченици водени од војниците стигнаа во Севастија, и намесникот Агриколај, откако го доби Лисиевото писмо, ги стави под највисока стража. Наредниот ден во присуство на народот седна да им суди. На плоштадот се беше собрал сиот град да ги види, а Агриколај нареди прво да се прочита Лисиевото писмо и записниците од нивното претходно сослушување. Потоа рече:
- Немој да мислиш, Евстратиј, дека и овде те очекуваат мачења какви што си претрпел од Лисиј. Подобро покори се и принеси им жртви на боговите, за да не загинеш со страотна смрт.
Свети Евстратиј го праша:
- Важат ли законите и за царевите или не?
- Да, - одговори намесникот, - зашто и царевите го почитуваат законот.
- Значи овде за тебе законите постојат само на хартија а не во пракса.
- Зошто зборуваш така, безбожна главо? - праша намесникот. - Кој и кога се осмелил да се противи на законите во било што?
Свети Евстратиј одговори:
- Во царските закони читаме: да не се врши насилство ни со збор ни на дело и со народот да се управува првенствено со советување. Неопходно е едно од двете. Или властодржецот да го советува потчинетиот, за да го добие од него потребното, или пак потчинетиот, претходно упатен на потребното, слободно и доброволно да ги извршува наредбите на законот. Покрај тоа во законите стои и дека судијата треба да суди, соединувајќи ги строгоста со милосрдието, за судените поради неговата строгост да не го намразат и да му станат непријатели, ниту пак да го погазува законот, надевајќи се во снисходливоста на судијата. Така ли стои напишано судијо или не?
- Да, така е! - одговори намесникот.
- Тогаш те молам, држи се до тоа кога ми судиш и мене.
Намесникот одговори:
- Потребно е цврсто да се држиме до законите и кон нив да се однесуваме со должното почитување и кога си во прашање ти или било кој друг.
- Тогаш те молам, - забележа светителот, - нека твојата строгост биде соединета со милосрдието, и ти, како помудар од сите, благоволи порадо да ги слушаш советите отколку да советуваш и паметно да го претресуваш секој предмет. Во спротивен случај, ти без никакво премислување и без оглед на законите - мачи, убивај, прави што сакаш.
- Зборувај смело и слободно што сакаш, - одговори намесникот, - судењето ќе се извршува повеќе со советување отколку со заплашување.
Свети Евстратиј праша:
- На кои богови да им принесам жртва, на големите или на малите?
- Прво на Зевс, - одговори намесникот, - па потоа на Аполон и Посејдон.
Светителот праша:
- Од кои мудреци или пророци сте чуле дека треба да им се поклонувате на Зевс и останатите божемни богови?
Намесникот одговори:
- Од Платон, Аристотел, Хермес и други философи, кои, кога би ги знаел, би го почитувал нивниот спомен како божествени и прекрасни мажи.
Светителот на тоа рече:
- Нивните учење не ми се непознати. Од младоста се занимавав со нив и добро ги изучив елинските науки и уметности. И ако сакаш, најпрвин ќе започнеме со Платон.
Намесникот започна да се повикува на Платоновото дело „Тимеј“, од кое божем јасно се гледа дека Платон усрдно ги почитува незнабожечките богови и богињи. Евстратиј врз основа на тоа исто Платоново дело докажа дека Платон јавно и силно го осудува самиот Зевс, кого незнабошците го сметаат за господар на боговите и луѓето, небото и земјата, и тврди дека Бог е извор и виновник за секое добро. А Зевс спрема незнабожечките басни ни најмалку не бил таков. Според тоа светителот укажуваше на разни незнабожечки басни. Наведуваше и зборови од најпознатите поети Хомер и Есхил. Преку сето тоа покажуваше и докажуваше дека Зевс не е бог.
- Јас ја трпам твојата дрскост, - му рече на тоа намесникот на Евстратиј, - заради својата философија. А ти сега кажи ми, како можеш да сметаш и да веруваш дека е Бог Оној што всушност бил човек и како човек е осуден и распнат на крст?
Светителот одговори:
- Ако стрпливо ме сослушаш, првин ќе те прашам за некои работи а потоа ќе ти изложам по ред сѐ што ќе ме прашаш.
Игемонот одговори:
- Ти давам потполно право да зборуваш што сакаш.
Евстратиј продолжи:
- Секој со здрав разум треба да Го замислува Бога како суштество праведно, недостижно, неописливо, неизразливо, неизменливо и кое со Своите Божествени својства надминува сѐ што постои. Не мислиш ли и ти така, премудар судијо?
- Да, така мислам и јас, - одговори судијата.
- На реченото треба да се додаде и тоа, - забележа светителот, дека кај Бог нема никаков недостаток и несовршенство, и дека Бог во се е совршен.
- Нема сомнеж дека е така, - се согласи Агриколај.
- Што тогаш? - продолжи Евстратиј, - Дали да не признаеме, дека постојат и некакви други богови, кои што имаат совршена и негнилежна божествена природа? Но, тоа би било бесмислено, зашто, ако имаат дури и најмал недостаток, од божествените совршенства и својства, тие веќе не би биле достојни да бидат почитувани од луѓето како богови, бидејќи, како што веќе рековме, во Бога нема никаков недостаток и во Него треба да веруваат сите луѓе и да Му се поклонуваат.
- Навистина е така, - потврди Агриколај.
- Но, можеби тие богови се самите својства на негнилежната и бесмртна природа и бидејќи се само различни пројави на едно суштество, сите се собираат како во една точка - во Божеството? Тогаш тие не треба да се нарекуваат различни богови, големи и мали, туку еден Бог, Којшто како единствен по својата неспоредлива семоќност се нарекува Божество, а не како што мислите вие - дека еден бог живее на небото, друг на земјата, трет во морските длабочини. Не е ли така судијо?
Немајќи одговор, царскиот намесник долго молчеше. Најпосле одвај проговори и рече:
- Остави ги своите расудувања и превисока многуречивост и одговорај само за она што те прашувам. Како вие можете да го сметате за Бог Распнатиот?
Свети Евстратиј одговори:
- Ќе започнам со зборовите на вашиот стихотворец Хезиод: на почетокот беа Ереб и Хаос, односно темнина и водена бездна. А кога Бог го уредил и украсил светот, не од веќе претпостоечка материја туку приведувајќи го од небитие во битие, потоа го створил човекот според слика и прилика своја. Но, лошиот ангел, односно ѓаволот, сатаната, кој имал власт над соборот на другите ангели, по својата волја отстапил од Творецот свој, и надуен од гордост отпадна од својот чин и беше избркан од небото од Бога. Човекот Бог го насели во рајот и му даде заповед, која што го учела на послушност. Изобилно да ги користи сите богатства од рајот, само да не се допира до едно дрво и да не јаде од неговиот род. Таков подвиг беше одредил Бог за човекот, за да не ја наруши заповедта Божја и да тргне по ѓаволот, кој во се му плете замки, и за човекот да го посрами ѓаволот, кој му завидува на големата чест, и што може да стане бесмртен, пребивајќи во негнилежност. Во спротивен случај на човекот повеќе нема да му се дозволи да продолжи да живее во рајот, туку ќе биде избркан од него и ќе умре откако ќе поживее малку на земјата. А лошиот ѓавол, од завист спрема човекот, сето свое лукавство го впери кон него и преку змијата ја измами жената на првиот човек, а со помош на жената го наведе и него на рушење на заповедта, поради што беше истеран од рајот и осуден на маки, пот и гнилежност“. И така, сезлобниот ѓавол победи и се фалеше што човекот го зеде под своја власт, поради неговите гревови. Кога подоцна човечкиот род се намножи, ѓаволот мачител се трудеше секоја душа да ја покори под себе. И бидејќи многу луѓе паднаа во беззаконие, Бог со потопот го погуби светот, а го сочува праведниот маж Ное, кој јуначки се бореше против злобниот ѓавол, и остана непобеден од него и се спаси во ковчег, заедно со жената и децата. Откако по потопот ја воспостави земјата во првобитниот облик, Бог го насели во неа Ное, како нејзин нов жител. Изминаа многу години, луѓето повторно се намножија, и повторно се зголеми секое беззаконие меѓу нив, и сите тие, победувани од гревовите, потпаднаа под смртта и оковани се наоѓаа во адот, влечени во смртта од лукавиот ѓавол. Тогаш нашиот Создател се сожали на нас и не сакајќи да го остави беспомошно делото на рацете Свои, отпрвин им подари мудрост на елините, за тие да Го познаат Сесилниот Бог и да го совладаат ѓаволот. Но, тие, иако некако се смирија и приближија кон богопознанието, сепак ра
судувањата им беа во фантазирачки зборови и паѓаа во заблудата на своите предци, победени од верата во лажните богови, и талкајќи по патот далеку од вистината, западнаа во уште поголемо незнабожие. Но и при тоа големата сила на милосрдието Божјо не дозволи луѓето да останат во падот, и Бог им даде закон, испрати Пророци и на најразлични начини му го покажа патот на спасението на народот Еврејски. Но и покрај тоа луѓето стануваа сѐ полоши, и повторно ги повторуваа гревовите на своите претци, и сите подлегнуваа на смртта поради гревовите. Најпосле, нашиот Господ Бог - Слово благоволи да прими подеднаков со нас подвиг и да ни јави победа над ѓаволот, станувајќи ни сличен во се. Се понижи Себеси, земајќи обличје на слуга, и се роди од Дева, останувајќи неизменлив според Божеството и стана јагне, за да го разоружа ѓаволот. Да искористиме сега, судијо, една споредба што му доликува на моето излагање. Ако ти, како управник на овој град видиш мечка или друг страшен ѕвер, како доаѓа кон твојот град, и го испратиш својот слуга да го убие, и тој, извршувајќи ја твојата наредба како невешт и слаб падне мртов и биде изеден, зарем ќе се одлучиш да испратиш и друг таков слуга да се бори со зверот? И зарем ти, ако си силен и вешт, нема да излезеш против него како искусен и храбар борец и го убиеш? И тоа да излезеш не како господин туку како прост слуга, кој само умее да се бори? Со својот пример, нема сомнеж, дека ти би ги научил и останатите твои слуги така да победуваат. Така и нашиот Господ, Спасителот на сите, кога Неговите слуги во борбата со ѓаволот паднаа победени и сотрени, Самиот, според неискажаното милосрдие Свое, се понижи и слезе во Пречистата и Себеспрекорна Дева и, земајќи на себе обличје на слуга, и сета немоќ на телото наше освен гревот, со доброволното и премудро смирение се прикри Себеси од серасипаниот ѓавол, и го победи кога ѓаволот Го нападна како обичен човек, и со Своето спасоносно крстно страдање ја разори сета вражја сила, учејќи не и ние според Неговиот подвиг, на ист начин да се бориме и да го победуваме ѓаволот. Значи, Он самиот ги зеде на Себе гревовите, страстите наши, и ни го подари своето бестрастие, ги воскресна оние во адот, и ни даде можност да станеме чеда Божји, имајќи ја непобедливата рака Негова и надевајќи се на венци за подвизите. Значи, со телото стануваме победени, но со духот победуваме. Подложни сме на гнилежност и смрт, но истовремено сме негнилежни и бесмртни. Затоа бегаме од вашата невоздржливост и скотскиот живот, а го бараме ангелскиот живот и вечното постоење. Ние не гледаме долу, како добиток, ниту сме луѓе со ѕверски карактер. Напротив, ние гледаме во небото, и наоѓајќи се во телото го подржуваме животот на Бестелесните суштества. Позната ни е и непрестајната борба на нашиот дух со телото. А со мудриот и смерен разум, ние се одвраќаме од приврзаноста кон смртното тело и упорно го отфрламе неговото сладострастие и похотливо стремење и постојано се учиме со мислите да одиме кон небото и со трпението и воздржанието да го умртвуваме нашето тело. Ние се храниме, размислувајќи за чистиот и пречист наш Господ, и од нас се лее јасен збор, и дејствува во нас беспрекорна разумна сила. Тие и други поголеми богатства ни подари Бог, кога се облече како човек. Меѓутоа вие, како што на сите им е познато, сте се поробиле под телото. И така ги нарекувате богови оние што според вашите преданија извршиле нечисти и срамни дела, им градите храмови и ги почитувате. Вие сте туѓи на општењето со небото, и деноноќно сте вознемирени, не само од страв од било каква несреќа, туку упорно барате привремена среќа и на јаве фантазирате како на сон. Вие не само со телото туку и со душата умирате за навек. А ние, од нашиот Господ Исус Христос сме научени дека телото наше, изгниено и претворено во прав, според сеопштиот закон на гнилежноста и смртноста, повторно ќе оживее и ќе се соедини со душата и ќе добие негнилежна природа. Сето ова јас накратко го изложив, за да ја научиш вистината од мене и да се одречеш од своите лажни богови.
