25. Декември (12. Декември)
ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ СПИРИДОН ЧУДОТВОРЕЦ,
епископ Тримитунтски
Татковина на чудесниот Спиридон беше островот Кипар. Како син на прости родители, земјоделци, и самиот беше прост, смирен и доблесен. Од детството беше пастир на овците. Млад се ожени и имаше деца. Водеше чист и богоугоден живот, подржувајќи го Давид во кротоста, Јаков во простосрдечноста, Авраам во гостољубието. По не многу години умре неговата жена и тој започна уште послободно и поусрдно да Му служи на Бога со добри дела и сиот свој живот го минуваше во згрижување на странците и исхрана на ништите. Живеејќи на таков начин во светот, тој толку Му угоди на Бога, така што се удостои од Него дарот на чудотворството. Тој исцелуваше неизлечиви болести и со збор истеруваше ѓаволи од луѓето. Поради тоа беше поставен за епископ на градот Тримитунт, во времето на царот Константин Велики и неговиот син Констанциј. И на епископскиот престол тој продолжи да прави големи и прекрасни чудеса.
Еднаш на островот Кипар зафати голема суша, од која настана глад, по гладот помор, и многу луѓе умираа од глад. Небото се затвори, и беше потребен втор Илија, или сличен на него, за со својата молитва да го отвори небото. Како таков се јави свети Спиридон. Кога ја виде неволјата што ги снајде луѓето и родителски жалејќи ги оние што умираат од глад, усрдно се помоли на Бога и веднаш небото се покри со облаци од сите страни, и падна силен дожд и врнеше неколку дена, додека светителот повторно не се помоли на Бога и се разведри. Земјата богато се напои и даде изобилен род. Нивите обилно родија, бавчите и градините беа преполни со плодови. По гладот настапи големо изобилие, по молитвите на угодникот Божји Спиридон.
Но, по неколку години, поради човечките гревови, со допуштање Божјо повторно настана глад во таа земја. Богатите житопродавачи се радуваа на скапотијата, зашто имаа насобрано жито од неколку година наназад, па ги отворија житниците и го продаваа житото по високи цени. Имаше тогаш во градот еден трговец, кој беше ненаситно среброљубив и премногу сластољубив. Тој во многу места откупи многу жито, го пренесе со кораби во Тримитунт, но не сакаше да го продава по тогашната пазарна цена, туку го смести во житниците, со намера да почека уште пострашен притисок на гладот и тогаш уште поскапо да го продаде. Кога настапи сеопшт глад и од ден на ден се повеќе ги усмртуваше луѓето, тој започна да го продава житото по многу висока цена. При тоа кај него дојде еден сиромав, просејќи и молејќи го, и со солзи поклонувајќи му се да се смилува и да му подари малку жито, за со жената и децата да не умрат од глад. Но, немилосрдниот богаташ не сакаше да се смилува и му рече:
- Оди, донеси пари, и ќе добиеш онолку колку што ќе платиш.
Сиромавиот, тетеравејќи се од глад, отиде кај свети Спиридон, и низ солзи му раскажа за својата мака и немилосрдието на богаташот. Светителот му рече:
- Не плачи! Оди си дома, зашто Духот Свети ми вели дека утре твојот дом ќе биде полн со жито а богаташот ќе те моли и ќе ти даде жито бадијала.
Сиромавиот воздивна и си замина. Пред изгрејсонце, со наредба Божја падна силен дожд и силната вода сруши многу житници на немилосрдниот среброљубец и го разнесе сето жито. Немилостивиот со своите домашни трчаше по целиот град, викајќи и молејќи ги сите да му притекнат на помош, за од богат да не стане просјак. А кога сиромашните луѓе го видоа житото разнесено на сите страни, започнаа да го собираат и си ги наполнија своите домови. Така и оној сиромав го наполни својот дом. Кога ја виде врз себе очигледната казна Божја, богаташот и овој сиромав започна да го моли да си собере жито колку што сака бесплатно.
Така Бог го казни за немилосрдието, според пророштвото на светителот и ги избави сиромашните од гладот.
Еден земјоделец, познат на светителот, дојде кај тој исти немилосрден богаташ за време на гладот, и го молеше да му даде малку жито на заем, ветувајќи дека за време на жетвата ќе му врати со голема камата. Богаташот покрај соборените житници од поплавата имаше и други полни со жито, но при првиот губиток не се вразуми и излечи од скржавоста и не сакаше дури ни да го ислуша овој страдалник, туку му рече:
- Без пари нема да добиеш од мене ниту едно зрно,
Кутриот земјоделец заплака и отиде кај свети Спиридон да му ја каже својата мака. Светителот го утеши и испрати дома. Утредента лично отиде кај него и му однесе малку злато, без да му каже од каде е. Му го даде и рече:
- Носи го брате, ова злато на богатиот житопродавач и дај му го како залог, а тој нека ти даде жито колку што ти е потребно за прехрана. А од твојата жетва откупи го овој залог и повторно врати ми го.
Бедниот земјоделец го зеде златото од светителовите раце и веднаш отиде кај богаташот. Златољубивиот се израдува и веднаш му даде на сиромавиот на заем жито колку што му беше потребно. А кога дојде жетвата и имаше добар бериќет, и исчезна гладот, земјоделецот со голема камата му однесе жито на богаташот и го зеде заложеното злато, па со благодарност му го врати на свети Спиридон. Светителот го зеде златото и се упати во својата градина заедно со земјоделецот, велејќи му:
- Ајде, брате, со мене, за заедно да Му го вратиме ова на Оној што милосрдно ни го даде на заем.
И кога со земјоделецот влезе во градината, го остави златото крај оградата, ги крена очите кон небото и рече:
- Господи мој, Исусе Христе, Ти со својата волја се ствараш и претвораш! Ти некогаш пред очите на царот Египетски Мојсеевиот стап си го претворил во змија. Нареди му сега и на ова злато, кое Ти порано го претвори од животно, повторно да се врати во својот првобитен облик, за и овој човек да дознае колку Ти промислуваш за нас и всушност не учиш на она што е речено во Светото Писмо: „Господ прави се што сака“ (Пс. 134, 6).
