18. Декември  (5. Декември)

ЖИТИЕТО И ПОДВИЗИТЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ

САВА ОСВЕТЕНИ

Преподобниот Сава е роден во триесет и првата година од царувањето на грчкиот цар Теодосиј Младиот, во Кападокиската област во селото Муталаск, близу Кесарија. Тоа село беше непознато, но со раѓањето на свети Сава во него, стана попознато од Арматем, во кое израсна божествениот пророк Самуил. Родители на блажениот Сава беа Јован и Софија, луѓе од благородно потекло и побожни. Кога Сава имаше пет години, родителите отпатуваа во Александрија, зашто Јован беше на царска служба и имаше висок војнички чин. Но, по Божја промисла, Сава беше оставен со родителскиот имот кај братот на неговата мајка. Бидејќи Ермиевата жена беше многу лоша и кавгаџика, детето многу страдало од неа и најпосле отиде кај братот на својот татко Григориј, кој живееше во соседното село Сканда. После тоа се створи непријателство помеѓу Савиниот стрико и вујкото. Неговите родители долго останаа во Александрија а Ермиј и Григориј се караа меѓу себе, и секој од кив ме сакаше толку детето да го има кај себе колку да го користи имотот на неговиот татко. Блаженото момче Сава уште од мал беше многу паменет. Кога ги виде раздорот и кавгите меѓу вујкото и стрикото, се одрече од сите имоти и отиде во манастирот Флавијанов, оддалечен од Муталаск четири километри и го прими монашкиот ангелски лик во својата осма година.

Во манастирот Сава брзо го научи Псалтирот и останатите книги од Светото Писмо, и напредуваше во доблестите, внимателно држејќи го монашкиот устав. Но, по некое време стрикото и вујкото се помирија и дојдоа во манастирот да го убедуваат и советуваат да го напушти манастирот, па да се ожени и да живее на татковиот имот. Но, тој повеќе сакаше да биде на прагот Божји отколку да живее во шаторите на грешниците, и сакајќи го повеќе монашкиот живот отколку световниот, не ги послуша туку им рече:

- Како од змија бегам од оние што ме советуваат да отстапам од патот Божји, зашто лошите разговори ги расипуваат добрите обичаи, и се плашам да не си го навлечам на себе проклетството со кое што пророкот ги проколнува оние што застрануваат во расипаност„Нека се проклети оние што застрануваат од заповедите Твои“ (Пс. 18, 21).

Со таквите зборови ги испрати од себе своите роднини и со уште поголемо усрдие започна да се подвизува, умртвувајќи го своето тело со трудовите и воздржанието и потчинувајќи го на духот.

Кога беше победена змијата што сакаше монахот Сава со имотот и женидбата да го извади од обителта како од рајска населба, друг искушувач започна да го искушува светителот - демонот на стомакоугодието. Еднаш додека работеше во манастирската градина, виде прекрасна јаболка кај виси на дрвото. Победен од мислата, тој го скина јаболкото за да го изеде пред одреденото време и пропишаниот благослов. Но, се сети дека со таквиот род змијата во рајот го натерала првиот човек на грев, па се воздржа и се осудуваше, говорејќи:

- Прекрасен беше за гледање и пријатен за јадење и оној род што го усмрти Адам.

И го фрли Јаболкото, го згази, газејќи ја со него и помислата и сотирајќи ја главата на демонот на стомакоугодието.

Тогаш одлучи да не касне јаболко до смртта.

Од тогаш тој секоја желба ја победуваше со воздржување. Јадеше малку. Спиеше малку и постојано работеше. Неговите раце или беа кренати на молитва или на работа. Наскоро, иако млад, тој се изедначи со сите старци во тој манастир.

Се случи еднаш некој од тамошните браќа додека беше во пекарата да накисне од дождот. А беше зима и ден без сонце и братот немаше кај да ја исуши својата облека, па ја стави врз фурната преку дрвата и заборави на тоа. По кратко време браќата дојдоа да печат леб, ги потпалија дрвата без да знаат дека братот ја ставил внатре својата облека да се суши. Кога огнот силно се разгоре братот се сети и започна да тагува. Тука се најде и блажениот Сава, и кога го виде толку тажен не помисли на себе туку се прекрсти и влезе во огнот. И се случи чудо! Како што некогаш Момчињата во Вавилонската печка не изгореа поради верата своја, така и Сава поради љубовта спрема братот излезе од печката неповреден, носејќи ја во рацете братовата облека а и огнот не се допре до него. Сите се запрепастија од ова чудо и се чудеа какво ли ќе биде тоа момче подоцна, кога во детски години се удостоило на таква благодат од Бога.

Во тој манастир блажениот Сава помина десет години, напредувајќи од сила во сила и од слава во слава. Потоа во него се јави желба да појде во Ерусалим за да се поклони на Светите Места и да ги посети отците во тамошните блиски пустини за духовна корист а и да си најде за себе живеалиште во пустината. Затоа му се обрати на архимандритот со молба да му даде благослов да оди. Но, архимандритот му рече:

- Не е добро толку млад да странствуваш. Подобро е за тебе да останеш на едно место.

Меѓутоа Бог, Кој сѐ уредува за корист, му нареди на архимандритот во видение да не го задржува Сава, велејќи му:

- Отпушти го Сава да Ми послужи во пустината!

Тогаш тој го повика, му даде благослов и го отпушти со молитва. Воден со десницата на Севишниот, Сава допатува во Ерусалим во својата осумнаесетта година, при крајот на царувањето на Маркијан а за време на патријархувањето во Светиот Град на Јувеналиј. Тој стигна во манастирот на свети Пасарион во зимата, беше примен од архимандритот Елпидиј и доверен под раководството на еден старец Кападок. Сава ја помина кај него зимата, фантазирајќи за безмолвниот пустинички живот, за кој одамна чезнееше. Кога слушна за Евтимиј Велики, кој блескаше со доблестите и чудесата во пустината на исток од Ерусалим, Сава посака да го види. Измоли од постарите благослов и тргна на пат. Кога дојде во лаврата на свети Евтимиј Велики, остана таму неколку дена, очекувајќи шанса да го види, зашто секогаш не доаѓаше во соборната црква туку еднаш или два пати во седмицата и во одредени денови. Во сабота Сава го здогледа преподобниот кај доаѓа во црквата, падна пред него и усрдно го молеше да го прими во својата лавра. Но, кога виде дека е млад, Евтимиј го упати во манастир уште подалеку од Ерусалим, кај блажениот Теоктист, наредувајќи му да се грижи за овој млад монах. И прорече за него дека наскоро тој, со благодатта Божја ќе биде славен наставник на сите палестински монаси пустиници и дека ќе изгради лавра, поголема од сите лаври на земјата.

Примен од Теоктист во манастирот, Сава сиот се предаде на Бога и ги минуваше сите манастирски послушанија со безропотна послушност, смирена покорност и усрдно трудољубие. Способен и ревносен за секоја служба на Бога, тој влегуваше во црквата пред и излегуваше од неа по сите. Со силна душа, тој и со телото беше крупен и силен. Додека останатите монаси сечеа во пустината по еден нарам гранки за кошници и ги носеа во манастирот, тој сечеше и носеше по три. Носеше и дрва и вода, трудејќи се сите да ги услужи. Долго време беше надзорник над мулињата. Вршеше тој и други разни должности. И сето тоа го извршуваше сесрдно и беспрекорно, така што сите браќа и отци во манастирот се восхитуваа на неговото трудољубие и добродушност.

Но ѓаволот, сакајќи да го попречи, измисли ваква работа. Во тој манастир имаше еден брат, родум од Александрија, на име Јован. Тој брат доби вест дека родителите му починале. Тогаш ѓаволот му уфрли мисла, недолична за монасите. Да појде и да ја среди работата во однос на имотот по родителите. Му досадуваше на игуменот Теоктист со честите молби да му дозволи да појде во Александрија, и тоа заедно со Сава, бидејќи Сава, силен на тело, може да му биде од огромна помош по пат. На упорните молби игуменот му дозволи и заедно со Сава тргнаа. Во Александрија се зафатија со работата околу имотот. Но, во тоа време родителите на блажениот Сава, Јован и Софија, случајно беа во Александрија, бидејќи Јован како висок воен службеник често бил испраќан таму. Тие го сретнаа и препознаа својот син.

Тогаш за блажениот Сава искрсна нов подвиг, и борба поголема од првата, кога стрикото и вујкото го влечеа од манастирот во светот и од монаштвото кон женидбата. Сега родителите со солзни молби, ласкања и слатки зборови го убедуваа да ја соблече црната риза и да се облече во светла облека, да живее како нив и да стапи во воена служба. Но, нему му беше јасно дека средбата со нив и тоа што тие го препознаа е чисто ѓаволско искушение. Тој многу се противеше и најпосле им рече:

- Ако и понатаму продолжите да ме убедувате да го напуштам своето војничко служење на Христа, повеќе нема да ве нарекувам свои родители.

Тогаш Јован и Софија сфатија дека е непоколеблив и престанаа да го наговараат. Така се разделија со многу ридање и солзи. При разделбата го замолија да си купи што му е потребно за по пат и му даваа четириесет златници. Тој одби да ги земе. Најпосле, за целосно да не ги ожалости, зеде само три златника, па и нив по враќањето во манастирот му ги даде на својот игумен Теоктист.

По десет години живеење во тој манастир, се престави преподобниот Теоктист. На негово место преподобниот Евтимиј го постави доблесниот монах Марин. Но, по две години и тој се упокои. По него игумен стана благиот монах Лонгин. Во тоа време блажениот Сава навршуваше триесет години. Тој му се обрати на игуменот со молба, за што поголемо осаменичко молитвено подвизување да му дозволи да се затвори во пештера, во близина на манастирот, свртена на исток, на карпа. Игуменот Лонгин го извести со писмо големиот Евтимиј за желбата на Сава. Бедејќи многу се беше наслушал за неговиот беспрекорен живот, за неговиот пост и молитви, кротоста и смирението, и за неговите останати богоугодни дела, му врати на Лонгин да не му брани на Сава да се подвизува како што сака.

На почетокот му беше наредено да остане во пештерата пет дена во седмицата. Потоа, на негова молба, му беше дозволено да остане во неа пет години. Неговото живеење во пештерата беше вакво: пет дена ништо не вкусувал ниту излегувал. Се занимавал во неа со плетење на кошници, ги плетел по десет на ден, а во устата и умот постојано му беше молитвата кон Бога. А пак во сабота рано наутро одел во манастирот, носејќи со себе педесет кошници. Во сабота и недела учествувал во соборната молитва, се поткрепувал со храна и повторно во недела навечер се враќал во пештерата, носејќи палмови гранки колку што му се потребни да исплете педесет кошници.

Во таквиот труд и пост блажениот Сава помина во таа пештера пет години. Потоа големиот Евтимиј го зеде кај себе на пустинички подвизи како совршен монах, кој, иако млад по години, се беше изедначил со отците остарени во доблестите. Како млад по тело, тој беше сед во својата духовна мудрост и стар со својот беспрекорен живот. Затоа во четиринаесеттиот ден од месец јануари излезе со него од лаврата, земајќи го со себе и блажениот Доментијан и се упати во големата пустина Рува, таму да ја помине Светата Четириесетница до Цветници. Еднаш старецот посака да ја пропешачи целата пустина што е над Мртво Море, и со своите двајца ученици наиде на безводно место. Беше силна горештина и блажениот Сава се измори, па изнемоштен од жед падна и не беше во состојба да продолжи. Евтимиј се сожали, се оддалечи малку од него и започна да се моли:

- Господи, Боже, дај вода во оваа безводна земја, за да се згасне жедта на истоштениот брат.

По молитвата копна три пати во земјата со едно дрво и веднаш потече изворска вода. Сава се напи од неа и закрепна. Од тогаш доби божествена сила да трпи во пустината. На Цветници се вратија во лаврата.

По извесно време преподобниот и богоносен отец Евтимиј премина кај Господа, за време на патријархувањето во Ерусалим на натријархот Анастасиј. По преставувањето на големиот Евтимиј и смртта на некои други стари отци од лаврата, преподобниот Сава гледаше дека правилата во манастирот се менуваат и отиде во источната пустина околу Јордан, во која во тоа време преподобниот Герасим како сјајна звезда светлеше со својот живот. Блажениот Сава имаше триесет и пет години кога се насели во оваа пустина сам, и се подвизуваше во пост и непрекината молитва, чистејќи се од секоја нечистотија. Тогаш ѓаволот му објави војна. Еднаш на полноќ, кога светителот после многуте трудови спиеше на земјата, ѓаволот се претвори во мноштво змии и скорпии и сакаше да го исплаши. Но, тој веднаш стана на молитва, изговарајќи ги зборовите од псалмите Давидови: „Нема да се исплашиш од стравотиите ноќни; на змии и аспиди ќе згазнуваш“ (Пс. 90, 5, 13). Исчезна ѓаволот веднаш со своите страшила. По неколку дена повторно се претвори, сега во страшен лав и се стрча кон него да го изеде. Но, одеднаш се врати назад, па повторно се стрча и пак се врати назад. Кога виде како ѕверот ту се стрчува ту отстапува, преподобниот му рече:

- Ако си добил од Бога власт да ме изедеш, зошто тогаш отстапуваш? Ако пак не си, тогаш зошто залудно се мачиш? Со силата на мојот Христос јас ќе те победам!

