24. Декември  (10. Декември)

 

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: МИНА (КАЛИКЕЛАД), ЕРМОГЕН и ЕВГРАФ

Римските цареви Диоклецијан и Максимијан не успеаја да ја искоренат од земјата светата вера Христова со гонење, мачење и убивање на христијаните и затоа доброволно се одрекоа од царскиот престол и на него стапија Максенциј во Рим, Максимин на Исток, во Галија Константин, кој потоа поверува во Христа и ја просвети вселената со светлината на верата Христова. Гонењето на христијаните не престануваше и кај нив, особено на исток, каде како морето и земјата да се колебаа и бунеа, кревајќи се против Црквата Христова, која се множеше. Колку повеќе беше гонета, толку побујно растеше и цветаше Црквата Христова, како крин среде трње, полевана од крвта на светите Маченици. Незнабожниот цар Максимин беше голем ревнител на безбожието и мразител и гонител на христијанската вера. Тој беше известен дека цела Александрија, најславниот град во Египет, е вознемирена поради наглото зголемување на бројот на христијаните и дека треба да се сопрат немирите и расправиите помеѓу нив и незнабошците. Максимин беше многу зафатен во Византија и затоа испрати во Александрија еден велможа, благоразумен, многу учен и извонредно красноречив, родум од Атина, на име Мина. Царот му наложи во Александрија да го стиши метежот и да воспостави мир, да го искорени христијанството од тој град и да ја утврди прадедовската многубожечка вера и да ги поврати отпаднатите од неа. Мина се однесуваше како незнабожец, подготвен да ја изврши царската наредба, но во срцето беше убеден христијанин и чувар на заповедите Божји. Сепак, го криеше тоа очекувајќи Бог да го повика на маченичкиот подвиг и венец.

Тој веднаш отиде во Александрија, и лесно го стиши метежот. Со мудри совети ги помири спротивставените страни и дозволи секој непречено да ја исповеда својата вера. Потоа во градските закони ги поправи сите неправични прописи, па за се писмено го извести царот.

Потоа реши својата тајна вера во Христа да ја исповеда пред сите, за на тој начин да им послужи на другите како пример на побожноста и извор на спасението, а и самиот излезе на подвигот на мачеништвото. Тој си велеше дека ако во друго време се предаде на мачење ќе биде награден како единка, а сега може и други да приведе кон маченичките венци.

Свети Мина започна отворено да Го прославува името Господово и да поучува во Светата Вера, убедувајќи ги неверните не само со зборови туку и со дела. Нему одозгора му се даде дар да ги исцелува болестите со призивањето на името Христово и знакот на светиот крст. Еднаш додека одеше среде градот а народот по него, се случи на патот да види мноштво лепрозни, хроми, слепи неми, глуви и ѓаволесани. Откако се помоли на Бога, Он да ја јави силата Своја преку неговите раце за обраќање во верата на незнабожниот народ, тој го повика името Христово, и положувајќи ги рацете врз болните и прекрстувајќи го секого од нив, Тие веднаш се исцелуваа. Слепи прогледаа, неми проговорија, хроми проодеа, и ѓаволесани се ослободија од нечистите духови. Народот се запрепасти и многумина поверуваа во Христа. А свети Мина, учејќи ги во Светата Вера, ги присоединуваше кон Црквата христијанска.

Меѓутоа, некои закоравени во неверието и заслепени со злоба, на кои им беа мили демонските празници и ги поминуваа во прејадување, пијанство и разврат, не го сакаа честитиот и воздржлив христијански живот. Самите синови на темнината ја мразеа светлината. Тие не можеа да го поднесат навредувањето на своите богови и потценувањето на нивните празници, па тајно го известија царот дека Мина верува во распнатиот Галилеец и дека со таа вера го расипал сиот народ Александриски и дека храмовите на древните богови веќе опустеле.

Овој извештај многу го разбесни царот. Тој ги свика своите велможи и советници и започна да им се жали од Мина дека постапил спротивно на неговата наредба. Наместо да го уништи христијанството во Александрија, им рече тој, Мина го шири, а елините предани на древните прадедовски закони, веќе ги привел во новата Галилејска вера. Велможите го советуваа царот во Александрија да испрати некој, кој би можел да поправи се што Мина расипал а и него да го врати кон боговите. При тоа му предлагаа да одбере особено предан и верен човек, кој ќе се труди целосно да изврши се што ќе му се нареди. Во разговорот за тоа и истражувањето по таков човек како најпогоден за таа задача, беше најден градскиот епарх, угледниот и ценет Ермоген.

Царот веднаш го испрати Ермоген во Александрија со одред војска, да го суди Мина а градот да го исчисти од христијанската, како што сметаше тој, заблуда. И Ермоген беше родум од Атина. Роден и воспитан во идолопоклоничкото безбожие, но по карактер добар и милосрден. Иако не знаеше за Христа, вистинскиот Бог, тој Го почитуваше со дела, својствени на христијаните, „без да има закон“, творејќи „самиот од себе тоа што е по законот“ (Рм. 2, 14). Додека патуваше со војската на кораб за Египет, една ноќ му се јавија тројца пресветли мажи и му рекоа:

- Знај, Ермоген, дека ниту едно добро дело, дури ни она најмалото, не бива презрено од Бога. Затоа и твоите добри дела Бог ги прима. И твоето патување со намера да погубиш многу христијани, Он ќе го претвори во извор на твоја слава и бесмртна чест. Не заборавај што ти рековме, зашто по овој пат ти ќе дојдеш до Вистинскиот и Вечен Цар. Ние ќе ти пратиме таков човек, кој ќе те направи пријател на Благословениот Цар. Ти ќе се удостоиш од Него на таква чест, каква што сегашниот господар не може да ти даде.

Ермоген се разбуди и со страв и чудење започна да размислува што ли ќе се случи со него. Се надеваше да добие некоја голема чест, и тоа од царевите кои привремено царуваат на земјата а не од Севишниот Цар, Кого тој не го познаваше, бидејќи не беше просветлен.

По неколку поминати дена на коработ, Ермоген најпосле доплови до пристаништето во Александрија, свечено влезе во градот, со гласна музика дочекан од сиот народ и торжествено пратен до царските палати. Кога падна ноќта и народот се разотиде, блажениот Мина отиде кај Ермоген, за насамо да поразговара со него за Вистинскиот Бог и Светата Вера, знаејќи дека на таков начин подобро ќе го послуша и прими советот. И ако при тоа би се рекло и нешто непријатно, полесно ќе се претрпи отколку во присуство на народот, Кога упадна кај Ермоген, Мина рече:

- Слава Му на единствениот голем Бог, по чија што промисла си дошол ваму.

Кога слушна за единствениот Бог и виде неколку присутни царски дворјани, Ермоген веднаш нареди Мина да го стават под стража, зашто се плашел да не го обвинат кај царот што со царевиот непријател разговара насамо. Тој им се обрати на присутните:

- Утре ќе дознае овој таен истомисленик на Галилејците каков пријател сум јас на царските непријатели и ќе сфати дали е бог еден или ги има многу.

Утредента, кога на судиштето се беше подготвено и многу народ се беше собрал, Ермоген седна на судиското место, опкружен со оружјеносци, и нареди Мина да го доведат пред него на суд. Војникот Христов излезе пред него со радосно лице, бестрашна душа и ревносен за Бога. Судијата му рече:

- Мина, секој човек треба да ги почитува царевите и боговите царски, и да им биде благодарен за нивните добротворства. А ти не ги почитуваш ни боговите ни царевите.

