20. Декември  (7. Декември)

 

ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ АМВРОСИЈ, епископ Медиолански

Свети Амвросиј беше од знамените род. Татко му беше царски намесник на Галија, и се викаше Амвросиј. Од љ

убов кон својот син, тој му го даде своето име. По вера беше незнабожец, а сопругата му беше христијанка.

Уште додека беше во лулката, нему му беше претскажано дека во свое време ќе Ѝ подари на Црквата Христова огромна духовна сладост. Тоа претскажување се случи така што еднаш додека доенчето Амвросиј беше во лулката на отворен воздух и спиеше со отворена уста, одеднаш долетаа пчели и започнаа да влегуваат и излегуваат од неговата уста, оставајќи го својот мед на неговиот јазик. Кога тоа го виде доилката сакаше да ги избрка, за да не му наштетат, но неговиот татко, кој сето тоа го набљудувал, ја спречи, сакајќи да види како ќе се заврши чудото. И по кратко време пчелите се кренаа во висините и исчезнаа. Тоа го запрепасти таткото, кој рече:

- Ако ова дете порасне, ќе биде нешто големо меѓу луѓето.

Така, додека Амвросиј сѐ уште беше во пелени, Господ покажа дека врз идниот слуга Негов во свое време ќе се исполнат зборовите на Светото Писмо: „Добрите зборови се како саќе мед, а сладоста нивна е исцеление за душата“ (Изр. Сол. 16, 24). Тој рој на пчели ги претставуваше слаткоречивите поуки и списи на свети Амвросиј, со помош на кои што подоцна го градел во луѓето духовнот саќе, засладувајќи ги човечките срца и издигнувајќи ги од земјата кон небото.

Како момче Амвросиј живееше во Рим со мајка си, веќе вдовица, и со сестра му, која се беше заветила да го чува своето девство. Таму еднаш се случи тој да види како на епископот му бакнуваат рака. Кога се врати дома тој на шега им ја испружи својата рака на домашните да ја бакнуваат, говорејќи:

- Бакнувајте, зашто и јас ќе бидам епископ.

Преку него зборуваше Светиот Дух, претскажувајќи што ќе се случи, но домашните, не знаејќи дека благодатта Божја го подготвува за епископскиот чин, го прекоруваа дека зборува бесмислици.

По смртта на својот сопруг, мајка му се пресели во Рим и нему и на неговиот брат Сатир им даде најсовршено образование, а неговата сестра девица ја разви во него љубовта кон девството. Бидејќи ја изучи реториката, науката на беседништвото, Амвросиј стана познат говорник, силен на збор. Тој ги штитеше на судот загрозените, им помагаше на угнетуваните, ги изобличуваше направедните, допринесуваше за донесување на правични пресуди. Заради неговата благоразумност главниот римски градоначалник Проб го зеде за свој советник. Потоа Амвросиј беше поставен за царски намесник на римските области Лигурија и Емилија.

Во тоа време во градот Медиолан умре епископот Авксентиј аријанецот, кој го држеше овој архиерејски престол по православниот епископ Дионисиј, кој се упокои во заточение. Меѓу православните и еретиците аријанци настана голема расправија и борба, бидејќи и едните и другите сакаа на престолот да доведат свој епископ. Тие нереди и метежи траеја долго меѓу жителите на Медиолан. Кога дозна за тоа римскиот градоначалник Проб му испрати на Амвросиј налог да појде во Медиолан и да го смири тамошниот метеж, при што му порача:

- Појди таму, и постапи како епископ, а не како судија.

Во Медиолан Амвросиј отиде во храмот каде што се вршел изборот на епископ и започна красноречиво да го советува народот да се смири и сложи. При тоа едно доенче, кое сѐ уште не можеше да зборува, ненадејно викна среде народот:

- Амвросиј е епископ!

Кога го слушна тоа, сиот народ ги прифати зборовите на доенчето и едногласно сите започнаа да воскликнуваат:

- Амвросиј е епископ! Амвросиј е епископ!

Така, под дејство на благодатта Божја, доенчето, кое сѐ уште не можеше да зборува проговори, и двете спротивставени страни, православните и аријанците, се смирија и се сложија Амвросиј да им биде епископ, иако тој сѐ уште не беше просветен со светото крштение туку само огласен.

Додека го слушаше воскликнувањето на народот, Амвросиј излезе од црквата, и за да докаже дека е недостоен на толку големиот чин седна на судиштето и започна, невообичаено за него, без милост да ги мачи виновниците. Го стори тоа, за кога граѓаните ќе го видат немилосрден да го намразат и да не сакаат да им биде епископ. Но, народот не престануваше да воскликнува, па тој одбиваше на сите можни начини, изјавувајќи дека е голем грешник, а згора на тоа и сѐ уште некрстен. На тоа сите му одговорија:

- Твојот грев нека падне врз нас!

Тие знаеја дека светото крштение го очистува човекот од сите гревови.

Збунет, Амвросиј се врати дома и намисли да ја напушти својата должност и да се оддаде на животот на беден скитник, како што тогаш правеле многу елински философи. Но, беше спречен во тоа, па за да го одбегне епископскиот чин нареди јавно да му се одведат во неговиот дом развратни жени, за кога ќе видат луѓето да го намразат и отфрлат како блудник. Меѓутоа народот уште поупорно изјавуваше:

- Твојот грев нека биде на нас, само ти прими ги крштението и епископството.

Кога виде дека никако не може да се спротивстави на народната желба, Амвросиј одлучи да побегна. Ноќе кришум излезе од градот и се упати кон градот Тицин, и мислеше дека одминал далеку, но на самнување се најде крај капијата на истиот град Медиолан, наречени Римски. Тоа се случи затоа што Бог, Кој го подготвуваше Амвросиј за Својата вселенска Црква, како некоја тврдина против непријателите и како кула против еретичкото зловерие, го попречи во бегството и го врати назад. Кога за тоа дознаа медиоланските граѓани започнаа да го чуваат да не побегне. Истовремено упатија молба до царот Валентијан Стариот, тој да му нареди на Амвросиј да го прифати епископскиот чин. Царот се израдува на тоа што личностите кои тој ги поставува на световните државни должности биваат бирани за високи духовни чинови. Се израдува и главниот римски епарх Проб, зашто се исполни неговото пророштво за Амвросиј, што на шега му го кажа на Амвросиј во Медиолан, наредувајќи му при советувањето на народот да не постапува како судија туку како епископ. Додека жителите го очекуваа враќањето на своите пратеници од кај царот и царскиот одговор, Амвросиј повторно побегна и се сокри на имотот на еден достоинственик Леонтиј. Кога стигна царската наредба, Леонтиј обелодени дека Амвросиј е кај него и го одведе во Медиолан. Така никаде не можеше да се сокрие оној што Бог намисли да го постави за епископ, како град на врв планина или свеќа на свеќник и го направи пастир на словесното стадо.

Тогаш Амвросиј се увери дека е Божја волја да биде епископ и се покори на царската наредба и народната желба. Сепак не сакаше да биде крстен од аријански епископ, туку изрази желба да биде крстен од православен. Откако се крсти, за една седмица ги помина сите црковни чинови и во осмиот ден беше ракоположен за епископ, на голема радост на сиот народ. На неговото ракополагање присуствуваше и царот, како што за тоа вели Теодорит и радосно му ги упати на Бога следните зборови:

- Ти благодарам, семоќен Господи, Спасителу наш, што на човекот на кого му го доверив телесниот живот на поданиците, Ти му ги довери душите, и со тоа покажа дека моето мислење за него било правилно.

Неколку дена потоа, свети Амвросиј во искрен разговор со царот изобличуваше некои неправилности што се вршат во градските судови. Царот му одговори:

- Одамна ми е позната оправданата смелост на твоите зборови. Јас не само што не му попречив на твојот избор за епископ туку и го потпомогнав. Затоа поправај ги нашите грешки, како што налага Божјиот закон, и исцелувај ги неправдите на нашите души.

