12. Јануари  (30. Декември)

 

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ГАВРИЛ ВЕЛИЧКИ  

Свети Гаврил Велички, со световно име Мијалче Парнаџиев, е роден на 10 март 1926 година во Штип, од татко Методија (подоцна со монашко име Кирил) и мајка Гора Парнаџиеви. Потекнува од благочестиво патријархално занаетчиско семејство. Основно образование, а потоа и гимназија завршил во родниот град Штип. Од 1944 година бил учесник во Народно ослободителната војна. Во почетокот на војната бил вклучен како партизан, а по завршувањето на борбите, во 1947 година, бил прекомандуван во корпусот на народната одбрана во единици стационирани на граница, како специјални одреди составени од одбрани борци. Најпрвин бил на граничниот сектор кај Делчево (Царево Село), потоа во Кавадарци, и на крајот на граничната линија на Кајмакчалан. Во својата единица бил на должноста писар, како строго доверливо лице. Некое време бил и секретар на скоевската организација. Поради големата ревност во службата и примерното однесување бил предложен и за прием во КПЈ, но поради тоа што „одел во црква“ не бил примен во членството. Се стекнал со чин водник и бил одликуван со орден „Заслуги за народот“.

По демобилизацијата извесно време бил на служба во градскиот народен одбор во Штип. Две лета учествувал и на работни акции во Нов Белград како и на автопатот Белград - Загреб, каде што добил и пофалница.

Потоа се запишал на факултетот за ликовна уметност во Белград. По дипломирањето, во 1955 година, работел како професор по уметност и историја на уметност во гимназијата и учителската школа во Штип. Според оценката на ревизорот, познатиот уметник Борко Лазевски, тој бил „еден од најспособните педагози во Македонија“.

Поради мошне развиената вон училишна настава, штипската гимназија била прогласена и за најдобро средно училиште во Македонија. Една од вончасовните активности на децата било и издавањето на училишниот весник „Ученичен глас“, кој во свое време бил доста успешен и по многу нешта единствен (учениците сами вршеле клиширање). Покрај работата во училиштето, како професор, епископот Гаврил работел и како скулптор. Неговите прекрасни експонати се наоѓаат низ парковите во Штип, но и на други места. Со народните власти интензивно соработувал на планот на естетското обликување на својот роден град, за што има добивано и признанија од тогашниот претседател на општината Ристо Кадифов, како и признанија од други. Како докажан и проверен педагог, бил предложен за професор на Педагошката академија, која била отворена во Штип. Но, кога таа отпочнала со работа, тој во 1960 година се преселил да живее во Скопје, каде што доста успешно работел како самостоен уметник.

За време на студиите и педагошката активност, два пати престојувал во странство. Најпрво како студент на втора година на факултетот бил на научен престој во Париз, а потоа во 1959 година со група работници бил на светски уметнички изложби во Брисел.

Сочувани се две спомен обележја направени од рацете на свети Гаврил. Тоа се спомен обележјето на загинатите родољуби од Кратовско и овековечениот лик на работникот. За жал многу негови дела „исчезнаа“, како на пример „Момчето со флејтата“.

Познатиот штипски уметник Тодор Максимов за делата на Мијалче Парнаџиев ќе рече дека тие се вистинки ремек дела. Сѐ додека бил жив неговиот татко Методиј, скулптурите биле одржувани. Често Тодор Максимов го посетувал Гаврил во Лесновскиот манастир. Но, тогаш Гаврил повеќе не покажувал интерес за вајарството и се предал на монашкиот живот.

Од 1963 година почнува вториот период од животот на свети Гаврил. Повикувајќи се на призивот: „царевото на царот, а Божјото на Бога“, тој во 1963 година заминал во Грција, со цел да се распраша дали може и под кои услови да отиде на Света Гора и да остане таму. Грците прво му ветиле дека кога сака може да отиде на Света Гора, без никакво ограничување. Му рекле дека може да остане во српскиот манастир Хилендар, кој има статус на автономна српска територија, под крилото на Света Гора. Тој им поверувал и останал таму. Но, подоцна работите се одвивале поинаку. Токму затоа, епископот целиот случај го оставил и предал во рацете на Бога.

За сето време, со извесни паузи, престојувал на Света Гора. Од време на време морал да оди во Атина и да моли за продолжување на неговото тамошно живеење. Во Атина често пати престојувал и по неколку денови, а таму ноќевал во едно приградско манастирско место „Лаврион“, или поточно, во еден осамен манастир близу „Лаврион“ - „Света Троица“.

На Света Гора епископот Гаврил бил во мошне незавидна положба, од причини што политичката состојба во Грција тогаш била проблематична. За него било уште потешко тоа што доаѓа од Македонија, чија Црква тогаш се еманципираше од Српската црква. Тие отворено му изразиле сомневање дека бил испратен од епископот Доситеј (подоцна прв Архиепископ на возобновената МПЦ) тука да формира манастир, како што на Света Гора сите православни земји имаат свои манастири. Така таму бил примен само како нивен собрат и искрен православен верник. Тој нивен став бил знак и за другите словенски манастири никогаш официјано да не го прифатат во своите братства. На тој начин епископот Гаврил бил слободен да оди каде што сака и да биде најсрдечно приман, но само како привремен гостин!

