22. Декември  (9. Декември)

 

ЗАЧНУВАЊЕТО НА СВЕТА АНА,

која ја зачнала Пресвета Богородица

Праведните Јоаким и Ана беа бездетни полни педесет години од својот брачен живот. Во староста им се јави Архангел Гаврил, на двајцата засебно, и им рече дека нивните молитви се услишани од Бога и дека ќе родат ќерка Марија. Тогаш света Ана зачна од мажот свој и по девет месеци ја роди ќерката, благословена од Бога и од сите поколенија човечки. Пресвета Дева Марија Богородица. Споменот на света Ана Црквата го празнува и на 6 мај и 10 септември.

СПОМЕН НА СВЕТАТА ПРОРОЧИЦА АНА,

мајката на пророк Самуил

Блажената Ана беше од градот Арматем. Нејзиниот сопруг се викаше Елкан, од племето Левиино. Света Ана не можеше да раѓа деца, зашто беше неплодна поради што и многу тагуваше и плачеше. Но, милостивот Бог се смилува на неа и ја разреши од неплодноста поради нејзините непрекинати воздишки и молитви. И роди Ана син Самуил, и го посвети на Бога од самото детство. Тоа беше Самуил, големиот водач на народот Израилски и пророк, кој помаза два цара, Саул и Давид. А света Ана му испеа благодарствена песна на Бога, песна чудесна според мудроста и убавината, која и ден денес се употребува на богослуженијата во Црквата.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ

СТЕФАН НОВОСИЈАТЕЛ

Овој угодник Божји се роди и воспита во Цариград, во домот на своите родители Захариј и Теофанија, кои беа многу побожни и украсени со секоја доблест и мудрост. Живееја недалеку од црквата на светиот првомаченик и архигакон Стефан. Мајка му Теофанија додека беше во блажена состојба држеше строг пост. Таа јадеше само леб и вода. И кога детето се роди, на неговите гради блескаше прекрасен крст од светлина, кој беше очигледен знак на распетието на телото со страстите и желбите, кои преподобниот ги пројави во подоцнежниот живот. А со воздржанието започна уште од пелени. Кога мајка му јадела до заситување, тој не сакал да цица, Тоа се случувало често и траело по два и три дена, така што неговите роднини се чуделе и се жалостеле. Но, тоа ни најмалку не му наштети на неговото здравје. Детенцето беше крстено, растеше и беше одбиено од цицање. Кога порасна го дадоа да се учи на книга. Многу ревносен во учењето, тој и на родителите им беше многу послушен.

Кога на патријаршискиот престол во Цариград дојде свети Методиј, по промисла Божја, стефановиот татко Захариј беше удостоен на презвитерскиот чин и вброен во клирот на Големата црква во Цариград. Во тоа време и богомудриот Стефан беше произведен за чтец и стапи во редот на клириците при истата црква. Кога имаше осумнаесет години умре неговиот татко. Тогаш тој го зеде на себе подвигот на затвореништвото. Се осами во црквата на свети апостол Петар и живееше таму во постојана молитва и се хранеше само со зелје. Додека водеше таков живот, една ноќ му се Јави свети апостол Петар и му рече:

- Мир на тебе, чедо! Нека ти биде за добро почетокот на твојот доблесен живот и Господ нека те крепи!

Помина три години во такви подвизи и му се јави светиот свештеномаченик Антип, и му рече:

- Мир на тебе, чедо! Внимавај на себе а јас нема да те оставам!

Ова јавување на свети Антип го поттикна преподобниот, та тој го засили својот подвиг на молитвата и постот. Од тогаш тој само два пати или еднаш во седмицата Ја земал вообичаената храна зелје и тоа без сол. Водејќи таков живот, блажениот Стефан достигна висок степен на душевна чистота и беше удостоен на презвитерскиот чин, и правеше многу чудеса.

Во дванаесеттата година од царувањето на благочестивиот цар Василиј Македонец а во четириесеттата година од животот на Стефан, се случи голем земјотрес во Цариград, од кој целосно се сруши црквата на свети Антип, при која во тоа време живееше преподобниот Стефан. Тогаш тој се насели во една пештера слична на гроби помина во неа дванаесет години. Од големата влага во пештерата му испаѓа сета коса, и брадата, му паднаа и забите и телото речиси целото му раслабе. Тоа го принуди да ја напушти пештерата со крајно умртвено тело. Потоа, кога прими божествена и ангелска монашка схима, се оддаде на уште поголеми и натчовечки подвизи. Само за Господовите празници, кога се служело света Литургија, по службата земал по една сува смоква во устата и ја испирал со малку вода. Тоа му била сета храна.

Подвизувајќи се со така мачни и тешки подвизи полни педесет и пет години, овој блажен граѓанин на небото во седумдесет и третата година од својот живот, или подобро речено од умртвувањето на своето тело, ја предаде својата душа во рацете на Бога.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ СОФРОНИЈ

Овој угодник Божји беше син на побожни христијански родители, кои живееја на островот Кипар. Обдарен, тој доби и одлично образование. Дење и ноќе го изучувал Светото Писмо и Делата на светите Отци. Поучувајќи се и живеејќи според законот Господов, како побожен, тој толку успеа во доблестите што се удостои од Бога на дарот на чудотворството, и правеше многу чудеса. Заради големата духовна ученост и многуте доблести, особено милосрдието, по смртта на кипарскиот епископ Дамјан, тој беше избран од свештениот собор и сиот народ, хиротонисан и поставен за архиепископ на Кипарската црква. Како епископ беше вистински отец на својата паства. Ги хранел гладните, ги згрижувал сирачињата, ги штител вдовиците, ги бранел угнетуваните, им помагал на неволните. Во таквите доблести тој Му угоди на Бога и мирно се упокои во шестиот век.

 

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕАСИЈ

Oвој свети маченик живеел за време на опакиот римски цар Диоклецијан. Обвинет како христијанин кај управникот Калвисијан, одлучно Го исповедал Христа. Затоа најпрвин бил обесен на дрво и струган со железни нокти а потоа му ги сокршија колената и го фрлија во темница. Подоцна е изваден од темницата и повторно луто мачен, па главата најпосле му беше отсечена со меч.

СПОМЕН НА СВЕТА ВАСА

Oваа светителка беше од патрициско потекло а потоа игуменија на женскиот манастир во Ерусалим. Таму го изградила и манастирот на свети Мина, чиј што игумен станал Стефан, епископот Јамниски.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК СОСИТЕЈ

Пострадал за Господа Христа посечен со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК НАРСИС

Родум персиец, кој пострадал за верата во Христа посечен со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ИСАК

За исповедањето на Христа беше погубен со меч.