17. Декември (4 Декември)
ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТА ВЕЛИКОМАЧЕНИЦА ВАРВАРА
За време на царувањето на безбожниот Римски цар Максимијан, на Истокот, во Илиопол, живееше еден благороден, богат и познат човек на име Диоскор, по род и вера незнабожец. Тој имаше ќерка на име Варвара, која што ја чуваше како зеница во окото, зашто му беше единица. Кога потпорасна беше многу убава на лице, така што ѝ немаше рамна во целата таа земја. Поради тоа Диоскор изгради кула, раскошна уметничка градба, и во неа велелепни палати со сите удобности. Во неа ја затвори својата ќерка Варвара, и даде добри воспитувачки и слугинки, зашто мајка и беше почината. Диоскор го стори тоа за таквата убавина да не можат да ја видат обичните и непознати луѓе, зашто мислеше дека очите на таквите луѓе не се достојни да го гледаат прекрасното лице на неговата ќерка. Додека живееше во кулата во високите палати, девојчето наоѓаше утеха во тоа што од таа височина ги наблудуваше небесните и земните созданија Божји, светилата небесни и убавината на земниот свет. Еднаш додека го наблудуваше небото и блесокот на сонцето, текот на месечината и убавината на звездите, таа ги праша своите воспитувачки и слугинки кој го створил сето тоа. Потоа погледна во убавината на земјата: во зелените полиња, шумите и градините, горите и водите, и се распрашуваше чија рака го создала сето тоа. Тие и рекоа дека сето тоа го створиле боговите. Кога девојчето праша кои богови, тие му одговорија:
- Оние богови што ги почитува твојот татко и ги има во својот дворец: златни, сребрени и дрвени, на кои што им се поклонува. Ете, тие богови створиле се што гледаш.
Од таквиот одговор во девојчето се јави сомнеж и си размислуваше вака: боговите што ги почитува мојот татко се направени од раце човечки. Златните и сребрени ги направил златар, камените ги направил каменорезец, дрвените ги направил дрводелец. Како тие направени богови би можеле да створат таква пресветла висина небесна и ваква земна убавина, кога самите не можат да одат со нозете и да работат со рацете?
Така размислувајќи си, таа често и дење и ноќе го набљудуваше небото, трудејќи се според створението да го дознае Творецот. Еднаш кога долго го набљудуваше небото и беше обземена од силна желба да дознае кој ја створил прекрасната височина, пространството и светлоста небесна, ненадејно заблеска во нејзиното срце светлината на Божествената благодат и ѝ ги отвори очите на умот кон познание на Единствениот, Невидливиот, Несфатливиот и Недостижниот Бог, Кој премудро ги створил небото и земјата. И таа си велеше на себе:
- Мора да постои еден таков Бог, Кој не е направен од човечка рака, туку Он Самиот има свое суштество, и сѐ со Својата рака створил. Мора да постои Оној Кој ја распослал ширината небесна, ги утврдил темелите на земјата, и го осветлува одозгора сиот свет со зраците на сонцето И месечината и блесокот на звездите. А долу ја украсува земјата со најразлични дрвја и цвеќиња, ја напојува со реки и извори. Мора да постои еден таков Бог, Кој се одржува, сѐ уредува, сѐ оживува и за сѐ промислува.
Така девицата Варвара се учеше од тварите да Го дознае Творецот, та врз неа се исполнија зборовите Давидови: „Се поучив од сите работи Твои, и од створенијата на рацете Твои се научував“ (Пс. 142, 5). Во таквото размислување се разгоре во нејзиното срце огнот на Божествената љубов и се запали во нејзината душа пламен на чезнеење за Бога, та немаше мир ни дење ни ноќе, мислејќи само за едно и сакајќи само едно: сигурно да го познае Бога и Творецот на сите и сѐ. Меѓу луѓето не можеше да најде учител кој би ѝ ги открил тајните на Светата Вера и би ја упатил на патот на спасението, зашто беше невозможно некој да дојде кај неа освен одредените слугинки. Наоколу имаше будна стража. Меѓутоа самиот Семудар Учител и Наставник, Духот Свети, со внатрешно тајно вдахновување на благодатта Своја, ја учеше невидливо и му даваше на нејзиниот ум познание на вистината. И живееше девицата во кулата како осамена птица на кров, размислувајќи за небесното а не за земното; нејзиното срце не се наклонуваше кон ништо земно. Не сакаше таа ни злато, ни скапоцени бисери, ни драгоцени камења, ни гиздави фустани, ниту никакви девојкини накити, ниту некогаш помисли на брак, туку сета нејзина мисла беше свртена кон Единствениот Бог и беше заробена со љубовта кон Него.
Кога дојде време Варвара да се мажи, многу богати, благородни и познати момчиња кога слушнаа за нејзината необична убавина побрзаа кај Диоскор, за да ја бараат нејзината рака. Диоскор се качи на кулата кај неа и започна да ја наговара на брак, набројувајќи и разни прекрасни момчиња кои ја бараат нејзината рака, и прашувајќи со кого од нив би сакала да се омажи. Целомудрената девица Варвара поцрвене од срам не само да слуша туку и да помисли на брак. Одлучно го одби тоа, зашто сметаше дека е голем губиток да го уништи цветот на својата чистота и да го изгуби скапоцениот бисер, девството. Но, на упорното и долго настојување на таткото, Варвара одважно се спротивстави и најпосле изјави:
- Татко мој, ако продолжиш да ми зборуваш за тоа и ме присилуваш да се мажам, ќе направиш повеќе да не се нарекуваш мој татко, зашто ќе се убијам.
Диоскор го обзеде ужас и замина, не смеејќи повеќе да ја наговара. Покрај тоа тој сметаше дека е подобро на убав начин да ја убеди и се надеваше дека ќе дојде време кога самата ќе се предомисли и ќе посака да стапи во брак. Потоа поради некоја работа намисли да оди на далечен пат, па мислеше дека Варвара ќе тагува без него, па кога ќе се врати со задоволство ќе го прифати неговиот предлог. Затоа на тргнување нареди во неговата градина, покрај старата бања да се изгради раскошна и скапоцена, со два прозорци свртени кон југ. На воспитувачките и слугинките им рече дека Варвара може слободно и непречено да се симнува од кулата и да прави што ќе посака. Тој мислеше дека кога таа ќе има можност да разговара со многу луѓе и ќе види многу девојки верени и омажени, и самата ќе посака да се омажи.
По неговото заминување на далечен пат, Варвара се спријатели со некои христијански девојки и од нив слушна за името Исус Христос. Таа веднаш многу се израдува на тоа име и се трудеше што повеќе да дознае за Него. Тие ѝ раскажуваа за Господа Христа, за Неговото неискажливо Божество, за Неговото воплотување од Пречиста Дева Марија, за Неговото доброволно страдање и воскресение, за идниот Суд, за вечното мачење на идолопоклониците, за бесконечното блаженство на верните христијани во Царството Небесно. Додека слушаше за сето тоа, Варвара чувствуваше милина во срцето и гореше од љубов кон Христа и сакаше да се крсти. И токму во тоа време се случи еден презвитер да дојде во Илиопол, божем како трговец. Варвара го повика кај себе, тајно се научи од него на познанието на Единствениот Творец на се и Седржител Бог и верата во нашиот Господ Исус Христос, што одамна го сакаше. Откако ѝ ги изложи сите тајни на Светата Вера, презвитерот ја крсти во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, ја поучи и си замина во својот крај. Во Варвара пламна уште поголема љубов кон Господа Христа и се подвизуваше во пост и молитва деноноќно и даде завет дека ќе го чува своето девство.
Во тоа време се градеше бањата, соодветно на Диоскоровите упатства пред заминување на пат. Света Варвара еднаш отиде да Ја види градбата. Кога ги виде двата прозорци, ги праша работниците зошто не направиле три, бидејќи ѕидот ќе биде поубав и бањата посветла. Тие ѝ објасниле дека така им наредил нејзиниот татко а таа упорно настојуваше да се пресече и трет прозорец, за тоа да биде симбол на Пресвета Троица. Ѕидарите не сакаа да го сторат тоа од страв од нејзиниот татко, па таа им рече:
- Јас ја превземам одговорноста за вас пред татко ми, а вие направете како што ви наредувам. Работниците направија и трет прозорец на бањата. А пак старата бања, покрај која се градеше новата, беше обложена со мермер. Еднаш света Варвара дојде кај таа бања, погледна на исток, со прстот го нацрта на мермерот светиот крст и крстот се вдлаби во каменот како со железо изрежан. Освен тоа во таа иста бања, од нејзините стапки врз камениот под бликна извор вода, која подоцна им даде исцеленија на многумина кои со вера доаѓаа.
Додека еднаш одеше низ палатата на својот татко, света Варвара ги забележа неговите богови, бездушни идоли, поставени на чесно место, и длабоко воздивна поради гибелта на душите на оние што им служат. Потоа ги поплука нивните лица, говорејќи:
- Нека бидат слични на вас сите кои ви се поклонуваат, и од вас, бездушните, бараат помош!
И си замина во својата кула. Таму, според својот обичај ревнуваше во молитвата и постот, со сиот свој ум задлабочена во богоразмислување.
Но, нејзиниот татко се врати од патот. Кога ги прегледа зидарските работи и ги виде трите прозорци на бањата, започна гневно да ги кара слугите и зидарите што ја погазиле неговата наредба, а тие одговорија:
- Го сторивме тоа по волја на вашата ќерка Варвара. Таа ни наеди да направиме три прозорци. Диоскор веднаш ја повика Варвара и ја праша:
- Зошто си наредила во бањата да се направи трет прозорец?
Таа одговори:
- Подобро три отколку два. Ти си наредил да се направат два, најверојатно како симбол на двете небесни светила, сонцето и месечината, да ја осветлуваат бањата. А јас наредив да се направи и трети, како симбол на Троичната Светлина, зашто во непристапната, неискажана, незалезна и незгаслива Троична Светлина се трите прозорци, со кои се просветува секој човек што доаѓа на светот.
