14. Фебруари  (1. Фебруари)

 

СТРАДАЊЕTO НА НАШИОТ СВЕТ МАЧЕНИК ТРИФУН

Маченик Христов, Трифун, е роден околу 225 година во селото Кампсада во Фригија, од благочестиви и побожни родители. Уште додека беше мало дете преблагиот Бог благоволи да се всели во него благодатта на Светиот Дух и му го подари дарот на чудотворството, прославувајќи ја преку него Пресвета Троица. Светото дете, Трифун, исцелуваше разни болести и прогонуваше демони. За неговите чудеса опширно се пишува во Големите Житија. Ние ќе изложиме овде само едно од неговите многубројни чудеса за да се покаже колку била голема Божјата благодат во него.

Во годината 225-та со Римското Царство завладеа царот Гордијан. Иако беше идолопоклоник, тој не ги прогонуваше христијаните и Бог го милуваше заради тоа. Гордијан имаше многу убава, паметна и умна ќерка по име Гордијана. Кога стаса за мажење, поради нејзината убавина и памет многу големи и славни кнезови започнаа да ја бараат за своите синови. Но, по допуштање Божјо, во девојката влезе ѓаволот и непрестано многу ја мачеше, та од маки таа се фрлаше во оган и во вода. Поради тоа нејзините родители многу тагуваа и горко плачеа. Ги доведуваа најпрочуените лекари, но без успех. Најпосле останаа без надеж и се убедија дека за неа нема лек. Еден ден самиот ѓавол, по Божја наредба, повика со зборовите:

- Никој не може да ме истера одовде, освен момчето Трифун!

Нејзините родители не им посветија внимание на тие нејзини зборови, но вака безнадежни, не знаејќи што да прават, императорот нареди да се провери насекаде по империјата дали постои таков човек по име Трифун. И доведуваа многумина со тоа име, но ниту еден не можеше да го истера демонот од царевата ќерка. Тогаш во Фригија, во селото Кампсада, го пронајдоа седумнаесетгодишниот Трифун, како чува гуски крај езерото и го поведоа во Рим. Насетувајќи ја близината на светителот, ѓаволот започна немилосрдно да ја измачува девојката, викајќи:

- Не можам повеќе да живеам овде зашто се приближува Трифун, и за три дена ќе пристигне! Не можам повеќе да поднесам! - така викајќи злиот дух излезе од девојката.

На третиот ден во градот пристигна свети Трифун. И доведен во царскиот дворец со љубов беше примен од царот, зашто тој го препозна според зборовите кои ги изговори ѓаволот, излегувајќи од неговата ќерка: „По три дена ќе пристигне“. Пресреќен и бескрајно благодарен што неговата ќерка е повторно здрава, царот го замоли светителот, ако е возможно да им го покаже ѓаволот, за да го видат со своите очи. Свети Трифун се согласи и откако помина шест дена во пост и молитва, одозгора доби голема и силна власт над нечестивите духови. На седмиот ден, царот заедно со Сенатот дојде кај блажениот, сакајќи со своите телесни очи да го види ѓаволот.

А слугата Божји, свети Трифун, исполнет со Дух Свети и гледајќи го со духовните очи невидливиот дух, рече:

- Тебе ти велам, духу нечист, во името на мојот Господ Исус Христос, јави им се на очигледен начин на присутните, покажи им го својот наказен и бесрамен лик и исповедај ја својата немоќ!

Во истиот момент ѓаволот се појави пред очите на сите присутни во облик на црно куче: очите му беа како пламен, а главата му се влечеше по земјата.

Светителот го праша:

- Демоне, кој те испрати ваму да влезеш во девојката? И, како си се дрзнал да влезеш во боголико створение ти, кој самиот си безобличен, немоќен и исполнет со секаква нечистотија?

Одговори ѓаволот:

- Испратен сум од мојот отец, сатаната. Тој е поглавар на секое зло и седи во пеколот. Тој ми заповеда да влезам и да ја мачам оваа девојка.

Повторно го праша светителот:

- Кој ви даде власт да истапите против Божјите створенија?