Светителот одговори:

- Судијо, треба да им бидеме благодарни на своите добротвори, доколу е тоа корисно и за оној кој прави добро и за оној на кого му се прави доброто. А кога тоа и на двајцата им носи штета, треба да ги отфрлиме како штетни и добротворството и добротворецот. Да се почитуваат царевите е света работа, заради нивната власт и управување. Но, кога царевите неправилно и непобожно Го почитуваат Бога, кој е извор на сѐ, и не му го оддаваат должното почитување, тогаш не треба да се почитуваат. Особено не треба неразумно да се почитуваат нивните богови, додека најпрвин не испитамедали се тие моќни како што е моќен вистинскиот Бог, дали се беспочетни, и бесконечни и бесмртни. Ако им недостига едното од тие својства, треба да се презираат. Како можат да бидат богови кога се несовршени? Треба со искрена желба и чисто срце да се испитува кој е вистинскиот Бог. Кога јас, судијо, како што ти е познато бев во Атина, се држев до прадедовскиот закон. Во младоста ги оставив родителите и со голема желба и ревност ги изучував книгите, и со не мал труд ја проучив секоја елинска наука, заснована врз басни. Кога дознав дека христијаните имаат некои свои книги, посакав и нив да ги прочитам. Додека ги читав почувствував таква духовна корист сокриена во нив, што тоа со зборови не може да се искаже. А кога христијанското учење го споредив со елинското, најдов дека меѓу нив постои голема разлика, и како да се борат меѓу себе. Во христијанското учење видов сила и правда а во елинското заблуда и измама. Содржината на христијанските книги ја јавува силата Христова, која Му доликува на Бога. А пак елинските книги го прикажуваат бог подложен на човечките слабости, страсти и похоти, и полн со лаги, вознемиреност, невоздржливост и бесрамност. Елинските книги опишуваат богови кои војуваат меѓу себе, и кои биваат ранети и победувани дури и од смртните луѓе. Тие книги се преполни и со други безбројни зла, лаги и басни. Со еден збор, читањето на христијанските книги води кон спасение преку познание на вистината а елинските книги водат во сигурна смрт и во нечисти и гадни страсти и заблуди. Но, иако христијанските книги се така спасоносни, јас не сакав веднаш да го следам нивното учење туку намислив да ја испитам силата Христова на дело, за со самото искуство да ја дознаам вистината. И кога сретнав еден раслабен, го повикав над него името Христово и болниот веднаш оздраве. Тогаш го познав единствениот семоќен Бог, се одреков од елинската заблуда, примив свето крштение и се предадов себе си на Христа. Од тогаш па до сега јас брзо и лесно исцелувам тешки болести и неизлечиви страдања, кои само единствениот Бог ги исцелува. И тоа ги исцелувам со призивањето на името Христово. Сведок за тоа што го зборувам е сиот народ, кој стои на гледалиштето, и никој не може да каже дека моите зборови се лажни, зашто сѐ што зборувам може да се провери на дело.

Додека светителот го зборуваше тоа и многу други работи за Христа Господа, присутниот народ внимателно го слушаше од девет часот претпладне до еден часот попладне и повеќе сакаше да ги слуша неговите зборови отколку да ги гледа неговите страдања. Најпосле сиот народ како со една уста повика кон Ермоген:

- Не мачи се повеќе, добар судијо! Сите сме сведоци на чудесата што тој со силата Христова ги стори. Ниту еден лажен збор не изговори нуту има измама во неговата уста. А да беше овде во тоа време и ти ќе ја дознаеше вистината и ќе се убедеше дека не треба да се почитува друг Бог освен Оној Кого Мина го проповеда.

Кога ја виде смелоста на народот, и сфати дека сите додека го слушаат учењето на Мина се приклонуваат кон Христа, Ермоген не се осмели да го мачи.

Не беше во состојба да каже ништо против вистината, па се засрами, нареди да го одведат светителот во темница и потиштен се врати во својата палата. Народот се разотиде, славејќи го свети Мина.

Затворен, свети Мина пееше во темницата: „Ти не спаси, Господи, од непријателите наши, и ги посрами оние што не мразат. Со Бога се фалевме секој ден и Твоето име вечно ќе го прославуваме“ (сп. Пс.43, 8; 77, 2). Меѓутоа Ермоген од потиштеност и вознемиреност не можеше таа ноќ ни да јаде ни да спие, зашто се плашеше и од царот и од народот.

Утредента повторно седна на судиштето. Кога ги забележа алатите за мачење, нареди Мина врзан да го доведат пред него и му рече:

- Кажи ми, гаду, на што се надеваше кога се обиде да го наговориш народот да не му се покорува на царот, бесрамно да хулиш на боговите и да ги наговараш луѓето да ја примат твојата вера?

Светителот го негираше тоа, говорејќи:

- Јас не го поттикнувам народот да не му се покорува на царот, туку ревноста Божја. Народот е ревносен за својот Господ, Кого што го препозна преку знаменија и чудеса. Се разбира, јас пред народот зборував лошо за боговите на твојот цар, зашто секој што има правилен поглед и здраво расудување за работите, треба да го мрази а не да го сака она што го гледа и знае дека е лажно. Треба вистината да се сака и почитува. А вистината, судијо, во однос на која не постои никаков сомнеж, е самиот Христос.

Судијата на тоа рече:

- Безумнику! Тебе ти се чини дека Христос е вистина! Веднаш ќе ти покажам дека не треба да Му се поклонуваш на Распнатиот и дека сѐ што зборуваш е лага. Ако јас отсечам или изгорам дел од твоето тело, можеш ли ти, поклонику Христов, тој отсечен или изгорен дел повторно да го составиш и направиш здрав? И кога не си во состојба да го сториш тоа, како тогаш на други ќе им даваш исцеление?

Тогаш светителот тече:

- Судијо, сакам за Христа да ме ставиш на најразлични маки, и се надевам дека тогаш и ти ќе ја презреш привремената слава и ќе станеш еден од оние над кои царува мојот Христос.

Судијата многу се разгневи и нареди да му ги отсечат стапалата и да му ги одерат глуждовите, па така да стои пред него, за обземен од болки да не може повеќе да одговара на прашањата за боговите. Кога месото му беше отсечено од нозете, застана на оголените коски и запеа: „Ногата моја застана на правиот пат, во собранието ќе те благословувам, Господи“ (Пс. 25,12). Иако од неговите нозе течеше многу крв, лицето му беше радосно и срцето јуначко. Неговиот јазик уште послободно и покрасноречиво Го прославуваше единствениот вистински Бог и го изобличуваше безбожието.

Кога го виде тоа, судијата нареди да му се отсече јазикот. Светителот му рече:

- Не само јазикот да ми го отсечеш туку и очите да ми ги ископаш нема да ме победиш, зашто законот Христов е светилник на нозете мои. Дури се надевам дека и ти, бидејќи ќе ми го отсечеш јазикот, ќе започнеш да ја јавуваш величината на мојот Христос.

Кога му го отсекоа азикот, и крв бликаше од неговата уста, светителот не попушти во своето јунаштво туку со погледот покажуваше дека е подготвен со сите свои делови од телото да страда за Христа. Тогаш судијата нареди да му ги ископаат очите. Кога беше сторено тоа, светиот маченик ја приклони својата глава, трудејќи се барем на тој начин да Му изрази благодарност на Бога што го удостои да трпи такви маки за Него. И повторно го фрлија во темница, а судијата замина од гледалиштето, говорејќи:

- Утре ќе го дадам неговото тело да го изедат птиците.