И во тој момент ѓаволот побегна посрамен. Од тогаш Бог му ги покори на преподобниот сите зверови и змии и тој одеше меѓу нив како меѓу кротки овци.

Движејќи се низ пустината, преподобниот Сава сретна еднаш четири многу гладни и изнемоштени Сарацени. Тој им нареди да седнат и извади пред нив корени од мелагрија, со која што самиот се хранеше, и срчка од трска. Тие јадеа и се поткрепија. Го забележаа местото на кое што живее Сава и заминаа. По неколку дена дојдоа кај него носејќи му леб, сирење ѝ урми, во знак на благодарност за неговата добрина. Потресен од тоа, преподобниот со солзи и рече на својата душа:

- О, бедна моја душо! Овие луѓе за нашето мало добро, сторено еднаш, колку многу се благодарни! А ние што правиме? Примајќи секој час неискажани подароци, биваме неблагодарни, живееме во мрзливост и неработење и не ги извршуваме светите заповеди Негови!

Потоа кај преподобниот дојде еден монах, на име Ант, љубител на доблестите, кој порано долго живеел со преподобниот Теодосиј; тој го засака блажениот Сава и остана да живее покрај него. Еднаш ги нападнаа Агарјани и испратија еден да ги убие. Но, преподобниот се помоли на Бога и одеднаш земјата се отвори и ги проголта агарјаните. Останатите од ова чудо многу се исплашија и побегнаа.

Преку Ант блажениот Сава се запозна со преподобниот отец Теодосиј и стекнаа голема взаемна љубов. Кон крајот на четвртата година од својот живот во пустината, свети Сава одејќи низ пустината се качи на еден висок рид, каде што блажената царица Евдокија, сопруга на царот Теодосиј Младиот, со радост го прими душекорисното учење од великиот Евтимиј. Минувајќи ги таму ноќите во вообичаените молитви, блажениот Сава имаше видение. Видел светол Ангел кој му покажал долина, низ која некогаш течел поток на југ од Силоам, и му рекол:

- Ако оваа пустина сакаш да ја населиш како град, тогаш сврти се на источната страна од овој поток, па пред себе ќе видиш пештера, која не е зафатена. Оди и насели се во неа. Оној Кој му ја дава на добитокот храната негова, и на враните кои викаат кон Него, Он и за тебе ќе промислува.

Кога видението заврши и осамна, преподобниот Сава се симна од ридот, со помош Божја ја најде пештерата од видението и се насели во неа. Тогаш имаше четириесет години. Таа година се престави патријархот Ерусалимски Анастасиј и го остави зад себе на престолот Мартириј. Таа иста година царот Зенон, откако го уби мачителот Василиск, си ја поврати царската власт?. Пештерата во која се насели преподобниот Сава имаше многу незгоден влез. Затоа тој обеси јаже од пештерата, по кое се спушташе од неа кога одеше по вода на езерото наречено Ептаст, оддалечено петнаесет стадии. Живеејќи во оваа пештера, на почетокот преподобниот се хранеше со тревата што растела околу неа. А Бог, Кој му нареди да се насели тука, му испрати храна преку луѓе, варвари, како некогаш преку гавранот на пророкот Илија кај потокот Хорат. По извесно време четири сарацени, минувајќи од тука ја најдоа пештерата на преподобниот Сава и сакаа да појдат, но не можеа да се искачат по многу стрмната угорница. Преподобниот ги виде одозгора, им го пушти јажето за да се искачат по него. Кога влегоа во пештерата ништо не најдоа кај него и се восхитуваа на неговиот живот и добродушност. Се сожалија на него и се договорија да му донесат храна. Така тие доаѓаа кај него често и му носеа леб, сирење, урми и друга храна. И помина преподобниот пет години во пештерата сам, разговарајќи само со единствениот Бог, и победувајќи ги невидливите непријатели со незамолчливата молитва. Затоа на Бога Му беше угодно да му ги довери душите на многумина и да го направи наставник и пастир на словесните овци. Всушност, по неговото петгодишно осамено подвизување и живеење во пештерата, започнаа да доаѓат кај него многумина од разни места, со желба да живеат покрај него. Тој сите ги примаше со њубов, и на секого му даваше удобно место за живеење. Си направија сите ќелии и живееја богоугодно, угледувајќи се на доблесниот живот на преподобниот Сава како пример. И за кратко време крај него се собраа до седумдесет браќа, меѓу кои се истакнуваа Јован, кој потоа беше игумен на новата лавра, Јаков, кој изгради лавра на Јордан, наречен Пригион; Фирмин и Севиријан, од кои првиот изгради лавра во Махмас, а вториот манастир во Варих; Јулијан градител на лавра на Јордан, која се нарекувала Несклерава, и многу други свети мажи, чии што имиња се запишани во книгите на вечниот живот. На сите нив преподобниот Сава им беше игумен, патеводител и пастир.

На секого од браќата преподобниот му доделуваше печеница и во неа ќелија. А кога бројот нивни се зголеми, тој со нив започна на ридот да гради кула како бедем и заштита на обителта. Тоа и послужи како основа на неговата голема лавра. И додека на ридот се градеше лаврата од северната страна на потокот, преподобниот изгради мала црква во долината, среде пресушениот поток. И кога некој од презвитерите ќе дојдеше кај него, тој го замолуваше презвитерот да служи света Литургија. Од смиреност преподобниот не сакаше да го прими свештеничкиот чин, ниту некого од браќата сакаше да издигне во свештеничкиот чин.

На тоа место немаше вода, бидејќи изворот се наоѓаше далеку. Една ноќ светителот се молеше, говорејќи:

- Господи, Боже наш, ако е волја Твоја ова место да се насели во слава на преславното Име Твое, тогаш погледни на нас, слугите Твои, и подари ни вода за згаснување на жедта!

Додека светителот така се молеше, слушна некој глас од потокот. Погледна на таа страна при сјајот на месечината и виде диво магаре, како со ногата копа во земјата, и од раскопаното место започна да пие вода. Преподобниот веднаш се симна долу и започна да копа на истото место, кај што го виде магарето. Покопа малку и најде изворска вода. Се створи извор со изобилна вода, која од тогаш ги задоволуваше сите потреби на лаврата и никогаш не се намалуваше.

Една друга нок, додека преподобниот одеше крај потокот и пееше псалми Давидови, се појави огнен столб од западната страна на потокот. И светителот стоеше на молитва се до зори. На самнување отиде на местото кај што го виде столбот и најде голема прекрасна пештера, во вид на црква, изградена со Божја а не со човечка рака. Широкиот влез во неа беше од јужната страна и беше доволно осветлена од сончевата светлина. Преподобниот ја украси таа пештера и од неа направи црква. Им нареди на браќата секоја сабота и недела да се собираат во неа на богослужба. Лично се насели таму и близу неракотворната пештера си направи ќелија на високата карпа и таен влез во црквата. Низ него влегуваше во црквата и ден и ноќ поминуваше на молитва.

Бројот на браката секојдневно се зголемуваше така што стигна до сто и педесет. И се градеа ќелии од двете страни на потокот. При тоа растеше и славата на преподобниот и богољубивите луѓе доаѓаа и му носеа многу злато, кое тој го користеше за градба на лаврата. Исто така и пресветиот патријарх ерусалимски Мартириј гаеше голема љубов кон него и многу го почитуваше, и му ги испраќаше потребните работи.

Блажениот Мартириј отиде кај Господа во својата осма година од патријархувањето, и престолот го прими Салустиј. Тогаш преподобниот Сава имаше четириесет и осум години. Во тоа време во лаврата некои монаси, расипани во душата и телесниот разум, кои Духот го немаат, се кренаа против светителот. Тие и онака одамна смислуваа против него неправедни работи и многу јад му задаваа на сите можни начини. Често меѓу пченицата расте плевел и во лозјето трње. И меѓу апостолите се најде еден таков; и кај пророкот Елисеј беше неверниот ученик Гиезиј. Така и сите тие расипани браќа, односно лажни браќа, смислија зло, отидоа во Светиот Град кај патријархот и го молеа да им постави игумен. На прашањето од кое место се, тие без да сакаат одговорија дека се од потокот кој се нарекува според името на некој црноризец Сава. Патријархот ги праша:

- А каде е Сава?

А тие, без да одговорат на прашањето, започнаа да го обвинуваат и клеветат, зборувајќи дека е прост и неумешен човек и дека не може да раководи со толку многу браќа, поради својата ненаметливост и незнаење да управува со толку голема лавра. На својата клевета додадоа и дека ниту самиот не сака да биде ракоположен ниту го дозволува тоа на некого од браќата.

Додека така го клеветеа праведникот пред патријархот, се случи тука да биде присутен еден честит и угледен маж, на име Кирик, презвитер на пресветата црква Воскресение Христово и чувар на Животворниот Крст Господов. Кога ја слушна нивната клевета, тој ги праша:

- Дали вие го примивте Сава на тоа место или тој ве прими вас?

Тие одговорија:

- Сава нѐ прими нас. Но, тој е прост и не е во состојба да управува со нас, бидејќи се намноживме.

Тогаш Кирик им рече:

- Кога Сава бил во состојба да ве собере во тоа пустинско место, дотолку повеќе ќе биде во состојба, со помош Божја и да ве раководи.

Тие замолкнаа. А патријархот ја одложи расправата за наредниот ден и веднаш испрати по свети Сава, со почит повикувјќи го кај себе, како повод за некоја друга работа. Блажениот дојде а патријархот не му рече ништо за клеветниците, туку веднаш го ракоположи за свештеник, иако одбиваше. Откако го посвети, патријархот им рече на клеветниците:

- Еве, имате свој отец и игумен на својата лавра; го избра одозгора Бог а не луѓето. Јас само го потврдив Божјиот избор.

Го поведе свети Сава со тие монаси и отиде со нив во лаврата, ја освети од Бога создадената света Црква, ја благослови целата лавра, ги поучи браќата да му се покоруваат на својот игумен, блажениот Сава, па се врати назад.

Кога блажениот имаше педесет и три години, по смртта на Зенон зацарува Анастасиј. Таа година во лаврата дојде еден богоугоден маж ерменин, на име Еремија, со двајца ученици Петар и Павле. Преподобниот Сава многу им се израдува и им ја даде онаа пештера, во која самиот живееше кога беше сам на потокот. Им дозволи во сабота и недела во малата црква да вршат богослужби на ерменски јазик. Така постепено се зголеми бројот на ермините во лаврата. Во тоа време во лаврата дојде и преподобниот наш отец Јован Молчалив. Тој беше епископ во градот Колониски, но заради Бога го остави епископството, го сокри својот чин и се трудеше во лаврата како прост монах.

Преподобниот Сава го подржуваше свети Евтимиј Велики, кој обично секоја година одеше во пустината на 14 јануари и го минуваше таму целиот Велик Пост. Угледувајќи се на него, така постапуваше и свети Сава тој месец, но не одеше на 14 јануари туку заминуваше во дваесеттиот ден, за во лаврата да го отпразнува празникот на свети Евтимиј Велики. Потоа одеше во пустината, се оддалечуваше од луѓето и се доближуваше до Бога со богоразмислување и молитва. Остануваше таму се до Цветници.

Една година, кога по својот обичај отиде во пустината и се движеше покрај Мртвото Море, виде еден мал и пуст остров, и посака таму да ги помине деновите на постот и се упати таму. Но, демонската завист го попречи во тоа, та падна во една јама, од која како од печка излегуваше некаква пареа и оган. Тука му се запалија брадата и лицето, се здоби со повреди по целото тело и тешко се разболе. А кога се врати во лаврата, браќата го препознаа единствено по гласот. Толку беше изгорено неговото лице. Долго лежеше болен, се додека Божествена сила не слезе над него и не го исцели и му даде сила над нечистите духови. Од тогаш повеќе брадата не му порасна како порано туку му остана мала и ретка. Тој Му благодареше на Бога за тоа, за да не се гордее со убавината на својата брада.

Наредната година според својот обичај излезе во пустината со својот ученик Агапит. По неколку дена Агапит легна на песокот од умор и глад и заспа. А блажениот Сава стоеше подалеку од него и се молеше. При тоа одеднаш се појави огромен лав, застана над заспаниот Агапит, и започна да го душка од главата до петите. Блажениот Сава се исплаши и веднаш се помоли на Бога да му го сочува ученикот од зверот. Бог му ја затвори устата на ѕверот, и тој како тепан побегна во пустината. При тоа само со опашот го потфати заспаниот и тој се разбуди и сиот се стресе од страв и побегна кај својот отец. При тоа преподобниот го поучи да не се предава на долгото спиење, за да не стане плен на ѕверовите, особено на невидливите.

