19. Декември  (6. Декември)

ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ НИКОЛА ЧУДОТВОРЕЦ, архиепископ Мирликиски  

Светителот Христов, Никола, големиот Чудотворец, брзиот помошник и прекрасниот посредник наш пред Бога, го одгледа Ликијската земја. Се роди во градот Патара. Неговите родителите Теофан и Нона беа луѓе познати, благородни, правоверни и богати. Овој благословен пар за својот богоугоден живот, голематата милостиња и доблест се удостои, како свет корен, да произведе света фиданка, и како дрво посадено крај поток, да донесе род во свое време. Кога се роди ова благословено дете, му го дадоа името Никола, што значи победник на народите. И тој, по благословот Божји навистина се покажа победник над злото, за доброто на целиот свет. Неговата мајка Нона, како што го роди, веднаш се ослободи од болките и од тогаш стана неротка. Со тоа самата природа како да сведочеше дека оваа жена не може да роди друг таков син: Никола требаше да биде прв и последен. Уште во утробата на својата мајка осветен со боговдахновена благодат, тој, штом почна да живее почна и Бога побожно да Го почитува, штом почна да цица почна и чуда да твори, штом почна да јаде, почна и да пости. Зашто тој уште по своето раѓање, во купелта на крштението стоеше три часа на своите нозе сам, не придржуван од никого, оддавајќи Ѝ со тоа стоење почитување на Пресветата Троица, на Која тој подоцна требаше да Ѝ биде голем служител и претстојател. Во него можеше да се препознае идниот чудотворец и по начинот на кој ги прифаќаше мајчините гради. Не цицаше како останатите деца од двете мајчини дојки, туку само од десната, означувајќи со тоа дека ќе стои од десната страна на Господа, заедно со праведниците. Исто така тој почна да се истакнува и како вонреден постник, зашто во среда и петок цицаше само еднаш, и тоа навечер, по завршувањето на вообичаеното вечерно молитвено правило на родителите. На тоа неговите родители многу се чудеа, и предвидуваа дека нивниот син во иднина ќе биде строг испосник. Навикнувајќи се на такво воздржание уште од пелени, блажениот Никола целиот свој живот го помина во строг пост секоја среда и петок. Растејќи со годините, детето растеше и со разумот и се восовршуваше во доблестите, на што го учеа неговите побожни родители. И беше тој како родна нива, која доброто семе го прима во себе и го расне со поуките и секој ден носи нови плодови на добродушноста.  

Кога дојде времето, Никола беше даден да го изучува Светото Писмо. Со природната бистрина на својот ум, и со раководството на Светиот Дух, тој за кратко време стекна голема мудрост и во книжевното учење покажа толку голем напредок колку што му беше потребен на добриот кормилар на Христовиот кораб. Станувајќи совршен во речта и учењето, се покажа совршен и во животот. На секој можен начини ги одбегнуваше суетните пријатели и празните разговори, одбегнуваше разговор со жени, па дури се чуваше и да не погледне во нив. Негуваше тој во себе вистинска целомудреност, со чистиот ум постојано соѕерцавајќи Го Господа и ревносно посетувајќи ја светата црква, според зборовите на Псалмопевецот кој вели: „Сакам да бидам во домот на мојот Бог“ (Пс. 83, 11). Многу пати тој минуваше во црквата по цели денови и ноќи во богомислена молитва и во читање на Божествени книги, учејќи се на духовното знаење, богатејќи се со Божествената благодат на Светиот Дух, и подготвувајќи се за Негово достојно живеалиште, според зборовите на Светото Писмо: „Вие сте храм Божји и духот Божји живее во вас“ (1 Кор. 3, 16). И Духот Божји навистина живееше во ова доблесно и чисто момче; и тој сиот беше духовен, со духот горејќи и на Господа служејќи Му. Во него не се забележуваа никакви навики својствени на младоста. Напротив, со своето однесување тој личеше на старец, поради што сите го обожаваа и му се восхитуваа. Зашто ако стар човек се однесува како момче - служи за потсмев, но ако момче се однесува како старец, тогаш сите го почитуваат и му се вохитуваат. Недолична е во староста младост, но прекрасна и достојна за почитување е во младоста старост.

Чичкото на блажениот Никола беше епископ на градот Патара, и тој се викаше Никола. Всушност, неговото име и му беше дадено на момчето. Чичкото епископ, гледајќи дека неговиот внук напредува во доблесниот живот и со сета душа го одбегнува светот, ги посоветува неговите родители да го дадат во служба на Бога. Тие го послушаа и го подарија на Господа, чедото кое го беа примиле од Него како дар. Зашто во древните книги за нив се вели дека биле бездетни, и веќе не се надевале дека ќе имаат деца, но по многуте молитви, солзи и големата милостиња, измолиле за себе син од Бога и сега не жалеа да Му го принесат како дар на Дародавецот. Епископот, примајќи го овој млад старец, со седост на мудроста и со возраст на староста и со живот беспрекорен, го произведе во презвитерски чин. Кога го ракополагаше блажениот Никола за свештеник, тој, исполнет со Светиот Дух, му се обрати на народот во црквата и пророкуваше, говорејќи: „Еве, браќа, гледам ново сонце кое се раѓа над земјата и им јавува со себе милостива утеха на несреќните. О, блазе си му на стадото што ќе се удостои да го има за свој пастир. Зашто тој добро ќе ги пасе душите на заблудените, ќе ги прехрани на пашата на побожноста и ќе биде усрден помошник на оние во неволји и опасности“. Ова пророштво подоцна навистина се исполни, како што ќе се види понатаму.

Примајќи го свештеничкиот чин, свети Никола додаваше труд на труд, бдеејќи и пребивајќи во непрестајна молитва и пост, и се трудеше во своето смртно тело да се угледува на бестелесните Небесни Сили. Така, водејќи рамноангелски живот, и сѐ повеќе расцветувајќи со душевна убавина, тој се покажа достоен да управува со Црквата. Во тоа време неговиот чичко, епископот Никола намислувајќи да патува во Палестина, за да се поклони на тамошните Свети Места, управата на црквата му ја довери на својот внук, ерејот Божји, свети Никола.  

Застапувајќи го својот чичко, светиот Никола за сите црковни работи се трудеше како и епископот. Во тоа време неговите родители преминаа во вечниот живот. Свети Никола го наследи нивниот имот и започна да го раздава на потребитите. Тој не се грижеше за земното богатство, ниту се грижеше да го зголеми. Напротив, одрекувајќи се од сите желби на овој свет, тој со сето свое битие се трудеше себе си да се предаде на единствениот Бог, и копнееше кон Него: „Кон Тебе, Господи, ја издигнувам душата своја. Научи ме да ја исполувам волјата Твоја, зашто Ти си мојот Бог. Кон Тебе сум приврзан уште од зачнувањето мое; од утробата на мајката моја Ти си мој Бог“ (Пс. 24, 1; Пс. 142, 10; Пс. 21, 10). И неговата рака беше подадена кон потребитите, и на нив излеваше пребогата милостиња, како река обилна со вода. Еве едно од многуте милосрдни дела негови.

Во градот Патара живееше некој човек, познат и богат, кој подоцна многу осиромаши и стана беден, зашто животот во овој век е непостојан. Тој човек имаше три ќерки, кои беа многу убави. А кога немаштијата стана толку голема што немаа ни што да јадат, ни што да облечат, тој намисли куќата да ја претвори во блудилиште и своите ќерки во блудници, за на тој начин да стекне средства за набавка на храна и облека за себе и ќерките. О, несреќа! Кон колку недолични помисли води тешката сиромаштија! Привикнувајќи се на оваа ѓаволска замисла, овој човек почна да помислува да ја спроведе на дело. Но, себлагиот Господ, Кој не сака да гледа како човекот пропаѓа и човекољубиво ни помага во неволјите, стави добра мисла во срцето на угодникот Свој, светиот ереј Никола, и со тајно вдахновение го испрати на помош кај човекот кој со душата пропаѓаше, да го утеши во сиромаштијата и да го попречи во падот во грев. Слушајќи за крајната беда на тој човек и по Божјо откровение дознавајќи за неговата зла намера почувствува длабоко сожалување и реши со својата добротворна рака да го извлече, заедно со ќерките, од бедата и од гревот како од оган. Сепак, не сакаше да отиде и јавно да стори добро, туку тајно. Така постапи од две причини. Првата, за да ја одбегне суетната човечка слава, според Евангелските зборови: „Гледајте да не ја покажувате својата праведност пред луѓето“ (Мт. 6, 1), и втората, за да не го засрами човекот, кој некогаш бил богат, па западнал во голема сиромаштија. Зашто свети Никола знаеше колку му е тешка милостињата на човек кој некогаш бил богат па западнал во сиромаштија, бидејќи таа го потсетува на поранешната благосостојба. Затоа свети Никола реши да постапи според зборовите Господови: „Да не знае твојата лева рака што прави десната“ (Мт. 6, 3). Толку ја одбегнуваше тој човечката слава, што сакаше да се сокрие и од оној на кого му чини добро. Затоа зеде големо ќесе со злато, отиде кај домот на тој човек, го фрли внатре низ прозорче и брзо замина. Утредента тој човек стана, го најде ќесето и го одврза. Кога го виде златото се запрепасти и едноставно не можеше да поверува дека тоа навистина е злато, бидејќи од никаде не очекуваше добрина. Потоа, пипкајќи ги и разгледувајќи ги златниците, конечно се увери дека се вистински. Израдуван и восхитен, од радост плачеше и долго размислуваше кој би можел да му стори такво доброчинство; но ништо не можеше да смисли. Затоа, го припиша ова на промислата Божја, и постојано во душата му благодареше на својот добротвор, благодарејќи Му на Бога, Кој се грижи за сите. Потоа ја омажи својата најстара ќерка, и ѝ го даде како мираз златото што го доби на чудесен начин.  