А демонот гласно ја кажа вистината, говорејќи:

- Ние немаме власт над оние кои го познаваат Бога и веруваат во неговиот Единороден Син, Исус Христос, за кого Петар и Павле умреа овде. Ние со страв бегаме од нив, освен кога ќе ни биде допуштено да нападнеме некого однадвор со помош на лесни искушенија. Оние пак кои не веруваат во Бога, и во Синот Божји, а одат по своите желби - над нив добиваме власт да ги мачиме. А дела кои нам ни се пријатни се овие: идолопоклонство, богохулство, прељуба, баење, гатање, завист, убиства, гордост... Со вакви и слични дела, зафатени како во мрежа, луѓето се отуѓуваат од Бога, својот Творец, и доброволно стануваат наши пријатели, и заедно со нив ќе примиме вечни маки.

Кога го слушнаа тоа, и гледајќи го овој ужасен призор, царот и присутните беа запрепастени; и многумина се одрекоа од незнабоштвото и поверуваа во Господ Христос, а верните се утврдија во верата и го прославија Бога. Свети Трифун му нареди на демонот да оди во местото огнено, во пеколот. И демонот исчезна. А, царот му подари на светиот многу дарови, и го отпушти со мир во домот негов. Но светителот, сѐ што доби по патот го раздаде на сиромаси. Кога се врати во Кампсада продолжи со своите вообичаени подвизи: исцелуваше болни и Му угодуваше на Бога со својот свет и непорочен живот.

По царот Гордијан, се зацари царот Филип, но за кратко време, бидејќи беше убиен од своите војници. Тогаш царскиот престол го зазеде Декиј Трајан. Тој беше жесток гонител и мачител на христијаните: безброј верни уби, ставајќи ги на разни маки, а многу плашливи одврати од Христа. Се зафати да го искорени христијанството и нареди сите христијани по целата империја да се вратат кон идолопоклонство.

Во тоа време управник на источните земји беше епархот Аквилин. Кај него беше обвинет свети Трифун: дека е христијанин, и дека знае разни итрини за лекување на болести; дека не ја почитува царската волја; дека обиколува градови и села лекувајќи болни и ги мами нив и нивните блиски да прибегнуваат кон христијанската вера; дека отворено ги исмева боговите на римскиот народ.

Аквилин нареди веднаш да заминат војници за Фригија за да го пронајдат и да го доведат Трифун во Никеја. Лесно беше пронајден, бидејќи за неговата ревност кон Бога и за многубројните чудеса што тој ги врши се зборуваше насекаде, зашто не може да се сокрие светилник на врв планина. А пак, самиот свети Трифун, кога дозна дека го бараат, имаше доволно време да се сокрие, но наместо тоа, тој се оддаде на пост и молитва.

Кога пристигнаа војниците, тој се предаде и беше изведен пред Аквилин. Тогаш управникот Аквилин со голема гордост седна на судискиот стол, опкружен со вооружени војници, управители, слуги и мноштво народ, а доглавникот Помпијан му рече:

- Момче, испратено од градот Апамеја, еве стои пред судот на твојата власт.

Аквилин рече:

- Нека се претстави, нека ја каже својата фортуна и нека ја исповеда својата вера.

- Името ми е Трифун! - рече светителот. - Родно место ми е село Кампсада, судбина немам бидејќи верувам дека сѐ станува по Божја промисла, а не по судбини и по движење на ѕвездите, ниту пак случајно, како што верувате вие! По живот не сум роб туку слободен, и единствено на Христа му служам. Христос е мојата вера, Христос е мојата слава и мојата пофалба!

Управникот му рече:

- Ти, изгледа, не си слушнал за царската заповед - секој што се нарекува христијанин и не се поклонува на боговите да биде убиен. Затоа откажи се од твојата вера за да не бидеш фрлен во оган.

Свети Трифун му одговори:

- О, кога би можел да се удостојам преку оган и преку сите маки на овој свет да умрам за името на мојот Бог, Господ Исус Христос.

- Ќе ти го предадам телото на оган, а душата најлуто ќе ти ја измачам ако не се премислиш! - го заплаши управникот.

- Ти ме плашиш со оган што се гасне, јас пак, ве предупредувам вас неверните за опасноста од вечниот оган кој што не згаснува. Затоа отстапете од суетите и познајте го вистинскиот Бог за да не се каете кога ќе се најдете во вечниот оган!

Аквилин се разгневи и нареди да го соблечат, да го обесат на дрво и да го камшикуваат сѐ додека не се откаже од Христа. Долго го мачеа храбриот војник Христов и целото тело му се покри со крвави рани, но тој се држеше непоколебливо, во постојана молитва. Потоа го затворија во темница.

