10. Февруари (28. Јануари)
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЕФРЕМ СИРИН
Црковниот учител, нашиот свет отец, преподобниот Ефрем Сирин, се роди во Сирија во градот Низибија, околу 306-та година од сиромашни христијански родители, во време на царот Константин Велики. Родителите го воспитуваа во стравот Божји. Меѓутоа тој раната младост ја помина прилично бурно, и заради тоа почна да се помрачува неговата вера во Промислата Божја, и тој почна да размислува дека сѐ во животот станува случајно.
Сепак Промислата Божја го исцели од таквата душевна состојба откако еден ден неправедно беше обвинет за кражба и фрлен во затвор. Откако помина седум дена во затворот, свети Ефрем слушна глас во сонот, кој му објасни дека страда заради поранешните гревови. Потоа откако беше оправдан од судијата го ослободија. Така во неговото срце се всели потполната вера во Промислата Божја и ова случување толку го порази што тој веднаш го напушти светот и се повлече во блиската гора кај отшелниците, и стана ученик на свети Јаков, подоцна голем Нисибиски епископ. Под неговото раководство тој се подвизуваше во побожност и под неговото влијание потполно го смени својот карактер. Од гневливо и колебливо момче, свети Ефрем стана смирен и скрушен пустиник, совршено предаден на патиштата на Промислата Божја, кој дење и ноќе ги оплакува своите гревови.
Кога стана епископ, свети Јаков, знаејќи ја вредноста на својот ученик, ги користеше неговите способности во делата на управувањето со Црквата, доверувајќи му ја проповедта на словото Божјо и подучувањето на децата во училиштата. Го зеде со себе и на Првиот Вселенски Собор во Никеја. По враќањето од таму свети Јаков го зеде за помошник во своите напори и молитви за избавување на градот од нападите на персискиот цар Сапор (337 година).
Уште во млади години, кога се одрече од светот и отиде во пустината и стана монах, свети Ефрем доби од Бога дар на мудрост, која течеше од неговата уста, како слатка река на благодат, натопувајќи ги со умиление душите на сите кои ги слушаа неговите поуки. Тоа беше претскажано уште пред тој да порасне. Неговите родители имаа вакво видение за него: на неговиот јазик никнала винова лоза и толку пораснала што со гранките и грозјето го исполнила целото поднебесие. И сите птици небесни се собираа и јадеа грозје. И колку повеќе јадеа толку повеќе раѓаше лозјето.
А кога свети Ефрем монахуваше во пустата гора, преполн со умиление и потиштеност во срцето, еден од богоносните отци виде во сон страшен човек кој сјаеше како ангел и во раката држеше испишан свиток и праша: „Кој може да го прими и да го сочува овој свиток?“ И му дојде глас одозгора: „Никој друг освен Ефрем, мојот угодник“. А пред него стоеше Ефрем и ја отвори својата уста, и човекот му го стави свитокот во устата. И тој го изеде и проголта. Набргу потоа, преподобниот Ефрем започна да зборува и да пишува корисни поуки кои го побудуваа на покајание секој што ги слушаше и читаше.
Преподобниот Ефрем го минуваше времето во постојана молитва. Бидејќи имаше дар на умиление и солзи, тој постојано плачеше, сеќавајќи се на судниот ден. Малку спиеше, малку јадеше и тоа колку само да преживее и толку го засака сиромаштвото што сам за себе вели: „Ефрем никогаш немаше ни злато, ни сребро, ни кофчеже, зашто го послуша добриот учител, Христос, кој вели: Не стекнувајте ништо на земјата“.
Свети Григориј Ниски има напишано за него: „Плачењето за Ефрем, е исто како дишењето за другите; дење и ноќе по лицето му се лееле солзи, но лицето му сјаело од нив.