Свети Мина лежеше во темницата изнемоштен од раните и одвај жив од болки. Во девет часот од ноќта одеднаш во темницата блесна светлина како молња и се јави самиот Господ Христос. Пријде до местото кај што лежеше фрлениот маченик, му го исполни срцето со радост и бестрашност, потоа му го излечи јазикот, му ги просвети очите, исцели нозете, и како од мртвите го крена и оживеа, правејќи го здрав и целосен. Потоа му рече:

- Внимавај, Мина, Јас сум Исус Христос за Кого ти страдаше. Дојдов да те посетам, иако порано бев недалеку од тебе, го набљудував твојот подвиг и очекував твојата љубов кон Мене да ја почувствуваат и судијата и властите. Но, бидејќи тие не ја препознаа, отсега Јас јавно ќе те штитам. Мојот непријател Ермоген утре ќе го видиш смирен, молежлив кон тебе и наскоро ќе ти стане другар во подвигот. Ќе биде мачен заедно со тебе, ќе пострада со тебе, заедно со тебе и венец ќе добие, бидејќи не е во склад со мојата добрина неговите добри дела да пропаднат поради неговото незнаење.

Откако го рече тоа, Господ дувна во Мина со својот Свет Дух и го исполни со неискажлива радост.

Ермоген лежеше на постелата, размислувајќи за потеклото и татковината на свети Мина, за неговата мудрост и јунаштво, за неговиот поранешен чин, кога уживаше голем углед кај царот и имаше големо влијание кај него, и за многумина издејствува милост од него. Додека размислуваше за сето тоа, се нарекуваше бедник што погуби таков човек со страшно мачење. Мислејќи дека Мина веќе умрел, плачеше за него и одлучи неговото тело чесно да го погребе.

Кога се раздени и се собра сиот народ од градот, Ермоген повторно седна да му суди и испрати војници да го изнесат мачениковото тело на гледалиштето. Војниците ја најдоа темницата, која порано била многу мрачна, полна со небесна светлина, и видоа два прекрасни и светли мажи како стојат покрај светиот маченик, како војници подготвени за заштита и одмазда. А пак свети Мина го затекнаа не само жив туку и потполно здрав, како одлично гледа и зборува. Тој пееше: „Ако појдам и во долината на смртна сенка, нема да се исплашам од злото, зашто Ти си со мене Господи“ (Пс. 22, 4). Запрепастени од оваа глетка, војниците стоеја со отворени усти и молчеа како неми. Кога потполно се уверија дека не гледаат привидение туку реалност, остварена со силата Божја, тие воскликнаа:

- Голем е Богот христијански!

И веднаш поверуваа во Христа и не се вратија кај Ермоген.

А тој со народот долго го чекаше нивното враќање, па се вознемири и испрати уште војници, за брзо да го донесат мачениковото тело, зашто мислел дека веќе умрел. Но и овие војници, кога го видоа истото поверуваа во Христа и им се придружија на претходните. Светителот дозна од војниците дека сиот град се собрал на гледалиштето и појде кај судијата со војниците кои поверуваа. Кога се приближи, тој запеа: „Ако ме нападне војска, нема да се исплаши срцето мое“ (Пс. 26, 3). И веднаш сите ги вперија очите кон него, и беа страотно запрепастени кога го видоа жив и здрав, како оди и гледа и зборува оној, кој вчера беше полумртов, ослепен и без јазик. И тогаш сите едногласно повикаа:

- Голема е силата Христова, која и самата смрт ја победува! Блажен си ти граде Александрија, зашто преку еден човек ја обелодени измамата на ѓаволот и ја дозна вистината Христова. Навистина тоа е власта и силата Божја! Радувај се, проповеднику и подвижнику на единствениот вистински Бог и Спасител! Радувај се!

Овој нов и чудесен настан уште повеќе го запрепасти судијата и од страв народот да не се крене против него сакаше да замине, но народот извика:

- Не оди, почитуван судијо! И немој да му завидуваш на градот за неговата голема среќа, зашто денес тој ќе го познае единствениот вистински Бог и ќе појде по правиот пат кон светлоста на Вистината.

Судијата даде знак народот да се смири и нареди свети Мина да му се доближи. Мислеше дека тоа што го гледа не е вистина, па внимателно го наблудуваше светителот, му ги допираше рацете да види дали навистина е тој, и дали навистина е исцелен од раните. Кога се увери се запрепасти и замолкна, како да е надвор од себе. Потоа, кога си дојде на себе, проговори:

- Кажи ми, човеку, какви тоа необични и неочекувани работи се случуваат? Дали само твојот Бог или и некој друг може да го прави тоа?

Како одговор на тоа светителот најпрвин му ги изложи учењето за беспочетниот Бог. Потоа за стварањето на човекот и неговиот гревопад, за воплотувањето на Христа, за искупувањето на родот човечки, за крстот и доброволното страдање, И најпосле заврши вака:

- Судијо, Бог како благ и милостив, слегнал на земјата заради спасението на луѓето, и не сака никој да загине и да биде лишен од вечните богатства. Како што мајката се грижи за своето чедо, од природната љубов кон него, и ги поднесува маките и неволјите што тоа и ги задава, и не се лути на него кога ќе стори нешто што не чини, бидејќи го прави тоа од незнаење и без умисла, таа стрпливо чека тоа да порасне и стане полнолетно, сакајќи да го види како зрел човек и меѓу луѓето угледен и славен, така и Богот наш, Кој не создал, се грижи за нас и како родител полн со љубов, со својата добрина го трпи злото што ние од незнаење го правиме, без да сака ништо повеќе, освен да ја наследиме славата Негова, растејќи во совршен човек, во мерата и растот на висината духовна. Додека гледа како вас ѓаволот ве упропастува и не ја гледате вистината и како Го гневите со своето идолослужење и почитување на лажните богови, Он ве жали заради вашата смрт. Но, истовремено грижејќи се за вас како за Свои деца, Бог сега ве изобличи преку мене и ја победи вашата заблуда и неразумна ревност, како што го признаваат тоа сите што ме гледаат. Затоа, за секој да ја види силата Христова во мене, јас, човек веќе во години, вчера мачен и лишен од сите телесни сили и речиси мртов фрлен во темница, еве сега стојам пред вас неповреден, како денес повторно роден и јавен на светот потполно здрав. И ако некој сака да знае Кој е вистинскиот Бог, нека знае дека вистинскиот Бог е Оној Кој мене сега ми ги врати и јазикот, и очите, и нозете, и совршеното здравје. И нека верува во Него, Кој на почетокот го створил овој свет и сѐ што е во него и им дарил живот на тварите. Чуј ја вистината судијо, и познај го Оној што се грижи за тебе и го очекува твоето обраќање. И ти треба да Му пристапиш на Христа, како што Он самиот ме извести за тоа. Радувај се што ќе му пријдеш на Добриот и Вечен Цар и заедно со мене ќе се придружиш на маченичкиот подвиг.

Судијата започна, од една страна од неговите зборови, а од друга од чудото што се случи со него, да го запознава вистинскиот Бог, зашто Божествената светлина веќе се беше допрела до неговото срце. Се сети тој тогаш на видението што го имаше додека патуваше за Египет и почувствува дека Бог сака да го приклучи кон Своите верни слуги. Затоа се радуваше на тоа како на голема добивка, само му беше несфатливо како може да биде удостоен на толку голема милост Божја како незнабожец.

