23. Декември  (11. Декември)

 

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ДАНИИЛ СТОЛПНИК

Рајската гранка, преподобниот Даниил Столпник го одгледа Месопотамија, во селото Витара, кај градот Самосат од христијански родители Илија и Марта. Неговата мајка беше неротка и поради тоа доживуваше многу непријатности и прекори, како од сопругот така и од роднините. Еднаш на полноќ, преполна со тага во срцето, тивко излезе од куќата, ги крена рацете кон небото и со многу солзи се помоли на Бога, говорејќи:

- Господи Царе, ти на почетокот си ги створил мажот и жената и си им рекол: раѓајте се и множете се (1Мојс. 1, 28). Ти во староста на Сара си и го подарил Исак (1 Мој. 21, 1-3), на Ана Самуил (1 Цар, 1, 20), на Елисавета Јован (Лука 2, 60). Сега смилувај се и на мене, која сум во слична неволја, милосливо погледни на мене и разреши ја мојата неплодност, симни го срамот од мене, и дај и плод на утробата моја, за даруваното од Тебе да ти го принесам како дар на Тебе, како некогаш Ана Самуил.

Откако така се помоли со скрушен дух и смирение, Марта се врати дома. Штом заспа, во сонот виде две огромни пресветли светила, слични на чинии, како полека се спуштаат од небото на нејзината глава. Утредента го раскажа својот сон на сопругот и роднините и тие и го протолкуваа на различни начини. Но, сонот беше претскажување дека ќе роди син, кој со блесокот на доблестите ќе биде посветол од звездите. Потоа Марта забремени и роди син. Така се ослободи од маките што ѝ ги причинуваше бездетноста. Толку значаен беше почетокот на животот на блажениот Даниил на земјата, толку необично се појави на свет оној што подоцна стана навистина син на светлината.

Пет години детето растеше без име, зашто родителите сакаа самиот Бог да му даде име, зашто се роди како дар Божји. Затоа го одведоа своето чедо во еден манастир, донесоа и подароци на Бога и го замолија игуменот да му даде име на нивното синче. Вдахновен од Бога, игуменот им рече дека треба да му го дадат името што самиот Бог ќе го открие. Посматрајќи го детето, нареди да му донесат книга од црковниот олтар, па ја отвори и погледот му падна на некои зборови од светиот пророк Даниил. Така заклучи дека Бог сака детето да го носи името на овој пророк и му беше дадено името Даниил. Тоа беше знак дека ќе биде слично на големиот пророк, како на име така и по побожноста.

При тоа родителите сакаа тоа веднаш да бид посветено на Бога при овој манастир, но игуменот не се согласи, бидејќи сѐ уште беше премало. Тогаш се вратија дома со него. И тоа беше по промисла Божја, за подоцна детето да го одбере доброто, не по желба на другите туку доброволно. Со неговото растење тоа покажуваше дека од него ќе се развие човек полн со доблести. Даниил одеше во светлината на благодатта Божја и сенката на доблестите го пратеше насекаде.

Кога наполни дванаесет години, замина од дома без никому да каже за своето заминување и намера, зашто веќе беше одлучил заради Христа да ги остави своите родители, родниот крај, роднините и пријателите, и да појде во манастир, недалеку од неговиот роден крај. Кога дојде во манастирот падна пред нозете на игуменот и го молеше да го прими во своето братство и да го облече во ангелскиот монашки лик. Игуменот го предупреди на неговото слабо тело и детска возраст и му рече дека нема да биде во состојба да ги издржи многубројните монашки трудови не лесни и за возрасните луѓе, како што се бдеењето, метанијата, постовите, умртвувањето на телото, целосното одрекување од својата волја и од секоја телесна желба. Затоа го посоветува да се врати кај своите родители. Но Даниил му одговори дека дошол кај нив за да живее во Христа а да умре за светот. Па дури и да му се случи да умре од тне прекрасни монашки трудови тогаш тоа е подобро отколку да си замине празен и да се врати дома.

Игуменот долго го советуваше да се откаже од својата намера, но Даниил одлучно му одговараше дека сака да остане. Кога виде дека е одлучен во неговата огромна желба за Бога и искрената љубов кон Него, ги свика браката и се посоветува со нив дали да го прими. Браќата се восхитуваа на храброста на детето и се согласија да го примат во заедницата. Даниил гореше со духот кон доблестите и кон животот по Бога. 

По некое време неговите родители дознаа дека се наоѓа во манастирот. Тие истовремено се израдуваа и восхитија што самиот се предаде на Бога, па отидоа кај него и го затекнаа уште непострижан и без монашка облека меѓу монасите. Тогаш го замолија игуменот пред нивните очи да го замонаши. Тој го стори тоа и им заповедаше што поретко да доаѓаат кај него. Родителите радосни се вратија дома а блажениот Даниил напредуваше и јакнеше со духот, растејќи не само со годините туку и со доблестите.

