11. Февруари(29. Јануари)
ПРЕНОС НА ЧЕСНИТЕ МОШТИ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ИГНАТИЈ БОГОНОСЕЦ
Заменикот на првиот антиохиски епископ Еводиј, познатиот антиохиски свештеномаченик свети Игнатиј Богоносец примил маченичка смрт во времето на императорот Трајан. Кога свети Игнатиј бил повикан во Рим да одговара пред царот Трајан за својата вера, на тој долг пат го следеа неколку граѓани од Антиохија, натерани од големата љубов кон својот прекрасен архипастир. Бидејќи светителот Божји никако не сакаше да се откаже од верата во Христа, и ги презре сите ласкања и ветувања на царот Трајан, беше осуден на смрт и фрлен пред ѕверовите во Римскиот циркус. Ѕверовите го растргнаа и така тој ја предаде својата душа на Бога. Тогаш неговите следбеници ги собраа неговите оголени коски што останаа, ги вратија во неговиот град Антиохија и чесно ги погребаа. Претходно тој самиот за себе говорел дека како пченица ќе биде смелен преку забите на ѕверовите и ќе се претвори во бел леб за Бога. Пострадал на 20 декември 107 година.
Кога Персијците ја зазеле Антиохија во шестиот век, моштите на свети Игнатиј Богоносец повторно биле вратени од Антиохија во Рим и положени во црквата „Свети Климент“, каде почиваат и денес.
Главното празнување на свети Игнатиј е во зимата на 20 декември. Денес се празнува преносот на неговите чесни мошти од Рим каде што пострада маченички.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ
ФИЛОТЕЈ, ИПЕРЕХИЈ, АВИВ ЈУЛИЈАН, РОМАН, ЈАКОВ и ПАРИГОРИЈ
Овие свети маченици откако станаа војници на Небесниот Цар Христос, ги изобличија заблудите на идолопоклониците. Затоа беа фатени и тепани со дебели стапови, и им ги сокршија рацете и ребрата. Потоа немилосрдно ги камшикуваа и им ставија тешки ланци околу вратот и така ги фрлија во темница. Кога ги извадија од темницата, кожата им ја сечеа на ленти, па ги обесија, и на секој од нив му забија шајка во главата. И така овие свети маченици, откако станаа војници на Небесниот Цар Христос, ги предадоа своите души во рацете на Христа Бога и добија несвенливи венци на мачеништво.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ епископ СИЛУАН, Гакон ЛУКА и чтец МОКИЈ
За време на царувањето на Нумеријан, во 284 година, започна гонењето против христијаните. Тогаш свети Силуан, епископот во градот Емеси, во Сирија, беше обвинет кај кнезот, веднаш фатен и заедно со ѓаконот Лука и чтецот Мокиј, изведени пред него. Тој долго ги малтретираше. И бидејќи виде дека го исповедаат Христа како вистински Бог и ги проколнуваат оние што се поклонуваат на идолите, кнезот силно се разгневи. Затоа се обиде да ги придобие со ласкање да се откажат од Христа. Но кога и со тоа не успеа, нареди безмилосно да ги тепаат, па ги фрли во темница, и ги остави таму да умрат од глад.
После многу денови повторно ги изведе на суд. Ги тепаа немилосрдно и пак ги ставија во темница. И кога во темницата станаа како скелети од глад и жед, кнезот донесе одлука да ги изведат пред ѕверовите за да се борат со нив. Ги одведоа светителите во циркусот и пуштија кај нив разни ѕверови, а мачениците Христови му се молеа на Бога, со ова да заврши нивната борба. Бог ги услиша слугите свои, зашто штом му се помолија, Он веднаш ги прими душите нивни. Тогаш дивите ѕверови со стравопочитување застанаа подалеку од моштите на светите маченици. Кога падна ноќ, отидоа некои христијани ги зедоа телата на светите маченици и чесно ги погребаа, славејќи Го и благодарејќи му на Бога.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ САРВИЛ
и неговата сестра ВЕВЕЈА
Овие светители беа од градот Едеса и пострадаа за време на царот Трајан во 110 година. Свети Сарвил најпрвин беше идолски жрец и служител на гадните жртви демонски. Беше убав и познат човек; носеше скапоцена и раскошна облека и имаше златна капа на главата; тамошните елини го сметаа за мал цар и го почитуваа како втор бог. А тој наредуваше сите да се поклонуваат на идолите. Епископот на градот Едеса, свети Варсимеј често го укоруваше и советуваше, но тој не сакаше да ја напушти својата заблуда.