Додека така се молеше, златото одеднаш доби животна сила и започна да се движи, претворајќи се во змија и ползејќи. Така на молба на светителот змијата најпрвин се беше претворила во злато, па потоа на чудесен начин од злато повторно стана змија. Додека го гледаше чудото, земјоделецот трепереше од страв, па падна на земјата, зборувајќи дека е недостоен на таквото чудесно добротворство.
Змијата отползи во својата дупка. Земјоделецот многу благодарен се врати дома, запрепастен од величината на чудото сторено од Бога по светителовите молитви.
Еден доблесен човек, пријател на свети Спиридон, од завист беше наклеветен од страна на лоши луѓе пред градскиот судија и затворен во темница а потоа осуден на смрт без никаква вина. Блажениот Спиридон дозна за тоа и појде да го спаси својот пријател од незаслужената смрт. Но, во тоа време се случи поплава во тој крај, и потокот на светителовиот пат силно надојде, се излеа од коритото и стана непрооден. Но, чудотворецот се сети како Исус Навин со Ковчегот на заветот како по суво ја премина надојдената река Јордан, па верувајќи и сега во семоќноста на истиот Бог, му рече на потокот, наредувајќи му како на слуга:
- Застани! Така ти наредува Господарот на сиот свет, за јас да поминам и да се спаси човекот поради кого брзам!
Штом го рече тоа, во тој миг потокот застана, се запре текот на водата и се отвори сув пат, не само за светителот туку и за останатите со него. Сведоците на чудото побрзаа кај судијата и го известија за доаѓањето на светителот и за чудото што го стори по пат. Тој веднаш го ослободи осудениот и му го предаде здрав на светителот.
Со своите прозорливи очи преподобниот ги гледаше и тајните човечки гревови. Така еднаш, додека се одмораше од патот кај еден странопримец, една жена, заробена во телесна страст, која тајно вршеше грев со некој човек, сакаше да му ги измие нозете. Но, знаејќи за нејзиниот грев, тој ѝ рече:
- Не допирај се до мене, жено!
Ѝ го рече тоа, не затоа што се гнасеше од неа и ја отфрлаше како грешница, зашто како може да се гнаси од грешниците ученикот на Господа, Кој со цариниците и грешниците јадел и пиел. Не, туку го рече тоа за да ја поттикне жената да се сети на своите гревови, да се засрами од нечистите помисли и делата свои. Кога жената продолжи упорно да настојува да се допре до неговите нозе и да ги измие, светителот, за да ја спаси од гибелта ја изобличи кротко со љубов, потсетувајќи ја на нејзините гревови и поттикнувајќи ја на покајание. Восхитена и запрепастена од тоа што нејзините непознати и тајни дела и помисли не се сокриени од прозорливите очи на човекот Божји, жената се засрами и со скрушено срце падна пред неговите нозе, миејќи ги не со вода туку со солзи и отворено исповедајќи ги своите гревови, за кои што беше изобличена. Таа постапи како некогаш евангелската блудница, а светителот, угледувајки се на Господа, сомилосно ѝ рече:
- Не плаши се, ќерко! Ти се простуваат гревовите. Ете, здрава си, повеќе не греши!
Од тогаш таа жена целосно го промени својот живот и со својот пример им беше од корист на многумина.
До сега зборувавме за чудесата што свети Спиридон ги стори за време на својот живот, а сега ќе ја објавиме неговата ревност за верата православна.
За време на царувањето на Константин Велики, првиот христијански цар, се свика во 325 година во Никеја Првиот Вселенски Собор, за осудување на безбожниот Арија, кој богохулно го нарекуваше Синот Божји створение а не Творец на сѐ, и за озаконување да се исповеда дека Синот Божји е едносуштен со Бога Отецот. Ариј во неговото богохулство го подржуваа епископите на тогаш значајните цркви: Евсевиј Никомидиски, Марис Халкидонски, Теогниј Никејски. А поборници за Православието беа луѓе украсени со животот и учењето: големиот меѓу светите Александар, кој во тоа време се уште беше презвитер и воедно и заменик на свети Митрофан, патријархот Цариградски, кој поради болест не беше на Соборот, и славниот Атанасиј, кој сѐ уште не беше украсен со презвитерскиот чин туку како ѓакон служеше во Александриската црква. Тие двајца предизвикаа кај еретиците особено негодување и завист, затоа што другите ги надминуваа во разбирањето на вистините за верата а сѐ уште не беа почестени со епископскиот чин. Со нив беше и големиот Спиридон, чиј живот и благодатта што беше во него беа покорисни и посилни во убедувањето отколку говорите на другите, докажувањата и красноречивоста. Со дозвола на царот, на соборот присуствуваа и грчки философи, наречени Перипатетици. Најистакнатиот меѓу нив го подржуваше Ариј и се гордееше со својата говорничка вештина, трудејќи се да го исмее учењето на православните. Блажениот Спиридон како необразован човек, кој Го знаеше само Христа и тоа распнат (Кор. 2, 2), ги замоли Отците да му дозволат да стапи во расправа со тој философ, но знаејќи дека е неук и сосем незапознат со грчката философија, тие му бранеа. Меѓутоа свети Спиридон, знаејќи каква сила има севишната мудрост и колку е немоќна пред неа човечката мудрост, му се обрати на тој философ и му рече:
- Философе, во името на Исуса Христа, сослушај што ќе ти речам.
Философот му одговори:
- Зборувај, ќе те сослушам.
Светителот започна да зборува:
- Еден е Бог, Кој ги створи небото и земјата и го создаде човекот од земја и уреди со Зборот Свој и Духот сѐ останато, видливо и невидливо; и ние веруваме дека тоа Слово е Син Божји и Бог, Кој се сожали на нас заблудените, се роди од Дева, поживеа со луѓето, пострада и умре заради нашето спасение и вокресна и со Себе го совоскресна родот човечки; ние чекаме Он да дојде и да им суди на сите според правдата и да му возврати на секого според делата; веруваме дека Он е една природа со Отецот, рамна со Него по власт и чест. Така ние тоа го исповедаме без никакво радознало испитување, и ти не се осмелувај да испитуваш како сето тоа може да биде, зашто овие тајни го надминуваат твојот разум, и далеку го надминуваат секое човечко знаење.
