13. Јануари (31. Декември)
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША МЕЛАНИЈА РИМЈАНКА
Од доброто дрво се раѓа добар плод. Од светиот корен се извива света гранка. Тоа го гледаме од примерот на света Меланија, која произлезе од благочестиви христијански родители во Рим.
Нејзиниот татко и дедо беа едни од најглавните сенатори. Кога порасна, Меланија со сета душа сакаше да го сочува своето девство беспрекорно и за тоа често ги молеше своите родители. Но, таа им беше ќерка единица и немаа друг наследник на своите безбројни имоти и богатства, та во нејзината четиринаесетта година ја свршија, без таа да сака, за едно благородно и познато момче Апинијан, кое имаше седумнаесет години.
Откако се венчаа и живееја во чесен брак, Меланија не ја промени својата мисла и желба, ако не веќе девството, сега барем да ја чува чистотата. На тоа на сите можни начини се трудеше да го натера и својот сопруг и често со солзи му зборуваше:
- О, колку блажени би биле, кога нашата младост заедно би ја поминале во чистота, служејќи Му на Бога без телесни врски. Тоа отсекогаш го сакав. Тогаш би се поттикнувале взаемно на прекрасен богоугоден живот. А ако сладострастието, толку својствено на младите, те спречува во тоа, тогаш остави ме и не пречи ми во мојата желба. Еве, за откуп ти ги давам сите мои богатства, робови и робинки, ризници од злато и сребро и други безбројни имоти. Се нека биде твое, само да бидам слободна од телесната врска.
А Апинијан ниту беше против тоа ниту се согласуваше, туку нежно и зборуваше:
- Тоа засега не може да се случи, сѐ додека не добиеме наследник на нашите имоти. Кога ќе се роди, ќе ја исполнам твојата желба, зашто не е добро жената да го надминува мажот во доброто дело и стремежот кон Бога. Да почекаме додека Бог ни даде плод на нашето сопружништво, па потоа заедно ќе го избереме начинот на живот што го сакаш.
Меланија се согласи и Бог им даде женско чедо. Штом ја роди ќеркичката, таа веднаш Му даде за неа завет на Бога за девството, како да го отплатува својот долг. Сакаше нејзината ќерка да го сочува тоа што таа не можеше, бидејќи ја омажија на сила.
Потоа започна да се подготвува за поинаку да живее и повеќе се трудеше во воздржанието и умртвувањето на телото. Таа постеше и со ништо не му угодуваше на телото, не носеше убави фустани и скапоцени накити и во бања не одеше. Кога родителите или сопругот и предлагаа да оди во бања, таа не го разголуваше своето тело туку само го миеше лицето и излегуваше, заканувајќи им се на робинките да молчат и им даваше подароци за тоа. Од мажот бараше да го исполни своето ветување, да живеат без телесни врски, бидејќи веќе имаат наследничка на нивниот имот. Но, тој не сакаше да ја послуша.
Тогаш таа намисли тајно да побегне во непозната земја, да ги остави и родителите, и мажот, и чедото, и сите богатства. Беше обземена од голема желба за Бога и љубов за чист живот. И веднаш ќе го стореше тоа ако не ги послушаше советите на благоразумни луѓе, кои ја потсетуваа на апостолските зборови: „На оженетите им заповедам, не јас туку Господ, жената да не се разделува од мажот. Оти, од каде знаеш жено, не ќе ли го спасиш ти мажот?“ (1 Кор. 7, 10. 16).
И така задржана со надежта за спасение на мажот, Меланија остана, иако и беше тешко да ја врши брачната должност. На себе носеше груба власеница и ја соблекуваше само кога знаеше дека маж и ќе биде насамо со неа, за да не дознае за таквиот нејзин живот. Но, тоа го дозна сестрата на нејзиниот татко и започна да ја исмева и прекорува. Меланија со солзи ја молеше да не кажува никому за тоа.
Наскоро потоа забремени повторно и наближуваше времето да се породи. При тоа настапи празникот на светиот маченик Лаврентиј и Меланија сета ноќ ја помина без сон, молејќи се со метанија и пеејќи псалми. При тоа се трудеше да ги совлада природните породилни маки. Осамна, а таа не престана со тешката молитва. Страшните породилни болки стануваа се пострашни а таа и понатаму стоеше на молитва и правеше метанија. Најпосле изнемоште и во тешки маки роди машко дете, кое штом беше крстено замина од овој свет во небесната татковина.