Свети Никола дозна за тоа, и му беше мило што човекот постапи така, па го засака и реши таква милост да ѝ стори и на втората ќерка, со желба со законит брак и неа да ја сочува од гревот. Затоа подготви и друго ќесе со злато, исто како првото, и ноќе, за никој да не го види, го фрли низ истото прозорче во домот на тој човек и си замина. Кога бедниот утредента стана, повторно најде ќесе со злато. И повторно започна да се чуди на тоа. Падна ничкум на земјата и низ обилни солзи говореше: „Боже и љубителу на милоста, Строителе на нашето спасение, Ти најпрво ме искупи со крвта Своја, а сега и домот мој и децата мои со злато ги избавуваш од вражјите замки. Самиот Ти покажи ми го милосрдниот слуга на волјата Твоја и на човекољубивата добрина Твоја. Јави ми го тој земен ангел, кој нѐ чува од гревовна погибел, за да дознам кој нѐ спасува од убиствената немаштија и од злите замисли и намери. Зашто ете, Господи, според милоста Твоја, што тајно ми ја врши дарежливата рака на, за мене непознатиот угодник Твој, јас можам и втората ќерка да ја омажам според законот и така да ги одбегнам замките на ѓаволот, кој сакаше со погана заработка да ја зголеми и без тоа големата моја погибел“.  

Така помолувајќи се на Господа и благодарејќи на Неговата добрина, тој човек ја омажи и својата втора ќерка. Надевајќи се во Бога, тој во себе негуваше голема надеж дека Бог и неговата трета ќерка ќе ја згрижи и ќе ѝ даде законски сопруг, повторно преку раката на непознатиот добротвор. И таткото, за да дознае кој и од каде му носи злато, стражареше, не би ли се удостоил да го види својот добротвор. И, не помина долго време и очекуваниот добротвор се појави. Христовиот угодник Никола и по трет пат дојде тивко, и застанувајќи на вообичаеното место, низ истото прозорче фрли исто такво ќесе со злато и веднаш поита кон својот дом. Кога го слушна звекотот на златото, таткото на трите девојки колку што можеше побргу се стрча по угодникот Божји. Кога го стигна го препозна - зашто светителот на сите им беше познат по своите доблести и по знаменитоста на своето потекло - падна пред неговите нозе, и бакнувајќи ги, го нарекуваше избавител, помошник и спасител на душите, кои беа на работ на пропаста. При тоа го рече и ова: „Ако големиот во милоста Своја Господ не ме подигнеше со твоето милосрдие, одамна јас со своите несреќни ќерки ќе пропаднев во огнот Содомски. Сега ние од тебе сме спасени и од ужасниот пад во грев избавени“.  

И уште многу, со солзи му зборуваше тој на светителот, кој едвај го подигна од земјата и со многу заклетви го заколна додека е жив никому да не каже што стана со него. Му кажа и многу душекорисни поуки и го отпушти.

Раскажавме само едно од многуте милосрдни дела на Божјиот угодник, за да дознаеме колку беше милостив спрема сиротите. Би ни недостигало време да зборуваме подробно за тоа колку беше милостив кон неволните, колку гладни нахрани, колку голи облече, колку од нив откупи од доверителите.  

Потоа преподобниот отец Никола посака да појде во Палестина, за таму да ги види и да се поклони на местата каде што нашиот Господ Исус Христос одеше со Своите пречисти нозе. Кога коработ пловеше кон Египет и патниците не знаеја што ќе ги снајде, свети Никола провиде дека набрзо ќе настане бура и невреме и ги извести своите сопатници, велејќи им дека го виде ѓаволот како влегува во коработ, со желба да го потопи и сите патници со него. И во тој час небото се покри со облаци, се смрачи и се крена страшна бура на морето. Патниците многу се исплашија и го молеа светителот да им помогне да не загинат на морската пучина; и говореа: „Ако ти светителу Божји не ни помогнеш со своите молитви кон Бога, ќе потонеме и ќе изгинеме“. Заповедајќи им да бидат храбри и сета надеж да ја положат на Бога, и без сомнеж да очекуваат брзо спасение, започна усрдно да се моли на Господа. И морето веднаш се скроти, и настана целосна тишина и сеопштата жалост се претвори во радост. Патниците Му благодареа на Бога и на Неговиот угодник, свети Никола. И двојно се восхитуваа: и на пророкувањето за бурата и на избавувањето од опасноста. После тоа, еден морнар се качи на јарболот за таму нешто да уреди и симнувајќи се, се подлизна и падна среде коработ и толку се повреди што веднаш издивна. А свети Никола спремен да помогне и без повик, го воскресна со молитва и го крена од мртвите како од сон, и жив им го предаде на морнарите. Потоа ги распнаа едрата и со благ ветер непречено стигнаа на брегот на Александрија. Тука угодникот Божји, светиот Никола исцели многу болни и бесомачни, утеши нажалени, па си го продолжи патот за Палестина.  

Кога стигна во Ерусалим се искачи на Голгота, каде нашиот Бог Христос го изврши спасението на човечкиот род кога ги рашири Своите пречисти раце на крстот. Тука угодникот Божји излеа топли молитви од срцето што гореше од љубов, вознесувајќи Му благодарност на нашиот Спасител. Ги посети сите Свети Места, насекаде усрдно се поклонувајќи се. И кога ноќе сакаше да влезе во светата црква, заклучените црковни врати сами се отворија, давајќи му непречен влез на оној на кого и небесните врати му беа отворени. Откако помина долго време во Ерусалим, свети Никола се подготвуваше да оди во пустината, но беше задржан од Божествен глас од небото, кој го советуваше да се врати во својата татковина. Затоа што Господ Бог, Кој сѐ уредува за корист на душата, не сакаше во пустината под капак да остане светилникот кој Он го подготви да свети на свеќникот на Ликијската митрополија. Најде лаѓа и угодникот Божји се договори со морнарите да го превезат во неговата татковина. Но, тие намислија да го измамат и го управија коработ на друга страна. Кога испловија од пристаништето, свети Никола забележа дека коработ не плови кон неговата татковина, па падна пред нивните нозе и ги молеше да свртат кон Ликија. Тие не обрнаа никакво внимание на неговата молба ами продолжија во истиот правец, без да знаат дека Бог нема да го остави Својот угодник во мака. Одеднаш дувна некој силовит ветер, го сврте коработ на другата страна и брзо го понесе кон Ликија, заканувајќи им се на злите морнари со пропаст. И така носен со Божествена сила по морето, свети Никола стигна во својата татковина. Незлобив, тој ништо лошо не им стори на злонамерниците, ниту се разгневи на нив, ниту ги прекори, туку со благослов ги отпушти во нивниот крај. Самиот пак отиде во манастирот, основан од неговиот чичко и наречен Свети Сион. Тука на сите браќа свети Никола им беше многу мил собрат.  

Примајќи го со голема љубов како ангел Божји, тие се насладуваа на неговите боговдахновени зборови и се надградуваа со неговиот рамноангелски живот, се угледуваа на неговите прекрасни навики, со кои Бог го украси прекрасниот слуга. Откако си најде во овој манастир место за безмолвно живеење, осаменичко тивко молитвено пристаниште за богоразмислување, свети Никола се надеваше останатото време од својот живот да го помине тука безизлезно. Но, Бог му покажуваше друг пат, зашто не сакаше толку богатата ризница од доблести, од која требаше да се обогати светот, да остане заклучена и сокриена во манастирот, како богатство закопано во земја, туку таа ризница да биде отворена за сите, за со нејзиното богатство да се врши духовната трговија со која се стекнуваат многу души. Еднаш додека светителот стоеше на молитва, слушна глас од висините: „Никола, појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш овенчан од Мене“.

Никола се запрепасти и започна да размислува што сака и што бара тој глас од него. И повторно чу глас кој говореше: „Никола, не е овде нивата на која треба да го донесеш плодот што го очекувам, туку сврти се кон луѓето и појди во светот, за во тебе да се прослави името Мое“.   

Тогаш му стана јасно дека Господ бара од него да го остави подвигот на безмолвие - подвигот на осаменичко молитвено тихување - и да оди да служи за спасението на луѓето. И почна да размислува на која страна да појде: дали во својот град Патара или на друго место. И, избегнувајќи ја суетната слава во средината меѓу своите сограѓани, реши да отпатува во град, каде што никој не го познава.

Во тој Ликиски крај беше градот Мира, метрополата на цела Ликија. Отиде Никола во Мира, воден од Божјата промисла. Таму никој не го познаваше и живееше како просјак, немајќи каде глава да засолни. Единствено во домот Господов наоѓаше засолниште, имајќи во Бога единствено пристаниште. Во тоа време се претстави архиерејот на тој град Јован, архиепископ и првопрестолник на целата Ликијска земја. Затоа во Мира се собраа сите епископи на Ликија, за да изберат нов достоен маж. Имаше многу угледни и благоразумни луѓе како кандидати за архиепископскиот престол. Бидејќи при изборот имаше големо несогласување, некои, поттикнати од божествена ревност, изјавија: „Изборот на епископ за овој престол не е работа на луѓето туку на Божјата промисла. Затоа треба да се оддадеме на молитвата, за Господ да ни јави кој е достоен да биде пастир на цела Ликија“.

Овој предлог наиде на сеопшто одбрување и сите се предадоа на усрдна молитва и пост. А Господ, исполнувајќи ја волјата на оние кои Му се бојат, ја откри Својата блага волја на најстариот епископ на следниот начин. Кога овој епископ стоеше на молитва, му се јави светлоносен маж и му нареди да појде ноќе, да застане крај црковните врати и да набљудува кој прв ќе влезе во црквата, велејќи му: „Тој и е - рече светлоносниот маж - мојот избраник. Примете го со чест и поставете го за архиепископ. Се вика Никола“.  