Таткото се збуни од новите, навистина прекрасни, но за него несфатливи зборови на својата ќерка. Тој се тргна насамо со неа кај старата бања каде што беше крстот, од прстот на света Варвара изобразен на каменот, и кој Дисокор се уште не го беше забележал и започна да ја распрашува:
- Што зборуваш ти? На кој начин светлината на трите прозорци го просветува секој човек?
Светителката одговори:
- Слушај внимателно, татко мој, и сфати што ти зборувам. Отецот и Синот и Светиот Дух, Трите Лица на Едниот во Троица Бог, Кој живее во светлина непристапна, го просветува и оживува секое створение. Поради тоа јас наредив на бањата да се направат три прозорци, за едниот да го претставува Отецот, другиот Синот а третиот Светиот Дух, и на тој начин и самите зидови да Го прославуваат името на Пресвета Троица.
Потоа, покажувајќи му со прстот кон Крстот на мермерот, рече:
- Јас исто така го изобразив и знакот на Синот Божји: со благоволението на Отецот и дејството на Светиот Дух, Он заради спасението на луѓето се вополоти од Пречиста Дева и доброволно пострада на крстот, чие што изобразение го гледаш. Го нацртав овде знакот на крстот, за крсната сила да ја брка одовде сета ѓаволска сила.
Тоа и многу друго за Света Троица, за воплотувањето и страдањето Христово, за силата на Крстот и за останатите тајни на Светата Вера, му зборуваше премудрата девојка на својот суров и тврдоглав татко, со што страшно го разјари. Во својот бес тој заборави на природната љубов кон својата ќерка, го извлече мечот и сакаше да ја прободе, но таа побегна. Со мечот во рацете тој побрза по неа, како волк по овца. И кога му беше на дофат, одеднаш пред него се најде карпеста гора, која и го затвори патот. Таа немаше кај да бега од рацете и мечот на родителот, или подобро речено мачителот, и засолниште ѝ беше Бог, кон Кого ги впери и душевните и телесните очи и Го молеше за помош и заштита. Севишниот веднаш ѝ ја даде Својата помош: направи карпестата планина да се раздели пред неа, како некогаш пред светата првомаченица Текла, кога таа бегаше од развратникот. Света Варвара побегна во пукнатината и карпата во тој момент се спои зад неа, давајќи ѝ на светителката слободен пат до врвот на гората. Таму се сокри во една пештера. А свирепиот и упорен Диоскор се чудеше како се сокри и долго време внимателно ја бараше. Ја обиколи планината и забележа двајца чобани, кои ги пасеа своите стада овци. Тие ја видоа света Варвара како се искачи на планината и се сокри во пештерата. Диоскор се искачи до нив и ги праша дали ја виделе неговата ќерка. Едниот од чобаните, со жалостиво срце, кога го виде Диоскор полн со гнев, не сакаше да ја предаде невината девица и рече:
- Јас не ја видов!
Но, другиот молкум посочи со прстот кон пештерата и Диоскор побрза таму. Тој чобанин веднаш го стигна казната Божја на истото место. Самиот се претвори во каменен столб, а неговите овци се претворија во скакулци.
Кога ја најде својата ќерка во пештерата, Диоскор започна немилосрдно да ја тепа. Ја фрли на земјата и ја газеше со нозете. Потоа ја фати за косата и ја влечеше по страшниот пат, се до својата куќа. Таму ја заклучи во тесна мрачна куќичка, ги запечати вратата и прозорците, постави стража и ја измачуваше со глад и жед. Потоа отиде кај царскиот намесник на таа област Мартијан и му раскажа се за својата ќерка, дека ги отфрла боговите и верува во Распнатиот. Тој го молеше да и се закани со разни мачења и да ја врати во нивната вера.
Потоа Диоскор ја извади света Варвара од затворот, му ја предаде на намесникот и му рече:
- Јас се одрекувам од неа, бидејќи таа се одрекла од моите богови. Ако повторно не им се врати и не им се поклони заедно со мене, повеќе нема да ми биде ќерка а ниту јас нејзин татко. А ти, моќен царски намеснику, мачи ја како што сакаш.
Кога ја виде пред себе девицата, намесникот се восхити од необичната убавина на нејзиното лице и започна благо и милно да и зборува, фалејќи ја нејзината убавина и благородност. Ја советуваше да не отстапува од древните отечки закони и да не се противи на волјата на својот татко, туку да им се поклони на боговите, во се да го слуша, за да го наследи сиот негов имот. Но, света Варвара со мудри зборови ја изобличи ништовноста на бездушните незнабожечки богови а Го исповедаше името на Исуса Христа, одрекувајќи се од секоја земна таштина, богатствата и уживањата и чезнеејќи за небесното богатство. Но, намесникот и понатаму ја убедуваше да не го срамоти својот род и да не ја погубува својата прекрасна и цветна младост. Најпосле и рече:
- Сожали се на себе, прекрасна девице! Побрзај усрдно заедно со нас да им принесеш жртва на боговите. Те жалам и сакам да те поштедам, не сакам таквата убавина да ја предадам на мачење. Ако одбиеш ќе ме присилиш страшно да те мачам.
Света Варвара одговори:
- Јас постојано Му принесувам пофална жртва на мојот Бог и сакам и самата да бидам негова жртва, зашто Он е единствен Вистински Бог, Творец на небото и земјата и сѐ што е на нив. А твоите богови се ништо и ништо не створија, зашто се бездушни и неподвижни, и самите се дело на рацете човечки, како што вели пророкот Божји: „Идолите на незнабошците се сребро и злато, дело на рацете човечки. Сите богови на незнабошците се идоли; а Господ ги створил небесата“ (Пс. 113, 2; 95, 5). Овие пророчки зборови јас ги признавам и верувам во Единиот Бог, Творецот на сѐ, а за вашите богови тврдам дека се лажни и дека вашата надеж во нив е залудна.
Намесникот се разгневи и нареди да ја расоблечат. Ова прво мачење, да стои гола пред очите на толку луѓе, кои бесрамно и упорно гледаа во разголеното девствено тело, за целомудрената девојка беше потешко од најстрашните рани. Потоа мачителот нареди да ја положат на земјата, па долго да ја тепаат со воловски жили, така што земјата се обагри со крв. А кога престанаа со тепањето, со наредба на мачителот, со црепови ги стругаа нејзините рани, додавајќи болка врз болката. Сепак сите тие мачења, кои посилно од бура се нафрлија врз храмот на младото и слабо девојкино тело, не и ја поколебаа цврстата вера, зашто нејзината вера беше заснована на каменот Христос Господ, заради Кого таа со радост ги трпеше толку тешките страдања.
Потоа намесникот нареди да ја стават во темница додека не смисли најтешки маки за неа. Одвај жива од страотното мачење, света Варвара во темницата со солзи се молеше на својот возљубен Младоженец Христос Господ, да не ја остава во толку тешките маки, говорејќи со зборовите Давидови: „Не оставај ме, Господи, Боже мој, не отстапувај од мене; побрзај да ми помогнеш!“ (Пс. 37, 21, 23). Додека така се молеше, на полноќ ја осветли силна светлина и во своето срце почувствува и страв и радост. Кај неа се доближуваше Бесмртниот Младоженец, сакајќи да ја посети невестата Своја. И ете, самиот Цар на Славата и се јави во неискажлива светлина. А таа, кога Го виде Господа толку многу се израдува со духот и почувствува бескрајно блаженство срцето нејзино! А Господ со љубов гледаше во неа и ѝ говореше со своите преслатки усни:
- Биди храбра невесто моја, и не плаши се! Јас сум со тебе. Јас те чувам и гледам на подвигот твој, ги олеснувам страдањата твои и за нив ти подготвувам вечна награда во Мојот небесен дворец. Претрпи до крај, за наскоро да се насладуваш на вечните богатства во Царството Мое.
Додека ги слушаше зборовите на Господа Христа, света Варвара сета како восок се топеше од огнот на божествената желба и како река на љубовта кон него се разлеваше. Откако така ја утеши, преслаткиот Исус ја исцели од раните, та не и остана ни трага од мачењата. Потоа замина од неа, оставајќи ја во неискажлива духовна радост. И пребиваше света Варвара во темницата како на небото, горејќи со серафимска љубов кон Бога и славословејќи Го со срцето и устата, и принесувајќи Му благодарност на Господа што не ја презрел туку ја посети слугинката Своја, која страда заради името Негово.
Во тој град живееше една жена на име Јулијана. Таа веруваше во Христа и се плашеше од Бога. Откако света Варвара беше фатена од мачителот, Јулијана од далеку ја пратеше и ги посматраше нејзините страдања. А кога ја фрлија во темницата, таа постојано беше крај прозорецот и се восхитуваше како младата девојка во цветот на својата младост и убавина го презре својот татко, сиот род, и богатството, и сите богатства и радости на овој свет, паи својот живот не го штеди туку радосно го полага за Христа. А кога виде дека Христос ја исцели од раните, и самата посака да страда за Христа. Започна да се подготвува за таквиот подвиг, молејќи го подвигоположникот Исус Христос да и испрати трпение во страдањата.
Кога настапи тој ден, света Варвара беше изведена од темницата за повторно судење. Јулијана одеше по неа оддалеку. Кога света Варвара застана пред намесникот, тој и сите околу него се запрепастија кога ја видоа здрава, со светло лице, и поубава од било кога а на нејзиното тело ни трага од раните. Тој и рече:
- Гледаш ли, девојко, како се грижат за тебе нашите богови? Синоќа ти беше сета во рани, а еве сега тие потполно те исцелиле и здравје ти подарила. Затоа биди им благодарна, поклони им се и принеси жртва.
Светителката одговори:
- Што зборуваш? Дека ме исцелиле твоите богови, кои се слепи, неми и бесчувствени? Тие не можат ни на слепите вид да дадат, ни на глувите слух, ни на немите глас, ни на хромите од. Не можат болести да исцелуваат, ни мртви да воскреснуваат, и како тогаш можеле мене да ме исцелат? И зошто да им се поклонам? Мене ме исцели мојот Господ Бог Исус Христос, Кој ја исцелува секоја болест и им дава живот на мртвите. Нему со благодарност Му се поклонувам и себе си на жртва му се принесувам. Но, твојот ум е заслепен и ти со своите заслепени очи не можеш да Го видиш овој Божествен Исцелител, зашто си недостоен.