На почетокот на своето епископство свети Амвросиј го молеше Римскиот папа Дамас да му испрати на помош благоразумен човек и тој му го испрати свештеникот Симплицијан. Овој свештеник свети Амвросиј го почитуваше како татко и се држеше до неговите совети. Водењето на своите домашни работи свети Амвросиј ги довери на својот брат Сатир, а самиот целосно се посвети на црковните, секојдневно вршејќи богослуженија и поучувајќи го народот од Светото Писмо.

Вложуваше голем труд околу духовното напредување на црковниот клир. Живеејќи меѓу нив, тој им даваше пример како да го соединуваат во себе строгиот подвижнички живот со должностите на пастирот на Црквата. Беше маж со големо воздржание, долги бдеења и радосно трудољубие. Спиел малку. Работел и постојано се молел на Бога. Постел во сите денови со исклучок на сабота и недела. Строг спрема себе, тој беше добар, љубезен и внимателен спрема сите. Сиромасите кај него наоѓаа заштитник и пријател. Се радуваше со радосните и плачеше со расплаканите. Кога некој ќе му го исповедал својот грев, тој толку плачел, така што и самиот покајник го расплакувал.

Грижејќи се за клирот, свети Амвросиј беше голем љубител и покровител на монаштвото. Многу труд вложуваше околу уредувањето на женските манастири, така што три години по неговото просветување за епископ, во Медиолан започнаа да се собираат девственици од разни страни: од Плаценциј, Болоња, па дури и од Мавританија.

По неколку години свети Амвросиј отиде во својот роден крај Рим. Таму ја затекна меѓу живите својата сестра со една од дамнешните робинки на нивната куќа. Неговата мајка веќе се беше упокоила. Кога таа му ја бакна раката, светителот се насмевна и ѝ рече на робинката:

- Еве, ти ја бакнуваш раката на епископот, како што некогаш ти реков.

Така се исполни неговото пророштво, кога тој како момче ја пружаше десната рака на своите домашни и им велеше:

- Целивајте, зашто јас ќе бидам епископ.

За време на неговиот престој во Рим, една угледна жена, која живееше од другата страна на реката Тибар, го замоли светителот да отслужи Божествена Литургија во нејзиниот дом. Кога дозна за тоа една многу раслабена жена, замоли да ја однесат таму. И кога се допре до крајот од облеката на светителот Божји, кој во тоа време се молеше, и ја целиваше ризата, веднаш оздраве. За тоа чудо се пронесе глас по целиот град Рим.

По смртта на царот Валентијан Стариот, скиптарот на западното Римско царство го прими неговиот син Грацијан. Кога Грацијан се подготвуваше за војна со Готите, го замоли свети Амвросиј за него писмено да го изложи исповедањето на верата. Светителот го напиша за царот делото „За верата“, кое се состоеше од пет книги, му претскажа победа над непријателите, ги благослови неговите знамиња, на кои што беше испишано името Христово и Грацијан со благословот и молитвите на угодникот Божји однесе сјајна победа над Готите.

Царицата Јустина, сопруга на починатиот цар Валентијан Стариот, а маќеа на Грацијан, беше аријанка и го мразеше светиот епископ, па му вршеше многу пакости. Така, кога во Сирмија умре епископот, Јустина отиде таму за на епископскиот престол да постави свој едноверен аријанец. Таму дојде и свети Амвросиј, зашто тој град ѝ припаѓаше на неговата епархија. Без да обрне внимание на нејзиниот гнев, тој сакаше за епископ да биде избран еден побожен човек, на име Анемиј. И еден ден, кога сите се собраа во црквата и свети Амвросиј го зазеде своето место на амвонот, царицата Јустина, која беше во црквата, испрати една аријанка да го фати за одеждата, да го одвлече од таму и да го довлече до местото каде што стоеја жените, за тие да го натепаат и да го исфрлат од црквата. И кога таа бесрамна жена дрско му пријде на епископот да го изврши нареденото, светителот ѝ рече:

- Иако сум недостоен на чинот што го носам, сепак ти не треба да кренеш рака на никого од Божјите ереи. Плаши се од судот Божји, за да не те снајде неочекувано зло.

Овие негови зборови навистина се исполнија врз жената. Утредента таа ненадејно умре и свети Амвросиј ја погреба, возвраќајќи ѝ за злото со добро.

Исплашени од ова чудо, аријанците и царицата не се осмелија повеќе да му се противат на светителот да постави за епископ православен човек. Така свети Амвросиј без никакви пречки го посвети за епископ оној што сакаше, и се врати во Медиолан.

Еднаш двајца коморници на царот Грацијан, кои беа аријанци, изразија желба јавно пред народот да водат спор со свети Амвросиј за прашања околу верата, во вој случај за воплотувањето на Господа Исуса Христа. Во одреденото време свети Амвросиј заедно со народот ги очекуваше во црквата. Тој беше подготвен да расправа со нив, бидејќи го имаше во себе Духот Божји. Но, тие горди аријанци, за да го навредат светителот, не дојдоа на расправата, туку јавнаа на коњи и отидоа среде полето. Кога стигнаа до една угорница, коњите одеднаш се исплашија и тие падна во провалија и умреа во страшни маки. Светителот Божји не знаеше ништо за тоа и долго ги чекаше. Кога виде дека не доаѓаат се качи на амвонот и му ја изговори на народот познатата поука, која започнува со зборовите:

- Се трудам, браќа, да го оддолжам својот долг, но ги нема моите вчерашни доверители...

Наскоро потоа царот Грацијан во предавство беше убиен во Галија од страна на побунетиот војсководец Максим. Тогаш на царскиот престол во Рим стапи Валентијан Младиот со својата мајка Јустина. Но, бидејќи војсководецот Максим веќе беше завладеал во Шпанија и Галија, беше невозможно да му се спротивстават. Затоа царицата аријанка беше принудена да му се обрати на свети Амвросиј со молба да појде кај Максим да посредува и да измоли мир за нејзиниот млад син. Добриот пастир отиде кај побунетиот, зашто беше подготвен и душата своја да ја положи за своите овци. Со своите мудри и смирени збоорви така го посоветува Максим, така што тој таа година не се крена против Италија туку остана во Галија.

Но, Јустина за неговиот труд му возврати со зло. Му испрати барање од нејзиниот син, соборната црква во Медиолан и сите ризници да им ги предаде на аријанците. Светителот јуначки се спротивстави на царската наредба и одговори:

- Она што ми припаѓа мене, не бранам да го земе царот. За него сум подготвен да го жртвувам и здравјето. Но она што му припаѓа на Бога, тоа не можам да го дадам. Ниту пак царот има право да го земе.

Потоа Јустина испрати војска во име на царот, со наредба црквата насилно да ја заземат и епископот да го избркаат од неа. Народот се собра кај црквата, се затвори внатре заедно со својот епископ и не ги пушташе војниците. Три дена верните останаа заклучени во црквата, пеејќи и славејќи Го Бога. Тие силно им се спротивставија на аријанците и не им дозволија да го протераат епископот и да ја одземат црквата. Свети Амвросиј на царската наредба одговори вака:

- Јас доброволно нема да излезам од црквата и да ја оставам, ниту ќе го предадам на волците трлото Христово, ниту ќе им ја препуштам на богохулниците црквата Божја. Ако треба да ме убиете, тогаш нека бидам овде, во црквата, прободен со меч или копје. Таква смрт со радост и љубов ќе примам.

Кога царицата беше известена за тоа се засрами и се исплаши од храброто противење на православните и повеќе не се осмелуваше отворено да води борба против Црквата. Но, посрамена од својот пораз, таа тајно најми убиец во домот на светителот. Злосторникот влезе во неговата спална со мечот и кога ја крена раката да го удри светиот угодник, раката во истиот миг му се исуши и не можеше да ја спушти. Фатен, тој призна од кого и поради што е испратен. Но, незлобивиот овети Амвросиј му ја исцели исушената рака и го отпушти со мир.