Една од наредните години блажениот по обичај исто така одеше со истиот ученик низ пустината, северно од Јордан, и во една гора наиде на пештера и во неа прозорлив отшелник. Кога и едниот и другиот се помолија и започнаа разговор, отшелникот праша:

- Што те поттикна, прекрасен Саво, да дојдеш кај нас? Кој ти го покажа ова место? Ете, со благодатта Божја јас живеам овде триесет и осум години, и не видов ниту еден човек. Како ти дојде ваму?

Блажениот Сава одговори:

- Бог, Кој ти го кажа моето име, ми го покажа мене и ова место.

По душекорисниот разговор се прегрнаа и Сава со својот ученик се упати во пустината. Кога наближи времето да се врати во лаврата, преподобниот Сава му рече на ученикот:

- Ајде, брате, да се простиме со слугата Божји во пештерата.

Кога дојдоа го најдоа старецот кај клечи свртен на исток, па помислија дека се моли и долго чекаа. Но, кога денот одмина а старецот не се поместуваше, блажениот Сава рече:

- Предај не на Христа, оче - но одговор немаше. Блажениот му пријде, го допре старецот и виде дека се преставил. Тогаш се сврте кон ученикот и му рече:

- Оди, чедо, да го погребеме телото на светителот. Заради тоа Бог не испрати ваму.

И го извршија над покојникот вообичаеното надгробно богослужење и го погребаа во истата пештера, го затворија влезот со камења и се вратија во лаврата.

Годината во која што беше осветена од Бога создадената црква, во Александрија умре родителот на блажениот Сава Јован, кој имаше голема власт во Исавриската област, а неговата блажена мајка Софија, веќе многу стара, го распродаде сиот свој имот и со многу злато дојде до Ерусалим кај својот син. Тој ја прими и ја посоветува да се замонаши. Така таа поживеа малку во монашкиот лик и се престави кај Господа. А златото што го донесе, блажениот Сава го потроши на манастирските потреби и градбата на гостоприемницата. Една гостоприемница изгради во Ерихон, за згрижување на патниците мирјани а друга во лаврата, за згрижување на монасите.

За време на градбата на гостоприменицата во лаврата, преподобниот испрати еден брат со добиток во Ерихон, за од таму да донесе граѓа за градбата. При враќањето беше голема горештина и братот многу ожедне. Немаше никаде вода, земјата беше пустинска и безводна, па тој падна изнемоштен, но се сети на својот старец и рече:

- Боже на мојот ава Сава, не оставај ме - и веднаш се појави облак над него, пушти роса и го разлади и него и добитокот што ја влечеше граѓата.

Тој облак одеше над него сѐ до лаврата, и го разладуваше од горештината. Тоа се случи по неговата молитва кон светиот старец.

Еднаш, за време на постот, преподобниот Сава намисли да се качи на планината Кастелиска, оддалечена од лаврата дваесет стадии, на север. Таа планина беше непроодна и опасна со своите тешки и опасни стрмнини и стравотиите што таму се случувале. Во неа живееја многу демони и со разни привиденија ги плашеа минувачите. Но, преподобниот Сава го избра Севишниот за помошник и се качи на таа планина, ја попрска од сите страни со елеј, земен од кандилото на Светиот Крст, се огради со крстот како со неразрушлив бедем, и го помина таму целото време на Големиот Пост. На почетокот водеше секојдневна борба со демоните. Тие го напаѓаа час како ѕверови, час како птици, се претвораа во лазачи, ствараа страшна врева, урлаа и врескаа, така што преподобниот како човек се исплаши и намисли да се симне од гората. Но, Оној Кој некогаш го поткрепи Антониј Велики во таквата борба со демоните, му се јави и му нареди да не се плаши, туку да се надева во силата на Крстот. И живееше преподобниот без страв, со молитвата и крстот, бркајќи ги сите демонски страшила. Но, при крајот на Великиот пост, додека стоеше на молитва, демоните го извршија над него последниот напад, пострашен од претходните. Во огромен број се појавија во вид на ѕверови, лазачи, птици, и со страшна врева и татнеж го нападнаа толку силно, што се чинеше дека сета планина се тресе. А светителот ни најмалку не се исплаши, туку си ја продолжи молитвата. Тогаш демоните повикаа:

- О, неволји! Што се трпиме од тебе, Саво! Зарем ти е малку што ја насели долината покрај потокот? Зарем не ти се доволни пештерите и карпите? Ти и пустината, низ која што минуваше, ја насели! Дојде дури тука, во нашето живеалиште, за да не истераш одовде! Еве, заминуваме, не можеме да ти се противиме. Бог ти помага!

И веднаш со големо ридање, повици за помош и неизмерна граја и огромна врева, како гаврани одлетаа таа ноќ. Недалеку од таа планина ноќеваа пастири со своите стада. Тие ги видоа демоните како одлетаа и го слушнаа нивниот повик за помош, па дојдоа кај преподобниот и му раскажаа. Тој Му заблагодари на Бога за прогонството на демоните и по истекот на Постот се врати во својата лавра, за заедно со браќата да го отпразнува Воскресението Христово.

По празникот тој поведе некои од браќата и повторно отиде во Кастелија и започна да го расчистува местото и да гради ќелии.

За време на таа работа на ридот откопаа една голема градба, изработена од прекрасен камен, удобна за живеење. Тие го исчистија и уредија овој дом, направија во него црква и ја осветија. Тука преподобниот уреди општожитие. Но, додека тоа се градеше, се јави недостиг на храна. Тогаш ангел Господов му се јави во видение на настојателот на општожитието близу Витлеем, архимандритот Маркијан, и му рече:

- Еве, ти, Маркијан, седиш спокојно, имаш се што ти треба, а слугата Божји Сава се мачи во Кастелија со браќата од љубов кон Бога, немајќи ја неопходната храна. Без двоумење испрати им храна, за да не изнемоштат од глад.

Маркијан веднаш ги натовари своите коли со најразлична храна и му ја испрати на преподобниот Сава. Кога ја прими пратката, тој Му заблагодари на Бога, Кој промислува за слугите Свои.

Откако ја доврши киновијата, преподобниот собра во неа доволно браќа и ги довери на Павле Пустиникот, кој долго време живееше со неговиот ученик Теодор. Но, по кратко време Павле се престави од овој живот и сета управа падна врз Теодор. Тој ги доведе во манастирот својот брат Сергиј и вујко си Павле, кои подоцна беа старешини во Кастелија, а подоцна епископи во Аил и Аматунт.

Откако основаше во Кастелија киновија, преподобниот се трудеше да ја наполни со прекрасни луѓе, подвижнички и искусни монаси. А на мирските луѓе кои сакале да се замонашат, исто така и на момчињата, тој не им дозволуваше да живеат во кастелиското општожитие ни во лаврата, туку за нив изгради мала посебна киновија на северната страна и им даде искусни наставници, за тие да ги учат почетниците на манастирскиот живот и правила. Овие почетници најпрвин биле должни да ги научат Псалтирот и сиот поредок на молитвеното правило. Потоа, навикнати на подвигот и трудот, да го чуваат својот ум од световните суетни сеќавања и да се спротивставуваат на лошите помисли, да ја зауздуваат својата волја и да бидат послушни, кротки, смирени, молчаливи, ведри и внимателни, и да се чуваат од вражјите напади. Оној што успешно ќе ги усвоил овие почетоци на монашкиот живот, преподобниот го внесувал во големата киновија или во лаврата. Понекогаш пак почетниците, особено од оние помладите, ги упатувал кај преподобниот Теодосиј, кој веќе ја беше оставил Катисматната црква и изградил манастир на триесет и пет стадии западно од лаврата. И двајцата, Сава и Теодосиј, беа во сѐ еднодушни и едноумни, и согласни меѓу себе. Затоа во Ерусалим ги нарекуваа нова апостолска двојка, слично на Петар и Павле. Ним им беше доверено старешинството над сите монаси. Тоа се случило на следниот начин. По преставувањето на блажениот архимандрит Маркијан, се собраа сите монаси од лаврата и манастирите, од горите и пустините во патријаршијата кај патријархот Салустиј, кој тогаш беше болен, и на заедничка желба на сите, на патријархот му беа предложени овие двајца големи отци Теодосиј и Сава, да ги постават за архимандрити и старешини над сите манастири и над лаврите во околината на Светиот Град. Од тогаш преподобниот Теодосиј беше старешина на општожителните манастири а преподобниот Сава над отците отшелници.

По заминувањето кај Господа на патријархот Салустиј и стапувањето на престолот на Илија, блажениот Сава посети една земја што се граничеше со лаврата, за таму да изгради ќелии за монаси кои доаѓаат од далеку. Сопственикот за таа земја барал многу злато, а старецот во тоа време имаше само половина златник. Сепак, полагајќи надеж во Бога, во Кого со љубов длабоко веруваше, преподобниот Сава му рече на продавачот:

- Земи го, брате, ова како капар до изутрина. А ако утре не ти ја дадам целата сума, нека ми пропадне и капарот.

И во текот на ноќта стоеше на молитва. Пред зори влезе еден непознат човек, му спушти во рацете сто и седумдесет златници и веднаш замина, без да каже кој е и од каде е. Восхитен од промислата Божја и благодарејќи Му на Бога, преподобниот му ги даде парите на продавачот и изгради друга гостоприемница за згрижување на браќата кои доаѓаа од далеку. Исто така и за Кастелијската киновија тој купи две гостоприемници, една во Светиот Град, близу Давидовата кула а друга во Ерихон.

Во тоа време во лаврата дојдоа двајца родени браќа, родум од Исаврија, на име Теодул и Геласиј, како втори Веселеил и Елијав, премудри неимари на скинијата, кои Бог му ги испрати на вториот Мојсеј, преподобниот Сава, за со нивна помош да ја доврши градбата на лаврата. И догради тој многу ќелии, болница и пекара, бања крај потокот и голема црква во име на Пречиста Богородица. Зашто онаа неракотворна црква, која Бог му ја јави на преподобниот преку огнениот столб, стана веќе тесна, и за време на богослужењето не можела да ги собере сите браќа. Затоа преподобниот во нејзина близина изгради друга црква, поголема и попространа, во име на Пресветата Богомајка. Неа ја освети патријархот Илија. Значи во оваа црква на Пресвета Богородица преподобниот нареди да се собираат на славословие Божјо. А онаа малата им ја даде на ермените и им уреди таму сеноќни богослуженија во недела и за големите празници.

Некои од браката ермени го следеа тогаш суетното еретичко учење на Петар, наречен Фулон. Тие на ангелската Трисвета песна ѝ ги додаваа зборовите: „распниј сја за ни, помилуј нас“ (Кој си се распнал за нас, помилуј нѐ). - За да ја искорени заблудата на овие браќа, блажениот Сава им нареди на Ермените Трисветата песна да ја пеат на грчки а не на ерменски. Така тие целата служба ја пееја на ерменски а Трисвето на грчки, та на тој начин богохулните Фулонови зборови повеќе не се додаваа на Грисветата песна од страна на Ермените.

Иако преподобниот Сава така мудро водеше и управуваше се, повторно оние клеветници, за кои порано стана збор, поттикнати од демонска злоба, му позавидеа на негово мудро управување и со омраза се кренаа против него. Придобија до четириесет браќа, неискусни во манастирскиот живот, расипани и неразумни, и му вршеа многу пакости на светителот. Тогаш преподобниот Сава, суров спрема демоните а кроток спрема луѓето, отстапувајќи спрема нивниот неправеден гнев, ја остави лаврата и отиде во Скитополските краеви, и се задржа во пустото место покрај реката Гадарија. Најде лавовска пештера, влезе во неа, се помоли на Бога, па легна на лавовското легло да се одмори. Беше паднала ноќта. На полноќ дојде лавот и кога го виде старецот во своето легло кај спие, го фати со забите за облеката и го извлече од пештерата, за да си го заземе местото. Старецот се разбуди, но не се исплаши туку веднаш стана и започна да ги извршува полнокните молитви. Лавот излезе и чекаше додека тој не го заврши молитвеното правило. Кога ја заврши полуноќницата, старецот повторно седна на лавовото легло. А лавот повторно влезе, го фати со забите за крајот од облеката и започна да го влече од пештерата. Тогаш старецот му рече:

- Ѕверу, пештерата е широка. Во неа има место за двајцата. Можеме да живееме заедно, бидејќи нѐ створил еден Творец. А ако не сакаш да живееш со мене, тогаш подобро замини, зашто јас сум побитен од тебе, бидејќи сум создаден со раката Божја и сум почестен со Неговиот лик.

Лавот се засрами од старецот и замина.

Кога Скитополци и Гадарини дознаа дека блажениот Сава живее во таа пештера, започнаа да доаѓаат кај него. Меѓу нив имаше и едно момче Василиј, кое го остави светот, се замонаши и остана да живее кај преподобниот. За замонашувањето на Василиј дознаа разбојници и помислија дека многу злато му донел на преподобниот во пештерата, бидејќи беше од благородно и богато семејство. Тие ги нападнаа ноќе но не најдоа ништо, па многу се зачудија и си заминаа. Но, одеднаш здогледаа два огромни и страшни лава како им наближуваат, па помислија дека Бог ги казнува што се осмелија да ги нападнат слугите Негови, и силно започнаа да викаат кон ѕверовите:

- Ве заколнуваме во молитвите на отец Сава, тргнете ни се од патот!