Царскиот намесник Агриколај стрпливо го сослуша до крај мудриот говор на свети Евстратиј и потоа рече:
- Ние немаме право да ги претресуваме одлуките и желбите на царевите, туку сме должни да се покоруваме на нивните закони и да ги извршуваме нивните наредби. Затоа остави го непотребното зборување и принеси им жртви на боговите. Во спротивно ќе бидеш ставен на такви страшни маки, за кои никогаш не си слушнал.
Свети Евстратиј го праша:
- Зошто тогаш не наведе на толку голем залуден напор, и не започна да не мачиш порано?
Тогаш мачителот нареди да се донесе железен кревет, многу вжештен, па врз него најпрвин да го положат свети Орест, а на свети Евстратиј му рече:
- Ти треба прво да ги набљудуваш маките на Орест, кои те очекуваат, па потоа и самиот ќе ги почувствуваш.
Но, свети Орест се исплаши кога пристапи до вжештениот кревет и му рече на свети Евстратиј:
- Моли се за мене, зашто мојата помисла се исплаши.
Светиот му одговори:
- Не обесхрабрувај се, брате. Ова ти изгледа страшно и мачно, но всушност нема да почувствуваш никаква телесна болка, ако храбро и со надеж во Бога легнеш на вжештениот кревет, зашто Господ ќе ни биде помошник и заштитник. Сети се на храброста на свети Аксентиј и останатите светители, и не биди пониско од нив. Овдешните маки брзо завршуваат а очекуваната небесна награда е вечна.
Тогаш свети Орест јуначки скокна врз вжештениот кревет, застана на него, се прекрсти, веднаш легна и потоа силно викна:
- Господи Исусе Христе, во Твоите раце го предавам мојот дух!
И ја предаде на Господа својата света душа. А свети Евстратиј рече „амин“.
Веднаш потоа намесникот Агрикол нареди свети Евстратиј да го одведат во темница, каде по обичај се помоли на Бога, го повика својот слуга што беше со него и му рече:
- Чедо мое, донеси ми хартија да напишам завет, зашто се надевам дека утре и јас ќе излезам пред мојот Господ Христос.
И напиша завет, во кој изрази желба неговото тело да биде пренесено во градот Араврак, и никој да не се осмели да земе нешто од неговите мошти, туку целото тело да се положи во местото Аналикозор, заедно со свети Аксентиј, Орест, Мардариј и Евгениј, зашто тие го заколнаа по нивната смрт телата да им бидат положени заедно со неговото. А пак сите свои имоти ги остави за издржување на црковните служители, а покретнината да се раздеди на ништите и бедните и една половина на неговите сестри. Во својот завет додаде и да се ослободат неговите робови, и на сите им одреди награди.
Потоа денот го помина во пост и наредната ноќ во молитва. Епископот на градот Севастија, блажениот Власиј, кој во тоа време се криел поради гонењето, дојде таа ноќ кај него, откако им даде злато на стражарите. Беше слушнал за големата премудрост на Евстратиј и за тоа како го посрами царскиот намесник и неговите богови. Епископот падна ничкум и му се поклони, говорејќи:
- Блажен си, чедо Евстратиј, што семоќниот Бог толку те поткрепи. Те молам, спомни ме и мене во своите молитви.
Свети Евстратиј одговори:
- Немој да ми се поклонуваш, оче духовен, туку ти од нас мирјаните очекувај го должното поклонување.
Потоа седнаа и Евстратиј рече:
- Оче, бидејќи според волјата Божја, утре во третиот час? од денот ќе излезам пред мојот Господ Христос, како што јасно ми беше откриено, земи го мојот завет и прочитај го.
Кога го прочита, светителот го замоли и него и клириците со него да се потпишат под заветот. При тоа го заколна епископот лично да го земе неговото тело и телото на свети Орест, да ги однесе и погребе на означеното место во заветот, и да се погрижи за се што е напишано, ветувајќи му за неговиот труд и грижа награда во идниот живот од Господ Христос. Потоа го замоли епископот да го удостои да се причести со Божествените Тајни, бидејќи откако е земен на мачење не се причестил. Кога беше донесено се што е потребно за служење и извршена бескрвна Жртва, свети Евстратиј пристапи и го прими тој Небесен Бисер. И ненадејно во темницата блесна светлина како молња, и се чу глас:
- Евстратиј, одлично се бореше. Затоа ајде на небесата, да го примиш својот венец.
Овој глас го слушнаа сите присутни, и од страв паднаа ничкум на земјата. Ноќта ја помина епископот со светителот, насладувајќи се на разговорот со него. А рано во зори тој замина, ветувајќи дека ќе го изврши напишаното во заветувањето.
Дента Агриколај седна на вообичаеното место среде градот и нареди да го доведат светителот да му суди. Кога го доведоа го повика и тајно му рече:
- Евстратиј, сведок ми е севидливата правда дека срцето ме боли за тебе, затоа што не сакаш да се покориш на царската наредба. Но, барем пред народот одглуми дека им се поклонуваш на боговите, а во себе моли се на твојот Бог, и Он ќе ти го прости стореното против своја волја. Немој да загинеш како злосторник, ти, кој си толку учен и мудар. Ако лично не ми прети опасност, ни тоа не би го барал од тебе. Јас погубив многу твои истоверни и ниту еден не пожалив, а тебе многу те жалам и цела ноќ не заспав од голема тага.
Светителот му одговори:
- Не грижи се за тоа, не влегувај во опасност поради мене, туку изврши го нареденото. Јас никогаш нема да им се поклонам на твоите богови, туку ќе Го исповедам мојот Бог пред сите и ќе Го славам меѓу сите. Биди уверен дека маките на кои што ќе ме ставиш за мене ќе бидат блаженство. Провери го тоа на дело.
Намесникот го покри лицето со рацете и долго плачеше, така што го забележа сиот народ. На сите им беше јасно дека го жали невиниот светител и сите започнаа да плачат и липаат. Настана голем лелек по целиот град. Најпосле свети Евстратиј му рече на судијата:
- Севишниот Бог нека ја уништи злобната препреденост на твојот татко сатаната! Го измисли сатаната овој плач за да ме искуша, и да ми го попречи патот до претстојната награда. Прави што сакаш, јас сум роб на Господ Христос, се противам на царската наредба и се гнасам од одвратните идоли и оние што им се поклонуваат.
Кога ја виде неговата непоколеблива преданост на христијанската вера и бескрајната љубов кон Христа, тој одвај беше во состојба да ја изрече конечната пресуда:
- Евстратиј, кој не се покори на царската наредба и одби да им принесе жртви на боговите, наредувам да се спали, за поради својата упорност да загине во оган.
Потоа стана и веднаш се оддалечи од судницата.
Воден на спалување, светителот гласно се молеше:
- Те величам, Господи, зашто погледна на моето смирение и не ме остави во вражјите раце, туку ја спаси од неволја мојата душа. И сега, Владико, нека ме покрие раката Твоја и нека дојде врз мене милоста Твоја, зашто страда мојата душа при излегувањето од моето бедно и гадно тело. Нека никогаш не ја сретне лукавата умисла на противникот и не ја заплетка во темнината за незнајните и знајните гревови, што ги извршив во овој живот! Биди милостив, Владико, и нека мојата душа не ги види мрачните обличја на лошите демони, туку нека ја примат ангели Твои, светли и пресветли! Прослави го Твоето Свето Име, и со силата Твоја изведи ме на Божественото Судиште Свое! Кога ќе ми се суди, нека не ме прими раката на кнезот на овој свет, за како грешник да не ме фрли во бездната на пеколот, туку биди ми Спас и Застапник, зашто овие мачења се радост за слугите Твои. Помилуј ја, Господи, осквернетата со страстите на овој живот душа моја, и прими ја очистена со покајанието и исповедта, зашто Си благословен низ сите векови. Амин.