По породувањето Меланија тешко се разболе и беше на умирање. Нејзиниот маж стоеше покрај нејзиниот кревет, одвај жив од тага и жал за неа. Во својата преголема болка тој побрза во црквата, каде со голем плач и метанија се молеше на Бога, просејќи од Него исцелување за својата мила сопруга. А Меланија во меѓувреме му испрати ваква порака во црквата:
„Ако сакаш јас и ти да останеме живи, дај Му збор на Бога дека повеќе нема да ме допреш и дека до крајот на животот ќе живееме во чистота“.
Мажот ја сакаше Меланија бескрајно и нејзиното здравје му беше најважно од се, па даде завет во црквата пред Бога, дека во иднина ќе живее со неа без телесни врски.
Кога пратеникот ѝ кажа на Меланија за тоа, таа многу се израдува и полека заздраве. Телесната болест ѝ отстапи место на духовната радост и Меланија го прослави Севишниот, Кој ѝ помага, исполнувајќи ја преку болеста заветната желба на нејзиното срце.
Кога стана од постелата, нејзината прекрасна ќерка, ветена на Бога, отиде кај Господа. Нејзината смрт уште повеќе го орасположи Апинијан на држење на чистотата, особено кога Меланија му зборуваше:
- Гледаш ли дека нас самиот Бог нѐ повикува на чист живот. Ако Му беше по волја да го продолжи нашето телесно сопружништво, немаше да ни ги земе децата.
И така Апинијан и Меланија стапија во духовно натприродно сопружништво и се поттикнуваа на доблестите, подвизувајќи се во пост, молитви, трудови, умртвување на телото. Потоа се договорија сите имоти да Му ги подарат на Христа преку бедните, да се одречат од светот и да се замонашат. Но, нејзините родители беа одлучно против тоа. Една ноќ, додека Апинијан и Меланија тагуваа поради тоа и размислуваа како да се извлечат од овој свет, ги посети одозгора Божествена благодат и почувствуваа прекрасен благомирис, кој доаѓаше од небото, благомирис кој никаков ум не може да го достигне ниту јазик да го опише, и тие беа толку радосни што потполно заборавија на своите маки.
Од тогаш уште повеќе ги обзеде желбата за небесното богатство а го намразија светот и се световно и одлучија тајно да побегнат некаде и да се замонашат. Но, Божјата промисла им подготви поинаков пат кон остварувањето на нивната цел.
За кратко време умре таткото на Меланија и поради имотите и богатствата не можеа веднаш да заминат. Им требаше време да ги раздадат на бедните, па се повлекоа на еден свој имот во предградието на Рим и таму живееја, чувајќи Ја својата чистота сесрдно и строго. Во тоа време Апинијан имаше дваесет и четири години а Меланија ја навршуваше дваесеттата. Навистина е големо чудо во тие години, во кои обично младоста гори со огнот на телесните страсти, овој свет пар да води натприроден живот.
Сето тоа се случи под раководството на блажената Меланија. Таа како мудра слугинка Господова будно и строго внимаваше на себе и на мажот, така што му беше учителка и водителка на патот кон Господа. Водејќи така чудесен живот, тие ги продаваа своите имоти и непоштедно ги раздаваа на потребитите.
Во тоа време Бог им испрати едно искушение. Братот на Апинијан Север започна да ги потценува и омаловажува и да им одзема некои од имотите. А кога виде дека тие не се противат, започна да зема и други имоти, за сите да ги присвои за себе. Тие го трпеа тоа незлобиво, полагајќи ја надежта во Бога. Им беше жал само поради тоа што имотите наменети за Христа одат во рацете на завидлив човек, та ќе им се даде малку на бедните. Но, Господ, Кој ги штити слугите Свои и ги спасува од рацете на неправедниците, ја крена против Север царицата Верина. Таа дозна за однесувањето на Север кон нив, ги повика и им укажа големо почитување. Царицата се восхитуваше на нивната бедна облека и големото смирение, па ја прегрна Меланија и ѝ рече:
- Блажена си ти, што си избрала ваков живот!
При тоа им зборуваше дека ќе му се освети на Север. Но, тие ја молеа да ја одбегнува осветата туку само да го посоветува повеќе да не им врши неправда, велејќи дека е подобро некој да ги навредува отколку тие некого да навредуваат. Ја молеа да не му се случи ништо лошо поради нив, бидејќи им е доволно ако тој сега престане да го одзема не нивното богатство туку Христовото и на Христовите слуги: сиромашните, вдовиците, сирачињата.