Еден ден Аквилин тргна на лов и нареди да го врзат свети Трифун за опашот на неговиот коњ. Тоа беше страшно мачење за светителот зашто прстите на нозете му испопаѓаа и стапалата му се распаднаа, не од студот и лутиот мраз туку од тоа што му ги газеа коњските копита. А маченикот, крепејќи се во Бога, пееше со зборовите Давидови: „Стапките мои беа непоколебливи на патиштата Твои, нозете мои не застранија“ (Пс. 16, 5), „Управувај ги стапките мои според Твоето слово и не дозволувај со мене да овладее никакво беззаконие“ (Пс. 118, 133). И често ги повторуваше зборовите на светиот првомаченик Стефан, говорејќи: „Господи не им го земај оваа за грев!“ (Д.А. 7,60). Гледајќи ја неговата упорност управникот повторно го тераше да се потчини на царската заповед, и да падне на колена пред нивните богови, но свети Трифун му рече:

- Мој Бог и Господ е Исус Христос, и само пред Него коленичам!

А, епархот рече:

- Царот небесен не е никој друг туку Зевс, синот Сатурнов. Тој е татко и на боговите и на луѓето.

Светителот му возврати:

- За него велат дека бил прв маѓепсник и најбеззаконен и погубен волшебник, татко на секое нечисто дело и безбожие.

Тогаш Аквилин нареди да му забијат клинци во нозете, бос да го водат низ заснежените улици по градот, и да го камшикуваат постојано. И светителот беше воден, поправо влечен по целиот град и истовремено тепан; во нозете чувствуваше силна болка, не само од клинците што му ги забија бездушниците туку и од лутиот мраз. Сепак, восхитувачкиот страдалник имајќи го Христос пред себе, сето тоа го поднесуваше со радост.

После ова мачење, пред очите на целиот град тој повторно беше суден. Епархот го праша:

- До кога, Трифуне, ќе бидеш глув за маките?

Светителот му одговори:

- А кога, ти, ќе ја спознаеш силата Христова, која е во мене? Кога ќе престанеш да го искушуваш Светиот Дух, беднику? Зарем се уште не си сфатил дека Христовата семоќност е непобедлива?

На тоа мачителот многу се разгневи и нареди да го обесат на едно дрво, и да го тепаат со железни прачки. И додека го мачеа, наеднаш се појави прекрасна светлина од небото и прекрасен венец се спушти врз неговата глава. Кога го видоа тоа, мачителите се преплашија. А, свети Трифун, се исполни со радост и му говореше на својот Бог: „Ти благодарам, Господи, што не си ме оставил, и сега Ти се молам Господи, биди постојано со мене и удостој ме непречено да го завршам својот подвиг. Амин!“

После тоа мачителот повторно го изведе на суд, но сега без окови. И започна ласкаво да му зборува:

- Трифуне, принеси му жртви на големиот Зевс и јас ќе те отпуштам со почести и дарови.

А, свети Трифун, се насмевна, и му рече:

- Јас го презрев самиот цар, а што се однесува до Зевс и другите твои лажни богови, прашај ги оние меѓу вас што ги сметате за мудри, какви ли не басни измислуваат околу нив, трудејќи се да ги прикриваат нивните нечисти дела. Од тие причини тие им ги променија и имињата, нарекувајќи ги: Зевс - небо, Јунон - воздух, Церера - земја, Нептун море, Аполон - сонце, Дијана - месечина. Тие исти ваши баснотворци им дадоа имиња на вашите богови, со обичаи и човечки страсти, нарекувајќи ги, Марс бог на војната и гневот, на блудниот нагон - Венера. И така, напуштајќи го Бог, Творецот на сите, безумно ја наполнивте вселената со идоли.

Кога го слушна тоа, Аквилин се восхити од неговите зборови, но и жестоко се разјари и нареди свирепо да го тепаат маченикот. А, кога управникот виде дека сѐ е напразно и дека неговата вера е непоколеблива, им нареди на војниците светиот маченик Трифун да го изведат надвор од градот, и да биде обезглавен.

