13. Февруари  (31. Јануари)

 

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИТЕ ЧУДОТВОРЦИ И БЕСПЛАТНИ ЛЕКАРИ

КИР и ЈОВАН, и МАЧЕНИЧКА АТАНАСИЈА

со нејзините три ќерки ТЕОКТИСА, ТЕОДОТИЈА и ЕВДОКСИЈА

Светиот бессребреник и чудотворец, угодникот Божји, свети Кир, е роден и воспитан во Александрија, во Египет. Беше многу познат лекар. Ги лекуваше телесните болести и не примаше никаква награда, туку со боговдахновени поуки и со својот доблесен живот ги поучуваше луѓето. Кога доаѓаа болните кај него тој не им зборуваше за прописите на Хипократ и Галена, туку за заветувањата на светите пророци и апостоли, и за тоа како треба да се чуваат од гревовите, кои стануваат причина за телесните болести. Зашто заболувањето на душата е потешко од сите телесни болести. И кога душата многу боледува од гревовите, често се случува и телото да падне во тешка болест, зашто Бог допушта казна за гревовите. Така светиот Кир ги поучуваше болните и проповедувајќи им го словото Божјо, многу од жителите на овој центар на елинистичката култура приведе кон познание на вистинскиот Бог, исцелувајќи им ги душите и телата со одличен лек, и тие станаа исповедници на христијанската вера.

Во тоа време царуваше нечистивиот цар Диоклецијан. Тој крена масовно гонење против христијаните. Славниот александриски лекар, свети Кир, беше обвинет кај царскиот намесник дека е христијанин, и дека многумина поучува во верата Христова. Кога свети Кир дозна дека има наредба да биде фатен, побегна во Египет, а оттаму отиде во Арабија. Ова не го направи затоа што се плашеше од маките и смртта за Христа, туку се повикуваше на Христовите зборови: „Кога ве гонат од еден град бегајте во друг“ (Мт. 10,23), зашто сакаше уште да им помага на ближните, и имаше голема желба да се замонаши за подобро да се подготви за страдање за својот Господ Христос. И штом стигна во Арабија веднаш го зеде на себе монашкиот ангелски лик.

Неговото доаѓање тука се случи по посебна Божја промисла, за и овде да избави многумина од идолопоклонската пропаст, да ги упати на патот на спасението и да ги приведе кон Христа. Таму го напушти и својот лекарски занает, бидејќи доби од Бога дар на чудотворство и повеќе не ги лекуваше болестите со лекови, туку со молитва и збор правејќи многу чудеса... Поради таквите негови чудеса се славеше името Христово и огромно мноштво од идолопоклоници се обратија кон Христа, вистинскиот Бог.

А пак свети Јован беше родум од Едеса побожен христијанин, инаку римски офицер. Кога настапи Диоклецијановото гонење против христијаните, тој го остави својот офицерски чин и славата на овој свет, татковината и домот, и отпатува во Ерусалим. Таму слушна за свети Кир и за неговите чудеса, бидејќи тој веќе се беше прославил насекаде и тргна да го бара. Кога го пронајде, стана очевидец на неговите чудеса и сесрден следбеник на неговиот доблесен живот.

Во тоа време на измачување за Христа беше изведена една богољубива жена, по име Атанасија, со своите три ќерки: Теоктиста, Теодосија и Евдоксија. Тие беа одведени во градот Каноп, во кој идолски жрец беше Касијан, а градоначалник Сиријан. Кога слушнаа за тоа свети Кир и Јован се плашеа малите девојчиња да не отпаднат од Христа. Зашто тие во така млади години можеа да бидат исплашени не само со заканите туку и со самото ласкање да бидат прелагани. Теоктиса имаше петнаесет, Теодотија тринаесет, а Еводксија единаесет години. Згора на тоа, свети Кир стрепеше и за нивната мајка Атанасија, таа да не попушти заради децата, несакајќи да гледа како луто ги мачат и немилосрдно ја проливаат нивната крв. Зашто е познато колку мајката ја боли срцето за своите деца. Затоа свети Кир и Јован, отпатуваа во градот Каноп да ги ободрат и охрабрат во поднесувањето на маките. Кога стигнаа, ги најдоа Атанасија и нејзините ќерки во окови. И со многу боговдахновени поуки ги утврдуваа во љубовта Христова, со радост да ја положат својата душа за Господа Христа.