Така тој ги посетил сите манастири на Света Гора, а најмногу се задржал во рускиот манастир „Камена“. Тука во почетокот извесно време бил послушник на домаќинот на скитот, стариот осумдесет и четиригодишен руски монах, отец Татјан Иванов, кого што кога еднаш бил тешко болен го донел во матичниот манастир „Свети Пантелејмон“. Тој во манастирската болница починал по околу два месеца, па скитот го наследил епископот Гаврил. Во почетокот на управувањето со скитот, голема материјална помош, како и масло за кандилата, темјан и друго, набавувал од рускиот манастир, потоа од српскиот, од бугарскиот како и од грчките метоси „Моноксилит“ и „Свети Николај“. Сите тие манастири, кога одел на богослужби, го прифатиле како вистински христијанин. Грчкиот манастир „Свети Апостол Павле“ му дал и писмена гаранција, но Министерството на Грција почитувало некои други закони, а не законот на меѓучовечката љубов. Во истиот манастир епископот Гаврил се замонашил и го добил монашкото расо.

Преку целото време додека престојувал на Света Гора, епископот Гаврил одбегнувал да контактира со луѓето. Сметал дека зближувањето со Бога може да се оствари само со оддалечување од луѓето. Единствени контакти, кои вреди да се споменат, се познанствата воспоставени од неопходност со тогашните млади српски монаси, а сега веќе архиереи, отец Митрофан, отец Атанасиј Јефтиќ и отец Амфилохиј Радовиќ. Нив особено ги молел да може да биде примен во манастирот Хилендар, но сите негови напори останале неуспешни.

По едно негово упорно барање да му се даде документ - елинопистос, односно грчко државјанство, услов за останување засекогаш на Света Гора, или да се врати во Македонија, тие, уверени дека не е нивен пријател, дефинитивно одбиле да го прифатат барањето и тој се вратил во својата родна земја.

По доаѓањето во Македонија, епископот Гаврил престојувал во повеќе манастири (Света Богородица во селото Побожје -скопско, света Богородица на Матка -скопско, свети Димитриј - Марков Манастир, а во декември 1975 година бил назначен за игумен на Лесновскиот манастир. Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква со одлука од 30 јуни 1981 година го одликувал со архимандритскиот чин.

На 28 август 1989 година, бидејќи бил веќе избран за архимандрит, е хиротонисан во епископскиот чин, со титула Епископ Велички. Епископот Гаврил, во круговите на МПЦ, па и пошироко е познат како редок испосник и подвижник, а и како плоден автор на повеќе прозни и поетски творби, пишувани на духовно - морални теми. Неговите размислувања за подготовките и начинот на прославување на големиот јубилеј - 2000 годишнината на христијанството и формирањето на Монашката школа во Македонија останаа негови незавршени теми и неисполнети желби.

Епископот Гаврил стана прочуен и како автор на многу душекорисни книги. Познати се неговата збирка „33 песни за Ерусалим“ (1975) „Света Гора - Небесна земја“ (1978), „Пред најголемиот Јубилеј на човекот“ (1980), „2000-годишнината на христијанството е на прагот“ (1981), „Чудата на Пресвета Богородица“ (1984, превод), „Правила и одредби на Православната Црква за постот“ (1994), како и други научни студии со богословска, историско национална и уметничка содржина. Освен тоа, службеното гласило на МПЦ има објавено десетина негови пократки написи со различна содржина. Некои негови наслови се објавени и во Руската задгранична православна црква во Америка.

На 12 јануари 1990 година, во својата скромна ќелија во Лесновскиот манастир, епископот Гаврил спокојно замина кај Господа. На неговото погребение присуствуваа илјадници верници, а беседа за него одржа митрополитот Петар.

„Поради неговата пламена љубов кон Бога и ближните, како и поради неговата самопожртвувана верност кон Православието, Господ Бог ќе го насели во Своите рајски населби, за да се моли и тој за нас, своите грешни чеда, пред Божјиот Престол“. - Напиша сегашниот поглавар на МПЦ, г. г. Стефан за делото на епископот Гаврил.

Неговите неуморни пастирски трудови ставија печат врз неговото немоќно тело, но не беа залудни. Средбата на многу души, кои талкаа и страдаа по овој свет, со неговите духовни книги беше пресудна. А колку повеќе може да се зборува за личните средби со него! Помеѓу многуте негови духовни чеда постојат и такви, кои тој ги вовел во верата, ги огласил со Евангелските вистини и ги подготвил за Свето Крштение. Има и такви, кои што ги извлекол од калта на гревовите и пороците. Некои од нив ги присоеднил кон светата Православна Црква. Други пак, ги упатил на спасителниот монашки пат.

Тука ќе спомнеме и некои од чудата на светиот епископ Гаврил.

Едно дете, на име Ѓорѓи, од некое струмичко село, не можело да зборува и неговите родители честопати го носеле кај отец Гаврил да се моли за него. Еднаш, кога го однеле кај него за време на вечерната служба, тој го донел детето во храмот и му прочитал молитва. Наредниот ден отец Гаврил служел Света Литургија и цело време се молел за детето. Откако тоа се причестило и откако завршила Литургијата, детето ги кренало рацете и рекло: „Мамо!“ Сите присутни во храмот се израдувале и зачудиле, и Му оддале слава на Бога, Кој прави чуда преку Своите служители.

