12. Февруари (30. Јануари)
СОБОР НА НАШИТЕ СВЕТИ ОТЦИ, ГОЛЕМИТЕ ТРИ ЕРАРСИ И ВСЕЛЕНСКИ УЧИТЕЛИ
ВАСИЛИЈ ВЕЛИКИ, ГРИГОРИЈ БОГОСЛОВ и ЈОВАН ЗЛАТОУСТ
Чествувајќи ги големите архијереи, светите Три Светители: Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст, Светата Црква ни сведочи дека тие се еднакви пред нејзиниот суд по дарби, заслуги и светост. Овој празник е востановен, за време на царот Алексиј Комнен, кој се зацари по царот Никифор Вотаниат. Бидејќи тогаш помеѓу учените и доблесни луѓе во Цариград настана спор околу тоа, кој од овие тројца светители е најголем. Едни говореа дека свети Василиј Велики е најголем; зашто длабоко навлегол во тајните на битието; зашто со доблестите се оподобил на Ангелите и се натпреварувал со Ангелите; оти не им простуваше лесно на грешниците, туку беше строг по карактер; оти немал во себе ништо овоземно. А божествениот Златоуст го сметаа помал од Василиј: зашто божем е спротивност на Василиј и лесно им простувал на грешниците, и бргу привлекувал на покајание. Други пак го воздигнуваа божествениот Златоуст и говореа дека тој е поголем и од Василиј и од Григориј: зашто е многу човекољубив; оти ја разбира слабоста на човечката природа; оти со своето слаткоречиво и јасно учење нѐ води сите нас, и грешниците ги поттикнува на покајание; зашто и двајцата други отци ги надминува со мноштвото свои красноречиви книги, и возвишеноста и ширината на мислите. А трети, сакајќи ги најмногу книгите на свети Григориј Богослов, говореа дека е тој поголем од Василиј и Златоуст: Бидејќи со својот прекрасен и китен стил на возвишеност и длабочина на мисли, и свежина на изрази, ги надминува сите стари грчки мудреци и сите нови црковни мудреци.
И така, едни се нарекуваа Василијани, други Григоријани и трети Јованити. По промисла Божја, овој спор беше разрешен во корист на Црквата и за уште поголема слава на тројцата светители. Епископот Евхаитски Јован, човек многу образован и свет по живот, имал ваква визија во сон: како најпрвин му се јавиле тројцата светители секој посебно во огромна слава и неискажлива убавина, а потоа и тројцата заедно, велејќи му:
- Како што гледаш, ние сме едно во Бога и нема ништо противречно во нас, туку секој од нас побудуван од Духот Божји, пишувавме разни книги за спасение на луѓето. И на што нѐ учеше Светиот Дух тоа и го предававме на луѓето за нивно спасение. И меѓу нас нема ниту прв, ниту втор, туку ако еден спомнеш, веднаш и другите двајца се тука. Затоа нареди да престанат да се делат оние што спорат околу нас. Зашто и за време на нашиот живот на земјата, а и сега, наша главна грижа и настојување е да го помируваме и во единство и согласност да го насочуваме светот, а не да разделуваме. Освен тоа, за нас тројцата востанови еден заеднички празник, и состави ни служба по твое разбирање, па предај им ја на христијаните, оти ние сме едно во Бога. А нема сомнение дека ќе им притекнуваме на помош во спасението на оние кои ќе го празнуваат нашиот заеднички празник, оти е очигледно дека и ние имаме одредена слобода и сила пред Бога. Затоа, оди и кажи во Цариградската патријаршија да се објави еден календарен ден за наше заедничко празнување за да се утврди вистината за нашето еднакво достоинство пред Бога.
Откако го рекоа тоа, светителите повторно излегоа на небото, блескајќи со неискажана светлина и еден на друг се обраќаа по име. А преподобниот Јован, штом се разбуди од сонот направи како што му наредија божествените ерарси. И востанови заеднички празник за тројцата светители и го предаде на Црквата Божја да го празнува, бидејќи овие три светители имаат свои посебни денови на празнување, и тоа: Василиј Велики, на 1-ви јануари; Григориј Богослов, на 25-тти јануари; божествениот Златоуст, на 13-ти ноември, преподобниот Јован одреди заедничкиот празник да им биде во триесетиот ден од истиот месец. И им состави прекрасна служба полна со пофалби и благодарност како што им доликува на такви големи отци на Црквата. Тој го направи тоа и за да покаже дека вистински вселенски учители на Црквата единствено се Светите Отци, а не грчките философи, по кои некои тогаш се раководеа.