Во тоа време Бог му ги откри на Својот угодник Амвросиј моштите на светите маченици Протасиј и Гервасиј, кои почиваа во земјата. Кога беа откопани, се случија многу чудеса. Така еден слепец на име Севир, само ја допре облеката од светите мошти и веднаш прогледа. Исто така многу нечисти духови беа истерани од луѓето.

Меѓутоа во царскиот двор многу аријанци заедно со царицата се смееа и се ругаа на Божјата благодат, која нашиот Господ Исус Христос ја дарува на светата Црква преку прославувањето на Своите маченици. Аријанците зборуваа дека епископот Амвросиј изнајмува луѓе за пари, та се прават ѓаволесани, па ги доведува на гробот на мачениците, каде божем бесомачните се исцелуваат, и потоа ги велича и слави народот тие лажни чудеса. Додека дворските луѓе зборуваа и измислуваа такви бесмислици, ненадејно, со Божјо допуштение, еден од нив беше нападнат од ѓаволот, кој започна да го мачи. Страотно мачен, тој човек бараше помош и викаше:

- Ова што се случува со мене нека се случи со сите кои хулат на светите маченици и со оние кои не веруваат во Троичното Единство, во кое Амвросиј нѐ учи да веруваме!

Сите присутни се запрепастија, но наместо да се покаат и да поверуваат, тие го фатија мачениот човек, го задавија и го фрлија во езерото. А пак друг од нивната средина влезе во црквата и го затекна свети Амвросиј како го поучува народот. Тој аријанец виде како ангел Божји нешто му шепоти на увото на светителот. Ова видение обелодени дека светиот епископ му ги објавува на народот зборовите што му ги дошепнува ангелот. Аријанецот веднаш се присоедини кон Православието и со благодатта на семоќниот Бог стана заштитник на верата која порано ја гонеше.

Меѓутоа царицата Јустина не престануваше со непријателството спрема светителот и се трудеше што повеќе да му наштети. За тоа најде свој помошник во личноста на велможата Евтимиј. Го придоби со многу подароци и го наговори епископот тајно да го фати и одведе во некоја далечна земја на заточение. Трудејќи се да ја исполни нејзината желба, Евтимиј си изгради куќа во близина на црквата, за полесно да го изведе својот план за грабнување на светителот Божји. Тој подготви и специјална кола, за со неа да го однесе во заточение. Но, според одлуката Божја: „Злобата негова се сруши на неговата глава, и неправдата негова падна на неговата глава“ (Пс. 7, 17), токму во денот кога имаше намера да го фати свети Амвросиј, ненадејно стигна царска наредба Евтимиј веднаш да биде испратен во заточение. И беше однесен со истата кола што ја беше подготвил за заточението на свети Амвросиј.

Кога побунетиот Максим започна да врши воени походи против Италија, Јустина повторно се помири со свети Амвросиј, и заедно со својот син го молеше пак да оди кај Максим и да посредува кај него. Незлопамтивиот веднаш отиде, но овој пат неговото посредување кај нечувствителниот и горд бунтовник не успеа. Кога го виде неумолив, светителот бестрашно го проколна, јавно пред сите, како убиец кој со измама го убил својот невин господар и го одлачи од светата Црква. Максим навлезе во Италија и заземаше град по град. Младиот цар не можеше да му се спротивстави и побегна со својата мајка во Солун, кај источниот цар Теодосиј Велики, да бара помош од него. Теодосиј собра војска, тргна против Максим и го победи. Максим беше убиен. Неговата смрт беше одмазда за невината крв на царот Грацијан. Но, на царицата Јустина не ѝ беше судено да ја дочека оваа среќна победа. По своето доаѓање во Грција, таа набрзо умре. Нејзиниот син Валентијан го послуша советот на царот и се присоедини кон Православието.

По смртта на Јустина се случи еден вражач да биде изведен на суд и на мачење. За време на мачењето тој викаше и зборуваше дека повеќе го мачи Ангелот хранител на свети Амвросиј отколку џелатите. Прашан зошто го мачи Ангелот, вражачот даде вакво објаснување:

- За време на животот на царицата Јустина, сакајќи со своите вражбини да предизвикам кај медиоланскиот народ омраза против нивниот епископ Амвросиј, јас на полноќ се качив на кровот од нивната црква, и таму им принесував жртви на ѓаволите. Меѓутоа, колку што повеќе се трудев со помош на зли магии да предизвикам омраза против епископот, толку повеќе пред моите очи растеше нивната љубов и приврзаност кон нивниот пастир и се зголемуваше напредокот на нивната православна вера. Без да знам што понатаму, јас започнав да испраќам ѓаволи во домот на светителот, за да го убијат. Но, злите духови ме известија дека не можат да пријдат не само до епископот туку ни до вратата од неговиот дом, зашто од таа врата излегувал оган и ги горел.

Ете тоа го изјави вражачот за време на мачењето, зашто свети Амвросиј навистина беше страшен за ѓаволите. Така во една пригода некои луѓе поведоа бесомачно момче кај свети Амвросиј. Уште по пат кон градот Медиолан ѓаволот излезе од момчето и тоа здраво дојде кај свети Амвросиј. Кога потоа си тргна и стигна на местото каде што ѓаволот излезе од него, тој повторно го нападна и започна да го мачи. И кога свештениците заколнувачи го прашаа злиот дух зошто не го мачел момчето во Медиолан, тој им одговори:

- Се плашев од Амвросиј. Затоа побегнав од момчето и го чекав на истото место каде што излегов од него. Кога го видов кај се враќа, повторно влегов во него.

По смртта на побунетиот Максим, царот Теодосиј допатува во Медиолан, а свети Амвросиј во тоа време се наоѓаше во градот Аквилеа. И се случи тогаш во еден град на Истокот христијаните да запалат еврејска синагога, затоа што евреите ги исмевале монасите. Поглаварот на Истокот го извести царот за тоа. Тој веднаш издаде наредба епископот на тој град да им изгради нова синагога. Кога дозна за таа наредба, свети Амвросиј му напиша писмо на царот, зашто лично не можеше веднаш да отиде кај него. Во тоа писмо ја докажуваше неправедноста на царската одлука и го молеше да ја повлече и да не ги изложува христијаните на понижување пред евреите. Но, царот не му обрна внимание на писмото Амвросиј. Тогаш архиерејот Божји, откако се врати во Медиолан јавно го изобличи царот при својата проповед во црквата пред сите. Од името на Бога, тој вака му зборуваше:

- Јас те избавив од ништавноста и те направив цар. Јас твојот непријател ти го дадов во раце и ти ја покорив сета негова војска. Јас царскиот престол го подарив на твоето потомство. Јас направив, та ти без мака однесе победа, а ти на моите непријатели им даваш повод да ликуваат над мене!

Трогнат од овие зборови, царот Теодосиј ја промени својата одлука и ја повлече наредбата за градба на синагога на евреите од страна на христијаните.

Во тоа време се случи и друга работа. Во Солун народот се крена против војводата Ботерих и го уби. Тоа многу го разгневи царот и тој испрати војска, при што беа убиени до седум илјади луѓе. При тоа загинаа многу невини, бидејќи кога војниците упадна во градот не ги бараа учесниците во убиството на војводата туку ги убиваа по градските улици сите, и старите и младите, па дури и децата.

Кога за тоа слушна свети Амвросиј многу се натажи и налути на царот за неразумното крвопорлевање. На еден празничен ден, кога царот торжествено одеше кон црквата, архиерејот Божји излезе пред црквата, му забрани да влезе внатре и го изобличи за неправедното крвопролевање со следните зборови:

- Не треба, царе, да пристапуваш кон Светата Причест со верните христијани, бидејќи си извршил таков колеж, а не си се покајал. Како ќе го примиш Телото Христово во рацете, окрвавени со невината крв? Како ќе ја пиеш крвта Господова, со устата преку која си наредил да се врши свирепиот колеж?

Царот на тоа рече:

- И Давид згреши кога изврши убиство и прељуба, па сепак не беше лишен од милосрдието Божјо.