Кога го слушнаа името Сава, лавовите веднаш побегнаа. Ова чудо ги восхити рабојниците и тие се вратија кај преподобниот и му раскажаа што се случило. Се покајаа за својата лоша постапка и започнаа да се издржуваат со својата работа.

Кога се рашири гласот за овој настан, многумина започнаа да доаѓаат кај преподобниот Сава. Поживеа тој некое време таму и собра браќа. Им постави игумен, ги довери на Бога и како птица желна за осаменост и тишина отиде на друго пустинско место, осаменички молитвено да тихува. По долго поминато време во молитвена осаменост, преподобниот повторно се врати во својата лавра, мислејќи дека незадоволните се смириле и престанале со нивното негодување и злоба. Но, напротив тие беа исти, па дури и бројот им се беше зголемил на шеесет. Тој ги оплакуваше како пропаднати и татковски ги советуваше. На нивната безочност се спротивставуваше со долготрпеливост, на омразата со љубов и со своите зборови ги засладуваше со духовна мудрост и искреност. Но, црнците тој не можеше да ги направи бели, зашто неговите благи совети уште повеќе ги разјаруваа. И тој повторно отстапи пред нивниот гнев, ја остави лаврата и отиде во краевите Никополски, и таму се насели под таканареченето Рошково дрво. Се хранеше со плодот од тоа дрво а се покриваше со неговите гранки.

Сопственикот на тоа место дозна за него и му изгради ќелија. По кратко време, со благодатта Христова, околу него се собраа браќа и така на тоа место се образуваше киновија. Додека блажениот живееше таму, неговите непријатели во лаврата раширија глас меѓу браќата дека зверови го изеле Сава во пустината. Тие се упатија кај блажениот патријарх Илија и рекоа:

- Нашиот отец за време на странствувањето низ пустината околу Мртвото Море беше растргнат од лавови. Затоа ја молиме вашата светост да ни дадете игумен.

Блажениот Илија го знаеше животот на преподобниот Сава уште од детството, па им рече на монасите:

- Не ви верувам, зашто знам дека Господ е праведен, и нема да ги презре толкуте добри дела на вашиот отец, ниту ќе дозволи ѕверови да го изедат. Подобро одете и побарајте го, или помолчете во вашите ќелии, додека Бог не го јави.

Така непријателите на преподобниот се вратија посрамени.

За празникот обновување на храмот Воскресение Господово во Ерусалим се собраа сите палестински епископи и игумени. Дојде и преподобниот Сава со неколкумина браќа од Никополскиот манастир. Патријархот кога го виде многу се израдува, го повика насамо и го замоли повторно да се врати во лаврата. Тој одбиваше, зборувајќи дека е над неговите сили да управува и да се грижи за толку многу браќа и молеше за прошка. Но, патријархот рече:

- Ако не ја исполниш мојата молба и совет, тогаш повеќе немој да ми излегуваш пред очи, зашто не можам да поднесам други да господарат со твоето творештво.

Тогаш блажениот Сава без да сака му ја кажа на патријархот причината поради која замина. И додаде дека не сака да биде причина за кавгите и раздорите меѓу браќата.

Но, не можеше да не го послуша патријархот, па на Никополскиот манастир го постави за игумен својот ученик, кој заедно со него беше дојден од Никопол и се упати во својата лавра сам. Патријархот им испрати на браќата ваква наредба:

- На вас, браќа во Христа, ви јавувам дека вашиот отец Сава е жив, и не го изеле зверови, како што вие сте чуле и раскажувале. Тој дојде кај мене за празникот и јас го задржав, сметајќи дека е неправедно да ја остава својата лавра, која со Божја помош и својот труд ја основал и уредил. Затоа срдечно примете го својот отец и со секоја чест. Покорувајте му се во сѐ, зашто не го избравте вие него туку тој ве собра вас. Ако пак некои меѓу вас, горделиви и непокорни, не сакаат да се смират и да му се покоруваат, на таквите им наредуваме веднаш да ја напуштат лаврата, зашто не е добро овој отец да не го заземе своето место.

Кога оваа наредба беше прочитана во лаврата среде црквата, непријателите на преподобниот Сава се развикаа и створија метеж, викајќи против невиниот и чист по срце. Едни го прекоруваа, други навредуваа, караа. Некои ја собраа својата облека и се подготвуваа да заминат. Некои дури зедоа секири и бодила и јурнаа кон ќелијата на преподобниот и ја срушија а граѓата и камењата ги фрлија долу во потокот, па заминаа во Сукијската лавра. Но, игуменот Аквилин, богоугоден човек, кој ја знаеше нивната злоба, ги избрка. Тогаш тие отидоа во Текојскиот поток. Таму си изградија ќелии и се населија.

Така овој плевел беше искоренет од лаврата. Браќата кои останаа беа како пченица благопријатен плод на Бога. По некое време свети Сава дозна каде се наоѓаат заминатите браќа и дека се во голема оскудица. Тогаш натовари многу храна на коњите и магарињата и тргна кај нив, за да им помогне. Кога некои од нив го видоа, рекоа:

- Гледајте, овој лицемер дојде и овде!

И други навреди зборуваа тие гневно. А незлобивиот со љубов ги погледна, им искажа благи зборови и ги утеши со храна. Кога ја виде нивната немаштија и неуредност, зашто беа како овци без пастир, тој го извести патријархот и го замоли да се погрижи за нив. Патријархот му ги довери нему и даде седумдесет златници за градба и други потреби. Преподобниот Сава отиде кај нив, остана пет месеци, им изгради црква, пекара, и основаше нова лавра. Потоа од старата им доведе еден од икусните отци, на име Јован, човек прозорлив, и им го постави за игумен, па се врати во својата лавра.

Игуменот Јован управуваше со новата лавра седум години, па отиде кај Господа. Пред своето преставување прорече за иднината на лаврата. Тој се расплака и рече:

- Еве, доаѓаат денови кога оние што живеат овде ќе отпаднат од правата вера и ќе се вообразат во гордоста своја, но нивната безочност ќе се сруши и нивната висина ќе падне, и тие ќе бидат прогонети.

По Јован игумен беше Павле, родум Римјанин, блескаше со божествените доблести, но беше старешина само шест месеци. Тој не можеше да ја поднесе неслогата и побегна во Арабија, каде и се упокои во манастирот Северијанов. Кога дозна за Павловото бегство, преподобниот Сава го постави за игумен на новата лавра својот ученик Агапит. Агапит најде дека некои од браќата се држат до Оригеновото учење. Тоа беше како змиин отров во нивните усти и како тешка рана под јазикот. Меѓу нив главен беше еден палестинец, на име Нон. Изгледаше како вистински христијанин, но внатре беше полн со незнабожечки и јудејски лажни учења и убиствени ереси: Манихејската, Дидимовата, Евагриевата и Оригеновата. Кога најде такви браќа, Агапит се исплаши и други да не се заразат со нив и го извести за тоа патријархот, и на негова заповед ги избрка од обителта. По пет години се престави и Агапит. По него игуменството му беше доверено на некој Мамант. А кога Нон со своите истомисленици чу дека Агапит се преставил, се врати во новата лавра, но плашејќи се од блажениот Сава ја криеше својата отровна ерес.

Во тоа време преподобниот Сава пронајде една пештера на десет стадии од својата лавра, северно, околу Кастелија, и беше зафатен со градбата на тој манастир, кој го нарече Пештерски. Му помагаше со својот имот презвитерот на светиот Сион Маркијан, со своите синови Антониј и Јован. Овој Јован беше патријарх во Ерусалим после Илија.

На планината каде царицата Евдокија изгради кула, во источната пустина живееја двајца иноци, кои се држеа до Несториевата ерес. Преподобниот Сава многу тагуваше што тие скренале од правиот пат во заблуда. Во тоа време нему му се случи вакво видение: му се чинело како да се наоѓа во црквата на Свето Воскресение за време на служба, каде меѓу народот ги видел и оние двајца монаси несторијанци. Кога дошло време за причест, сите браќа непречено пристапувале до Божествените Тајни и се причестувале. Но, кога овие двајца еретици пристапиле да се причестат, одеднаш се појавиле страшни војници, кои ги одбивале назад и ги бркале од црквата. Блажениот започнал да ги моли војниците да им дозволат да се причестат, но тие одговориле дека е невозможно, зашто тие се отворени евреи, зашто ниту Христа Го признаваат за Бог, ниту Пречиста Дева Марија за Богородица.

По ова видение блажениот Сава уште повеќе тагуваше за гибелта на нивните души. Многу се потруди постејќи и молејќи се на Бога за нив, да ги просвети со светлината на познанието на вистината. И започна да оди кај нив, ги учеше и поучуваше, ги молеше и советуваше, додека најпосле, со благодатта Божја ги привлече кон Православната Христова Црква. Така се трудеше тој околу спасението на човечките души. И ги симна од таа гора и ги смести во манастирот Теодосиев, а на нивно место одведе еден од своите ученици, Јован Византиецот. Таму со помошта Божја по некое време се основаше манастир.

Во големата лавра имаше еден монах на име Јаков, родум од Ерусалим, многу дрзок и горделив. Тој се договори со неколкумина слични на него монаси и во отсуство на блажениот Сава, кој тогаш според својот обичај го минуваше Големиот Пост во пустината во осаменичко молитвено тихување, замина од лаврата и започна да си гради манастир покрај гореспоменатото езеро Хептастом, со желба да му стане рамен на преподобниот Сава. А кога блажениот се врати од пустината и дозна за постапката на Јаков, отиде кај него и го советуваше да се откаже од својот потфат, говорејќи дека нема корист од она што се прави од дрскост и високоумие. Но, Јаков не го послуша старецот и се противеше. Тогаш тој му рече:

- Ако не ме послушаш, внимавај да не те стигне казна.

И си замина во својата ќелија. Јаков го спопадна страв и трепет. Тој страшно се разболе и лежеше шест месеци а не беше во состојба ни збор да проговори. Откако ја изгуби надежта дека ќе остане жив, нареди да го однесат кај блажениот Сава, да измоли прошка пред смртта. Блажениот му се обрати со татковска поука, па му ја пружи раката, го крена од постелата и го направи здрав како воопшто да не боледувал. Кога го причести со Пречистите Тајни, блажениот му даде да јаде. Потоа Јаков повеќе не се осмели да гради свои градби.

Меѓутоа, кога патријархот Илија слушна за тоа, нареди да се сруши градбата на Јаков. Свети Сава поведе со себе неколку посилни монаси, отиде на местото оддалечено од срушената градба околу пет стадии и изгради црквичка и ќелии околу неа, ги постави за настојатели монасите од големата лавра Павле и Андреј, насели таму исто така и други браќа и основаше на тоа место лавра и Ја нарече Седмоустна. Кога се врати во големата лавра, тој им испрати на браќата во Седмоустната лавра свети дарови и благословени лебови, и многу се грижеше за таа лавра.

По некое време на гореспоменатиот Јаков му беше одредено послушание да им служи на гостите во гостоприемницата. Немарен во својата работа, тој еднаш приготви грав многу повеќе од потребното. По ручекот од него остана да можат и наредниот ден да ручаат. Но, Јаков го фрли низ прозорецот во потокот. Тоа го правеше повеќе пати. Свети Сава го забележа, тајно отиде во потокот, го собра исфрлениот грав, го донесе во својата ќелија и го исуши малку на сонцето. По извесно време свари од него, добро го приготви, и го повика Јаков на ручек кај себе. За време на ручекот му рече:

- Прости ми, брате, што не те угостив како што сакав и не те задоволив со јадење. Не умеам добро да готвам.

Јаков рече:

- Навистина, оче, одлично си го приготвил гравот. Одамна не сум јадел такво јадење.

Старецот рече:

- Верувај ми, чедо, дека тоа е истиот грав што ти го исфрли низ прозорецот во потокот. Знај дека оној што не може да одмери колку грав треба да свари, за залудно да не преостане и пропадне, тој не може да води манастир и да управува со браќата. И Апостолот исто вели: „Ако некој не умее да управува со својот дом, како ќе може да се грижи за Црквата Божја?“ (Тим, 3, 5). Јаков се засрами, се покаја за своето поранешно властољубие и немарното вршење на послушанието и молеше за прошка.

Истиот Јаков во неговата ќелија го искушуваше демонот со телесна похота и нечисти помисли. Тоа искушение долго траеше и тој не можеше повеќе да трпи, па зеде нож и се кастрираше самиот. А кога го зафатија силни болки и многу крв течеше од раната, почна да бара помош. Браќата дојдоа и започнаа да му помагаат колку што можат. Одвај после долго време го излечија. Тоа дојде до ушите на преподобниот Сава, и тој го избрка Јаков од лаврата. Истеран, Јаков отиде кај преподобниот Теодосиј, му ја раскажа својата неволја и го молеше да го умоли за него преподобниот Сава, повторно да го прими во манастирот, во ќелијата. Преподобниот Теодосиј отиде кај блажениот Сава и го молеше за избрканиот брат. На молбата на толку големиот отец и свој пријател, тој го прими назад, но му даде заповед да не разговара со никого освен со оној што му прислужува, да не општи со браќата, да не оди во црквата, да не излегува од својата ќелија. Освен тоа го одлачи од причестувањето со Пречистите и Божествени Тајни.