Додека така размислуваше, Божествената благодат го удостои на прекрасно видение. Тој виде двајца мажи заедно со некои свои пријатели, како стојат покрај свети Мина. Тие блескаа како молњи, имаа крилја и држеа венец над мачениковата глава. Тој многу се исплаши и започна да ги распрашува пријателите околу себе дали го гледаат истото како и тој. Тие му потврдија. Тогаш Ермоген стана и, посочувајќи кон свети Мина, громогласно викна:

- Навистина овој е слуга на Бога вистинскиот. Голем е Богот Кого тој нѐ учи да го почитуваме. Он на чудесен начин им испраќа од небото помош на слугите Свои, заштитувајќи ги и дарувајќи им победа. Бев безумен до денес и им служев на демоните. Се трудев и вас да ве приведам кон нив, вас, кои сакате вистински да верувате во Христа.

Тој сакаше да падне пред нозете на маченикот, но не смееше да му пријде од Ангелите до него. При тоа Ангелите станаа невидливи и Ермоген му пријде, му ги прегрна нозете и ги бакнуваше, говорејќи:

- Моли се за мене, вистински слуго Божји, те молам во Вистината што ја проповедаш. Моли се и јас да се удостојам да бидам слуга на твојот Бог! Ако се удостојам на благодатта Негова, ќе почнам да се кајам за својата претходна заблуда и безумие.

Светителот му рече:

- Успокој се, добар судија, и не сомневај се во милоста Божја. Јас знам дека Он е милосрден и се надевам дека нема да те отфрли не само тебе, кој Му приоѓаш, туку и твоето име ќе го запише во книгата на животот, кога ќе ја прими твојата усрдна вера во Него. Бог ми откри за тебе дека сака и ти со мачеништво да го прославиш божественото име Негово.

При тоа светителот се сети дека сиот народ денот го помина гладен, восхитувајќи се и гледајќи што се случува, па нареди сите да се разотидат, ветувајќи дека утре повторно ќе се соберат и опширно ќе ги поучи и упати во Светата Вера. Ермоген не се разделуваше од него и ноќта ја помина со него, поучуван за вистинскиот Бог и тајните на верата Христова.

Утредента на гледалиштето се собра толку многу народ од Александрија, што не можеше сите да се сместат. Додека свети Мина и Ермоген одеа натаму, мноштво елини им рекоа:

- Сите ние веруваме во Богот Кого ти го проповедаш и ветуваме дека ќе Му служиме Нему. Се одрекуваме од секоја наша поранешна заблуда.

Светителот Му благодареше на Бога што ги обраќа кон Себе закоравените незнабошци а нив ги фалеше и тешеше со богомудри зборови, учејќи ги да имаат надеж во благодатта Божја, со која ќе се удостојат на свето крштение. Кога стигнаа, свети Мина му се обрати на сиот народ и рече: - Бог нека ве усоврши со Свое знамение и нека ве орасположи за секое добро дело!

Потоа им рече да го прашуваат за да ги поучува. Судијата со народот на тоа рече:

- О, пресвет човеку Божји! Ние ни најмалку не се сомневаме во однос на твојот Бог. Сите јасно Го познаваме и веруваме во се што ни зборуваше за Него. Те молиме, соедини не со Него со крштение.

Некои рекоа:

- Навистина нема пристрасности во Бога, зашто и на незнабошците им дарува да Го познаат поради Неговото големо милосрдие спрема сиротите.

Набрзо потоа се собраа во Александрија од околните места и пустини епископи, едни за да ја посетат својата паства други за да го видат подвигот на маченикот. Се беа собрале околу триесет. Тогаш свети Мина му нареди на Ермоген да ја наведне главата пред епископите и тие му поливаа вода, говорејќи:

- Прими го капењето на препородот Ермоген, во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Така беше крстен судијата пред сиот народ и сите луѓе Го прославија Христа Бога. Се крсти и многу народ и настана голема радост по целиот град.

По неколку дена Ермоген беше поставен за епископ на Александрија и тој сиот свој имот го раздаде на сиромасите, па заедно со својата духовна паства тргна во одлучна борба против ѓаволот. За кратко време ги разори демонските идолишта и на нивно место изгради цркви. Крштеваше безброј многу елини и ги приведуваше кон Христа. Со името Христово и крстниот знак ги лекуваше сите болести и истеруваше нечисти духови. Ги учеше луѓето на побожност и чистота, смирение, љубов и кроткост и даваше личен пример за тоа.

Додека се случуваше сето тоа, еден закоравен елин, на име Рустик, еден од членовите на царскиот Сенат, отиде кај царот и го извести за се што се случува во Александрија. Царот Максимин многу се разгневи не само на Ермоген и Мина туку и на целиот град и веднаш се упати таму со десет илјади војници.

Кога стигна веднаш ги фати Ермоген и Мина. Штом гледалиштето беше подготвено, нареди да се соберат сите жители и седна да им суди. Кога светите беа изведени пред него, и тоа по негова наредба голи, тој силно викна:

- О, богови! Што значи ова? На оние што им укажавме чест доброволно ја презираат и го одбрале бедниот живот а изгледаат како комичари?

Потоа му се обрати на Ермоген:

- Кажи ми, несреќнику, поради што ти ја доверив власта над оваа своја земја и морето? За да ни останеш верен нам и на боговите, а Мина, кој паднал во заблуда да го вратиш назад! А ти, не само што не го одврати од заблудата, туку и самиот си станал негов истомисленик!

Додека гордиот цар така беснееше и се закануваше, благиот небесен Цар милостиво погледна од небото на своите слуги. Над нив ненадејно се појавија ангели, кои ги правеа бестрашни и ги подготвуваа за страдањето што им претстои. Тогаш Ермоген му одговори на царот:

- Царе, ако сакаш стрпливо да ме сослушаш поради што доброволно го отфрлив она што тебе ти изгледа врв на богатството и избрав да станам наизглед безумен, ништовен, срамотен и лишен од честа, односно да станам христијанин и да бидам подготвен да одам за Христа во оган и меч и во челуста на зверови, па да ја сакам повеќе и смртта за Него отколку животот, ќе ти кажам сега.

Царот на тоа му рече:

- Ако ја зборуваш вистината, ќе те слушам. Само внимавај да не ми зборуваш лаги.