По молитвата се прекрсти и влезе во вжештената печка, пеејќи и говорејќи:
- Господи Исусе Христе, во Твоите раце го предавам мојот дух!
Така мирно го предаде духот. Огнот не го повреди неговото свето тело, и не се допре до ниту едно негово влакно. Свети Евстратиј се упокои во тринаесеттиот ден на месец декември. А блажениот Власиј, епископот Севастиски, ги зеде моштите на светите маченици Евстратиј и Орест и направи сѐ што беше напишано во мачениковиот завет, славејќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бог, Кому слава и моќ за навек. Амин.
Чудо на светите маченици Петочисленици
Пред влезот во Цариград имаше манастир, наречен Олимп. Во него беше изградена црква во име на светите пет маченици: Евстратиј, Аксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест. Имаше дамнешен обичај за време на нивниот празник да доаѓаат во тој манастир царот и патријархот и да даваат прилози за издржување на монасите. Од основачот на манастирот беше пропишано монасите што живеат во него да не стекнуваат никакви ниви, ни лозја, туку целосно да се предадат себеси на грижата на светите Маченици, и да работат само на своето спасение. Монасите строго го почитуваа овој пропис и светите Маченици не престануваа да се грижат за манастирските потреби. Но, милоста Божја обично бива пратена со искушенија, за преку искушенијата да стане очигледно тоа дека оние што се надеваат во Бога и Го бараат, нема да бидат лишени од ниту едно добро (сп. Пп. 33, 1).
И така, заедничкиот Промислител за сите, Бог, сакајќи уште повеќе да го прослави местото на светите Страдалници Свои, и оние што им служат да ги посети со милоста Своја и да ги утеши во нивното сиротство, уреди за време на празникот на Петочислениците да зафати страшна бура по морето, и силен дожд, и голем студ, та од градот никој не дојде во манастирот. Тамошните монаси отслужија вечерна и канон и беа тажни, бидејќи немаа што да јадат. Па дури и ги прекоруваа светите Маченици, зборувајќи пред нивната икона:
- Утре наутро ќе заминеме одовде, за да бараме храна.
Но, на стемнување дојде вратарот кај игуменот и рече:
- Благослови, оче, да го доведам кај тебе човекот, кој доаѓа од кај царот со две натоварени камили.
Игуменот даде благослов, и кај него влезе многу благолепен човек и рече:
- Царот ви испрати храна и вино.
Монасите се помолија, ги внесоа испратените намирници и сите јадеа и пиеја, а преостанатото го оставија како залиха. И додека се уште сите беа заедно, дојде вратарот и рече дека од царицата дошол пратеник, кој кога го примија му соопшти на игуменот дека царицата испратила одбрани риби и десет златници. Пратеникот уште не го беше завршил своето соопштение, а вратарот влезе и рече дека од патријархот дошол човек, кој му даде на игуменот црковни садови, говорејќи:
- Желба на патријархот е утре овде да се служи Литургија.
Игуменот им се обрати на пратениците и рече:
- Тоа што Му е угодно на Бога, тоа и ќе го стори. А вие, дали ќе преноќите овде или веднаш ќе се вратите назад?
Тие одговорија:
- Ако има пренокиште, би останале до утре.
Игуменот нареди да ги одведат во црковната паперта. Кога ги отпушти, ги праша за нивните имиња. Дојдениот од кај царот рече дека се вика Аксентиј, оној од царицата Евгениј, а оној од патријархот Мардариј.
За време на утрената во црквата влегоа двајца мажи. По катизмата игуменот нареди според прописот да се прочита за страдањето на светите Маченици. Но, монасите рекоа:
- Да го прескокнеме тоа читање, бидејќи никој не дошол за празникот од градот.
Тогаш непознатиот маж, кој пред малку влезе во црквата, рече:
- Дајте ми ја книгата, Јас ќе прочитам.
Книгата му беше дадена. И кога дојде до местото каде што стои Евстратиј беше обуен во железни чизми со остри клинци, тој воздивна и удри по црковниот под со жезолот што му беше во раката. Жезолот се зари во подот и пушти од себе гранки и се претвори во дрво. Тогаш присутните сфатија кого имаат пред себе, и го прашаа:
- Евстратиј, дали го стори тоа поради себе?
- Не - одговори тој. - Моите страдања беа мали во споредба со наградата Божја за нив. А ова е сторено за нашиот празник да не остане без дојденци од градот.
Штом го изговори тоа, сите веднаш станаа невидливи а игуменот излезе од црквата, и ја најде манастирската остава полна со лебови и риби, а сите празни садови беа полни со вино. За ова чудо веднаш ги известија царот и патријархот. Тие дојдоа во манастирот и сите Го прославија Бога и им оддадоа пофалба на светите маченици Негови. А пак жезолот, престорен во дрво, го сокршија на парчиња и го раздадоа како благослов. Тој ден, по молитвите на светите Страдалници, се случија многу исцеленија од најразлични болни.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ГАВРИЛ,
патријарх Српски
Светиот Божји човек, јерархот Гаврил, беше поставен од Господа на свеќникот на Црквата Своја во Србија, во страшното време на турското владеење. На патријаршискиот престол го наследи патријархот Пајсиј и беше патријарх српски од 1648 до 1655 година. Пред тоа некое време беше митрополит Рашки.
Кога дошол на патријаршискиот престол затекнал доста средена состојба во Црквата од страна на својот претходник. И тој од своја страна многу се трудел, па сепак, поради неповолните околности, работите во Црквата во негово време започнале да се менуваат на лошо. Морал да се бори на два фронта. Од една страна со турската власт, која вршела разни насилства и барала од Црквата големи даноци, а од друга силната римска пропаганда, која во тоа време преку папските „мисионари“ се обидувала да ги посее корените на унијата во Србија, како и во останатите народи на Балканот.
Вршејќи ја својата возвишена должност, патријархот Гаврил често патувал. Во 1649 година бил во Цариград, за да ги однесе наметнатите даноци и да ја утврди својата функција. Наредните години многу патувал по земјите, поучувајќи го народот во законот Божји. Отишол и во Русија во 1654 година, каде што активно учествувал на Московскиот собор во 1655 година, кога се спроведени извесни реформи во Црквата.
Под притисок на разни околности, светиот одлучил засекогаш да остане во Русија, па дал предлог во Србија да се избере нов патријарх, што било и сторено. На негово место бил поставен патријархот Максим (1655-1674 г.). Но сепак подоцна, не е познато зошто, тој ја променил својата одлука, се вратил во својата татковина и изгледа посакал да го заземе својот престол, но „властите тоа не го сакале“.
Наскоро блажениот Гаврил бил обвинет кај турците како велепредавник, та бил фатен и спроведен во Бруса, каде што тогаш се наоѓал турскиот султан и големиот везир. Покрај тоа некои лоши евреи го обвиниле и затоа што привел неколкумина евреи во христијанската вера. Во своето обвинување евреите навеле дека тој работи на покрстувањето на турците, со цел да ја разлутат турската власт. Блажениот Гаврил изјавил дека е потполно невин и дека на сите им е јасно дека неправедно ќе биде убиен.
- Вашиот предлог, да ја оставам мојата вера и да преминам во вашата, нема да го прифатам додека паметот ме служи и подготвен сум да поднесам најстрашни мачења за мојот Христос - изјавил светителот.
Тогаш мачителите започнале да го мачат на најразлични начини за да се одрече од Христа, но кога ја виделе неговата непоколеблива вера го одвеле на одредено место во Бруса и го обесиле. Тоа се случило во 1659 година. Така блажениот Гаврил ја предаде својата света и преблажена душа во рацете Божји, и премина кај својот сакан Христос Господ, за од Него да прими двократен венец, и како Јерарх и како маченик.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ЛУКИЈА ДЕВИЦА
Кога славата за светата маченица Агатија се пронесе по цела Сицилија, и жителите на Сиракуза бегаа во градот Катана на поклонение на нејзиниот свет гроб, се случи Лукија девицата, угледна и многу ценета меѓу граѓаните, да оди на празникот заедно со останатите и својата мајка Евтихија, која веќе четири години боледуваше од крвотечение и не можеше да се исцели со никакви лекови. За време на службата во црквата беше прочитано Евангелието во кое се спомнува крвоточивата жена, која се исцели со допирот до крајот од облеката Христова. За време на читањето на Евангелието, Лукија и рече на својата мајка дека ако му верува на тоа што се чита да верува и дека света Агатија, која пострада за името Христово, се удостои да стои пред Оној за Чие што име пострада. Затоа да се фати за нејзиниот гроб со вера и ќе се исцели.
По богослужбата народот се разотиде а мајката и ќерката паднаа пред гробот на светата маченица и со солзи започнаа да ја молат за помош. Долго се молеа тие и при тоа Лукија задрема и во сонот ја виде светата маченица Агатија меѓу Ангелите, многу украсена со бисери. Таа и рече на Лукија:
- Сестро моја Лукија, девице Господова, зошто го бараш од мене она што самата можеш веднаш да го дадеш? Твојата вера и помага на твојата мајка и ете таа е веќе здрава. И како што поради мене се слави градот Катана, така со тебе ќе се гордее градот Сиракуза, зашто ти со својата девственост си подготвила за Христа благопријатно живеалиште.
Лукија се разбуди и исплашено и рече на мајка си:
- Мајко моја, ете, ти си се исцелила! Затоа те молам, во името на светителката која со своите молитви те исцели, немој никогаш повеќе да го споменуваш мојот вереник (таа веќе била верена), и немој да посакуваш да видиш плод од моето смртно тело, тку се што веќе си подготвила за мене за свршувачката, дај ми го сега кога тргнувам кај бесмртниот Младоженец Господ Исус Христос, чуварот на мојата девственост.