Така Јаков живееше во молчење, работејќи работи достојни на покајание, лиејќи многу солзи пред Бога, додека не му беше дадена прошка одозгора и на блажениот Сава со божествено откровение не му беше јавено дека му е простен гревот на Јаков. Преподобниот Сава виде во видение блескав маж, кој стоел во близина и некаков мртовец кој лежел пред Јакововите нозе, за чие воскресение се молел Јаков. И се чул одозгора глас, кој говорел:

- Јакове, услишени се твоите молитви, допри се до мртовецот и тој ќе оживее.

И кога Јаков по наредбата се допре до мртовецот, тој веднаш воскресна. А блескавиот маж му рекол на Сава:

- Ете, мртвиот воскресна, а ти сега разреши го од уздите воскреснувачот.

Преподобниот веднаш испрати по Јаков, го разреши од епитимијата и му дозволи да доаѓа во црквата и заедно со браќата да се причестува со Пречистите Тајни. Седум дена по простувањето и разрешувањето, Јаков отиде кај Господа.

Преподобниот Сава беше како чудесно дрво кое пушта од себе прекрасни гранки. Така тој со својот пример на свет живот и усрдните молитви кон Бога, го зголемуваше во својата лавра бројот на светите отци и подвижници, и тие беа свети како него, според Светото Писмо: „Ако коренот е свет и гранките ќе бидат“ (Рм. 11, 16). Од тие свети гранки треба да ги споменеме блажениот старец Антим, од Витинија, кој го минуваше животот во многу монашки подвизи. Тој на почетокот на своето живеење во лаврата си направи мала ќелија од другата страна на потокот, на исток, спрема столбот на преподобниот Сава и помина во неа триесет години. Во староста изнемоште, се разболе и лежеше на одарот. Кога го виде така остарен и немоќен, блажениот Сава сакаше да го пренесе во една ќелија близу црквата, за таму браќата да можат да го посетуваат и надгледуваат без мака. Но, тој го замоли да го остави да умре таму каде што на почетокот се населил. Така беше оставен болен во својата ќелија. Но, една ноќ преподобниот Сава кога по својот обичај стана на молитва пред утринското богослужење, слушна некакви прекрасни гласови, како многу пејачи. Тој помисли дека во црквата служат утрина, и се чудеше како тоа без неговиот вообичаен благослов започнале. Веднаш отиде во црквата, но не најде никој таму и вратата беше заклучена. Се врати, чудејќи се на тие гласови. Одеднаш повторно го слушна истото пеење: Ќе влезам во прекрасни населби, сѐ до домот Божји, празнувајќи со гласот на радување среде многу луѓе!

Кога забележа дека овие прекрасни гласови доаѓаат од страната каде што беше ќелијата на блажениот Антим, сфати дека тој се преставил, и веднаш го разбуди црковникот и му нареди да клепа да се соберат браката. Поведе со себе неколкумина од нив и појде во старчевата ќелија со свеќи и темјан. Внатре не најдоа никого. Само телото на блажениот Антим лежеше мртво а неговата душа со пеење на Ангелите отишла кај Господа. Тие го зедоа телото, го однесоа во црквата, го отпеаја, па го положија покрај светите отци.

Еден брат од Теодосиевиот манастир, кој беше многу силен, на име Афродисиј, беше испратен по некоја работа. По пат тој се налути на мулето, натоварено со пченица, го удри силно и тоа од ударот падна и издивна. Поради тоа преподобниот Теодосиј го избрка од својот манастир. Потоа Афродисиј отиде кај преподобниот Сава, му раскажа што се случило и бараше совет. Преподобниот му даде ќелија и му рече:

- Живеј во својата ќелија и не преминувај во друга. Не излегувај од лаврата. Зауздувај го својот јазик. Умерен нека биде твојот стомак и ќе се спасиш.

Афродисиј ја прими оваа заповед и со ништо не ја наруши. Во текот на триесет години не излезе од лаврата. Тој немаше ништо кај себе, дури ни никаков сад за храна, ни кревет. Спиел на гранки од дрва, се покривал со асура. Се хранел со остатоци од варен зелечук. Неговиот ноќен плач им пречел на оние во близина. Сите денови ги минувал во големо покајание. И со благодатта Божја покажа толкав успех, што беше удостоен на дарот на предзнаењето. Една недела порано го дознал часот на својата смрт. Потоа го замоли отец Сава да го пушти кај преподобниот Теодосиј, за да измоли прошка од него. Преподобниот испрати со него двајца браќа и им рече да му пренесат на Теодосиј вака:

- Еве, нашиот заеднички брат Афродисиј, кого некогаш го примив од тебе како човек, сега со благодатта Божја го испраќам како ангел.

Преподобниот Теодосиј со убов го прими Афродисиј, му прости и го отпушти со мир. Кога се врати кај свети Сава, Афродисиј се упокои во Господа.

Од градот Медава, од другата страна на Јордан, често доаѓаа граѓани кај преподобниот Сава, и му носеа некои потребни намирници а од него добиваа благослов и духовни поуки. Меѓу нив имаше и еден знаменит човек, на име Геронтиј. Тој дојде во светиот Град и се разболе. Сакајќи да оди на Маслиновата Гора заради молитви, тој падна од коњот и се повреди, та уште повеќе се раболе и не се надевал дека ќе преживее. Преподобниот Сава го премачка со свет елеј и го исцели.

Еднаш, додека ручаше со Геронтиевиот син Тома, преподобниот Сава во недостиг на вино го претвори оцетот во вино.

Друг пат се случи тиквите сварени за работниците да бидат горчливи. Преподобниот ги прекрсти и ги претвори во слатки.

Во друга прилика преподобниот патуваше од Ерихон кон Јордан со некој свој млад ученик. Нив ги сретнаа многу граѓани, меѓу кои беше и една убава девојка. Кога ги одминаа, старецот за да го искуша ученикот рече:

- Како изгледаше девојката што помина? Ми се чини дека е слепа на едното око.

Ученикот одговори:

- Не, оче, и двете очи ѝ се здрави.

- Се лажеш, - рече старецот, - девојката е со едно око.

Но, ученикот упорно тврдеше дека таа има многу здрави очи.

Старецот го праша:

- А како си се уверил во тоа?

- Јас, оче, внимателно го набјудував нејзиното лице и видов дека и двете очи и се потполно здрави.

Тогаш старецот му рече: - Кога ти внимателно си го гледал нејзиното лице, како тогаш не си се сетил на заповедта од Светото Писмо, која вели: „Сине, не посакувај ја убавината нејзина во срцето свое, и да не те фати со трепките свои“ (Изр. 6, 25). Отсега нема повеќе да бидеш со мене во ќелијата, зашто не внимаваш на своите очи.

И за казна го испрати во Кастелија. Тој ученик помина така некое време, добро се научи будно да внимава на своите очи и да стражари над своите мисли, и преподобниот повторно го прими во лаврата и му даде ќелија.

Еднаш, додека преподобниот беше во пустината Руфа, на патот го сретна лав со трн во шепата, кој падна крај неговите нозе и започна да му ја покажува шепата рикајќи, како да го моли да му ја исцели ногата. Светителот му го извади трнот од шепата и му ја олесни болката. Потоа лавот започна да оди по светителот и да му служи. Тогаш покрај старецот беше неговиот ученик Флаис, и тие имаа магаре. И кога преподобниот го испраќаше ученикот по некоја работа, му наредуваше на лавот да го чува магарето. Лавот со забите го земаше јажето и така го водеше магарето да пасе, а приквечер го водеше да го напои, па повторно го водеше кај старецот. По неколку дена Флаис беше испратен по некоја работа и заведен од демонот падна во нечист грев. Во тоа време лавот на пашата го изеде магарето. На Флаис му беше јасно дека поради неговиот грев лавот го изеде магарето, за да го изобличи и се плашеше да излезе пред старецот. Тажен и изнервиран, Флаис отиде во едно село и таму се жалеше. Старецот долго го бараше својот ученик и најпосле го пронајде, го доведе кај себе, го затвори во одајата и му наложи покајание. Тој сесрдно се покаја и со многу солзи се исчисти од својот грев, помаган со молитвите на својот свет старец, кој многу се трудеше околу спасението на човечките души.

Треба да се спомене и грижата на преподобниот за целата Црква Божја, кога бил испраќан во Цариград по црковни работи. Бил испраќан од следната причина, Царот Анастасиј еретикот, отфрлајќи го Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон, створи големи бранувања во Црквата, Тој го прогони Евтимиј, патријархот Цариградски и беше гневен на Флавијан Антиохиски и Илија Ерусалимски, кого исто така сакаа да го прогонат, бидејќи не ја одобруваше нивната ерес. Со желба да го убеди царот за мир во Црквата, патријархот Илија ги испрати кај него игумените на палестинските пустини, меѓу кои беше и преподобниот Сава, со ваква писмена молба: „Избраните слуги Божји, благите и верни пустиножители, а со нив и Сава, глава на целата пустина и светилник на цела Палестина, со молба ги испраќаме кај вашата моќ. А ти, царе, кога ќе ги примиш нивните подвизи и трудови, нареди да престане борбата против Црквата и не дозволувај да се умножи злото. Знаеме дека се трудиш да Му угодиш на Бога, Кој ти ја дал царската круна“. Игумените стигнаа во Цариград и додека одеа во царската палата преподобниот Сава одеше зад сите. Стражарите од капијата го видоа беден во закрпи и помислија дека е просјак, па не му дозволија да влезе внатре. Царот чесно ги прими дојдените отци и кога го прочита патријарховото послание праша кој од нив е Сава, кого тој во посланието толку го фали. Отците се свртеа и говореа дека бил со нив, но не знаат каде останал. Царот веднаш нареди да го бараат и одвај го пронајдоа некаде во аголот кај стои и чита Псалми Давидови. Кога го внесоа кај царот, и тој го виде блескавиот ангел како оди пред него, препозна дека е човек Божји, стана од престолот и му оддаде почит, па нареди сите да седнат. За време на долгиот разговор блажениот Сава најмногу од сите отци се залагаше, советувајќи го царот со боговдахновени зборови, да ѝ даде мир на Црквата, ветувајќи му за тоа од Бога победа над непријателите. Малку успеаја останатите отци и беа ослободени да се вратат назад а блажениот Сава остана, додека не го убеди царот и не го помири со патријархот Илија, ја помина зимата во Византија, често присутен кај царот во разговор со него за Православието и за Ерусалимскиот патријарх. Преподобниот имаше слободен пристап до дворецот. Можел да влегува и излегува кога сака, без некакво образложение на стражарите. И го убеди царот да не се гневи на патријархот и да им даде мир на Палестинските цркви. Потоа се врати во Ерусалим, богато обдарен од царот. Доби од него две илјади златници, кои ги раздели на своите манастири, а еден дел испрати во своето родно место, селото Муталаск, на имотот на неговиот татко да се изгради црква во име на светите маченици Козма и Дамјан.

Кога доби мир за себе и палестинските цркви, блажениот патријарх Илија не поживеа долго во спокој. Еретиците не престанаа да го наговараат царот и да го поттикнуваат против Христовата Црква и нејзините пастири, за што поголемо зло да им нанесат. Затоа царот нареди да се свика собор во Сидон, и го довери старешинството на двајца епископи, согласници со Евтихиевото и Диоскоровото зловерие: Сотерих, епископ на Кесарија Кападокиска и Филоксен Ераполски, со тоа што на тој собор да го проколнат Халкидонскиот Собор а Флавијан и Илија да ги симнат од престолот. Така и се случи. Незаконскиот собор се состана, зловерците помагани од царот со бесчестење го прогонија блажениот Флавијан, кој не сакаше да му се приклучи на нивниот собор а неговиот престол го зазеде зловерниот Север, кој многу маки им зададе на православните кои не сакале да имаат заедница со нив. Исповедањето на верата, примено на соборот, му беше испратено и на Илија Ерусалимски. Тој не ги прими еретичките одлуки и ги врати назад. Царот многу се налути поради тоа и нареди Северовото исповедање на верата повторно да се испрати во Ерусалим со неколку клирици и поголем одред на војници, за насилно да го натераат ерусалимскиот патријарх да ги прими одлуките на Сидонскиот собор. Кога тие стигнаа во Ерусалим, настана голем немир и патријархот се најде во голема неволја. Тогаш преподобниот Сава ги собра сите монаси од своите манастири, влезе во Светиот Град и ги растера Северовите служители и војската а Север и неговите истомисленици ги предаде на анатема.

Еретиците се вратија посрамени, и раскажуваа за големата бестрашност на православните и за својот срам. Тогаш разбеснетиот цар го испрати во Ерусалим палестинскиот епарх Олимпиј со силна војска и нареди без никаков закон и суд, со царска власт да го симне патријархот Илија од престолот. Олимпиј веднаш ја изврши царската наредба. Го симна патријархот без суд и го испрати на заточение во Аил, а на негово место го доведе Јован, синот на презвитерот Маркијан, кој вети да го проколне Халкидонскиот Собор и да општи со Север.