Преподобниот бил многу милостив и човекољубив кон ближните. Еднаш, дошле некои родители со трчање и во паника, бидејќи некоја кола го удрила нивниот син. Тогаш отец Гаврил влегол во храмот, веднаш започнал да се моли и доста време не излегол. Кога излегол им рекол:

- Одете, детето ќе биде дома здраво и живо. Ама тоа е затоа што сте работеле во недела. Внимавајте на неделата и богослужбата. Работевте ли денеска!?

Тогаш тие одговориле:

- Работевме, работевме...

- Е па друг пат нема да работите во недела - им одговорил отецот.

Долго време немало дожд во Лесново и селаните дошле да го молат отец Гаврил да се помоли на Бога да им испрати дожд.

- Дојдете, ајде сите да се помолиме на Бога - рекол тој.

И среде молитвата, за чудо и радост на сите, започнало да врне дожд. Селаните започнале да му благодарат за молитвите, а отец Гаврил им се обратил скромно со зборовите:

- Никогаш не ги припишувајте чудата на себе... Не сум тоа јас... Манастирот е чудотворен и свет, а тие што доаѓаат добиваат исцеление!

Неговиот свет, подвижнички и многустрадален живот, чистотата на верата, како и многубројните чудеса, за време на животот, но и по смртта, се сигурен показател дека тој е примен во населбите на светителите, и таму, пред престолот Божји се моли за неговите духовни чеда, за верниот народ на нашата Света Македонска Православна Црква, како и за сите кои со вера го повикуваат. Во новите храмови речиси насекаде се живописува неговиот свет лик, се сликаат и икони, се запишуваат неговите чудеса - собрани се показатели за неговата светост, па затоа неговите свети мошти беа извадени и положени во резбан кивот, кој се наоѓа во храмот на Лесновскиот манастир, а при неговото прославување за светител, одредено е неговиот празник да се слави на 30 декември/12 јануари. По неговите свети молитви Господ Бог да нѐ помилува и спаси и сите нас. Амин! Амин! Амин!

ЖИТИЕ НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА АНИСИЈА

За време на царувањето на незнабожниот цар Максимијан, во славниот град Солун живееше едно девојче, по име Анисија, ќерка на богати христијански родители, кои ја воспитуваа во стравот Божји, та таа побрзо растеше во доблестите отколку со годините, зашто родителите ја хранеа повеќе со вистинската вера отколку со млеко. Анисија израсна во прекрасна девојка и родителите многу внимателно ја учеа на сета книжевна мудрост. Умно обдарена, Анисија брзо и лесно сфаќаше сѐ, и на дело даваше достојни плодови од учењето. Исполнета со Духот Божји, таа имаше навистина ангелска природа, и лицето ѝ блескаше со извонредна убавина. Во тоа време ретко излегуваше од дома и ја криеше својата младешка убавина во својата одаја и често со тага си зборуваше на себе:

- О, лажлив животе на младите! Или соблазнуваш или те соблазнуваат! Добра е староста, но тешко мене, ме обзеде тага поради должината на времето кое ме дели од небесното.

И никогаш не престануваше да Го повикува на помош Христа, паѓајќи на колена и со солзи натопувајќи ја земјата.

Кога нејзините родители отидоа кај Господа, таа стана наследник на татковиот имот и започна да размислува што да прави со тие богатства. Пред неа имаше големи ризници со злато и сребро, пространи имоти, огромни стада добиток, безбројно мноштво робови, скапоцени свилени и златоткајни фустани, златен мебел украсен со најразлични бисери и скапоцени камења, кои блескаа со величествена убавина. Додека го гледаше сето тоа, Анисија размислуваше:

„Како ќе се спасам среде толку многу земни богатства? Како да ја здробам главата на старата змија, ѓаволот, и да ја победам неговата сила? Знам што ќе сторам. Против змијата ќе употребам змиско луквство. Како што секоја година таа се обновува, соблекувајќи ја од себе старата кожа, така и јас ќе се спасам од моите богатства. Богатствата многу им штетат на оние што неразумно ги користат, и со неизлечивиот отров ги убиваат оние што ги собираат, а скржавците и недарежливите ги оковуваат со своите окови и мрежи. Стекнувањето на имот поттикнува на гнев и зголемување на богатството по пат на измами и лажни намери. Скапоцените фустани учат на лошо одење и вовлекување во грев. Златните нараквици и ѓердани горделиво ја креваат главата, зашто сакаат луѓето да ги видат и фалат. Затоа јас ќе им станам на моите богатства природна господарка, пред тие неприродно да загосподарат со мене. Ќе ги трошам на добро и ќе ги одбегнувам искушенијата што ги предизвикуваат богатствата. Како во ризница ќе ги дадам во куќите на вдовиците, сирачињата и сиромашните. Верен е Господ, Кој не двократно туку стократно ќе ми возврати и при тоа ќе ми даде вечен живот. Ќе раздадам сѐ, за сѐ да добијам во целост, сто пати умножено, и откако ќе раздадам сѐ, ќе го земам крстот Христов и тогаш ќе ми биде лесно да тргнам по Христа. Ќе го оставам земното на земјата за да уживам со ангелите на небото. Подобро е да го одбегнам погубниот и нечист живот, а да го сакам неминливиот живот и духовните подвизи. Ќе го заменам временското за вечното. Сета вредност ќе му ја припишам на бракот бесмртен, ќе водам живот во целомудрие и своето тело ќе го сочувам чисто за Творецот. Гонењето и страдањето нека ми издејствуваат слава на небесата. Мачителите и маките нека ме внесат во дворовите Христови, зашто не само мажите добиваат награда туку и жените се удостојуваат на венци.