Евтихија и одговори:
- Сиот имот на твојот покоен татко, еве веќе девет години внимателно го чував и сочував, па и го зголемив твоето наследство а не намалив. А се што имам лично и што уште можам да стекнам, се исто така ти стои на располагање. Но прво погребај ме, па потоа стори со сиот имот што сакаш.
Лукија и рече:
- Мајко, послушај го мојот совет. Бог не им е особено мил на оние кои Нему Му го даваат она што не можат да го понесат со себе и да го искористат за себе. Но, ако ти сакаш да направиш навистина благопријатно дело за Бога, тогаш дај Му го Нему она што можеш да го употребиш за себе. Кога ќе умираш, тебе повеќе нема да ти биде потребно нешто земно, и што ќе дадеш тогаш, тоа ќе биде она што не си можела да го понесеш со себе. Затоа, додека си жива и здрава дај Му го на Христа својот имот. И се што си сакала да ми дадеш мене, почни уште сега да го предаваш на Христа.
Така разговараше Лукија секој ден со мајка си, додека не започнаа да го раздаваат имотот и секојдневно да го употребуваат за издржување на бедните. За продавањето на имотите, скапоцените предмети и драгоцени камења, дозна нејзиниот вереник, многу се натажи и започна да ја распрашува нејзината доилка што би требало да значи тоа. А таа, како умна жена, му рече дека Лукија дознала дека некој наследен имот се продава за поволна цена, па продава некои скапоцености, за да дојде до потребната сума на пари.
Вереникот и поверува и престана да се распрашува туку уште повеќе ги поттикнуваше да продават од имотот. И кога дозна дека сиот имот е раздаден на ништите и бедните, вдовиците и сирачињата, на богомолците и бескуќниците и служителите Божји, тој веднаш отиде кај кнезот Пасхазиј и ја обвини дека е христијанка и противничка на царските закони".
Пасхазиј ја повика Лукија и започна да ја советува да им принесе жртва на идолите. Блажената му одговори:
- Жртва жива како и вера чиста и беспрекорна пред Бога и Отца е да се посетуваат сиротите и вдовиците во нивните неволји (Јак. 1, 27). А јас, еве веќе три години и ништо друго не правам, туку постојано Му принесувам жртва на Живиот Бог. Сега пак, бидејќи повеќе немам имоти од нив да Му принесувам, јас самата себе Му се принесувам на жртва жива, и нека Он со својата жртва прави што сака.
- Тие работи, забележа Пасхазиј, раскажувај ги на тебе сличните христијани, зашто мене залудно ми ги зборуваш.
Лукија му одговори:
- Ти ги слушаш царските закони а јас ги слушам Божјите. Ти се плашиш од царевите а јас се плашам од Бога. Ти не сакаш да го разгневиш царот а јас строго внимавам да не го разгневам Бога. Ти се трудиш да им угодиш на царевите, а јас единствено на Христа сакам да Му угодам. Затоа ти прави го тоа што е корисно за тебе а јас она што знам дека ќе е корисно за мене.
Пасхазиј возврати:
- Твоето наследство си го потрошила со блудниците, па затоа и зборуваш како блудница.
Лукија одговори:
- Своето наследство јас го сместив на добро место, и никогаш не си дозволив да примам упропастувач на телото и душата.
Пасхазиј праша:
- А кои се тие упропастувачи на телата и душите?
Лукија одговори:
- Вие сте упропастувачи на душите, за кои Апостолот зборува: лошите разговори ги упропастуваат добрите обичаи (Кор. 15, 33). Вие ги советувате луѓето на прељуба, да го остават небесниот Младоженец односно својот Творец, и да го следат ѓаволот преку служење на ништовните и бездушни идоли. А пак упропастувачи на телото се оние што со привремените уживања го отфрлаат вечното блаженство и минливите задоволства ги ставаат над бесконечните радости.
Пасхазиј на тоа рече:
- Ќе престане и ќе замолкне твоето зборување кога ќе дојдат на ред мачењето и раните.
Лукија одговори:
- Зборовите Господови никогаш нема да замолкнат.
- Та зарем ти си Бог? - возврати Пасхазиј.
- Слугинка сум Божја, - одговори Лукија, - затоа и искажав зборови Божји, зашто и Он Самиот рекол: „Вие нема да зборувате (пред царевите и властодржците) туку Духот на вашиот Отец ќе зборува преку вас“ (Мт. 10, 20).
Пасхазиј праша:
- Зарем во тебе е Духот Свети, и Он ли зборува преку тебе?
Лукија одговори:
- Апостолот вели дека оние што живеат чист живот се храмови Божји и Духот Божји живее во нив (1 Кор. 3, 16).
Пасхазиј на тоа рече:
- Тогаш јас ќе наредам да те одведат во блуднилиштето, за Духот Божји да отстапи од тебе кога ќе те осквернат.
Лукија одговори:
- Телото никогаш не може да биде осквернето без согласност на духот. Ако дури ставиш и на мојата рака темјан и насилно со мојата рака го фрлиш на идолскиот жртвеник, Бог ќе те исмее, зашто Он нас не осудува за слободните постапки и доброволни дела, а не за делата што ги правиме приморани од другите. Така и насилното одземање на девственоста Он само го допушта, како што ги допушта искушенијата, разбојништвата, незнабоштвото. Затоа, ако ти наредиш насилно да ми се одземе девственоста, со тоа само ќе ми ја зголемиш наградата за мојата чистота.
Пасхазиј на тоа рече:
- Ќе наредам со блудство да те усмртат, ако не ги послушаш царските наредби.
Лукија одговори:
- Јас веќе ти реков дека мојата волја никогаш нема да ја натераш на грев. А се останато, што можеш да му го сториш на моето тело, сето тоа слугинката Христова го презира.
Тогаш развратниот и неправеден судија ги повика сопствениците на блуднилиштата и им ја предаде светата, говорејќи:
- Свикајте го сиот народ на нејзината чедност и направете да ја исмеваат додека не умре.
Кога започнаа да ја влечат кон блуднилиштето, Духот Свети и даде толку голема тежина, така што не можеа да ја поместат од местото. Дојдоа многу луѓе, со сите сили се трудеа да ја повлечат и се препотуваа и малаксуваа а девицата Господова стоеше непоколеблива. Тогаш донесоа јажиња, и ги врзаа рацете и нозете и ја влечеа сите, но таа стоеше неподвижна како планина. Пасхазиј се сневесели и збуни и не знаеше што да прави. Ги собра сите волхвови и маѓепсници и сите идолски жреци и им нареди околу неа да вршат обреди и маѓии, за да ја поместат, но се беше залудно. Таа и понатаму стоеше како прикована за земјата, доведоа дури и многу парови волови да ја поместат, но остана неподвижна. Најпосле Пасхазиј Ја праша:
- Какви се тие твои маѓии?
Лукија одговори:
- Тоа не се мои маѓии туку силата на благодатта Божја.
Пасхазиј праша:
- Што всушност се случува кога тебе, која си толку слаба, не можат да те поместат толку многу луѓе?
Светицата одговори:
- И илјада луѓе да доведеш и тие ќе слушнат како Светиот Дух ми зборува: „Ќе паднат покрај тебе илјади и десет илјади од твојата десна страна“ (Пс. 90, 7).
Бедниот судија многу се мачеше да сфати што се случува а светата девојка го праша:
- Што се мачиш? Зошто те раскинуваат и гризат разни мисли? Ете, од искуство дозна дека јас сум храм на Бога Живиот. Затоа верувај. Ако пак се уште не си се убедил, тогаш продолжи по свое.
Пасхазиј уште повеќе се збуни и длабоко воздивнуваше додека гледаше како светителката го исмева. Потоа нареди околу неа да се запали силен оган и да се долева сулфур и смола и врело масло. Но, таа се оградуваше со името Христово и стоеше неподвижна и неповредена и му зборуваше на мачителот:
- Јас го молев мојот Господ овој оган да нема власт над мене, за да те исмеат оние што се надеваат во Христа. Го молев Христа и да ми ги продолжи мачењата, за кај верните да го отстрани стравот од маките а неверните да се лишат од можноста да ги исмеваат христијаните.
Тогаш еден од неговите пријатели, за да го извлече од тешката и срамна состојба, нареди светителката да ја удрат со меч во грлото, па со Пасхазиј си заминаа дома. Светителката беше тешко ранета, но сепак не ги изгуби силите и беседеше со народот, говорејќи:
- Ви ја објавувам благата вест. На Црквата Божја и се дарува мир, зашто Диоклецијан се одрече од престолот а Максимијан умре во овој момент. Како што градот Катана има своја застапничка пред Бога, мојата сестра во Бога Агатија, така и јас сум му дадена на овој град од Бога за заштитничка, само ако вие ја исполнувате волјата Божја и верувате во тоа.
Додека го зборуваше тоа со грлото, кое и беше прободено со мечот, неочекувано пред нејзините очи го спроведоа Пасхазиј окован во синџири. Работата беше во тоа што граѓаните на Сицилија тајно беа испратиле против него тужба дека немилосрдно ја упропастува нивната земја, глобејќи го населението, одземајќи ги имотите, злоставувајќи ги и вршејќи насилства. И токму во тоа време стигна од Рим наредбата Пасхазиј окован да го одведат на суд во Рим. Таму по сослушувањето беше осуден на смрт и посечен со меч. И додека окован го спроведуваа покрај неа, таа го виде, иако смртно ранета и стоеше на местото неподвижна и душата не и излезе се додека не дојдоа свештеници и не се причести со светите Пречисти Животворни Тајни Христови. Откако се причести и сите рекоа „Амин“, светата маченица ја предаде својата чиста душа во рацете на Господа. во 304 година. Чесно беше погребана на местото каде што пострада и над нејзините мошти беше изградена црква во нејзино име, а во слава на Едниот во Троица Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух, Кому слава за навек. Амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ГЕРМАН,
Аљаскиот чудотворец и просветител на Америка
Во 1793 година од монасите на Валаамскиот манастир беше составена духовна мисија и испратена да го проповеда словото Божји на непросветените жители на северозападна Америка, кои на само десет години пред тоа започнале да биваат руски поданици. Во бројот на членовите на таа мисија беше и блажениот Герман.