Намесникот се разјари и нареди да ја обесат на мачилишното дрво. Телото да и го стругаат со железни нокти, ребрата да ѝ ги горат и со чекани да ја удираат по главата. Света Варвара сето тоа јуначки го трпеше, Во таквото мачење е невозможно да остане жива не само младата девојка туку и најсилниот маж, ако неа, овчичката Христова, невидливо не ја крепеше Божјата сила.
Во толпата народ, кој го паблудување мачењето, недалеку стоеше споменатата Јулијана. Додека го гледаше големото страдања на света Варвара, таа не можеше да ги задржи солзите и постојано плачеше. Потоа ревносно го крена гласот среде народот и започна да го изобличува бездушниот намесник поради нечовечното мачење и да хули на безбожните богови. И веднаш беше фатена, и на прашањето од каква вера е, изјави дека е христијанка. Тогаш намесникот нареди и неа да ја мачат како Варвара. Ја обесија на мачилишното дрво заедно со неа и ја стругаа со железни гребени. Света Варвара ги крена очите кон Бога и се молеше:
- Боже, ти ги испитуваш срцата човечки, ти знаеш дека јас од љубов кон Тебе и заповедите Твои се принесов Тебе на жртва и се предадов на Твојата семоќна десница. Затоа немој да ме оставиш, Господи, ни мене ни мојата сострадалничка Јулијана, туку крепи не и двете и дај ни сила добро да го завршиме подвигот, зашто духот е бодар но телото слабо.
Додека така се молеше, невидливо им беше давана помош од небото. Потоа мачителот нареди и на двете да им се отсечат дојките. Кога беше сторено тоа, во таквите страшни маки света Варвара повторно ги крена очите кон својот Лекар и Исцелител и повика:
- Не отфрлај нѐ од Лицето Твое, Христе, и Духот твој Свет не одземај го од нас! Дај ни, Господи, радост на спасението и дух владеачки утврди во нас во љубовта Твоја!
По таквите мачења намесникот нареди света Јулијана да ја одведат во темницата а света Варвара на нејзин голем срам гола да ја водат по целиот град со потсмевање и тепање. А светата, покривајќи се со срамот како со облека, повика кон милиот Младоженец, говорејќи:
- Боже, Ти го облекуваш небото со облаци, и земјата ја обвиваш со магла како со пелена. Ти самиот, Царе, покриј ја мојата голотија, за Твојата слугинка да не биде потполно исмеана!
И Господ Исус Христос, Кој со сите Свои свети ангели го гледаше од небото подвигот на слугинката Своја, веднаш и побрза на помош и испрати светол ангел со блескава облека да ја покрие нејзината голотија. После тоа незнабошците не можеа да го видат разголеното тело и таа беше одведена назад кај мачителот. По неа исто така ја водеа гола и света Јулијана. Најпосле мачителот, кога виде дека не може да ги одврати од љубовта Христова, и двете ги осуди на посекување со меч.
А пак Диоскор, свирепиот татко на света Варвара, толку беше освирепен од ѓаволот, така што додека ги гледаше големите маки на својата ќерка не само што не се растажи туку не се ни засрами лично да ѝ биде џелат. Тој со едната рака ја фати својата ќерка а со другата мечот и ја поведе на местото на посекувањето, на една гора надвор од градот. Света Јулијана по него ја водеше еден војник. Додека одеа така, света Варвара се молеше на Бога, говорејќи:
- Беспочетен Боже, Ти си го распослал небото како покривка и си ја основал земјата над водите, Ти си заповедал на сонцето, та ги осветлува и добрите и лошите; Ти даваш дожд и за праведните и неправедните. Ти и сега услиши ме, мене, слугинката Твоја, о Царе, и дај му ја Својата благодат на секој човек што ќе ме спомнува мене и моите страдања, и нека не се доближи до него ненадејна болест, и нека не го зграпчи ненадејна смрт, зашто Ти, Господи, знаеш дека сме ние тело и крв и творба на пречистите раце Твои.
Кога света Варвара така се молеше, чу глас од небото, кој со Јулијана ги повикуваше во небесните населби и ѝ ветуваше дека молбата ќе и биде исполнета. И двете маченици, Варвара и Јулијана, одеа во смрт со голема радост, сакајќи што побрзо да се разрешат од телото и да отидат кај Господа. А кога стигнаа на одреденото место, Христовата овчичка Варвара ја стави главата под мечот и беше обезглавена од рацете на својот бездушен татко. И се исполнија зборовите од Светото Писмо: „На смрт ќе го предаде таткото своето чедо“. А света Јулијана ја обезглави еден војник. Така го завршија својот подвиг овие свети маченички. Пострадаа во 306 година. Нивните свети души радосни се искачија кај својот Младоженец Христос, пречекани од Ангели и со њубов примени од Господа. А пак Диоскор и намесникот Мартијан ненадејно ги стигна казната Божја. Кога Диоскор се симнуваше од планината по посекувањето на својата ќерка, а намесникот Мартијан седеше дома, и двајцата ги убија громови и толку ги спалија што ни правта не им се најде.
Во тој град живееше еден благочестив човек, на име Галентијан. Тој ги зеде чесните мошти на светите маченици Варвара и Јулијана, ги однесе во градот, ги погреба со долична чест и изгради црква над нив, во која се случуваа многу исцеленија од нив, по нивните молитви а со благодатта на Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бог, Кому слава за навек. Амин.
ЗА ЧЕСНИТЕ МОШТИ НА СВЕТА ВЕЛИКОМАЧЕНИЦА ВАРВАРА
Чесните мошти на светата великомаченица Варвара беа пренесени од Грција во Русија, во Киев, по просветувањето на Руската земја со светото крштение, кога руските кнезови се наоѓаа во особено блиски и пријателски односи со грчките цареви, и ги земаа за сопруги нивните сестри и ќерки. Во време на такви односи, Киеви го доби од Грција непроценливиот дар - целебните мошти на светата великомаченица Варвара, како што за тоа сведочи веродостојниот летопис од 1670 година на игуменот на Киевскиот Михајловски Златоверхов манастир, јеромонахот Теодосиј Сафонович.
Прва сопруга на великиот кнез Киевски Свјатополк Изјаславич, наречен во светото крштение Михаил, беше грчката принцеза Варвара, ќерка на византискиот цар Алексиј Комнин. Пред своето заминување од Цариград за Русија, принцезата Варвара го умоли својот татко да и ги даде чесните мошти на светата великомаченица Варвара, и таа ги донесе со себе во Киев. Нејзиниот сопруг, великиот кнез Михаил, изгради во 1108 година во Киев камена црква во име на свети Архистратиг Михаил, својот заштитник, и чесно ги положи во неа светите мошти на великомаченицата! Во времето на наездата на татарскиот хан Батиј над руската земја, моштите на светата великомаченица беа сокриени од страна на црковнослужителот на тајно место под камените скалила што водат на кровот од храмот. Многу години по Батиевите пустошни наезди, светите мошти со благоволение Божјо беа најдени, од скривницата изнесени и со чест јавно положени во истиот храм.
Во 1644 година, за време на Киевскиот митрополит Петар Могилаѓ Киев го посети канцеларот на Полското кралство Георгиј Осолински. Кога дојде во црквата на Михајловскиот манастир, за да се поклони на чесните мошти на светата великомаченица Варвара, тој раскажа:
- Јас имам длабока вера во помошта на светата великомаченица Варвара, зашто многумина сведочат дека оној што ќе се довери на нејзиното застапништво не умира без покајание и причестување со Божествените Тајни. Бев во Рим и во други западни земји и насекаде се распрашував каде се наоѓаат моштите на светата великомаченица, на Запад или на Исток. Од одговорите што ги добив се уверив дека не се наоѓаат ни на Запад ни на Исток, туку во овие краеви, како што тврдат оние што биле на Исток. Сега верувам дека се токму овде, во Киев се наоѓаат моштите на света великомаченица Варвара.
Откако им се поклони со усрдна молитва на светите мошти и побожно ги целиваше, канцеларот смерно молеше да му се даде делче од нив за благослов. Поради неговата голема вера нему му беше дадено делче од прстот од нејзината десна рака, и тој го прими со голема радост и благодарност.
Во 1650 година, за време на митрополитот Киевски Силвестер Косов, литовскиот хетман, кнезот Ануш Радзевил, го зазеде градот Киев. На негова желба му беа дадени две немали честици, едната од градите а другата од ребрата на великомаченицата. Честиците од градите хетманот ги поклони на својата сопруга, кнегињата Марија, благочестивата ќерка на Молдовлахискиот господар Василиј. По преставувањето на кнегињата Марија, дел од светите мошти што беа кај неа дојдоа до рацете на митрополитот Киевски Јосиф Тукалски и тој ги однесе во градот Канев. По неговата смрт беа пренесени во градот Батурин, каде и денес почиваат во манастирот на свети Никола Чудотворец, вршејќи чудесни исцеленија.
А другиот дел од светите мошти, оној од ребрата, кнезот Радзевил ги испрати на подарок на Виленскиот римокатолички епископ Георгиј Тишкевич, исполнувајќи ја со тоа неговата желба и усрдна молба. Откако го прими овој подарок, епископот чесно го чуваше во својот двор, во богато украсен кивот. По некое време домот на епископот изгоре, но кивотот со делот од моштите на светата великомаченица остана неповреден. Восхитени од ова чудо, сите Го прославија Бога и светата великомаченица Варвара. Веста за чудото беше донесена во Михајловскиот манастир во 1657 година. А една година пред тоа, во Киев беше Антиохискиот патријарх Макариј. Тој со голема вера, лубов и солзи ги подари чесните мошти во Михајловскиот Златоверхов манастир, и рече:
- Во мојата патријаршија, недалеку од Антиохија има град Илиопол, во кој пострада светата великомаченица Варвара. Кога таму се распрашав за нејзините свети мошти, ми тврдеа дека одамна ги нема не само таму туку и во кое било друго место на Истокот, туку се наоѓаат во Руската земја, која некои ја нарекуваат варварска. Сега цврсто верувам дека овие свети мошти овде се вистинските мошти на светата великомаченица Варвара.