За тоа веднаш беше известен градоначалникот Сиријан од некои незнабошци кои отидоа кај него, и му рекоа: „Некои непознати луѓе се појавија во нашиот град, едниот во монашка, а другиот во војничка облека. Тие сега ги наговараат оние оковани девојки да не се поклонат на нашите богови туку да останат цврсти во својата безбожна вера. И уште ги советуваат: да не се покоруваат на царските наредби; единствено да почитуваат некој си Исус и само Нему да му оддаваат божествена чест, не водејќи грижа за смртта.

Кога го слушна тоа Сиријан се разбесни и нареди веднаш да ги изведат пред него да им суди. Кога светите Кир и Јован ги обезличија идолите пред него, тој веднаш нареди да ги доведат и мајката со трите ќерки, и пред нивни очи започнаа да ги измачуваат светителите: ги камшикуваа, ги тепаа со стапови, ги гореа со свеќи, раните им ги полеваа со сол и оцет; потоа им ги ставија нозете во врела смола, и уште на многу други маки ги подложија. И сето тоа го правеа за да им се осветат за дрскоста и да го скршат нивното јунаштво и за да ги заплашат девојчињата и нивната мајка кои набљудуваа сѐ. Но богомрзниот мачител не успеа ни во едното ни во другото. Тогаш нареди да ги остават нив и да започнат да ги измачуваат Атанасија и нејзините ќерки. После долгите маки, мачителот се засрами зашто виде дека слабиот женски пол во ништо не се разликува од јуначкото страдање на силните и несовладливи мажи, свети Кир и Јован. Гледајќи го нивното јуначко, машко страдање, тој нареди да престанат да ги мачат светите маченички, и донесе одлука да ги обезглават. А тие одеа на смрт весело како на свадба. И им беа отсечени светите глави на блажената Атанасија и нејзините три благословени ќерки: Теоктиста, Теодотија и Евдоксија.

Откако ги обезглавија нив, тие повторно ги изведоа на суд светите Кир и Јован. Мачителот им се обрати со друг говор, и нагласи колку му се важни нивните животи и здравје, им покажа подароци, им укажа на маките, и најпосле им се закани со смрт. Ги тераше да им принесат жртви и да им се поклонат на идолите, но тие едногласно ја презреа неговата наредба. Кога виде дека сѐ е залудно мачителот изрече ваква пресуда: „На галилејскиот учител Кир и неговиот едноверен Јован, кои ја презреа царската наредба и одбија да им принесат жртви на големите богови, - по царскиот закон наредувам да им се отсечат главите“.

Ги предадоа на војниците и тие ги обезглавија на триесет и први јануари, на истото место каде што беа обезглавени и мајката со трите девици. Потајните христијани ги зедоа нивните чесни тела и кришум ги погребаа во црквата на светиот апостол и евангелист Марко, во засебни гробови; во еден светите Кир и Јован, а во друг света Атанасија со своите ќерки. После многу години, за време на благочестивиот цар Теодосиј Младиот, светиот патријарх Александриски, свети Кирил, доби наредба преку Ангел Божји светите мошти на свети Кир и Јован да ги пренесе во населбата Манутин, за да истераат од таму мноштво демони, во слава на Христа Бога, славен за навек со Отецот и Светиот Дух, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ

ВИКТОРИН, ВИКТОР, НИКИФОР, КЛАВДИЈ, ДИОДОР, СЕРАПИОН и ПАПИЈ

Овие светители беа од Коринт. Пострадаа во 251 година за време на царот Декиј, а од антипатот Терциј. Изведени пред антипатот тие ја исповедаа својата вера во Христа и заради тоа ги подложија секого посебно на страшни маки. Свети Викторин, Виктор и Никифор ги ставија во еден огромен камен и им ги исчукаа телата, и така ги предадоа своите души на Бога. На свети Клавдиј му ги отсекоа рацете и нозете, и така почина. Свети Диодор го ставија во вжештена печка и во неа изгоре. На свети Серапион му ја отсекоа главата со меч. Свети Папиј го фрлија во морето. И така сите добија венци на мачеништво.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ТРИФЕНА