За ова свое Божествено видение епископот ги извести останатите епископи. А тие ги удвоија своите молитви. Епископот, кој се удостои на ова откровение застана на местото што му беше покажано во видението и го чекаше очекуваниот маж. Кога дојде време за утринската богослужба, свети Никола поттикнат од Духот дојде во црквата пред сите, зашто имаше обичај: да стане во полноќ на молитва и пред останатите да доаѓа на утринските богослужби. Штом светителот влезе во тремот, епископот кој беше удостоен со видение го застана и го праша: „Чедо, како се викаш?“Свети Никола молчеше. Епископот повторно го праша истото и светителот кротко и тивко му одговори: „Името ми е Никола. Слуга сум на светињата твоја, владико“.

Благочестивиот епископ, кога ги слушна толку кротките и смирени зборови, препозна како по самото име што му беше кажано во видението, така и по смерноста и кроткоста на одговорот, дека тој е мажот кого Бог го сака за првопрестолник на Мирската црква. Зашто знаеше од Светото Писмо дека Господ погледнува на смирените, кротките и молчаливите и на оној кој трепери од неговите зборови. И се израдува епископот многу, како да добил некоја тајна ризница. И веднаш го фати за рака и му рече: „Чедо, ајде со мене“. И со чест го доведе кај епископите. А тие исполнувајќи се со божествена сладост и духовна утеха што го најдоа преку самиот Бог, го одведоа во црквата.

Гласот за тоа многу брзо се пронесе на сите страни и побрзо од птици во црквата се собра многу народ. Епископот кој се удостои на видението, обраќајќи им се на сите, со силен глас рече: „Примете го, браќа, својот пастир, кого вам ви го помаза Духот Свети, и кому Он му ја довери грижата за вашите души. Него го постави самиот Бог а не народното собрание. Затоа сега го имаме оној што го баравме. Под негова управа и раководство нема да се лишиме од надежта радосно да излеземе пред Бога, во денот на Неговото јавување и откривање“.

Сиот народ Му благодареше на Бога и многу се радуваше. Свети Никола долго одбиваше да го прими епископскиот чин. Најпосле, по многуте усрдни молби од соборот на епископи и сиот народ, стапи на архиерејскиот престол, против своја волја. На тоа беше поттикнат и со Божественото видение што го имаше пред смртта на архиепископот Јован. За тоа видение цариградскиот патријарх свети Методиј вели:

- Една ноќ свети Никола го видел Спасителот наш во слава, како стои близу до него и му дава Евангелие, украсено со злато и бисери. Од другата своја страна свети Никола ја видел Пресвета Богородица, Која на рамењата му ставала омофор. Неколку дена по тоа видение се претстави Мирскиот епископ Јован и Никола беше поставен за архиепископ на тој град.

Сеќавајќи се на видението и гледајќи го во него благоволението Божјо, свети Никола прифати. Соборот на епископи со сиот клир го изврши неговото посветување. И сите радосно празнуваа за Богодадениот им пастир. Така Црквата Божја го прими блескавиот светилник, кој не остана под капак, туку беше поставен на доличното и пастирско место. Свети Никола блескаше и правилно управуваше со словото на вистината и мудро ги учеше верните на животот во Светата Вера.

На почетокот на своето пастирствување угодникот Божји вака си зборуваше на себе: - Никола, овој чин и ова место бараат од тебе повеќе да не живееш за себе туку за другите.

Сакајќи верните да ги научи на доблестите, тој повеќе не го криеше своето живеење во доблестите. Порано тајно Му служеше на Бога, Кој единствено ги знае неговите подвизи. Но сега, на функцијата архиереј, неговиот живот стана јавен за сите, не од суета пред луѓето туку за нивна корист и зголемување на славата Божја, за да се исполни реченото во Евангелието: „Така да се светли виделото ваше пред луѓето, да ги видат вашите дела, и да се слави Отецот ваш Кој е на небесата“ (Мт. 5, 16), Споти Никола беше за ствоето стадо огледало за сите добри дела, и според зборовите на апостолот пример на верните со збор, со животот, во љубовта, во духот, во верата, во чистотата“ (Тим. 4, 12). По карактер беше кроток, незлобен, со смирен дух, одбегнувајќи го секое зло. Неговата облека беше проста, храната испосничка, која ја земаше еднаш дневно и тоа навечер. Целиот ден го минуваше по дела долични на неговиот чин, сослушувајќи ги молбите и потребите на дојдените. Вратите на неговиот дом беа отворени за сите. Беше добар и многу достапен за сите, татко на сиротите, милостив давател на ништите, утеха на расплаканите, помошник на потчинетите и голем добротвор на сите. Како помошници во црковното управување си избра двајца доблесни и благоразумни советници, почестени со презвитерскиот чин. Тоа беа двајцата познати мажи: Павле Родоски и Теодор Аскалонски.

Така свети Никола прекрасно го пасеше довереното стадо на словесните овци Христови. Но, завидливот ѓавол, кој никогаш не престанува да војува против слугите Божји, не можеше да го поднесе цветањето на побожноста меѓу луѓето и крена гонење против Црквата Христова преку незнабожните римски цареви Диоклецијан и Максимијан. Во тоа време од овие цареви излезе наредба по целото царство христијаните да се одрекуваат од Христа и да им се поклонуваат на идолите. Непокорните насилно да се присилуваат со окови, темници, тешки мачења, и најпосле со смртна казна. Таа злосилна бура, стварана од љубителите на мрачното безбожие, наскоро го зафати и градот Мира. Блажениот Никола, како раководител на сите христијани во тој град, слободно и бестрашно ја проповедаше Христовата вера и беше подготвен да пострада за Христа. Заради тоа беше фатен од безбожните мачители и затворен во темница со многу христијани. Во темницата остана долго, поднесувајќи многу зла, трпејќи глад и жед и сите тешкотии во темницата. Своите созатвореници ги хранеше со зборот Божји и ги поеше со слатката вода на побожноста. Ја зајакнуваше во нив верата во Христа Бога, утврдувајќи ги на цврст темел и ги убедуваше да бидат цврсти во исповедањето на Христа и сесрдно да страдаат за вистината.

Потоа христијаните повторно добија слобода и благочестието блесна како сонце после темни облаци и настапи како некое тивко заладување после бура. Господ Христос човекољубиво погледна на Своите достојни, ја уништи власта на незнабошците, ги исфрли од царскиот престол Диоклецијан и Максимијан, ја разори силата на ревнители на безбожието. Со јавувањето на Крстот Свој на Константин Велики, на кого му ја врачи Римската држава, Господ Бог го „подигна рогот на спасението“ на луѓето Свои. Царот Константин, кога Го позна единствениот Бог и ја положи сета надеж во Него, со силата на Чесниот Крст ги победи сите свои непријатели и откако нареди сите идолски храмови да се срушат, а христијанските цркви да се воспостават, тој ја развеа празната надеж на своите претходници. Ги ослободи од темниците сите затворени заради Христа и им оддаде големи пофалби како храбри војници. Исповедниците Христови се враќаа во своите татковини. Тогаш се врати во Мира и големиот архиереј Никола, со намера маченик и без крв овенчан.

Имајќи ја во себе благодатта Божја, свети Никола како и порано ги исцелуваше страстите и болестите кај луѓето, не само кај верните туку и кај неверните. Поради големата благодат Божја во него, сите му се восхитуваа, го славеа и многу го сакаа. Блескаше со чистотата на срцето, беше украсен со сите дарови Божји, служејќи Му на својот Господ во светост и правда.

Во тоа време сѐ уште имаше многу незнабожечки идолишта, за кои беа приврзани незнабожните луѓе со демонска љубов, та многу жители од градот Мира пропаѓаа. Архиерејот на Бога Севишниот, ревносен за Бога, ги посети сите тие места, рушејќи ги идолите и во прав претворајќи ги, и така чистејќи го своето стадо од нечистотијата. Така војуваше против злите духови и дојде во храмот на Артемида, кој беше огромен и богато украсен, на демоните пријатно живеалиште. Свети Никола до темел го сруши тој храм, високата градба ја срамни со земјата, го раскопа темелот и го развеа во воздухот, нафрлајќи се повеќе на демоните отколку на самиот храм. Злите духови не можеа да го поднесат неговото доаѓање и бегаа гонети од оружјето на молитвата на непобедливиот војник Христов.

Благоверниот цар Константин, за да ја утврди Христовата вера нареди во градот Никеја да се одржи Вселенски Собор. Светите Отци се собраа, го изложија правото учење на верата, а Аријанската ерес и самиот злоумен еретик Арија го проколнаа. Кога исповедаа дека Синот е Совечен со Отецот и дека на Синот и Отецот им припаѓа еднаква чест, светите Отци воспоставија мир во светата Божествена Апостолска Црква. На тој Собор меѓу 318 свети Отци беше и свети Никола. Тој Јуначки се држеше против безбожното аријанско учење и заедно со светите Отци на Соборот ги утврди и им ги предаде на сите догматите на Православната вера. За свети Никола инокот на Студитскиот манастир Јован, раскажува вака: „Понесен од Божествена ревност, како втор пророк Илија, тој среде Соборот го посрами еретикот Арија, не само со збор туку и на дело, удирајќи му шлаканица. Поради тоа светите Отци изнегодуваа против светителот и решија за таквото дрско дело да го лишат од архиерејскиот чин. Но, самиот наш Господ Исус Христос и Преблагословената Мајка Негова, гледајќи ги од небото подвизите на светителот, ја одобрија неговата храбра постапка и ја пофалија неговата Божествена ревност. За тоа некои од светите Отци на Соборот го имаа истото видение на кое што се удостои и самиот светител уште пред своето поставување за архиереј. Тие видоа како од десната страна на светителот стои Господ Христос со Евангелие, а од другата Пречиста Дева Богородица со омофор, и му ги враќаат и даваат на светителот знаците на неговиот чин, кои му беа одземени. Со тоа видоа дека постапката на светителот Му е угодна на Бога и Отците престанаа да го прекоруваат туку му укажаа достојна почит како на голем угодник Божји“.