Монахот Герман потекнувал од трговско семејство на градот Серпух, кој и припаѓал на Московската епархија. Како се викал до монашкиот потстриг и како се презивал не е познато. Од млади години имал голема ревност во побожноста и во својата шеснаесетта година станал монах. Најпрвин стапил во Троице Сергиевата пустина, која се наоѓала близу Финскиот залив, на Петроградскиот пат, недалеку од Петроград.
Во Сергиевската пустина на отец Герман меѓу останатото му се случило на грлото од десната страна под брадата да му се појави нешто како чир. Болката била ужасна, отокот брзо растел и му го изобличил целото лице. Многу тешко можел да голта, а смрдеата била неподнослива. Во таквата опасна состојба ја очекувал смртта и не се обратил на лекарите туку се затворил во ќелијата и со топла молитва и солзи паднал пред иконата на Небесната Царица, молејќи исцеление од Неа. Се молел цела ноќ и потоа со мокриот пешкир го избришал ликот на Пречистата Владичица на иконата, и со тој пешкир го завиткал својот оток. Продолжил да се моли со солзи и изнемоштен заспал на подот. При тоа во сонот видел дека го исцелила Пресветата Дева. Кога наутро се разбудил и станал, многу се чудел кога се видел потполно здрав. Чирот не пукнал, а отокот исчезнал и останал само мал знак, за сеќавање на чудото. Лекарите, на кои им раскажувале за тоа исцеление, не верувале, докажувајќи дека било неопходно или чирот сам да пукне или да се расече. Но, нивните зборови беа опит на немоќта човечка а онаму каде што дејствува Божествената благодат, таму се победува поредокот на природата. Таквите појави го смируваат човечкиот ум под моќната рака на милосрдието Божјо.
Пет или шест години проживеал свети Герман во Сергиевската пустина а потоа преминал во Валаамскиот манастир, кој величествено се ширел на прекрасните острови среде водите на Ладожското езеро. Со сета душа тој ја засакал Валаамската обител. Го засакал нејзиниот незаборавен настојател, благочестивиот старец Назариј и сите останати брака.
„Вашите татковски, спрема мене бедниот добротворства“, му пишувал тој подоцна на отец Назариј од Америка, „нема да ги избришат од моето срце ни страшните непроодни сибирски места, ни мрачните шуми, нити ќе ги исперат брзината на големите реки, нити грозниот океан ќе ги згасне овие чувства. Јас го замислувам премилиот Валаам, го гледам преку големиот океан“.
Старец Назариј тој го величал во своите писма, нарекувајќи го „најпреподобен, предраг свој батушка“, а сето Валаамско братство „љубезни и најдраги“. Пустинскиот Јелов остров, местото на своето живеење во Америка, го нарекол „Нови Валаам“. И како што се гледа, секогаш се наоѓал во духовно општење со својата духовна татковина, зашто во 1828 година, по триесет годишно живеење во Американските краишта, му пишувал писма на наследникот на отец Назариј, игуменот Инокентиј.
Еве што зборува за животот на отец Герман на Валаам неговиот современик, постриженикот на отец Назариј, а подоцна игумен Валаамски, отец Варлаам.
Отец Герман овде извршуваше разни послушанија и како „подготвен за секое добро дело“, меѓу останатото е испраќан во градот Срдобол да ги надгледува работниците кои таму произведувале мермерни плочи. Браќата го сакаа отец Герман и со нетрпение го очекуваа неговото враќање од Срдобол во манастирот. Кога ја испита ревноста на младиот подвижник, мудриот старец Назариј го отпушти да живее во пустината (во оддалечена ќелија). Таа ќелија се наоѓала во густата шума, недалеку од манастирот. До денес тоа место го сочувал називот „Германово“. За празниците отец Герман доаѓал во манастирот и се случувало на малата вечерна, додека стоел на певницата, со пријатен глас да ги пее со браќата припевите на канонот „Исусе преслатки, спаси нѐ нас грешните“, „Пресвета Богородица, спаси нѐ“, а солзи се лееле и течеле од неговите очи.
Во втората половина на изминатиот век се ширеле границите на Русија кон север. Руските индустријалци го откриле тогаш Алеутскиот остров, кој го сочинувале во големиот океан синџир од источните брегови на Камчатка, до западните брегови на северна Америка. Со откривањето на островот се јавила неоходност да се просветат со светлината на Евангелието нивните домородци, За тоа свето дело со благослов на Светиот Синод, високопреосветениот митрополит Гаврил му порачал на старец Назариј да избере способни луѓе меѓу Валаамските браќа. Биле избрани десет луѓе и меѓу нив и отец Герман. Во 1794 година тие тргнале од Валаам кон местото на нивното назначување. Со светата ревност на проповедникот брзо се раширила проповедта на Евангелието меѓу новите поданици на Русија. Неколку илјади незнабошци го примиле христијанството. Отворени се и училишта за образование на новокрстените деца. Била изградена и црква во местото на престојување на мисионерите. Но, според несфатливите одлуки Божји, успесите на мисијата не биле долговечни. По пет години многукорисна работа, заедно со своите придружници, потонал водачот на мисијата архимандритот Јоасаф, кој веќе бил архијереј. А пред него ревносниот јеромонах Јувеналиј се удостоил на маченичкиот венец. Останатите се убивани еден по друг, така што на крајот останал само Герман. Нему му благоволил Господ да се потруди подолго од сите браќа во апостолскиот подвиг за просветување на Алеутите.
Местото на живеење на отец Герман во Америка бил островот Јелово, кое тој го нарекол „Нови Валаам“. Тој остров е разделен од мореузот, на врста или две од островот Кадјак, на кој што бил изграден дрвен манастир за сместување на членовите на мисијата, и изградена дрвена црква во име на Воскресението Спасителово. Јеловиот остров е мал, целиот покриен со шума. Речиси по неговата средина брза кон морето малиот поток. Токму тој живописен остров го избрал отец Герман за место на своето молитвено тихување, со свои раце си ископал таму пештера и во неа го поминал своето прво лето. За зимата во близина на пештерата му е изградена ќелија, во која живеел до смртта а пештерата ја претворил во место за молитвено тихување. Недалеку од ќелијата се издигала дрвена капела и дрвена куќичка за сместување на училиштето и посетителите. Пред ќелијата се ширела бавча. Овде тој поживеал повеќе од четириесет години. Овде во градината сам ги копал леите, садел компир и зелка, сеел најразличен зеленчук. За зимата собирал печурки, ги солел и сушел. Сам си подготвувал сол од морската вода или саламура. Плетената кошница во која старецот носел од морскиот брег билки за ѓубрење на земјата велат била толку голема што било тешко еден сам да ја подигне, а отец Герман, на чудење на сите, ја пренесувал без ничија помош на голема далечина. Една зимска ноќ неговиот ученик Герасим случајно го здогледал во шумата како оди бос и со толку големо дрво, кое одвај би го носеле четворица. Така се подвизувал старецот, и се што стекнувал со таквите неизмерни трудови, го употребувал за храна и облека на сиромашните, за своите воспитаници и на книги за нив.
Облеката му била иста и зиме и лете. Кошула никогаш не носел, а наместо неа еленска кожа, која по неколку години не ја соблекувал и не ја менувал, така што сите влакна од неа испаѓале и се лепела. Потоа чизми или чевли, подрасник, стар, излижан, сиот во закрпи, мантија и камилавка. Така облечен, тој одел секаде и во секое време. И по дожд и по снежна виулица и по зимска бура и по најсилен мраз.
Како постела му служела мала клупа, покриена со еленска кожа, излитена од времето, а како перница две тули, кои под голата кожа останувале незабележливи од посетителите. Покривка немал. Се покривал со дрвена штица која лежела врз печката. Таа штица ја нарекувал своја покривка, оставајќи аманет со неа да се покријат неговите посмртни остатоци. Таа било точно по негова должина.
„Кога бев во ќелијата на отец Герман“ раскажува Константин Ларионович, „јас грешниот седев на неговата постела, и тоа е самиот врв на мојата среќа“.
Му се случувало на отецот да биде на гости кај управници на Американски компании и во душекорисните разговори со нив да поседи до полноќ, па и по полноќ, но не останувал да ноќева кај нив, какво невреме и да имало, секогаш се враќал во својата пустина. А ако се случело поради некој исклучителен настан да ноќева надвор од ќелијата, наутро креветот наместен за него го наоѓале потполно недопрен, зашто старецот воопшто не спиел. Исто така и во својата ќелија, додека го минуваше времето во разговор, тој не одмораше.
Јадеше многу малку. На гости само ќе вкусеше од некое јадење и остануваше без ручек. Во ќелијата многу мал дел од ситна риба или зеленчук го сочинувале целиот негов оброк.
Неговото тело, измачувано од работата, бдеењето и постот, го смирувале и петнаесет килограмни тешки синџири. Тие синџири денес се чуваат во капелата.
Додека раскажува за таквите подвизи на отец Герман, неговиот ученик, алеутот Игнатиј Алигјаг, додавал: „тежок живот минувал деденцето, и никој не може да го подржува неговиот живот“.
Цртите од животот на старецот, кои што ги опишавме до сега се однесуваат, може да се рече, на неговото надворешно делување. А пак негово главно дело, зборува преосветениот епископ Петар, „било подвизувањето во осамената ќелија, каде што никој не го гледал. Само надвор од ќелијата слушале дека тој пеел и го завршувал богослужението според монашкото правило“.
Таквото сведоштво на преосветениот го потврдува и следниот одговор на самиот отец Герман. Го прашувале старецот:
- Како вие, оче Герман, живеете сам во шумата? Како не ви се здосадува?