Тие ја молеа царицата за дозвола да можат да ги продаваат слободно, без никакви пречки, своите големи имоти, кои претставуваа градови и села не само во Италија туку и во Сицилија, во Шпанија, во Галија и Британија.
Нејзините родители беа толку богати, што освен царот никој не беше побогат од нив. Царицата им ја исполни молбата и им беше дозволено слободно да продаваат од своите имоти каде и да се наоѓаат тие. Меланија посака на царевата сестра да и даде некои скапоцени подароци, но таа не сакаше да земе ништо од понудените работи, сметајќи дека е богохулство да се земе нешто од работите подарени на Христа. Потоа со голема чест беа испратени од царските палати.
Огромноста на нивното богатство, што тие Го подарија на Христа, се гледа од тоа што во тоа време никој не беше во состојба да ја купи нивната куќа во Рим по нормална цена. Дури после пожарот што го предизвикаа варварите при својата наезда во таа кука и со тоа ја оштетија, таа беше продадена со пониска цена и сите пари беа раздадени на сиромашните. Со сигурност може да се каже дека Апинијан и Меланија покажаа поголемо усрдие кон Бога отколку Јов. Јов Му благодареше на Бога кога не по своја волја го изгуби богатството а тие доброволно се одрекоа од толкуте богатства и го прегрнаа сиромаштвото. На почетокот таквиот живот им беше малку тажен и мачен, но подоцна им стана лесен и полн со секоја духовна радост.
Но, ѓаволот се обидуваше благочестивите сопружници да ги соблазни со среброљубието. Така, кога еднаш им донесоа дома огромна количина злато за продадениот имот, ѓаволот започна да им уфрла во срцата некаква љубов кон златото. Но, Меланија го забележа лукавството на древната змија и веднаш сметајќи го златото за кал, започна беспоштедно да го троши на сиромашните. Таа раскажуваше за себе:
„Имав еден имот со палата на високо и многу убаво место. Тој ги надминуваше сите наши останати имоти. Од едната негова страна се простираше морето а од планината се гледаше како бродовите пловат по него и како рибарите ловат риби. А од другата страна имаше високи дрвја, насеани полиња, бавчи и одлични лозја. На едни места таму имаше раскошни бањи, на други водени извори. Од сите страни се разлеваше пеењето на разни птици. Таму, во специјално заградени шуми се наоѓаа најразлични 5верови и ловот беше секогаш богат. И ѓаволот ми уфрлаше мисла дека тој прекрасен имот, поради неговите исклучителни предности, не треба да го продавам туку да го сочувам за себе, за да живеам на него. Но, со благодатта Божја ја видов вражјата замка, го свртев својот ум кон рајските населби и веднаш го продадов и добиените пари ги предадов на мојот Христос“.
Кога благочестивите сопружници ги продадоа сите имоти што ги имаа во Италија, нивните прилози како голема река потекоа по сите краеви на земјата. Тие испраќаа богата милостиња на сите страни: во Месопотамија, во Сирија, во Египет, во Палестина, на црквите и манастирите машки и женски, на гостоприемниците и болниците, на сиротите и вдовиците, на заробениците и затворениците и на откупување на заробени и робови. И Исток и Запад се исполнија со подароците од нивните дарежливи раце. Понекогаш тие купуваа цели острови, мирни и осамени; таму основаа манастири, и ги осигуруваа монасите. Насекаде ги украсуваа светите цркви со злато и сребро, златоткајни свештенички одежди и огромни суми на пари даваа за црковното благолепие.
Потоа оставија неколку свои имоти во Италија непродадени, и заедно со мајката на блажената Меланија отпловија на Сицилија, за да ги продадат тамошните имоти и да го посетат блажениот епископ Павлин, својот духовен отец.
Наскоро по нивното заминување, Рим беше нападнат од варварите, кои ја опустошија со меч и оган сета околина на градот и сета италијанска земја. Светите сопружници Меланија и Апинијан добро сторија што со помош Божја ги продадоа своите имоти пред оваа несреќа, зашто ќе пропаднеа напразно, без никаков надомест од Бога. Така тоа се претвори за нив во стократна награда во вечниот живот. Со своето излегување од Италија, како Лот од Содом, пред неговото страшно пустошење од страна на варварите, тие го сочуваа и своето времено здравје. Се задржаа некое време во Сицилија и на патот кон неа се сретнаа со свети Павлин, епископот Нолски, успешно ги завршија своите работи околу тамошните имоти и тргнаа за Либија и Картагина.