И усрдно молеше да му се даде делче од нив. Митрополитот Силвестер му даде делче и патријархот со голема радост и благодарност ги прими.
Мноштво чудеса и исцеленија од светите мошти на светата великомаченица Варвара, кои се случувале и се случуваат во Михајловскиот манастир, посилно од громогласна труба му објавуваат на целиот свет и сите ги убедуваат во вистинитоста на моштите и благодатната сила која низ нив дејствува. Од тие чудеса ќе спомнеме само неколку.
Черниговскиот архиепископ Лазар Баранович, пред да стане епископ, од 1640 година многу се трудел во проповедањето на словото Божјо. Меѓу останатото, еднаш додека проповедал на празникот на светата великомаченица Варвара крај нејзините чесни мошти, тој со длабока благодарност и умиление го прослави чудото на своето сопствено исцеление од нив. Често споменувајќи го ова чудо, тој во 1674 година во една своја книга напишал: Тешко болен, јас не се обраќав кај никаков лекар туку прибегнав со молба кај моштите на света Варвара и со вера пиев вода, во која била потопена раката на великомаченицата. Чашата таква вода ми беше за спасение.
Настојателот на Свето Михајловскиот Златоверхов Киевски манастир, Јеромонах Теодосиј раскажува:
Кога тој во 1655 година со благослов на Киевскиот митрополит Силвестер стана старешина на овој манастир, кај него дошол еден чесен човек Слуцки, му дал од сребро изработена рака и го замолил да ја обеси крај чесните мошти на светата великомаченица Варвара. Прашан зошто го прави тоа, Слуцки рече:
- Раката ми беше поразена од тешка болест и толку ми беше згрчена, што не можев да ја исправам. Додека страдав од таквата тешка неизлечива болест, Јас се сетив на чудесата што се случуваат од чесните мошти на великомаченица Варвара и затоа ја молев да ми ја исцели раката и ветив дека ќе одам да се поклонам на нејзините мошти. И ете, со помошта на света Варвара, мојата згрчена рака се исцели. Јас еве, го исполнувам својот завет. Дојдов кај нејзините свети мошти со благодарност да им се поклонам и оваа сребрена рака ја донесов кај нејзините свети мошти во знак на исцелението на мојата рака.
Истиот настојател Теодосиј раскажа:
Во 1660 година, за време на меѓусебната војна, многу тагував поради оскудицата во манастирот и останатите несреќи. Еднаш на сон се најдов крај моштите на светата великомаченица Варвара и го видов целиот нејзин кивот полн со маслиново масло. Светата великомаченица ми рече:
Немој толку да се грижиш, јас сум со вас!
Кога се разбудив, јас започнав да размислувам за сновидението и се сетив дека во Светото Писмо маслото означува милост, па си реков:
- Кивотот полн со масло, во кој ја видов великомаченицата кај лежи, е знак дека по нејзините свети молитви во овој манастир повеќе нема да има немаштија и несреќи.
Така навистина и се случи.
Во 1666 година, за време на Божиќниот пост, во текот на кој се празнува светата великомаченица Варвара, два војника Андреј и Теодор, се договориле да украдат скапоцени украси од моштите на великомаченицата. Затоа дојдоа во манастирот ноќе, ја скршија вратата на црквата, и побрзаа дирекно кон моштите. При тоа удри страшен гром и од кивотот излегоа огнени јазици. Од страв крадците паднаа на земјата како мртви, при што еден од нив оглуве а другиот скрена со умот. А кога потоа оној оглувениот си дојде малку на себе и ја виде казната Божја, го извади својот обеспаметен другар од црквата, ја затвори црковната врата и без нешто да земат се вратија дома. По седум дена оглувениот дојде во манастирот и го доведе својот умоболен другар. Пред духовниот отец, Јеромонахот Симеон, со скрушено срце го исповедаше својот грев и раскажа за чудото. Духовникот ги поучи вистински да се покајат со надеж во помошта на исцелението од страна на света великомаченица Варвара, па ги отпушти.
Во 1669 година еден војник дојде во црквата кај чесните мошти на света Варвара, им се поклони со голема побожност, воздивна и му раскажа на црковникот и присутните луѓе:
- Јас се удостоив на голема чудесна заштита од света Варвара. Еднаш додека бев во полкот, појдов со многу другари по трева. Тогаш ненадејно не нападнаа татари и сите мои другари ги одведоа во ропство а само јас се спасив. Кога Му благодарев на Бога за своето избавување и ги сожалував останатите, ми се јави света Варвара во ваква иста облека, во каква што лежи, и со ваков исти венец, и ми рече:
- Знај, Јас сум маченица Варвара, која те ослободи од Татарите.
И еве, дојдов кај светите нејзини мошти со благодарност да и се поклонам за чудесното избавување и да ви го раскажам чудото.
Во 1670 година еден човек од Киев, на име Јован, тешко се разболе од треска. Долго боледувајќи, тој се сети на света Варвара, која преку своите чесни мошти дава чудесни исцеленија. И тој, истоштен од болеста, немајќи сили да стане од постелата и да отиде во црквата кај светите мошти, испрати во Михајловскиот манастир со молба да му дадат од водата што ја излеваат врз раката на света Варвара. Во тоа време тој имаше толку висока температура, што јазикот му се исуши. Домашните го советуваа да се напие нешто, за да се разлади. Но, тој им рече:
- Дури и да умрам, нема да се напијам ништо додека не ми донесат вода од раката на света Варвара.
Толку голема вера имаше кон неа. А кога донесоа вода и тој се напи, веднаш заспа во длабок сон, иако претходно воопшто не можел да спие. И ете, во сонот како да се нашол во црквата на светиот Архистратиг Михаил, и му се јавила прекрасна девица и му рекла:
- Знаеш ли, која сум јас?
Кога одговорил дека не знае, девицата му рекла:
- Јас сум маченица Варвара. Многумина не веруваат дека во овој Свето Михајловски манастир почиваат моите мошти. Сега самиот увери се дека овие навистина се мои мошти и на сите кажувај, за да веруваат во тоа. Во знак на тоа отсега биди здрав.
Откако го рекла тоа легнала во својот кивот. А Јован се разбуди во тој момент и се почувствува потполно здрав, како никогаш да не бил болен. Тој им заблагодари на Бога и светата великомаченица Варвара, и не само на игуменот туку и на сите им раскажа за своето чудесно исцеление и за сведоштвото дека тоа се нејзините мошти. Воопшто, од овие чесни мошти во Свето-Михајловскиот Золотоверхов Киевски манастир се случуваат чудеса непрестајно, а особено од светата целебна вода, со која се полива нејзината света десна рака.
Овде треба да кажеме нешто и за нејзината лева рака, која од древни времиња не се наоѓа при нејзиното нетлено тело во Михајловскиот манастир. Таа се наоѓа во грчката земја. По многу години, а во времето на Киевскиот митрополит Џетар Могила, таа света рака ја пренесе во Полска гркот Мозел, кој се пресели таму. По потекло од царскиот род Кантакузени, Мозел беше по занимање лекар и тоа многу познат. Тој изгради црква во чест на Воздвижението на Крстот Господов во Волинскиот град Луцк, и таму беше положена чесната лева рака на света Варвара. По долги години, за време на православниот Луцки епископ Гедеон, подоцнежен митрополит Киевски, безбожните евреи ја ограбија споменатата црква. Во таа прилика со останатите црковни работи ја украдоа и светата рака, која била во сребрен кивот, па и неа со останатите предмети ја фрлија во печка, каде цело деноноќие горена, остана неоштетена. Кога го видоа тоа безбожните пакосници, ја извадија од ковчегот неоштетената света рака и тајно ноќе долго се мачеа да ја здробат со железни чекани. И по многу напори ја здробија на ситни парчиња, па повторно ја фрлија во истата печка.
По промисла Божја, ова злосторство на безбожните евреи наскоро беше обелоденето со внимателна истрага околу оваа кражба и сведоштвото на соседите, кои ноќта ги слушале ударите на чеканите. Подложени на маки, крадците не сакаа да го признаат своето злосторство. Тогаш на иследниците им дојде на ум благочестива мисла. Од печката да се извади сиот пепел и да се просее низ сито. При тоа просевање се најдоа ситни честици од здробената рака на светителката. Го пронајдоа и коралскиот накит што се наоѓал на раката, кој во печката од огнот само побелел. Потоа и самите безбожни евреи, повторно подложени на мачење, го признаа злосторството.
Потоа, со благослов на епископот Гедеон, сите пронајдени честици од светата рака и корали беа ставени во прекрасно ковчеже, специјално изработено за тоа. Тоа ковчеже во литија со крстови и свеќи од страна на свештенослужителите Божји и многу народ беше внесена во Луцката соборна црква на свети Јован Богослов.
По неколку години епископот Гедеон, преселувајќи се поради гонењето на Православието од Луцк во Малорусија, го пренесе и тоа свето ковчеже. А кога преосветениот Гедеон беше поставен на престолот на Киевската митрополија, тогаш и светото кивотче го положи во олтарот на соборната црква на Киевската митрополија света Софија - Премудрост Божја, каде што и денес побожно се чествуваат.
ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОВАН ДАМАСКИН
Преподобниот Јован Дамаскин е роден во Сириската престолнина Дамаск, од благородни и побожни родители, чија огнена вера во Христа, испробана во опасностите и искушенијата, се покажа посилна и подрагоцена од златото, кое иако е испробано од огнот сепак е пропадливо. Тоа беа тешки времиња. Таа земја беше покорена од Сарацените, овој славен град беше заземен и им задаваа тешки маки на христијаните. Едни убиваа, други во ропство продаваа, и не дозволуваа јавно да се слави Господа Христа. Во тоа време Јовановите родители, штитени од промислата Божја, се сочуваа здрави со целокупниот свој имот. Ја сочуваа тие и Светата Вера. Бог им даде можност да се здобијат со благонаклонетоста на Сарацените, како некогаш Јосиф на Египќаните и Даниил на Вавилонците, та лошите Агарјани не им бранеа на родителите на светителот да веруваат во Христа и отворено да го слават името Негово. Освен тоа, тие Јовановиот татко го поставија за градски судија и началник на народните градби. На таквата функција тој многу добра им правеше на своите едноверни браќа. Откупуваше робови, ослободуваше затвореници од темниците и ги спасуваше од смрт и на сите страдалници им даваше рака за помош. И беа неговите родители во Дамаск меѓу Агарјаниге како светилници во ноќта, како семе во Израилот, како искра во пепелта. Беа сочувани од Бога, за од нив да произлезе за Црквата Христова светилникот, кој силно ќе свети за целиот свет, блажениот Јован Дамаскин. Откако го родија по тело, тие се потрудија веднаш да го направат и чедо на светлината преку светото крштение, што беше многу тешка работа во тоа време. Агарјаните не дозволуваа никој да се крсти. А Јовановите родители непречено го препородија свосто дете со крштението и му го дадоа името што ја означува благодатта Божја. Јован е еврејски збор што значи благодат Божја. Таткото многу се трудеше своето чедо да го воспита и научи, не на обичаите сараценски, ниту на храброста војничка, ниту на ловење ѕверови, ниту на било какво световно занимање, туку на кроткост, смиреност, стравот Божји и познавањето на Светото Писмо. Затоа усрдно Го молеше Бога да му испрати мудар и побожен човек, кој ќе му биде добар учител и наставник во доблестите. И грижливиот родител беше услишан од Бога.
Разбојниците во Дамаск често вршеле упади и на копно и по море во соседните краеви, ги заробувале христијаните, ги доведувале во својот град, па некои продавале на пазарот а некои убивале, Еднаш тие фатија еден монах, на име Козма, благообразен на изглед, прекрасен по душа, родум од Италија, и го продаваа на пазарот со останатите робови. А пак робовите што разбојниците сакаа да ги обезглават, паднаа пред нозете на тој монах и со солзи го молеа да се помоли на Бога за нивните души. Кога сарацените видоа каква почит имаат осудените на смрт спрема монахот, го прашаа каков чин има во својата татковина меѓу христијаните. Тој одговори:
- Јас немам никаков чин, ниту сум свештеник. Грешен монах сум, познавач на философијата, не само на христијанската туку и на онаа што ја смислија незнабожечките мудреци.
При тоа започна горко да плаче. Недалеку стоеше таткото на Јован. Кога го виде како плаче и по облеката препозна дека е монах, му пријде. Сакајќи да го утеши, му рече:
- Залудно плачеш, човеку Божји, што го губиш овој свет, од кој одамна си се одрекол и за кој си умрел, како што гледам по твојот изглед и облека.
- Јас не плачам за овој свет, туку затоа што заминувам без да оставам зад себе наследник.
Јовановиот татко се зачуди на монаховите зборови и му рече:
- Оче, ти си монах и си се посветил да Му служиш на Бога а не да раѓаш деца. Тогаш зошто тагуваш за деца?
Монахот одговори:
- Господине, ти не си сфатил што ти реков. Јас не зборувам за телесно чедо и земно наследство туку за духовно. Како што гледаш, јас сум беден монах и немам никакви работи од овој свет, но имам големо богатство на мудроста, со која се збогатив трудејќи се многу уште од младоста. Поминав разни човечки науки: ги изучив реториката и дијалектиката, одлично ја знам философијата предадена од Стагирин и Аристоновиот син, ја проучив геометријата и музиката, добро го изучив движењето на небесните тела и патиштата на ѕвездите, за преку толкуте убавини на тварта и нејзиното премудро уредување, што појасно да Го познаам самиот Творец. Затоа совршено го изучив и учењето на грчките и римските богослови за тајните на Православието. Имајќи такви знаења, јас никому не ги предадов. На што самиот се научив јас никого не поучив, ниту сега можам да научам, зашто немам ни време ни ученик. Ќе умрам овде од мечот на агарјаните и ќе се јавам пред Господ како неплодно дрво, и како слуга кој го закопал во земјата талантот на господарот свој. Ете, поради тоа плачам и ридам. Како што таткото по тело тагува кога во бракот нема деца, така и јас тагувам што не родив ниту еден духовен син, кој по мене би бил наследник на моето богатство од мудрости.
Јовановиот татко многу се израдува што ја најде одамна саканата ризница и му рече на старецот:
- Не тагувај, оче. Бог може да ја исполни желбата на твоето срце.
И веднаш отиде кај сараценскиот кнез, падна пред неговите нозе и усрдно го молеше да му го подари робот монах. Кнезот му го даде. Тој со радост го доведе во својот дом и го утеши измачениот, давајќи му удобност и мир. Потоа му рече:
- Оче, биди господар во мојата куќа и учесник во сите мои радости и таги.
Па додаде:
- Бог не само што ти подари слобода туку ти ја исполни и желбата. Јас ги имам овие две деца. Едното ми е син по тело а другото е сираче и го примив како син, родум од Ерусалим. И тоа се вика исто како тебе, Козма. Затоа те молам, оче, научи ги на мудроста и доброто однесување и на секое добро дело. Направи ги свои духовни синови, препороди ги со учење, воспитај ги со поучување и остави ги зад себе како наследници на неукрадливото духовно богатство.
Блажениот старец Козма многу се израдува, Го прослави Бога и започна многу внимателно да ги воспитува и учи и двете момчиња. Тие беа паметни, брзо сфаќаа и напрелуваа во учењето. Јован како орел, кој се носи низ воздухот, ги достигнуваше високите тајни на учењата. А неговиот брат Козма, како кораб, кој брзо плови по погоден ветер, брзо ги достигнуваше длабочините на мудроста. Тие за кратко време одлично ја изучија граматиката, философијата и аритметиката и станаа слични на Питагора и Диофан ; тие така ја изучија и геометријата, што можеа да се сметаат како нови Еуклиди. А колку се усовршија во поетството и музиката, за тоа сведочат нивните црковни песни и стихови. Не ја запоставија ни астрономијата. И тајните на богословието одлично ги запознаа. Освен тоа, тие од добриот учител се научија на добар карактер и добродетелниот живот, живеењето во добродетелите, и станаа совршени во знаењето, духовната и световната мудрост. Особено Јован се истакна со голем успех, та му се восхитуваше и самиот учител, кого Јован го надмина во некои области на знаењата. И стана Јован голем богослов, за што сведочат неговите боговдахновени и богомудри книги. Но, тој не се гордееше поради својата мудрост. Како што на плодното дрво, колку што повеќе род расте на него толку повеќе неговите гранки се свиткуваат кон земјата, така и блажениот философ Јован колку повеќе напредуваше во мудроста толку помал се сметаше себе си. Умееше тој да ги скротува во себе суетните фантазии и да ги задушува страсните помисли, а својата душа како светилник наполнет со масло на духовната мудрост да го пали со огнот на Божествените желби.
Учителот Козма еднаш му рече на Јовановиот татко:
- Ете, господине, желбата ти се исполни. Твоите момчиња одлично се научија, та веќе и мене ме надминаа во мудроста. На таквите ученици не им е доволно да бидат како својот учител. Благодарејќи на големиот ум и непрестајниот труд, тие потполно ги достигнаа сите длабочини на мудроста, и Бог го умножи тој нивни дар. Ним повеќе не им е потребно јас да ги учам. Тие се веќе способни други да учат. Затоа те молам, отпушти ме во манастир, за таму самиот да станам ученик и да се научам на вишната мудрост од совршените монаси. Световната филосфија на која што сум се научил ме испраќа кај духовната, која е подрагоцена и почиста од световната, зашто таа носи корист и ја спасува душата.
Јовановиот татко се нажали, бидејќи не сакаше да се лиши од скапоцениот и мудар наставник. Сепак не се осмели насилно да го задржи старецот, за да не го ожалости. Богато го награди и го отпушти со мир. Монахот Козма отиде во лаврата на свети Сава Осветени. И откако таму поживеа богоугодно до самата смрт, отиде кај Најсовршената Премудрост, Бога. По неколку години се престави и таткото на Јован. Сараценскиот кнез го повика Јован и му предложи да го постави за свој прв советник. Тој одбиваше, зашто сакаше да Му служи на Бога со осаменичко молитвено тихување. Сепак беше принуден да се потчини и да ја прими власта. И Јован доби власт во Дамаск поголема од татковата.
Во тоа време во Грција царуваше Лав Исавријанин, кој против Црквата Божја се крена ѕверски, како лав рикајќи и пустошејќи. Ги исфрлаше од храмовите светите Икони и ги спалуваше, а оние што православно веруваа и ги почитуваа бездушно ги мачеше. Кога слушна за тоа Јован ревносно започна да ги сече главите на еретичкото умување на звероподобниот цар. Распрати многу посланија за почитувањето на светите Икони на правоверните што ги познаваше. Во тие посланија, врз основа на Светото Писмо и древните преданија на богоносните Отци, тој мудро докажуваше дека на светите Икони треба да им се укажува должното поклонување. Оние, на кои што им ги испраќаше, ги молеше да ги испраќаат на други, за нивно утврдување во Православието. Така се трудеше блажениот Јован целата вселена да ја наполни со своите боговдахновени посланија. Растурени по целото грчко царство, тие ги утврдуваа православните во побожноста а еретиците ги бодеа како бодила. Гласот за нив допре и до самиот цар Лав. Тој не можеше да трпи некој да го изобличува неговото зловерие, па ги повика кај себе своите истомислени еретици и им нареди меѓу православните да пронајдат едно од Јовановите посланија, напишано со неговата сопствена рака и да го земат за читање. По долго барање учениците најдоа едно такво послание, напишано од Јовановата рака, лукаво го измолија, и му го предадоа на царот.