И веднаш го фатија војниците и го одведоа на губилиштето. Маченикот Христов застана со лицето свртено кон Исток и му благодареше на Бога што го удостои со маченичка смрт, и за последен пат се помоли - да се всели неговата душа во Царството небесно. Уште додека се молеше тој ја приклони главата и му ја предаде својата света душа на Бога. Немаше потреба мачителите повеќе да се занимаваат со него. Тоа се случи во 250-та година. Неговото тело лежеше мртво на земјата. Тогаш браќата од Никеја го кренаа, го помазаа со миро неговото чесно тело, го завиткаа во чисти плаштаници и сакаа да го погребат во Никеја, за да биде заштитник на градот. Но, свети Трифун им се јави во видение и им нареди неговите мошти да ги пренесат во неговото родно село Кампсада, и така тие постапија.

Така, свети Трифун, од дете  посветен на Господ Бог, бидеји многу луѓе приведе кон Христос, безброј болни излекува и огромни маки поднесе за Вистината, беше овенчан со неминливиот венец од Отецот и Синот и Светиот Дух, еден во Троица Бога, на кого нека му е слава за навек. Амин.

ЖИТИЕ НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ПЕРПЕТУА

Христовата маченичка Перпетуа, е родум од градот Тувритан, близу Картагена во Северна Африка. Таа беше омажена и имаше дете доенче. Токму кога со својот брат и со некои свои роднини и познаници се подготвуваше да го прими светото Крштение, избувна жестокото гонење против христијаните од страна на римскиот император Септимиј Север. Во тоа време овој жесток гонител, сите нив ги фрли во темница, исто како и останатите христијани. Тука беа Фивија Перпетуа, нејзиниот брат, нејзината слугинка Феликитата која беше бремена и пред време роди женско дете, и момчињата: Сатир, Ревкат, Саторнил, и Секунд. Судијата ги убедуваше да им принесат жртви на нивните богови, но тие решително му одговорија дека веруваат во единствениот вистински Бог, и дека не можат да се поклонуваат на идоли.

За време на судењето дојде и нејзиниот татко, кој беше ревносен јазичник и заедно со судијата започна да ја убедува својата ќерка да се одрече од христијанската вера. Но, и неговите убедувања останаа напразни. По извесно време, привремено ги пуштија сите христијани, но постојано ги надгледуваа. Во тоа време тие најдоа начин да го примат светото Крштение. Тогаш Перпетуа велеше: „Водена од Светиот Дух, јас се молев само за едно - Бог да ми дарува трпение за време на страдањата кои ми претстојат“.

По некое време повторно ги фрлија во темницата. Во оваа темница тие ужасно страдаа оти таа беше толку тесна и натрупана со затвореници, што во неа едвај дишеа.

Освен тоа стражарите беа многу груби и жестоки спрема нив. Сето тоа беше многу тешко подносливо за жените, посебно за света Перпетуа, која имаше дете доенче, и за Фелицитата, која пред време роди во затворот. Но, жените христијанки со маченичко трпение поднесуваа сѐ. Освен тоа Перпетуа многу страдаше душевно поради големата скрб на родителите, а особено на најзиниот татко, кој ја сакаше повеќе од своите останати деца. Тој со солзи ѝ зборуваше:

- Ќерко моја, сожали се на мојата старост! Спомни си дека јас секогаш сум те сакал повеќе од сѐ на светот! Смилувај се над твоето невино дете. Како ќе живее тоа без мајка? Немој да го бесчестиш семејството и целиот наш род. Како ќе излеземе пред луѓето ако ти загинеш од раката на џелатите?

Старецот паѓаше на колена пред својата ќерка, ја облеваше со солзи и ѝ ги целиваше рацете. А мајката само плачеше и молчеше, зашто, всушност, беше потајна христијанка и разбираше дека нејзината ќерка не може да ја жртвува својата вера, дури и заради саканиот татко и премилото чедо. А пак, на Перпетуа срцето ѝ се кинеше кога го гледаше очајанието на својот татко. Таа плачеше, го бакнуваше, но не можеше да се согласи да се одрече од Господа Христа. Затоа му велеше:

- Не плачи, татко, зашто сѐ е во рацете на Господа! Ние не зависиме од себе, туку од Неговата света волја.

Таа целосна покорност на Божјата волја ѝ даваше чуден спокој на Перпетуа, така што и темницата, и жестоките мачења ѝ изгледаа како утеха бидејќи требаше да страда за Бога. А Господ по својата милост ја крепеше со чудни виденија и им ветуваше небесни награди на сите кои страдаа за Него.

