21. Декември  (8. Декември)

 

ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ ПАТАПИЈ

На реката Нил, во Египет, беше град наречен Тива. Во тој град се роди блажениот Патапиј. Неговите родители беа христијани и го воспитуваа во побожноста и стравот Божји. А кога стана полнолетен, Патапиј ја презре суетата на овој свет, ја остави својата куќа, родителите и пријателите и стана монах. Отиде во пустината египетска и живееше во Бога, подвизувајќи се во пост, молитви и најразлични пустинички трудови. А кога се дозна за него и започнаа многумина да доаѓаат кај него и да го слават за доблесниот живот, го обзеде тага и мака што му се нарушува молитвеното тихување и тоа што луѓето го фалат. Затоа го напушти Египет и отиде во Цариград. Овој чуден светител мислеше дека некако полесно ќе се сокрие од луѓето, кога е меѓу луѓето во градот, отколку во пустината. Во Цариград си направи колиба до градскиот бедем, близу црквата Влахерна, се затвори во неа и живееше во молитвено тихување како во пустината, незнаен од никого освен од единствениот Бог, со кого разговараше непрестајно со молитвата. Но, како што не може да се сокрие град на врв планина, така не може да се сокрие и доблесен човек кога ќе достигне совршена светост. Самиот Бог ги прославува оние кои Него Го прославуваат и ги обелоденува за корист на другите, исполнетите со благодатта Негова. Така и овој богоугодник, совршен во светоста и пребогат со благодатта на чудотворствата, обелоденет и прославуван од Бога, набрзо беше пронајден како сокриено богатство. Едно христијанско момче, слепо од раѓање, раководено од самиот Бог, дојде кај колибата на преподобниот отец Патапиј и го молеше да се помоли на Бога за него, да му дари вид, за да ги види творбите Божји, па да стекне совршено познавање на самиот Творец и посовршено да Го прославува. Кога ја виде неговата вера, преподобниот се сожали и рече:

- Во името на Исуса Христа, кој им дава на слепите светлина, а на мртвите живот, прогледај!

И веднаш му се отворија очите на слепородениот и тој јасно гледаше и Му заблагодари на Бога.

Ова исцелено момче беше познато меѓу народот и кога луѓето видоа дека гледа многу се чудеа и го прашуваа како прогледал. Тој не го сокри името на чудотворецот и свој добротвор, преку кого доби исцеление од Бога. Гласот за ова чудо и славата на преподобниот се пронесе меѓу народот и од тогаш многу започнаа да доаѓаат кај него, молејќи за неговите молитви.

Еден угледен Византиец боледуваше од водена болест и телото му беше страотно отечено. Многу пари потрошил по лекарите, но исцеление не доби. Кога слушна за свети Патапиј нареди да го однесат кај него и со солзи го молеше да го исцели. Бесплатниот лекар најпрвин се помоли на Бога за него, потоа го осени со крстниот знак и помаза со свет елеј и веднаш сета вода истече од неговото тело по природните канали и целата негова внатрешност се исчисти и потполно оздраве.

Едно момче беше луто мачено од лош дух, кој го бркаше по горите и пустините, го фрлаше во оган и вода за да го погуби. Го фрлаше и во провалии, и веќе ќе го погубеше ако силата Божја, која ја обессилува злобната вражја сила, не го чуваше своето створение. Еднаш злиот дух со голема брзина го бркаше ова момче кон морскиот брег да го фрли во морето, и на патот го сретна свети Патапиј, кој со Божја наредба поради тоа беше излегол од својата колиба, за створението, создадено според ликот Божји, да го ослободи од ѓаволското ропство. Ѓаволот го виде блажениот од далеку, побрза кон него превртувајќи со очите, исфрлајќи пена, чкртајќи со забите и заканувајќи му се со убиство. Но, кога се доближи започна да вика:

- О, неволји! О, јадови! Што е ова? И овде повторно Патапиј! О, што да правам? Каде да одам? Каде да живеам после толкуте мои трудови? Само што си најдов живеалиште за себе, и еве, ме брка од него! Навистина си страшен Назареецу! И твојата власт е насекаде и над сите! О, каде да одам? Во пустината или во градот, кај и да тргнам, ти си постојано таму пред мене, и ме бркаш со еден крстен знак и едното име твое. Јас сум победен, сотрен и прогонет!

Додека зборуваше, нечистиот дух го фрли момчето во воздухот и чудотворецот Патапиј го прекрсти воздухот и му се закани на злиот дух, говорејќи:

- Излези, нечист духу, излези и оди далеку во пустината. Тоа преку мене ти го наредува Христос, чија што сила без да сакаш ја призна.

Ѓаволот го фрли момчето на земјата и излезе од него преку устата како чад. Момчето си дојде на себе, плачеше од радост и своето избавување од нечистиот дух го припишуваше пред сѐ на Бога а потоа на преподобниот Патапиј.

Една жена, која имаше лута рана на градите, полна со црви, и која лекарите престанаа да ја лечат како неизлечива, дојде кај преподобниот, падна пред неговите нозе и липајќи го молеше за исцеление. Светителот ја осени раната со крстниот знак и веднаш ја исцели.