Почетокот на извонредното живеење на Даниил и коренот на сите подоцнежни плодови беше ваков: во него пламна божествена љубов и го обзеде неодолива желба да се поклони на Светите Места, на кои нашиот Господ Исус Христос пострада за нас, и беше погребан, и воскресна, и се вознесе на небото. Истовремено гореше и со духот да го види големиот подвижник на тоа време свети Симеон Столпник. Му ја откри својата желба на игуменот и побара благослов за пат, но тој го задржа. Подоцна, кога игуменот поради некои црковни работи требаше да оди во Антиохија, го поведе со себе Даниил и неколкумина од браќата. Кога стигнаа во местото Тиланис, во чија близина се подвизувал свети Симеон Столпник, тие се упатија кај неговиот столб. Кога ја видоа суровоста на тоа место и висината на столбот, сфатија како храбриот подвижник на својот столб ги трпи и горештината и мразот и ветровите и дождот. Иако некои неразумни сметаа дека светиот столпник сето тоа го трпи од славоубие, сепак, блажениот Даниил не само што се восхитуваше на неговото трпение туку и се охрабруваше да го подржува. А кога дојдените монаси, стоејќи во подножјето на столбот му викнаа на свети Симеон, тој ги погледна одозгора и им рече да ја постават скалата и да се качат кај него ако сакаат. Тогаш и се обелодни кој со какво расположение е спрема преподобниот. Еден си најде изговор дека го болат нозете и не може да се качи, друг дека е стар, трет укажуваше на некоја друга немоќ а Даниил брзо ја зеде скалата и со радост се качи и го поздрави големиот Симеон. Неговиот труд не беше залуден. Најпрвин од подвижникот доби благослов, поучување и уште поголема ревност за подвизување. Потоа се удостои на благослов преку полагање на рацете врз него од страна на преподоб ниот и најпосле слушна од него за својот иден живот. Подвижникот му рече:

- Држи се јуначки, чедо, и нека се поткрепи твоето срце, зашто ќе ги земеш врз себе претешките подвизи заради Христа. Но, самиот Христос во се ќе ти биде помошник, ќе те крепи и ќе те теши.

После долгиот и полн со лубов разговор со светителот, блажениот Даниил се симна од столбот и се врати во својот манастир.

По некое време, кога игуменот на тој манастир отиде кај Господа, браката настојуваа Даниил да го прими игуменскиот чин, но тој препорача друг. Желен за осаменичкото молитвено тихување си велеше:

- Ете, Даниил, сега си слободен и дошло времето кое толку го чекаше. Тргни по саканиот пат и оствари ја својата намера.

Потоа излезе тајно од манастирот и дојде до оградата околу столбот на свети Симеон. Помина таму четириесет дена и намисли да замине, но свети Симеон го посоветува да остане со него. Сепак, Даниил многу сакаше да ги види Светите Места во Ерусалим и да се повлече во внатрешната пустина на молитвено тихување, па се упати кон Палестина. Во тоа време во Палестина се водеше војна. Самарјаните војуваа против христијаните и беше опасно да се патува таму. Иако го знаеше тоа, тој не обрна внимание туку бестрашно тргна. По долго патување сретна еден чесен монах, стар, благолик, со седа коса, по сѐ сличен на преподобниот Симеон Столпник. Старецот го прегрна Даниил и го праша на сириски јазик каде оди. Тој одговори:

- Ако Бог сака, патувам кон Светите Места.

Старецот на тоа рече:

- Добро рече, ако Бог сака. Сега биди сигурен дека овој твој пат не е по волја Божја. Зарем не си слушнал за метежите и нередите во Палестина?

Даниил одговори:

- Сум чул, но се надевам во Бога. Бог ќе ми биде помошник и се надевам дека нема да ми се случи ништо лошо. А и да се случи не се плашам, зашто: и ако живееме или умираме, Господови сме (Рм. 14, 9).

Старецот одговори на тоа со зборовите на пророкот:

- Не дозволувај да застрани ногата твоја, ниту да задреме твојот ангел чувар.

Но, Даниил изрази готовност дури и да умре за Христа на тој пат. Тогаш старецот со негодување се сврте и говореше:

- Бог не наредил во невреме да се туркаме себе си во смрти сами да се трудиме да бидеме насилно убиени, зашто рекол: Кога ќе ве бркаат од еден град одете во друг (Мт. 10, 23).

Даниил го прифати советот и рече:

- Оче, ако е така, тогаш сум подготвен да се вратам назад.

Старецот на тоа одговори:

- Јас не те советувам целосно да ја оставиш својата намера, туку те предупредувам дека не е разумно од твоја страна да одиш таму во тоа лошо време. Сега појди во Византија, која според мноштвото светињи претставува втор Ерусалим, чија благодат сега почива на неа со заповед Божја. Таму можеш да посетиш многу цркви и да се наситиш на гледање на многу светињи. Ако одлучиш да се предадеш на осамено молитвено тихување, појди во гората Тракија или крај морето, тоа ќе ти биде за спасение и Бог ќе ти помогне. Воопшто, мил мој, не треба да мислиш дека само во Ерусалим можеш да го најдеш Бога а не и во Византија, зашто Бог не е ограничен со никакво место.

Додека така си разговараа сонцето заоѓаше и наидоа на еден манастир покрај патот, во кој мораше да свратат да преноќеваат. Се упатија таму и старецот му рече:

- Оди ти напред а јас ќе појдам по тебе.

Даниил помисли дека старецот заостанува поради некоја потреба и продолжи. Кога стигна до манастирската капија седна да го почека, но тој не се појави. Помисли дека свртел кај некој конак, па влезе во манастирот, ги поздрави игуменот и браќата и седна на нивната трпеза. А кога потоа легна да се одмори, на сон му се јави истиот старец и повторно го советуваше да го стори тоа што му го зборувал по пат и што побрзо да тргне за Византија. Даниил се разбуди и не најде никого кај себе. Размислуваше за јавениот дали е човек или ангел, а всушност тоа беше големиот Симеон Столпник. По видението ги изврши утринските молитви, им посака мир на тамошните монаси, па тргна за Византија.