Во 338 година се упокои покровителот на Ефрем, свети Јаков Низибиски, а во 350 година Сапор Втори (309-380) ја превзеде Низибија и тогаш преподобниот Ефрем се пресели во Едеса. По совет на еден старец по име Јулијан, замина на подвиг во една од соседните планини на Едеса. На истиот старец му беше откриено во видение дека Ефрем е избран од Бога за вразумување на своите сонародници. Старецот виде во сонот вакво видение: По наредба Божја слегуваа Ангелските Сили од небото, држејќи во рацете свиток испишан од двете страни, и говореа еден на друг: „Кој треба да го добие овој свиток?“ И едни говореа - овој, други говореа - оној, а трети рекоа: „Навистина се свети и праведни овие што ги спомнувате, но ниту еден од нив не може да го добие овој свиток освен Ефрем, кроткиот и смирен по срце“. И старецот виде како овој свиток му беше даден на Ефрем. Кога стана наутро, го слушна блажениот Ефрем како ги поучува браќата. Од неговата уста извираа зборови од голема корист. И поверува дека сето она што излегува од неговата уста е од Светиот Дух. И го прослави Бога што им дава таква благодат на своите слуги.
Преподобниот повторно се врати во градот и одново се зафати со толкување на Светото Писмо.
Неговата проповед привлече многумина кај него. Тој повторно сакаше да се оддалечи во пустината, но по патот му се јави ангел Божји, и му рече:
- Каде бегаш ти, Ефреме?
- Сакам да живеам во безмолвие, затоа бегам од вревата и од искушенијата на светот!
- одговори Ефрем.
- Плаши се да не се исполни на тебе напишаното слово: Ефрем личи на млад вол, кој сака да си го ослободи вратот од јаремот.
Ефрем се засрами и повторно му се врати на своето служење. Основа училиште во Едеса од кое потоа излегоа многу познати учители на Сириската црква. Понекогаш се оддалечуваше на безмолвие и молитвен подвиг во пустината и недалеку од Едеса основа своја мала обител, и собра многу свои ученици. Но пак се враќаше во Едеса каде со своите поучувања ги приведуваше душите кон покајание и придобиваше за Бога многумина.
Кога прв пат отиде во градот Едеса, светителот се помоли на Бога, говорејќи:
- Господи Исусе Христе, удостој ме да го видам градот Твој и испрати ми да видам таков човек, кој корисно ќе разговара со мене за Светото Писмо. Откако така се помоли, тој се наближи до градот. И кога дојде пред капијата, го сретна една жена блудница. Кога ја здогледа, слугата Божји се разочара и му се обрати на Бога, говорејќи во себе: „Господи, си ја презрел молбата на твојот слуга, зашто, како оваа жена ќе расправа со мене за Светото Писмо“. А жената стоеше и го гледаше. Свети Ефрем ја праша:
- Кажи ми, жено, зошто стоиш и ме гледаш? Жената одговори:
- Те гледам затоа што сум жена, настаната од човек. А ти, не гледај во мене, туку во земјата од која си постанал. Кога го слушна тоа, Ефрем се зачуди на таквиот нејзин одговор и го прослави Бога, кој таков ум ѝ дал на жената. И увиде дека Господ не ја презрел неговата молба. Остана во градот многу денови.
Еднаш кога повторно беше во Едеса, во куќата во која што беше сместен, до неговата соба престојуваше некоја блудница. Поттикната од лукавиот демон, таа посака да го навреди преподобниот. Го отвори прозорчето на ѕидот меѓу собите и го здогледа старецот како си приготвува храна. И му рече:
- Благослови, старче! Преподобниот погледна кон прозорчето, ја здогледа како ѕирка, и ѝ одговори:
- Нека те благослови Бог!