Ермоген започна вака:

- Царе, јас имав огнена желба да Го гонам Христа и христијаните, да ги почитувам древните богови и да се покорувам на твојата волја. Тоа добро ти е познато, затоа и ме испрати во вој град. Со ласкања или закани да го вратам премудриот Мина во праотечката вера, со огромната војска со која што и дојдов. Еве, сите жители на овој град се сведоци каков бев на почетокот и како со ласкања и разни мачења се трудев да го одвратам Мина од христијанската вера. Јас неразумниот не знаев дека наидов на бестрашен човек и секогаш подготвен на одговор, и со срце подготвено попрво да ги трпи сите најстрашни маки и стравотии отколку да се одрече од Христа. Кога видов дека не сака да им се поклони на боговите, ниту се плаши од власта, ниту од маките, ниту прима совети и при тоа ги навредува боговите, а сиот народ го одобрува и ја прима неговата вера, јас започнав да го мачам. Најпрвин наредив да му се отсечат стапалата и од нозете да му се исече месото до самите коски, а потоа да му се отсече јазикот и ископаат очите. А кога изнемоште од раните и болките и веќе одвај дишеше, јас наредив да го фрлат во темница. За волја на вистината, морам да кажам дека душата ме болеше и срцето ми се кинеше за него, како мој сограѓанин, што загина толку премудар и красноречив човек. Наредното утро наредив да го изнесат неговото тело, мислејќи дека веќе умрел. И одеднаш јас го видов него жив, како доаѓа кај мене со своите нозе, гледа и зборува со јазикот. Помислив дека е привидение, па ги затворив очите, не сакајќи да ја видам ни сенката на непријателот на боговите. Но, потоа станав и заедно со останатите започнав внимателно да го разгледувам, не можејќи да им верувам на сопствените очи. Го допирав со рацете и се уверив дека навистина е Мина. Тогаш бев победен од вистината, имајќи ја за вистински сведок својата совест. Впрочем, царе, еве самиот Мина стои пред тебе! Еве го и народот кој го гледаше неговото мачење. Нека ти посведочат. Распрашај се, дали ова чудо е вистинско? Но, кажи ми, царе, во име на боговите твои, кога некој би видел, како што видов јас, како Христос ненадејно го исцелува и оживува човекот, и со таквото чудо ја објавува Силата Своја, не би сфатил ли тој дека е единствен вистински Боги дека единствено Он го створил првиот човек и им ветил на оние кои веруваат во Него вечно царство на небесата? Кога некој сето тоа ќе го дознае и сфати, дали тој би се одрекол од таквиот Бог, и дали не би посакал да се нарече Негов пријател? И зар би се одрекол од таквата благодатна сила, со која може, како и самиот Бог, на слепите да им дава вид, на хромите од, планини да преместува со еден збор и миг, имајќи ги при тоа за залог вечното блаженство и Царството Небесно? Кој би го оставил таквиот Бог? Какво мислење би имал ти за Него? Не би бил ли тој безумник, кој нема појма за тоа што е добро и корисно? Затоа, царе, и јас се одреков од вашата заблуда, вашите басни, и вашите одвратни богови, и сите привремени суетни богатства, и пристапив кон единствениот вистински Бог. Повеќе сакам во вашите очи да изгледам безумен и беден, каков што веќе ме нарековте, отколку да ме сметате за премудар и избран меѓу вас. Ете, сега веќе слушна сѐ за нас. Ако пак сакаш да ја испиташ силата Христова на дело, тогаш веднаш измисли некои најстрашни мачења за нас. Ако не си во состојба да ги измислиш, дозволи ми Јас да ти помогнам. Да ти укажам на најразновидните видови на мачења и да те потсетам на нив, бидејќи како долгогодишен судија и мачител, имам огромно искуство во тоа. Дај не на зверовите, фрли не од планини во провалии, во море, живи закопај нѐ со меч посечи нѐ, во оган спали нѐ, за секој дел од нашето тело измисли соодветно мачење, зашто и јас, кога бев заслепен од незнабожието, го правев сето тоа врз овој свети Мина, мојот светилник, кој ме приведе кон светлоста на вистината.

Додека свети Ермоген бестрашно така му зборуваше на царот, тој се восхитуваше на неговата бестрашност и јуначки зборови и сведочеше дека пред очите на сите се случува тоа чудо со свети Мина. Царот не можеше да се спротивстави на ниту еден негов збор, за да не биде посрамен и боговите исмеани, па нареди веднаш да му ги отсечат рацете до рамењата и нозете до колената, па да ги фрлат во оган пред неговите очи, за лично да гледа како му горат делови од сопственото тело. Но, маченикот ја подигна малку главата и кога ги виде своите раце и нозе во огнот, рече:

- Колку сум блажен што Бог ги прима сега како жртва и принос моите раце, кои некогаш ги кревав на молитва на лажните богови, и моите нозе, со кои одев по патот на заблудата!

Потоа со копје беше прободен во стомакот и му испадна целата утроба. Остатокот од одвај живото тело, со царска наредба џелатите го фрлија во реката. А пак што се однесува до свети Мина, царот се плашеше да се препира со него, за тој со својот бестрашен говор и чудеса да не го посрами, и остатокот од едноверните луѓе да ги одврати од боговите. Затоа без никакво иследување нареди Мина да се одведе во мрачна темница, таму да се обеси со врзани раце, и за нозете да му врзат огромен камен.

Го стори тоа за насилно да го усмрти, бидејќи со долгото висење сите делови од телото ќе му се изглобат од огромната тежина на каменот. Свети Мина трпеше, имајќи ги во устата зборовите од псалмите: „Види ги јадовите мои и маката моја“ (Пс. 24, 18),и зборовите на светиот Апостол: „Страдањата на сегашното време се ништо во споредба со славата што ќе ни се јави“. (Рим. 8,18). Кога сите зглобови од телото му се изместија и телото му се оптегна како жица, а болките страотно му се зголемија, тој замолкна. Меѓутоа Бог, Кој чудесната сила Своја Ја пројавува во светиите Свои, не само што не го остави страдалникот во маките туку направи со него неискажливо чудо. Со негов Божествен миг, штом свети Ермоген одвај жив беше фрлен во реката, веднаш се појавија свети Ангели, го извадија од водата и го оставија на брегот, отсечените раце и нозе му ги оздравеа и го направија целосно здрав, та изгледаше како никогаш да не бил мачен. А кога падна ноќта го одведоа кај свети Мина во темницата, кој висеше одвај жив. Таму и свети Мина го ослободија од оковите и го исцелија. И започнаа и двајцата да ги тешат со наградата што ги очекува на небото, објавувајќи им дека венците веќе им се подготвени и Подвигоположникот ги чека, додека тие јуначки го довршат својот подвиг. Крепејќи ги така на претстојните нивни страдања, Ангелите останаа со нив до утрото.

Кога настапи денот, царот многу рано нареди да се собере сиот народ на гледалиштето. Потоа дојде и седна на престолот. Тој знаеше дека речиси целиот град верува во Христа, и го мачеа двојни мисли, па си велеше:

- Не е добро да ги оставам граѓаните без казна, ниту пак е корисно сите да ги казнам и погубам.

Затоа, правејќи се дека не знае ништо за неговата вера во Христа, му се обрати на народот со вакви зборови:

- Знам дека сите вие им принесувате жртви и им се поклонувате на големите богови, а царевите со страв ги почитувате во сѐ. Но, бидејќи на самиот почеток вие не се кренавте против овие гадни луѓе, кои се дрзнаа да го шират учењето на Распнатиот и не ги убивте со камења до нашето доаѓање, си навлековте мал гнев од боговите. И јас, иако не сакам никој од вас да западне во било каква неволја, сепак не можам да ве оставам без казна. Затоа наредувам од вашиот град да се одземе дамнешната чест, та отсега никој од вас не може да стане висок достоинственик, ниту да добие висока власт. А знајте и дека Распнатиот не само што никого не избавува од напастите, туку напротив, оние што веруваат во Него ги доведува во сите моќни неволји и срамна смрт. А дека вистината ви ја зборувам, нека ви бидат сведоци двајцата вчерашни вражачи, Ермоген и Мина, кои пред своето мачење воскреснуваа мртви, но по своја заслуга казнети од мене на тешки маки, не беа во состојба самите да си помогнат. Каде е тогаш силата на оној лажливец Христос?