Кога стигна на морскиот брег влезе во црквата на светиот Архистратиг Михаил, Војводата на Небесните Сили, и остана во неа седум дена. Тука слушна дека во Анапла постои еден пуст идолски храм, во кој живеат мноштво нечисти духови, та никој не може да помине од таму. Оние што пловат ги потопувале а оние што минувале како разбојници ги напаѓале и убивале. Кога слушна за тоа, светителот реши да појде да живее таму, сеќавајќи се на големиот Антониј, кој многу зла претрпе од ѓаволот и најпосле со Божја помош го победи и се удостои на големи почести. Затоа се упати во тој пуст храм, вооружен со непобедливото оружје, светиот крст и пеејќи: Господ е моја светлина и Спасител мој, од кого да се плашам? (Пс. 26, 1). И демонската војска се преплаши пред борбата. А овој духовен војник, обиколувајќи ги аглите на храмот, ги оградуваше со крстниот знак постојано паѓајќи на колена и молејќи се на Бога. Кога се стемни дојде Кнезот на темнината, старешината на демоните и започнаа да се фрлаат камења по светителот. Потоа се разлева страотно урлање и завивање и настана врева. А тој бестрашно стоеше на молитва, говорејќи: „Ако војска ме нападне нема да се исплаши срцето мое“ (Пс, 26, 3). Така ги помина првите две ноќи. На третата виде мноштво демони во вид на огромни луѓе со мрачни лица, страшни како човекојадци. Тие чкртаа со забите и беснееја кон него, говорејќи:

- Кој тебе, беднику, те посоветува да дојдеш ваму кај што живееме ние и сме господари на местово?

Додека зборуваа му се нафрлаа за да го фрлат во морето, да го затрупаат со камења, но при сето тоа ниту еден од нив не можеше да му пријде. Тогаш светителот се сети на Господовите зборови: „Овој род се истерува само со пост и молитва“ (Мк. 9, 29), па ги затвори сите влезови од храмот, остави само едно прозорче и започна да пости и да се моли. По кратко време сета демонска војска со силата Божја беше избркана од таму и народот започна да поминува без опасности.

Тоа се расчу насекаде и многу од околните покраини започна да доаѓаат кај свети Даниил и се восхитуваа што онаму каде што живееја демоните се разлеа славословие Божјо и дење и ноќе. Но, ѓаволот како мразител на доброто, не можеше да поднесе да биде победен, па посеа завист во срцата на некои клирици и тие започнаа да се договараат да го наговорат патријархот да го избрка од таму. Отидоа кај Цариградскиот патријарх Анатолиј и го наклеветија угодникот Божји а тој им одговори:

- Зошто клеветите човек, за кого не знаете ни од каде е ни каков е неговиот живот. Ако живее праведно, тогаш треба да ја подржуваме неговата светост. Ако пак живее нечесно, секако дека заслужува прогонство. Но, пред да биде прогонет, треба внимателно да се испита неговиот живот.

Засрамени, клеветниците замолкнаа.

Кога ѓаволот го виде неуспехот на своето лукавство, започна постравично да го вознемирува светителот со привиденија и страшила, јуришајќи кон него со својата војска, обидувајќи се да го потопи и фалејќи се дека ќе го погуби. Но, не му се даде да му наштети. Светителот застана на молитва, говорејќи:

- Мојот Господ Исус Христос, во Кого верувам, ќе ве фрли во пеколната бездна.

Штом го рече тоа, се разлеаја повици за помош и лелекање со плач и светителот ги виде демоните кај летаат како лилјаци и заминуваат од местото.

Но и потоа не престанаа да му пакостат и поттикнаа клеветници против него, кои отидоа кај патријархот и рекоа:

- Владико, Даниил е вражач и лажливец. Тој со вражбини ги прелажува луѓето. Не можеме повеќе ни да го гледаме.

Патријархот го повика Даниил и го праша кој е, од каде е, зошто дошол во овие краеви и како верува во Бога.

Даниил веднаш го исповедаше своето православно верување, потоа го кажа своето потекло и роден крај и тоа дека дошол од Византија, повикан со Божјо откровение.

Кога го слушна тоа патријархот, стана и го прегрна сметајќи го за Божји човек, па го отпушти со мир.

Но, по неколку дена патријархот тешко се разболе и веднаш го повика преподобниот да се помоли на Бога за негово исцеление. Штом светителот се помоли на Бога, тој веднаш оздраве. Бесплатниот лекар за исцелението замоли од него да им прости на оние што го клеветеле кај него. Патријархот одговори:

- Како да не им се прости на оние што станаа виновници за толку големото добро, та и јас се удостоив да те видам тебе и добив исцеление преку тебе?

И го молеше светителот да живее заедно со него, но тој настојуваше да се врати на своето место. Кога се врати повторно ги затвори вратите и го остави само малото прозорче, за оние што доагаат кај него.

Помина девет години во таквото доброволно затвореништво и Бог го повика на посовршен подвиг и тоа преку вакво откровение: виде тој во видение столб пред себе, кој со својата висина ги надминуваше облаците. На врвот од столбот стоеше преподобниот Симеон и со него две блескави момчиња. И слушна тој глас од Столпникот, кој говореше од врвот на столбот:

- Качи се овде кај мене, Даниил!

А Даниил одговори:

- Господине, како ќе се искачам на толку голема височина?

Тогаш преподобниот Симеон им нареди на блескавите момчиња да го кренат и да го качат кај него на столбот. Момчињата веднаш ја извршија наредбата и го поставија пред Симеон. Преподобниот го прегрна и гласно му зборуваше:

- Држи се машки, Даниил! Биди бестрашен и храбар! Стој цврсто и јуначки!

Додека свети Симеон го зборуваше тоа, неговиот глас беше како гром и во тој миг Даниил се разбуди.

Ова видение однапред претскажа дека и Даниил треба слично на свети Симеон да се искачи на столб и да се доближи до небото со телото и душата.