Тој одговарал:
- Не, јас таму не сум сам! Таму е Бог, како што и насекаде е Бог! Таму се светите Ангели! А може ли со нив да биде досадно? Со кој е подобар и попријатен разговорот, со луѓето или со Ангелите? Се разбира, со Ангелите!
Како гледал отецот на домородното население на Америка, како го сфаќал својот однос спрема нив и како сочувствувал со нивните неволји, изразува самиот во едно писмо до поранешниот управник на колонијата Јановски.
„На драгата наша татковина“, пишувал тој, „Творецот како да благоволил како на новороденче да го даде овој крај, кое уште нема сили за било какво сознание ни смисла. Но, кое има потреба не само од покровителство, туку поради својата немоќ и слабата детска возраст и во самото подржување. Но, дури ни за тоа, тоа се уште не е способно на било кого да му ја упати својата молба. А бидејќи зависноста на ова народно богатство од небесното Провидување, неизвесна до кое време, е предадена во рацете на руската управа која се наоѓа овде, која сега е предадена на вашата власт, поради тоа јас, најнискиот слуга на овдешниот народ и дадилка, во нивно име застанав пред вас и со крвави солзи ви ја пишувам мојата молба. Бидете ни татко и покровител. Ние се разбира не сме вешти во красноречивоста, но со мутавоста на детскиот јазик зборуваме: избришете ги солзите на незаштитените сироти, разладете ги срцата кои се топат во огнот на тагата, дајте да разберат што значи радоста!“
Како што старецот чувствувал така и постапувал. Тој секогаш се застапувал пред управата за оние кои во нешто погрешиле, ги штител навредените, им помагал на потребитите, со се што можел, и Алеути од двата пола и нивните деца често го посетувале. Некој барал совет, некој се жалел на неправда, некој барал заштита, некој сакал помош, и секој го добивал од старецот можното задоволување. Тој ги усогласувал нивните меѓусебни нетрпеливости и се трудел да ги помири сите. Особено во семејствата се трудел да воспостави слога. Ако не успевал да го помири мажот со жената, старецот на некое време ги раздвојувал. Неопходноста од таквата мерка ја објаснувал вака: подобро нека живеат одвоено, отколку да се тепаат и караат. Инаку верувајте, страшно е ако не ги разделиш. Имало случаеви кога мажот ја убивал жената или жената го уништувала мажот.
Отец Герман особено ги сакал децата. Ги снабдувал со двопек, им печел переци, и малите се умилкувале околу него. Љубовта на отецот спрема Алеутите стигнувала до самоодрекување.
На бродовите од САД била пренесена на островот Ситка а оттаму на островот Кадјак заразна епидемија, смртоносна болест или рани. Болеста започнувала со температура, силна кијавица и гушење. За три дена човекот умирал. На островот немало ни доктори ни лекови. Болеста се ширела меѓу населението и брзо ја зафаќала и околината. Таа дејствувала врз сите, па дури и врз доенчињата. Смртноста била многу голема, така што по три дена немало кој да ги копа гробовите. Телата лежеле незакопани. „Јас“, вели очевидец, „не можам да замислам ништо потажно и поужасно од таа глетка, со која бев поразен, кога го посетив алеутското население. Тоа е голема шупа, или касарна, со кревети од штици, во кои живееле Алеутите со своите семејства. Во една таква шупа се сместувале до сто луѓе. Овде едни веќе умреле, вкочанети лежеле покрај живите, други умирале, а стенкањето и викотниците ја раскинуваа душата. Јас видов веќе умрени мајки, по чие ладни тела ползеа гладни деца, залудно со врисок барајќи храна... Со крв се миеше срцето од жалост. Се чини дека кога некој би можел со вистинска снимка да го прикаже сиот ужас на таа тажна слика, тој и кај најзакоравената душа би јавил страв од смртта. Преку целото време на таа грозна болест, која траела, со повремено стагнирање, цел месец, отец Герман без да се штеди, неуморно ги посетувал болните, ги советувал да трпат, да се молат, да се кајат или ги подготвувал за смртта“.
Старецот особено се трудел за моралното напредување на Алеутите. Со таа цел за алеутските сирачиња тој изградил училиште, и лично ги учел на законот Божји и црковното пеење. Со таа цел исто така во капелата, близу неговата ќелија, во неделните и празничните денови ги собирал Алеутите на молитва. Овде часовите и разните молитви ги читал за нив негов ученик а самиот го читал Апостолот, Евангелието и усно ги поучувал. Неговите воспитаници пееле и тоа пееле многу пријатно. Сакале Алеутите да ги слушаат поуките на отец Герман и масовно се собирале околу него. Привлечни биле беседите на старецот и со чудесна снага делувале врз слушателите. За еден таков благодатен впечаток на својот говор пишува самиот.
„Слава на светите судови на милостивиот Бог! Он со својата недостижна промисла Своја ми покажа сега нова појава, која овде на Кадјак јас, за дваесет години живот, не сум ја видел. Сега по Воскресение една млада жена, не постара од дваесет години, која добро зборува руски, која порано воопшто не ме познавала, и никогаш видела, дошла кај мене и, кога слушнала за воплотувањето на Синот Божји и за вечниот живот, толку пламнала во неа љубовта кон Исуса Христа, што никако не сака да си оди од мене. И со силна и неотстапна молба ме убеди, и против мојата наклонетост и љубов спрема осаменоста, да ја примам. И таа еве, веќе месец дена, живее при училиштето и не и се здосадило. Додека ја гледам со големо восхитување, се сеќавам на зборовите на Спасителот: тоа што е сокриено од премудрите и разумните, тоа им е откриено на младенците“.
Таа жена живеела при училиштето сѐ до смртта на отец Герман. Таа внимавала на однесувањето на децата, кои учеле во училиштето и тој на умирање и остави аманет да живее на Јелово. Се викала Софија Власова.
За карактерот и силите на беседите на старецот, господинот Јановски пишува:
„Имав триесет години кога се сретнав со отец Герман. Треба да кажам дека јас сум воспитан во морскиот корпус, знаев многу науки и многу читав. Но за жал, науката над науките, односно веронауката одвај површно ја сфаќав, и тоа теоретски, без да ја применувам во животот. Само на име бев христијанин а во душата и телото слободоумен. Дотолку повеќе, не ја признавав божественоста и светоста на нашата вера, зашто прочитав многу безбожни дела. Отец Герман тоа моментално го забележа и посака да ме обрати. На мое големо чудење, тој зборуваше толку силно, умно, докажуваше толку убедливо, така што никаква ученост и овоземна мудрост не би можеле да им одолеат на неговите зборови. Ние секојдневно разговаравме до полноќ, и дури и по полноќ, за њубовта Божја, за вечноста, за спасението на душите, за христијанскиот живот. Слатки зборови како непресушен поток се лееја од неговата уста!... Со таквите постојани разговори и молитви на светиот старец, Господ потполно ме обрати на патот на вистината, и јас станав вистински христијанин. Сето тоа му го должам на отец Герман. Тој е мојот вистински добротвор“.
„Пред неколку години“, продолжува господин Јановски, „отец Герман обрати еден морски капетан Г. од лутеранската вера кон Православието. Тој капетан беше многу едуциран, образован човек. Освен многу науки знаеше и руски, германски, француски, англиски и по малку шпански јазик, и при сето тоа не можеше да отстои против убедувањата и доказите на отец Герман, ја промени својата вера и беше присоединет кон Православната Црква преку миропазувањето.
При неговото заминување од Америка, старецот на збогување му рече:
- Внимавајте, ако Господ ја земе вашата сопруга од вас, во никој случај да не се жените за германка. Ако се ожените за германка, тоа со сигурност ќе го повреди вашето православие.
Капетанот даде збор, но не го исполни. Предупредувањето на старецот беше пророштво. По неколку години сопругата на капетанот навистина починала и тој се оженил за германка. Веројатно се откажал од верата или пак верата му ослабнала, и починал речиси без покајание“.
Понатаму, зборува господин Јановски:
„Еднаш го повикавме старецот на фрегатата, која пристигна од Петроград. Капетанот на фрегатата беше многу учен човек, високообразован. Бил испратен во Америка со највисока заповед за ревизија на сите колонии. Со него имало до дваесет и пет офицери, исто така образовани луѓе. Ете во такво друштво седел малиот по раст, во стара облека, пустинскиот монах, кој со своите мудри говори сите образовани собеседници ги доведе во таква состојба да не знаат што да му одговорат. Самиот капетан раскажува:
- Ние бевме неми пред него.
Отец Герман на сите им упатил едно прашање:
- Господа, што најмногу сакате и што секој од вас би сакал за своја среќа?
Летаа разни одговори. Некој сакал богатства, некој слава, некој жена убавица, некој прекрасен брод со кој би управувал, и така натаму, сѐ од тој вид.
- Но, вистина ли е - им рекол на тоа старецот, - дека сите ваши најразлични желби можат да се сведат на едно, дека секој од вас го сака она што според неговото сфаќање го смета за најдобро и најдостојно за љубов?
- Да така е! - одговориле сите.
- А што ќе кажете, - продолжува тој, - што може да биде подобро, над сѐ, повеќе од сѐ друго, и по предимство подостојно на љубов, ако не Самиот наш Господ Исус Христос, Кој нѐ создал, украсил со такво совршенство, на сѐ дал живот, сѐ одржува, храни, сите ги сака, кој Самиот е љубов и попрекрасен од сите луѓе? А зарем не треба поради тоа повеќе од сѐ да Го љубиме Бога, повеќе од сѐ да Го сакаме и бараме Бога?
Сите одговорија:
- Па да, да! Тоа се разбира! Тоа е јасно само по себе!
- А вие, Го сакате ли Бога? - праша старецот.
- Се разбира дека Го сакаме Бога, како е возможно да не Го сакаме?
- А јас, грешниот, повеќе од четириесет години се трудам да Го сакам Бога, и не можам да речам дека совршено Го сакам, - им возврати отец Герман и започна да им докажува како треба да се сака Бог. - Ако сакаме некого, ние секогаш се сеќаваме на него, се трудиме да му угодиме, дење и ноќе нашето срце е зафатено со тој предмет. Дали вие, господа, така Го сакате Бога? Дали често Му се обраќате, дали постојано се сеќавате на Него, дали секогаш Му се молите и ги исполнувате Неговите свети заповеди?