Потоа молчеше малку, па го праша:
- Не ти изгледа ли и тебе тоа така, философе?
Меѓутоа философот молчеше, како никогаш да не знаел да се расправа. Не можеше ништо да каже против светителовите зборови, во кои дејствуваше Божествена сила, та се исполни реченото во Светото Писмо: „Царството Божјо не е во зборовите туку во силата“ (1 Кор. 4, 20). Најпосле философот рече:
- И јас сметам дека е навистина така како што велиш.
Тогаш старецот рече:
- Тогаш оди и прими го знамението на Светата Вера.
А философот, обраќајќи им се на своите пријатели и ученици рече:
- Слушнете ме! Додека се водеше препирката со мене јас со зборови се спротивставував на зборовите и со препирачката вештина ги победував сите. Но, кога наместо зборови од устата на овој старец започна да излегува некоја сила, зборовите станаа немоќни против неа, бидејќи човек не може да Му се спротивстави на Бога. Затоа, ако некој од вас може да мисли како мене, тогаш нека поверува во Христа и заедно со мене да го следи овој старец, низ чија што уста зборува Бог.
Тој философ ја прими православната вера и се радуваше што беше победен од светиот старец за своја корист. Се радуваа и сите православни а еретиците беа многу посрамени.
Кога заврши Соборот на светите Отци, на кој Арија беше победен и осуден, сите учесници се разотидоа, како и свети Спиридон. Во тоа време умре неговата ќерка Ирина, која времето на својата цветна младост ја помина во чиста девственост и се удостои на Царството Небесно. Но, кај светителот дојде една жена и низ солзи му рече дека таа на неговата ќерка Ирина и дала на чување некој златен накит, но бидејќи наскоро умрела никој не знаел каде го оставила накитот. Свети Спиридон ја пребара целата куќа, но не го најде. Тој се сожали на жената, па со своите домашни отиде на гробот на својата ќерка и обраќајќи ѝ се како на жива, викна:
- Ќерко моја Ирина, каде е златниот накит што ти е доверен на чување?
Ирина, како да се разбудила од длабок сон, одговори:
- Господине мој, го сокрив на тоа и тоа место во куќата.
И точно укажа каде е тоа место.
Тогаш светителот ѝ рече:
- Сега спиј, ќерко моја, додека Господ на сите не те разбуди при сеопштото воскресение.
Сите присутни ги обзеде восхитување и страв од ова необично чудо. Светителот го најде на посоченото место сокриениот накит и ѝ го предаде на жената.
По смртта на Константин Велики царството се подели на два дела. Источната половина му припадна на неговиот постар син Констанциј. Во Антиохија царот Констанциј падна во тешка болест, која лекарите не можеа да ја излечат. Болниот цар прибегна со молитви кон Бога, Кој може да ги исцелува душите и телата и усрдно се молеше за исцеление од својата болест. И во ноќно видение виде Ангел, кој му покажа собир на свети епископи од сите околни градови, при што му укажа на двајца исклучително прекрасни, кои според се биле водачи и старешини на останатите. При тоа Ангелот му рече на царот дека единствено тие двајца епископи можат да го излечат.
Царот долго размислуваше за видението и не можеше да се досети кои се тие двајца епископи. Нивните имиња и крај му беа непознати, а едниот од нив тогаш не беше епископ. Долго време се чудеше, и најпосле по нечиј добар совет ги свика сите епископи од сите околни градови, за да ги пронајде меѓу нив оние од видението. Но, не ги најде. Тогаш повика епископи во далеку поголем број и дури и од најдалечните покраини, но и меѓу нив не ги најде оние двајца. Најпосле ги свика кај себе епископите од целото свое царство. Таквиот царски повик, подобро речено молба, стигна и на островот Кипар, кај блажениот Спиридон, епископот Тримитунтски, на кого веќе се му беше откриено од Бога во однос на царот.
Свети Спиридон веднаш тргна и го поведе со себе својот ученик Трифилиј, кого царот го виде во видението заедно со свети Спиридон и кој во тоа време се уште не беше епископ. Кога стигнаа во Антиохија, тие се упатија кон царскиот дворец. Блажениот Спиридон беше бедно облечен, во рацете имаше палмов стап, на главата митра, а на градите му висеше глинено садче, како што беше обичај кај ерусалимските жители, кои обично во него носеле елеј од Светиот Крст. Кога таков влегуваше во дворецот, еден од дворските службеници, богато облечен, помисли дека е некој просјак, го исмеа и не му дозволи да влезе во дворецот туку му удри шлаканица. Незлобивиот, според зборовите Господови, му го сврте и другиот образ. Тогаш службеникот сфати дека е епископ, па смирено побара прошка и ја доби.
Кога влезе кај царот тој веднаш го препозна, зашто токму таков го виде во сонот. Стана, му пријде, му се поклони и со солзи го молеше да се помоли на Бога да го исцели од болеста. Светителот се допре до неговата глава и царот веднаш оздраве. Беше многу радосен на своето исцеление и му укажа голема чест и го помина со него целиот ден радосен, опсипувајќи го со исклучително почитување и љубов својот добар лекар.
За тоа време Трифилиј многу се восхитуваше на царскиот сјај, убавината на дворецот, големците кои стоеја пред царот кој седеше на престолот, и најразличниот чудесен и златест изглед, на вештото служење на слугата, на раскошно облечените. Свети Спиридон го праца:
- На што се восхитуваш, брате? Зарем царската велеледност и слава го прават царот поправеден од останатите? Зарем царот не умира како и секој просјак и бива погребан? Зарем нема и тој подеднакво со другите да застана пред Страшниот Судија? Зошто го цениш минливото како неминливо? Зошто се восхитуваш на ништовното, кога треба со сета душа да го бараш невештественото и вечно, да ја сакаш неминливата слава небесна?