Жената го праша: „Што ѝ недостига на твојата храна?“ Светителот одговори: „Потребни се три камења и малку кал за да се затвори ова прозорче, низ кое ти ѕиркаш ваму“. А жената бесрамно му рече: „Јас прва ти проговорив, а ти веќе се крена против мене. Јас сакам да легнам со тебе, а ти ме одбиваш со првиот збор“, Слугата Божји ѝ одговори: „Ако сакаш да легнеш со мене, тогаш дојди на местото кое ќе ти го означам и ќе легнеме заедно“, Блудницата рече: „Означи го местото и ќе дојдам“. Светителот ѝ одговори: „Ако си ме посакала, тогаш ќе можеш ли да легнеш со мене среде град“. Жената го праша: „Зарем не се срамиме од луѓето?“ Светителот ѝ одговори: „Ако се срамиме од луѓето, тогаш колку повеќе треба да се срамиме, а воедно со тоа и да се плашиме од Бога, кој ги знае тајните на луѓето. Зашто Он ќе му суди на целиот свет, и секому ќе му даде според делата негови“. Кога го слушна тоа, блудницата се трогна од неговите зборови. Таа дојде кај него, падна пред неговите нозе, плачејќи и говорејќи: „Слуго Божји, покажи ми го патот на спасението за да се избавам од многуте мои зли дела“. Преподобниот Ефрем ја поучи на многу работи од Светото Писмо, ја утврди во покајание и ја упати во женски манастир. И така ја спаси нејзината душа од одвратните беззаконија.
За неговата негневливост се раскажува ова: Еднаш за време на пост во пустината, неговиот ученик му донесуваше храна во одредено време. Но еднаш носејќи му храна случајно, не сакајќи, тој го скрши садот во кој беше храната. И ученикот се исплаши од гневот на старецот. А старецот, гледајќи го нажален, му рече:
- Не грижи се, брате! Штом храната не сакаше да дојде кај нас, тогаш ние ќе појдеме кај неа. И отиде, седна крај искршениот сад, па ја собираше храната и јадеше од неа. Толку беше неглевлив. За него велат дека од како станал монах никогаш на никого не се налутил.
Еднаш свети Ефрем Сирин имаше видение за свети Василиј Велики. На сон виде огнен столб кој достигаше до небото и слушна глас: „Ефреме! Ефреме! Каков што го гледаш овој огнен столб, таков е Василиј“. Тогаш тој посака да го види свети Василиј и отпатува во Кесарија Кападокиска. Бидејќи не знаеше грчки поведе со себе преведувач. Кога стигна, го најде светителот во црквата како го поучува народот и умилен од ова видение, започна да го слави со силен глас, говорејќи:
- Навистина е велик Василиј! Навистина Василиј е огнен столб! Навистина светиот Дух зборува од неговата уста!
А некои од народот рекоа:
- Кој е овој странец што вака го фали епископот? Гледај, тој му се умилкува за да добие нешто од неговите раце. А тие, по Божјата служба се запознаа и беседеа пријателски. И двајцата веќе одамна знаеја еден за друг. Свети Василиј Велики го запраша Ефрема:
- Зашто со такви пофалби ме славеше? Преподобниот му одговори:
- Затоа што видов бел гулаб како стои на твоето десно рамо, и ти го шепоти на увото она што ти му го зборуваше на народот. И уште: огнен јазик зборуваше од твојата уста. Свети Василиј му рече: Она што го слушав за тебе навистина го гледам сега, жителу на пустивата и љубителу на пустинското молитвено молчание. Во пророштвото Давидово пишува: „Ефрем е крепост на мојата глава“ (Пс. 59, 9). Овие пророчки зборови навистина ти доликуваат тебе; зашто многумина си упатил на доблести и си ги зацврстил, а твојата кроткост и незлобивоста на твоето срце, им сјаат на сите како светлина. Па го запраша:
- Честити оче, зошто ти не си ракоположен за презвитер, кога си достоен за тоа?
- Јас сум грешен човек, владико! - одговори Ефрем.
- О, кога јас би ги имал само твоите гревови! Воздивна Василиј и додаде:
- Да ги преклониме колената!