Во тоа време допатува од Антиохија кај царот ученикот на преподобниот Симеон Столпник Сергиј и му донесе качулка од преподобниот Симеон, испратена како дар од царот за заштита од секое зло. Но, бидејќи царот беше зафатен со земните грижи и народните работи, Сергиј намисли да замине од него и да се врати назад. При тоа имаше желба кратко време да се задржи во манастирот Незаспивливи. Кога тој со другите минуваше покрај местото каде што се подвизуваше преподобниот Даниил, некои се сетија дека тој го минува животот во преголемо трпење и дека добил од Бога дар да исцелува болести и истерува ѓаволи. Кога го слушна тоа Сергиј нареди бродот да застане на брегот и се упати кај преподобниот Даниил. Тој го прими со голема љубов и по долгиот разговор Сергиј дозна дека врз Даниил почива духот на Симеон, како духот на Илија врз Елисеј, и му го даде дарот што го носеше со себе - качулката на блажениот Симеон, бидејќи повеќе му доликуваше на Даниил отколку на било кој друг. Потоа Сергиј виде на сон три момчиња, кои дојдоа кај него и му рекоа:

- Стани, Сергиј, и кажи му на Даниил: веќе се наврши времето на твоето живеење во овој храм. Сега подготви се за поголем подвиг.

Кога се разбуди, Сергиј му го раскажа сонот на Даниил. Тој сфати дека Бог му наредува да го подржува животот на преподобниот Симеон, па го замоли Сергиј да појде во пустината и да пронајде погодно место каде би можел да подигне столб. Уморен од напорниот пат, тој тука прилегна да одмори и имаше вакво видение: над него летал бел гулаб и Сергиј се обидувал да го фати. Одеднаш слушнал глас од небото, кој говорел:

- Мислиш ли со мрежа да го фатиш? Не, него треба со рацете да го фатиш.

Но, гулабот летнал во висините и потоа станал невидлив. Врз основа на тоа Сергиј заклучи дека Бог сака на тоа место да се изгради столб, па се врати кај преподобниот Даниил и му раскажа се што виде и чу. Израдуван, преподобниот замоли еден пријател, на име Марко, да му изгради столб. Помаган од Бога, Марко бргу го изгради столбот.

Кога беше завршен и кровот поставен, преподобниот Даниил излезе ноќе од оној храм, за никој да не знае за него, дојде кај столбот и се помоли:

- Слава Тебе Христе Боже, што ме удостои на таков живот! Ти знаеш, Господи, дека јас со Тебе се утврдувам и надевајќи се на Тебе се качувам на овој столб. Затоа прими го мојот потфат, поткрепи го мојот подвиг и до крај доведи го мојот почеток.

Откако така се помоли, тој се качи на столбот и започна во осаменичко молитвено тихување меѓу небото и земјата да живее во единиот Бог, засолнувајќи се од сѐ земно а приближувајќи се до небото и со телото и со душата. Меѓутоа ѓаволот, кој насекаде им завидува на слугите Божји, започна и овде да му пакости на светителот, кревајќи го против него сопственикот на тоа место, на име Геласиј. Тој дозна дека на неговиот имот без негова согласност е изграден столб и дека на тој столб започнал без негово знаење да живее некој монах, па многу се разгневи и ги извести за тоа царот и патријархот Генадиј, приемникот на Анатолиј. Царот не му обрна на тоа никакво внимание, а патријархот не само што нареди Даниил да се симне од столбот туку сакаше и да го казни, и го овласти Генадиј со поруга да го симне од столбот.

Гневен, Геласиј тргна кон светителот, но Бог го спречи во намерата со силно невреме, громови и молњи. Геласиј не се исплаши, ниту се откажа од намерата, поттикнуван од ѓаволот. Кога стигна до столбот, започна со погрдни зборови и навреди да вика по светителот веднаш да се симне од столбот, инаку насилно ќе го фрли долу. Некои дојдени со него го смируваа и молеа да не му наштетува, уверувајќи го дека е подобро да има сосед, кој се моли за него. Но, тој не ги послуша туку бесно му нареди на светителот еднаш засекогаш да го напушти столбот. Светителот започна да се симнува. Кога сите видоа дека нозете му се како клада, отечени од непрестајното дневно и ноќно стоење, многу се сожалија. Дури и самиот Геласиј започна да го моли повторно да се врати на своето место и да му прости што се дрзнал да го навреди. Потоа Геласиј направи за светителот уште повисок столб и од тогаш започна да го цени и почитува како светител, па и пред самиот цар да ги велича неговите доблести.

Еднаш кај преподобниот Даниил дојде од Тракија еден стар и угледен човек, водејќи го со себе својот бесомачен син единец, го положи во подножјето на столбот и со солзи го молеше светителот да се сожали и да го помилува.

- Ете, - говореше таткото, - веќе е триесетиот ден како мојот ѓаволесан син не престанува да го спомнува твоето име, свештенику Божји.

Преподобниот со милостива душа му одговори:

- Ако веруваш дека мојот Господ Исус Христос ќе го излечи преку мене твојот син, тогаш нека ти биде според верата твоја!

И нареди на ѓаволесаниот да му дадат да се напие свет елеј. Кога беше сторено тоа, ѓаволот го фрли мачениот на земјата, силно го грчеше и најпосле викна:

- Излегувам, излегувам!

И навистина излезе. А кога таткото го виде синот здрав, го даде во манастирот и тој беше одличен монах.

Потоа дојде друг човек, на име Кир, многу мудар и красноречив, и ја доведе кај светителот својата бесомачна ќерка Александра. И штом светителот се помоли на Бога и ги стави рацете врз неа, ѓаволот веднаш излезе и таа стана здрава. Од тогаш Кир стекна голема љубов и приврзаност спрема преподобниот. Во друга пригода епархот Кир ја доведе кај светителот жената на својот војник, исто така бесомачна и таа со молитвата на блажениот доби оздравување. Од благодарност Кир ги напиша на светителовиот столб овие стихови:

Овде стои маж, од сите страни од ветрови биен, но, не се плаши тој, ни од ветровите ни од непогодите.

Храна има бесмртна, далеку е од сластите на овој свет. Поставил длабоки темели на зданието - својот столб, темелникот Симеон - славејќи Го Синот на Мајката Приснодева.