Така си зборуваше светата девојка и со солзи се молеше:

„Господи Исусе Христе, Светлино моја, Извору на бесмртноста, Корену на негнилежноста, Ти на неискажлив начин си се зачнал во девствената утроба, и по Твоето раѓање си ја сочувал Твојата Пречиста Мајка девствена! Господи благи, стори и јас да влезам во редот на девственичките и да не бидам одлачена од Твоите дворови! Вброј ме и мене меѓу мудрите девојки и удостој ме со незгасливиот светилник да Те сретнам Тебе, за да станам учесничка на славата Твоја, кога ќе го завршам беспрекорно својот подвиг“.

Откако така се помоли на Господа, света Анисија веднаш продаде сѐ, но не по цена колку што навистина вредело, и не на начин како што е на пазарите при продавањето и купувањето. Таа на купувачот му велеше само:

- Знај дека работите што ги продавам им припаѓаат на ништите и бедните. Затоа одреди праведна цена, за со тоа и ти да стекнеш некоја награда, зашто праведен е Господ, ја сака правдата и возвраќа според правдата.

Откако го распродаде сиот свој имот, света Анисија започна добиените пари да ги раздава на сиромашните и страдалниците по темниците. Таа ги посетуваше сите темници и не само што им го даваше на затворениците потребното туку и со свои раце им служеше, особено оние кои по страшните мачења и здобиените рани не беа во состојба сами да се служат. Таквите таа ги лекуваше, им ги превиваше раните и ги мачкаше со мелеми. Ги тешеше тажните и ожалостените, ги посетуваше болните на постела и им помагаше. Одеше по плоштадите и улиците и им даваше голема помош на сите ништи и болни, и на оние што лежеа на ѓубриштата. При тоа си велеше:

„Нема да барам утеха за себе и наслади во богатствата, кои во денот на Судот нема да вредат ни колку капка вода“.

Кога потроши сѐ до последната пара, и за себе не остави ништо, таа се затвори во една соба, и со трудот на рацете свои заработуваше за храна на телото, и со потта на своето лице го јадеше својот леб, држејќи се до зборовите на Апостолот: „Кој не сака да работи нека и не јаде“ (2 Сол. 3, 10), зашто христијанинот треба да се храни од трудот на рацете свои. Се подвизуваше во молитви и пост и живееше како бестелесна. Кога навикна на подвизите и оскудниот живот, таа деновите ги минуваше во работа и читање на Божествени книги, а ноќите во псалмопеење и молитви. Земјата ѝ беше постела. Наместо мека постела имаше една рогозина, наместо топла покривка стар искинат фустан. Анисија спиеше многу малку, зашто мислеше дека е опасно да се спие кога непријателот бдее.

При тоа подвижничката проливаше обилни солзи и нејзините воздишки беа помногубројни од зборовите што излегуваа од нејзината уста. Толку беше обземена од божествената љубов, та кога ги преклонуваше колената на молитва мислеше дека паѓа пред нозете на Спасителот, и ги бакнува, и со својата коса ја брише правта од нозете Господови. Таа мисла раѓаше во неа извор од солзи, слично на онаа која со солзите ги обли нозете на Господа и со косата ги избриша (Лк. 7, 36-50). Анисија имаше една желба, да се разреши од телото и да живее со Христа (сп. Флп. 4, 23). Додека се молеше, таа се удираше во градите и говореше:

„Семоќен Господи Боже, Оче на Единородниот Син твој Исус Христос, Господ и Бог и Спасител наш, Ти седиш на престолот на славата Своја! Тебе ти служат илјади и илјади Архангели и ти претстојат неизбројно мноштво послушни Престоли, Господства, Началства и Власти; Тебе те фалат Херувимите и непрестајно те славословат Серафимите, пеејќи ти трисвета песна! Ти духовите кои се кренале против Тебе си ги фрлил во пеколната бездна, и змејот кој се лишил себе од благодатта Твоја си го оковал со неразрешливи окови, престолот негов си го фрлил на земјата, си го избркал од небесната служба, си го лишил од блажениот живот, и неговата срамна гордост си ја сотрел со крстот. Од Твојата пречиста прегратка си ни го испратил Бога Словото, предвечниот Спасител на нашите души, родениот од Духот Свет и Марија, и со Него си го побарал изгубеното, си го зајакнал немоќното и исцелил сотреното. Тебе те повикувам со сето срце јас, смирената и грешна слугинка Твоја. Ти ги знаеш помислите на секој човек. Ти огнот, фрлен во овој свет од Единородниот Твој Син си го запалил во моето срце, и искрата на верата во мене си ја претворил во пламен на љубовта кон Тебе. Дојди и спаси ме мене, недостојната слугинка Твоја, зашто Тебе Те сакам, Тебе Те барам и Тебе Ти се прививам со сета своја сила“.