Мораа да признаат:
- Не!
- За наше добро, за наша среќа,завршува старецот, - во краен случај да си ветиме на себе дека од овој ден, од овој час, од овој момент, ќе се трудиме да Го сакаме Бога над сѐ, и да ја исполнуваме Неговата света волја!
Без никакво сомневање овој разговор морал да биде запечатен во срцата на слушателите за цел живот!
Воопшто старецот бил духовит, зборувал умно, разумно и поучно, првенствено за вечноста, за спасението, за идниот живот, за Божјите судби. Раскажувал многу од Житијата на Светиите, од Прологот, во инкогаш не зборувал нешто напразно. На луѓето им било толку пријатно да го слушаат, така што неговите собеседници, дури и Алеутите и нивните сопруги, се вклучувале во беседата и неретко си тргнувале од него дури на самнување и некако неволно - сведочи Константин Ларионов.
Како целосно посветен во служба на Господа, ревносен за прославувањето на Неговото сесвето име далеку од родината, среде најразличните неволји и лишувања, и поминати десетици години во возвишени подвизи на самоодрекување, старецот Герман бил удостоен со многу натприродни дарови од Бога.
Господин Јановски подробно го опишува надворешниот изглед на отец Герман.
„Живо се сеќавам, раскажува тој, „на сите црти на старчевото лице, кое блескаше со благодат, неговата пријатна насмевка, кроткиот привлечен поглед, смирениот, тивок карактер и неговите внимателни зборови. Беше со мал раст. Имаше бледо лице, покриено со брчки. Очи сиво плави, полни со сјај, а на главата малку седа коса. Неговиот говор не беше силен, туку многу пријатен“. Од своите разговори со старецот господин Јановски наведува два случаја:
„Еднаш, пишува тој, „Јас му ја прочитав на отецот одата „Бог“ од Державин. Старецот се израдува, се восхити и ме замоли да ја прочитам уште еднаш. Јас ја повторив.
- Возможно ли е тоа да го напишал прост учител? - праша тој.
- Да, научник, поет, - одговорив.
- Тоа е напишано со вдахновение Божјо - рече старецот.
Друг пат му раскажував како Шпанците во Калифорнија заробиле 14 мажи Алеути (1815 г) и како сите језуите ги приморувале да ја примат Римокатоличката вера. На тоа Алеутите никако не се согласувале и изјавувале:
- Ние сме христијани.
Тие им велеле:
- Не е вистина, вие сте еретици, шизматици и ако не се согласите да ја примите нашата вера, ќе ве усмртиме.
Потоа до ноќта биле разместувани по двајца по темниците Вечерта со фенер и запалени свеќи дошле језуитите во една од темниците со двајца Алеути и започнале повторно да ги убедуваат да ја примат Римокатоличката вера.
- Ние сме христијани и нема да ја промениме својата вера - бил нивниот одговор.
Тогаш језуитите започнале да ги мачат. Најпрвин едниот а другиот бил сведок. Му отсекле на Алеутот по еден зглоб од прстите на нозете, потоа по два, па по еден зглоб од прстите на рацете, па по два, потоа му ги отсекле стапалата, па шаките од рацете и се лиела многу крв. Маченикот трпел и само повторувал: „Јас сум христијанин“. И во таквите маки искрварил и се упокоил. Наредниот ден ветиле дека ќе го усмртат и неговиот другар. Но, таа ноќ од Монтреал е добиена наредба сите заробени руски Алеути веднаш да се испратат таму со спровод. И потоа сите тие, освен починатиот, биле испратени. Тоа ми го раскажа очевидецот Алеут, другар на усмртениот, кој потоа побегнал од ропството. За тоа тогаш ја известил главната управа во Петроград. Кога ја завршив мојата повест, отец Герман ме запраша:
- А како се викал усмртениот Алеут?
- Петар - му одговорив јас - а на презимето не се сеќавам.
Старецот застана пред иконата побожно, се прекрсти и изговори:
- Свети новомачениче Петар, моли Го Бога за нас“.
За донекаде да го изразиме самиот дух на учењето на отец Герман, ние ќе ги наведеме зборовите на неговото своерачно писмо.
„Празните желби на овој живот оддалечуваат од татковината; љубовта кон нив и навиката ја облекуваат нашата душа како во гнасен фустан, наречен од Апостолите надворешен човек. Странствувајќи по патот на овој живот, додека Го повикуваме Бога на помош, треба да ја соблечема таа гнасотија и да се облечеме во нови желби, со новата љубов на идниот век и преку тоа да препознаваме дали се приближуваме кон нашата небесна татковина или се оддалечуваме од неа. Но, невозможно е да го направиме тоа брзо, туку треба да го следиме примерот на болните, кои, барајќи добро здравје, не престануваат да бараат средства за да се излекуваат. Зборувам нејасно“.
Без да бара нешто за себе во овој живот, веќе одамна при самото доаѓање во Америка, според своето смирение се откажал од чинот Јеромонах и архимандрит и засекогаш останал прост монах. Отец Герман без ни најмал страв од моќните, бил ревносен со сето усрдие за Бога. Со кротка њубов, без да гледа кој е кој, тој многумина изобличувал за нетрезвениот живот, недостојното владеење и угнетување на Алеутите. Изобличуваната злоба се вооружувала против него и му ги вршела сите непријатности и неволји, но Господ го чувал. Управникот на колонијата Јановски, пред да го запознае отец Герман, поради некои клевети против него веќе пишувал во Петроград за неопходноста од неговото отстранување, објаснувајќи како божем тој да ги буни Алеутите против властите. Но, тоа обвинување се покажа неосновано. И
господинот Јановски подоцна беше во бројот на неговите почитувачи, Еднаш дошол иследник на Јеловиот остров со управникот на колонијата Н. и компаниските службеници да ја претресат ќелијата на отец Герман, со надеж дека ќе најдат кај него голем имот. Кога не нашле ништо вредно, најверојатно со допуштање на постарите, служителот Пономаров започнал со секира да ги крши штиците по подот.
- Пријателу мој, - му рекол тогаш отецот, - залудно си ја зел секирата. Тоа оружје тебе ќе те лиши од животот.
По некое време се побарани луѓе во Николаевскиот регрут, поради што од Кадјак испратиле таму руски служители а меѓу нив и Пономаров. Таму Кенајците додека спиел му ја отсекле главата со секира.
Многу големи неволји поднел отец Герман и од демоните. Тоа лично му го открил на својот ученик Герасим, кога тој влегол кај него во ќелијата без вообичаената молитва и на сите свои прашања не добивал одговор од него. Наредниот ден го прашал за причината за вчерашното молчење а тој му рекол:
- Кога дојдов овде и се населив во оваа пустина, многу пати демоните доаѓаа кај мене, божем од потреба, во вид на луѓе и зверови. И јас многу пропатив од нив со разни неволји и искушенија. Затоа и сега не зборувам со оној што ќе влезе кај мене без молитва.
Посветен целосно на Господа, ревносен единствено за прославување на Неговото сесвето име, далеку од роднините, среде најразличните неволји и оскудици, десетици години поминувајќи во високите подвизи на самоодрекувањето, отец Герман бил удостоен на многу натприродни дарови од Бога.
Среде Јеловиот остров, низ гората брза кон морето мал поток, чие што устие секогаш било засипано со пенести бранови. На пролет кога се појавувала речната риба, старецот раскопувал малку песок на устието за рибите да можат да поминат и првата риба што ќе се приближела брзала кон реката. „Се случуваше, ми вели апа (деденцето)“, раскажува Алигјаг, „појдеш и ете, фаќаш риба во раката“. Со суви риби ги хранел отец Герман птиците а тие во голем број надлетувале околу неговата ќелија. Под ќелијата кај него живееле хермелини. Тоа мало зверче, кога ќе се породи е недостапно и старецот го хранел од рацете. Ние на тоа не гледавме како на чудо, зборува неговиот ученик Игнатиј. Гледале исто така како отецот храни и мечка. По смртта на старецот и птиците и ѕверовите заминале. Дури и неговата градина не давала никаков род, ако некој самовласно ја користел, тврди отец Игнатиј.
На Јеловиот остров се случила поплава. Исплашените жители дотрчале кај старецот. Тогаш тој зел од домот на своите воспитаници Икона на Божјата Мајка, ја изнел и започнал да се моли. По молитвата им се обратил на присутните и рекол:
- Не плашете се, водата нема да премине од местото на кое што стои светата икона.
Зборовите на старецот се исполниле. Потоа, ветувајќи исто таква помош од светата икона и во иднина, по застапништвото на Пренепорочната Владичица, тој и заповедал на својата ученичка Софија во случај на поплави да ја поставува иконата на оградата. Таа икона се чува на островот и до денес.
Баронот Ф. П. Врангел, по молба на старецот, го пишувал по диктат неговото писмо на некој непознат митрополит. Кога било завршено и прочитано писмото, старецот му го честитал на баронот чинот адмирал. Тој се запрепастил, зашто тоа за него било новост, која навистина се потврдила по подолго време, кога тој доаѓал во Петроград.
- Те жалам, драги куме, му зборувал отецот на управникот Кошеварев, чиј син го држел на крштението, зашто смената ќе ти биде непријатна.
По две години, Кошеварев, при смената бил спроведен на островот Ситха.
Еднаш се запалила шумата на Јеловиот остров. Старецот со својот ученик Игнатиј во делот од шумата, еден аршин ширина, ги исекол дрвјата до коренот, ја раскопал мовта и рекол:
- Бидете мирни. Огнот нема да ги помине овие црти.
Наредниот ден, кога според сведоштвото на Игнатиј немало надеж за спасување, со голема јачина дошол оган до нив, но пројурил долж линиите и застанал, без да се допре до густата шума, која била над линијата.
Една година пред добивањето на веста на Кадјак за смртта на високопреосветениот митрополит (непознато е кој), отец Герман им зборувал на Алеутите дека нивниот најголем духовен водач веќе се упокоил.