Еднаш на еден незнабожечки празник, кога им принесуваа жртви на демоните, а Сарвил го надгледуваше тоа, свети Варсемиј пак го укори како виновник за пропаста на многу луѓе. Додека слушаше што му зборува светителот, Сарвил допрен од благодатта Христова, се замисли над зборовите на епископот и поверува во Христа заедно со својата сестра Вевеја. Потоа епископот ги крсти и двајцата и ги поучи во вистинската вера. Сарвил го раздаде својот имот на сиромасите и самиот стана сиромав. Потоа отиде кај епископот и живееше кај него.
Дознавајќи за тоа, намесникот Лисиј го изведе пред суд. Го испрашуваше и откако дозна дека ја исповеда верата во Христа, нареди да го тепаат со стапови. А кога маченикот започна да го навредува и него и неговите идоли, Лисиј безумно се разјари и нареди страшно да го измачуваат. Го тепаа со воловски жили, го стругаа со железни четки... Трпејќи го сето тоа, маченикот гледаше само во Бога и Нему му се молеше, а Бог му ги олеснуваше маките. На изненадување на сите по долгото мачење тој остана потполно неповреден. А Лисиј, гледајќи го неговот јунаштво и трпение, нареди да му забијат шајка во главата.
Кога го виде тоа, неговата сестра Вевеја се исполни со храброст и сама отиде пред намесникот и смело изјави дека е христијанка. Тогаш започнаа бездушно да ја тепаат, па ја фрлија во темница. Нејзиниот брат Сарвиј, повторно го подложија на измачување; го тепаа со дрвени лопати, му го одраа лицето, го тепаа по стомакот, а потоа го обесија за едната рака на дрво и со оган му го гореа телото. Најпосле целиот го одрааа. А намесникот, гледајќи дека сеуште дише, нареди нему и на неговата сестра веднаш да им ги отсечат главите. Така и двајцата добија венци на мачеништво. Нивните чесни мошти ги зедоа христијаните и чесно ги погребаа, славејќи го Бога.
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЛАВРЕНТИЈ
затворник Печерски
По искушенијата што ги снајдоа преподобните печерски затворници Исакиј и Никита, во Печерскиот манастир се подвизуваше и овој блажен Лаврентиј. Тој како добар војник Христов, се осмели сам, осаменички да војува со душепогубниот напаѓач - ѓаволот. И посака со целата своја душа, со строго затвореништво да ѝ се посвети на молитвата кон Бога, убеден дека Господ всушност зборува за затвореничкото живеење, кога вели: „А ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба и, откако ќе ја затвориш вратата, помоли му се на твојот Отец, кој е во тајност; и Отецот твој, кој гледа тајно, ќе те награди јавно ( Мат. 6, 6). Преподобните Отци одлучно му бранеа да го прави тоа во светиот Печерски манастир, каде лукавиот ѓавол посилно ги напаѓаше подвижниците отколку на друго место. Тие му напоменуваа дека тука ѓаволот ги совлада Исакиј и Никита, кои насамо во затвор се бореа со него, та отците со многу молитви одвај ги повратија, та си дојдоа на себе.
Тогаш Лаврентиј, се прости со браќата и отиде во манастирот на светиот великомаченик Димитриј, подигнат од кнезот Изјаслав и таму монахуваше во затвор.
Тој започна многу подвижнички да живее и со голема ревност да работи на своето спасение, преземајќи секој ден сѐ повеќе трудови, умртвувајќи ги со воздржување и глад сите страстни желби, сечејќи ги со духовен меч, т.е. со зборови молитвени и со вода од своите солзи гасејќи ги распалените стрели од лукавиот. И така тој со благодатта Божја не само што не беше ранет од ѓаволот туку и доби од Господа дар на чудотворство за исцелување на разни болести и изгонување на демони.