Преподобниот му даде многу поуки и на самиот цар. Да се секава на добротворствата Божји, лично да биде добар спрема своите поданици, милосрден спрема оние што грешат, благонаклонет кон молителите, дарежлив спрема потребитите, на секого да му биде како татко, полн со лубов, добар и милосрден, зашто кој така не царува треба да се нарекува мачител а не цар. Најпосле му рече строго да ги држи и чува правилата и обичаите на побожноста, и никако да не прима ништо спротивно на Црквата.
Царот, за да му се заблагодари на светителот за оздравувањето му нудеше многу злато, но тој одбиваше да го прими, говорејќи;
- Не е убаво, царе, да се возвраќа со омраза за љубовта, зашто тоа што јас го сторив за тебе е љубов. Да се остави домот, да се препливаат толку морски пространства, да се претрпат жестоки зимски мразеви и силни ветришта, зарем тоа не е љубов? И за сето тоа зарем да примам како благодарност злато, кое што е причина за секое зло и лесно ја погубува секоја правда?
Така зборувајќи, светителот не сакаше да прими ништо. Но, на упорните молби на царот се согласи златото само да го прими, но не го задржа кај себе. Веднаш го раздаде на сиромашните.
Освен тоа, на совет од светителот, царот ги ослободи од данок свештениците, ѓаконите и сите клирици и службени и црковни, сметајќи дека не доликува служителите на бесмртниот Цар да му даваат данок на смртниот.
Откако се раздели со царот и се враќаше во својот крај, светителот по патот беше примен во куќата на еден христољубец. Тука кај него дојде една жена незнабошка, која не умееше да зборува грчки. Таа го донесе на раце својот мртов син, и горко плачејќи го положи крај светителовите нозе. Никој не го знаеше нејзиниот јазик, но нејзините солзи сведочеа дека го моли светителот да го воскресне нејзиното мртво чедо. Одбегнувајќи ја човечката слава, светителот одбиваше да го стори тоа, но како жалостив, подлегна на горкото ридање на мајката и го праша својот ѓакон Артимедот:
- Што да правиме, брате?
Тој одговори:
- Зошто ме прашуваш, оче? Што друго ќе направиш освен да го повикаш Христа Живототворецот, кој толку пати ги исполнил твоите молитви? Кога веќе го исцели царот, зарем ќе ги отфрлиш ништите и бедни?
Уште повеќе поттикнат на милосрдието со овој добар совет, светителот се расплака, ги преклони колената, усрдно се помоли на Господа, и Господ, Кој преку пророкот Илија и Елисеј им ги врати животите на синовите на вдовиците Сарептска и Соминиќанката, ја услиша и молитвата на угодникот Свој Спиридон, го врати духот на животот во незнабожното детенце, кое веднаш започна да плаче, Но, мајката од преголема радост веднаш падна мртва. Луѓето умираат не само од преголема тага туку понекогаш и од преголема радост. Така оваа жена умре од радост, а сведоците на нејзината смрт, по нивната неочекувана радост за оживеаното детенце ги фрли во неочекувана жалост и солзи. Тогаш светителот го праша својот ѓакон:
- Што да правиме?
Ѓаконот го повторни претходниот совет и светителот повторно прибегна кон молитвата. Ги крена очите кон небото, го впери својот ум во Бога и Му се молеше на Оној Кој им дава живот на мртвите и со еден Свој збор се променува. Потоа и рече на покојната што лежеше на земјата:
- Стани и застани на своите нозе!
Таа стана како да се разбуди од сон и го зеде во рацете своето синче. Тогаш светителот им запрети на сите присутни никому да не раскажат за слученото. Дури по неговото преставување ѓаконот Артемидот им го објави тоа на верните, за да не се премолчат големината и силите Божји, јавени преку големиот Божји угодник Спиридон.
Кога светителот се врати дома, кај него дојде еден човек за од неговото стадо да купи сто кози. Светителот му рече да ја исплати договорената сума и потоа да ги земе козите. Купувачот наброи пари за дваесет и девет кози а затаи една, мислејќи дека светителот нема да го забележи тоа, зашто во својата простодушност беше далеку од секоја житејска грижа. Кога отидоа во трлото, светителот му рече да земе онолку кози колку што платил. Купувачот изброи сто и ги истера од трлото. Но, една од нив, како да е разумна и добра робинка, знаејќи дека нејзиниот господар не ја продал, брзо се врати во стадото. Купувачот повторно ја фати и ја влечеше, но таа се искраде и повторно побегна во трлото. Така три пати се враќаше и бегаше околу оградата, па најпосле ја натовари на своите рамења и ја понесе во својот дом. Козата силно врескаше и со роговите го бодеше по главата, на што сите многу се чудеа. Тогаш свети Спиридон сфати во што е работата и не сакајќи лукавиот купувач да го изобличи пред сите, тивко му рече:
- Разгледај, чедо, можеби има причина поради што ова животно не сака да биде одведено во твојата куќа. Да не си ги затаил парите за неа, па затоа бега кон трлото?
Купувачот се засрами, го исповедаше својот грев и молеше за прошка. Потоа ја исплати козата и ја поведе. Таа кротко и мирно започна да оди, и тоа одеше пред својот нов господар.
На островот Кипар имаше едно село, викано Еритра. Свети Спиридон отиде таму по некоја работа, па влезе во црквата и му нареди на еден од тамошните Ѓакони да изврши кратка молитва, зашто се беше заморил од долгото патување, особено што тогаш беше време на жетва и силна горештина. Но, Ѓаконот започна многу бавно да ја врши молитвата, и особено да ја развлекува, арогантно извивајќи и пеејќи, и гордеејќи се со својот глас. Светителот налутено го погледна, иако беше по природа благ, и со прекор му рече:
- Замолкни!