„Господи Боже, Сине, прими ја мојата молитва, што од срце ти ја принесувам, со срце скрушено и дух смирен. Не презирај ме мене, Исусе Христе, заради која си бил на крстот прикован, по образите тепан, заради која жолчка со оцет си испил, смрт горка си вкусил и во третиот ден од мртвите си воскреснал, и на небото си се вознел и седиш од десната страна на Отца, не отфрлај ме од бројот на слугинките Твои, туку удостој ме на христијански крај на знамението на светиот крст Твој! Направи ме учесничка во страдањата Твои, да бидам достојна да се јавам пред лицето Твое! Сочувај ме верна на Тебе! Прикови го стравот Твој во телото мое; од судовите Твои се исплашив (Пс. 118, 120); одврати ги очите мои да не гледаат ништожности (Пс. 118, 37), туку отвори ги, Те молам, да ги видам чудесата на законот Твој (Пс. 118, 18). Тебе сум ти оддадена од утробата на мојата мајка, Ти си Господ мој! Моите мајка и татко ме оставија (Пс. 26, 10), а Ти Господи, ме прими. Исправи ги патеките мои, за да не се посрами слугинката Твоја, туку „направи со мене чудо од добрина“ (Пс. 85, 17) и исполни ја мојата молба, зашто „Господи, пред Тебе се сите мои желби, и воздишките мои не се сокриени од Тебе“ (Пс. 37, 10). И уште ти се молам Тебе, Боже, Оче, помогни ми да не се најде грев во мене, слугинката Твоја. Се принесувам себеси на жртва Твоја преку смирението мое. Прими ме како жртва паленица на овци и телиња и илјади угоени јагниња. Удостој ме да бидам јагне твое кротко, Исусе Христé, на Кого заедно Отецот и со Светиот Дух нека е слава и чест и сила низ сите векови. Амин“.

Откако така се помоли на Бога, света Анисија стана и се прекрсти. Сето тоа го виде лукавиот непријател на човечкиот род и не можеше да го поднесе нејзиниот ангелски и небесен живот. Тој гледаше како таа веќе со духот живее на небото и со сето срце сака да пострада за Христа, и се обидуваше нејзината соба да ја затресе и сруши. Но, гледаше дека од сите страни е оградена со крстниот знак и бегаше гонет од невидлив ќотек. Сепак, понекогаш успеваше да уфрли во неа мрзливост и мрзоволие, но таа веднаш го разоруваше неговото лукавство, оградувајќи се со непрестајната молитва како со бедем. И врагот навистина тагуваше и си велеше:

„Тешко мене, бедниот! Јас ангелите ги повлеков со себе од небото, многу исполини покорив, а сега момчиња и девојки ме исмеваат, зашто смртта ја сакаат како живот и овенчани со неа итаат кон небото и го оставаат овој свет пуст. Мене ме тешеше крвта на убиените маченици, но нивната вера, подвизи и проповед променија цели градови и народи. Моите храмови се рушат, пророкувалиштата занемуваат, жртвениците се соборуваат, моите весели жреци сега се потиштени. Насекаде се поставува крст за моја пропаст и моето царство веќе паѓа. Оние што се радосни во маките се страшни во гробовите. Тие ме горат, тепаат и од секаде ме бркаат. Тоа што го бев измислил против нив сега се сврте против мене и ми задава голема мака. Сепак, знам што да сторам со нив. Пронајдов ново лукавство“.

И веднаш одлучи славата на светите маченици да ја погребе со правта на заборавот, и нивните подвизи да останат незапишани, за идните поколенија да немаат од што да дознаат за нив. Црниот завидливец уреди христијаните да се убиваат без суд и испрашување, и тоа не цареви и властодршци туку најпростите и најлоши луѓе. Сезлобниот враг не сфати дека Бог бара добра намера, а не зборови.

Откако погуби огромно мноштво на христијани, Максимијан, поучен од ѓаволот се преправи божем изнемоштен. Откако се напи доволно крв, тој како крволочен ѕвер, кој кога добро ќе се најаде месо мирно минува покрај животните, така и овој безбожен мачител, бидејќи ја почувствува одвратноста спрема убивањето, се направи кроток и велеше:

„Христијаните се недостојни да бидат убивани пред очите на царот. Нема потреба да бидат испрашувани и судени и да се запишуваат нивните зборови и дела. Тие записи ќе се читаат и предаваат од род во род меѓу христијаните и нивниот спомен ќе се празнува низ вековите. Зошто да не издадам наредба христијаните да бидат колени како добиток, без сослушување и водење записник, за смртта да им остане непозната и споменот за нив замолчен?“

Откако донесе таква одлука, поганиот цар испрати на сите страни наредба, секој што сака да може да ги убива христијаните, без никаков страв од суд, казна или убиство.

И започнаа да ги убиваат христијаните секој ден безбројно во сите подрачја, градови и села, по плоштадите, на патиштата и по домовите. Секој што ќе сретнел и препознаел христијанин, можел веднаш, без збор да проговори, да го удри со било што или да го прободе со нож, или посече со меч, или да го убие со камен, стап, како добиток. И се исполнуваа зборовите на Светото Писмо: „Нѐ убиваа заради Тебе секој ден, постапуваа со нас како со овци, кои се за колење“ (Пс. 43, 23; Рм. 8, 36).