Блажениот Сава дозна за тоа и повторно како првиот пат ја собра својата духовна војска, и како војвода влезе во Светиот Град, но не го затекна епархот Олимпиј. Тој брзо ја извршил наредбата и се беше вратил назад кај царот, многу задоволен. А пак блажениот многу тагуваше заради прогонството на невиниот свет патријарх и плачеше за него. Кога виде дека новиот патријарх еретички размислува, блажениот огнено го убедуваше да не општи со Север, да го штити Халкидонскиот Собор и да се држи до него до последната капка крв. Ако не постапи така, тогаш од сите отци пустиници ќе биде проколнат како еретик. Јован се засрами и исплаши од толкуте боговдахновени отци дојдени со свети Сава, се одрече од Север и сите негови ереси, го прими православието потврдено на Халкидонскиот Собор и сите отци се успокоија. Царот набрзо дозна дека новопоставениот патријарх Јован го отфрла Сидонскиот собор а го прима Халкидонскиот, па се рагневи на Олимпиј, го лиши од чинот што избрал таков патријарх и на негово место за епарх на цела Палестина постави некој си Анастас и го испрати во Ерусалим за да го убеди Јован да општи со Север или да го симне од престолот. Штом стигна, Анастас веднаш го фати патријахот и го фрли во темница. Патријархот го молеше епархот да има почит спрема него, ветувајќи дека ќе ги извршува сите наредби, само да не изгледа дека царевата волја ја исполнува под притисок а не по своја волја и вети дека наредната недела во црквата пред целиот народ ќе го проколне Халкидонскиот Собор а ќе го пофали Сидонскиот и ќе започне да општи со Север.

Патријархот беше изваден од темницата и тајно им порача на преподобните отци Сава и Теодосиј да се погрижат да ги соберат сите отци и во недела да дојдат кај него во црквата. Се случи тогаш во Ерусалим да биде и царевиот роднина Ипатиј. Во недела дојдоа во црквата и Сава и Теодосиј и со нив до десет илјади монаси. Во црквата каде што беа дојдени и епархот Анастас и царевиот роднина Ипатиј со своите војници и многу народ, патријархот излезе на амвонот заедно со Сава и Теодосиј, а сиот народ со монасите повика кон патријархот:

- Проколни ги еретиците, а потврди го Халкидонскиот собор!

Патријархот се охрабри, и со силен глас викна:

- Кој е истомисленик со Евтихиј, Несториј, Север и Сотерих, нека биде анатема!

Исто така и блажениот Теодосиј и преподобниот Сава силно викнаа:

- Кој не ги прима Четирите Собори како четирите Евангелисти, нека биде проклет!

Апархот се исплаши од мноштвото монаси и народот и веднаш излезе од црквата и побегна во Кесарија. А Ипатиј им се заколна на отците дека дошол да се поклони на Светите Места и да се присоедини кон светата Православна Црква а не да го потврдува Северовото учење. Тој им даде на преподобните отци Теодосиј и Сава многу злато да го разделат на дојдените со нив монаси. Потоа преподобните отци од сиот тој собор му го напишаа на царот следното:

„Нашиот Господ Исус Христос, Вечниот Цар на сите и Бог, според благоста Своја го довери на вашата власт скиптарот на земното царство, за преку вашето доброљубие да им подарите богатства на сите Цркви, особено на мајката на Црквите светиот Сион. Сите знаат дека од оваа црква започна големата тајна на Правата Вера и се рашири до крајот на земјата. Ние, жителите на овие Божествени места, ја примивме таа тајна на верата од светите Апостоли и ја сочувавме до денес целосна и неповредена, а со благодатта Божја ќе ја сочуваме за навек, без да им дадеме на противниците да не тргнат од правиот пат, ниту да се подадеме на нивните погани и суетни зборови. Во таа беспрекорна и неповредена вера и вие, царе, се воспитавте и израснавте, и ние сега се чудиме како за време на вашего царување се створи таков метеж и такви бранувања во светиот град Еруса лим, што тие ги мамеа дури и служителите Божји, презвитерите и монасите, кои од младоста ја засакаа доблеста и го одбраа кроткиот живот во молитвено тихување. Пред очите на Евреите и другите неверници нив ги влечат од самиот свети Сион по градските улици и ги прогонуваат во погани места. Нив дури ги присилуваат да прават некои работи што не ѝ доликуваат на Православнат вера, така што оние што доаѓаат ваму заради молитва, наместо корист добиваат штета за душата и се враќаат соблазнети. Затоа ја молиме вашата моќ, избавете нѐ од толкуте зла, за коишто виновник е Север, на кого, поради нашите гревови, му е предадена Антиохиската црква, за гибел на неговата душа а на соблазна на сите цркви. И како ние од Ерусалим можеме сега да се учиме во верата без соблазна? И како ние, кои на сите им бевме отци и учители во зборовите на верата, дури сегатолку доцна, да го дознаеме правилното исповедање на верата? Та зарем ние не знаеме дека е ново божемното исправување на правата и здрава вера, предадена од Отците, не исправање во вистинска смисла туку убиствено расипување на правата вера, и на оние што го примаат тоа им подготвува како награда смрт за душата. Ние нема да трпиме никаков додаток на исповедањето на верата, пропишано од триста и осумнаесетте свети Отци Никејски и од подоцнежните Три Вселенски Собори, ниту никаква измена на тоа вероисповедување, туку сме подготвени и душите да ги положиме за него и безбројни, ако е возможно тоа, смрти да примиме. А мирот Божји, кој го надминува секој ум, нека ја сочува нашата Света Вера и бурата крената против Неа, нека ја стиши на света слава Своја, а на украсување на вашето царство“.

Кога го доби таквото послание од светите Отци, царот многу се разјари и донесе одлука од ерусалимските краеви да се протера патријархот Јован со двајцата игумени Сава и Теодосиј. Но, промислата Божја не дозволи да се изврши тоа злосторство. Во тоа време настапи војна со некои варвари, та царот на долго време го одложи гонењето на Црквата и преподобните Отци и започна да се подготвува за војната против варварите.

По неправедното прогонство на светиот патријарх Илија, според праведниот суд Божји настана голем глад и суша во цела Палестина, како во деновите на пророкот Илија. Се затвори небото и не даваше дожд, пресушија водените извори: покрај тоа се појавија и големи скакулци, ја покрија сета земја, ја изедоа сета трева по полињата и лисјата по дрвјата. Таквата казна Божја траеше пет години и многу народ умре од глад. Жителите зборува дека Бог ја казнува Палестина со глад поради неправедното прогонство на патријархот Илија. Во тоа време блажениот Сава ги свика настојниците од седумте од него изградени манастири и им нареди да не се грижат за ништо телесно, потсетувајќи ги на Евангелските зборови: „Не грижете се што ќе јадете или што ќе пиете или што ќе облечете“ (Мт. 6, 25), туку сета надеж положете ја во Бога, Кој ги знае потребите на сите.

И тие беа хранети со промислата Божја.

Еднаш, пред недела економот на големата лавра му рече на преподобниот:

- Не можеме, оче, да клепаме оваа сабота и недела за Божествена служба, зашто не само што на отците, кога ќе се соберат, немаме што да им принесеме да јадат, туку дури ни за светиот принос нема да се најде леб; толку оскудеваме.

А светителот одговори:

- Јас нема да ја оставам Божествената служба заради недостиг на храна. Верен е Оној Кој наредил да не се грижиме за утре, и може да нѐ прехрани за време на глад. Црковникот нека испрати во градот и нека продадат некој сад или облека, па купи што треба за Света Литургија.

Така светителот ја положи сета надеж во Бога и чекаше. И се уште недела не беше дошла а дојдоа кај него некои момчиња, испратени со Божја промисла, водејќи со себе триесет магариња натоварени со леб, пченица, вино и елеј, и други намирници, и сето тоа му го дадоа на преподобниот. Тој Му заблагодари на Бога и му рече на економот:

- Што велиш, брате, ќе забраниме ли да се клепа оваа сабота и недела, бидејќи нема што да им принесеме на собраните отци?

Економот се восхити на неговата голема вера и промислувањето Божјо за нив, и замоли прошка за своето неверие.

Потоа преподобниот посака да го посети свјатјејшиот патријарх ерусалимски Илија во заточението. Тогаш имаше осумдесет години. Тој ги поведе со себе двајцата игумени Стефан и Евтал и тргна. Кога патријархот Илија го здогледа заедно со придружниците, многу се израдува и ги задржа кај себе неколку дена. Во сите тие денови патријархот Илија излегуваше од својата ќелија во девет часот?, бидејќи од отпустот на вечерната до деветиот час тој не излегуваше пред никого туку ги затвораше дверите и пребиваше во осаменичко молитвено тихување. Во девет часот излегуваше кај нив, ручаше со нив и се насладуваше на духовните разговори. По вечерниот отпуст пак се враќаше во својата осаменичка молитвена ќелија. Но еднаш, на девети Јули, тој не излезе според обичајот и тие го чекаа цел ден и не вкусија ништо. Во шест часот од ноќта патријархот излезе со расплакани очи и им рече:

- Вие јадете а јас немам време. Зафатен сум со една работа.

На нивното грижливо прашање зошто толку се задржал и толку доцна излегува и зошто така плаче, тој длабоко воздивна, и липајќи му рече на свети Сава:

- Блажени оче, тешко! Во овој час умре царот Анастасиј, а по десет дена и јас ќе заминам од овој живот и ќе се расправам со него пред страшниот Суд Божји.

Така и се случи. По десет дена се престави свјатјејшиот патријарх Илија. Преподобниот Сава чесно го погреба, па се врати во својата лавра. А за смртта на царот Анастасиј се раскажува вака:

- Онаа ноќ, во која за него му било јавено на патријархот Илија, светнаа молњи и удри гром во царската палата. Молњата го бркаше царот, кој бегаше од место до место, од еден агол во друг, додека најпосле не го стигна во еден агол и го уби. Така злото загина со зло.

По смртта на зловерниот цар Анастасиј, на престолот стапи благочестивиот Јустин, кој распрати во сите краеви на своето царство наредба православните да се вратат од прогонството и секој од нив повторно да го добие својот чин и своето место, одлуките на Халкидонскиот Собор да се внесат во светите книги и во Црквата Христова да зацаруваат мирот и тишината. Кога таквата царска наредба стигна во светиот град Ерусалим, сите многу се израдуваа и патријархот Јован го замоли преподобниот Сава да оди во Кесарија и Скитопол, да ја покаже оваа царска грамота и одлуките на Халкидонскиот Собор да ги внесе во црковните книги. Како слаб со телото, стар по години и истоштен од многуте монашки подвизи, сепак заради Црквата Христова преподобниот не го одрече послушанието, туку тргна заедно со некои монаси старешини и беше дочекан во Кесарија од свети Јован Хозевит, кој тогаш таму беше јерарх. Во Скитопол со љубов беше примен од митрополитот Теодосиј и сите граѓани и сотвори таму многу чудеса. За еден висок чиновник, самарјанинот Силван, кој работел против христијаните, тој прорече дека среде градот ќе изгори во оган, за што подоцна ќе стане збор. Тој исцели и крвоточива жена и бесомачна девојка. Откако така и направи голема корист на Црквата, се врати во Ерусалим.

Кон крајот на четвртата година од сушата во Палестина, и при голем недостиг на вода, браќата сакаа да се разотидат и го молеа светителот да ги отпушти. Тој ги прекори за нивното нетрпение и им наложи да се надеваат во Бога. На третиот ден над лаврата се појави облак, и падна силен дожд и ги наполни со вода сите ровови на лаврата. Овој дожд падна само во лаврата а наоколу немаше ни капка роса. Тогаш дојдоа кај старецот игумени од околните манастири и рекоа:

- Со што ти згрешивме, оче, та си заборавил на нас и си измолил дожд само за својата лавра?

Тој ги утеши со благи зборови и им влеа надеж дека и во нивните манастири ќе нема недостиг од вода додека Бог не и даде дожд на цела Палестина.

Кога настапи петата година од гладот, настана толку голем недостиг од вода, така што во Светиот Град просјаците умираа од жед. Од сушата пресушија изворите и бунарите, исчезнаа потоците. Патријархот Јован го обзеде голема тага и тој ги посетуваше мочурливите места и наредуваше да се копаат ровови и бунари за да се пронајде вода, но ја немаше. Во Силоамскиот поток многу работници со голема мака одвај ископаа бунар длабок сто аршини, но вода не најдоа. Тој ја изгуби надежта и горко ја оплакуваше несреќата на целиот град. Но, беше месец септември и се наближуваше празникот обновување. Кога дозна дека преподобниот Сава измоли дожд за лаврата, патријархот го повика и го замоли да се помоли на Бога да се смилува на луѓето Свои и да не ги усмрти со глад и жед. Преподобниот одбиваше, говорејќи:

- Кој сум јас да го прекинам гневот Божји? Јас сум многу грешен!