Божествениот Јован Златоуст бил мал по раст; имал голема глава; бил слаб и со многу нежно телесно здравје; лицето му било долгнавесто, бледо и светло, очите крупни и длабоки, погледот мил и благ, имал големо чело со многу брчки; по темето немал коса, а брадата му била мала, проседа и многу убава. Со својата речитост и слаткоречивост, тој како никој друг сјајно и длабоко го објаснувал и толкувал Светото Писмо, и така дал свој голем придонес во проповедањето на Евангелието. Овој златоречив светител станал толку голем со својот свет живот и богомислие, што ги надминал сите доблесни луѓе. Тој беше извор на љубов и милостивост, целиот братољубие и поука. Поживеал 63 години, бил пастир на Црквата Христова и отишол кај Господа Христа.
Свети Василиј Велики бил со висок раст, слаб и тенок, црномурен и блед, со јаки и густи веѓи; и оставал впечаток на човек што размислува и бдее над себе. На лицето имал малку брчки; образите му биле долгнавести, обраснати со густа кадрава брада која била доста долга и проседа. По своето образование тој ги надминувал не само сите мудреци и научници на своето доба, туку и оние од старите времиња. Бидејќи ги беше изучил сите науки, и потполно владееше со нив. И не само тоа, туку и со подвижничкиот живот стекнал божествена философија и се издигнал до боговидение. Заради тоа бил посветен за епископ; пастирствувал во Црквата Божја осум години и преминал кај својот Господ.
Свети Григориј Богослов бил со среден раст, нешто блед и со мил лик, со споени веѓи и благ поглед; бил ќелав и имал кратка густа брада. За него би можело да се каже: ако замислиме човек кој би бил одуховен и жив столб, изграден од сите човечки доблести, тогаш без сомнение таков бил свети Григориј. Живеејќи свет и светол живот, тој достигнал такви висини на боговидението и богословието, што со својата мудрост ги победувал сите во науката и догматите на верата. Затоа и добил исклучителен назив: Богослов. Како епископ управувал со Црквата во Цариград неколку години и отпатувал од овој свет кога имал над 80 години.
Овие великани на светоста, благовестието и богословието, коишто самиот Бог ѝ ги подари на Светата Црква во тешките денови на нејзините борби против разните ереси, почнале да сјаат со бесмртна светлина после своето блажено заминување од овој свет.
Чествувајќи ја нивната памет, да им се молиме на светите Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст да го молат Христа Бога за наше спасение. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК
ИПОЛИТ РИМСКИ, и КЕНСОРИН, САВИН, ХРИСИЈА
и останати 20 маченици кои пострадале со нив
Овие светители пострадале во 269 година, за време на римскиот цар Клавдиј, и намесниците Викариј и Улпиј. Свети Кенсорин беше прв член на Сенатот и магистер по титула. Обвинет како христијанин и прашан, смело го исповедаше Христа. Затоа беше фрлен во темница. Бидејќи со силата Христова направи многу чудеса, па и мртовец воскресна, сите присутни војници поверуваа во Христа и на сите им ги отсекоа главите; а беа дваесетмина на број.
Блажената Хрисија, христијанка, блескаше со своето потекло и побожност. И таа беше изведена пред суд. Најпрвин ја обесија, па ја тепаа со воловски жили и со дебели стапови, и ја ставија во темница. Кога повторно ја извадија од темницата, со камења ѝ ги искршија вилиците, ѝ врзаа камен околу вратот и ја фрлија во морето. Така блажената девица Хрисија доби венец на мачеништво.
Затоа што ја исповедаше верата во Христа, светиот Савин го тепаа со тешки чекани; потоа го обесија на дрво и го тепаа со жили, а тој среде тие маки благодарејќи на Бога ја предаде својата душа во рацете Негови.
Дознавајќи за ова мачеништво, свештеникот римски, свети Иполит, побуден од божествена ревност, отиде и го укори намесникот Викариј за свирепоста и нечовечноста, и го нарече крвопиец. Намесникот се налути и нареди да го тепаат по лицето, и го стави на многу други страшни маки, а со него и свештениците и ѓаконите кои го придружува. Најпосле им ги врзаа рацете и нозете, и ги фрлија во морето. Така овие блажени добија несвенливи венци на мачеништво.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕОФИЛ НОВИОТ
Роден и израснат во Цариград за време на царот Константин и Ирина. Како војвода отишол во војна против Сарацените, односно Агарјаните и покрај себе имал и други двајца војводи како помошници, кои му завидувале. Кога се приближија агарјаните, Теофил излезе со својата флота, ги нападна и уништи голем дел од агарјанската флота. Но оние други двајца војводи, завидливци, го оставија и побегнаа.