Додека царот такви глупости зборуваше и хулеше на името Христово, сиот народ негодуваше и ропташе, подготвувајќи нешто ново против него. Но, само што гласникот му нареди на народот да замолчи и царот сакаше да продолжи да зборува, ненадејно се појавија свети Мина и Ермоген, упатени кон царот. Сите со восхитување ги вперија очите кон нив и како со една уста воскликнаа:

- Навистина има само еден Бог - Богот христијански!

Кога ги виде царот, беше поразен и страотно запрепастен. Во тој момент еден од народот, на име Евграф, голем познавач на елинските науки, а и писар во времето кога свети Мина беше судија и управуваше со градот, ревносно се прекрсти и бестрашно излезе среде гледалиштето, застана пред царот и рече:

- Царе, и јас сум христијанин! И јас не ги признавам твоите наредби! Еве ме пред тебе, без да го штедам своето тело заради Христа! Не надевај се дека со закани или ласкање ќе ме победиш! И не само мене туку ниту еден христијанин не си во состојба да победиш! Да се живее со вас, за нас е смрт. А да се умре за Христа за нас е живот. Ти си дошол во нашиот град како лав, со желба да го проголташ стадото Христово и да ја уништиш светата вера со идолопоклонството. Ние ја презираме твојата јарост и сме подготвени на смрт за верата. Тебе те исмеваме како лукава лисица.

Царот многу се разјари, скокна од престолот и полета кон христијаните. При тоа го извади мечот од рацете на еден од присутните војници, со својата рака го обезглави Евграф и во страшниот бес го исече на парчиња. Сечен, светителот додека можеше го прекоруваше мачителот за безбожноста и Му благодареше на Бога што пред другите оди кај Него и што умира од многу рани, кои го исполнуваат со надеж на многу венци од Бога. Така искасапен среде гледалиштето, тој ја предаде својата страдалничка душа во рацете Божји.

Потоа царот повторно седна на својот престол и обраќајќи им се на светите маченици Ермоген и Мина, рече:

- Се колнам во силата на моите богови, дека никогаш не сум видел волшебници како овие! Не е ни чудо што простиот народ ги слуша, зашто го мамат вешто со своите вражбини и ги придобиваат да умираат за Распнатиот. Затоа бедници, сега ќе ви покажам дали сте само привиденија што очите ги помрачуваат или навистина сте со обновени тела.

На тоа светителите одговорија:

- Бидејќи си безумен, душата ти е заслепена и срцето скаменето, па и вистинските предмети ти се чинат привиденија. Зарем не си очигледно слеп, кога не веруваш во нешто што блеска посилно од самото сонце? Ако се сомневаш, тогаш најгрижливо провери дали навистина сме ние. Ако ни се закануваш, тогаш повторно провери не со маките и раните. Увери се дека сме тело а не привидение. Ако сакаш да не придобиеш со привремени богатства, тогаш знај дека и самото царство да ни го поклониш, кое кај вас се смета за најголема скапоценост, пак нема да не соблазниш. Биди уверен дека со ништо нема да не придобиеш и затоа изречи конечна пресуда против нас.

Кога виде дека не се привидение, зашто многу ги допираше со рацете и се уверуваше дека се здрави и без рани, нареди со меч да им ги отсечат главите. Потоа стана и отиде во својата палата, посрамен што со ништо не можеше да ги победи Христовите војници. Кога појдоа на губилиштето, тие ги кренаа очите кон небото, долго стоеја на молитва, молејќи Го Бога на светите цркви и целото христијанство да им подари мир и тишина, и секој што бара помош од нив да не го врати празен. Потоа се прегрнаа, се простија и ги наведна главите под мечот. Така беа обезглавени од војниците.

Но, бидејќи големиот Мина уште додека беше жив го молеше царот неговото тело да биде погребано во Византија, истото им го наложи и на присутните верни. Царот Максимин нареди да се направи железен ковчег, во него ги положија телата на светите маченици, па ги фрлија во морето, за христијаните да не можат да им оддаваат почитување. Кога ја виде народната вознемиреност и негодување против него, царот веднаш го напушти градот и тргна за Византија, од страв да не се крене буна против него.

Но, железниот ковчег со моштите не пропадна во морето, туку носен по водата со силата Божја пред царот стигна во Византија, летајќи како птица. На византискиот епископ ноќта со Божествено видение му беше наредено веднаш да појде на морскиот брег и да го земе ковчегот. Тој веднаш го свика клирот и некои угледни луѓе и истата ноќ отиде на брегот. И сите ја гледаа светлината која како столб излегуваше од небото во морето и се сопираше кај некој чамец. Во тој чамец седеа двајца блескави луѓе и пловеа кон брегот кон нив. Кога се доближија видоа дека тоа не е чамец туку ковчег, влечен по водата од два блескави Ангели, кои станаа невидливи штом го изнесоа ковчегот на брегот. Епископот и присутните радосно го примија и кога видоа дека е железен многу се восхитија како толку тешкото железо не потонало туку пловеше како дрво. Откако ги целиваа чесните мошти на светите маченици, тие привремено ги погребаа на тајно место.

А царот Максимин, на пат за Византија го стигна Божјата казна. Одамна душевно слеп, тој беше лишен и од телесните очи. Притоа самиот им раскажа на своите пријатели дека го тепале невидливи раце. Неколку дена потоа бедникот умре.

Тогаш епископот со голема чест ги погреба моштите на светите маченици Мина и Ермоген покрај градскиот бедем, да бидат како стражари на градот, чувари на оние што по море пловат и лекари на болните, во слава на големиот Бог и Спасител наш Исус Христос, сега и секогаш и низ сите векови. Амин!.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ГЕМЕЛ МНОГУСТРАДАЛЕН

Свети Гемел беше родум од Пафлагонија. Кога слушна дека царот Јулијан Отстапник се наоѓа во галатискиот град Анкира, тој се упати таму, истапи пред царот и бестрашно го изобличи за богоотстапништвото и гонењето на светата христијанска вера. Царот страшно се разгневи и нареди да му стават железен појас, толку страотно вжештен, така што од телото на маченикот течеше крв. И колку што посилно го стегаа појасот, крвта се повеќе течеше. Потоа боготстапникот нареди таков да го придружува на патот до градот Едес. Таму светиот маченик го положија на земјата, па дрвени колци и вжештени железни шипки му забија по телото, потоа го обесија и му се кинеше месо од телото. Но, сите тие маки јунакот Христов јуначки ги поднесуваше и му се потсмеваше на безбожниот богоотстапник. Потоа храбриот страдалник го положија на вжештена тава, во која вриеше зејтин помешан со смола и сулфур, па истовремено одозгора го тепаа со железни стапови, начичкани со шилци. Но, чуван со благодатта Божја, светиот страдалник остана неповреден. Тоа го запрепасти безбожниот цар, и нареди ла му забијат железни клинци во главата. Потоа го обесија и му ја одраа кожата како на овца, од главата до стапалата. Најпосле богоотстап. чиот цар нареди, та го распнаа на крст. Кога светиот страдалник беше во маките на крстот, се чу глас од небото:

- Блажен си. Гемеле, зашто многу се потруди!

И додека се молеше, блаженниот го предаде својот дух во рацете Божји, во 361 година. Неговото чесно тело некои христијани тајно го симнаа од крстот и го погребаа на специјално место.