За време на пловидбата настана силна бура, која траеше многу денови. Веќе немаа вода за пиење а веслачи и послуга имаше многу и сите беа многу жедни. Света Меланија сфати дека нивниот пат за Либија не е по Божја волја и нареди да ги свртат едрата кон ветрот, со надеж Господ да ги упати каде што сака. И така носени од ветрот, стигнаа на еден остров. Кратко време пред тоа островот беше нападнат од варвари, кои го ограбија и многу мажи и жени одведоа во ропство а на преостанатите жители им порачаа ако сакаат можат да ги откупат, оти сите ќе бидат погубени. Сите тагуваа, бидејќи не беа во состојба да го сторат тоа. Во тоа време пристигнаа на островот Меланија и Апинијан. Епископот на тој остров веднаш дојде и бараше помош од нив, за откуп на заробениците. Доби повеќе отколку што се надеваше. Тие се сожалија на нив и дадоа онолку злато колку што беше потребно да се откупат сите заробеници.
Кога заминаа од тој остров, со тивок и поволен ветер брзо стигнаа во Картагина. Таму правеа обилни дела на милосрдието, давајќи прилози на црквите и манастирите и згрижување на бедните и болните. Се населија недалеку од Картагина, во градот Тагаст, каде епископ беше Алимпиј, пријател на блажениот Августин, човек речит и учен, мудар советодавец и наставник за сите кои доаѓаа кај него. Тие го засакаа овој пастир, богато ја украсија неговата црква и купија многу имоти за неа. Освен тоа таму подигнаа и машки манастир со осумдесет монаси и женски со стои и триесет монахињи и ги осигурија во издржувањето. А света Меланија се построго постеше и се воздржуваше. На почетокот јадеше секој втори ден, потоа секој трети, па потоа остануваше без храна и по цела седмица освен во сабота и недела. Понекогаш се занимаваше со препишување на книги, бидејќи имаше многу убав ракопис и пишуваше без грешки а понекогаш изработуваше облека за бедните. Препишаните книги ги продаваше а добиените пари на сиромашните ги раздаваше. Многу усрдно таа се занимаваше и со читање на Светото Писмо. Кога рацете и се заморува од работа, таа се предаваше на читање и така им даваше работа на очите. Кога очите ќе се замореа од долгото читање, тогаш наредуваше та други читаа а таа слушаше. Имаше обичај секоја година три пати да го прочита Светото Писмо, Стариот и Новиот Завет, а најглавните места ги знаеше напамет и постојано ги изговараше. Ноќе спиеше неполни два часа и тоа не на постела туку на земјата на бедна крпа, велејќи:
- Треба постојано да се бдее, зашто не знаеме во кој час ќе дојде врагот. На таквиот подвижнички начин на живот таа ги обучуваше и своите девојки што и прислужуваа. Исто така и многу момчиња натера да живеат чеден живот и да го чуваат своето девство. И многу неверни души таа придоби за Христа и ги приведе кај Бога.
По седум години кај неа се јави желба да оди да ги види Светите Места во Ерусалим. Заедно со мајка си и својот духовен брати соподвижник Апинијан тргнаа на пат. Во Александрија го посетија свети Кирил, архиепископот Александриски. Од духовниот разговор со него добија голема духовна корист. Кога стигнаа во светиот град Ерусалим, со големо умиление и неискажана радост ги посетуваа Светите Места, кои нашиот Господ и Неговата Пречиста Богомајка ги осветија со своите свети стапки. Кај гробот на Господа преподобна Меланија остануваше по цела ноќ. Тука Му принесуваше многу топли молитви на Христа Бога, со многу солзи и метанија, прегрнувајќи го гробот Господов и слатко бакнувајќи го.
За време на престојот во Ерусалим, еден нивен верен пријател ги продаде нивните преостанати имоти во Италија и им ги испрати парите. По Ерусалим тие одлучија да одат и во Египет, да ги посетат тамошните отци пустиници и да им послужат со својот имот. Тие тргнаа а мајката која беше преморена и престарена ја оставија во светиот град, со порака да им изгради куќа за живеење на Маслиновата Гора.