Во тоа ужасно и убиствено за христијаните време, света Анисија со сета душа гореше од желба да умре за Христа, па излезе еднаш од дома со намера да оди во храмот Господов. Кога влегуваше во таканаречената Касантриотиска капија, се разлеа врева од народ, зашто тој ден незнабошците го празнуваа празникот на сонцето и ги принесуваа своите погани жртви. При тоа еден царски војник, поттикнат од ѓаволот, одеше кон света Анисија. Кога ја виде толку убава, ја застана и ѝ рече:

- Застани девојко, и кажи ми каде одиш?

А таа ја виде неговата бесрамност и дрскост, и мислејќи дека е ѓаволско искушение, се прекрсти пред неговите очи. Но, војникот не се засрами од целомудреното молчење на девојката, туку сметајќи дека таа со тоа го посрамува и понижува, ја фати и налутено и бесно ја праша која е и од каде доаѓа. А таа, сакајќи со кротки зборови да се спаси од неговите раце, му рече:

- Јас сум слугинка Христова и одам во црквата.

Но, бесрамниот војник, поттикнат од ѓаволот во него, ѝ возврати:

- Нема да ти дозволам да одиш таму, туку ќе те одведам кај жртвеникот, каде се принесуваат жртви на нашите богови. Ние денес го празнуваме богот на сонцето.

Додека зборуваше, тој насилно се обиде да ѝ ја симне шамијата од главата, за целосно да ѝ го открие лицето. Таа јуначки се противеше, го оттурна, му плукна во лицето и рече:

- ѓаволе, нека ти се закани мојот Исус Христос!

Тогаш војникот, сиот бесен, не можејќи да го поднесе името Христово, го извлече мечот, ја удри под ребрата и целосно ја прободе. Светата девица падна на земјата и заедно со крвта, која се лееше од неа, ја предаде својата света душа во рацете на Христа Бога, Кого го љубеше и за Кого со сето срце во сите денови од својот живот сакаше да умре. Минувачите ја опкружија мртва и во крв. Едни ја оплакуваа нејзината младост и лута смрт, а други се лутеа на безбожниот цар, кој издаде неправеден закон, да се убиваат невини луѓе. Некои христијани го зедоа нејзиното чесно тело, го подготвија и недалеку од Касантриотиската капија го погребаа, од левата страна на народниот пат. Подоцна над чесните мошти на света Анисија беше изграден молитвен дом.

Ова се случи за време на владеењето на царот Максимијан, додека над нас царува во бесконечните векови нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава, сега и секогаш и из сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ ТИМОН

Свети Тимон беше еден од Седумте ѓакони (Д. А. 6, 5) и од Седумдесетте апостоли. Беше поставен за епископ Батрски во Арабија. Тој го проповедаше Евангелието таму и претрпе многу маки од незнабошците. Беше фрлен во оган, но остана неповреден. Најпосле се упокои распнат на крст и се пресели во царството Христово.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША ТЕОДОРА КЕСАРИСКА

Преподобна Теодора се подвизуваше во обителта на света Ана за време на царувањето на Лав Исавријанин и неговиот син Константин. Била од познат и славен род. Татко ѝ Теофил бил патрициј. Мајка ѝ се викала Теодора. Бидејќи многу голини немале деца, мајката Теодора скрушено и усрдно се молела на Бога, особено на Пресвета Богородица, да ѝ подари чедо. И неротката зачна и роди ќерка, на која ѝ го дадоа името Теодора. Кога порасна мајка ѝ ја одведе во црквата на света Ана, како посветена на Бога од раѓањето и ја предаде на манастирот на света Ана, наречен Ригидион. Тука таа започна да живее под мудрото раководство на побожната игуменија и ги изучи Божествените книги.

Но, богобојазливиот и богоугоден живот на младата искушеничка беше страшна мака за пакосниот ѓавол. Затоа тој му уфрли на царот Лав мисла, Теодора да ја омажи за еден од своите дворјани. И таа насилно беше земена од сестринството и доведена во Цариград. Но, на денот на свадбата, Скитите ја нападнаа престолнината. Настана страшна забуна. Царот веднаш испрати војска да ја брани престолнината од варварите. Го испрати и младоженецот. Во првиот судир младоженецот загина. Кога се виде слободна, Теодора ја искористи хаотичната ситуација, па незабележително од свадбените гости се извлече, отиде на морскито брег, се качи на кораб и радосна отпатува во својот манастир, сесрдно благодарејќи Му на Бога за промислата за неа. А кога потоа еден царски великодостојник дојде по неа во манастирот, ја затекна веќе како монахиња и ја остави на мира.

Како монахиња, преподобна Теодора многу го испости своето тело, така што и коските ѝ се гледаа низ кожата. Се хранеше само со парче леб и тоа секој втор или трет ден и ништо друго. Сета облека ѝ беше една сура власеница од козји влакна. Постелата ѝ беше груб килим од козји влакна, префрлен преку остри камења, та и кога спиеше спиењето ѝ беше кратко и мачно, а често и по цела ноќ поминуваше во бдеење, без сон. Незадоволна од тие подвизи, преподобна Теодора носеше на себе железни синџири, од кои доби рани по телото. Од тие рани се ширеше смрдеа.