Света Трифена беше родум од градот Кизик во Хелеспонт, ќерка на некој сенатор Анастасиј и мајка Сократија, христијанка. Таа доброволно пострада бидејќи сама излезе пред елините, ги исмеа нивните идоли, и ги осуди нивните срамни дела со кои сметаат дека им оддаваат почит на своите лажни богови. И не само тоа, туку таа ги учеше да ги напуштат ништожните идоли и да се обратат во верата Христова. Затоа намесникот Кесариј нареди да ја стават во вжештена печка, но со благодатта Христова таа остана неповредена. Потоа ја обесија на едно високо дрво и ја пуштија врз шајки кои беа набодени доле, и целата беше испрободена. Потоа ја фрлиле на ѕверовите да ја раскинат, но со силата Божја таа и овде остана потполно неповредена, бидејќи ѕверовите не ѝ се приближија. После тоа ѝ пуштија еден див бик и тој ја прободе со роговите. И така блажена Трифена прими несвенлив венец на мачеништво. На местото каде се проли нејзината света крв бликна извор на чиста вода, од која пијат родилките кои немаат млеко за да ги дојат своите деца. И не само жените, туку и животните кои немаат млеко штом се напијат од таа вода, изобилно го добиваат, по молитвите на светата маченичка Трифена.

ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НИКИТА

затворник Печерски, епископ Новгородски

Многу повеќе од другите заслужуваат почит оние храбри војници кои немаат обичај да водат борба со непријателот во општиот строј, туку посебно, сами јуришаат на него. Иако Господ многу пати и допушта таквите да паднат привремено за да не се превознесат, сепак поради нивната поранешна ревност и храброст не ги остава до крај без благодатна помош, но повторно ги подигнува и ги прави непобедливи. Еден од таквите храбри војници Христови, после преподобниот Исакиј затворник, беше и блажениот Никита во светиот Печерски манастир. За него славниот Поликарп, известен од свети Симон, го вели следното:

За време на игуменот Никон, еден брат од светиот Печерски манастир, по име Никита, започна да го моли игуменот да му даде благослов да се подвизува сам во затворништво. Игуменот му бранеше, говорејќи: „Чедо мое, нема да ти биде од корист да седиш млад без работа. Подобро ќе биде ако останеш со браќата и работиш со нив и наградата нема да ти пропадне. Сам виде како нашиот брат Исакиј пештерник, беше соблазнет во затворот од бесовите и ќе пропаднеше ако не го спасеше големата благодат Божја заради молитвите на преподобните отци Антониј и Теодосиј. А Никита на тоа му одговори: „Оче, јас никогаш нема да се соблазнам во затворништво, бидејќи имам цврста желба цврсто да стојам против ѓаволските искушенија; и ќе го молам човеколубивиот Бог и мене да ми дари дар на чудотворство, како некогаш на Исакиј затворникот, кој и до денес прави многу чудеса“. Игуменот повторно му рече: „Твојата желба ги надминува твоите способности. Пази чедо, да не паднеш поради своето превознесување. Јас ти наредувам да им служиш на браќата и за своето послушание ќе добиеш венец од Бога“.

Но, Никита не го послуша својот игумен и се затвори во пештера, и го загради влезот и живееше во молитва насамо, не излегувајќи. По не многу денови, тој не ги избегна ѓаволските замки; за време на молитвеното пеење слушна глас кој се молеше заедно со него и почувствува неискажлив мирис. И се соблазни, размислувајќи во себе: „Кога ова не би бил ангел, не би се молел со мене, и не би имало овде миомирисно миро на Светиот Дух“. И продолжи уште повеќе да се моли, говорејќи: „Господи, јави ми се Ти самиот за да Те видам“. На тоа се јави глас кон него: „Нема да ти се јавам, бидејќи си млад за да не паднеш и се возгордееш“. А затворникот низ солзи рече: „Никогаш, Господи, јас нема да се соблазнам. Мене игуменот ме научи да не ги слушам соблазните на ѓаволот, а сѐ што ќе ми наредиш, јас ќе извршам“.

Тогаш душегубната змија, добивајќи власт над него, му рече: „Невозможно е за човекот, додека е во тело, да ме види мене. Затоа, еве ти испраќам ангел свој да биде со тебе, а ти исполнувај ја неговата волја“. Никита падна на земјата и му се поклони како на ангел; Тогаш ѓаволот му рече: „Од сега ти немој повеќе да се молиш, туку читај книги. На тој начин ќе разговараш со Бога, и ќе им даваш корисни совети на оние што ќе доаѓаат кај тебе, а јас постојано ќе го молам Творецот на сите за твое спасение“.

Затворникот му поверува на овие зборови, и соблазнет, престана да се моли и започна ревносно да чита книги. Притоа, тој го виде ѓаволот како непрестано се моли за него, и се радуваше мислејќи дека тоа ангелот се моли за него. Со оние што доаѓаа кај него тој разговараше многу на основа на Светото Писмо за корисни работи за душата и започна да пророкува. Се разнесе слава за него на сите страни. Еднаш тој му испрати на кнезот киевски Изјеслав, вест: „Денес е убиен кнезот Новгородски, Глеб Свјатославич“, веднаш испрати го својот син Свјатополк да го заземе престолот на кнезот во Новгород.