Кога се врати од Соборот кај своето духовно стадо, свети Никола му донесе мир и благослов. Со својата медоточива уста, тој му го предаде на сиот народ здравото учење, во корен го отсече нездравото и туѓо учење, а закоравените и злобни еретици ги изобличи и протера од Христовото стадо. Како што мудриот земјоделец чисти сѐ што се наоѓа на гумното, собирајќи ги добрите зрна, а фрлајќи го плевелот, така и благоразумниот свети Никола ја полнеше духовната житница со добри плодови, а плевелот на еретичката заблуда го искоренуваше и отфрлаше. Затоа светата Црква и го нарекува лопата која го расфрла плевелот на ариевото учење. И тој навистина беше светлина на светот и сол на земјата, зашто и неговото живеење беше светло и зборот негов со солта на мудроста зачинет. Овој добар пастир могу се залагаше за своето стадо во сите негови неволји.

Еднаш во ликискиот крај настапи голем глад. Градот Мира многу оскудеваше со храна и луѓето многу се мачеа поради тоа. Од жал за луѓето кои умираа од глад, архиерејот Божји ноќе му се јави на сон на еден трговец, кој се наоѓаше во Италија и само што го беше натоварил коработ со жито со намера да отплови на друга страна, му даде три златника како капар и му нареди да оди во градот Мира и таму да го продаде житото. Кога се разбуди и ги виде во раката трите златника, трговецот се запрепасти и се восхитуваше на сонот, пропратен со појавата на златниците. Од таквото чудо тој веднаш отиде во градот Мира и го распродаде житото на тамошните жители, при што не го сокри од нив и јавувањето на свети Никола на сон. Граѓаните Му заблагодарија на Бога и го величаа својот чудесен хранител, големиот архиереј Никола.

Во тоа време настана побуна во голема Фригија. Кога дозна за тоа царот Константин испрати тројца подрачни војводи со војска да ја смират буната. Тие беа војводите Непотијан, Урс и Ерпилион. Веднаш заминаа од Цариград и се задржаа во едно пристаниште на Ликиската епархија, кое се викаше Адриатски брег. Тука имаше град. Од силната бура не можеа да продолжат и останаа да чекаат да се подобри времето. За тоа време некои војници излегуваа на брегот за купување на потребните работи, и многу нешта земаа насилно. Тоа се случувало често и жителите на градот беа многу натажени и на местото наречено Плакомат започнаа меѓу нив и војниците расправии, кавги и тепачки. Кога дозна за тоа свети Никола, веднаш дојде на тој брег да ги смири. На гласот за неговото доаѓање сите граѓани заедно со војводите излегоа да го пречекаат и да му се поклонат. Светителот ги праша војводите од каде доаѓаат и кај одат. Тие му рекоа дека од царот се испратени во Фригија, за да ја смират тамошната буна. Светителот ги посоветува своите војници да ги држат во послушност, за да не им прават лоши работи на луѓето. Потоа ги повика во градот и срдечно ги угости. Војводите ги казнија виновните војници, и така немирот помина и се удостоија на благослов од свети Никола.

Додека се случуваше тоа, од градот Мира дојдоа некои граѓани, ожалостени и расплакани. Тие паднаа пред нозете на светителот, го молеа да ги заштити невино осудените, низ солзи раскажувајќи му дека во негово отсуство игемонот Евстатиј, поткупен од завидливи и лоши луѓе, осудил на смрт тројца мажи од нивниот град, кои за ништо не се виновни. Нагласија дека поради тоа целиот град плаче и тагува, и го очекува неговото враќање, зашто ако тој бил таму, игемонот не би се осмелил да донесе таква пресуда.

Архијерејот Божји многу се натажи и заедно со војводите веднаш тргна на пат. Кога стигна во местото Лав, сретна некои патници и ги праша дали знаат нешто за тројцата осудени на смрт. Тие му одговорија дека ги оставиле на полето Кастор и Полукс, каде што ги влечеле на погубување. Тогаш свети Никола побрза да го спречи погубувањето на невините луѓе. Кога стигна на местото на казната, виде многу насобран народ а тројцата осудени, со рацете врзани позади и со покриени лица веќе се беа наведнале кон земјата и го очекуваа ударот од мечот. Светителот виде дека џелатот е свиреп и бесен, и веќе го извлекол мечот. Глетката беше ужасна и болна за сите. Тогаш светителот Христов ги спои кроткоста со јароста, слободно помина низ народот, без никаков страв го зеде мечот од рацете на џелатот, го фрли на земјата, и ги ослободи тројцата осудени мажи. Тој го стори тоа со голема бестрашност и никој не се осмели да го попречи, зашто неговиот збор имаше власт и неговото дејствување беше со Божествената сила. Тој беше голем пред Бога и пред сите луѓе. Спасените плачеа од радост а присутните му благодареа на светителот. Стигна таму и игемонот Евстатиј, и сакаше да му пристапи на угодникот Божји, но тој не го ни погледна. А кога му падна пред нозете, светителот го турна настрана, и му се закануваше со маки на овој свет, поради злоупотребата на власта и изјави дека ќе го тужи кај царот. Изобличен од својата совест и исплашен од заканите на светителот, игемонот со солзи бараше милост. Каејќи се за својата неправда и сакајќи да се помири со големиот Отец, тој ја префрлаше вината на градските старешини Симонид и Евдоксиј. Но, лагата не можеше да се сокрие, зашто светителот со сигурност знаеше дека игемонот, поткупен со злато, ги осудил невините луѓе на смрт. Тој долго, долго го молеше Христовиот угодник да му прости, и дури кога со големо смирение и многу солзи исповедаше дека е тоа негов грев, а не на некој друг, угодникот Христов му прости.

Кога го видоа сето тоа тројцата војводи што дојдоа со светителот, се восхитуваа на ревноста и благоста на големиот архиереј Божји. Потоа, откако се удостоија на неговите свети молитви и добија благослов, тргнаа за Фригија да ја извршат царската наредба. Брзо ја смирија буната, целосно ја завршија работата доверена од царот и радосни се вратија во Византија. Царот и сите велможи им укажаа голема чест и пофалби и ги удостоија на учество во царскиот совет. Но, лоши луѓе, од завидување на таквата слава на овие војводи, се кренаа против нив. Смислија лош план за нив и отидоа кај управникот на градот Евлавија и ги наклеветија, говорејќи: - Војводите не советуваат мудро, ниту со добро ќе се заврши нивниот совет, зашто како што слушнавме, тие воведуваат новотарии и спремаат зло против царот. Потоа му дадоа многу злато на епархот, за да го придобијат. Епархот му ја достави таа клевета на царот и тој без никакво иследување нареди да ги затворат во темница, од страв да не побегнат и да ја извршат својата лоша намера. И беа војводите во темницата без да знаат зошто се затворени, свесни дека за ништо не се виновни. По некое време клеветниците започнаа да стравуваат да не се обелодени нивната клевета и затоа отидоа кај епархот и го молеа да не ги остава толку долго живи туку што побрзо да ги осуди на смрт. Заплеткан во мрежата на златољубието, епархот веднаш се зафати со работа, веднаш се упати кај царот како весник на злото и излезе пред него невесел и со тажен поглед. Со тоа сакаше да покаже дека божем се грижи за животот на царот и дека целосно му е предан. Се трудеше да створи гнев кај него против невините војводи и започна ласкаво и лукаво да му зборува, тврдејќи: - Царе, ниту еден од заклучените во темницата не сака да се покае. Сите се упорни во својата лоша намера, и не престануваат да плетат замки против тебе. Затоа нареди веднаш да ги усмртат, за да не нѐ испреварат и да го извршат намисленото.

Вознемирен од ваквите зборови, царот веднаш ги осуди војводите на смрт. За тоа дозна стражарот на темницата. И откако насамо пролеа многу солзи поради стравотиите што ги очекуваа невините војводи, тој отиде кај нив и им рече: - Подобро да не ве запознаев и да не уживав во пријатниот разговор со вас и заедничката трпеза, зашто тогаш лесно ќе ја поднесев разделбата со вас, и немаше толку да страдам поради стравотиите што ве очекуваат. Утре ќе се разделиме. Тешко мене! Последна и горка разделба и јас повеќе нема да ги гледам вашите мили лица, ниту ќе ги чујам вашите гласови. Царот наредил да ве погубат. Оставете ми заветување што да се прави со вашите имоти додека има време и додека смртта не ве попречи да ја изразите својата волја.

Овие зборови стражарот ги изговори липајќи. Војводите знаеја дека ништо не му згрешиле на царот, па ги раскинаа облеките и си ги корнеа косите, велејќи:

- Кој непријател ни позавиде на нашиот живот? Зошто сме осудени како злосторници? Што сторивме, та да заслужиме смрт?

И ги повикуваа по име своите роднини и пријатели, земајќи го Бога за сведок дека не извршиле никакво зло. Тие горко плачеа. Но, едниот од нив, Непотијан, се сети на свети Никола, како тој во Мира ги спаси оние тројца мажи од смртта, па поразговараа за тоа и започнаа вака да се молат:

- Боже на Никола, Ти ги спаси тројцата мажи од неправедната смрт. Сега погледни и на нас, зашто меѓу луѓето ни нема помошник. Ете, нѐ снајде голема несреќа, и нема кој да нѐ спаси. Нашиот глас нѐ предаде пред излегувањето на душата и јазикот ни се исуши, горен од нашите маки, та не сме во состојба ни молитвата да Ти ја принесеме. Твоето милосрдие, Господи, брзо нека ни дојде на помош и нека нѐ грабне од рацете на оние што ги бараат нашите души. Утре сакаат да нѐ погубат. Побрзај ни на помош и спаси нѐ од смртта нас, невините!