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ТОМА ДИФУРКИН

Преподобниот Тома се родил во Витинија. Родителите му беа прости, но имотни. Тома уште од мал ги одбегнуваше житејските работи и беше наклонет кон монаштвото. Воодушевен од примерниот живот на еден монах, кој се подвизувал во елен од околните манастири, тој душевно се приврза за светата обител. Од тој монах се учеше на монашкиот живот и на книгата. Го изучи за кратко време Псалтирот, Апостолот и целата црковна служба. Така Тома го помина своето детство во мир и побожност, добро семе беше посеано во неговата душа и се вкорени, за да може и понатаму да напредува. А кога богобојазливото момче стана полнолетно, се облече во ангелскиот монашки чин. Како монах одлучно и цврсто тргна во подвигот на духовната борба со непријателот па спасението, без да се свртува назад. Јуначки минувајќи ги испосничките подвизи, тој со помош на доблестите ја украси својата душа со таква духовна убавина, така што изгледаше како икона Божја, која ги погтикнува оние што ја гледаат. Во тоа време еден од византиските велможи, на име Галоликт, изгради манастир покрај реката Сагариса, и го молеше надлежинот епископ во новоизградениот манастир да постави за игумен еден од одбраните монаси, кои се наоѓаат по манастирите на неговата епархија. Епископот го избра и постави за игумен во новиот манастир преподобниот Тома, како искусен монах, познат по подвижничкиот испоснички живот.

Како игумен, божествениот Тома управуваше мудро со манастирот доста години. При тоа постојано ги засилуваше своите подвизи и стана живеалиште на секоја доблест, и колку што повеќе тој со големо смирение ги криеше своите доблести, толку повеќе сите го славеа за неговиот свет живот. И доаѓаа кај него во манастирот многумина, и му го нарушуваа молигвеното тихување. Тогаш тој меѓу монасите од својата обител избра еден, полн со секоја доблест и го постави за игумен. Самиот измоли од браќата молитви и се оддалечи и насели во пустината, во подножјето на една гора, на погодно место за осаменичко молитвено тихување. И се подвизуваше строго и неуморно. Без блажениот Тома браката во манастирот се чувствуваа како овци без пастир. Затоа започнаа да трагаат по него. Обиколија многу гори и пустини и најпосле го пронајдоа во подножјето на планината без кров над главата, без покривка, без храна, без ништо, страдајќи така и зиме и лете. Браќата го молеа да се врати во манастирот, но остана неумолив. Единствено им дозволи да му направат мала ќелија. Кога беше готова влезе во неа, ги преклони колената на молитва и рече:

- Господи, нека Ти биде угодно браќата кои дошле кај мене, недостојниот, да ги вратиш назад.

Браќата го оставија својот духовен водач во пустинската осаменост и се вратија во манастирот. Но потоа, како на специјален повик, кај светиот подвижник започнаа од разни страни да доаѓаат побожни мирјани, молејќи го да ги замонашува и раководи во монашкиот живот. Преподобниот Тома ги примаше. Меѓу првите беа двајца многу побожни мирјани, на кои при монашењето им ги даде имињата на првите Христови ученици Петар и Јован. Со нив тој деноноќно му принесуваше неотстапни молитви на Господа.

Но, таткото на злото, ѓаволот, не можеше повеќе да гледа како светиот угодник Божји ги уништува сите негови стапици и пакосни планови. Затоа најпрвин му испрати толку многу комарци, што не можеше да дише од нив. Тие постојано го напаѓаа и додека зборувал и додека одморал и бил на молитва, па дури и во уста му влетувале. Дури и онаа мала оскудна храна што ја имаше во ќелијата, беше полна со комарци. Целата ќелија беше полна со комарци. Полни три години преподобниот ја трпеше оваа напаст. И при тоа тој постојано Му благодареше на Бога и бараше прошка за гревовите. Но, кога потоа по Божја волја комарците исчезнаа се појавија огромни муви, кои го касаа и како со остри стрели му го бодеа телото, исушено од постот, и страшно му досадуваа. Кога и таа напаст одмина, наидоа мравки кои долго време непрестајно го напаѓаа богоугодниот подвижник и му влегуваа дури и во очите и носот.

Но ѓаволот, кога виде дека светиот цели девет години ги поднесува тие маки со непоколебливо трпение, како да траат еден ден, го нападна со уште поголем бес. Бидејќи знаел дека на човекот како боголико створение Божјо му е вродена одвратноста спрема змиите, му нафрли безброј од нив. Тоа на многумина може да им се чини неверојатно, но е жива вистина а не привидение. Змиите од сите страни ползеле околу него и надвор и во ќелијата. Каде и да застанел, тие го опколувале и му се виткале околу нозете. Кога ќе прилегнел да одмори, веднаш му доаѓале во постелата. Ако земел некој сад, тие веднаш се појавувале. Тоа траело цели единаесет години непрекинато. Но, преподобниот не се обесхрабри, не изропта, не похули, не се пожали, туку постојано Му благодареше на Бога и храбро војуваше со ѓаволот, кој војуваше против него. Чуван со промислата Божја, остана неповреден во текот на толку многу години.

Еднаш блажениот отец служеше Божествена Литургија. При крајот одеднаш се појави огромна змија, која со себе ја препаша целата црква. Малку пред тоа монахот што му прислужувал беше излегол од црквата по теплотата; потоа змијата се свитка во клопче пред самите врати на црквата и му го попречи патот. Преподобниот се чудеше зошто го нема, па се сврте и го виде чудовиштето на прагот од црквата а зад него преплашениот монах со теплотата. Полн со Светиот Дух и вера, преподобниот му рече на братот:

- Влези, и не плаши се!

Потоа се сврте и спокојно продолжи со служењето на Светата Литургија. Охрабрен од наредбата на својот духовен отец, монахот како окрилен ја прескокна змијата и влезе кај него. По Литургијата блажениот не ги соблече од себе одеждите туку онака облечен излезе на прагот кај чудовиштето и рече:

- Змијо, ако твоето доаѓање овде е по промисла Божја, го означува твојот крај и гибел, тогаш ајде по мене!

Змијата веднаш се фати со забите за крајот од светите одежди на светителот и тргна по него. Кога навлегоа во шумата каде што имаше длабока провалија, преподобниот застана и започна да се моли. Кон останатите молитви ја додаде и оваа:

- Господи Боже, на оние кои веруват во Тебе Ти си им дал власт да настапуват на змии и на скорпии. Благоволи, Господи, и јас најмалиот да застанам на оваа змија и да ја фрлам во провалијата.

Штом заврши со молитвата, змијата за миг се подигна од местото и падна во провалијата, а по неа се исушија и двата брега и ја порамнија таа котлина. Старецот Му заблагодари на Бога и се врати во својата ќелија. Тогаш се случи ново необично чудо. Змиите кои се беа вгнездиле и размножувале под ќелијата на преподобниот и толку години му досадуваа, кога го видоа светителовото прославено лице со Божествена светлина, не можеа да го поднесат тоа и како да се спасуваат од пожар, сите заедно побегнаа. Кога дојдоа до местото на гибелта на чудовишната змија, по Божја волја сите умреа. Беа безбројни. Нападнаа на нив многу птици и сите ги изедоа.

Од тогаш светиот отец Тома се ослободи од искушенијата и напастите и го доби од Бога дарот да исцелува и претскажува. Затоа се предаде на уште построги подвизи. И бидејќи многумина доаѓаа кај него заради поуки и му го нарушуваа безмолвието, молитвеното тихување, тој почна да се повлекува во најзафрлените планински места од својата пустина. А во манастирот со негов благослов раководеа со браќата и дојденците неговите двајца најблиски ученици Јован, кој раководеше со молитвеното правило и црковното богослужење, и Петар, кој поучуваше со благодатниот дар на прозорливоста што го доби од Господа. Од сето тоа уредување зрачела духовна сила на духовниот отец Тома, чија што љубов сите ги окрилувала и упатувала на патот на спасението.