И во тој миг ѓаконот онеме. Го изгуби не само гласот туку и говорот и стоеше нем, како да нема јазик. Сите присутни многу се исплашија. Гласот за тоа веднаш се разнесе по целото село, и сите жители се собраа да го видат чудото и беа запрепастени. Ѓаконот падна пред нозете на светителот и со знаци го молеше да му го разреши јазикот. Го молеа и сите негови роднини и присутните. И одвај го умолија, зашто беше суров спрема гордите и суетните. Најпосле му прости, му го разврза јазикот, но при тоа му остави траги од казната. Не му го врати целосно туку целиот свој живот тој имаше слаб глас, и пелтечеше при говорот, за повеќе да не се гордее со својот глас и да не се фали со разговетноста на својот говор.
Еднаш овој божествен маж во својот град влезе во црквата на вечерна. Се случи тогаш внатре да нема никој освен црковниот служител. Светителот нареди да се запалат многу свеќи и кандила и застана пред олтарот со весел дух. И кога во одреденото време рече со повишен глас: „Мир на сите!“ - а немаше луѓе за да му возвратат со вообичаениот одговор, ненадејно се чу одозгора огромно мноштво гласови, кои воскликнуваа: „И на духот твој!“
Тој хор беше голем, прекрасен и складен, и го надминуваше секое човечко најубаво пеење. Ѓаконот, кон кого се произнесуваше ектенијата го обзеде ужас, кога по секоја ваква ектенијна молба се слушаше божествено пеење одозгора: „Господи помилуј!“ Тоа пеење се слушало далеку од црквата, та многу народ побрза да го слуша чудесното и прекрасно пеење. Колку што повеќе приближуваа до црквата, чудесното пеење се повеќе го маѓепсуваше слухот и го насладуваше срцето. Но, кога влегоа во црквата не видоа никого овсен светителот со неколку црквенослужители, и повеќе не го слушаа тоа небесно пеење, што многу ги запрепасти.
Во друга пригода, кога светителот исто така стоеше во црквата на вечерната богослужба, во кандилото снема зејтин и веќе започна да се гаси, бидејќи тогаш во црквата воопшто немаше зејтин. Светителот се нажали зашто мислеше дека со гасењето на кандилото ќе се прекине вечерното богослужење и нема да се изврши вообичаеното правило. Но Бог, кој ја твори волјата на оние кои Му се плашат, направи та во кандилото навре зејтин и започна да се прелива, како некогаш садот на вдовицата во деновите на Елисеј. Служителите донесоа садови, ги ставија под кандилата и ги наполнија со тој зејтин. А тој вештествен зејтин во кандилото беше јасен доказ за преизобилната благодат Божја со која свети Спиридон беше преполн и која обилно се излеваше од него врз неговото словесно стадо.
На островот Кипар постои градот Кирина. Еднаш тргна светителот таму по некоја работа заедно со својот ученик Трифилиј, кој во тоа време беше веќе епископ Левкусиски на островот Кипар. Кога минуваа низ гората Пентадактил и се најдоа на местото Пиримна, прекрасно и многу богато со билки и растенија, Трифилиј се воодушеви од тој крај. За тоа долго размислуваше, но неговото размислување не остана сокриено за прозорливите очи на големиот отец, кој му рече:
- Зошто, Трифилиј, постојано мислиш за ништовните работи, и посакуваш имоти и лозја, кои всушност немаат никаква вредност и само наизглед имаат и со својата привидна вредност ги заведуваат човечките срца? Нашето непропадливо богатство е на небесата и имаме куќа неракотворна. Нив барај ги, со нив и понатаму преку богомислие насладувај се. Тие не можат да поминат од едно кон друго, туку кој еднаш ќе стане нивен поседник, тој добива наследство кое останува за навек заедно.
Овие зборови беа од голема корист за Трифилиј, и потоа тој со својот вистински евангелски живот покажа дека станал избран сад Христов, како некогаш апостол Павле, и се удостои на безбројни дарови од Господа. Така доблесниот свети Спиридон ги упатуваше и другите на доблестите. Неговите совети и поуки им беа од голема корист на оние што ги прифакаа. Оние пак што ги одбиваа доживуваа лош крај. Еве доказ за тоа.
Еден трговец, жител на градот Тримитунт, отиде во туѓа земја по трговија и се задржа таму дванаесет месеци. За тоа време неговата жена изврши прељуба и забремени. Кога се врати дома трговецот забележа дека сопругата му е бремена и сфати дека таа во негово отсуство извршила прељуба. Тоа многу го рзгневи и започна да ја тепа и да ја брка од дома. Потоа отиде, му раскаже се на свети Спиридон и бараше совет. Светителот длабоко го потресе гревот на таа жена и горкиот јад на мажот, па ја повика и не ја праша дали навистина извршила прељуба, бидејќи за тоа сведочеше нејзината состојба, туку отворено ја праша:
- Зшто си ја осквернила постелата на својот маж и си нанела срам на неговиот дом?
Но, бесрамната жена се дрзна отворено да лаже дека не зачнала од никој друг освен од својот маж. Присутните негодуваа и зборуваа дека тоа е невозможно, зашто сопругот не бил дома цели дванаесет месеци, а плодот не може толку време да остане во утробата. Но, таа упорно тврдеше дека зачнатиот плод го чекал враќањето на својот татко, па во негово присуство да се роди. Така таа крена голема врева, клеветејќи и навредувајќи. Тогаш свети Спиридон, за да ја поттикне на покајание, кротко и рече:
- Жено, ти си паднала во голем грев, па затоа и покајанието треба да ти биде големо. И за тебе постои надеж за спасение, и нема грев кој го надминува милосрдието Божјо. Но, јас гледам дека прељубата родила во тебе очајание а очајанието бесрамност, и би било праведно да поднесеш заслужена и брза казна. И покрај тоа ти даваме место за покајание и однапред јавно ти објавуваме дека плодот нема да излезе од твојата утроба додека не ја кажеш вистината, и да не ја криеш, зашто и слепец може да ја види.
Зборовите на светителот брзо се исполнија. Кога жената требаше да роди тешко се разболе и имаше страшни болки, кои го задржуваа плодот во нејзината утроба. Но таа, огорчена и упорна, не сакаше да го признае својот грев. Во тој грев умре со страшна смрт, без да може да роди.