Тој нареди вешти писари, според ракописот на Јован, да напишат со исти букви божем од страна на Јован писмо од Дамаск за царот Лав. Тоа писмо гласело вака:
„Радувај се, царе! И јас се радувам на твојата држава, заради единството на нашата вера, и оддавам поклонување и должно почитување на твоето царско величество. Те известувам дека нашиот град Дамаск, кој е во рацете на Сарацените, слабо се чува и воопшто нема силна стража. Војската во него е мала и слаба. Затоа те молам, заради Бога смилувај се на овој град, и испрати своја јуначка војска. Преправајќи се како да оди на друго место, војската ненадејно жестоко нека го нападне градот, и ти без маки ќе го земеш под своја власт. За оваа работа јас многу ќе ти помогнам, бидејќи градот, и сета оваа земја се во мои раце“.
Откако си напиша за себе од страна на Јован вакво писмо, лукавиот цар нареди и од негова страна да му напишат на сараценскиот кнез вака:
„Сметам дека ништо не е подобро освен да има мир и да се живее во пријателство, зашто да се одржува договорот за мир е многу пофално и на Бога мило. Затоа и мирот, склопен меѓу нас, јас сакам чесно и верно да го чувам до крај. Меѓутоа, некои христијани, кои живеат во твојата држава, со своите чести писма ме поттикнуваат да го нарушам мирот, и ми ветуваат да ми го предадат без мака градот Дамаск, ако јас неочекувано испратам своја војска таму. За да се уверите во тоа што ви го пишувам и во моето пријателство, еве, ви испраќам едно од тие писма, кои тој христијанин ми ги пишува. Во оној што се осмелил така да ми пишува, ти ќе препознаеш предавство и непријателство, и ќе знаеш како да го казниш“.
Овие две писма звероподобниот цар Лав ги испрати по еден свој многу доверлив човек во Дамаск, на кнезот Сараценски. Откако ги прими и прочита, кнезот го повика Јован и му го покажа она лажно писмо, напишано на царот Лав. Читајќи го и разгледувјќи го, Јован рече:
- Буквите на оваа хартија донекаде личат на мојот ракопис, но ова не го напишала мојата рака. Мене никогаш на памет не ми паднало да му пишувам на грчкиот цар. Да не даде Бог, лажно да му служам на својот господар.
На Јован веднаш му стана јасно дека оваа клевета е дело на непријателското лошо еретичко лукавство. Но, разгневениот кнез нареди на невиниот Јован да му ја отсечат десната рака. Јован усрдно го молеше да се стрпи и да му даде време да може да ја докаже својата невиност и да ја обелодени омразата што кон него ја гаи лошиот еретик, царот Лав. Но, кнезот се оглуши на молбата. Многу разгневен, нареди веднаш да се изврши казната.
И му беше отсечена на Јован десната рака, која ги утврдуваше правоверните во Бога. Онаа десница, која со своето пишување ги изобличуваше мразителите на Бога, која наместо со мастило, со кое се служеше пишувајќи за почитувањето на светите Икони, сега се обли со својата сопствена крв. По отсекувањето, раката Јованова беше обесена на плоштадот среде градот, а самиот Јован, изнемоштен од болките и од огромниот губиток на крв, беше одведен во својот дом. Кога се смрачи, блажениот дозна дека на кнезот веќе му поминал гневот и му упати ваква молба:
- Моите болки се зголемуваат и неискажливо ме мачат. Нема да ми биде полесно, се додека мојата рака виси обесена на плоштадот. Затоа те молам, господине мој, нареди да ми се даде мојата рака, да ја закопам во земјата, за болките да ми се намалат кога ќе биде погребана.
Мачителот нареди раката да се симне од јавното место и да му се предаде. Јован ја зеде, влезе во својата молитвена одаја, падна на земјата пред светата икона на Пречистата Богомајка со Богомладенецот во прегратките, отсечената рака ја прилепи на нејзиното место, и од дното на душата започна да се моли со солзи:
- Владичице, Пречиста Мајко, Која си Го родила мојот Бог, еве, десната рака ми е отсечена заради Божествените икони. Тебе ти е познато што ствара гнев кај Лав. Затоа побрзај ми на помош и исцели ја мојата рака. Десницата на Севишниот, Која се воплотила низ Тебе, прави многу чудеса заради Твоите молитви. Затоа и молам Он и десницата моја да ја исцели со Твоето посредување. О, Богомајко! Нека оваа моја рака го напише во пофалба на Тебе и Синот Твој она што Ти ќе ѝ го дозволиш, и нека со своето пишување ѝ помогне на Православната вера. Ти можеш сѐ што сакаш, зашто си Мајка Божја.
Додека зборуваше низ солзи, Јован заспа. Ја виде во сонот Пречистата Богомајка како од иконата гледа во него со светлите и милостиви очи и говори:
- Ете, раката сега ти е здрава. Повеќе не тагувај, туку усрдно труди се како што ми вети. Направи ја перо на брзописец.
Кога се разбуди, Јован Ја опипа својата рака и виде дека е исцелена. Многу се израдува со духот на Бога Спасителот свој и Себеспрекорната Мајка Негова, што Семоќниот направи толку прекрасно чудо врз него. Стана, ги крена рацете кон небото и им принесе благодарност на Бога и Богомајката. Се радуваше тој цела ноќ, заедно со целиот свој дом. Пеејќи нова песна, тој говореше: „Десницата Твоја, Господи, се прослави со сила“ (2 Мојс. 15, 6). Десната рака Твоја ја исцели отсечената десница моја, и со неа ќе се сотрат непријателите, кои не ги почитуваат чесната икона Твоја и на Твојата Пречиста Мајка. Ќе се уништат со неа, заради величање на славата Твоја, непријателите кои ги уништуваат светите Икони.
Додека Јован така се радуваше со сите домашни и пееше благодарствени песни, соседите слушнаа. Кога ја дознаа причината за веселбата многу се восхитуваа. Наскоро дозна за тоа и кнезот Сараценски. Тој веднаш го повика Јован и нареди да му ја покаже отсечената десна рака. А пак на местото каде што беше пресечена раката се гледаше само тенка црвена нишка, како знак, оставен со промислата на Богомајката, како доказ дека на тоа место била отсечена.
Кога го виде тоа, кнезот праша:
- Кој е тој лекар и со каков лек толку добро ја присоедини раката на нејзиниот зглоб, и така брзо ја излечи и оживи, како да не била отсечена и мртва?
Јован не го премолчи чудото, туку гласно рече:
- Мојот Господ, семоќниот Лекар, откако ја услиша преку Пречистата Мајка Своја мојата усрдна молитва, ја исцели со Својата семоќна сила оваа моја рана и ми ја направи здрава раката, која ти нареди да се отсече.
Тогаш кнезот повика:
- Тешко мене! Без да ја испитам клеветата, јас неправедно те осудив и невиновен те казнив, добар човеку. Те молам прости ми, што толку брзо и неразумно те осудивме. Еве, прими го од нас сега својот поранешен чин и почитување и биди наш прв советник. Од сега без тебе и без твојот совет во нашата држава нема да се прави ништо.
Но, Јован падна пред нозете на кнезот и долго го молеше да го ослободи и да не му пречи да појде по патот што душата му го сака. Да го следи својот Господ со монасите кои се одрекле од себе и го зеле на себе јаремот Господов. Кнезот не сакаше да го ослободи и на сите можни начини се обидуваше да го натера да биде управник на неговиот дворец и уредник на целата негова држава. Меѓу нив настана расправа. Еден со друг се молеа и убедуваа. Најпосле одвај надвладеа Јован. Го умоли кнезот и тој му дозволи да прави што сака.
Кога се врати дома, Јован веднаш ги раздаде на сиромашните сите свои безбројни имоти, ги ослободи и сите робови и со својот соученик Козма! отпатува за Ерусалим. Таму се поклони на Светите Места и отиде во Лаврата на свети Сава Осветени, и го замоли игуменот да го прими како заталкана овца и да го присоедини кон своето стадо. Игуменот и сите браќа го препознаа, зашто беше славен и сите го знаеја, благодарејќи на неговата власт и углед во големата мудрост. Игуменот се радуваше што таков човек стекнал таква смиреност и сиромаштија и сака да стане монах. Го прими со љубов, повика еден од браќата и тоа најискусниот и најопитниот во подвизите, за да му го довери Јован, да го научи на духовната философија и монашките подвизи. Но, тој одби, не сакајќи да биде учител на човек кој со својата ученост надминува многумина. Игуменот повика друг монах но и тој одби. Исто така и трет и четврт и сите останати одбија, зашто секој од нив беше свесен дека не е дораснат да му биде наставник на така мудриот човек. При тоа се срамеа и од тоа што е многу познат. По сите беше повикан еден старец, прост по нарав, но многу паметен. Тој не одби да му биде наставник на Јован.
Го прими во својата ќелија, со желба во него да ја постави основата на доблесното живеење. Пред се му даде вакви правила: ништо да не прави по своја волја; своите трудови и молитви да Му ги принесува на Бога како некоја жртва; да лие солзи ако сака да ги очисти гревовите на својот поранешен живот. Тоа е подрагоцено пред Бога од најскапоцениот темјан. Овие правила беа поставени како основа за делата кои се извршуваат со телесниот труд. А за она што и доликува на душата, старецот му пропиша вакви правила: во својот ум да не чува ништо световно; да не замислува никакви недолични слики туку својот ум да го чува неприкосновен и чист од секоја суетна пристрасност, од секоја страсна љубов и пуста надменост; да не се фали со својата мудрост и ученост и да не мисли дека може се да постигне потполно до крај; да не бара никакви откривања и знаење на сокриените тајни; до крајот на животот да не сѐ надева во својот разум како да е непоколеблив и да не може да погреши и да падне во заблуда: напротив, треба да знае дека неговите мисли се немоќни, и разумот негов е погрешлив, па затоа да се труди да не им допушта на помислите да се расејуваат, туку да се труди да ги собере во едно, за на тој начин умот да се просвети од Бога, душата да се освети и телото да се исчисти од секоја нечистотија; нека душата и телото се соединат со умот и бидат симбол на Света Троица и ќе се изгради човек ни телесен ни душевен, туку според се духовен, откако ќе се измени доброволно од двата дела на човекот, од телото и душата, во третиот и јаваниот, односно во умот.