Еднаш кај блажениот Лаврентиј беше доведен еден човек во кој имаше свиреп и јак ѓавол, та дрво кое со голема мака го носеа десет луѓе, тој сам го креваше и го носеше. А блажениот, сакајќи да се прослави неговата духовна татковина - светиот Печерски манастир, нареди овој човек да го однесат таму. Тогаш бесомачниот почна да вика: „Кому ме испраќаш? Јас не смеам ниту да се приближам до пештерата поради Светите кои почиваат во неа. Во самиот манастир живеат триесет црноризци од кои јас се плашам, а со останатите водам борба!“
Кога бесомачниот го изговори тоа за благодатта на светиот Печерскиот манастир, блажениот повторно нареди со сила да го одвлечат таму за подобро да се потврди тоа што го кажа. Оние што го влечеа бесомачниот, знаејќи дека тој никогаш не бил во Печерскиот манастир и дека никого не познава таму, го прашаа: „Кои се тие подвижници од кои ти се плашиш?“ Бидејќи, во тоа време во Печерскиот манастир имаше сто и осумнаесет браќа. Бесомачниот наброи од нив триесет по име и рече: „Сите тие можат со еден збор да ме истераат. Тогаш оние што го влечеа повторно му рекоа: „Ние сакаме да те затвориме во пештерата“. А тој им одговори: „Каква корист имам да водам борба со мртвите?
Бидејќи тие сега имаат поголема слобода да се молат на Бога за своите црноризци и за сите кои доаѓаат кај нив. Но, ако ние сакате да видите како јас водам борба одведете ме во манастирот. Освен со оние триесетмина кои ги спомнав, јас можам да се борам со сите останати“.
И започна да ги покажува своите способности, говорејќи еврејски, римски, грчки, со еден збор сите јазици кои Тој никогиш не ги ни слушнал, така што оние што го влечеа многу се уплашија и се восхитуваа на промените на неговиот говор и способност ди говори разни јазици. Пред да влезат во манастирот, нечистиот дух побегна од човекот и исцелениот почна паметно да расудува, та сите што беа со него се исполнија со радост. Кога дозна за тоа игуменот заедно со браќата дојде во црквата. Исцелениот не го познаваше ниту игуменот, ниту пак некој од триесетте кои ги наброја за време на својата бесомачност. Тогаш го прашаа: „Кој те исцели?“ А тој, гледајќи ја чудотворната икона на Пресвета Богородица, одговори: „Заедно со Неа, нѐ сретнаа свети отци, триесет на број, и јас се исцелив“. При тоа тој се сеќаваше на сите нивни имиња, но никого не познаваше по лице. Тогаш сите заедно го прославија Бога и ѝ благодареа на Пречистата Мајка Негова и на блажените угодници Негови.
Така со ова чудо се прослави светиот Печерски манастир, по Божјо уредување, објавено преку блажениот затвореник Лаврентиј. По извесно време тој беше избран и посветен за епископ на градот Туров во Минската губерија. По блаженото претставување на свети Лаврентиј, неговото тело било пренесено во Киевскопечерскиот манастир и со чест положено во пештерите, каде и до сега неговите свети мошти почиваат нетлени, во чест на Оној, кој гледа тајно, а им возвраќа на затворениците јавно - Славениот во Троица Бога, кому нека му е слава за навек, амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ ВАРСИМЕЈ
Свети Варсимеј беше епископ на градот Едеса и го приведе во христијанството светиот маченик Сервил и неговата сестра Вевеја. Заради тоа беше мачен и затваран, и така стана исповедник. Откако по царска заповед беше пуштен од темницата, се упокои во мир.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ АФРААТ
Бил роден и одгледан во Персија. Самиот бил незнабожец, но се откажал од незнабоштвото, ја напуштил Персија и отишол во градот Едеса; таму се крстил и станал христијанин. Потоа се затворил во една ќелија, надвор од градот и строго се подвизувал. По извесно време преминал во еден манастир близу Антиохија. И овде се подвизувал во големо воздржание. На многумина со својот живот и мудрите поуки им станал пример за спасение. Особено, од аријанците го бранел Православието на Исток. Преподобен Афраат се претставил во мир во 370 година.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ АКЕПСИМ
Со подвизи ги умртвил страстите и во мир се претставил на Бога.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ОТЦИ ГЕРАСИМ, ПИТИРИМ И ЈОНА
Овие преподобни отци биле апостолски ревносни пастири на Руската Црква; многу иноверни привеле кон Црквата Христова. Свети Герасим маченички го завршил својот живот. Свети Питирим бил убиен од незнабожниот кнез на 19 август 1456 година. Неговиот наследник на епископскиот пермски престол, свети Јона, се претставил на 6 јуни 1471 година. Светите мошти на овие тројца светители почиваат во, ним посветениот храм во градот Уствим.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈ ХИОСКИ
Бил родум од островот Хиос; пострадал маченички за Господа во 1802 година. Како млад, агарјаните го беа потурчиле со сила, но кога пораснал тој се одрекол од муслиманството и го исповедал Христијанството. Затоа претрпел маченичка смрт во Цариград со отсекување на главата.