Грчкиот цар Лав Велики, кој немал а сакал да има син наследник, го молел преподобниот Даниил да му измоли од Бога остварување на таа желба. И самиот син на молитвата, зашто се роди по молитвите на својата мајка, преподобниот со своите молитви и на другите им даваше милост Божја да имаат деца. Затоа и овој пат се помоли на Бога и му претскажа на царот дека наредната година ќе му се роди син. Претскажувањето се оствари. Во знак на благодарност, царот му изгради трет столб.

Додека славата за него бруеше на сите страни, кај него дојде царицата Евдокија, сопруга на поранешниот цар Теодосиј Младиот и го замоли да се симне од столбот и да појде во нејзината област, каде, според нејзините зборови, имаше многу пустински места. Блажениот ја пофали нејзината добра мисла и усрдие, но не сакаше да замине од местото каде што Господ му нареди да живее. Ја благослови царицата и ја отпушти со мир, па се качи на столбот што му го изгради Геласиј.

Во тоа време некои еретици во Византија најмија за огромни пари блудница, на име Васијана, да појде кај свети Даниил и да го наведе на нечисто дело, или лично него или некој од неговите ученици. И тргна бесрамничката кај целомудрениот, нечистата кај чистиот, вообразувајќи си дека блажениот ќе се соблазни од првиот поглед кон неа и ќе ја посака. Беше облечена во златоткаен фустан и украсена со разни накити. Кога дојде се направи болна и се насели во полето спрема столбот, покрај оградата на словесните овци на добриот пастир. А се направи болна за да им наштети на душата, ако не на самиот светител тогаш барем на неговите ученици. Помина таму долго време и кога виде дека нема никаков успех, зашто никако не можеше да го прелести оној чиј што ум не беше прилепен за земното туку секогаш пребива со Бога на небото, таа си замина празна. Дојде кај еретиците што ја беа најмиле и излага бедната дека Даниил божем се занел по неа и им наредил на учениците да му ја доведат на столбот. При тоа додаде:

- Но јас не се согласив на тоа. А тие, плашејќи се народот да не дознае за нивната похотлива желба, сакаа да ме убијат и одвај се извлеков од нивните раце и побегнав.

Таква лага измисли за светителот оваа бедна блудница, а еретиците ги сееја тие нејзини зборови меѓу народот, клеветејќи го невиниот и чист Даниил, со цел да го одвратат народот од него. Но лажливите и погани клеветници брзо ги стигна судот Божји. Неа ненадејно ја нападна зол дух и ја мачеше. Тогаш без да сака изјави дека била поткупена и наговорена од еретиците. Така клеветниците беа посрамени. Народот ја фати бесомачната, ја одвде кај светителот и го молеа да ја спаси од ѓаволот. Вистинскиот ученик на Христа, Кој учи да се сакаат непријателите и до седум пати по седумдесет да им се простува на грешниците, не ѝ возврати со зло туку се помоли за неа кон Бога и нареди да и дадат да се напие од светиот елеј. Така ја спаси од ѓаволот што ја мачеше. Кога се исцели, таа започна да го бакнува светителовиот столб, отворено исповедајќи го својот грев и молејќи за прошка. Од тогаш започна да води целомудрен живот и ги остави своите развратни навики.

Преподобниот не само што имаше од Бога власт да истерува демони и исцелува болести, туку поседуваше и пророчки дар, односно однапред да ја знае и претскажува иднината. Така тој го предвиде гневот Божји и казната што требаше да го стигне царскиот град, и испрати и ги извести за тоа патријархот Генадиј и царот Лав, и ги советуваше два пати неделно да вршат молепствие, за да се отстрани праведниот гнев Божји. Но, тие не обрнаа никакво внимание на неговиот совет, и затоа заради гревовите нивни се исполни пророштвото на блажениот, за што ќе стане збор понатаму. Во тоа време царот, поттикнат од Духот Свети, му напиша на патријархот да појде кај големиот Даниил и да го посвети за презвитер. Патријархот отиде со својот клир и кога стигна до столбот му рече на преподобниот дека одамна сака да го види, но оптоварен со црковните работи не можел да го стори тоа. А сега, рече тој, дојдов да те видам и да се удостојам на твоите свети молитви и разговори.

И го замоли да нареди да се постави скалата и тој да се качи кај него. Но светителот му одговори:

- Залудно толку те намачил оној што те испратил кај нас.

Патријархот го обзеде восхит и ужас како тој препозна дека неговото доаѓање не е доброволно туку присилно, зашто никогаш немаше да дојде кај него ако царот не го натераше. Долго го молеше светителот да ја потпре скалата за да се качи кај него, но тој одлучно одбиваше. Беше силна горештина, па патријархот му нареди на архиѓаконот да ги започне пропишашните молитви при посветување. И тој се молеше и ги читаше молитвите што се читаат при посветување за свештеник, и го посвети свети Даниил за свештеник иако беше на врвот од столбот, а многубројниот народ воскликнуваше:

- Достоен! Достоен! (Аксиос Аксиос!)

Блажениот Даниил ја виде во тоа волјата Божја и нареди да се постави лествицата и ги прими од патријарховите раце свештеничките одежди и се причести со нив со Пречистите и Божествени Тајни, па се помоли за сите дојдени и ги отпушти со мир.

Царот многу се израдува на неговото посветување и поита кон столбот. Ја симна од себе царската облека, па смирено се качи кај него и падна пред неговите нозе. Кога виде дека нозете му се отечени и гнили од долгото стоење, тој се восхити на неговото големо трпение, и откако доби благослов радосен се врати дома.