И коленичејќи, свети Василиј ги стави рацете врз главата на Ефрем и го ракоположи за ѓакон. После тоа свети Ефрем чудесно проговори грчки и помина уште три дена со свети Василиј. Тој го ракоположи за презвитер и го отпушти со мир. Свети Ефрем се врати во Едеса. А за него се раскажува дека никогаш не сакал да литургисува, зашто се сметал себе за недостоен да служи со таквите големи Божествени Тајни. А се причестувал често, кога други служеле света литургија. Во презвитерскиот чин, тој сесрдно служеше за спасение на другите, проповедајќи го словото Божјо.
Кога се врати во Едеса, преподобниот со своите поуки многу луѓе приведе кон покајание и пропаднатите души ги враќаше кај Бога. Во своите душекорисни проповеди тој беше толку изобилен и преполн со Божја благодат, што често грлото и јазикот го изневеруваа од говорењето. Еднаш со сила сакаа да го земат за епископ. Кога дозна за тоа, тој се направи луд и започна да јури низ градот, влечејќи ја по себе својата наметка. Притоа грабаше лебови и овошје од оние што ги продаваа и јадеше од нив. Гледајќи го тоа, луѓето мислеа дека полудел. А тој побегна од градот и се криеше сѐ додека не поставија друг на престолот.
Неверојатно беше смирението на свети Ефрем Сирин. Еден ден настана колебање во Низибија, додека тој сѐ уште беше таму. Градот беше возбуден од веста, дека ќерката на еден виден трговец очекува новороденче од „Ефрем светијата“. Самиот преподобен не ја отфрли клеветата, гледајќи и во оваа неочекувана несреќа, некаква Божја промисла. Запрашан пред сведоци од својот учител, светиот владика Јаков, Ефрем падна пред неговите нозе и со голема потиштеност изусти: „Оче мој, навистина згрешив и виновен сум! Сите се стаписаа пред неговото признание. Само светиот старец Јаков не го напушти својот послушаник Ефрем и остана да живее кај него. Дојде и денот кога таткото на грешната девојка во присуство на епископот, го даде детето во рацете на бедниот Ефрем:
- Ете ти го твојот син, гледај си го! - му рече нејзиниот татко.
- Навистина, отци мои, јас сум многу грешен. Но ве молам; молете се за мене за да бидам помилуван од Бога!
Херојски поднесениот срам на невиниот Божји човек наскоро стократно беше награден. Самиот Бог му внуши како да го поврати своето добро име.
На еден празник, тој влезе во храмот со бебето на рацете, се протна виз многубројниот народ и се упати кон свети Јаков. Зеде благослов од него и на општо изненадување на сите, се искачи на амвонот, го крена високо бебенцето и со висок глас му рече:
- Те заколнувам во името на Господ Исус Христос, откриј ни ја вистината. Кажи, кој е твојот татко!
- Ефрем, домаќинот на митрополијата! - трипати повтори бебето. Целиот народ падна на колена, а од очите на злодумците течеа горчливи солзи на покајание. И сите се втурнаа да молат за прошка за ваквата неправда извршена над него. Преподобниот кротко ги заветуваше луѓето, избрзано да не осудуват никого.
Преподобниот Ефрем негуваше голема љубов спрема преподобниот Аврамиј Затвореник, чиј спомен се празнува на 29 октомври, често се посетуваа еден со друг и се скрушуваа со своите меѓусебни корисни разговори. А кога блажената Марија, роднина на Аврамиј, ја снајде соблазна од непријателот, преподобниот Ефрем со своите молитви многу му помогна на нејзиното спасение. Бидејќи тој силно страдаше поради оние што паѓаа во грев и многу се трудеше да ги поправи.