Бог, Кој внимателно ги слуша молитвите на оние кои Му се молат и Му се плашат, им го испрати на осудените на помош Својот свет угодник, големиот архиереј Никола. Таа ноќ во сонот застана пред царот светителот Христов и му рече:

- Стани брзо и пушти ги од темницата трите војводи. Тие се наклеветени и невино страдаат. И светителот подробно му ја објасни на царот целата работа, па додаде:

- Ако не ме послушаш и не ги ослободиш, ќе кренам буна против тебе, слично на онаа во Фригија и ќе загинеш со лоша смрт.

Зачуден од таквата смелост, царот започна да размислува како овој човек се осмели ноќе во невреме да влезе во палатата и го праша:

- Кој си ти, да смееш такви закани да ни упатуваш нам и на нашата држава?

Овој одговори:

- Се викам Никола, архиереј сум на Мирската митрополија.

Царот се намурти, стана и започна да размислува што значи ова видение.

Меѓутоа истата ноќ светителот му се јави на сон и на епархот Евлавиј и му го рече за осудените истото како на царот. Кога се разбуди тој се исплаши и додека размислуваше за своето видение, кај него дојде пратеникот на царот и раскажа сѐ што видел царот во сонот. Епархот веднаш отиде кај царот и го извести за своето видение, па и двајцата многу се чудеа. Царот веднаш нареди да му ги доведат војводите од темницата и им рече:

- Со какви вражбини нѐ навлековте на такви соништа?

Јавениот маж многу се гневеше и ни се закануваше дека наскоро ќе предизвика буна против нас.

Војводите ништо не знаеја и се гледаа збунето. Кога го забележа тоа царот, кротко им рече:

- Не плашете се и кажете ја вистината.

Тогаш тие со солзи и липање започнаа:

- Царе, ние не знаеме за никакви вражбини, ниту сме подготвувале нешто лошо против тебе и твојата држава. Севидливиот Господ ни е сведок. Ако не е така и дознаеш нешто лошо за нас, немој да нѐ поштедиш ниту нас ниту целиот наш род. Ние од нашите татковци се научивме да го почитуваме царот и над сѐ да му бидеме верни. И сега ние верно го чуваме вашиот живот, својствено на нашиот чин, и одлучно ги вршиме задачите зададени од тебе. Сесрдно служејќи ти, ние ја задушивме буната во Фригија, го прекинавме меѓусебното непријателство, и својата храброст доволно ја покажавме на дело, како што за тоа сведочат оние на кои добро им е познато тоа. Твојата држава и порано нѐ опсипувала со почести, а сега со јарост се крена против нас и немилосрдно нѐ осуди на насилничка смрт. Сметаме дека страдаме единствено поради нашето усрдие кон тебе, поради тоа сме осудени и наместо славата и почестите што ги добивавме, нѐ стигна стравот на смртта.

Овие зборови го трогнаа царот и тој се покаја за својата непромислена постапка. Затрепери од судот Божји и се засрами од царската порфира кога виде дека тој, како законодавец над сите, донел незаконска одука. Сега милостиво и кротко разговараше со нив. Војводите со умиление го гледаа и ненадејно го видоа свети Никола кај седи покрај царот и со знаци им ветува прошка. Тоа го видоа само тројцата војводи. Тогаш тие се охрабрија и започнаа со силен глас:

- Боже Николаев, ти во градот Мира ги спаси тројцата мажи од неправедната смрт! Избави нѐ сега и нас, слугите Твои од оваа опасност!

Царот им ја прекина молитвата и ги праша:

- Кој е тој Никола и какви тоа мажи спасил? Раскажете ми за тоа

Непотијан му раскажа на царот сѐ по ред. Тогаш царот препозна дека тоа е свети Никола, големиот угодник Божји, се восхити на неговата бестрашност и голема ревност за обесправените, ги ослободи овие војводи и им рече:

- Животот ви го дарувам, не јас туку големиот слуга Господов Никола, кого вие го повикавте на помош. Појдете кај него и заблагодарете му се. А од мене кажете му вака: ете, ја исполнив твојата наредба. Затоа, Христов угоднику, не гневи се на мене.

Царот им врачи на војводите златно Евангелие, златна кадилница украсена со скапоцени камења и два свеќника и им нареди сето тоа да го предадат на Мирската црква. Така тројцата војводи, чудесно спасени, веднаш тргнаа на пат. Кога стигнаа во Мира, тие беа многу радосни и весели што се удостоија повторно да го видат светителот. Од сета душа му заблагодарија за неговата чудесна помош, раздадоа богата милостиња на ништите и неволните и среќно се вратија дома.

Такви се делата Божји, со кои Господ го возвелича угодникот Свој. Славата за него, како на крилја се разнесе на сите страни, преку морето и по целата вселена, така што немаше место каде не знаеја за големите и прекрасни чудеса на големиот архиереј, што ги вршеше со благодатта дарувана од Семоќниот Господ.

Еднаш патници, кои патуваа со кораб од Египет во Ликиската покраина, се најдоа во голема опасност од бура среде морето. Ветрот им ги раскина едрата, коработ се тресеше од страотните бранови и сите очајуваа за својот живот. Но, кога се сетија на големиот архиереј Никола, кого тие никогаш го немаа видено туку само чуле за него дека е брз помошник на сите што го повикуваат во неволјите, тие му се обратија со молитва за помош. Светителот веднаш им се јави, влезе на коработ и рече:

- Вие ме повикавте и еве јас ви дојдов на помош! Не плашете се!

И сите видоа дека тој го фати кормилото и започна да управува со коработ. Потоа им се закани на ветровите и морето, како некогаш нашиот Господ Исус Христос, Кој рекол: „Кој верува во Мене, делата кои Јас ги творам и тој ќе ги твори“.

Така верниот слуга Господов им заповедаше на морето и ветриштата и тие го слушаа. Потоа патниците непречено стигнаа во градот Мира, и отидоа да го видат оној што ги спаси од опасноста. Кога го видоа кај оди во црквата, тие го препознаа својот добротвор, па побрзаа, падна пред нозете негови и му благодареа. Прекрасниот Никола не само што ги спаси од телесната смрт, туку се погрижи и за нивното душевно спасение. Како проѕорлив, тој го виде во нив гревот на блудочинството, кој го отфрла човекот далеку од Бога и од исполнувањето на заповедите Негови, и им рече:

- Ве молам, чеда, поразмислете и исправете ги вашите срца и мисли за угодување на Бога. Ние можеме од сите луѓе да се сокриеме и да се сметаме за добри, но од Бога не можеме ништо да сокриеме. Затоа погрижете се со сето срце да ја сочувате светоста на душата и чистотата на телото. Божествениот апостол Павле вели: „Вие сте храм Божји; ако некој го расипе храмот Божји, и Бог него ќе го расипе“ (Кор.3 16.17)

Откако ги поучи тие луѓе со душекорисни зборови, светителот ги отпушти со мир. Беше чедољубив татко и лицето му блескаше со Божествената благодат како кај ангел Божји. Од неговото лице како од лицето на Мојсеј излегуваа некакви пресветли зраци и голема корист беше за сите да го видат. И на секој, обземен од каква било страст или мака душевна, му беше доволно само да погледне во светителот и веднаш ја добиваше потребната утеха. И секој што ќе поразговараше со него добиваше голем успех во доброто. И не само христијаните туку и неверните, кога имале шанса да ги слушнат неговите слатки и медени зборови, се исполнувале со умиление и згазнувале на патеката на спасението, отфрлајќи ги одамна вкоренетите зла на неверието и примајќи ги во срцето вистинските зборови на вистината.

Големиот угодник Божји поживеа многу години во градот Мира, блескајќи со божествена убавина, според зборовите на Светото Писмо: „Како утринска звезда среде облаци, како полна масечина во деновите свои, како сонце кое блеска на храмот на Бога Севишниот, како крин крај извор вода и како скапоцено миро, кое ги намирисува сите“ (Ис. Сирах. 50, 6. 7. 8). Во длабока старост светителот го исплати заедничкиот долг на човечката природа, откако претходно малку боледуваше со телото. Добро го заврши временскиот живот и со радост и псалмопеење премина во неостарливиот и блажен живот, спроведуван од свети Ангели и пречекан од собор на Светители. На неговиот погреб се собраа епископите од Ликиската област со сиот клир и монаси, и многуброен народ од сите градови. Чесното тело на светителот со чест беше положено во соборната црква на Мирската митрополија, во шестиот ден на месец декември. И се случуваа мнгу чудеса од светите мошти на угодникот Божји. Неговите мошти точеа благомирисно и целебно миро, со кое болните се помазуваа и здравје добиваа. Од таа причина кај неговиот гроб луѓето се собираа од сите краишта на земјата, барајќи исцеленија за своите болести, не само телесните туку и духовните, и се истеруваа злите духови. Светителот не само за време на животот туку и по претставувањето се нафрлаше на демоните и ги победуваше, како што ги победува и денес.