Откако му пропиша такви правила духовниот отец на својот духовен син, и учител на ученикот, ги додаде и овие зборови:
- И не само што не смееш никому да пишуваш писма, туку и не зборувај никому ништо од световните науки. Имај молчење со расудување. Ти знаеш дека не само нашите философи учат на молчење туку и Питагора им налага на своите ученици долгогодишно молчење; и немој да мислиш дека во невреме е добро да зборуваш за доброто. Чуј што вели Давид: „Молчев и за доброто“ (Пс. 38, 3). А каква корист доби тој од тоа? Чуј: „Се запали срцето мое во мене“ (Пс.38,4). Односно со огнот на Божествената љубов, кој во пророкот се запали со богоразмислувањето.
Во суштина ова старчево учење падна во срцето Јованово како семе на добра земја, никна и се вкорени. Додека Јован живееше долго време покрај овој боговдахновен старец, внимателно ги исполнуваше сите негови поуки и ги слушаше неговите наредби, потчинувајќи му се нелицемерно, без приговор и без никакво негодување. Дотолку повеќе, тој ни во помислите никогаш не се противеше на наредбите на старецот. Во своето срце како на таблица беше напишал: „Секоја заповед на отецот исполнувајте ја според апостолското учење, без гнев и премислување“ (сп. 1 Тм. 2, 8). Та и каква е користа на послушникот ако има во рацете работа а во устата негодување; да ги извршува наредбите а со јазикот и умот да приговара; кога таквиот човек ќе достигне совршенство? Никогаш. Залудно се трудат таквите луѓе и сметаат дека вршат доблести; соединувајки го послушанието со негодувањето, тие змија во своите пазуви носат.
Но, блажениот Јован, како вистински послушник, сите зададени работи и служби ги извршуваше без никакво негодување.
Во една пригода старецот, сакајќи да ја испита Јовановата послушност и смиреност, собра многу кошници. А плетењето на кошници беше нивното главно занимање, нивно ракоделие, и му рече:
- Сум слушнал, чедо, дека кошниците се продаваат поскапо во Дамаск, отколку во Палестина, а ние во ќелијата, како што и самиот гледаш, го немаме ни најнеопходното. Затоа земи ги овие кошници, па појди во Дамаск и таму продај ги. Но, внимавај, немој да ги продаваш поефтино од одредената цена.
И им одреди старецот цена на кошниците, далеку поголема отколку што вредат. А вистинскиот послушник ни со збор ни со мисла не се спротивстави, ниту рече дека не вредат толку, и дека е далеку, дури не помисли ни на тоа дека е срамота за него да појде во градот каде што сите го знаат и каде што порано на сите им беше познат по својата власт. Ништо слично тој не рече, ниту помисли, како подржувач на послушниот до смрт Христос Господ. Напротив рече:
- Благослови, оче! - и веднаш ги натовари кошниците на грбот и тргна кон Дамаск. Облечен во искината облека, тој одеше по градот и ги продаваше на пазарот своите кошници. Луѓето приоѓаа и прашуваа за цената. Но, штом ќе ја слушнеа толку високата цена, се смееја и потсмеваа. Некои дури и го карале и навредувале блажениот. Познаниците не можеле да го препознаат, зашто беше облечен во просјачки закрпи оној, кој некогаш носел златоткајна облека, и лицето му беше променето од постот, образите исушени и убавината свената. Но, еден човек, кој некогаш му беше слуга, го погледна внимателно, го препозна и многу се зачуди на неговиот просјачки изглед. Тој се сожали, воздивна, му пријде како на непознат човек и му ги купи сите кошници, не од што му беа потребни туку од сожалување спрема таквиот човек, кој од толкава слава и богатство заради Бога се доведе себе си до такво смирение и сиромаштво. Штом ги прими парите за кошниците, Јован се врати кај старецот како победник од војна, кој со својата послушност го собори на земјата ѓаволот а со него и гордоста и суетната слава.
По извесно време се престави кај Господа еден монах од таа лавра. Неговиот роден брат остана сам и плачеше неутешно за преминатиот. Јован многу долго го тешеше. Но, не можеше да го утеши. Тој со солзи започна да го моли за утеха и олеснување во жалоста да му напише некоја умилна надгробна песна. Јован одбиваше, од страв да ја прекрши заповедта на својот старец, кој му заповедаше ништо да не прави без негова наредба. Но, ожалостениот брат не престануваше да го моли, говорејќи:
- Зошто не се смилуваш на мојата нажалена душа и не ми дадеш барем мала утеха во страдањата на моето срце? Да беше лекар и ме снајдеше некоја болест, ако те замолев да ме лечиш, а ти, имајќи можност да го сториш тоа одбиеш и јас умрам од таа болест, зарем не би одговарал пред Бога за мене, зашто си можел да ми помогнеш но си одбил? Сега многу страдам и од тебе барам мала помош а ти ме одбиваш. Ако умрам од жалост, зарем нема да одговараш пред Бога? Но, ако пак се плашиш од старчевата заповед, тогаш тоа што ќе го напишеш ќе го сокријам, за тој да не дознае.
Убеден со таквите зборови, блажениот Јован најпосле ги напиша следните надгробни тропари: „Која тоа сладост на животот останува недопрена од тагата?...“ „Таштина е сѐ човечко што по смртта не останува...“ „Тешко мене, каква борба има душата кога се разделува од телото!...“ И останатите, кои Црквата и до денес ги пее на опелото на покојникот.
Еднаш, кога старецот отиде некаде од ќелијата, Јован седеше внатре и ги пееше составените тропари. По некое време старецот се врати, и кога го слушна Јован како пее, веднаш влезе и гневно започна:
- Зошто толку брзо си ги заборавил своите ветувања и наместо да плачеш се радуваш и веселиш, потпевнувајќи некакви песни?
Јован му ја кажа причината за своето пеење и објаснуваше дека од солзите на братот бил приморан да напише песни. Потоа започна да бара прошка, паѓајќи ничкум на земјата.
Старецот, неумолив како тврд камен, веднаш го одлачи блажениот и го избрка од ќелијата.
Избркан, Јован се сети на Адамовото истерување од рајот, што го снајде поради непослушноста и лелекаше пред ќелијата на старецот, како некогаш Адам пред вратите на рајот. Потоа отиде кај другите старци, за кои знаеше дека се одлични во доблестите, и ги молеше да појдат кај неговиот старец и да го умолат да му прости. Тие отидоа, го убедуваа, но старецот остана неумолив. Еден од отците му рече:
- Дај му епитимија, но не одлачувај го од живеењето со тебе.
Старецот одговори:
- Еве, му ја давам оваа епитимија. Ако сака да добие прошка за својата непослушност, со свои раце нека ги исчисти нужниците на сите ќелии и нека ја испере сета смрдеа во својата лавра.
Старците се засрамија и збунети си заминаа, чудејќи се на жестокоста и непопустливиот старчев карактер. А Јован ги пречека, им се поклони и ги праша што рекол старецот. Тие му раскажаа за неговата суровост, но не смееја да му кажат што предложи како епитимија. Се срамеа од толку срамните наредби. Јован упорно ги молеше да му кажат што наредил. Кога најпосле му кажаа, на нивно изненадување тој многу се израдува и радосно ја прифати наложената епитимија. Веднаш подготви садови и се што е потребно за чистење и усрдно започна да ја извршува наредбата, допирајќи се до нечистотијата со истите раце кои некогаш ги мачкал со разни мириси и валкајќи ја онаа десница која чудесно беше исцелена од Пречиста Богородица. О, длабоко смирение на необичниот маж и вистински послушник!
Меѓутоа на старецот, кога го виде таквото смирение Јованово, милина му ја обзеде душата, па се стрча, го прегрна, му ја бакнуваше главата, рамената, рацете, говорејќи:
- О, каков страдалник за Христа родив јас! О, навистина овој е вистински син на блажената послушност!
А Јован се срамеше од старчевите зборови, падна ничкум пред него како пред Бога и без да се превознесува поради пофалните зборови, туку уште повеќе смирувајќи се, со солзи го молеше да му прости. Старецот го фати за рака и го внесе во својата ќелија. Јован на тоа толку се израдува, како повторно да е вратен во рајот. Живееше со старецот во поранешната слога.
По кратко време Владателката на светот, Пречистата и Преблагословена Дева му се јави на старецот во ноќно видение и му рече:
- Зошто си го затворил изворот, кој може од себе да точи слатка и изобилна вода? Вода која е подобра од она што потекла од каменот во пустината; вода која посака Давид да ја пие; вода која Христос и ја вети на Самарјанката“. Не пречи му на изворот да тече; зашто ќе потече изобилно и сета вселена ќе ја залие и напои; ќе ги покрие и морињата на ересите и ќе ги претвори во прекрасна сладост. Жедните нека итаат кон таа вода; а оние, кои немаат сребро на чистиот живот, нека ги продаваат своите пристрастности и со подржување на Јовановите доблести нека стекнат чистота во догматите и делата. Тој ќе ги земе гуслите на Пророците, псалтирот на Давид, и ќе состави песни нови на Господа Бога, и ќе ги надмине песните на Мојсеј и воскликнувањето на Маријам. Во споредба со нив, ништовни ќе бидат песните на Орфеј, за кои се зборува во басните. Тој ќе состави духовна небесна песна и ќе ги подржува херувимските песнопеења. И ќе направи тој Црквите Ерусалимски како девојки со тапани да Му пеат на Господа, објавувајќи ги смртта и воскресението Христово. Тој ќе напише догмати на Православната вера и ќе ги изобличи лажните учења на еретиците. Неговото срце ќе откликне добар збор и ќе ги опише сечудесните дела на Царот.