Во тоа време беше зафатила Аполинариевата ерес. Аполинариј неправилно учел за овоплотувањето Господово. Но бил речит и склон на елинската мудрост и многу ја разбранува Божјата Црква. Тој заведе многумина во својата ерес. Напиша многу книги против правоверните. Од нив се издвојуваат две, во кои тој ја употреби целата своја душегубна вештина, нафрлајќи се на православните. Тие две книги ги чуваше кај една жена, негова љубовница. Кога дозна за тие книги, преподобниот Ефрем тајно отиде кај таа жена и започна многу да го фали Аполинариј, претставувајќи се како негов ученик. Па божем, сака уште повеќе да се научи на неговата мудрост, тој ја замоли да му ги даде тие две книги што се кај неа за да ги препише од нив најглавните работи. Жената му ги даде мислејќи дека тој навистина е ученик на Аполинариј, го замоли побрзо да ги врати и никому да не кажува за тоа. Свети Ефрем ги однесе во својата обител. Зеде, направи лепило, ги прилепи лист по лист, та од двете книги се доби нешто како некаква штичка, и ниеден лист не можеше да се одлепи еден од друг. И така ѝ ги однесе на жената. А таа ги зеде, но не ги погледна туку ги врати на своето место.
После тоа повторно пламна препирање помеѓу православните и Аполинариј, кој беше веќе остарен. И кога му се намалија препирачките вештини, тој сакаше да ги искористи овие две книги. Но кога ги зеде, не можеше да ги отвори, зашто вака цврсто залепени тие се беа скамениле. Тогаш многу се посрами и се повлече победен и посрамен. И наскоро од тага и срам се лиши од овој живот.
Преподобниот Ефрем јадеше и спиеше толку малку, колку да не умре од истоштеност. Денови и ноќи поминуваше во молитви и солзи, мислејќи за Страшниот Суд за којшто многу пишуваше и зборуваше. За него неговите современици говореа дека се уморуваше неговата уста од зборување, но не и неговиот ум. А благодатта Божја беше толку изобилна во него, што тој понекогаш го молеше Бога: „Боже намали ги брановите на Твојата благодат!“
Предмет на неговите беседи и поучувања првенствено беше смирението, сеќавањето на смртта, судот, покајанието, благоговението пред Бога, бдеењето над самите себе, борбата со гордоста, и сѐ што е проникнато во радосната надеж на Божјата милост.
Низ својот долг молитвен живот преподобниот Ефрем посети многу земји, а повеќето од своето време тој го поминуваше во молитва и пишување на книги со проповеди и полемични книги дури и во стихови, на пример против Аполинариј Младиот, а го има истолкувано стих по стих и целото Свето Писмо. Напишал многу списи по догматски прашања, многу молитви и песнопоенија, и познатата на сите за богослужбена употреба великопостна молитва „Господи и Владико на мојот живот...“ Напиша околу 300 стихотворби и преку нив толку успешно им се спротивстави на еретичките учења за што еретиците го напаѓаа со оружје и за малку не го убија. Тоа не ја олади неговата ревност да ги распространува божествените книги и многумина го нарекуваа „Сирискиот пророк“.
Нашиот преподобен отец Ефрем поживеа богоугодно многу години и тивко замина во вечноста, откако го напиша својот познат завет кон своите ученици, бидејќи му беше откриено кога ќе се претстави. Се упокои на рацете на еден свој сакан ученик во 373 година. На негова желба, беше погребен на крајот од градските гробишта на Едеса, каде ги погребуваа бедните и странците. Покасно неговите свети нетлени мошти беа положени во гробницата на едеските епископи во една од градските цркви. Денес неговиот гроб се наоѓа во приградскиот манастир „Свети Сергиј“. Дел од неговите свети мошти се наоѓаат во храмот Свето Преображение на Синајскиот манастир. А пак неговата света душа, стои сега пред престолот Господов, застапувајќи се за нас, со молитвите негови да добиеме опростување на гревовите, а по благодатта и милосрдието на нашиот Господ Исус Христос, кому нека е слава за навек, амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ИСАК СИРИН
Преподобниот Исак Сирин се родил во Бет - Катарија, во Сирија, на брегот на Персискиот залив, во близина на границата со Индија. Уште млад заедно со својот роден брат стапил во манастирот Мар - Матеј, во близина на Ниневија. Кога браќата започнаа да се издвојуваат од другите со своето подвижништво и ученост, на неговиот брат му беше поверено старешинството над манастирот и управувањето со браќата. А свети Исак, поминувајќи ги потполно подвизите на општожитието, се оддалечи во осаменичка ќелија недалеку од манастирот, и тука целосно му се предаде на молитвеното молчание и осамеништво.