А патријархот многу настојуваше и го молеше. Тогаш преподобниот рече:

- Добро, јас од послушност ќе појдам во ќелијата и ќе ја молам добрината Божја. Но, ако поминат три дена и нема дожд, знајте дека Бог не ме услишал. Затоа и вие молете се, за мојата молитва да стигне до Бога.

Преподобниот замина. Утредента имаше силна горештина. Многу работници копаа цел ден во споменатиот поток, И навечер го оставија сиот свој алат и кошници, за утре да продолжат. А кога падна ноќта дувна јужен ветер, настана невреме и грмотевици и цела ноќ врнеше силен дожд, така што се наполнија барите и од сите страни потекоа потоци. На местото каде што копаа бунар од сто аршини, наиде силна вода и сета извадена земја ја врати во бунарот, ги покри алатот и кошниците и го срамни бунарот со земјата, така што не можеше да се препознае каде копале. Сите резервоари за вода во Светиот Град се наполнија со вода, по молитвите на преподобниот Сава. Сите луѓе радосни Му благодареа на Бога.

Кога преподобниот беше во својата осумдесет и шеста година од животот, умре патријархот Јован, оставајќи го по себе на престолот Џетар Елевтерополит, кој беше добродетелен човек. По три години, царот Јустин како многу стар и болен го предаде престолот на својот брат Јустинијан. Патријархот го сакаше и почитуваше преподобниот Сава како и поранешните патријарси, и често го посетуваше во пустината. Патријархот имаше сестра на име Исихија, која живееше според Бога. Таа тешко се разболе, но лекарите покрај сите напори на можеа да ја излечат. Тогаш патријархот го замоли свети Сава да дојде дома и да се помоли за неа. Тој дојде, ја осени болната три пати со крстниот знак и таа веднаш оздраве и Го славеше Бога. Потоа нашиот преподобен и богоносен отец Теодосиј отиде кај Господа во единаесеттиот ден од месец јануари, кога преподобниот Сава имаше деведесет и една година. Во тоа време самарјаните кои живееја во Палестина се отцепија од власта на грчкиот цар и си избраа цар од својот род, на име Јулијан, па се кренаа против христијаните и им вршеа многу зла. Им одзедоа многу цркви и ги спалија, убија многу христијани при нападите на нивните села и градови, особено во Неаполските краеви, каде месниот епископ Самон го фатија и со меч го убија, а презвитерите со него ги исекоа на парчиња, па ги помешаа со моштите на светите маченици и ги спалија. Кога дозна за тоа царот, испрати против самарјаните силна војска и нивниот цар беше убиен во битката. Тогаш и Силван, чие што загинување го претскажа преподобниот Сава, беше фатен од христијаните и во Скитопол спален среде градот. Неговиот син Арсениј отиде во Цариград и набрзо, кој знае на кој начин го придоби царот и стана висок достоинственик на царскиот двор, ја стекна довербата на царот и започна да ги клевети и обвинува палестинските христијани, - самиот тој беше од самарјанската вера - дека божем тие се виновни за востанието на самарјаните и нивното отцепување од грчкото царство. Царот му поверува на клеветите и многу се разгневи на палестинците. Кога за тоа дознаа Ерусалимскиот патријарх Петар и подрачните епископи го молеа блажениот Сава да се нафати на тежок пат во Цариград, за да го смири царот и да измоли од него многу потребни работи за Црквата и Светиот Град.

Иако беше веќе многу стар, преподобниот веднаш тргна, ставајќи ја Црквата пред својот покој. Кога дозна за неговото доаѓање, благочестивиот цар Јустинијан и цариградскиот патријарх Епифаниј испратија угледни луѓе да го пречекаат. Кога влегуваше кај царот, Бог му ги отвори очите на царот, како некогаш на Анастасиј, и тој ја виде над главата на преподобниот Сава благодатта Божја, која силно блескаше и сипаше од себе сончеви зраци, како со венец опкружувајќи ја неговата глава. Исплашен, царот стана од престолот, му се поклони и побара благослов. Потоа му ја прегрна главата со љубов и радост, ја целиваше и го замоли и царицата Теодора да ја удостои на својот благослов. Кога го виде светителот, царицата му се поклони и рече:

- Помоли се за мене, оче, да добијам пород.

Старецот рече:

- Бог, Владарот на сите, нека ја сочува вашата царственост!

Царицата повторно рече:

- Оче, моли Го Бога да ја разреши неплодноста моја и да ми дари да родам син.

Старецот повторно рече:

- Бог на славата нека ја сочува вашата царственост во благоверие. И нека ви подари победа над непријателите.

Тогаш царицата и по трет пат го замоли да ја разреши од неплодноста, но го чу истото и тоа ја збуни.

Кога излегоа, отците што беа со него го прашаа:

- Зошто, оче, ја нажали царицата и не се помоли за неа како што те молеше?

Старецот им одговори:

- Верувајте ми, отци, од нејзината утроба нема да излезе плод, кој не би се хранел со Северовото учење и да створи во Црквата поголеми бранувања отколку Анастасиј.

Со овие зборови преподобниот им стави до знаење дека царицата тајно се држела до еретичкото учење.

Царот ја прифати молбата на преподобниот, својот гнев го префрли на самарјаните и донесе закон: самарјаните да не смеат да се собираат: нивните деца да се лишуваат од наследството после своите родители: и најпосле, водачите на востанието да бидат погубени. Тогаш Арсениј самарјанинот се сокри, бидејќи царот беше наредил да биде погубен. Потоа тој прибегна кај свети Сава, падна пред неговите нозе и го молеше за свето крштение, за така да се спаси од царскиот гнев и да ја одбегне смртта. И беше крстен заедно со сиот свој дом.

Царот, сакајќи да ја покаже својата благонаклонетост спрема преподобниот, му рече да побара од него што сака и да земе злато колку што сака за потребите на своите манастири. Но, тој не сакаше богатство за себе туку она што е корисно за христијаните, па го замоли христијанскиот данок, соберен во Палестина, да се употреби како помош за осиромашените жители на Палестина од војната со самарјаните. Да се обноват црквите спалени од самарјаните, во Светиот Град да се изгради гостоприемница за згрижување на христијаните, кои од далеку доаѓаат за поклонение на гробот Господов; таму да се изгради и болница за странци и во неа да се постават лекари; да се доврши црквата на Пресвета Богородица, чии што темели ги поставил патријархот Илија; во пустината под неговите манастири да се изгради град - тврдина, во кој би имало војска за одбрана од наездите на варварите.

Но, најмногу од сѐ, преподобниот го замоли царот да се потруди да ги искорени од своето царство Ариевата, Несториевата, Оригеновата и другите ереси, кои ја смутуваат Црквата Божја. А за сето тоа преподобниот му вети од Бога повторно присоединување на грчкото царство кон Рим и Африка, кои поранешните цареви ги изгубија.

Царот се согласи на сето тоа и нареди да се постапи така, трудејќи се што побрзо сето тоа да се исполни на дело. Додека царот разговараше за тоа со своите советници и благајници, преподобниот се повлече малку настрана и започна да чита Давидови Псалми, завршувајќи го Третиот час. А еден од неговите ученици Еремија, му пријде и рече:

- Чесен оче, зошто се повлече од царот и стоиш настрана, кога тој толку се труди околу исполнувањето на твоите молби?

Старецот му одговори:

- Чедо, тој ја работи својата работа а ние нашата!

Потоа царот му даде на преподобниот писмена одлука и го отпушти со мир.

Бог му возрати на царот илјада пати повеќе за благонаклонетоста спрема блажениот. И се исполни неговото пророштво. За кратко време царот навистина однесе две славни победи над непријателите, ги доби Рим и Африка, и двата цара: Витиг Римскиот и Гелимер Картагенски тој ги виде доведени во Цариград како заробеници. А преподобниот Сава се врати во Ерусалим и на молба на патријархот и епископите повторно тргна на пат во Кесарија и Скитопол, за да ја објави царевата одлука. Таму тој го виде малото момче Кирил, подоцнежен составувач на ова Житие, и прорече за него дека ќе биде негов ученик и монах во неговата лавра.

По враќањето од таму, набрзо преподобниот Сава се разболе. Кога дозна за тоа патријархот Петар, дојде да го посети. Но, кога виде дека во старчевата ќелија нема ништо од потребното за болниот, освен малку овошје и малку урми, патријархот го стави на носила и го однесе во патријаршијата, каде лично се грижеше за него, служејќи му со своите раце. По неколку дена преподобниот Сава имаше некое Божествено видение, кое го известуваше за неговото блиско преставување.

За тоа видение тој му раскажа на патријархот и го замоли да го однесе во лаврата, за да се упокои во својата ќелија. Патријархот сакаше со сета душа да му угоди, и го испрати во ќелијата со сѐ што му е потребно. Кога легна во својата ќелија, тој ги свика сите браќа, им даде последен целив, им постави за игумен еден достоен маж, на име Мелит, со заповед во целост да ги чува сите манастирски преданија. Помина четири дена без ништо да касне, нити со некого да разговара. Во сабота навечер побара Пречисти Тајни и откако се причести ги изговори последните зборови:

- Господи, во Твоите раце го предавам својот дух!

Така преподобниот Сава се престави на петти декември, во деведесет и четвртата година од својот живот, пратен од ангели Божји и свети маченици.

Веста за преставувањето на преподобниот брзо се пронесе по целата Ерусалимска околина и се собраа од сите лаври и манастири безбројно мноштво на монаси. Дојде и патријархот со епископите и градските старешини. Откако го извршија опелото, чесно го погребаа неговото тело помеѓу двете цркви, на местото каде што некогаш преподобниот го виде огнениот столб. А дека неговата света душа беше пратена на небото со Ангели и маченици се дозна на следниот начин. Во Светиот Град живееше еден уметник сребрар, родум од Дамаск, на име Ромул, прв од слугите што служеа при света Гетсиманија. Тој самиот раскажа како за време на преставувањето на преподобниот отец Сава крадци му провалиле во куќата и му украле многу сребро и негово и туѓо, до сто литри. Многу изнервиран, Ромул дојде во црквата на светиот маченик Теодор и пет дена плачеше и палеше свеќи пред олтарот. Во петтата ноќ тој заспа и го виде светиот маченик Теодор, кој го праша:

- Што ти е, брате? Зошто така тагуваш и толку плачеш?

Тој одговори:

- Ми пропадна среброто, и моето и туѓото. Крадци ме покрадоа. Затоа плачам и тагувам, и се молам, но без успех. Ти не ме послуша.

Светителот му рече:

- Верувај ми, брате, јас не бев овде овие денови, зашто нам, на сите маченици, ни беше наредено да се собереме да ја пречекаме светата душа на преподобниот Сава, излезена од телото, и да ја допратиме до местото на упокоението. А сега не плачи, туку појди на тоа и тоа место (му посочи кое), и ќе го најдеш украденото. Ромул веднаш стана, повика некои свои познаници, отиде со нив на укажаното место и најде се онака како што му рече свети Теодор.

Не треба да се премолчат и некои други чудеса што се случија по преставувањето на преподобниот. Така, двајца гостољубиви браќа имаа лозје и им даваа засолниште на браќата кога им доаѓаа од лаврата на блажениот Сава. Тие се разболеа од некоја тешка болест за време на бербата на грозјето и беа очајни поради тоа. Но, имаа љубов и вера спрема преподобниот Сава и често го спомнуваа и повикуваа на помош. Светителот ја услиша нивната молитва брзо, се јави на секого посебно и рече:

- Јас се помолив на Бога за вашето здравје, и Бог ви даде според вашата молба. Затоа станете и одете на својата работа.

А тие си дојдоа на себе, почувствуваа дека се здрави, па Го прославија Бога и му благодареа на светителот. Од тогаш тие секоја година го празнуваа како голем празник денот кога им се случи чудото.

Една побожна и доблесна жена, на име Гинара, вети да подари две завеси, една за црквата во Кастелија а друга за црквата во пештерата. Но, поради мрзеливоста на ткајачката, тие завеси долго време не беа готови. Гинара многу тагуваше поради тоа. Но, нејзе и се јави преподобниот Сава и ѝ рече:

- Не тагувај, утре ќе тргне работата и успешно ќе се заврши. Твојот подарок ќе биде пријатен.

И таа ѝ се јави на ткајачката и гневно ја искара поради нејзината мрзливост. А пак утредента една на друга си го раскажаа своето видение и работата беше завршена.

Економот на големата лавра зеде под кирија камили од Сарацените, да ја пренесат од Мртвото Море пченицата. На пат кон лаврата една од камилите скршна од патот на десно и се стркала заедно со товарот во потокот и скокаше во калта. Нејзиниот стопан сарацен извика:

- Оче Саво, помогни! Не дозволувај да загине мојата камила!

И веднаш, за миг, тој го виде чесниот старец кај седи на камилата. Тој тргна по другиот пат, се симна во потокот и ја најде својата камила неповредена, но старецот го немаше. Исто така и пченицата беше неоштетена. Од тогаш овој сарацен секоја година доаѓаше во лаврата да се поклони на гробот на преподобниот Сава.