Агарјаните како помногубројни, го опколија и го фатија. Го одведоа како заробеник со себе и го фрлија во темница, во која го држеа четири години. Потоа на еден богомрзен празник го извадија и го тераа да се откаже од Христос и да ја прими нивната вера. Бидејќи го одби тоа, му ја отсекоа главата. И така, овој свет маченик доби несвенлив венец.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПЕТАР
Свети Петар бил син на бугарскиот цар Симеон (+ 927); бил голем почитувач на свети Јован Рилски (+ 946). Ја направил бугарската Црква независна од Цариград и го сочувал Православието во Бугарија. После една неуспешна војна со Унгарците и Русите, умрел во 967 година, во 56 година од својот живот.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ТЕОДОР
Блажениот Теодор беше родум од Митилина и имаше жена и деца. Еднаш разлутувајќи се поради нешто, се одрече од Христа и го прими мухамеданството. Но покасно, тој си дојде на себе си, се покаја поради својата безумна постапка, го остави својот роден крај и дојде на Света Гора. Овде на еден духовник му го исповедаше својот грев и ја издржа епитимијата што тој му ја одреди. Потоа беше помазан со свето миро, и на тој начин повторно се соедини со разумното стадо Христово. Се подвизуваше долго време, но неговата душа немајќи потполно спокојство, не беше задоволна со тие подвизи: таа постојано чезнееше за нешто друго, за голем подвиг, како да бараше неговото злосторничко одрекување од Христа, да биде испрано со крв.
И така, поткрепен со молитвите на својот духовен отец, тој се врати дома, веднаш излезе пред кадијата на тоа место, и го праша:
- Дали оној, кој е навреден или исмеан има право да бара правда?
- Се разбира дека може! - му одговори кадијата, Тогаш маченикот рече:
- Јас имав христијанска вера, но помрачен од ѓаволот, ја напуштив и ја примив вашата. Сега си дојдов на себе, и гледам дека мојата вера е чисто и вистинско злато, а вашата - ништожен метал. При овие зборови ја фрли чалмата од својата глава и си ја стави црната монашка скуфија што ја носеше со себе.
- Што правиш глупаку? Ти си слегнал со умот? - разлутено повика нечестивиот судија.
- Не! - рече Теодор. - Јас сум при нормална свест и здрав разум.
Тогаш кадијата нареди да го заклучат во темница. Двапати го испрашуваа, но залудно. Кога виде кадијата дека страдалникот е цврст и непоколеблив во исповедањето на верата Христова, го осуди на смрт. Но за неговата одлука да биде извршна, го испрати кај везирот Омер Ага. Тој од своја страна ги искористи сите средства за да го придобие за своето безбожие, но сѐ беше залудно. Затоа го предаде блажениот на џелатите да ја извршат над него смртната казна.
Џелатите, лути ѕверови, бездушно го тепаа страдалникот и го фрлија низ прозорецот.Потоа го одведоа на губилиштето. Откако му се помоли на Бога, сам се качи на високиот камен, со љубов го бакна јажето со кое требаше да биде обесен и по неколку минути неговата блажена душа се претстави пред престолот на Вечната Правда.
Неговите чесни мошти беа фрлени во морето; но по неколку дена морето ги исфрли на брегот. Христијаните зедоа дозвола од кадијата и чесно ги погребаа при храмот на „Свети Јован Претеча“. Но по некое време тие исчезнале и до денес не се пронајдени и никој не знае што се случило со нив. А на Бога, прекрасен во Своите Свети, нека е моќ и слава за навек, амин.
Светиот маченик Теодор пострада во 1784 година.
СПОМЕН НА ПРОНАОЃАЊЕТО НА ЧУДОТВОРНАТА ИКОНА НА
ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „ВЕЛИКОБЛАГОДАТНА“
Оваа чудотворна икона на Мајката Божја се пронајде на денешен ден во 1823 година, на островот Тинос во Грција и до денес прави големи и непрекинати чудеса.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ЗИНОН
Преподобниот Зинон беше родум од Понт; син на богати родители; во својата младост службувал во војска; служеше и на царскиот двор. Доаѓајќи во Антиохија, тој се насели во една шума, во која имаше една пештера, во која ги погребуваа мртовците. Во таа гробница помина четириесет години, водејќи многу суров живот. Еднаш неделно свети Зинон одеше во црква и се причестуваше со Светите Тајни.
Во својата пештера овој богоугодник немаше ни постела, ни огниште, ни светилка; единствена работа што ја имаше и целото негово богатство му беа книгите кои ги добиваше од своите познаници. Врз себе имаше бедна облека; се хранеше со леб кој му го донесуваше еден познаник богољубец, и тоа во мали количини; пијалок му беше само водата. Беше неизмерно смирен, и се сметаше себе си за ништо, иако изобилуваше со благодатни дарови. Се претстави во почетокот на петтиот век.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ
ФИЛИК, МАКСИМ, ХЕРКУЛИН, ВЕНЕРИЈ, СТИРАКИН, МИНА, КОМОД, ЕРМА, МАВРА, ЕВСЕВИЈ, РУСТИН, МОНОГРЕЈ, АМАНДИН, ОЛИМПИЈ, КИПАР, ТЕОДОР, ТРИВУН, презвитер МАКСИМ, ѓакон АРХЕЛАЈ, и епискои КИРИН
Овие свети маченици пострадале со свети Иполит Римски и света Хрисија.