Кога дозна за тоа архијерејот Божји се расплака, и се каеше што ја осуди со таков суд, и говореше:
- Повеќе никогаш нема да изречам над луѓето суд, кога моите изговорени зборови навистина се исполнуваат.
Една жена на име Софронија, добра и побожна, имаше маж незнабожец. Таа во неколку наврати му се обраќала на светителот Божји и усрдно го молела да се погрижи да го обрати нејзиниот маж кон Светата Вера. Нејзиниот маж беше сосед на свети Спиридон и го почитуваше. Како соседи, тие понекогаш си одеа еден кај друг. Еднаш кај свети Спиридон на трпезата имаше многу негови соседи и меѓу нив и тој незнабожец. И ете, одеднаш светиот архијереј Божји му зборува гласно на еден од своите слуги:
- Надвор пред капијата стои гласник, испратен од слугата што го чува моето стадо, да ми јави дека сиот добиток додека тој спиел пропаднал, заталкал во планината. Оди и кажи му дека мојот слуга, кој го испратил, веќе го нашол добитокот во една пештера и ниту едно животно не исчезнало.
Слугата отиде и му пренесе на гласникот. Наскоро потоа, кога гостите сѐ уште не беа станале од трпезата, дојде друг гласник од пастирите, со вест дека целото стадо е најдено. Незнабожниот сосед беше неизмерно восхитен што свети Спиридон гледа што се случува далеку и помисли дека е еден од боговите, па сакаше да го направи истото како некогаш Ликаонците на апостолите Варнава и Павле, односно да доведе јунци, да донесе венци и да принесе жртви. Но, светителот му рече:
- Јас не сум Бог, туку сум слуга Божји и човек, во се сличен на тебе. А да го знам тоа што се случува далеку од моите очи, тоа ми го дарува Бог. Ако и ти поверуваш во Него, ќе дознаеш колку е семоќна Неговата крепост и сила.
Неговата жена Софронија начека момент и го убедуваше својот маж да се одрече од многубоштвото и да го познае единствениот вистински Бог и да поверува во Него. Со благодатта Христова овој неверник беше обратен во Светата Вера и просветен со Светото Крштение. Така се спаси мажот неверник со помош на својата верна жена, како што за тоа зборува апостол Павле (1 Кор. 7, 14).
И за смирението на свети Спиридон раскажуваат дека како толку голем светител и чудотворец, тој не се гнасел од бессловесните овци и се трудел околу нив. Една ноќ крадци се вовлекле во трлото и украле неколку овци и сакале да излезат. Но Бог, љубејќи го Својот угодник и чувајќи го неговиот беден имот, со невидливи узди ги врза крадците, така што тие не можеа да излезат и останаа внатре до самнување, кога светителот дојде и ги најде со врзани раце и нозе. Тој ги одврза со молитвата, ги поучи дека не треба да го сакаат туѓото туку да се хранат со трудот од рацете свои и им даде еден овен, говорејќи:
- Земето го ова, за да не ви биде залуден трудот.
Еден тримитунтски трговец имаше обичај да зема на заем пари од светителот за своите трговски работи, и кога се враќал од пат позајмените пари му ги враќал и долгот на светителот го ставал во ковчежето од кое што ги земал. Толку не се грижеше тој за временскиот имот, па не се интересираше ни дали должникот вратил колку што треба. Трговецот правеше така неколку пати. Сам земаше пари од ковчежето, со благослов на светителот, и сам пак ги враќаше во него и работата му цветаше. Но, еднаш тој, понесен од златољубието, не го стави донесеното злато во ковчежето туку го задржа и го излага светителот дека го ставил. Наскоро тој толку осиромаши, зашто сокриеното злато не само што не му донесе заработка туку и го лиши од успехот и сета негова трговија. Осиромашениот трговец повторно отиде кај светителот и го замоли да му позајми пари. Светителот го испрати во спалната, за таму од ковчежето да земе пари сам. При тоа му рече:
- Оди и земи, ако самиот си ставил.
Трговецот отиде и не најде пари во ковчежето, па со празни раце се врати. Тогаш светителот му рече:
- Но, брате мој, досега во ковчежето не се вовлекувала друга рака освен твојата. Ако си ставил пари, ти сега ќе можеше да ги земеш.
Трговецот се засрами и веднаш му падна пред нозете и бараше прошка. Светителот веднаш му прости, при тоа го поучи да не го посакува туѓото ниту да ја осквернува својата совест со измами и лаги. Неправедно стекнатата добивка не е добивка туку сигурен губиток.
Еднаш во Александрија беше свикан собор на епископи. Патријархот Александриски ги свика сите свои потчинети епископи и сакаше со заедничка молитва да ги собори и уништи сите незнабожечки идоли, кои таму ги имаше многу. И додека се принесуваа многубројните усрдни соборни и посебни молитви кон Бога, испопаѓаа сите идоли во градот и околината, а само еден знаменит идол остана недопрен на своето место. Патријархот долго и сесрдно се молеше за неговото рушење и додека ноќе стоеше на молитва имаше Божествено видение и му беше наредено да не тагува туку што побрзо да го повика од Кипар свети Спиридон, зашто тој идол е оставен тој со својата молитва да го сруши. Патријархот веднаш му напиша писмо на блажениот, во кое го молеше и повикуваше да дојде, објаснувајќи му го видението. Светителот веднаш доплови во Александрија. Во александриското пристаниште Неапол се искрца на земјата и во тој момент идолот во Александрија со многубројните жртвеници падна и се разби. Потоа во Александрија дознаа дека пристигнал свети Спиридон. Кога му јавија на патријархот дека идолот паднал, тој им рече на останатите епископи:
- Пријатели, Спиридон Тримитунтски се приближува.
И сите се подготвија да го пречекаат, па чесно го примија и се радуваа што им дојде толку големиот чудотворец и светилник на светот.
Црковните историчари Никифор и Созомен пишуваат и за тоа дека свети Спиридон многу се грижел за строгото одржување на црковниот поредок и за неприкосновеното чување до последниот збор на сѐ што е напишано во свештените книги на Светото Писмо.