Епископот му одговори:

- Ако си го подржувал Давид во неговите гревови, тогаш подржувај го и во покајанието.

И се врати царот во својот дворец смутен, жалејќи поради своите гревови. Наскоро потоа го отпочна своето покајание, наложено од светителот. Се каеше тој јавно, како обичен човек, фрлајќи се ничкум на земјата пред црквата, стоејќи заедно со останатите покајници и лиејќи солзи. Настапи празникот Рождество Христово и царот Теодосиј со солзи седеше во дворецот и размислуваше како за слугите и просјаците е отворена црквата Божја, а за него овие денови не е. Еден министер Руфин, особено близок на царот, кога дозна за причината за неговите солзи, отрча кај свети Амвросиј да го замоли да го разреши од епитимијата. По него тргна и Теодосиј. Светителот на почетокот сурово го прими, и знаејќи за неговата темпераментност, побара да издаде закон, според кој смртните пресуди и пресудите за одземање на имотите да стапуваат во сила по триесет дена од изрекувањето на казната. Царот се согласи и му беше дозволен влез во црквата, каде покажа знак на длабоко покајание. Си ја корнеше косата, си го удираше челото од подот и го залеваше со солзи. Потоа свети Амвросиј му дозволи да пристапи на светата Причест. Царот влезе во олтарот, бидејќи мислел да се причести заедно со свештенослужителите, но свети Амвросиј го испрати архиѓаконот да му каже да чека причест пред олтарот со останатите мирјани, зашто, рече светителот, порфирата дава царско достоинство, а не свештеничко.

Царот кротко го послуша епископот, излезе од олтарот и рече:

- Таков е обичајот во Цариград, царот заедно со свештениците да се причестува во олтарот.

И чекаше царот пред олтарот, заедно со останатиот народ во црквата. Подоцна, кога беше во Цариград, царот не влезе во олтарот да се причести. Патријархот Нектариј го праша зошто чека надвор, а тој воздивна и одговори:

- Не сум ја знаел разликата меѓу царот и епископот, а сега ја знам, научен од учителот на вистината Амвросиј, кој единствено заслужува да се нарекува епископ.

Славата на свети Амвросиј се ширеше на сите страни. Така во Медиолан допатуваа двајца многу учени мудреци. Бидејќи многу слушале за мудроста на свети Амвросиј, тие посакаа лично да се уверат, и дојдоа кај него со многу подготвени прашања да го чујат неговиот одговор. Тие долго разговараа со него и се восхитуваа на длабочината на неговото богословствување и висината на умот. Пред царот изјавија дека само поради Амвросиј тргнале на така долг пат, за да го видат и да се науживаат на неговата мудрост.

По заминувањето на царот Теодосиј од Италија во Цариград, царот Валентијан Младиот беше убиен во Виена, по наговор на старешината на неговите телохранители, Арбогаст. По него на царскиот престол беше доведен насилникот Евгениј, кој само на име беше христијанин, а всушност идолослужител и љубител на суеверието и вражењето. За да му се допадне на Римскиот сенат, во кој мнозинството беа идолопоклоници и служители на демоните, тој нареди да се отворат идолски храмови и да се вршат демонски жртвопринесувања. Кога беше на пат за Медиолан, свети Амвросиј не сакаше да го види овој лицемер, па замина за Бононија, а потоа во Флоренција, во областа Тускија. Засолнувајќи се од неправедниот властодржец, свети Амвросиј не се плашеше од неговата злоба, туку се гадеше да се сретне со него. Тој бестрашно му пишуваше на Евгениј, го советуваше, му се закануваше со Судот Божји, но не можеше да го просветли суровиот властодржец. Во Флоренција угодникот Божји живееше во куќата на еден побожен и правоверен човек на име Децент, чиј син Пансофиј, мало момче, беше мачено од нечист дух. Свети Амвросиј го исцели момчето со молитва и положување на раката, но по неколку дена тоа момче ненадејно се разболе и умре. Неговата побожна мајка, полна со вера и страв Божји, го зеде своето мртво чедо, го однесе во собата на свети Амвросиј, кој не беше таму, го остави на неговата постела и замина. Кога светителот се врати и го виде мртвото момче, ја затвори вратата, застана на молитва, па како некогаш пророкот Елисеј пријде до постелата, се наведна над детето и дувна во него. Детето воскресна и светителот го предаде на неговата мајка.

Потоа свети Амвросиј се врати во Медиолан на својот престол, бидејќи Евгениј беше заминал во војна против царот Теодосиј. На излегување од градот бедникот се фалеше дека кога ќе се врати како победник, Медиоланската црква ќе ја претвори во коњушница а свештенослужителите ќе ги опаша со сабји. На овој пакосник не му се оствари планот. Загина во војната, победен од царот Теодосиј. Свети Амвросиј свечено го пречека царот како победник, а тој падна пред неговите нозе, и победата ја припишуваше на неговите молитви.

Кратко време потоа царот Теодосиј мирно се упокои. Богоугодно царуваше и премина во бесконечното царство Христово, а земното го добија по него неговите синови Аркадиј на Исток и Хонориј на Запад. За време на царувањето на Хонориј, свети Амвросиј ги пронајде моштите на светите маченици Назариј и Келсиј, за што презвитерот Павлин пишува:

„Во тоа време Амвросиј ги пренесе во црквата на светите Апостоли моштите на светиот маченик Назариј, кои беа пронајдени во градината надвор од градот. Ние видовме во гробот каде што лежеа моштите на маченикот крв, која како сега да истекла. А главата со косата и брадата беа толку целосни, како сега да беа положени, лицето на маченикот беше толку светло, како пред малку да е измиено. И што има чудно во тоа, кога и самиот Господ во Своето Евангелие ветува: „Влакно од вашата глава нема да загине“ (Лк. 21, 18). И ние почувствувавме такво благоухание, кое ги надминуваше сите мириси. Откако моштите на светиот маченик Назариј ги пренесовме до колата и преминавме на моштите на светиот маченик Келсиј, од сопственикот на таа градина дознавме дека од нивните претци им бил даден завет да не го напуштаат тоа место и да го чуваат од поколение на поколение, бидејќи во неа биле положени големи богатства. И навистина тоа се големи богатства. „Нив ни молец ни рѓа не ги расипува, ни крадци ги поткопуваат и крадат“ (Мат. 6, 20). Нивен чувар е Господ, а живеалиште им се небесните дворови - „на нив, на кои Христос им беше живот а смртта добивка“ (Флп. 1, 21). А кога моштите на светите маченици беа внесени во црквата на светите Апостоли, свети Амвросиј му изговори на народот поука. Тогаш нечистиот дух, кој беше меѓу народот, извика:   

- Мене ме мачи Амвросиј!

Светителот се сврте кон него и му рече:

- Онеми, ѓаволе! Не Амвросиј, туку верата на светите и твојата завист те мачат тебе, бидејќи гледаш дека луѓето влегуваат онаму од каде што ти си исфрлен. А Амвросиј не умее да биде горделив.

ѓаволот замолкна и го фрли на земјата човекот со кого што владееше.

Гласот за свети Амвросиј дојде и до царицата на Маркоманите Фридигилда. Таа му упати молба на светителот да ја научи на верата во Христа. Светителот ѝ напиша опширна поука за христијанската вера и ја убеди во вистинитоста на христијанството. Фридигилда го приведе и својот сопруг кон Христа и го посоветува да склучи договор за мир со Римското царство. Таа многу сакаше да го види својот учител и отиде во Медиолан, но светителот веќе беше заминал кај Господа.