Во Египет ги посетуваа пустинските отци и добиваа голема духовна корист. Истовремено таму на потребитите им укажуваа голема помош со својата дарежливост. При тоа наидоа на многу сиромаштољубиви меѓу нив, кои никако не сакаа да земат ништо и бегаа од златото како од змија. Меѓу таквите беше и еден отец, на име Ефистион. Тие го молеа да прими неколку златника, но тој одби. Во неговата ќелија најдоа само рогозина и барде, малку сув леб и корпа со малку сол. Во таа корпа Меланија кришум пушти злато и го покри со сол. Кога заминаа, старецот веднаш го најде златото и се стрча по нив, силно викајќи да застанат, па им го покажа златото и рече:
- Мене не ми е потребно! Не знам за што да го искористам! Земете си го своето!
Тие му одговорија:
- Ако не ти е потребно, дај го на други.
Старецот возврати:
- На кого му е потребно овде, и поради што? Не гледате ли дека овде местото е пусто?
Тие не сакаа да го земат назад, па тој го фрли во реката и се врати во својат ќелија.
Потоа повторно дојдоа во Александрија, па во Нитрија, на Југот од Александрија, кај ава Памво, насекаде посетувајќи ги живеалиштата на пустиниците, како пчели што летаат по разни цветови и собираат мед. Потоа се вратија во Ерусалим, збогатени со духовното богатство што го добија од светите пустиници. И како што се надеваа, ја затекнаа куќата веќе готова на Маслиновата Гора. Се населија во неа.
Тогаш таму блажената Меланија се затвори во една тесна одаја и си даде завет никого да не гледа и никој да не ја види. Само еднаш во седмицата ја посетуваше нејзината мајка и духовниот брат Апинијан. Во тој доброволен затвор таа помина четиринаесет години. За тоа време се престави нејзината мајка, полна со добри дела и добра надеж. Тогаш Меланија ги направи сите потребни богослуженија за премината мајка и повторно се затвори во уште потесна и далеку помрачна одаја. Во неа остана една година.
Славата за неа се пронесе на сите страни и многумина започнаа да доаѓаат кај неа за духовна корист. Тогаш Меланија излезе од затворот за спасение на другите. И основаше манастир и собра преку дваесет девојки. Кај неа се собраа и многу јавни грешници. Таа ги упатуваше на патот на покајанието и тие водеа богоугоден живот. За својот манастир избра игуманија а самата им служеше на сите како робинка и за сите се грижеше како мајка. Ги поучуваше сестрите на разни доблести, на прво место на чистотата, потоа на смиреноста, послушноста, трпението, незлобивоста. За таа цел им ја раскажа следната повест:
„Кај еден голем старец еднаш дојде едно момче со желба да биле негов ученик. А старецот уште на самиот почеток му покажа каков треба да биде ученикот и му нареди да земе стап и силно да го тепа столбот пред вратата. При тоа да го удира и со нозете. Момчето го послуша старецот и со сите сили го удираше бездушниот столб. Старецот го праша момчето:
- Дали ти се спротивстави тепаниот стап? Дали те навреди? Побегна ли тој од своето место? Се нафрли ли на тебе?
Момчето одговори дека столбот не го стори тоа.
Тогаш старецот му рече да го тепа уште посилно, при тоа да го навредува, кара, исмева и на сите можни начини да го прекорува.
Кога момчето и тоа го стори, старецот го праша:
- Дали се разгневи на тебе столбот кога го навредуваше? Дали ти рече нешто лошо? Дали негодуваше или те прекори?
Момчето одговори:
- Не, оче! Како може да ми возврати или да се рагневи бесчувствениот и бездушен столб?
Тогаш старецот рече:
- Ако можеш да бидеш како тој столб, да не се гневиш на оние што те тепаат, да не бегаш од ќотекот, да не им противречиш на оние што те навредуваат, на укорите да не возвраќаш со укори, ако среде таквите скрби останеш постојано непоколеблив како столб, тогаш дојди и биди наш ученик. Во спротивно не доближувај се до нашите врати“.
Со таа повест блажената ги поучуваше сестрите на трпение и незлобивост, и тој пример им беше од голема корист. Поучувајќи ги така сестрите, света Меланија истовремено изгради и прекрасна црква во тој манастир, и се потруди таа да биде осветена со светите мошти на пророкот Захариј, првомаченикот Стефан и светите Четириесет Маченици.