Направи и многу други чуда и се доближи до својот блажен крај. Во длабока старост премина кај Бога, на Кого целиот свој живот прекрасно Му угодуваше. Неговото свето тело чесно беше погребано во црквата на свети Јован Претеча, во слава на Христа Бога, прославуваниот во Светиите Негови, Кому со Отецот и Светиот Дух Му доликува чест и поклонение за навек. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ СОСТЕН, АПОЛОС, ТИХИК, ЕПАФРОДИТ, ОНИСИФОР, КИФА и КЕСАР

Сите овие свети Апостоли се од Седумдесетмината, кои заеднички се празнуваат на 4 јануари. Посебно се празнуваат свети Аполос на 10 септември, Онисифор на 7 септември, а Кифа и Кесар на 30 март. Свети Состен бил епископ во Кодофон, во Лидија, Тихик бил негов наследник на истиот епископски престол, Епафродит во Адријанија Памфилиска, Кифа во Иконија, а Кесар во Корона Пелопонеска. Сите со огнена љубов боговдахновено го проповедаа Евангелисто Христово и за неговото свето име претрпеа маки и преминаа во царството на вечните радости.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ 300 МАЧЕНИЦИ КОИ ПОСТРАДАА ВО АФРИКА од Аријанците

Овие свети маченици живееја во времето на царот Зенон, цар на Источното римско царство, кога со Африка, по смртта на својот татко Гензерик владееше вандалскиот крал Гунерик, аријанец по вера. Во договор со двајцата аријански епископи Кирил и Вилимандис, Гунерик крена страшно гонење против православните, така што тоа го надмина гонењето за време на Диоклецијан и Максимијан. Откако ги ограбија православните храмови, бездушните тирани им наредија на војниците од сите градови да ги избркаат православните свештеници. Во тоа време мноштво христијани се собраа во една црква во која тајно служеа Божествена служба. Кога дознаа варварите аријанци ја опколија црквата, ја запалија со помош на разни горивни средства, и ја запалија црквата и сите православни што беа во неа на молитва.

Потоа кралот Гунерик издаде наредба да се убиваат сите православни, кои не сакаат повторно да се крстат со аријанско крштение. Тогаш православните, кои не можеа да ги поднесат мачењата, бегаа напуштајќи ги своите домови и имоти, а силните во верата доброволно се предаваа. Така триста православни христијани во Кархидон, бидејќи ги одбија аријанските барања, беа посечени со меч.

Православните свештеници, ревносни за православието, пострадаа уште пострашно. Двајца од нив беа запалени, а пак на шеесетмина најречити меѓу нив им беа искорнати јазиците. Но, потоа тие се разотидоа по целата Ромејска земја. И преку нив започна да дејствува голема чудотворна сила Божја. Иако лишени од јазиците, тие јасно и гласно ја проповедаа вистинската православна вера и ги уништуваа аријанските лажни учења на восхит и запрепастување на сите што ги гледаа и слушаа. Само еден од нив, паднат во телесен грев, беше лишен од благодатта Божја и не можеше понатаму да ја проповеда светата вистина на православната вера.

Во тоа време сопругата на римскиот градоначалник Сунилда, аријанка, ја присилуваше сопругата на некој римски велможа на име Антуса, православна христијанка, повторно да се крсти со аријанско крштение. Антуса тоа одлучно и бестрашно го одби. Тогаш разлутената и бесна Сунилда ја запали света Антуса. Но, нејзиниот сопруг се исплаши и доброволно отиде и се крсти со аријанското крштение. А кога потоа јавнат на коњ тргна на прошетка и се наоѓаше спрема градската црква, ненадејно светна молња и го удри гром. Тој падна мртов од коњот, сиот јагленосан. Така го стигна судот Божји пред идниот, вечниот оган пеколен.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ШЕЕСЕТ СВЕШТЕНИЦИ

Им ги отсекоа јазиците заради Христа, но тие и понатаму благовестуваа.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ КАРХИДОНСКИ МАЧЕНИЦИ

Во Кархидон пострадаа за Христа триста православни верници, посечени со меч од еретиците аријанци.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА АНТУСА

Пострадала за Господа Христа запалена од аријанците.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ДАМЈАН, архиепископ Кипарски

Овој светител Божји е познат само на Црквата на Кипар. Се празнува заедно со својот наследник, архиепископот Кипарски Софрониј (за кого видете под 9 декември).

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ НАШ КИРИЛ ЧЕЛМЕНСКИ

Кога го прими монаштвото во Новгород, во манастирот на преподобниот Антониј Римјанин, преподобниот Кирил заради осаменички испоснички подвиг се оддалечи на гората Челма, Олонецка Губернија. Тука многу се потруди во обраќањето кон Христа на племињата Чуди. На почетокот доживеа од нив многу неволји и маки. Но, со текот на времето со своите кротки поуки тој многу од нив приведе кон Христа и тие примија свето крштение. Пред крајот на својот живот, тој за новокрстените изгради црква на Богојавление, а за ревнителите на побожноста манастир, во кој и тој се подвизуваше до својот крај. Преподобниот Кирил поживеа 82 години и три месеци. Педесет и две години помина во испоснички трудови и пустинички подвизи. Се претстави во 1368 година. Неговите свети мошти почиваат во неговиот манастир.