И како рече, така и се случи. Навистина, после неколку дена стигна веста за убиството на кнезот Глеб. Од тоа време започна уште повеќе да се зборува за затворникот Никита, дека е пророк; и потполно му веруваа и кнезот и бојарите. Во суштина ѓаволот не ја знае иднината туку го објавува она што сам ќе го направи преку лоши луѓе, наговарајќи ги или да убијат, или да украдат, или да направат некое друго зло. Исто така, кога кај затворникот доаѓаа луѓе да слушнат од него збор за утеха, тогаш ѓаволот, божем ангел, му соопштуваше сѐ што ќе се случи со нив. И така сѐ што прорекуваше, навистина и се исполнуваше.

Освен тоа, никој не можеше да се спореди со Никита во познавањето на на книгите на Стариот Завет; сите ги знаеше на памет: Книгата на Постанокот, Исходот, Левитите, Броевите, Судијата, Царствата, и сите пророштва по ред. Воопшто, сите старозаветни книги тој ги знаеше многу добро; а светите книги на Новиот Завет: Евангелијата, Делата Апостолски, Посланијата на светите Апостоли, што ни се дадени по благодатта Божја заради наше спасение и утврдување во доброто, тој никогаш не сакаше не само да ги чита туку ни да ги види, ниту да слуша за нив; ниту пак на другите им допушташе да разговараат со него за Новиот Завет. По тоа на сите им стана јасно дека тој е опрелестен, соблазнет од ѓаволот.

Дотолчени поради тоа, кај опрелестениот дојдоа преподобните: игуменот Никон, Јован, кој после него беше игумен, Пимен постник, Исаија, потаен епископ Ростовски, Матеј проѕорливиот, Исакиј затворник, Агапит лекар, Григориј чудотворец, Николај, покасно епископ Тмутаракански, Нестор летописец, Григориј писател на канони, Теоктист, покасно епископ Черниговски, Онисифор прониклив. Сите тие, прославени со своите доблести му изнесоа молитви на Бога за паднатиот Никита и го истераа ѓаволот од него, така што Никита повеќе да не го види. Потоа го извадија од пештерата и го замолија да им каже нешто од Стариот Завет. А тој започна да се колне дека никогаш ја нема читано таа книга, која до пред малку ја знаеше на памет. Покрај тоа, тој сега не знаеше ниту збор од неа и одвај го научија да чита и пишува. Откако си дојде на себе, по молитвите на преподобните отци, тој го исповедаше својот грев и горко се каеше поради него.

После тоа тој си наложи на себе големо воздржание и послушание и водеше строг и смирен живот, и ги надмина сите во своите доблести. А човекољубивиот Бог, гледајќи ги таквите подвизи на блажениот Никита и големата љубов што ја покажува држејќи ги сите заповеди, Господ Христос го направи пастир на своето словесно стадо издигнувајќи го на епископскиот престол на Новгород во 1096 година. Господ за да ја увери и убеди неговата паства дека на светителот му е опростено неговото претходно паѓање го прослави неговиот живот со дарот на чудотворството. Така еднаш за време на голема суша тој со своите милитви измоли дожд од Бога; во друга прилика со своите молитви изгаси голем пожар во градот, и многу други чудеса направи тој.

Тринаесет години мудро управуваше со својата словесна паства на Новгородскиот престол и премина кај Господа во вечниот живот, на триесет и први јануари 1108 година. Чесно беше погребан во соборната црква на светите богородители Јоаким и Ана. Телото на блажениот Никита лежело сокриено во гробот четиристотини и педесет години и било пронајдени во 1558 година од митрополитот Макариј и архиепископот Теодосиј. Моштите на свети Никита биле извадени целосни и потполно неповредени. До денешен ден тие излеваат многу исцелувања на оние што со вера пристапуваат.