По овие настани нејзиниот духовен брат, а порано нејзин сопруг по тело, блажениот Апинијан, откако Му угоди на Бога отиде кај Него, веќе во монашкиот чин. Блажената Меланија чесно го погреба, па и самата започна да се подготвува за заминување, очекувајќи дека наскор ќе умре. Но, промислата Божја и го продолжи животот за спасение на другите. По смртта на Апинијан таа подигна и машки манастир, на кој го потроши последниот свој имот, подарувајќи се во слава на Бога. На тој начин онаа која одамна го прегрна сиромаштвото, стана и со телото сиромашна.
Во тоа време доби писмо од Цариград, од нејзиниот стрико Волусијан Римјанинот, кој беше поставен за римски антипат, односно царски намесник и со специјална порака испратен од западниот цар во Цариград кај царот. Кога дојде на Исток, Волусијан многу сакаше да се види со својата внука Меланија и затоа и испрати порака, молејќи ја да дојде во Цариград, за да се види со неа. Блажената на почетокот не сакаше да појде, бидејќи тој беше идолопоклоник, но по совет на духовните отци тргна, со надеж дека ќе го обрати кон Господа Христа. По патот во сите градови каде што се задржуваше и укажуваа голема чест, зашто Бог ги прославува оние кои Него Го прославуваат. Ја пречекуваа архијереји и свештеници, градски старешини и народ, и сите со љубов ја примаа, како да доаѓа од небото, зашто по целиот свет блескаше светлоста на нејзините доблести и светиот живот. И во самата престолнина беше примена со голема чест од царот Теодосиј Младиот и од неговата сопруга Евдоксија и патријархот Прокл. Својот стрико таа го затекна болен. Кога ја виде, тој се восхити на нејзината монашка облека и умртвеност на телото, зашто нејзиното лице се беше исушило од долгите постови и трудови а нејзината поранешна убавина свенала. Волусијан воскликна:
- О, како изгледаш сега, драга Меланија!
Но, зошто долго да зборуваме! Нешто лично преподобната Меланија, нешто свети Прокл а најмногу боговдахновената беседа на благочестивата слугинка Христова и нејзините корисни совети, помогнаа та нејзиниот стрико се одрече од елинското безбожие и прими свето Крштение. Кога се удостои на Светите Тајни, по кратко време го предаде својот дух на Бога и беше погребан од рацете на света Меланија.
За време на својот подолг престој во Цариград, преподобната Меланија обрати кон правата вера многумина од Несториевата ерес, која тогаш многу ја вознемируваше Црквата а и многу православни сочува од отпадништвото, зашто Бог и беше подарил таква благодатна мудрост, што не можеа да ја победат итро сплетените зборови на несторијанците. Преподобната одлично го знаеше Светото Писмо, сите години од својот живот читајќи го и исполнувајќи се со благодатта на Светиот Дух. Од утро до вечер со неа разговараа разни луѓе и ја прашуваа за Православието а таа им даваше премудри одговори, така што целата престолнина се восхитуваше на нејзината премудрост.
Потоа блажената се врати во Ерусалим. Се наближуваше крајот на нејзиниот живот, па започна да се подготвува. И се даде од Бога дар на исцелување и таа исцелуваше многу болести. Од тие исцеленија ќе раскажеме само неколку и со тоа ќе дадеме доказ за благодатта Божја што се вселила во неа.
Царицата Евдокија, која преподобна Меланија ја нарече своја духовна мајка, допатува во Ерусалим да се поклони на Светите Места и да ја посети својата духовна мајка. По пат таа ја исчаши ногата и толку ја болеше, така што не можеше да згазне на неа. А кога света Меланија само се допре до неа, ногата веднаш и оздраве.
Една млада жена ја мачеше ѓаволот, кој толку ѝ ја затвори устата, што беше невозможно да ѝ се отвори. Таа не беше во состојба ни збор да изговори, ниту храна да вкуси. Повеќе од долгото гладување отколку од ѓаволското мачење, нејзе и претстоеше смртта. Преподобната ја исцели таа жена со молитвата и помазувањето со свет елеј. Од неа излезе ѓаволот, устата и се отвори на благодарење и славословење на Бога и откако вкуси храна оздраве.
Друга жена беше бремена и дојде време да се породи, но не можеше бидејќи детето умре во нејзината утроба. Раскинувана од страшни болки, жената беше на умирање. Но и помогнаа светите молитви на преподобна Меланија. Штом нејзиниот појас беше положен на градите на болната, веднаш од неа излезе мртвото дете и и олесни и започна да зборува.