Се подвизуваше така многу години нашата преподобна мајка Теодора и блескаше со секоја доблест. Таква премина во неостарливиот и блажен живот на небесата.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША ТЕОДОРА ЦАРИГРАДСКА

Беше христокопнежлива монахиња и самопрегорна послушничка на свети Василиј Нови. По смртта му се јави на Григориј, ученикот на свети Василиј Нови и му ги опиша сите дваесет митарства, низ кои помина нејзината душа по разделувањето од телото, додека со помош на молитвите на свети Василиј не влегла во вечниот покој. Се претстави на 30 декември 940 година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ФИЛЕТЕР

Еднаш, кога Диоклецијан допатува во Никомидија, некои незнабошци го известија за еден христијанин. Царот веднаш испрати по него и беше доведен на суд. Кога го виде, беше многу поразен. Светителот беше со висок раст и многу убав. Косата и брадата му беа со прекрасна златеста боја, со прекрасно преливање. Восхитен, царот го нарече бог, а не човек, и го праша:

- Кажи ми од каде си, како се викаш и од кој род си?

Светителот одговори:

- Роден сум и воспитан овде, во Никомидија, син на епарх, по вера христијанин и живеам со христијаните. Се викам Филетер.

Царот го повика да му се доближи и започна ласкаво и благо да му зборува, за да го раздели од верата Христова. При тоа започна да изговара хули против нашиот Исус Христос. Тогаш светителот отстапи назад од богохулникот, ги крена очите кон небото и рече:

- Нека се затвори устата на оној што се осмелува да хули на мојот Христос, па и да е цар или било кој.

И веднаш настана земјотрес и страшни грмотевици, така што царот и сите околу него се преплашија. Потоа беше фрлен во страшно вжештена печка. Но, тој се помоли на Бога и огнот згасна, печката целосно се распадна и јунакот Христов излезе неповреден. Под влијание на ова чудо, а имајќи ја во предвид и убавината на Филетер и високото потекло, царот го ослободи да оди да живее каде што сака.

Кога по Диоклецијан во Никомидија зацарува неговиот зет Максимијан, свети Филетер беше обвинет и кај него. Изведен пред него, тој Го исповедаше Христа, вистинскиот Бог и Творец и Промислител. Поради тоа најпрвин толку многу го тепаа со стапови, така што војниците сами паѓаа на земјата полумртви од изнемоштеност и премореност, а маченикот, крепен од Господа, толку јуначки се држеше, што се чинеше дека страда друго тело, а не неговото. Потоа светиот јунак беше обесен и толку долго и бездушно струган, што слугите се преморија и паднаа на земјата. Потоа го фрлија на ѕверови, но тие полегнаа крај неговите нозе како кротки овци. Тогаш го одведоа во идолиштето, за таму да го примораат да се поклони на идолите. Но, маченикот Му принесе молитва на Бога и идолите испопаѓаа на земјата и се испокршија. Најпосле царот издаде наредба да му се отсече главата со меч. Но, кога слугата замавна со мечот, веднаш му се исуши раката. Истото го снајде и вториот извршител на казната.

Потоа светиот маченик беше фрлен во темница и окован во синџири, па повторно изведен на суд. И кога видоа дека никако нема да му се покори на царот и нема да се одрече од Христа, царот го осуди на прогонство на островот Проконис во Мраморното море. Го поведоа таму окован во синџири. По патот тој правеше многу чудеса. Ѓаволи истеруваше, лепрозни очистуваше и од секоја друга болест исцелуваше. Со еден збор ги собори идолите. Само со допирот од раката велелепниот идолски храм се сруши до темел. Сите тие чудеса, а особено ова последното, многумина восхити кон верата Христова, меѓу кои и шестмината војници со нивниот старешина, кои го водеа светиот исповедник во прогонството.

Кога маченикот со стражата што го спроведуваше стигна во Сигријанскиот крај, околу Кизик во Мала Азија, каде светителот исто така створи многу чуда, тамошните луѓе му рекоа дека во близина има некој човек, по име Евиот, христијанин, кој претрпел многу и жестоки страдања за Христа од кнезот, но останал неповреден и прави големи чуда. Кога го слушна тоа свети Филетер, одлучи да оди да се види со него. Во тоа време на блажениот Евиот му се јави Ангел Господов и му рече:

- Излези од својата ќелија и оди до тоа и тоа место, да го пречекаш твојот сострадалник свети Филетер.

Евиот веднаш излезе од ќелијата и започна да се симнува од планината во која што живееше. Според кажувањето на еден селанец, и Филетер тргна кон Евиот и започна да се искачува на Сигријанската гора, заедно со старешината и војниците, кои веќе беа поверувале и се крстиле и не сакаа да се разделуваат од него. Тие го сретнаа блажениот Евиот, се поздравија и многу се радуваа на средбата. Сите радосни се искачија на планината кај што живееше свети Евиот и останаа со него седум дена. И таму блажениот Филетер заспа во сонот што одамна го посакуваше. Се претстави кај премилиот Христос Бог, предавајќи го во Неговите раце својот дух. Блажениот Евиот го погреба во местото каде што живееше. По единаесет дена се упокоија и старешината и шесте војници, и сите беа погребани близу моштите на светиот маченик.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ШЕСТ ВОЈНИЦИ И НИВНИОТ СТАРЕШИНА

Преку светиот маченик Филетер поверуваа во Христа. Се упокоија во мир.