Едни богобојазливи луѓе, кои живееја крај устието на реката Танаиса, слушнаа за мироточивите и целебни мошти на светителот Христов Никола, кои почиваат во Ликискиот град Мира, и се договорија по море да отпатуваат таму за да им се поклонат. Но, злиот дух, кого порано свети Никола го избрка од идолиштето на Артемида, кога виде дека коработ се подготвува да тргне кај овој голем отец, а лут на него што му го сруши храмот и го избрка од таму, подготви осветнички план. Да ги спречи овие луѓе од намерениот пат и да ги лиши од светињата. Затоа се претвори во жена, со сад во раката, полн со елеј, и им рече на тие луѓе:

- Би сакала овој сад да го однесам на гробот на светителот, но многу се плашам да патувам по море. Затоа ве молам земето го, однесете го на гробот на светителот и налејте елеј во кандилото.

Со тие зборови демонот го предаде на богољупците тој сад. Не се знае со какви демонски вражбини бил помешан тој елеј, но несомнено бил наменет да им наштети на патниците и да ги погуби. Тие пак, без да знаат за неговото убиствено дејство, го зедоа, тргнаа и целиот тој ден добро патуваа. Но, изутрината дувна северен ветер и започна да им ја отежнува пловидбата. Пловеа многу денови и ноќи со големи тешкотии, го изгубија трпението од долготрајната бура и одлучија да се вратат назад. Кога го свртуваа коработ назад, пред нив се појави свети Никола во мал чамец и им рече: - Каде патувате, луѓе? Зошто се откажавте од патот и се враќате назад? Во ваши раце е да ја стишите бурата и да овозможите сигурна пловидба. Во тоа ве попречи ѓаволот. Садот не ви го даде жена туку ѓаволот. Фрлете го во морето и веднаш ќе пловите непречено.

Луѓето го фрлија садот во морето и од него веднаш пламна црн чад и пламен и воздухот се исполни со силна смрдеа, а морето се раздели, водата зовре и клокотеше во длабочините. Водените капки беа како огнени искри. Луѓето ги обзеде ужасен страв и започнаа да бараат помош. Јавениот им рече да не се плашат, па го смири морето и им уреди безбедна пловидба кон Ликија. Тие се поклонија на мироточивите мошти на брзиот свој помошник и заштитник, Му заблагодарија на семоќниот Бог и му отслужија молепствие на големиот отец Никола. Потоа се вратија во својата земја и на сите им раскажуваа што им се случи по патот.

Многу големи и преславни чудеса  направи и на земјата и по морето овој голем угодник Божји. Помагајќи во неволјите, спасувајќи од потопување, вадејќи од морските длабочини, земајќи луѓе од ропство и пренесувајќи ги во нивните домови, избавувајќи од окови и темници, заштитувајќи од обезглавување, ослободувајќи од смртта, давајќи исцеление на многумина, вид на слепи, од на хроми, слух на глуви, говор на неми. Тој збогати многумина кои страдаа од сиромаштија, им даваша храна на гладните. Им беше на сите, во секоја неволја сигурен помошник, усрден застапник, брз бранител и заштитник. И сега исто така им помага на сите кои го повикуваат и ги избавува од неволјите. Невозможно е да се избројат неговите чудеса, како што е невозможно и да се опишат сите подробно. Овој голем чудотворец го знаат и Истокот и Западот. Сите краишта на земјата ги знаат неговите чудотворства. Затоа, заради него нека се слави Едниот во Троица Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух, и Светото име Негово нека е фалено со устите на сите за навек. Амин.

Од небесните чудеса на свети Никола Чудотворец

Еве го светителот Божји, кој непрестајно пишува Евангелие Христово. Непрестајно го пишува од небото со своите чудеса, како што непрестајно го пишуваше за време на својот живот на земјата. Го пишува по целата земја, на сите пет континенти. Сиот исполнет со чудесниот и чудотворен Господ, тој и не живее поинаку освен постојано чудотворејќи. Затоа и го стекнал прекарот Чудотворец, со своето сефално име Никола. Непрестајно живеејќи со Господа Христа, тоа најмило чудо на сите светови: архангелските, ангелските, човечките, животинските, билните, минералните, тој и самиот станал едно од најмилите чуда на земјината историја, и небесната историја, доколку ја ствараат човечките суштества.

Човекољубието на овој сежалостив светител Божји е неизмерно, зашто е сето од човекољубието на Единствениот Човекољубец. Затоа и чудесата негови се неизмерни и безбројни. Од нив добро е да споменеме барем неколку, за во деновите и ноќите на нашите неволји и маки да се сепнеме, да тргнеме, и да долетаме кај него со молитвата, липањето, воздишките, солзите и лелекот. А тој, како бескрајно човекољубив и потресно жалостив, ќе се сожали на нас, брзо ќе ни притекна на помош, ќе нѐ спаси од челуста на непријателите, какви и да се тие, и од каде и да се. Не сомневај се во тоа, само верувај! Вистина се зборовите на Севистинитиот: сѐ е возможно за оној што верува. А на прво место возможно е за светиот миленик Христов, големиот Никола Чудотворец, кој е сиот од Богочовечката семоќна вера Христова: сиот е душа, сиот срце, сиот ум, сиот со сето свое битие, со сиот свој живот, со сета своја вечност.

Во Цариград живееше еден човек на име Никола, кој се издржувал од ракоделие. Како побожен, тој се беше заветил во деновите посветени на празнувањето на свети Никола Чудотворец, долично да го празнува својот угодник Божји. Тој тоа истрајно го исполнувал, според зборовите на Светото Писмо: „Почитувај Го Господа со имотот од праведните трудови свои“ (Изреки Сол. 3, 9); и на тоа секогаш се сеќавал. Така стигна до длабока старост. Немаше повеќе сили да работи и западна во немаштија. Но, се наближуваше празникот на свети Никола, и старецот, размислувајќи што да прави, ѝ рече на својата жена:

- Наскоро е празникот на нашиот мил голем Христов архиереј Никола. Но, како ние бедните, при нашата немаштија, ќе го отпразнуваме овој ден?

Побожната жена му одговори на својот маж:

- Ти знаеш, господине мој, дека дошол крајот на нашиот живот, зашто нѐ налегна староста. Ако ни се случи дури и тоа, нашиот живот да заврши сега, држи го својот завет и не заборавај ја твојата љубов кон светителот.

Таа му посочи на ќилимот и рече:

- Земи го ќилимот, па оди продај го, и купи сѐ што е потребно за достојно празнување на празникот на свети Никола. Немаме ништо друго, а овој ќилим не ни е неопходен, зашто немаме деца на кои би можеле да им го оставиме.

Побожниот старец ја пофали својата жена, го зеде ќилимот и тргна. Кога минуваше низ плоштадот на кој се наоѓаше столбот на светиот цар Константин Велики, и поминуваше покрај црквата на свети Платон, го сретна неговиот секогаш подготвен да му помогне свети Никола, во вид на старец, и го праша:

- Мил пријателу, каде одиш?

- Сум тргнал на пазар - му одговори тој.

Кога му пријде поблиску, свети Никола му одговори:

- Добро дело. Но, кажи ми, колку го продаваш овој ќилим? Би сакал да го купам.

Старецот му одговори на светителот:

- Овој ќилим во свое време е купен осум златници, а сега ќе земам за него колку што ќе ми дадеш.

Светителот му рече:

- Се согласуваш ли да ти дадам шест златника?

- Ако ми дадеш толку, јас со радост ќе ти го дадам.

Свети Никола ја стави раката во својот џеб, извади злато, му даде шест златника и му рече:

- Земи го тоа, пријателе, и дај ми го ќилимот.

Старецот радосен го зеде златото, зашто ќилимот вредеше многу помалку. Свети Никола го зеде и замина. А кога се разделија, луѓето од пазарот го прашаа старецот зошто самиот со себе си разговара, зашто тие не го видоа старецот туку го слушаа само неговиот глас, а светителот за нив беше невидлив и нечуен. За тоа време свети Никола дојде со ќилимот кај жената на старецот и ѝ рече:

- Твојот маж е мој стар пријател. Ме сретна и ми се обрати со молба да го донесам овој ќилим кај тебе, зашто имал да заврши некоја работа.

Го рече тоа и стана невидлив. Но, кога жената го виде чудесниот старец, кој блескаше од светлина, и кога го зеде килимот од него, не смееше од страв ни да го праша кој е. Мислејќи дека нејзиниот маж заборавил што се договориле, таа се разгневи на него и рече:

- Тешко мене бедната! Мојот маж е законопрестапник и полн со лаги.

И многи други слични работи зборуваше таа и не сакаше ни да го погледне ќилимот, горејќи од љубов кон светителот.

Без да знае што се случило, нејзиниот маж изнакупи сѐ што е потребно за празникот на свети Никола и се враќаше дома сиот радосен што го продаде ќилимот и не беше приморан да отстапи од својот благочестив обичај. Кога стигна дома, разгневената жена го пречека со лоши зборови:

- Веднаш оди си од мене! Ти го излага свети Никола! Вистината ја рекол Христос, Синот Божји: „Ниту еден не е подготвен за Царството Божјо, кој ја става раката на плугот и се свртува назад“ (Лк. 9, 62).

Му изнакажа многу работи слични на тоа, му го донесе ќилимот и му рече:

- Еве, земи го! А мене повеќе нема да ме видиш! Ти го излага свети Никола, и затоа ќе изгубиш сѐ што си стекнал со празнувањето на неговиот празник. Напишано е: „Оној што ќе го исполни целиот закон, а во едно ќе погреши, виновен е за сѐ“ (Јак. 2, 10).

Кога го слушна тоа и го виде ќилимот, старецот беше восхитен и не наоѓаше зборови за да ѝ одговори на жената. Долго стоеше запрепастен, и најпосле му стана јасно дека свети Никола направил чудо. Длабоко воздивна и сиот радосен ги крена рацете кон небото и рече:

- Слава Тебе, Христе Боже, Кој твориш чудеса преку свети Никола!

Потоа ја праша својата жена:

- Заради стравот Божји, кажи ми, кој ти го донесе ќилимот, маж или жена, старец или млад?