Кога го провиде своето заминување кај Бога, преподобната ги посети Светите Места во Еруслаим и околината, во Витлеем и Галилеја. А кога настапи празникот Рождество Христово, таа беше на сеноќно бдение во пештерата каде што Господ се роди и таму и кажа на една своја сестра, своја роднина, која постојано беше покрај неа, дека таа последен пат го празнува со нив Раѓањето Христово. Поради тоа нејзината сестра многу плачеше. Потоа на денот на светиот маченик Стефан блажената Меланија беше на сеноќно бдение во неговиот храм. Тој ден во својата обител им читаше на сестрите за каменувањето на светиот Првомаченик и им рече дека ова е последен пат што таа им чита. Тоа предизвика голем плач кај нејзините сестри, кои сфатија дека светителката наскоро ќе замине од овој свет. А таа по својот обичај долго ги тешеше со боговдахновени зборови и ги поучуваше во доблестите. Потоа влезе во црквата и се помоли, говорејќи:
- Господи, Боже мој, Тебе те избрав и засакав од почетокот. Тебе те претпочитав пред бракот, богатствата, славата и сластите на овој свет. Тебе од своето раѓање ти ги доверив и телото и душата моја. Заради Тебе се предадов на воздржание и ми се прилепија коските за кожата. Ти ме водеше за мојата десна рака и ме упатуваше со советите Твои. И сега слушни го мојот глас и овие солзи нека ги свртат потоците на милосрдието Твое кон мене. Очисти ги сите мои гревовни нечистотии, волни и неволни. Подари ми пат кон Тебе без никакви препреки, за да не ме задржат воздушните зли духови. Ти ја знаеш, Бесмртен, смртната природа наша. Ти знаеш Човекољупче, дека нема човек без нечистотија. Нема човечко суштество на кое врагот не би му нашол некаква грешност, макар да живее и еден ден на земјата. Но Ти, Владико, избриши ги сите мои гревови, постави ме чиста на судот Твој.
Така се молеше преподобната Меланија. Се уште не ја беше завршила молитвата и започна да чувствува болки по телото. Иако многу изнемоштуваше од болеста, сепак не престануваше со својот труд, одеше на пропишаните црковни богослуженија и од утрото им изговараше на сестрите многу поуки. Потоа се причести со Пречистите и Божествени Тајни од рацете на епископот Елевтерополски, кој дојде со клирот да ја посети. Блажената започна да го очекува смртниот час. При тоа ја тешеше својата сродница, која горко плачеше за неа, а и сестрите, па се прости со сите и ги изговори зборовите:
- Како Господ благослови, така и се случи.
Со тие зборови таа го предаде својот дух во рацете Божји, откако претходно легна на прост одар, ги затвори очите, и сама, како што треба, ги прекрсти рацете на своите гради. Тоа беше во триесет и првиот ден на месец декември, во 439 година.
На погребот на преподобната мајка наша Меланија се собраа монаси и монахињи од сите манастири во околината на Светиот Град и цела нок пееја над неа псалми, па потоа чесно ја погребаа. Нејзината света душа отиде во дворовите на Господа Христа, Кого таа го засака и на Кого усрдно Му служеше во сите денови на својот живот. И сега, додека учествува со сите светии во славата Негова, таа и за нас грешните Го моли таму Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бог, Кому слава за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ЗОТИК СИРОТОХРАНИТЕЛОТ
Преподобниот Зотик беше од знаменит и славен род: Се Роди во Рим. Од Рана младост се оддаде на науката и ја изучи сета световна и духовна мудрост. Поради тоа царот Константин Велики го зеде на својот двор за да биде покрај него. Кога овој благочестив цар ја премести престолнината од Рим во Цариград и блажениот Зотик со други великодостојници премина во Цариград и го доби од царот чинот магистријан, најважната придворска должност. Но, набрзо Зотик се одрече од честа и суетата на овој свет и го прими свештеничкиот чин. Неговиот дом беше отворен за сите сиромашни и несреќни. Преподобниот беше вистински татко на сирачињата, вдовиците, болните, неволните и патниците.
Во тоа време во градот започна нагло да се шири губа. За да се сузбие оваа погубна зараза, царот издаде наредба секој губав да се фрли во морето. Жалостивиот Зотик, полн со божествена љубов, отиде и му рече на царот:
- Царе, дај ми мене, слугата твој, што повеќе злато, за со него да купам бисери и одлични скапоцени камења, во чест и слава на твојата моќ, зашто сум многу вешт и искусен во тоа.