Откако се прочу со светоста на својот живот, ученост и чудотворство, тој беше избран за епископ на големиот град Ниневија, и приморан да го прими чинот. Беше посветен за епископ во манастирот Бет-Аба, од патријархот Георгиј (660-680). На архиепископскиот престол остана само пет месеци, па го остави епископството и тајно се повлече на гората Мат, во близина на Бет-Хузај, и тука живееше во осамеништво со тамошните пустиножители. Од таму отиде во пустинскиот манастир Рабан - Шабур. Тука многу ревносно се занимаваше со изучување на Светите Книги. Составил многу дела од кои до нас стигнале околу сто беседи за духовниот живот и подвижништвото, пишувани главно по сопствени доживувања. Бил неспоредлив како психолог и раководител во духовниот живот. Дури и такви светители каков што е свети Симеон Дивногорец барале од него совети. Се упокоил во длабока старост во почетокот на осмиот век.
Според светиот Исак Сирин постојат три главни скалила во духовниот живот: покајанието, очистувањето и совршенството. Затоа тој вели: „Покајанието е мајка на животот. Тоа им е потребно на сите грешници и праведници, кои бараат спасение. И нема крај на усовршувањето, бидејќи и совршенството на најсовршените всушност е несовршено. Затоа до самата смрт нема граници за покајание, ниту во времето ниту во делата. Како благодат на благодат - на луѓето по крштението им е дадено покајанието. Зашто покајанието е второ раѓање од Бога. Даровите на верата ги примаме со покајанието. Покајанието го стекнуваме со милоста Божја. Покајанието е втора благодат и се раѓа во срцето од вера и страв Божји. Очистувањето на телото е недопирање до телесната нечистотија. Очистувањето на душата е ослободување од тајните страсти кои се појавуваат во умот. А очистувањето на умот се извршува со откривање на тајните. Совршенството на целосното подвижништво се содржи во овие три работи: во покајанието, во чистотата и во усовршувањето на себе си. Што е покајанието? Напуштање на гревовниот живот и каење поради него. Што е чистотата? Срце кое има милост за секое створение. Што е усовршувањето на себе си? Длабоко смирение.
Одлика на оние што достигнале совршенство е ова: ако и десет пати во денот бидат предадени на спалување поради љубовта спрема луѓето, не се задоволуваат со тоа.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ПАЛАДИЈ ПУСТИНИК
Блажениот Паладиј бил родум од Сирија. Овој блажен си изгради за себе една мала ќелија во една шума, во близина на селото Име. Се затвори во неа и со помош на бдението, постот и постојаната молитва се удостои и ја доби од Бога благодатта на чудотворството. Една ноќ, еден лош човек начекал на патот еден богат трговец и го убил за да го ограби; неговиот труп го одвлекол и го оставил пред ќелијата на преподобниот Паладиј. А кога осамна и луѓето го видоа телото на убиениот трговец, ја сокршија вратата од ќелијата на преподобниот, го фатија и го одвлекоа на суд, обвинувајќи го за убиство. И кога започнаа да го напаѓаат од сите страни, тој за да се спаси, му се помоли на Бога и со молитва го воскресна мртвиот. Тогаш воскреснатиот мртовец кажа кој го убил, и сите дознаа дека преподобниот нема никаква вина за тоа.
Освен ова и многу други чуда направи преподобниот Паладиј, но најголемо чудење предизвикуваат делата на неговите добродетели. Така го проживеа својот живот, и во мир му се претстави на Господа. Се упокоил во четвртиот век.
ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ЕФРЕМ ЕВНУХ
Овој блажен Ефрем потекнува од познат и славен род. Кнезот Изјаслав го сакаше многу и имаше неограничена доверба во него. Но овој блажен го напушти кнезовиот дом, отиде во пештерата на свети Антониј и го молеше да го замонаши. Преподобниот Антониј го поучи за спасение на душата и го предаде на блажениот Никон да го замонаши.
Тој постапи по наредбата. Го пострижа блажениот Ефрем и го облече во монашка риза. А какви тешкотии му причини непријателот на доброто, ѓаволот, на преподобниот поради потстригот на овој блажен Ефрем, како и поради блажениот Варлам е опишано во житието на преподобниот Антониј и Никон. Зашто кнезот на темнината, гледајќи како е победен од светото стадо на Антониј, кое се собираше во мрачната пештера и увидувајќи дека тоа место ќе се прослави поради тоа, започна да плете разни сплетки и замки во срцето на кнезот Изјаслав против преподобните, за барем на тој начин да може да го разбие тоа свето стадо. Но, ни на тој начин не можеше да успее, туку самиот тој беше протеран од молитвите на преподобните. Зашто и преподобниот Никон, беше изведен пред кнезот и укорен; а самиот старешина, преподобниот Антониј со браќата беше протеран од пештерата од страна на разгневениот кнез. Но наскоро со заземање на кнегињата кај кнезот, или подобро речено, по молитвите на Небесната Царица, Пресвета Богородица, на Царот на славата, Христа Бога, тие се вратија назад, славејќи го Бога.
Гледајќи каква неволја му навлече на тоа свето стадо поради своето замонашување, Ефрем силно се наоружа против ѓаволот со богоугоден живот во пештерата, пост, бдение и постојана молитва. Неговата голема ревност ја поддржуваше и го упатуваше неговиот учител, преподобниот Антониј. И како што самиот преподобен Антониј странствуваше од Русија во Света Гора така и преподобен Ефрем гореше со духот спрема светите места, сакајќи со своите очи да го види равноангелскиот живот на тамошните свети отци, и со љубов би се поттикнал себе си на поддржување на нивните добродетели. Затоа го молеше преподобниот Антониј да му даде благослов да оди во Грција. А тој не сакајќи да го лиши од тоа корисно патување, го отпушти со благослов и молитви, како што некогаш Ное ја пушти гулабицата од ковчегот да донесе маслинова гранка.
Откако доби благослов, преподобниот тргна на пат и кога стигна во Цариград, започна да ги посетува живеалиштата на небесните луѓе и земни ангели. И се хранеше обилно со духовна храна; со душекорисни зборови и поуки на тамошните свети отци. Тоа беше причина што долго се задржа таму. А пред враќањето кај својот возљубен отец, тој за да не се врати во својот духовен ковчег без некоја маслинова гранка, го препиша Уставот на светиот Студиски манастир, и го донесе во Печерскиот манастир.
По враќањето од светите места, преподобниот Ефрем помина кратко време во Печерскиот манастир, но беше пример со многуте свои доблести за духовна корист, така што сите му благодареа на Господа што го имаат. Во тоа време се претстави блажениот епископ Перејаславски, Петар. По Божјо благоволение, со одлука на сите и по желба на великиот кнез Всеволода Јарославич, преподобниот Ефрем беше поставен за епископ перејаславски, од преосветениот митрополит Киевски, Јован.
Станувајќи епископ, преподобниот вложи многу труд и грижи околу изградбата на епископската црква, зашто сметаше дека најчесна и најдрагоцена работа е да се допринесе за славењето на пресветото име Божјо. Бог му помагаше во таа работа, и тој за неколку години подигна огромна и прекрасна камена црква во чест на светиот Архистратиг Михаил. Во истиот град подигна и камена црква во чест на свети Теодор, и црква во чест на свети апостол Андреј Првоповиканиот. Така го украси градот Перејаслав со камени цркви какви што порано немало.
Но, наскоро по дозволување Божјо, заради нашите гревови, злочестивиот татарски цар Батиј ја пороби руската земја и во таа прилика го зазеде и славниот град Перејаслав и ги сруши сите цркви.