Еднаш следбеници на Ориген, собрани од разни места, намислија под водство на некој Леонтиј ненадејно да ја нападнат големата лавра и да го растераат правоверното стадо на преподобниот Сава а лаврата да ја срушат до темел. Подготвија за тоа многу најразлични железни алати и се упатија бесно кон лаврата. Беше седум часот наутро, и одеднаш нивниот пат го покри темнина и магла. Тие цел ден талкаа, но лаврата не ја најдоа, тука заталкаа во непроодни места, каде ги затекна ноќта. Измачени, се извлекоа дури утредента и се најдоа во близина на манастирот на свети Маркијан. Кога видоа дека се им е залудно, тие се разотидоа. А Бог ја чуваше лаврата заради угодникот Свој свети Сава, кој одлично се потруди во неа. По неговите свети молитви нека и нас нѐ сочува од сите зла истиот Преблаг Еден во Троица Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух, Кому слава за навек. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ НАШИ:

КАРИОН монахот и неговиот син ЗАХАРИЈ

Во Египет живееше еден човек на име Карион. Тој имаше две деца, кои ги остави на својата жена, отиде во Скит и стана монах. По некое време во Египет настана глад. Неговата сопруга многу претрпе, па ги поведе децата и појде во скитот. Едното беше момче и се викаше Захариј а другото девојче. Со нив седна под дрвотот на брегот од реката. Во Скитот имаше обичај ако била каква жена дојде за разговор со монахот, тогаш разговарале оддалеку, преку реката. Затоа и оваа жена преку реката му рече на Карион:

- Ете, ти си монах, а сега е голем глад. Кој ќе ги прехрани твоите деца?

Карион и рече на жената:

- Ти земи го со себе девојчето и оди си, а мене остави ми го момчето.

Кога го зеде кај себе малиот Захариј, Карион го одггледа во скитот и сите знаеја дека тој е негов син. А кога детето порасна, меѓу монасите настана негодување поради него. Кога слушна за тоа, Карион му рече на Захариј:

- Стани и оди си одовде, зашто поради тебе отците негодуваат против мене.

Захариј одговори:

- Јас сум твој син. Каде да одам од тебе?

Тогаш таткото Карион и синот отидов во Тиваида. Таму добија ќелија. Но и таму настана негодување поради нив, та повторно се вратија во Скитот, иако браќата и овде не престануваа да роптаат. Тогаш Захариј отиде на езерото со отровна вода, се нурна во него до ноздрите и остана така еден час. Од тоа стана толку губав, така што татко му одвај го препозна. Кога Захариј пристапи на светата Причест, на светиот презвитер Исидор му беше откриено за него и тој му рече:

- Чедо, минатата недела ти пристапи и се причести како човек а сега како ангел.

Кога Карион се припремаше за заминување кај Бога, им рече на браката:

- Многу трудови извршив, подвизувајќи се повеќе од мојот син Захариј, но не достигнав во мерата на висината негова, поради неговото смирение и молчание.

И старецот се престави. Потоа отец Мојсеј му рече на Захариј:

- Кажи ми, што да правам за да се спасам?

Захариј му се фрли пред нозете и рече:

- Зарем ти мене ме прашуваш, оче?

Старецот на тоа му рече:

- Верувај ми, чедо, јас го видов Духот Свети како се симна врз тебе, и поради тоа те прашав. Тогаш Захариј ја симна камилавката од главата, ја стави под нозете, ја згази и рече:

- Ако човек не се згази себеси така, не може да биде монах.

Еднаш го прашаа Захариј:

- Кој е вистински монах?

Тој одговори:

- Оној што себеси постојано се присилува на извршување на заповедите Божји.

Кога Захариј требаше да се престави, Мојсеј го праша:

- Што гледаш, брате?

Тој одговори:

- Не е ли подобро да се молчи, оче? Тогаш Мојсеј рече: - Да, чедо, молчи.

А токму во моментот на неговото разделување, ава Исидор погледна во небото и рече:

- Радувај се, чедо мое Захариј, за тебе се отворија вратите на Царството Небесно.

И тогаш Захариј ја предаде својата душа на Бога!. Чесните отци го погребаа во Скитот.

 

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ НЕКТАРИЈ БИТОЛСКИ

Нашиот македонски светител, преподобниот Нектариј Битолски е роден во градот Битола. Неговите родители беа побожни и праведни пред Бога. На Крштението тие на својот син му го дадоа името Никола.

Кога Агарјаните требаше да го заземат градот Битола, неговата мајка пред тоа на сон ја виде во видение Пресвета Богородица, Која и рече да го поведе својот сопруг и децата и брзо да побегне и да се сокрие на друго место. Таа го прими ова видение како од Бога, и така и постапи. Наскоро потоа турците навистина наидоа, го зазедоа нивниот крај и многу зла му извршија на христијанскиот народ. Кога оваа наезда помина и се смирија борбата и нередите, родителите на Николи излегоа од своите засолништа со своите деца живи и здрави, благодарни на Бога и Пресвета Богородица за своето спасение, а жалосни заради страдањето и поробувањето на своите браќа христијани и својата татковина.

Таткото на Никола, кој беше веќе доста стар, тогаш се договори со својата сопруга да го напушти светот. Со своите две машки деца, од кои едното беше овој свети Нектариј, тој отиде во манастирот на светите бессребреници Козма и Дамјан кај Битола, во подножјето на тамошната планина. Таму се замонаши со името Пахомиј, и се подвизуваше со своите два сина.

Кај околните христијани имаше обичај во манастирот на Светите Врачеви да носат плодови од своите ниви и лозја, кој колку може и сака, особено за самиот празник на Светите Бессребреници. Така една година за нивниот празник христијаните донесоа во манастирот од своите плодови и заедно со монасите ги прославија светите Бессребреници. Во таа пригода тие беа донеле и доста вино, со кое наполнија едно големо буре. И бидејќи за празникот имаше многу луѓе за ручек, гостите брзо го испија сето вино од бурето. Кога дозна за тоа, монахот Пахомиј отиде со своите два сина со свеќи во рацете во подрумот, со намера да го измијат испразнетото буре. Но, го најдоа на чудесен начин повторно полно, кое прекрасно мирисаше и беше многу пријатно за пиење.

Кога го виде ова прекрасно чудо Божјо и сеќавајќи се на она јавување на Пресвета Богородица на неговата мајка, на помалиот Пахомиев син Никола во срцето му се разгоре љубов кон Христа и со сета своја душа посака да Го придобие Него, единствениот Сакан и Љубен. Затоа започна да Му се моли со најтопли и најусрдни молитви. За сето тоа наскоро потоа го остави светот и отиде на Света Гора Атонска. Таму најде еден искусен и доблесен старец на име Дионисиј, наречен Јагар, кој беше родум од Цариград.

Овој Дионисиј кога го напуштил светот и дошол на Света Гора, станал послушник кај искусниот старец Филотеј Јагар (наречен така според ќелијата на Светите Архангели во Кареја каде што живеел). Старецот Дионисиј го прими кај себе благочестивиот Никола и го приведе на благослов кај својот духовен отец, старецот Филотеј Јагар, кој имаше од Бога дар на прозорливост. Штом Никола застана пред него, старецот Филотеј го нарече по име, говорејќи:

- Ти си, чедо, Никола, синот Пахомиев, и сакаш да останеш да живееш со нас.

Никола многу се изненади од неговите зборови и запраша:

- Од каде, чесен оче, ме познаваш и знаеш сѐ за мене?

Старецот на тоа му рече:

- Богот на отците наши, чедо, Кој те испрати кај нас, Он ми откри за тебе.

Восхитен од сето тоа, Никола остана кај овие доблесни старци, и со нив се трудеше со уште поголема љубов и ревност. Подвизувајќи се така со нив, тој наскоро беше замонашен од преподобните старци и на монашењето го доби името Нектариј.

Од тогаш преподобниот Нектариј започна уште поусрдно да се подвизува во доблесното живеење и духовното напредување. Но, лукавиот завидливец ѓаволот не можеше да го поднесе неговото духовно успевање во подвизите и доблестите и го нападна со најразлични искушенија и збунувачки помисли, преку кои го навраќаше да го напушти живеењето со споменатите искусни старци.

Но, бидејќи не успеа да го попречи во ништо, зашто блажениот Нектариј остана цврст и непоколеблив, Ѓаволот стави во срцата на други завист кон светиот подвижник, макар со тоа да му напакости. Беше тоа зависта на еден од сопослушниците на преподобниот, кој бараше Нектариј да се протера од таму, и се закануваше дека ако не се стори тоа некој ќе биде убиен. Преподобните старци го советуваа овој непослушен искушеник, и тоа некогаш со убави зборови и поуки од Светото Писмо, а некогаш со закани од вечните казни и маки, но овој безумник не го примаше тоа туку и понатаму бараше Нектариј да се оддалечи. Тогаш старците го посоветуваа Нектариј дека е подобро на некое време да замине од нив и го испратија кај светогорскиот Прота Даниил во Кареја, кој со љубов го прими кај себе.

Во тоа време се престави кај Господа преподобниот старец Филотеј, та старецот Дионисиј, не можејќи повеќе да го поднесе оној зол зависник, и самиот се оддалечи и отиде да го побара Нектариј. Кога го најде и измоли дозвола од Протата за едно манастирче на Светите Ехангели, наречен Коф, тој со Нектариј се насели таму и така тие повторно живееја и се подвизуваа заедно. Таму се занимаваа со ракоделие и од тоа живееја, па дури и на другите им помагаа. Оној непослушен зависник талкаше насекаде по Света Гора, додека на крајот не го напушти тоа свето место и отиде во светот, каде што се упропасти и душата ја изгуби, зашто се оддаде на широките световни патишта.

Наскоро потоа се престави кај Господа и блажениот старец Дионисиј Јагар, и чесно беше погребан од преподобниот Нектариј. Бидејќи остана сам, Нектариј ги удвои своите подвизи. Сакајќи да му ги умножи венците на наградата, Бог допушти преподобниот Нектариј да падне во многу и тешки телесни болести. Додека страдаше во болестите и неволјите, ги поднесуваше со големо трпение и благодарност на Бога, така што со тоа стекна уште поголеми венци кај Бога.

Најпосле, откако ја победи човечката завист, напастите демонски и болестите телесни, преподобниот Нектариј се пресели во вечното Царство Христово, на 5 декември 1500 година. По четири години беше извршен преносот на неговите чесни мошти, и тие беа најдени негнилежни и благомирисни. Тие и денес почиваат во Света Гора, во ќелијата во која што се подвизувал.

По молитвите на нашиот македонски светител, преподобниот Нектариј Битолски и Светогорски, нека Господ и нас нѐ помилува и спаси. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АНАСТАСИЈ

Кога свети Анастасиј виде како незнабошците ги малтретираат, мачат и убиваат светите маченици заради исповедањето на верата Христова, и знаејќи какви се неискажаните богатства подготвени за мачениците, во срцето му пламна Божествена ревност и тој посака и самиот да појде по истиот пат на мачеништвото и да се удостои на истите венци. И еден ден тој, со срце полно со огнена љубов за мачеништвото, го осени целото свое тело со крстниот знак, отрча во судиштето, застана среде него и силно викна:

- Ме најдоа оние кои не ме бараа, им се открив на оние, кои не прашаа за мене (Рм. 10, 20).

Тогаш сите го вперија погледот во него, а тој им рече:

- Чујте сите вие, слуги ѓаволски! Јас сум христијанин и верувам во мојот Господ Исус Христос, а вашите идоли и сите што им се поклонуваат ги проколнувам.

Изненадени од таквата храброст, тие веднаш го зграпчија, го соблекоа и страшно го тепаа, па му рекоа:

- Ова го доби за својата безочност и дрскост и затоа што во Христа веруваш. Ако не се одречеш од Христос, главата ќе ти биде отсечена, и твоето тело ќе биде фрлено на рибите да го изедат.

Но, бидејќи светиот маченик не сакаше да се одрече од Христа Бога, тие веднаш му ја отсекоа главата а телото му го фрлија во морето.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦИ КАРЕЈСКИ (Светогорски)

Светите Преподобномаченици Карејски, и останатите кои живееја во разни ќелии на Света Гора Атонска, пострадаа од папистите во времето на унијата, која ја створи со римскиот папа византискиот цар Михаил Палеолог (1260-1281 г). Првиот меѓу нив беше обесен, а останатите со меч посечени.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ФИЛОТЕЈ КАРЕЈСКИ

Нашиот преподобен отец Филотеј се подвизувал во Карејската келија, наречена Јагар; бил старец на преподобниот Нектариј Битолски и за чистотата и светоста на својот живот се удостоил од Бога на дарот на прозорливоста. Се упокоил во мир.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДИОГЕН

Овој свети маченик бил каменуван за верата во Господа Христа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АВЕРКИЈ

Светиот маченик Аверкиј пострадал за Христа посечен со меч.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ НОН

Свето живеел и во мир се преставил.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ГРАТОС

Водел ангелски живот и се упокоил во Господа.