Еднаш се случи на Кипар да има собор на сите епископи од островот, за некои црковни работи. Меѓу епископите беше свети Спиридон и веќе споменатиот Трифилиј, многу учен и начитан човек, бидејќи во младоста беше поминал многу години во Бејрут, изучувајќи го Светото Писмо и останатие науки, светски и свештени. Него го замолија отците да му изговори на народот во црквата поука. И додека тој зборуваше му се случи да ги спомене зборовите Христови речени на раслабениот: Стани и земи го својот одар (Мк. 2,11), но Трифилиј зборот „одар“ го замени со зборот „постела“ и рече:
- Стани и земи ја својата постела.
Кога го слушна тоа, свети Спиридон стана, и не можејќи да го поднесе променувањето на зборовите Христови му рече:
- Зарем си ти подобар од Оној Кој рекол „одар“, та се срамиш од зборовите кои Он ги употребил?
Откако го рече тоа, пред сите излезе од Црквата. Постапи така, не од злоба, и не од што самиот беше нешколуван, туку со тоа што го засрами малку Трифилиј, кој се гордееше со својата красноречивост, го научи на смиреност и кротост. А свети Спиридон уживаше голем углед меѓу епископите како најстар по години, најславен по живот, прв по епископство и преголем чудотворец, па затоа секој од почит кон неговата личност лесно ги почитувал и неговите зборови.
Врз преподобниот имаше толку голема благодат и милост Божја, така што за време на жетва при најголема горештина неговата света глава ја покриваше ладна роса, која се симнуваше од небото. Тоа се случи во последната година од неговиот жвиот. Заедно со жетварите тој излезе на жетва, зашто беше смирен и работеше сам, без да се гордее на висината на чинот, и додека ја жнееше својата нива ненадејно за време на најголемата горештина неговата глава беше оросена со роса, како некогаш Гедеоновото руно. И сите го видоа тоа и се восхитуваа. Потоа влакната од неговата глава одеднаш се променија. Едни станаа златести, други црни, трети бели. Единствениот Бог знае поради што се случи тоа и што претскажуваше. Светителот ја допре главата со раката и им рече на присутните дека се наближило времето на разделувањето на неговата душа од телото. Ги поучи сите на добрите дела, а првенствено на љубовта кон Бога и ближните.
По неколку дена свети Спиридон за време на молитвата ја предаде својата света и праведна душа во рацете на својот Господ, Кому во светост и праведност Му служеше целиот свој живот. Се упокои во 348 година. Најсвечено беше погребан во црквата на Светите Апостоли во Тримитунт. Чесните мошти на свети Спиридон, нетлени и чудотворни, со благодатта Божја ја имаат таа особеност што кожата на телото е мека како кај живите луѓе. Во Тримитунт неговите свети мошти почивале до половината на седмиот век, па поради наездите на варварите се пренесени во Цариград. Во 1453 година, на 29 мај, некој свештеник Георгиј Калохерет ги пренесе од Цариград во Србија а од таму во 1460 година на островот Крф, каде и до денес Го прославува Бога со многу чудеса.
Таму се востанови да се празнува неговиот спомен секоја година, и на неговиот гроб се случуваат многу чудеса во слава на Бога, прекрасниот во светителите Негови, Отецот и Синот и Светиот Дух, Кому и од нас нека е слава, благодарење, чест и поклонение за навек, Амин.
Корисно за душата е да се споменат и овие две чудеса на свети Спиридон.
Кога патувал на Првиот Вселенски Собор требало по пат да преноќева во една гостилница. Еретиците аријанци ноќе тајно ги заклаа неговите два коња. Им ги отсекоа главите. Рано во зори слугата на свети Спиридон виде каква пакост им приредиле еретиците, и го извести светителот за тоа. А тој, со надеж во Господа му нареди на слугата отсечените глави да ги припои до отсечените трупови. Слугата постапи според наредбата, но при брзањето тој главата на белиот коњ ја припои кон трупот на црниот коњ а главата на црниот кон трупот на белиот. И во тој момент коњите оживеаја и застанаа на своите нозе. Така свети Спиридон си го продолжи патот и сите луѓе по пат се чудеа на белиот коњ со црна глава и црниот со бела.
Така еретиците беа посрамени.
На Првиот Вселенски Собор светите Отци водеа долги спорови за Едниот Бог во Света Троица. За да го докаже Единството на Света Троица, свети Спиридон зеде тула, ја стисна и од тулата излезе оган во вис, надолу потече вода а калта му остана во рацете. Тогаш светителот рече:
- Еве ги трите стихии во една тула. Таква е и Света Троица. Три Лица а еден Бог.
СПОМЕН НА СВЕТА ИРИНА,
ќерката на свети Спиридон
Вад светителка се вбројува меѓу светите на Кипарската Црква. Нејзината света икона стои во Богородичната Црква во местото Асина, близу Никозија на Кипар. Останатите Синаксари не ја споменуваат.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК
РАЗУМНИК (СИНЕТОС)
Светиот маченик Разумник беше родум од Рим. Во рана младост родителите го дадоа на епископот Римски заради обучување во Светите Книги. Како вреден во книгите и многу добар по душа, беше произведен за чтец. На таа должност многумина учеше во Светата Вера и побожниот живот и ги изобличуваше идолите и нивните поклоници. Известен за тоа, царот Аврелијан го изведе светиот Разумник пред себе да му суди. Побара од него да им принесе жртви на идолите. Тој одби и го исмеа царот, кој веднаш нареди да го тепаат. Го тепаа со воловски жили толку немилосрдно, така што целата земја околу него се обагри со крв. Потоа царот го фрли во темница. Наредниот ден светиот маченик повторно беше изведен на суд. Тогаш го положија на вжештена железна леса, при што му дојде глас од Бога, кој го крепеше и бодреше на мачеништвото. Потоа падна силен дожд и го згасна огнот. Така светиот остана неповреден. Потоа со царска наредба беше ископана длабока јама, сета начичкана со копја, со остриците во вис. Маченикот Христов беше фрлен врз тие копја во таа јама. Но, Господ го исцели од сите тие рани и го направи потполно здрав. Тогаш царот нареди, та му ја отсекоа главата со меч. Така славниот маченик Разумник го прими венецот на мачеништвото.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ И БОГОНОСЕН ОТЕЦ ЈОВАН,
митрополитот на Зихна
Преподобниот Јован живееше за време на Андроник Палеог: (1282-1328 г) и Андроник трети (1328-1341 г). Родителите му беа верни и побожни христијани, но умреа пред тој да наполни две години, та Јован остана сираче.