Меѓутоа дојде време да се исполни светителовото поророштво за гневот Божји што требаше да го снајде главниот град. Во септември, на денот на светиот маченик Мамант, кој многу свечено се празнува во Византија, кога во неговата црква уште на стемнување започна сеноќното бдение, ненадејно во огромниот престолен град избувна страотен пожар, и толку се прошири што го зафати речиси целиот град. Големата казна Божја го стигна населението. Огнот уништи не само големи куќи со имоти, прекрасни палати и свети храмови туку и многу луѓе настрадаа. Некои од нив во пепел се претворија, други на половина изгореа, трети беа повредени со најразлични повреди по телата. Беше невозможно да се совлада пожарот. Колку повеќе се трудеа да го згаснат, тој толку повеќе се ширеше, зашто тоа Бог ги казнуваше своите луѓе за гревовите. Така Константиновиот град пропаѓаше речиси исто како што некогаш пропадна градот Содом. И дури кога сите се сетија на пророштвото на свети Даниил, што го изрече за оваа казна, поттикнувајќи го народот на молитви и покајание, сите се стрчаа кај него и со солзи го молеа да го смилостиви Бог со своите молитви. Светителот низ плач ги прекоруваше што не го послушаа кога им ја претскажуваше несреќата и не постапија според неговиот совет, два пати неделно да вршат молепствија. Потоа ги крена рацете кон небото, усрдно се помоли на Бога за градот и неговите жители и по молитвите објави дека пожарот ќе престане по седум дена. И навистина така и беше, А и царот се исплаши од гневот Божји и со царицата дојде кај преподобниот, просејќи милосрдие Божјо со неговото посредство.

Потоа настапи толку студена есен, што не може да се опише нејзината суровост. Сепак, таа не само што не можеше да го победи јуначкиот страдалник, туку самата беше победена од него. Цели четири дена врнел силен дожд како реки да течеле од небото. Од силната вода се свлекувале планините и се потопувале селата. И цело време дуваа страотни спротивни ветрови, како да се тепаат меѓу себе. Бурите беа толку силни што ги скршија железата што ги држеа двата столба на преподобниот. И додека столбовите се нишаа, преподобниот трпеливо стоеше и самиот се нишаше на него од ветрот, како гранка на дрво. Учениците со ужас гледаа одоздола и со плачење викаа, плашејќи се да не умре од студот или да падне заедно со столбот. Но, надежта на преподобниот во Господа остануваше непоколеблива и остана на столбот како заснован на камен. А како да се плаши од смртта оној, за кого земниот живот претставува окови и темница а смртта разрешување и слобода, и кој ги повторувал зборовите Давидови: Извади ја од темницата односно од телото душата моја (Пс. 141, 8). Колку посилен студ трпеше, толку потопло на Бога се молеше. И навистина, повика праведникот кон Господа и Господ го услиша, и како некогаш од коработ така и сега одозгора од небото, им запрети на ветровите и одеднаш настана голема тишина и се разведри.

Потоа кај светителот дојде царот да види какви штети му причинило невремето. Кога виде дека железата се сокршени, нареди подобро де се зацврстат, па се врати откако доби благослов од преподобниот. Но, по пат коњот му се исплаши, се сопна и падна на грбот, фрлајќи го царот од себе, така што царскиот венец му падна од главата и отскокна далеку, при што испопаѓаа и се сокршија од венецот бисерите и скапоцените камења. Царскиот коњушар Јордан се исплаши врз него да не падне вината за тоа, па се врати кај преподобниот и со солзи го молеше да посредува кај царот за него, при што се одрече од аријанската ерес и просеше присоединување кон Православието. Преподобниот го присоедини и му напиша на царот дека Јордан се откажал од аријанското зловерие и го заслужува царското помилување. На тоа царот одговори:

- Виновник за мојот пад од коњот не е никој друг освен јас, зашто се дрзнав пред твои очи да седнам врз него а требаше пешки да отидам подалеку од твојот свет столб. Не му се лутам на Јордан, туку напротив се радувам што мојот пад од коњот е причина тој да стане од својот душевен пад.

Царот и понатаму се однесуваше со почитување кон светителот, и не само што го почитуваше туку и на другите им го претставуваше како сила небесна. Така, кога поглаварот на иноплеменото царство, на име Губазиј, дојде кај него за склучување на примирје, царот го одведе кај преподобниот Столпник, му го претстави и рече:

- Еве го чудото во моето царство.

Восхитен од неговото трпение, Губазиј започна да му се поклонува не само на светителот туку и на столбот и со солзи говореше:

- Ти благодарам, Царе Небесен, што мене, кој сум дошол кај царот овоземен ме удостои да го видам небесниот маж и неговото живеалиште.

Кога се врати во својата земја, Губазиј често се сеќаваше на преподобниот и му испраќаше писма, просејќи свети молитви за заштита на неговото царство.

Преподобниот Даниил беше предмет на восхитување и на блиските и на далечните, и на своите и на дојденците, и на царевите и на простите, и на Грците и на Римјаните и иноплемениците, кои доаѓаа кај него како кај ангел Божји, а на заминување го повикуваа на помош и по неговите свети молитви добиваа се што ќе побараа.

Јуначкото трпение што преподобниот го покажа со стоењето на столбот при сите воздушни промени е доволно посведочено во гореспоменатото невреме и дождови. Но, за да не се предаде на заборавот нешто што треба да остане како сеќавање на него, ќе го спомнеме и ова:

Една година зимата беше страотно лута. Дуваа силни ветрови, далеку понеподносливи од гореспоменатите, имаше многу снег, лед и мраз. А преподобниот не само што немаше никаков кров над својот столб, туку страотниот ветер му ја симна од главата и кожената качулка и ја однесе во некоја провалија. И така стоеше доброволниот маченик цела ноќ, трпејќи го студот, кој достигнуваше најголем степен во зори. А кога добро се раздени, настана толку страотно невреме, така што учениците не можеа очите да ги отворат ниту да погледнат кон столбот и да му помогнат. Кога одмина денот, настапи уште пострашна ноќ. По неа исти таков ден и иста таква ноќ, И дури на третиот ден невремето донекаде се стиши. Тогаш учениците ја наместија лествицата и се качија кај него, го најдоа премрзнат и во лед од главата до нозете, и одвај помалку дишеше. Тие со тешки маки го загреваа, триејќи му го телото со топла вода и сунѓер. Кога си дојде на себе, им рече:

- Зошто ме вознемирувате? Зошто ме разбудивте од слаткиот сон? Јас само што заспав молејќи се. Сепак ви благодарам, чеда мои, што толку многу се грижите за вашиот отец.