Царот го сакаше и ценеше Зотик и му ја исполни молбата. Кога го доби златото, овој богољубив и човекољубив слуга Божји излезе од дворот прерадосен. И започна од војниците извршители на царската наредба за фрлање на губавите во морето да ги откупува тие бедници, ги носеше во својот дом и ги негуваше. Потоа од другата страна на Босфорот, наспроти Цариград, тој во една планина изгради болница за губави и таму ги сместуваше и негуваше. На тоа го потроши сето злато добиено од царот Константин.
Но, овој благочестив цар умре и на царскиот престол стапи неговиот син Констанциј, кој застрани во аријанската ерес и ги гонеше православните. За да му наштетат на големиот ревнител за Православието свети Зотик, пакосни луѓе го обвинија кај царот еретик дека од покојниот цар зел злато, за да му купи скапоцени камења. Царот го повика и го праша дали купил бисери за златото што му е дадено од царските ризници.
Преподобниот одговори:
- Царе, ајде со мене на бродот и јас ќе ти го покажам богатството какво што досега си немал.
Кога ги пренесоа со кораб од другата страна на Босфорот, преподобниот го поведе царот кон болницата и покажувајќи му ги губавите и болните му рече:
- Ете ги, царе, живите бисери и прекрасни скапоцени камења, кои ги стекнав со трудот и парите за твое спасение.
Царот многу се разгневи на светителот и нареди да го врзат за диви мазги и да ги бркааат по полињата и патиштата. Така влечен по камења, преподобниот трпеше страшни болки. Телото му се распаѓаше по острите камења. А кога мазгите се стрчаа од планината, влечејќи го преподобниот, коските му се сокршија и испопаѓаа. Така ја предаде својата душа во рацете на својот Господ. На местото каде што светиот издивна, бликна извор чиста и слатка вода, И од таа вода се исцелуваа најразлични болести, на прославување на угодникот Божји а во слава и чест на Едниот во Троица Бог, од сите славениот и почитуван за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ТЕОФИЛАКТ,
архиепископот Охридски
Блажениот Теофилакт е роден на островот Еврип а воспитан во Цариград, кај најзнаменитите учители во тоа време. Како клирик на Големата Црква бил избран за епископ и испратен, без своја волја, во Охрид, каде поминал околу дваесет и пет години (отприлика од 1082 до 1108 г). Хоматијан Охридски го нарекува „најмудар архиепископ“. Бил човек со огромна ученост, светска и богословска, истенчен византиски вкус, меланхоничен и чувствителен. Теофилакт се чувствувал меѓу Словените во Охрид како во егзил меѓу варварите. Напишал толкување на сите Четири Евангелија и другите книги на Новиот Завет. Тоа е најдобро дело од тој вид по свети Златоуст, кое и ден денес се чита со голема корист. Од останатите негови дела познати се уште и „Писма“ и „Животот на свети Климент Охридски“. Во староста свети Теофилакт се повлекол од Охрид во Солун, каде, како што се мисли, и го завршил својот земен живот и се преселил во блажената небесна вечност.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ГЕЛАСИЈ
Се подвизувал како пустиник во околината на Никопол. Бил ревносен поборник на Православието. Учествувал на Четвртиот 8 соленки Собор. Се одликувал со длабоко смирение и кроткост. Со своите свети подвизи достигнал до бестрастие. Цркваго нарекува „незаборавен цар над страстите“.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ДЕСЕТ ДЕВОЈКИ НИКОМИДИСКИ
На овие свети девојки очите им ги ископаа и градите им ги отсекоа. Така за Христа пострадаа и венци небесни добија.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ОЛИМПИОДОРА
Пострадала за Господа Христа спалена во оган.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА НЕМИЈА
Пострадала за Господа посечена со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ВУСИРИЈ
Пострадал за Господа Христа испрободен со вретена.
СВЕТИОТ МАЧЕНИК ГАУДИЕНТИЈ
Во страшни маки пострадал за Господа. Кај Него на небото отишол и несвенлив венец примил.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ГАЈ
Овој „мудар угодник Христов“ богомудро се подвизувал и во мир се упокоил.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ГЕОРГИЈ ЧУДОТВОРЕЦ
Свети Георгиј е познат помесен светител на Божјата Црква на Кипар. Познат е под името Махероменос. Го спомнува Патмоскиот кодекс број 266, и Махерас во Кипарската Хроника.