Колкав беше кај свети Тома дарот на прозорливоста и прорекувањето покажува и примерот што ќе го наведеме.

Византискиот цар Лав Мудриот, син на царот Василиј Македонец, имал во своето срце некоја недоумица и ја изложи во писмо, го запечати со царскиот печат и по специјален пратеник му го испрати на светиот старец Тома, молејќи го да му одговори и да му Ја разреши недоумицата. Кога пратеникот наближи до прагот од старчевата ќелија, светиот старец излезе пред него, го зеде писмото и пак му го врати и му рече:

- Брате, земи го ова запечатено писмо и врати се кај оној што те испратил.

Пратеникот се запрепасти и збунето го праша старецот:

- Оче, што ќе му речам на оној што ме испрати, како одговор на писменото прашање што се наоѓа внатре, кога ти не го ни отвори?

Преподобниот му одговори:

- Доволно ти е тоа, чедо! Доволно ти е! Тоа е Божја грижа и промислување.

Тогаш пратеникот со писмото се врати кај царот и сѐ му раскажа. Царот многу се восхити на тоа. А кога го прочита старчевиот одговор и го најде во него решението на својата недоумица, изрази желба лично да го види. Преподобниот Тома, навистина сиот над овој свет и навистина смиреноумен, го промени местото на живеење и не дозволи да се сретне со царот. За тоа се дознало дури подоцна и тоа од еден негов ученик.

Облагодатениот Тома се повлече од уредениот манастир во непристапно и непроодно место и живееше таму најосамено, како птица, минувајќи го времето во молитвено тихување. А кога со својот прозорлив дух ќе видел дека душата на некој брат во манастирот се наоѓа во опасност, тој доаѓал во манастирот, го посетувал тој брат и останатите, ги поучувал и повторно се враќал во своето непристапно место, како на одмор и освежување. Поживеа многу години и достигна многу длабока старост, па немоќен ја предаде својата света душа во рацете на живиот Бог и Господ. Блажениот Тома се упокои во деветиот век.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ И ПРАВЕДЕН  ЈОВАН, ДЕСПОТОТ СРПСКИ

и неговата мајка СВЕТА АНГЕЛИНА

Светата мајка Ангелина, деспотицата српска и ктиторка на манастирот Крушедол во Срем, била сопруга на свети Стефан Слепиот, деспотот Српски и мајка на свети Максим архиепископот и на овој свети Јован, последниот деспот Српски од семејството Бранковиќ. Нејзиниот свет спомен посебно се слави на 30 јули. Свети Јован беше вториот син на свети Стефан Бранковиќ и света Ангелина. Се родил додека родителите се уште му живееле во Албанија а израснал во Белград, место во областа Фурланија (широко подрачје на Трстанскиот залив во Италија), каде потоа неговите родители се преселиле и живееле. Од нив добил христијанско воспитување и добро световно образование, за што доста допринеле и монасите, кои постојано ги имало во домот на неговите свети родители. Така младиот Јован се изградил на цврст темел на православната вера и светиот богоугоден живот, така што, иако живеел меѓу иноплеменици и еретици во Италија и Унгарија и меѓу грешниците во светот, сепак се сочува чист и во правата вера и во доблестите.

По смртта на својот татко Стефан, неколку години подоцна, односно во 1486 година, мајка му заедно со него и брат му Максим премина од Фрулија преку Виена во Будим, земајќи ги при тоа со себе и моштите на свети Стефан Слепиот. Во Будим добро ги прими унгарскиот крал Матија и им ги подари градовите Купиново и Сланкамен во Срем. Во таа пригода, кралот му додели и титула деспот на стариот Ѓорѓи, кој наскоро потоа се замонаши под името Максим, така што титулата и местото деспот Српски во Срем тогаш ги превзеде свети Јован. Неговата престолнина и живеалиште бил најпрвин градот Купиник на реката Сава во Срем, каде во црквата на свети апостол Лука биле сместени моштите на нивниот отец Свети Стефан. Поради честите напади на турците преку Сава, деспотот Јован ја премести потоа својата престолнина во градот Беркасово, близу манастирот Прибина Глава.

Како деспот српски во Срем, праведниот Јован водел од една страна витешка борба протви иноверните турци кои напаѓала од југ, а од друга страна се борел и против обидите на римокатолиците да го поунијатат неговиот народ. Подвластен под унгарскиот крал, Јован му помагал со својата војска во борбата против турците и во тоа покажувал далеку поголем успеси од оние кои тие години војувале со турците. Благоверниот српски деспот сакал да ги ослободи и сите српски поробени краеви на југ, но тоа ги надминувало неговите сили. Јован се молел на Бога да го заштити српскиот народ и да му помогне да ја сочува својата вера и душа. Затоа помагал на многу манастири, молејќи ги монасите во нив да се молат за спасение на српскиот народ и за неговото и спасението на неговото семејство. Со својата мајка Ангелина и братот Максим, а самиот од своја страна, Јован ги помагал со големи прилози и светогорските манастири Свети Павле, Хилендар и Есфигмен, а исто така и манастирот Крупа во Далмација, како и многу манастири во Срем, Бачка и Банат. Според народното предание, тој со својот брат Максим ги изградил или обновил манастирите Прибина Глава, Месиќ, Фенек, Дивеш, Беочин, Шишатовац и други.

Но, младиот и праведен Јован не поживеал долго на земјата. Летата на неговиот живот биле малубројни, но затоа биле исполнети со многу добри дела и богоугодни подвизи. Мирно се упокоил во Господа на 10 декември 1502 година, во својата престолнина Беркасов! и чесно е погребан во црквата на свети Лука во Купиново, покрај својот свет татко. По три години неговото тело било објавено како цело и свето и од тогаш православниот народ започнал да го почитува како светител Божји. Неговата света мајка Ангелина и брат му Максим, при своето заминување во Влашка (1505 г) кај влашкиот војвода Јован Радул 4ти, ги зеле со себе и моштите на свети Стефан Слепиот и свети Јован Деспотот, но по враќањето од Влашка, во 1509 година, повторно ги вратиле во Крупиново. Кога потоа тие го изградиле својот метох, манастирот Крушедол под Фрушка Гора, телото на свети Јован со телото на неговиот свет татко било пренесено и положено во манастирот Крушедол. Таму тоа се јави како чудотворно, затоа што многумина исцелуваше неговата благодатна сила, меѓу кои исцели и еден турчин, на кого што жив бес му се тркалаше во утробата, како што велат старите записи. Исто така и едно момче, кое осум години лежело болно, доби чудесно исцеление од моштите на свети Јован.

Телото на свети Јован останало во манастирот Крушедол сѐ до 1716 година, кога турците го запалиле манастирот и во него светите мошти на Бранковиќ. По спалувањето на манастирот, сепак се пронајдени делови од светите мошти, меѓу кои има и дел од стапалото на свети Јован Деспотот. Овие преостанати свети мошти се чуваат и денес во манастирот Крушедол.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ТЕОТЕКН

Пострадал за Господа Христа посечен со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАРЈАН

Пострадал за Господа Христа затрупан со камења.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕВГЕНИЈ

Овој свети маченик пострада за Господа Христа претепан со стапови.