Света Перпетуа ги храбреше останатите во темницата за да не се исплашат и да се поколебаат да пострадаат за Христа. Пред самото страдање, таа во сон виде златна лествица, од двете страни начичкана со остри ножеви, мечеви, копја, шајки, и други смртоносни оружја, а на дното од лествицата, до првото скалило, лежеше страшна змија, која што ги спречуваше оние кои сакаа да се искачат. Виде како светото момче Сатир, не обраќајќи внимание на змијата, прво се искачи на лествицата неповредено, и од врвот ѝ довикна:

- Перпетуа, те чекам, ајде, но чувај се и внимавај да не те касне змијата!

А таа му рече:

- Во името на Господ Исус Христос, змијата ништо не ми може! И приоѓајќи, Перпетуа застанала врз главата на змијата, како да е прво скалило и се стрчала кон врвот. Искачувајќи се на врвот, таа влегла во небесата и ги видела прекрасните дворови небесни, преубавите рајски населби и мноштвото тамошни жители, и била многу радосна.

Кога им го раскажа своето видение на останатите кои беа со неа, тие престанаа да се грижат за привремениот живот.

Наскоро сите затвореници беа повикани на јавно судење. Во судницата се беше насобрал многу народ. Затворениците громогласно го исповедаа Господ Исус Христос. Кога дојде ред на Перпетуа, нејзиниот татко со детенцето на раце се протна низ толпата и повторно започна да ја моли да се откаже, велејќи:

- Сожали се над ова дете! Што ќе се случи со него без тебе? И судијата се присоедини кон несреќниот старец, говорејќи:

- Зарем не ти е жал со таква тага да ги помрачиш последните години од животот на твојот татко, оставајќи го своето невино дете? Согласи се да им принесеш жртви на идолите!

- Не можам! - одговори Перпетуа.

- Зарем решително се објавуваш за христијанка?

- Да, јас сум христијанка!

Тогаш судијата ја прочита пресудата: „Сите христијани се осудуваат да бидат раскинати од диви ѕверови во амфитеатарот на празникот по повод роденденот на престолонаследникот“. Кога ги водеа на смрт, не страв туку радост се гледаше на нивните лица. Ѕверовите не се допреа до осудените. Тогаш мачителите, бесни од оваа глетка започнаа жестоко да ги измачуваат. Најпрвин сите многу ги тепаа, а потоа на Перпетуа и Феликитата им пуштија дива јуница да ги избоде, но тие останаа неповредени. Најпосле сите беа заклани со меч. На џелатот, кој требаше да ја убие света Перпетуа, му трепереа рацете од возбуда, па таа сама го стави мечот на своето грло за да       ја одсече главата. Толку беше храбра и толку чезнееше да умре за Христа.

Така, како јагниња заклани за Јагнето Божјо, Христос, тие од Христос примија вечна награда во рајските населби. Пострадаа околу 203 година.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ПЕТАР ГАЛАТИСКИ

Блажениот Петар беше од Галатија во Мала Азија. Само седум години поживеа кај своите родители, а останатото време од својот живот го помина во борбите на монашкиот живот и подвижништво. Најпрвин се подвизуваше во својот роден крај, во Галатија. Потоа отиде во Палестина. И откако тука го собра она што сакаше да го собере, замина за Антиохија. Таму пронајде еден гроб, се насели во него и тука го помина целиот свој живот. Живееше само на леб и вода, и тоа секој втор ден земаше по малку, колку за да преживее.

Еднаш кај него дојде еден бесомачен човек по име Даниил. Преподобниот се помоли за него, и го ослободи од нечистиот дух. Ослободениот Даниил во знак на благодарност остана покрај преподобниот и му служеше за своето исцеление. Преподобниот Петар ја исцели и мајката на блажениот Теодорит, епископ Кирски, кој го напиша неговото житие. Неговата мајка имаше болест на очите и ниту еден лекар не можеше да ѝ помогне. А овој преподобен ја излекува само со својата молитва, ставајќи ги рацете на нејзините очи и осенувајќи ја со крсниот знак. Во друга прилика го исцели слугата на мајката на епископот Теодорит, на кого му досадуваше демонот. Тој претходно му нареди на демонот да каже поради што завладеал со овој човек. И демонот беше приморан да ја каже вистината.