Слава на нашиот Бог сега, секогаш и во сите векови, амин.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ИЛИЈА АРДУНИС

Свети Илија беше од Каламата во Мореја, по занимање бербер. Бистар по природа, искусен во општењето со луѓето, тој уживаше почит и пријателство од сите претставници на тоа место кои често му се обраќаа за совет. Еднаш меѓу претставниците на народот се водеше разговор за тешкиот живот и насилствата над морејските христијани од страна на тогашните завојувачи, турците. Жалостивиот Илија изрази голема загриженост дека многу христијани поради сѐ потешкиот живот би можеле да се откажат од својата вера и да се потурчат. Откако другите не се согласија со неговото мислење, тој полн со ревност за доброто на ближните, сакајќи да им покаже дека и други можат да постапат исто, им рече: „Нека ми даде некој фес и јас поради тоа ќе ја променам својата вера“. Еден од присутните претставници, сакајќи да се насмее со него, му испрати фес. А Илија, заборавајќи на ѓаволското лукавство, веднаш отиде кај месниот кадија и се одрече од христијанската вера.

Оваа неочекувана постапка на Илија силно ги ожалости и растажи тамошните христијани. Но, по кратко време тој си дојде на себе, и започна горко да плаче и да се осудува себе си поради своето безумие. Затоа замина на Света Гора и со голема потиштеност на срцето го исповедаше својот грев на еден духовник. И со љубов ја издржа наложената епитимија. Потоа беше помазан со свето миро и на тој начин пак се поврати кон Христовото стадо. Откако повторно стана овца на Христовото стадо, реши животот да го посвети исклучиво на Бога, и затоа прими на себе монашки образ.

Примајќи го ангелскиот образ, Илија помина осум години во прекрасни аскетски подвизи. Но сеќавајќи се на Господовите 3борови: „Кој ќе се одрече од Мене пред луѓето и јас ќе се одречам од него пред мојот Отец небесен (Мт. 10,33) тој никогаш немаше потполн мир во душата и спокојство на совеста“. Му ја откри на својот духовник својата намера дека решил својот грев да го измие со својата крв. Духовникот ја пофали неговата намера и го испрати назад во неговото родно место Каламата за бестрашно да го исповеда Христа таму каде што и се одрекол од Него.

И така, земајќи благослов од својот духовен отец и пратен со неговите молитви, Илија ја напушти Света Гора и бргу стигна во Каламата. Таму тој им соопшти на месните духовници за својата намера. Но тие, плашејќи се за него го спречуваа да го направи ваквиот подвиг. Не обраќајќи внимание на тоа, Илија цврсто решен за маченичка смрт, храбро и без страв започна да се движи по улиците за да го забележат турците. Откако го препознаа, тие започнаа да му довикуваат:

- Не ли си тоа ти, Мустафа Ардунис?

- Да, им одговори без страв светителот, но не сум Мустафа, туку Илија и тоа христијанин православен.

И започна без страв да зборува против нивната вера и да проповеда дека Христос е вистинскиот Бог. Кога го слушнаа тоа безбожниците го фатија, силно го натепаа и го одведоа кај судијата, говорејќи:

- Овој човек доброволно ја прими нашата вера, дури и не молеше за тоа, а сега ја напаѓа. Откако маченикот и на прашањето на судијата за неговата вера одговори исто, го оковаа и го ставија во темница за таму подобро да размисли за себе. Поминувајќи неколку дена во тој тежок затвор, повторно го изведоа на суд. А кога виде судијата дека сите нивни напори се залудни, зашто Илија беше непоколеблив во верата Христова, донесе одлука да го спалат.

Џелатите веднаш го одведоа на губилиштето и го фрлија во огнот, но се случи чудо. Огнот не се ни допре до мантијата на маченикот, па дури не ја допре ниту неговата коса. Дрвата изгореа и се претворија во пепел, а телото на маченикот остана целосно недопрено; но душата на Илија веќе ликуваше на небесата, стоејќи пред престолот на Севишниот.

Така маченикот Христов, Илија, прими од Господа Христа невенлив венец на мачеништво. А тие што го чуваа неговото тело видоа како слегува светлина од небото и го опкружува светото тело на маченикот.

Христијаните ги откупија светите мошти од мачителите, кои испуштаа од себе неискажливо благоухание и ги погребаа чесно и побожно во црквата; а неговата чесна глава ја одвоија и ја погребаа во манастирот викан Вулканон, каде од неа и до денес биваат многу чудеса. Во таа прилика и благочестивиот учител Дионисиј каламатски, го доби реброто од светото тело на маченикот заради осветување, од кое исто така се случуваа безброј чудеса во слава на светиот маченик и на нашиот Господ Исус Христос, кому му доликува секоја слава, чест и почит, со беспочетниот Негов Отец и Пресветиот Дух, сега, секогаш и низ сите векови, амин.

Светиот преподобномаченик Илија пострада во 1686 година.