Жената му одговори:

- Чесен и блескав маж, облечен во светла облека, ми го донесе нашиот ќилим и ми рече:

-Твојот маж е мој пријател, па кога ме сретна ме замоли да ти го донесам овој ќилим. Земи го. Кога го зедов, јас не се осмелив да го прашам кој е, зашто сиот блескаше во светлина.

Старецот се восхитуваше и ѝ го покажа на жената преостанатото злато и сѐ што беше купил за празникот на свети Никола: храна, вино, просфори и свеќи. Тој воскликна:

- Во името на Господа, човекот кој го купи ќилимот од мене и повторно го донесе кај нас, бедните и смирени слуги, навистина е свети Никола, зашто оние што ме виделе како разговарам со него ме прашуваа дали гледам привидение па самиот си зборувам. Тие ме гледале само мене, а тој бил невидлив.

Тогаш старецот и неговата жена воскликнаа, принесувајќи Му благодарност на семоќниот Бог и пофалба на големиот архиереј Христов Никола, брзиот помошник на сите, кои со вера го повикуваат. Многу радосни, тие веднаш појдоа во црквата на свети Никола, носејќи ги златото и ќилимот, и раскажаа на сиот клир и на сите што се затекнаа таму. Сите Го прославија Бога и свети Никола, кој им прави милост на слугите свои. Потоа испратија кај патријархот Михаил и го известија за сето тоа. Патријархот нареди на старецот да му се дава помош од имотот на црквата Света Софија. И тие чесно го отпразнуваа празникот, со пофалби и молитви.

*

Во Цариград живееше еден благочестив човек, на име Епифаниј. Беше многу богат, многу почитуван од царот Константин и имаше многу робови. Еднаш тој намисли да си купи роб за свој слуга и во третиот ден на месец декември зеде 72 златника, го оседла коњот и одјава кон пазарот, каде трговците доаѓаа од Русија и продаваа робови. Но, не му појде од рака да си купи роб и се врати дома. Кога се симна од коњот влезе во палатата, го извади од џебот златото што го носеше со себе, го стави некаде во палатата и заборави каде. Му се случи тоа под дејство на ѓаволот, кој непрестајно војува против родот христијански. Тој не можеше да ја поднесе побожноста на овој маж и намисли да го фрли во бездната на гревот. Утредента велможата го повика момчето што му служеше и му рече:

- Донеси ми го златото што синоќа ти го дадов, ми треба за да одам на пазар.

Кога го слушна тоа слугата се исплаши, бидејќи господарот не му беше дал злато, па рече:

- Господару, ти не си ми дал злато.

Тој возврати:

- О, лоша и лажлива главо, каде си го ставил златото што ти го дадов?

Момчето се колнеше дека не сфаќа за што зборува, а велможата се разлути и им нареди на слугите да го врзат, немилосрдно да го тепаат и во окови да го стават, па си рече:

- Неговата судбина ќе ја решам кога ќе помине празникот на свети Никола.

А празникот беше по два дена.

Заклучено само во одајата, момчето со солзи повика кон семоќниот Бог, Кој ги спасува оние во неволја:

- Господи, Боже мој, Исусе Христе, Седржителу, Сине на Бога живиот, Кој живееш во недостапна светлина, кон Тебе викам, зашто Ти го знаеш срцето човечко, Ти си помошник на сиротите, Избавување на оние во неволји, Утеха на тажните, спаси ме од оваа необјаснива за мене напаст! Уреди милостиво избавување, за и господарот мој да се избави од гревот и неправдата кон мене и да Те прослави Тебе со весело срце. А и јас, ништовниот слуга Твој, да Ти благодарам за Твоето човекољубие.

Со солзи зборувајќи го тоа и на молитвите додавајќи нови молитви и на солзите солзи, момчето повика кон свети Никола:

- О, чесен оче, свети Никола, спаси ме од несреќата! Ти знаеш дека јас не сум виновен за тоа што ме обвинува господарот. Утре ќе осамне твојот празник, а јас се наоѓам во голема неволја!

Настапи ноќта и уморното момче заспа. И му се јави свети Никола, секогаш брзиот помошник на сите кои со вера го повикуваат, и рече:

- Не тагувај, Христос ќе те спаси преку мене, слугата Свој.

И во тој миг паднаа синџирите од нозете негови, и тој стана и Му заблагодари на Бога и на свети Никола. Во тој час светителот му се јави и на неговиот господар, и го прекори:

- Епифаниј, зошто му изврши неправда на својот слуга? Ти сам си виновен, зашто си заборавил каде си го ставил златото. Момчето го мачиш без причина, а тоа ти е верно. Но, тоа не го смисли ти туку ѓаволот, па затоа ти се јавувам, за да не згасне твојата љубов кон Бога. Стани и ослободи го момчето. Ако не ме послушаш, ќе те снајде голема несреќа. Потоа му покажа со прстот каде стои златото и му рече:

- Стани, земи го своето злато и ослободи го момчето.

И стана невидлив.

Велможата Епифаниј се разбуди сиот треперејќи, отиде до местото што му го покажа светителот, и го најде златото што самиот го беше оставил. Тогаш го обзеде страв и многу радосен рече:

- Слава Тебе, Христе Боже, Надеж на сиот род христијански. Слава Тебе, Надеж на безнадежните и брза Утехо на очајните; слава Тебе, зашто си го покажал светилникот на целиот свет и брзото станување на паднатите во грев, свети Никола.

Па рече:

- Ти благодарам, чесен оче, зашто ме спаси мене, недостојниот и грешен, и си дошол кај мене ништовниот, очистувајќи ме од гревовите. Со што да ти возвратам што погледна на мене и дојде кај мене?

Потоа отиде кај момчето и кога виде дека оковите паднале од него, го спопадна уште поголем ужас и се прекоруваше многу. Веднаш нареди да се ослободи момчето и да го опсипаат со секое внимание, а самиот ноќта ја помина во бдеење, благодарејќи Му на Бога и свети Никола што го избави од таквиот грев. А кога заѕвони за утрена, тој го зеде златото и со момчето отиде во црквата на свети Никола. Сите Го прославија Бога, Кој твори такви чудеса преку угодникот Свој. По утрената, господарот, во црквата му рече на момчето:  

- Чедо, не јас, грешниот, но Богот твој, Творецот на небото и земјата, и Неговиот свет угодник свети Никола, нека те ослободат од ропството, за и мене некогаш да ми биде простена неправдата што ти ја сторив од незнаење.

Потоа го раздели златото на три дела. Еден дел даде на црквата на свети Никола, еден раздаде на ништите, а третиот го даде на момчето, говорејќи:

- Чедо, земи го ова, и нема да бидеш должен никому освен на свети Никола. Јас ќе се грижам за тебе како чедољубив татко.

И велможата Епифаниј Му заблагодари на Бога и на свети Никола, и радосен се врати дома.

*

Во Цариград живееше еден благочестив човек, полн со вера во Господа Христа. Тој многу го сакаше и го почитуваше големиот угодник Божји свети Никола. Еднаш, додека се подготвуваше поради некоја работа да плови во друга земја, според својот обичај отиде во црквата на свети Никола и му се помоли. Потоа се прости со пријателите и соседите, па се качи на бродот и тргна. Во три часот по полноќ започна да дува силен ветер и отпочна бура. Морнарите побрзаа околу притегнувањето на едрата. Им притекна на помош и овој благочестив човек, но некако се сопна и падна во морето. Беше страшна темнина, дуваше страотен ветер, та не можеа да му помогнат на давеникот, иако сите сакаа и викаа за помош. А тој, онака облечен, борејќи се со брановите и потонувајќи, викна:

- Свети Никола, помогни ми!

И за чудо, одеднаш се најде во својот дом во Цариград, иако му се чинеше дека сѐ уште е во длабочините на морето. Неговите домашни го слушнаа неговиот глас и запалија свеќи. При тоа дотрчаа соседите и го видоа кај стои среде собата и гласно зборува, додека облеката сета мокра му се цеди од морската вода. Сите се скаменија од ужас и страв, неспособни збор да проговорат. А давеникот им рече:

- Браќа, што се случува? Знам дека вчера се поздравив со вас, па заминав на коработ. Нѐ зафати бура, и помагајќи им на морнарите се сопнав и паднав во морето, па го повикав на помош свети Никола. А сега каде сум, не знам. Кажете ми, да не сум случајно полудел? Што се случило со мене?

А тие се чудеа и додека гледаа како морската вода му тече од облеката, сфатија дека се случило чудо. Сите започнаа да се радуваат со него, и долго од радост плачеа и воскликнуваа:

- Господи помилуј!

Потоа давеникот се пресоблече и отиде во црквата на свети Никола. Остатокот од ноќта го помина во молитви, плачејќи, метании правејќи и благодарност принесувајќи Му на Бога и прекрасниот угодник Негов, свети Никола.

*

Во Антиохискиот крај, близу Сарацените, живееше еден доблесен и богобојазлив човек, на име Агрик, кој имаше син единец Василиј. Агрик беше украсен со благодатта Божја. Изобилуваше со големи богатства и имаше голема вера и љубов спрема свети Никола Чудотворецот. Секоја година тој свечено го прославуваше неговиот празник и поставуваше две трпези. Една за бедните а друга за пријателите, сеседите и останатите. На седум стадии од Антиохија се наоѓаше црква посветена на светиот отец Никола. За празникот, секоја година таму се собираше многу народ. Една година особено многу народ наиде кон црквата. Побожниот Агрик го испрати синот заедно со своите слуги во црквата, велејќи му: -Оди чедо во црквата на свети Никола и постапи онака како што научи од нас претходните гоедини: вечерната Богослужба отстој ја со страв и со срдечност, така и утрената и Божествената литургија, па врати се дома на ручек; а јас и мајка ти ќе спремиме сѐ што им е потребна на неволните.