Христољубивиот цар дозна за тоа и со солзи го молеше светителот и до земја му се поклонуваше да дозволи да му направи на столбот мал кров. При тоа му рече:

- Поштеди се, ако не заради тебе тогаш заради наша духовна корист, за да не умреш пред време и да нѐ оставиш нас, сиротите.

Кога ги виде солзните молби на царот, преподобниот дозволи да му се направи мал кров над столбот, не за свое олеснување туку поради усрдните молби на царот. Царот толку многу го сакаше и почитуваше, што кај столбот ги доведуваше сите пратеници и големи кнезови, кои му доаѓале од разни земји. Тоа го правел или лично или преку своите придворски големци. И сите тие се восхитуваа на неговото големо трпение, со кое деноноќно ги поднесува и студот и горештината, и обично си заминуваа од него со голема духовна утеха.

По некое време вандалскиот крал Гензерик тргна во војна против грците и се приближи до Александрија со огромна војска. Грчкиот цар многу се вознемири од оваа наезда на турците, дојде со целиот свој сенат кај преподобниот Даниил Столпник, барајќи помош со неговите свети молитви. Провидувајќи што ќе се случи, преподобниот прорече дека Гензерик не само што нема да го завземе градот Александрија туку и во сите свои планови ќе претрпи пораз и ќе се врати дома без никаков успех. Неговото пророштво навистина се исполни. Благочестивиот цар од благодарност изрази желба да направи крај столбот на блажениот ќелии за сместување на неговите ученици. Но, преподобниот го замоли наместо тоа да изгради црква во име на преподобниот Симеон Столпник и неговото свето тело да го пренесе од Антиохија во неа. Царот веднаш изгради црква на преподобниот Симеон спрема столбот на преподобниот Даниил, од северната страна, и покрај црквата гостоприемница. Потоа, по желба на преподобниот, многу свечено ги пренесе во новата црква чесните мошти на свети Симеон. Многу израдуван од тоа, при таа свеченост му изговори на народот опширна поука.

По карактер преподобниот Даниил беше незлобив и им правеше добро на оние што го мразеа. Еднаш еден човек го навредуваше светителот а кога луѓето што слушаа изнегодуваа на клеветникот, тој, покажувајќи им печена риба, зборуваше:

- Ова го јаде вашиот испосник!

Потоа со својата жена и децата ја изедоа таа риба и веднаш ги нападна ѓаволот и ги мачеше. Кога ги доведоа кај светителот, тој ги исцели со својата молитва, без да враќа на навредата со навреда. Во знак на благодарност за таквото добро на незлобивиот отец, тие му изработија сребрена икона, на која тие беа претставени како лежат пред неговите нозе а и нивните имиња беа напишани на неа. Таа икона ја поставија во црквата на светиот Архистратиг Михаил.

Покрај својата незлобивост, преподобниот имаше и толку голем дар на благодатна речитост, така што срцата на слушателите се исполнувале со милина и многумина добиваа голема духовна корист и ги поправаа своите животи. На царскиот двор имаше еден познат војник на име Едран, родум од Галата, силен на тело и храбар во војните. Кога дојде кај преподобниот и ги слушна неговите душекорисни поуки, беше толку трогнат што веднаш се одрече од светот, и со двајца свои пријатели се присоедини кон учениците на преподобниот. Царот многу се сневесели за својот храбар војник и го советуваше да се врати, но тој не ѝ обрна внимание на неговата ласкава понуда, велејќе дека нема никаква корист ако и целиот свет го придобие а на душата своја и напакости.

Потоа од преподобниот беше пострижан за монах и го подржуваше во воздржанието. Храна земаше само колку да не умре од глад. Исто така спиеше многу малку и тоа стоејќи или потпрен на едно јаже. Подоцна ја стекна царевата љубов заради своите доблести и го посетуваше кога доаѓаше кај преподобниот. Поживеа така доста долго време и во мир се упокои. Неговото монашко име беше Тит. По него исто таков живот поживеа и неговиот слуга Антониј.

Во тоа време царот Лав ја омажи својата ќерка Аријадна за Зенон Исавријанин и го испрати со војска против варварите кои упаднале во Тракија. При тргнувањето во војната Зенон отиде кај преподобниот Даниил и тој му претскажа се што ќе се случи со него. Дека ќе се врати од војната неповреден и по својот тест, царот Лав, ќе го прими царскиот скиптар, но неговите роднини од завист ќе го симнат од престолот, на кој по извесно време пак ќе се врати. И сето тоа се исполни во свое време.