Често зборувал дека Америка ќе има свој архијереј, тогаш кога за тоа никој и не размислувал а и немало надеж во Америка да се има свој архиереј, зборува преосветениот епископ Петар. Нонеговото пророшто се исполнило во свое време.
По мојата смрт, зборувал отец Герман, ќе има епидемија и од неа ќе умрат многу луѓе и Русите ќе ое обединат со Алеутите. Навистина, половина година по неговата смрт, настапиле морбили и смртноста била страотна. Во Америка во поедини населби останале живи само по неколку луѓе. Тоа ја поттикнало управата на колонијата да ги соедини Алеутите. Тогаш од дваесет населби се образувале само седум.
Иако ќе помине многу време од мојата смрт, им зборувал отецот на своите ученици, мене нема да ме заборават и местото на моето живееење нема да биде пусто. Монах сличен на мене, бегајќи од човечката слава, ќе дојде и ќе живее на Јелово и Јелово нема да остане без луѓе.
- Драги мој, - го прашал отец Герман Константин, кога тој имал не повеќе од дваесет години од раѓањето, - што мислиш ти, капелата што сега ја градат ќе остане ли тука?
- Не знам, деденце - одговорил малиот.
- И јас навистина - раскажува Константин, - тогаш не го разбрав прашањето, иако целиот разговор ми остана во добро сеќавање,
А старецот малку молчел, па рекол:
- Дете мое, запамети, на тоа место некогаш ќе има манастир.
- Ќе поминат триесет години од мојата смрт, и сите што живеат на островот ќе изумрат, а само ти ќе останеш жив и ќе бидеш стар и беден. Тогаш ќе се сетиш на мене, - му зборувал отец Герман на својот ученик, алеутот Игнатиј Алигјаг.
И навистина, по триесет години од смртта на отец Герман се сетиле на него, започнале да собираат вести за него, според кои и било напишано неговото житие.
- Восхитувачки е, - воскликнува Игнатиј,тоа како човек сличен на нас можел да го знае сето тоа однапред, на толку долго време. Всушност не! Тој не е прост човек! Тој ги гледал нашите мисли и влијаел така што ние му ги откривавме нему и добивавме поуки.
- Кога ќе умрам, - им зборувал старецот на своите ученици, - погребете ме покрај отец Јоасаф. Погребете ме сами, зашто свештеници не можете да дочекате. Телото мое немојте да го миете, положете го на штица, прекрстете ги рацете, завиткајте ме во мантија и со нејзините краеви покријте го моето лице а со камилавката главата. Ако некој посака да се прости со мене, нека го целива крстот, Моето лице не покажувајте го на никој.
Наближило времето за заминување на старецот. Еден ден му заповедал на својот ученик Герасим да запали свеќи пред иконата да чита од Делата на светите Апостоли. По некое време неговото лице заблескало и тој гласно рекол:
- Слава Ти, Господи!
Потоа наредил да се прекине со читањето и објавил дека на Господа Му е угодно да му го продолжи животот за уште една седмица. По една седмица, повторно на негова заповед, биле запалени свеќи и се читало од Делата на светите Апостоли. Старецот тивко ја наведнал својата глава на градите на Герасим, ќелијата се исполнила со благомирис, неговото лице блеснало и се упокоил. Така отец Герман блажено заспа во сонот на праведник, во 81 година од својот многутруден живот, на 13 декември 1837 година.
Испратените со тажната вест на пристаништето, кога се вратија објавија дека управникот на колонијата Кошарев се заканил да не го погребаат старецот додека тој да стигне. Заповедал да се направи добар сандак и дека тој со свештеникот веднаш ќе го доведе. Но, дувна страшен ветер. Заврна силен дожд и настана ужасна бура. Не беше големо растојанието од пристаништето до Јеловиот остров, само два часа пат, но никој не се осмелувал да тргна по морето по такво невреме. Тоа траело цел месец. Иако телото на отец Герман лежело цел месец во топлиот дом на неговиот воспитаник, неговото лице не се променило ниту од телото се појавила непријатна миризба. Најпосле, со искусното старче Козма Училишчев бил донесен сандак. Од пристаништето не дошол никој. Жителите на Јелово сами ги предале на земјата посмртните останки на својот старец. Така се исполниле претсмртните зборови на отец Герман. А потоа ветрот се смирил, површината на морето станала глатка како огледало.
Една вечер во населбата Котана (на Ајаска) на Јеловиот остров се видел необично светол столб, кој досегнувал до небото. Запрепастени од чудесната појава, искусните стари луѓе и Герасим Вологдин и неговата жена Ана рекле:
- Очигледно отец Герман нѐ напуштил.
И започнале да се молат. Потоа дознале дека токму таа ноќ старецот се упокоил. Тој столб го виделе од разни места и други. Таа ноќ, во другата населба на Атогнак, виделе човек кој се крева од Јеловиот остров кон облаците.
Кога го погребаа својот отец, неговите ученици над гробот му поставиле дрвен споменик. Јас лично го видов, раскажувал Кадјакскиот свештеник Петар Кошеварев, и сега можам да кажам дека тој воопшто не е нагризан од времето и како да е направен денес.
Кога го виде славниот во подвизите живот на отец Герман, кога ги виде неговите чудеса, исполнувањето на неговите претскажувања и најпосле неговото блажено упокојување, воопшто целото местно население, сведочи преосветениот епископ Петар, има целосно стравопочитување кон него, како спрема свет подвижник, и потполно се уверени во неговата богоугодност.
Во 1842 година, по пет години од неговото преставување, пловејќи по морето кон Кадјак и наоѓајќи се во крајна опасност, високопреосветениот Инокентиј, епископ Камчатски и Алеутски, погледнал кон Јеловиот остров и си рекол:
- Ако ти, оче Германе, си Му угодил на Бога, тогаш нека се промени ветрот!
И не поминале ни неколку минути, вели високопреосветениот, а ветрот им станал погоден и непречено стигнале на брегот. Од благодарност за спасувањето, архиепископот Инокентиј самиот служел парастос на гробот на преподобниот.
Преподобниот отец Герман и денес стои пред Пресвета Троица, просејќи спасување од бурите на гревовите и страстите, на сите кои светло го празнуваат неговиот свет спомен и воскликнуват кон него:
- Преподобен оче Герман, моли Го Бога за нас. Амин".
Од духовните поуки на старец Герман
Вистинскиот христијанин е плод на верата и љубовта кон Христа. Гревовите ни најмалку не му пречат на христијанството, според зборовите на Самиот Спасител. Он благоволил да каже: Не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците кон покајание (Мт. 9,13; Мр. 2, 17, Лк. 5, 32). На небесаша поголема радост ќе има за еден покајан грешник отколку за деведесет и девет праведници (Лк. 15, 7). Благоволил исто така да му каже и на фарисејот Симон за блудницата, која се допирала до неговите нозе: „На оној што има љубов, му се простува голем долг а на оној што нема љубов му бараат да го врати и малиот“ (сп. Лук. 7, 47). Преку овие расудувања христијанинот треба да се доведува себеси до надежта и радоста и воопшто да не обрнува внимание на надојденото очајание. Овде е неопходен штитот на верата.
+++
За оној што Го сака Бога гревот не е ништо друго освен стрела од непријателот за време на битка. Вистинскиот христијанин е борец, кој го пробива патот низ полковите од невидливиот непријател кон својата небесна татковина, согласно со апостолските зборови: Нашата татковина е на небесата (Фил. 3,20), а за војниците вели: Нашата борба не е против крв и плот, туку проив началствата, против власите(Еф. 6, 12).
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПЕТАР АЛЕУТ
Пострадал за верата Православна во 1815 година во Сан Франциско во Америка, луто мачен од Језуитите. За него видете опширно во денешното житие на преподобниот отец наш Герман Аљаски.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АРСЕНИЈ ЛАТРСКИ
Преподобниот Арсениј беше родум од Цариград, син на благородни, побожни и богати родители. Царот го постави за војсководец и патрициј на Кивериотската област. Еднаш, додека со војската пловеше по морето, се крена страшна бура и сите бродови потонаа со сѐ во нив, а единствено тој се спаси. Потоа Арсениј се одрече од светот, го прими ангелскиот монашки чин, и сиот се предаде на монашките подвизи, чистејќи ги и душата и телото со молитвите, постовите, бдеењето, лежењето на земјата и други доброволни страдања. Тој носеше и тешки синџири. А неговите маки од студот и горештината, и потоците од солзи, и сеноќните стоења, и војувањето со злите духови, кој би можел да ги наброи? Живеејќи во такви подвизи, тој од страна на Духот Свети беше одведен во едно пусто и диво место. Се хранеше само со диво зелје. И тоа не го јадеше туку само вкусуваше а вода земаше сосем малку и тоа на два или три дена еднаш.
По долгото тешко подвизување на тоа место, преподобниот отиде на гората Латра, каде со молитвата и крстниот знак усмрти смртоносна аспида. Потоа со Божја наредба се пресели во манастирот Келиварски. Тука по кратко време стана игумен и многумина поттикна на извршување на доблестите. По извесно време од манастирот се повлече во една пештера, полна со диви зверови. Така тој, како втор пророк Даниил, се подвизуваше во молитвена осаменост среде зверовите. Таа пештера ја претвори во училиште за човечките души. Кај него се собраа браќа, кои тој со својот свет живот и богомудрите поуки ги водеше по патот на спасението. Затворен во својата тесна ќелија, тој шест дена во текот на седмицата ниту со некого зборуваше, ниту некаква храна земаше. Единствено во недела ги поучуваше браќата и земаше храна. Со таквите подвизи и доблести, преподобниот Арсениј достигна такво бестрастие, такво совршенство, што повеќе не земаше никаква храна, туку го хранеше Ангел Божји и доби од Господа дар на чудотворство. Така тој со својот жезол горчливата вода ја претвори во питка. Изврши многу други чудеса и мирно се упокои среде браќата.
СПОМЕН НА ПРЕЛОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АРИС
Кроткиот отец Арис мирно се преставил во Господа.