Внимателно слушајќи ги зборовите на татка си, Василиј со радост отиде во црквата. Но за време на богослужението налетаа Сарацените, ја опколија црквата и ги заробија сите луѓе, меѓу нив и синот на Агрик, Василиј. И сите, како робје ги одведоа на островот Крит; и таму, Василиј како многу убаво момче го дадоа на сараценскиот кнез Амир. Останатите робови, едни ги продадоа, други во темници ги затворија. Сараценскиот кнез го одреди Василиј лично да го двори и да му служи.

Кога го чуја тоа родителите на Василиј, заридаа и заплакаа и наместо радосно славење, ги достигна тага. Обземени од тага, тие две години не го славеа празникот на светиот отец Никола, ами постојано ридаа и солзи пролеваа говорејќи:

- Сине наш мил, не те гледаме со врсниците, со рацете не те гушкаме, и со усните не те целиваме. Ќе ни беше подобро болен на постела да те дворевме, со раце да те подигаме и вртиме, отколку што падна во рацете на безбожни луѓе. И смрт да те снајдеше, ние со радост ќе го предадевме твоето тело во земјата. И нашите срца немаше вака да се кинат. На таквото нивно редење и пиштење кај нив доаѓаа нивните роднини и комшии за да ги тешат во нивната болка. А тешејќи ги има говореа: Зошто сте толку малодушни во тагата? Зарем не ви е познато колку големи чуда направи чудесниот светител Никола и на суво и на море? Он избавува од меч, од секоја незаслужена смрт; избавува од ропство.

Агрик донекаде се утеши слушајќи ги овие зборови од ближните, па ѝ рече на жена си:

-Каква корист имаме од волкавото плачење? Еве, трета година е како пиштиме; заборавивме и на празникот на свети Никола; и не отидовме при него на празникот. Туку, послушај ме сега: ајде да спремиме свеќи, елеј и темјан, па да отидема кај светителот и да му се помолиме со вера, да нѐ утеши во тагата по нашиот син Василиј и да нѐ охрабри со надеж. Оти он може синот да ни го врати, или на некој начин да нѐ извести за него - дали е жив или мртов. Кога го слушна тоа, жена му му рече:

-Добро велиш господине; да уредиме како што повелаш, зашто наскоро е и празникот на свети Никола.

И така направија: со радост поитаа кон црквата на свети Никола. И како што треба го отпразнуваа празникот, па се вратија во својата куќа. Дома приредија вечера повикувајќи ги роднините и сите ближни соседи. И почнаа да јадат и пијат и ги спомнуваа чудата на свети Никола. При тоа кучињата во дворот почнаа силно да лаат. Агрик им рече на своите момоци:

-Одете и видете зошто пците толку лаат, да не е некоја ѕверка или нешто друго. Момоците излегоа, но не видоа ништо, додека пците и понатаму страотно лаеја. Тогаш Агрик зеде светилка и со останатите појде да види што е тоа. И, на среде дворот здогледа човек во сараценска облека. Се уплаши, не знаејќи кој е тоа. А кога Агрик пријде поблизу, виде момче со чаша полна со вино во рацете; и гледаше ништо не говорејќи, целиот обземен со страв и со радост. Запрепастен, најпосле едвај проговори:

-О чедо мое Василиј! Вистина ли е дека те гледам тебе? Тоа ти си, или некоја сенка? 

Младиот Василиј бргу одговори:

- Јас сум татко мој, твојот син единец, кого Сарацените го заробија и на Крит како роб го одведоа.

Кога Агрик го чу тоа, потрча, го прегрна сина си, почна да го целива; и го прашуваше:

-Чедо мое кажи ми како побегна од рацете на Сарацените? Со кого, чедо мое се посоветува околу тоа? Ајде, раскажи му сѐ на својот татко.

А синот му рече на тако му:

-Тато, не знам ништо за тоа што ме прашуваш. Но ова едно го знам: сега го служев сараценскиот кнез на вечерата. Бидејќи, кога ме заробија и на Крит ме одведоа, таму ме дадоа на сараценскиот кнез Амир и уште од тоа време кнезот Амир ме одреди да го служам со вино, стоејќи за време на обедите пред него со чаша полна вино, токму како што ме гледаш сега. И ете не знам каква сила одненадеж ме зеде и како со некој ветер ме пренесе и ме остави овде, и видов како на ова место ме поставува големиот светител, големиот отец, свети Никола.

Исполнет со радост од преголемото чудо, Агрик го зеде синот за рака и ѝ го предаде на мајка му. И таа плачеше од голема радост и многу милни зборови му зборуваше, и гушкајќи го, непрестајно го целиваше. И ова го кажуваше: Сега те гледам премило мое чедо. Сега неочекувано со рацете свои те прегрнувам. Сега чедо мое слатко те имам – утехо на мојата душа. Сега сите таги на моето мајчинско срце се разрешија, зашто ете, сето мое богатство сега го држам во своите раце.

Кога тоа го чуја луѓето од околните места, бргу се најдоа таму на радост и веселие, заради неискажливото чудо. И приредија чесно славје во чест на светиот и Велик отец Никола чудотворецот, славејќи ја Пресветата Троица, Отецот, Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин.

*

Еднаш во Киев, на празникот на светите маченици Борис и Глеб се слегна многу народ од сите градови и села за празникот на светите маченици. Некој Киевчанин кој имаше голема вера кон светиот Никола и кон светите маченици Борис и Глеб, седна во лаѓата за Вишегород за таму да се поклони на гробот на светите маченици Борис и Глеб, понесувајќи со себе свеќи, темјан и просфори - сѐ што е потребно за достојно празнување. Откако се поклони на моштите и душата си ја исполни со радост, со лаѓа тргна назад кон домот свој. За време на тоа патување по реката Дњепар, неговата жена држејќи го детето во раце, задрема и го испушти детето во водата и тоа потона. Таткото почна да си ја кубе косата запомагајќи:

-Тешко мене свети Николае, затоа ли имам толкава вера кон тебе, да не го спасиш детето мое од давење. Кој ќе биде наследник на мојот имот? Кого ќе го научам свечено да го празнува твојот празник? Како ќе го јавувам големото твое милосрдие кое го изли на целиот свет и на мене бедниот, кога моето дете се удави? Јас сакав да го воспитам просветувајќи го со твоите чудеса, за да ме фалат по мојата смрт што мојот пород го слави светиот Никола. Но, светителу, ти не ме ожалости само мене, туку и себе, зашто наскоро ќе морам да го прекинам твоето славење во мојот дом, бидејќи сум стар и си го чекам крајот. Да сакаше, ти можеше да го спасиш детето; но ти допушти тоа да се удави и не го спаси единчето мое. Или сметаш дека не ги знам твоите чудеса? Та број им нема, и човечкиот јазик не може да ги раскаже. И јас оче свети, верувам дека тебе ти е можно сѐ што ќе посакаш, но превагнаа моите беззаконија. Сега, искинат од жалост разбрав: дека мене секоја твар би ми се покорувала како на Адам во рајот до гревопадот, да ги држев беспрекорно заповедите Божји. Меѓутоа, сега сета твар востанува против мене: водата потопува, ѕверот растргнува, змијата проголтува, молњата согорува, птиците колваат, стоката беснее и гази сѐ, луѓето убиваат, лебот даден за храна не нѐ насити, и, по волјата Божја, ни следи погибел. Ние, надарени со душа и разум и створени по слика Божја, сепак не ја исполнуваме како што треба волјата Божја, волјата на Творецот свој. О, свети оче Николае, не гневи се на мене што вака смело говорам, зашто не ја губам надежта на спасение, имајќи те тебе за помошник.

Жена му пак си ја кубеше косата и се удираше по образите. Најпосле стигнаа до градот и скршени влегоа во својата куќа. Настапи ноќ, и тогаш архиерејот Христов, Никола, брз на помош на сите кои го призиваат, направи прекрасно чудо какво што немало ве претходните времиња. Ноќе, го извади удавеното дете и, живо и неповредено го положи на балконот на храмот на света Софија.

Кога дојде времето за утрената, клисарот влезе во црквата и слушна детски плач на певницата. И долго стоеше размислувајќи, кој пуштил жена на балконот. Потоа појде кај оној кој одржуваше ред на хорот и почна да го укорува; овој се правдаше дека ништо не знае. Но клисарот го укоруваше: фатен си на дело, зашто ете деца се дерат на балконот. Овој се уплаши, и кога пријде до катанецот виде дека е недопрен, а чу детски плач. Се искачи горе и виде пред иконата на свети Никола детенце целото мокро од вода. Не знаејќи што да мисли, го извести за тоа митрополитот. Кога отслужија утрена богослужба, митрополитит заповеда луѓето да се соберат на плоштадот и да ги прашаат чие детенце лежи на балконот од црквата. Сите граѓани појдоа во црквата чудејќи се како се нашло детето таму, мокро. Дојде таткото на детето да го види тоа чудо, и видувајќи го, го препозна. Но, не верувајќи си себе си, појде кај жена си и ѝ раскажа сѐ по ред.  А таа веднаш почна да го прекорува говорејќи:

-Та како ти не го сфаќаш тоа, та тоа е чудо од свети Никола. И таа дотрча во црквата, си го позна детето и не допирајќи го, падна пред иконата на свети Никола и се молеше со умиление и со солзи. Кога се разбра за чудото сите луѓе дојдоа да видат. И се собра целиот град славејќи Го Бога и свети Никола. А митрополитот приреди голем празник како што се прави на денот на празнувањето на свети Никола, прославувајќи Ја Светата Троица, Отецот, Синот и Светиот Дух. Амин.