ЖИТИЕТО И СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ГЕДЕОН НОВИОТ

Свети Гедеон се роди во селото Капирна, во Димитриадската епархија, од побожни но многу сиромашни родители, татко Авгиринос и имајка Кираца. На светото Крштение го доби името Никон. Сиромашните родители имаа големо семејство, па Никон го дадоа на еден свој близок роднина да го одгледа и воспита во местото Велестина, каде тој нивен роднина се занимаваше со трговија, а каде што и тие веќе живееја. Паметен и темпераментен, момчето Никон му се допадна на еден богат и влијателен турчин Алин, кој насилно го грабна, го одведе во својата куќа и го потурчи, давајќи му муслиманско име.  

По два месеци, под влијание на благодатта Божја, момчето се освести и увиде дека од детска лекомисленост се одрекло од Христа. Каење му ја обзеде душата и тој го промени начинот на живот и својот изглед. Стана невесел, посрамен и немарен во работата. Заедно со тоа тој кришум горко плачеше и донесе одлука да побегне од тој намразен дом.

Начека погоден момент, побегна и се сокри кај своите родители. Знаејќи дека турците ќе го бараат и гонат, родителите го посоветуваа да оди на Света Гора. Алин навистина се здаде во потера по Никон, но тој побегна и три години талкаше од место во место. Најпосле стигна на Света Гора. Таму во манастирот Каракал си најде духовник и му го исповедаше својот пад. Духовникот му го даде потребниот духовен лек, па потоа го присоедини повторно кон Православната црква.

По извесно време Никон за својата ревност во подвизите беше удостоен на монашкиот потстриг и го доби името Гедеон. Кога ја видоа неговата беспрекорна послушност и ревноста во доблестите, старците го назначија за еклисијарх. На ова послушание Гедеон почна да додава нови трудови. Го удвои постот, бдеењето, молитвата и метанијата. На тој начин, тој во текот на триесет и пет години наполно го очисти своето срце и го исполни со безмерна љубов кон Господа Христá.

Еднаш, додека читаше за страдањата на светите маченици, кои за своите подвизи добија од Бога маченички венци и Царство небесно, во неговата душа се роди желба да пострада за премилиот Господ Христос, и така со својата крв да се измие од страшниот грев, некогашното одрекување од христијанската вера. Од тогаш неговата желба сѐ повеќе се зголемуваше и донесе одлука да ја спроведе на дело. Претходно им откри за тоа на светите старци на својата обител, молејќи за благослов и молитви за поткрепа на тој подвиг.

Старците го познаваа како совршен и утврден во доблестите, па му го дадоа својот благослов и му ветија дека ќе го молат подвигоположникот Господ Христос да го поткрепи во страдањата. Гедеон се прости со старците, со кои помина триесет и пет години во манастирот Каракул и отиде во местото Велестин, каде што се одрече од Христа. Штом стигна во тој град, тој отиде во судот, застана пред судијата и ја исповедаше пред него својата вера во Христа, а Мухамед го проколна како лажен пророк. Но, судиите го натепаа и го избркаа од судницата. Тоа се повтори неколку пати.

Тогаш Гедеон, желен за мачеништвото, отиде во други места. Но, секаде му се случуваше истото. Ќе го натепаа и ќе го избркаа од судницата. Во тоа тој го виде несогласувањето Божјо и се врати на Света Гора.

Таму помина една година, но немаше мир во душата од желба да пострада за Господа. Затоа повторно зеде благослов од старците и отиде во Велестина. Таму излезе пред судијата во судницата, го исповедаше Исуса Христа како единствен вистински Бог и ја проколна муслиманската вера. Но, и овојпат го натепаа и го истераа од судницата.

Тогаш отиде во друго место, излезе пред тамошниот управник, изјави дека е христијанин а муслиманската вера ја изнавреди и проколна. Кога слушна хула против својата вера, управникот се исплаши и веднаш му напиша на поглаварот на таа област Вели-паша, кој живееше во Тракија, во местото Турнова, дека некој христијанин дрско ја навредува и ја хули неговата вера. Пашата испрати двајца војници да му го доведат тој хулник, па свика од околните места угледни граѓани и го изведе Гедеон на суд. Тој и тука бестрашно ја исповедаше својата христијанска вера, а муслиманската ја проколна. Судијата се обиде најпрвин мило и со разни ветувања, па потоа и со сила и закани да го придобие, но тој сето тоа го презре и одби. Тогаш судијата, за да го посрами, нареди, та му ја избричија главата, му ставија лигава наметка на главата, го качија наопаку на магаре и го водеа низ сите улици на градот Турнова. Светиот преподобномаченик се радуваше на тоа исмевање заради Христа. Потоа со секира му ги отсекоа сите прсти на рацете и нозете, како некогаш на светиот маченик Јаков Персиец, па најпосле го фрлија во нужник, каде што ја предаде својата света душа на Бога, на триесети декември 1818 година.  

Чудотворните мошти на светиот преподобномаченик почиваат во црквата на Светите Апостоли во Турнова, а еден дел од моштите се наоѓаат во манастирот Каракул. По молитвите на светиот преподобномаченик Гедеон, Христе Боже, помилуј нѐ и спаси нѐ. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ЛАВ АРХИМАНДРИТОТ  

Преподобниот отец Лав архимандритот со своите свети подвизи Му угоди на Бога и во мир се упокои.