Свети Амвросиј беше полн со благородна ревност. Неговата молитва беше непрестајна и дење и ноќе, неговото делување беше огнено, дури и самиот со својата рака пишуваше книги, со исклучок кога во тоа ќе го спречеше болест. Беше полн со грижи за сите цркви во епархијата и толку се трудеше во должностите доверени од Бога, така што по неговата смрт пет епископи одвај можеле да ги извршуваат тие работи. А пак неговата грижа за ништите, бедните и заробените беше неискажлива. Сѐ што имаше трошеше за нив. Така тој веднаш по своето ракополагање за епископ сето свое злато, сребро и останати имоти ги раздаде за украсување на црквите, за прехрана на ништите и сирачињата и за откупување на робови. Само еден незначителен дел од својот имот одвои за својата сестра, а за себе не остави ништо, за ослободен од секој имот, да може полесно да го следи својот Господ Христос, Кој иако богат, заради нас осиромаши, за со Неговото сиромаштво да се збогатиме (сп. 2 Кор. 8, 9). Угодникот Божји Амвросиј им беше на сите сѐ. Се радуваше со радосните, плачеше со расплаканите. Достигна длабока старост, го провиде своето заминување кај Бога и му рече на својот клир:

- Јас само до Воскресение ќе останам со вас. А споменатиот Павлин, писателот на ова Житие, раскажува нешто што лично го доживеал и со свои очи видел. Тој пишува: „Неколку дена пред да се разболи, свети Амвросиј се занимаваше со толкување на 43 псалм, а јас го запишував тоа што тој го зборуваше, бидејќи поради староста и слабоста не можеше сам да пишува многу. Кога при тоа погледнав во него, ненадејно видов оган околу неговата глава во облик на штит. Тој оган постепено се свиткуваше и влезе во неговата уста а лицето му стана бело како снег. Јас се запрепастив и од страв не бев во состојба да пишувам. Но, потоа неговото лице повторно го доби вообичаениот изглед. Тоа му го раскажав на благочестивиот ѓакон Кастул, а тој, и самиот полн со благодатта Божја, ми објасни дека сум го видел Духот Свети, кој во вид на оган слегол на нашиот епископ, како некогаш на светите Апостоли“.

Кога војсководецот Стилихон! слушна дека свети Амвросиј смртно се разболел, рече:

- Ако тој светител умре, Италија ќе пропадне.

И испрати кај него угледни граѓани, за кои знаел дека свети Амвросиј ги сака, да го молат тој да измоли за себе од Господа продолжување на животот за доброто на другите. На тоа свети Амвросиј одговори:

- Јас не живеев меѓу вас онака за да се срамам да живеам понатаму, но од смртта не се плашам, за што го имам добриот Господ.

За време додека светителот лежеше болен, еднаш подалеку од неговата постела, до самата врата седеа ѓаконите Кастул, Полемиј, Венериј и Феликс. Тие си разговараа шепотејќи многу тивко за тоа, кој по свети Амвросиј ќе биде епископ. При тоа го спомнаа презвитерот Симплицијан. И одеднаш свети Амвросиј, кој лежеше далеку од нив, го крена гласот и како да учествува во нивниот разговор, три пати повтори:

- Тој е стар, но бодар.

Со тие зборови потврди дека Симплицијан ќе го прими епископството по него.

За време на својата болест, додека се молеше свети Амвросиј го виде нашиот Господ Исус Христос како му се доближува со блескаво лице и насмевка со многу љубов. Светителот му го кажа тоа на Лавдискиот епископ Васијан, кој во тоа време седеше покрај него. А кога дојде часот за разделувањето на душата од телото, презвитерот Хонорат, кој се одмораше во горниот дел од куќата, чу три пати глас одозгора, кој му говореше:

- Стани и побрзај кај Амвросиј, тој сега ќе замине кај Господа.

Презвитерот стана, зеде Пречисти Тајни и се спушти долу кај болниот. Свети Амвросиј се помоли, се причести со Божествените Дарови и ја предаде својата душа во рацете на Господа, на самнување на Воскресение, на 4 април 397 година. Неговото чесно тело беше положено во големата Медиоланска црква, а неговата света душа застана со ангелите пред престолот на Света Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот Бог, Кому слава за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АТИНОДОР

Светиот маченик Атинодор, од Сирска Месопотамија, од рана возраст водеше монашки живот. Поткажан како христијанин, беше фатен и доведен пред царскиот намесник Елевсиј, пред кого ја исповедаше својата вера во Господа Христа. Затоа беше осуден на жестоки маки. Го растегнаа меѓу два столба, па целото тело му го гореа со свеќи; потоа му ставаа вжештени тули под пазувите и остри игли во ноздрите, го полагаа врз вжештен железен тепих, кој на чудесен начин се олади. Потоа го фрлија во вжештен бакарен вол и го подложуваа на многу други измачувања. Во сите тие маки светиот остана неповреден, чуван од Ангели Божји. Од таквите негови чудеса многу незнабошци ѝ пристапија на верата Христова. Најпрвин педесет од нив, а потоа уште триесет. Најпосле светиот маченик беше осуден на исекување со меч. Но, штом џелатот пристапи, се сопна и падна како мртов, и раката со мечот му се искорна од рамото. Потоа никој повеќе не се осмели да му пристапи. Тогаш светиот маченик Му се помоли на Бога и ја предаде својата душа во рацете на Господа, од Кого го прими венецот на мачеништвото.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ПАВЛЕ ПОКОРНИОТ

Родителите на преподобниот Павле беа доста имотни и од мал грижливо го учеа на Светото Писмо. Кога стана полнолетен, во него се јави желба да го остави светот. Стапи во еден од манастирите во својот роден крај. Тука го прими божествениот и ангелски монашки чин. Се подвизуваше во сите доблести и ги надмина сите браќа во својот манастир, стана сад на Светиот Дух, та правеше големи и прекрасни чудеса.

Во една пригода преподобниот Павле изврши едно необично чудо, кое обелодени какво големо и возвишено делување се врши потајно во неговата душа. Всушност, заедно со останатите браќа тој вареше во казанот смола. Кога смолата се растопи и зовре, вриејќи, започна да тече од казанот, блажениот Павле немајќи ништо при рака за да ја промеша смолата, ги засука ракавите, ја вовлече раката внатре, ја промеша и вриењето веднаш престана. Раката му беше неповредена, како да не била во казанот со врела смола. Браќата се запрепастија и едни од нив заклучија дека преподобниот Павле е богоносен монах, а други не веруваа дека е таков. Самиот се сметаше за прав и пепел, и самиот се нарекуваше смрдлив пес.

По извесно време преподобниот Павле беше испратен на едно послушание подалеку од манастирот. Додека беше отсутен, старешината на манастирот ги свика браќата и помина со нив многу денови во строг пост и молитви. Тие Му упатија на Бога ваква молитва:

- Господи, иако сме недостојни, сепак откриј ни онолку колку што можеме да сфатиме, до каков степен на совршенство стигнал нашиот брат Павле и на кој степен од доблестите е.

И Бог, Кој ги исполнува желбите на оние кои Му се плашат, ја исполни нивната молба. Една ноќ додека спиеја, со дејство Божјо беа однесени во рајот, прекрасен и чудесен. Додека се наоѓаа таму, тие се топеа од милина во неискажлива благомирисна радост, која отсекаде ги исполнуваше. И додека се восхитуваа на оваа чудесна глетка и доживување, одеднаш пред нив се појави монахот Павле и ги поздрави, паѓајќи ничкум пред нив. Браќата го отпоздравија и замолија да им објасни што е тоа каде што се наоѓаат тие и што гледаат. Павле со голема смиреност им одговори:

- Тоа што го гледате, браќа, е рајот Божји, и сето ова се случи заради вас, зашто со своите сесрдни молитви вие посакавте да дојдете овде, каде што сум дошол и јас. Земете одовде, од рајот, кој што сака, на кој што му се допаѓа, па одете си со мир. А на работата на која што бев испратен испратете друг брат, зашто повеќе нема да ме видите.

Откако се простија со Павле, браќата се оддалечија и зедоа од светиот рај, кој цветче, кој гранче, кој благомирисно листче, кој прекрасна билкичка или тревкичка.

Кога станаа, браќата се собраа и си раскажаа за видението и радосно Го славеа Бога. При тоа ги покажуваа нештата што ги беа зеле од рајот, и сите се радуваа и Го славеа Бога за милоста со која го осветли Својот слуга Павле.