Утредента старецот го повика Јован и му рече:
- О, чедо на послушноста Христова! Отвори ја устата своја да го привлечеш Духот, и што ќе примиш со срцето тоа откликнувај го со устата; устата твоја нека зборува за премудроста што си ја стекнал, размислувајќи за Бога. Отвори ја устата своја, не за зборување, туку за зборовите на вистината, и не за гатање, туку заради догматите. Зборувај кон срцето ерусалимско кое Бог го гледа, односно кон смирената Црква Негова. Не зборувај празни зборови во воздухот изговорени, туку зборови кои Духот Свети ги напишал на срцето твое. Искачи се на високиот Синај на Боговидение и откривање на Божествените тајни. И за твоето преголемо смирение, со кое си се симнал до последното дно, искачи се сега на гората на црквата и проповедај, благовестејќи го Ерусалим. Силно крени го својот глас, зашто многу славни работи ми рече за тебе Богомајката. А мене, те молам, прости ми што ти бев пречка, поради својата грубост и од незнаење.
Од тогаш блажениот Јован започна да пишува божествени книги и да составува милозвучни песни. Тој го состави Осмогласникот, со кој како со духовно свирало ја весели Црквата Божја се до денес. Првата своја книга, боговдахновениот Јован ја отпочна со овие зборови: „Твојата победосна десница победоносно се прослави во сила“.
По повод чудесното исцеление на својата десна рака, свети Јован. восхитен од радост, ја откликна од својата душа прекрасната песна на Пресвета Богородица: „О Тебје радујетсја, Благодатнаја, всјакаја твар“. А пак убрусчето со кое била завиена неговата десна рака. блажениот Јован го носеше на својата глава, како потсетник на прекрасното чудо на Пречиста Богородица. Свети Јован напиша и Житија на некои светители. Состави празнични слова и разни умилни молитви. Ги изложи догматите на верата и многу Тајни на Богословието. Пишуваше тој и против еретиците, особено против иконоборците. Напишал тој и други душекорисни дела, со кои верните и денес се хранат како со духовна храна и се поат како од сладок поток.
На ваков труд преподобниот Јован беше поттикнуван од блажениот Козма, кој заедно со него израсна и заедно со него учеше кај исти учител. Тој го поттикнуваше на пишување на божествени книги и составување на црковни песни а и самиот му помагаше. Подоцна Козма од страна на Ерусалимскиот патријарх бил поставен за епископ Мујамски. Потоа истиот патријарх го повика преподобниот Јован и го ракоположи за презвитер. Но, преподобниот Јован не сакаше долго да се задржува во светот и да биде фален од луѓето, па се врати во обителта на свети Сава. Осамувајќи се во својата ќелија како птица во гнездо, тој усрдно се занимаваше со читање и пишување на божествени книги и работеше на своето спасение. Ги собра сите книги што порано ги беше напишал, повторно ги прочита и многу внимателно поправаше што требаше да се поправи, особено во зборовите и изразите, за во нив да не остане ништо нејасно.
Во таквите трудови, за него корисни и за Црквата Христова многу потребни, и во монашките подвизи, преподобниот Јован помина многу години и достигна монашко совршенство и светост. Така Му угоди на Бога и премина кај Христа и кај Пречистата Мајка Негова. И сега, поклонувајќи Им се, не на иконите туку гледајќи ги самите лица Нивни во небесната слава, се моли за нас и ние да се удостоиме на истото божествено гледање, по неговите свети молитви а со благодатта на Христа, Кому со преславната и преблагословена Мајка Негова нека е чест, слава и поклонение за навек. Амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОВАН,
епископ Поливотски
Свети Јован од рана младост се воздржуваше од вкусните јадења и ги одбегнуваше световните забави, а го украсуваше својот живот најмногу од се со постот, целомудреноста и милосрдието. Затоа и беше хиротонисан за епископ Поливотски, откако претходно ги помина сите црковни степени според законот. Бидејќи на тој начин му беше доверено управувањето и грижата за луѓето, блажениот Јован им додаде нови на претходните подвизи и трудови.
Во тоа време царот Лав Исавријанин започна да хули на светите Икони и да го забранува нивното молитвено почитување. Преподобниот Јован многу го изобличуваше царот за неговото безбожие и со своето исповедање на верата ги зачува верните од еретичката заблуда на иконоборците.
За време на епископството на Јован, агарјаните еднаш го ставија под опсада градот Амореја! но по молитвите на светиот епископ силата Божја ги порази напаѓачите. И сите христијани, кои беа паднале во ропство на непријателот, со застапувањето на овој свет маж беа ослободени.
Овој божествен отец богоугодно го помина својот живот и отиде кај Господа. Неговото чесно тело и до денес се чува нетлено и целосно. И секогаш, на денот на света Педесетница, го вадат од кивотот, го облекуваат во архијерејска облека, го принесуваат до светиот престол, потоа го носат на Горното место и останува таму држано од два Јереја, се додека трае Божествената служба. Чудесата кои светиот отец секојдневно ги прави, со ослободување на бесомачни и исцелување од најразлични болести, се толку многубројни што не можат да се искажат.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ГЕНАДИЈ,
архиепископ Новгородски
Бил знаменит писател, поборник на вистината и страдалник за вистината Христова. Ги собрал растурените книги на Светото Писмо и составил пасхален клуч за 532 година однапред. Се упокоил во Господа во 1505 година. Неговите чудотворни мошти се наоѓаат во Чудовиот манастир во Москва.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК СЕРАФИМ,
епископ Фанариски
Свети Серафим беше родум од местото Бецил, во епархијата Аграфска. Како син на побожни родители Софрониј и Марија, тој беше одгаен во доблестите и богољубието. Го дадоа, та изучи книга. Кога порасна го засака монашкиот живот. Го остави светот и задоволствата на овој свет и отиде во манастирот на Пресвета Богородица, наречен Кладенец. Таму се замонаши и сиот се предаде на монашките подвизи. Како вредна пчела, тој од тамошните отци како од духовно цвеќе собираше разни доблести и живееше во нив. Покажа голем напредок во својот живот во Христа. Затоа игуменот го предложи и беше ракоположен за презвитер. По некое време се престави епископот Фанариски и Црквата го избра на престолот преподобниот Серафим. Како епископ, тој влезе во поголеми подвизи, ревносно го пасеше своето духовно стадо на ливадите на заповедите Господови и го поеше со жива вода на духовната наука. Им беше епископот Серафим на сите како пример за секое добро. Но, во својата смиреност тој се нарекуваше себе непотребен слуга, кој не сторил никакво богоугодно дело. Затоа сакаше да се удостои на мачеништвото заради Христа. Секој ден се молеше на Бога за тоа. Господ го удостои на следниот начин.
Некои турски аги во Фанарија го мразеа епископот Серафим и сакаа да го убијат. Еднаш додека минуваше, турците започнаа да го нарекуваат со погрдни имиња. Кога ги праша зошто го прават тоа, тие му се нафрлија, готови да го растргнат. Потоа му рекоа дека ќе му го подарат животот ако се потурчи. Тој без никаков страв им одговори:
- Знајте турци, дека никогаш нема да се одречам од својата вера, за да ја одбегнам смртта. Никогаш и за ништо нема да го оставам преслаткиот мој Исус и Творец мој! Подготвен сум на сите маки за Него!
Турците го одведоа кај судијата. Тој најпрвин го посоветува да се потурчи, ветувајќи му голема чест и почести. На сето тоа епископот одговори:
- Верата своја никогаш нема да ја погазам! Од преслаткиот Господ и Бог мој Исус Христос никогаш нема да се разделам, па макар да одам и на илјада смрти за Неговото свето име! Затоа судијо, властодржецу, тепај ме! Коли ме! Кини ме! Прави со мене што сакаш!
Судијата нареди долго и немилосрдно да го тепаат и мачат. Сите тие ужасни мачења светителот ги трпеше благодарејќи Му и благословувајќи го Бога. Трпеше како во туѓо тело. Потоа судијата нареди да го фрлат во темница и да не му даваат ни леб ни вода, мислејќи дека така ќе се предомисли и ќе се потурчи.
Во темницата светителот се радуваше гледајќи ги своите рани за Христа и со сета душа Му благодареше на Господа што го удостои да страда за светото Име Негово. Го молеше да му даде сили и трпение до крај да ги издржи мачењата што му претстојат и така да го доврши подвигот на мачеништвото.
Кога повторно го изведоа да го судат, судијата започна благо да го испрашува дали се предомислил и го советуваше да ја одбегне смртта. На тоа светителот со светло лице му рече:
- Судијо, не би требало ништо да ти одговорам. Велиш дека си ми пријател. Но, ти ми даваш лош совет, да се одречам од мојот Господ Исус Христос а да поверувам во човек смртен, неписмен, непријател и противник на мојот Христос...
Тука судијата го прекина и нареди веднаш да му ги врзат рацете и нозете и немилосрдно да го тепаат, па потоа да му стават голем тежок камен на градите. На маченикот месо му отпаѓаше од тепањето и крв се лиеше. Мачителот му даваше жолчка и оцет да пие а тој во сите тие маки радосно Му благодареше на Бога, како да е на гозба.
Кога го виде тоа, судијата изрече завршна пресуда. Нареди жив да го набијат на колец. Веднаш го одведоа на губилиштето. Жив го набија на колец, а тој, благодарејќи Му на Господа, ја предаде својата блажена душа во рацете Негови, на 4 декември 1601 година.
Неговото свето тело бездушните судии наредија да остане многу денови, како опомена и вразумување на останатите остана на колецот, светото мачениково тело со благодатта Божја не почна се распаѓа ниту засмрде. Напротив, од него излегуваше прекрасен мирис. Христијаните се радуваа на тоа. Сакаа да го земат како најскапоцено богатство но не можеа, бидејќи деноноќно беше чувано под стража. Најпосле одвај успеаја да ја земат само чесната глава на светиот маченик. Ја однесоа во манастирот Кладенец, каде беше положена во свештен кивот. И до денес стои таа света глава нетлена и целосна, и понатаму излева од себе прекрасен мирис и ги исцелува сите кои со вера и пристапуваат.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ:
ХРИСТОДУЛ и ХРИСТОДУЛА
Пострадаа за Христа посечени со меч.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ЈУЛИЈАНА
Пострадала за својот Господ посечена со меч.