Преподобниот Ефрем како епископ учествуваше и во пренесувањето на светите мошти на свети Теодосиј Печерски. Поживеа богоугодно и се упокои во 1096 година, и со душата излезе пред неракотворниот престол Господов. Неговото чесно тело го положија во соборната црква која тој ја изгради.
Да ги приклучиме и ние нашите молитви кон пастирските молитви на преподобниот наш отец Ефрем, заедно со него да го прославиме Пастироначалникот Исус, и во Него и со Него Бога Отецот и Светиот Дух низ сите векови, амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ЕФРЕМ НОВОТОРЖКИ
Во деновите на благоверните големи кнезови, светите руски страдалници, Борис и Глеб, во Русија имаше тројца родени браќа: Ефрем, за кого станува збор, Георѓиј и Мојсеј. Тие беа родум од Угарската земја, и во чинот на болјари им служеа на кнезовите Борис и Глеб. Кога свети Борис беше убиен на реката Алта, се случи болјарот Ефрем да не е со него. И така остана во живот, додека неговиот брат Георѓиј бил убиен заедно со светиот Борис; Георѓиј падна покрај својот господар и убијците му ја отсекоа главата поради златниот синџир со кој го беше одликувал свети Борис. А третиот брат Мојсеј, беше покрај кнезот кога тој беше убиен, но побегна и успеа да се спаси. Покасно тој пострада поради својата чедност од една Полјачка и стана свет инок во Киевско Печерскиот манастир.
А пак блажениот Ефрем, по убиството на благоверниот кнез Борис дојде на местото каде што беше извршено ова неправедно злосторството и плачеше и ридаше, барајќи го телото на својот брат. Но ја пронајде само неговата глава, која ја зеде и ја чуваше до крајот на својот живот. Тогаш го остави болјарскиот чин, го напушти својот дом и отиде во градот Торжок и во негова близина на брегот на реката Тверц изгради храм во име на своите господари, големите кнезови, светите страдалници Борис и Глеб. Насобра околу себе повеќе иноци, основа манастир и стана архимандрит. Трудејќи се долго во пост и молитва тој му угоди на Бога и се претстави во 1053 година. По преставувањето, од неговиот гроб се случуваа многу чудеса и им се даваа исцеленија на болните; и сега им се даваат исцеленија на оние кои со вера доаѓаат, во слава на Христа Бога со Отецот и Светиот Дух славен за навек, амин.
СПОМЕН НА ДВЕ СВЕТИ МАЧЕНИЧКИ
Мајка и ќерка пострадале за Христа убиени со меч.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ХАРИСА
За верата во Господа Христа ѝ биле отсечени нозете, и така маченички пострадала.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ТЕОДОСИЈ ТОТЕМСКИ
Преподобниот Теодосиј е роден за време на царувањето на Василиј Јованович во градот Вологди; воспитан во православна побожност и страв Божји. На инсистирање на родителите тој се оженил и имал деца. Но семејниот живот го одвлекувал од љубовта кон Бога. Сесрдно ја посетувал црквата; често се молел дома, а посебно ноќе. По смртта на родителите и сопругата тој се замонашил во Вологодско-прилуцкиот манастир. Како монах вршел тешки послушанија.
Со благослов на својот игумен и дозвола на царот Јован Василевич, отишол и основал манастир близу Тотма. Ги воспитувал браќата со примерот на својот подвижнички живот и со списите на светите Отци кои ги набавил специјално за таа цел. За целото тоа време свети Теодосиј го измачувал своето тело со вериги и груби власеници. Се преТставил во 1568 година и бил погребан во својот манастир. На неговиот гроб се случувале многу чудеса, од неговите чудотворни мошти.
СПОМЕН НА СИТЕ СВЕТИ ПУСТИНОЖИТЕЛИ
Овој спомен се врши по Ерусалимската канонарија. Спомен на сите Свети Еремити - пустиници.