А пак блажениот Павле, го остави послушанието на кое што беше испратен и отиде во Ерусалим. Откако таму ги посети сите Свети Места и им се поклони, отиде на Кипар. Таму се качи на една висока планина и помина неколку години во осаменост. Гласот за неговиот свет живот се пронесе насекаде по околината и многумина започнаа да доаѓаат кај него, па тој замина и отиде во околината на Цариград и се насели таму. Водејќи богоугоден живот, тука се удостои да чуе како некогаш Боговидецот Мојсеј, глас кој му рече:

- Искачи се, Павле, на оваа гора, и умри на таа гора!

И блажениот Павле се искачи според наредбата Божја на високата планина, наречена Паригорија, и Му се поклони на Бога. Поживеа таму кратко време и заспа во Господа.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ЈОВАН ПОСТНИК  

Преподобниот Јован се подвизуваше долги години во лаврата на свети Сава Осветен, за време на царувањето на Анастасиј. Многу пострада од еретикот, патријарх Александриски, Јован, кој го присилуваше да премине во монофизитската ерес. Од него доживеа и прогонство. Во Халкидон еретиците го фрлија во темница. Помина во неа дваесет дена без леб и вода. И кога го затекнаа жив, еретиците го извадија од темницата и со тепање го протераа од градот. Тој дојде во лаврата на свети Сава Осветен, створи многу чудеса и лавови скроти. Напиша и книга против еретиците. Со мир се претстави кај Господа.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ГРИГОРИЈ МОЛЧАЛИВИОТ или Горњачки

Свети Григориј Исихаст, или Молчалив, е по потекло од Балканот. Според некои синаксари, по потекло бил Србин. Роден е кон крајот на 13 или почетокот на 14 век. Бил ученик на свети Григориј Синаит и на свети Ромил Раванички, чие житие го напишал. Основач е на светогорскиот манастир на свети Никола Чудотворец, по него познат под името Григоријат. Подоцна преминал во Србија и од свети Лазар, кнезот српски, го добил манастирот Ждрело во Браничево (подоцна наречен манастир Горња), во кој и денес почиваат неговите свети мошти. Од Житието на свети Ромил Раванички напишано од него и од други стари книги дознаваме уште и за животот и подвизите на преподобниот Григориј Молчаливиот и ова што понатаму ќе го изнесеме.  

Во почетокот на четиринаесеттиот век дојде на Балканот од Синајската Гора преподобниот отец наш Григориј Синаит. Кога се насели на Света Гора Атонска, во скитот наречен Магула, наспроти Филотејскиот манастир, стекна доста ученици меѓу монасите желни за исихастичкиот живот, односно молитвено тихувателен (или молчалив) живот по Бога и заради Бога. Од таму со група свои ученици премина во пустото и непристапно место Хрентела, помеѓу денешните манастири Симонопетра и Свети Павле. Тука основа неколку келии, но не се задржа долго. Поради честите напади од турците, мораше да замине од Света Гора. По посетата на Цариград и некои други места, тој со своите ученици се насели во местото Парорија и Тракија, на границите помеѓу Византија и Бугарија. Таму основа голем манастир и стекна мноштво ученици. Во тоа време негов ученик стана и нашиот преподобен отец Ромил, кој со еден свој духовен брат Иларион, остана кај големиот Синаит сѐ до неговото блажено заспивање во Господа (на 27 ноември 1346 г.). Тогаш преподобните Ромил и Иларион се преселија од Парорија во областа Загора, близу Трново (во Бугарија), каде и претходно се подвизувале. Тука свети Ромил го замоли Иларион да го прими како свој послушник, на што што тој одвај се согласи, исполнувајќи ја така волјата Божја и усрдната молба на својот брат. Кога потоа побожниот бугарски цар Јован Александар (1331-1371 г) ја ослободи спомената Парорија од нападите на крадците и разбојниците, свети Ромил со својот духовник Иларион се врати во парориската омилена пустина и повторно се насели таму.

Токму во тоа време кај нив дојде од Цариград преподобниот Григориј Молчаливиот, за кого станува збор овде. Веќе во Цариград, а можеби и некаде на друго место, преподобниот Григориј беше чул за големиот Григориј Синаит и беше повторно негов ученик. Но, кога Синаит се пресели кај Господа, Григориј дојде кај свети Ромил да биде негов ученик, зашто слушнал за неговите доблести и исихастичкиот богоугоден живот. За тоа самиот Григориј зборува во Житието на свети Ромил, кое што го напишал. Во тоа време, вели тој смирено за себе, и јас, најбедниот меѓу монасите, дојдов од Цариград на тоа место (во Парорија), и кога слушнав за нивното доблесно живеење и совршено подвизување, ја наведнав главата и му се потчинив на старецот Иларион, на кого му беше потчинет и самиот преподобен Ромил.

Во Парорија се подвизуваше преподобниот Григориј со свети Ромил додека тие краишта не биеа напаѓани од безбожните агарјани. Потоа мораа да заминат за Загора. Потоа свети Ромил отиде на Света Гора, а преподобниот Григориј и Иларион останаа во Загора. По упокоението на свети Иларион, свети Григориј отиде на Света Гора и го побара и го најде свети Ромил и смирено му се потчини како на свој духовен отец. И живееја тие во подвизите и доблестите во местото Мелана, во близина на Големата Лавра на свети Атанасиј Атонски. За ова нивно заедничко живеење и подвизи зборува самиот преподобен Григориј во споменатото житие на свети Ромил, но зборува така што тој од своето преголемо смирение ги изнесува само доблестите на свети Ромил, а за себе вели дека божем имал гревови и страсти и дека преподобниот Ромил го поправал во тоа и поучувал на правилниот живот.

Бидејќи кај нив започнаа да доаѓаат многу монаси и посетители за духовна корист и поуки, тие отидоа во уште попустински крај на Атонската Гора и таму си направија келии и се населија. Не помина долго време, а агарјаните го убија српскиот деспот Јован Углеша, кој во тоа време ја штитеше и помагаше Света Гора. Тогаш меѓу монасите настана голем страв и метеж од злите турци и нивното насилство.

Наскоро, по смртта на благоверниот владетел Углеша, свети Ромил ја напушти Света Гора и премина во Албанија, во местото Авлон, а од таму во Раваница во Србија, каде што наскоро се упокои, а свети Григориј остана на Света Гора и се подвизуваше во осамена келија во молитвено тихување и богоугодно молчење, поради што и подоцна е наречен Молчаливиот. Најверојатно свети Григориј стана основач и ктитор на денешниот манастир на свети Никола Чудотворец, изграден помеѓу Симонопетра и Свети Павле, близу оние келии каде што порано се подвизуваше големиот Григориј Синаит со своите ученици.

Но, на Света Гора преподобниот Григориј не можеше да остане долго време, зашто безбожните турци повторно ги напаѓаа христијанските народи и краишта сѐ до Света Гора. Тогаш единствен моќен владетел бил благочестивиот српски кнез Лазар.

Во 1379 година Лазар ги беше ослободил и смирил од тамошните бунтовници и непријатели северните краишта на својата држава Браничево, кога токму во тоа време стигна од Света Гора кај него преподобниот Григориј со повеќе свои ученици и монаси, кои потоа станаа познати во Србија како подвижници „Синаити“. Го добија тој назив затоа што порано сите беа ученици на големиот Григориј Синаит.

Преподобниот Григориј го замоли кнезот Лазар да му даде некое мирно и осамено место каде што би можел да му се посвети на молитвеното безмолвие и богоречито молчење. Благочестивиот кнез му го даде местото Ждрело во подножјето на Хомолските планини, на левиот брег на реката Млава. Над реката има пештера каде се насели преподобниот Григориј и таму молитвено тихуваше. Пештерата ја претвори во црква и ја посвети на Свети Никола Чудотворец, на кој што беше посветен и манастирот Григоријат на Света Гора. Наскоро благочестивиот кнез му помогна под оваа пештера да изгради прекрасна црква на манастирот Ждрело, која заеднички ја посветија на Воведението на Пресвета Богородица. Така беше основан нов манастир на преподобниот Григориј, кој и до денес постои во Браничево под името Горњак. Основањето на овој манастир подоцна беше потврдено и од пресветиот патријарх кир Спиридон, како што за тоа зборува древната повелба, која до неодамна се чуваше во манастирот Горњак.