Затоа го зеде неговиот стрико, монахот Јоаким, го одгледа во својата ќелија и го научи на Божествената наука, го замонаши и го имаше покрај себе, воспитувајќи го во монашкиот живот. Кога порасна беше украсен со многу доблести, та го прими свештеничкиот чин.
На Бог, Кој за сѐ промислува, Му било угодно овој голем светилник да го постави на свеќник, за да им свети на останатите, поради што и беше издигнат во чинот епископски.
Христијани од градот Зихна, од источна Македонија, дојдоа кај преподобниот Јован со голема молба да прифати да им биде архијереј. Послушен во се на својот стрико, беше испратен од него кај нив. Неговиот стрико на почетокот не сакал ни да чуе за нешто такво а камоли да се согласи. Но, на крајот сепак попуштил. Како архијереј преподобниот сиот се предаде на грижата за своето духовно стадо. Кога неговиот стрико Јоаким се упокои во Господа, преподобниот Јован поднесе оставка на епархијата и се врати во манастирот на чесниот Претеча Јован и ја презеде грижата за него. Се обрати за помош на византискиот цар Андроник Палеолог и обилно потпомогнат од него, го обнови и прошири манастирот кој што постои и денес.
Во градот Сер преподобниот изгради и втор манастир, исто така во име на светиот Претеча, кој го снабди како и првиот, со се што е неопходно. И двата манастира нашиот богоносен отец Јован ги снабди со царски хрисовули, патријаршиски синѓелии, повелби од дародавците и со своите устави и наредби, кои се однесуваат на совршеното според Христа живеење на тамошните монаси. Поживеа така чесен и богоугоден живот и се упокои во длабока старост, во 1333 година. Неговото свето тело чесно и со почитување беше погребано во соборниот храм на неговиот манастир, а неговата света душа отиде на небесата и се насели во дворовите Господови со сите свети Праведници и Ангелите.
Заради неговиот совршен аскетски живот беше прогласен за светител во 1505 година.
Да се удостоиме и ние на небесните богатства, со застапништвото на нашиот чесен и богоносен отец Јован, откако ќе станеме совршени поклоници на Совршената Троица во Христа Исуса. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АЛЕКСАНДАР,
епископот Ерусалимски
Светиот свештеномаченик Александар, кој одлично се борел и пострадал за верата Христова, им припаѓа на многубројните ученици на многу познатиот учител на Црквата од третиот век, Климент Александриски, кои тој ги собирал околу себе во Александрија. На почетокот на третиот век свети Александар стана епископ на Флавија, во Кападокија. Во времето на гонење. то на христијаните од страна на царот Септимиј Север, овој свети ревнител на благовеста Христова беше фрлен во темница, во која остана неколку години. По ослободувањето од неа отпатува во Ерусалим, за да се поклони на Светите Места. Таму бил дочекан од народот и пустиниците, кои беа известени одозгора за неговото доаѓање и според јасно откровение небесно беше избран за соуправник на остарениот патријарх Ерусалимски Наркис. Цели триесет и осум години свети Александар богомудро управувал со Ерусалимската Црква. Бил познат како голем љубител на просветата. При Ерусалимската црква Ја основал познатата Ерусалимска библиотека. Во неа ги собрал книгите од Светото Писмо и делата на тогашните христијански писатели. За време на лутото гонење на христијаните од страна на Декиј, свети Александар беше фатен и окован доведен во Кесарија Палестинска на суд. На судот бестрашно и гласно пред сите исповедаше дека Христос е единствен вистински Бог и Цар и Творец на вселената. При тоа изјави и дека поклонувањето на идолите е поклонување на демоните и дека идолопоклонството е убиствена заблуда. Тоа го разгневи и разјари судијата, и нареди да го подложат на мачење. Го мачеа на разни начини. Потоа судијата донесе одлука светиот јунак жив да го фрлат на ѕверови да го изедат. Изведен пред 5веровите, светителот Христов се помоли на Господа со вакви зборови:
- Ако е волја Твоја сега да се упокојам, нека биде како Ти што сакаш!
Тогаш зверовите му притрчаа и едни ги наведнуваа своите глави пред него, други му ги бакнува нозете, трети му ги лижеа рацете. И така со благодатта Божја светителот Божји остана неповреден. Потоа повторно беше фрлен во темница. Остана во неа долго време и таму го предаде својот дух во рацете на својот Господ.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕТЕРИЈ
Пострадал за време на Максимијан (286-305 г). Заради верата во Христа и затоа што не сакал да им принесе жртви на идолите бил страшно мачен. Најпрво со вжештени клинци му ги провалиле ушите, така што зениците од очите му се стопиле и испаднале. Потоа е мачен врзан за тркало, врзан носејќи узда во устата, горен со свеќи, и на крајот му ја отсекле главата.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ
ТЕРАПОНТ МОНЗЕНСКИ
Се замонашил во Костромскиот Воздрижекии манастир.Желен за пустиничкото подвижништво се одалечил на реката Монза и крај неа го основал Благовештенскиот манастир. Во него се подвизувал до своето преставување во 1595 година. За време на животот правел многу чудеса. Неговите свети мошти поѝиваат во Благовештенската црква.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ АМОНАТ
Преподобниот отец Амонат во мир се упокоил.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АНТЕ (ЦВЕТКО)
Овој преподобен Анте во мир се упокоил
СПОМЕН НА СВЕТА ЕФИМИЈАНА
За неа се зборува само во Ерусалимската Канонарија. Се празнува заедно со свети Фев.