Исто така преподобниот исцели и друг бесомачен човек, а го спречи градскиот војвода да изнасили една девица монахиња, откако веднаш го ослепе. Мајката на Теодорит повторно ја излекувал, бидејќи откако го родила блажениот Теодорит, легнала на смртна постела. И многу такви чудеса направи преподобниот. Само допирот и близината на неговата облека правеа чудеса, како облеката на апостол Павле. А тоа е очигледно од следново чудо: Појасот кој му беше долг и широк, преподобниот го преполови - со едната половина се препашуваше, а другата половина ја даде на мајката на Теодорит. И кога неговиот татко, а и самиот Теодорит беа болни, таа го префрли појасот преку нив, и тие се исцелија. Така таа им помагаше и на други болни, употребувајќи го овој појас како лек и ги исцелуваше.

Блескајќи со такви дела и осветлувајќи ја Антиохија со светлината на своите чудеса, чудесниот Петар си отиде од борбата на овој живот и очекува совршен венец на небото, кој се чува за Судниот ден за победоносните маченици. Поживеа на земјата 99 години и се упокои во мир околу 429 година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КАРИОН

Овој свет маченик бил многу измачуван од непријателите Христови. На крајот мачителите му го пресекле јазикот, и така светиот Карион пострадал за нашиот Господ Христос.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ВЕНДИМИЈАН

Преподобниот Вендимијан е родум од Велика Мизија во Мала Азија. Беше ученик на свети Аксентиј, кој се подвизуваше на високата гора, јужно од Халкидон. Откако се упокои неговиот учител, тој се насели во една распукана карпа, во која што си направи мала ќелија. Помина во неа четириесет и две години, водејќи тешки борби со демоните. Потоа имаше и свои ученици кои ги утврдуваше во верата со своите подвизи и со благодатта што му беше дадена од Бога. Тој им го раскажа на другите својот живот и животот на својот учител свети Аксентиј. Кога требаше да се упокои, коленичејќи на земјата ја предаде својата душа во рацете на Господа Христа, околу 512 година.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК АНАСТАСИЈ

Анастасиј е родум од Навплија, а по занимање беше зограф. Се вери со ќерката на еден христијанин, но по неколку дена слушна неубави работи за неа и ја откажа веридбата. Нејзините роднини му беа направиле магија, па му се помрачи свеста и започна да лута од место на место. Гледајќи ја неговата состојба, турците ја искористија таквата прилика и го потурчија. Но, Бог се сожали над страдалното момче и му го поврати здравјето, така што тој си дојде на себе.

Кога се осозна, тој на себе го виде белиот турбан и веднаш го фрли на земјата и започна да вика пред турците:

- Јас бев христијанин, сега сум христијанин, и сакам да останам христијанин!

Тогаш турците дивјачки се нафрлија врз него и со тепање го одвлекоа кај судијата. Кога виде судијата дека по никаква цена не се одрекува од својата вера и од Господа Христа, тој донесе пресуда да му ја отсечат главата. Турците нестрпливи, веднаш го извадија надвор и започнаа да го тепаат: некои со стапови, некои со ножеви, други со камења, додека не му ја смачкаа главата, а телото му го исекоа на ситни парчиња. Така благословениот Анастасиј го заврши својот маченички живот во 1655 година, искачувајќи се на небесата да се весели во ликот на светите Маченици, славејќи ја Пресвета Троица.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ВАСИЛИЈ ИСПОВЕДНИК

Блажениот Василиј беше родум од Солун. Го замонаши неговиот учител Ефтимиј Солунски. Се подвизуваше на Света Гора и во други места заедно со свети Ефтимиј, кој му претскажа дека ќе биде епископ.

Се упокои како архиепископ Солунски во деветтиот век, околу 870 година.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ ДАВИД, СИМЕОН и ГЕОРГИЈ

Овие преподобни отци беа тројца свети браќа; Давид беше монах на планината Ида во Мала Азија, преподобниот Симеон, беше нов столб Митилински, а преподобниот Георгиј беше епископ Митилински и исповедник. Беа родум од градот Митилина, од егејскиот остров Лезвос. Живееја и се подвизуваа кон крајот на осмиот и почетокот на деветтиот век. Преподобен Симеон се упокои во 844 година, а преподобен Георгиј 1-ви во 846 година.

СПОМЕН НА СВЕТИ ТИМОТЕЈ ИСПОВЕДНИК

Се претставил во мир.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕОН И ДВЕ ДЕЦА

Заедно со своите две деца, свети Теон пострада за Христа заклан со меч.