Не е познато каде и кога точно се упокои преподобниот Григориј. Според некои пред своето упокоение се вратил на Света Гора во својот манастир Григоријат и таму мирно се претставил во Господа, околу 1406 година. Неговите свети мошти останале во Григоријат сѐ до 1761 година, кога при тогашните големи пожари монасите ги пренеле во Србија, во неговиот манастир Горњак. Според други, се упокоил во манастирот Горњак и е погребан покрај горната пештерска црквичка. Неговите свети мошти почиваа некое време во тој манастир, а во долгите векови на турското ропство се пренесувани и на други места, во манастирот Орешковица, во Војловица во Банат и по други места.

Така можеби дел од моштите стигнал и во неговиот манастир Григоријат на Света Гора, од каде потоа тој дел повторно е вратен во манастирот Горњак.

Денес светите мошти на свети Григориј се наоѓаат во неговиот манастир Горњак. За време на Втората светска војна, поради опасноста од германците биле пренесени во соборната црква во Пожаревац, но по војната повторно се вратени во Горњак. Во 1977 година игуменот на манастирот Григоријат, архимандрит Георгиј, се обратил со писмо до епископот Браничевски, со молба да подари на неговиот манастир дел од моштите на свети Григориј, како ктитор на манастирот Григоријатски.

Така дел од моштите биле доставени до манастирот Хилендар, со молба за празникот Воведение (1977 г.) свечено да се предадат на браќата од Григоријат, кои ќе дојдат на празникот во Хилендар. Така било сторено. Инаку манастирот Григоријат го слави споменот на преподобниот Григориј на 7 декември, а тоа е денот на неговото упокоение, кое се слави и во манастирот Горњак и под кој се спомнува во старите Пролози и Синаксари. И по иконите на преподобниот Григориј, кои се наоѓаат во манастирот Григоријат и во манастирот Горњак, се гледа дека тоа е истиот светител. По неговите свети молитви нека Господ и нас нѐ помилува и спаси. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ НИЛ СТОЛОБЕНСКИ, Новгородскиот чудотворец

Преподобниот Нил се роди во едно село на Новгородската област. Не е познато кои му биле родители. Се знае само дека е замонашен во манастирот на Псковската област, наречен Крипецки. Од тој манастир тој премина во шумовитата пустина на Ржевскиот округ и се насели таму близу реката Черемха. Тука се хранеше со билки и дабов жир, минувајќи го времето во пост и молитва. Тоа ѓаволот не можеше да го гледа и започна крвнички да го напаѓа. Се претвораше во разни ѕверови и лазачи, кои како страшила му се нафрлаа деноноќно. Тие беснееја, рикаа и пиштеа, за да го натераат од страв да побегне од пустината. Но, тој со молитвата како со меч ги бркаше злобните напади, оградувајќи се со крстниот знак и молејќи се непрестајно на Бога. Во таквите пустинички подвизи преподобниот Нил помина петнаесет години.

Еднаш, по долга молитва задрема и чу глас кој му говореше:

- Ниле, излези одовде и оди на островот Столобној. На него ќе можеш да се спасиш.

Ова наредба многу го израдува, зашто по тоа препозна дека Господ не ги презрел неговите молитви. Се распраша за тој остров и дозна дека се наоѓа на езерото Селигер, на седум километри од градот Осташков, во Тверската област. Кога стигна таму беше радосно поразен од неговата убавина. Го обиколи целосно и заклучи дека е одличен за осаменички живот. На тој остров имаше гора и голема шума. Преподобниот се качи на таа гора и со молитвата Му заблагодари на Бога што му го укажа тоа место и рече:

- Еве го, Господи, покојот мој, еве го живеалиштето мое за навек.

На таа гора си ископа пештера во која што ја помина првата зима. Потоа си направи келија и црква. Го минуваше животот на островот во големи подвизи, молитви, трудови и пост. Се хранеше со билки и јагоди што растеа на островот и со зеленчукот што самиот го одгледуваше. ѓаволот и тука постојано војуваше со него и му вршеше разни пакости. Така во една пригода се појави со цел полк демони и ја опколи неговата келија, токму кога тој ја завршуваше својата молитва. Ја премота ќелијата со јаже и страотно викаше и се закануваше дека ќе ја фрли во езерото, но светителот со својата молитва ја растера сета демонска војска.

Исто така и човечката злоба беше немоќна во своето војување против угодникот Божји. Така еднаш, селани што живееја во близина на Столобниот остров, намислија да го избркаат светителот од таму. Поради тоа ги исекоа дрвјата и ја запалија шумата, сметајќи дека пожарот ќе стигне и до келијата на светителот и ќе ја изгори. Кога виде дека шумата гори, светителот застана на молитва и со благодатта Божја пожарот ненадејно згасна и не ја допре ни гората. Пакосниците посрамени се вратија дома.

Но, ѓаволот, колку што повеќе порази доживуваше, толку побесно го напаѓаше. Еднаш, додека беше на работа надвор од келијата, го нападнаа разбојници и со закани бараа да им го даде богатството што го има кај себе. Светителот им рече:

- Ене го, во аголот од мојата ќелија. Одете, земето го!

А во тој агол беше иконата на Пресвета Богородица со предвечниот Богомладенец. Разбојниците влегоа во ќелијата и ненадејно ослепеа. Тогаш со солзи започнаа да го молат светителот да им прости. Тој се помоли на Бога и тие прогледаа. Потоа ги поучи за спасението на душите и им заповедаше никому да не раскажуваат за тоа што се случило. Тие раскажаа дури по неговото претставување.

За својот подвижнички живот преподобниот Нил доби од Бога благодатен дар да ги провидува кај луѓето нивните тајни дела и грешниците да ги вади на патот на спасението. Еден човек, осквернет со телесен грев, дојде кај светителот. Тој го изобличи за гревот, го поучи повеќе да не го прави и го отпушти со мир. Од тогаш тој човек стекна страв Божји, поживеа богоугодно и се упокои.

Богобојазливите жители, кои во близина на островот се занимаваа со риболов, го почитуваа светителот и понекогаш му испраќаа риба. Еднаш му испратија по еден свој другар, кој беше извршил прељуба. Светителот го виде тоа со Светиот Дух, го затвори прозорчето пред него и не ја прими рибата. Тој се врати кај другарите и им раскажа што му се случи. Тие ја испратија рибата по друг рибар и преподобниот со радост ја прими, го благослови рибарот и го отпушти.

Еднаш еден човек започна на островот да ја сече шумата за градба на куќа, но одеднаш страотно загрме и се чу глас, кој забрануваше да сече. Но, тој не се исплаши туку ја натовари граѓата на колата. Кога сакаше да тргне, коњот не можеше да се помести од местото. Од ваквото чудо тој се исплаши и вети дека никогаш повеќе нема да го стори тоа.

Преподобниот се подвизуваше на островот Столобни дваесет и седум години, и пред своето претставување си ископа гроб, стави во него мртовечки сандак и секој ден одеше таму и плачеше над него за своите гревови. Кога почувствува дека му се ближи крајот, го замоли Господа да го удостои на причест со Светите Тајни. И неговата молитвена желба се исполни. На островот дојде игуменот на Николскиот манастир Сергиј и го причести преподобниот Нил со Светите Тајни. Потоа влезе во својата келија, ги изврши вообичаените молитви, ја зеде кадилницата, ги покади сите икони и целата ќелија, па ги потпре рацете на дрвените стапови, на кои обично се одмораше од телесната премореност и се претстави кај Господа, во 1554 година, на 7 декември.

На местото на подвизите на преподобниот Нил, јеромонахот Герман во 1594 година го основал Нилов Столбенскиот манастир. Чесните мошти на преподобниот Нил се откриени на 27 мај во 1667 година.

На нашиот Бог нека е слава, сега и секогаш и низ сите векови.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ФИЛОТЕЈА

Светата маченичка Филотеја потекнува од Бугарија. Родена е во градот Трново од прости и неписмени родители. Уште во рано детство остана без својата благочестива мајка, која што ја имаше научено на љубов кон Бога и кон Црквата, на милосрдие кон сиромашните, на молитва и на сите христијански доблести. Навистина, додека растеше, нејзината ќерка напредуваше во добродетелите и љубовта кон сиромашните и страдалниците.

Татко ѝ се прежени и непорочното девојче поднесуваше многу маки од нејзината маќеа. Но, тоа се трпеше заради љубовта Христова.

Еднаш маќеата ја испрати да му однесе ручек на татко ѝ, кој што работеше во полето. Но, девојчето од чистата љубов кон сиромашните и сираците, како што ги сретнуваше по патот им ја раздаваше храната.

Вечерта, кога се врати татко ѝ изморен и гладен, ја праша жена си дали му испратила јадење, а таа му кажа дека му испратила по керка му. Следниот ден татко ѝ се сокри на едно место, за да види што прави ќерка му со јадењето кога заминува од дома.

И кога виде дека таа им го раздава на сиромашните, скокна и почна да ја удира со стап. Ја врза со јаже, ја удираше и скокаше врз неа со нозете. При таквото насилство, девојчето ја предаде својата душа на Бога. Имаше 11 години.

Кога потоа таткото чедоубиец се обиде да ја крене, нејзиното тело беше толку тешко, така што ја остави и замина кон Трново, каде што им се предаде на властите.

За ова дозна митрополитот, кој во придружба на многу свештеници и мноштво христијани дојдоа на местото кај што лежеше телото на маченичката.

Залудни беа обидите да го пренесат нејзиното свето тело. Одлучија да ги спомнуваат манастирите и црквите од Бугарија, додека истовремено го држеа телото на маченичката, зашто можеби нејзина волја е да биде однесена на некое свето место.

Откако завршија со спомнувањето на светите места во Бугарија и телото остана непоместливо, започнаа да ги спомнуваат манастирите и црквите во Романија. Кога ја спомнаа преубавата црква на манастирот Куртеа во градот Арџеш, телото на маченичката стана лесно, дури и полесно од природната тежина. Тогаш сите сфатија дека нејзина волја е да биде пренесена во тој манастир, далеку од нејзината татковина.

Најпрво го пренесоа нејзиното тело со почести и кадење во Митрополитската црква во Трново. Потоа го известија владетелот на Романија Радош Велики, дека света Филотеја сака да влезе во Романија.

Владетелот Радош со сиот клир, со дворјаните и мноштво народ, дојде кај реката Дунав, за да го пресретне и преземе ова свето богатство.

Ја пренесе во црквата, во која светителката благоволи да се всели и таму да остане до денес, како голема утеха на благочестивиот романски народ.

Бог ја прослави света Филотеја со дарот на чудотворството и нетленоста на нејзиното тело. Денес нејзините свети мошти, положени во мал сребрен кивот, се наоѓаат во параклисот посветен на Рождество на Пресвета Богородица, бидејќи големата владетелска црква се чува како историски и црковен споменик.

Секоја година, освен секојдневните посети на христијаните, доаѓаат илјадници верници за да го прослават споменот на преносот на моштите на светителката, чиј што спомен се слави на 7 декември.

Моштите на светата маченичка Филотеја се непресушен извор на исцеленија, бесплатен лекар на православниот романски народ.

Особено се исцелуваат болните од епилепсија. Но, жално е тоа што до сега ниту еден од исцелените верници не се заинтересира да даде информации за настанатите чуда на светителката.

Се надеваме дека игуменот на манастирот, архимандрит Климент, кој што знае многу чуда од предание, но и неодамнешни, во соработка со неуморниот работник на православното романско монаштво, јеромонахот Јоаникиј Балан, ќе запишат и објават барем некои од нејзините чуда, за слава Божја и за духовна поткрепа на нашиот православен народ.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ АНТОНИЈ СИЈСКИ, новиот чудотворец

Беше селско дете од местото Кехта, во Двинската област. Световното име му беше Андреј. Се одликуваше со убавина и со големи умствени способности; брзо изучи книга. Омилено занимање му беше сликањето на икони. Стапи во брак, но сопругата му почина по една година. Се замонаши во Пахомиевата пустина на реката Кена. Во манастирот се покажа како образец на смиреноста и послушноста. Пред сите одеше во храмот на молитва. Практикуваше строго воздржание и непрестајно го имаше во срцето сеќавањето на смртта и последниот суд. Беше посветен за јеромонах, без пропуштање вршеше богослужење и неуморно ги извршуваше сите манастирски работи. Бидејќи ја сакаше осаменоста, преподобниот Антониј по неколку години се повлече на север, и крај реката Сија основаше манастир, во кој што беше игумен. Го украси својот живот со големо воздржание и трудољубие и мирно се претстави во 1556 година, оставајќи завет на манастирските браќа да живеат во мир, воздржание и труд и да им помагаат на бедните и неволните. Неговите свети мошти почиваат во неговиот манастир.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА ФИЛОТЕЈА ТРНОВСКА

Преподобната Филотеја се роди во византискиот град Поливот (јужна Тракија). Таа беше плод на долготрајните молитви на своите бездетни родители. За тогашно време доби добро образование и како полнолетна беше омажена против својат волја, но успеа да побегна од мажот и да живее целомудрено. По извесно време нејзиниот сопруг починал. Тогаш таа се насели на островот среде блиското езеро, каде што си изгради келија и се подвизуваше сама во пост, во непрестајна молитва, сеноќни бденија, солзи и безмолвие. За таквата нејзина ревност и љубов Бог ѝ ја подари благодатта на чудотворната молитва и мудроста да поучува. Кај неа доаѓаа духовни лица и многу народ, за да ги чујат нејзините благочестиви совети и да добијат исцеление по нејзините молитви. Од прекумерното воздржание сосем ослабна, ја предвиде својата смрт и се претстави на седми декември (годината и векот на животот не ни се познати). Нејзините мошти се јавија како нетлени и вршат многу чудеса.

Во почетокот на ХI век тие беа торжествено пренесени од Поливот во Трново, во времето на царот Калојан. Тука останаа околу двеста години. По паѓањето на Бугарија под Османлиското ропство (1393 г) ги зедоа Србите, а од нив Романците. Житието на преподобна Филотеја, кое е сочувано до сега е составено од свети Евтимиј, патријархот Трновски. Преносот на нејзините мошти од Трново во Видин го опиша современикот на патријархот Евтимиј, видинскиот митрополит Јоасаф.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АМУН

Живееше и се подвизуваше во Нитриската пустина. Се претстави во мир. Судејќи по сѐ, ова е истиот преподобен Амун кој се слави на 4 октомври.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ПРАВОСЛАВНИ ХРИСТИЈАНИ

Додека Го славеа Бога во храмот, беа запалени.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ПРАВОСЛАВНА РИМЈАНКА

Пострада за Христа во Рим, изгорена во оган.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК НЕОФИТ

Пострада за Христа фрлен во море.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ДОМЕТИЈ

Беше исечен со меч за Господа Христа.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ИСИДОР, АКЕПСИМ и ЛЕОН

Пострадаа за Господа Христа запалени во оган.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ГАЈ и ГАЈАН

Беа изгорени заради верата во Христа Господа.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ДВАЈЦА СВЕШТЕНИЦИ

Пострадаа за Господа Христа престругани со пила.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПРИСК

Свети Приск пострадал за Христа усмртен со глад.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАРТИН

Пострадал за Господа Христа искасапен со секири.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК НИКОЛА

Пострадал за Господа Христа изгорен во оган.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ИГНАТИЈ

Во мир се претстави. Почива во близина на Влахернската црква во Цариград.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ЈОВАН, постникот Печерски

Неговите свети мошти почиваат во Антониевата пештера во Киев.