Кога се зацари Зенон по смртта на Лав и царуваше три години, против него се крена Василиск, братот на Верина, сопруга на покојниот цар Лав. Тој го прогони Зенон и го зазеде престолот. Како согласник на Евтихиевата ерес, тој предизвика големи бранувања во Црквата Христова, отфрлајќи го Халкидонскиот Собор? и ширејќи го еретичкото учење. Тогаш цариградскиот патријарх Акакиј ги собра православните епископи, и иако бојазлив, сепак му се противеше на царот, но без успех. Затоа испрати неколку епископи кај преподобниот Даниил со солзни молби да се симне од столбот и да дојде во престолнината на помош на Црквата. Поради потребата на Црквата, и при тоа повикан со Божествен глас од небото, блажениот се симна и отиде. Епископите го дочекаа со чест и неискажана радост. Царот не сакаше да се види со него и отиле на својот имот во околината, но преподобниот тргна по него. Но, бидејќи нозете од долгото стоење му беа отекле и беа покриени со рани, не можепк да оди и верниците го понесоа на раце. Се случи по пат да ги сретне еден губав човек, кој започна да го моли да го испели. Преподобниот се сожали, се помоли и му нареди да појде на морето и да се измие. Губавиот се изми и излезе потполно очистен и здрав. Гласот за ова чудо веднаш се пронесе на сите страни и се собраа многу луѓе, носејќи ги своите болни и сите се исцелуваа по молитвите на преподобниот. Опкружен од толку многу луѓе поради чудесата што ги правеше, наближи до царскиот двор на тој имот. Еден Гот виде низ прозорецот како го носат на раце, па се насмеа и рече:

- Еве, доаѓа новиот антипат!

Штом го рече тоа, веднаш го стигна Божјата казна. Ненадејно падна одозгора и умре. Царот дозна за доаѓањето на светителот и нареди да не го пуштаат кај него. Светителот се одлалечи. истресувајќи ја правта од своите нозе. Потоа царот се исплаши да не го снајде нешто лошо, па испрати по него и го молеше да се врати. Но, светиот не само што не се врати туку и му го претскажа неговото загинување. При тоа рече:

- Оној што го гневи Царот Небесен си подгота, ва многу зла и собира гнев за денот на гневот.

И си замина. Царските пратеници се вратија и кога му пренесуваа што рече, ненадејно во дворецот се сруши елен столб, што многу ги исплаши сите. Ете, мртвиот предмет за елен миг Божји ја посведочи вистинитоста на светителовото пророштво и со своето паѓање го најави скорешното исфрлање на царот од престолот.

На вракање во градот преподобниот Даниил исцели на патот две демоноопседнати момчиња и една ќерка на вдовица. А пак змијата, која неочекувано му се завитка околу нозете, тој со еден збор ја испрати на нејзиното место, без да му наштети. Во самиот град му пристапи една угледна жена Ираила, која беше неротка и со многу солзи му ги заливаше нозете и го молеше да ја разреши од неплодноста. Светителот ѝ прорече дека ќе роди син и го претскажа дури и неговото име:

- Жено, ќе родиш син и ќе му го дадеш името Зенон.

Царот започна да бара начин како да се помири со преподобниот и да добие прошка, зашто многу го исплаши падот на столбот во дворецот, за време на поднесувањето на извештајот за одговорот на преподобниот. Најпрвин тој го молеше тоа од светителот преку угледни лица неискрено, но потоа лично отиде кај него, падна пред неговите нозе и молеше за прошка. Но, светителот ги виде неговите лоши помисли, ја изобличи неговата лукавост и им рече на присутните:

- Ова негово смирение и покајание се преправање. Под овчјата кожа во него се крие волчја ѕверост. Но, наскоро ќе го видите врз него праведниот гнев Божји. Семоќната рака на Севишниот ги симнува насилниците од престолите.

По сите овие настани преподобниот се врати на својот столб. По некое време Василиск навистина беше симнат од престолот, како што беше претскажано од светителот. Зенон повторно го доби царскиот скиптар. Кога го виде во тоа исполнувањето на пророштвото, тој дојде заедно со сопругата кај преподобниот и му се поклони.

Останатото време од својот живот преподобниот Даниил го помина стоејќи постојано на столбот и правејќи многу чудеса. Како смиреноумен и одбегнувајќи ја човечката слава, тој силата на чудотворствата не ја припишуваше на своите доблести туку на молитвите на преподобниот Симеон и затоа сите болни ги испраќаше во црквата на преподобниот Симеон, кај неговите свети мошти. Така еден златар го донесе кај него својот син, хром од раѓање, кој воопшто не беше во состојба да оди туку ползеше како змија, блажениот го испрати во црквата на преподобниот Симеон и нареди нозете на детето да ги стават врз светите мошти. Штом беше сторено тоа, детето скокна како елен и се стрча кон столбот на свети Даниил, радувајќи се и славејќи Го Бога.

Еден човек на враќање од Исток падна во рацете на разбојници. Тие толку страотно го претепаа, му ги сокршија колената, го ограбија и заминаа, оставајќи го одвај жив. Некои патници го забележаа, се сожалија и го пренесоа во градот Анкира. Епископот на тој град многу се заложи околу болниот, доведе најискусни лекари и го излекува од раните. Но, излечениот не можеше да оди. Нозете му беа многу повредени. Затоа болниот го замоли епископот да го испрати кај преподобниот Даниил. И болниот неподвижен го натоварија на кола и го однесоа кај столбот на бесплатниот лекар, кој го испрати во црквата на преподобниот Симеон, со наредба да го премачкаат со елеј, земен од светите мошти и така веднаш го исцели. Стапалата и глуждовите одеднаш му зајакнаа и тој скокна и започна да оди, благодарејќи Му на Бога и на светите угодници Негови Симеон и Даниил.

Еден капетан од Шпанија исто така имаше голема вера во преподобниот и кога ќе се разболел некој од неговите слуги или роднини и пријатели, му пишувал и го молел да го исцели болниот. И кога потоа му носеле писмо со одговор, тој го ставал врз болниот и веднаш добивал исцеление.

Една сиромашна жена имаше синче од дванаесет години, кое беше немо од раѓање. Таа го донесе кај столбот, го остави и замина. Преподобниот го виде момчето и им нареди на учениците да го земат да живее кај нив. Учениците мислеа дека мајката го научила своето синче да се преправа за да просјачи и полесно да се издржува, па му вршеа многу лошотии за да го натераат да проговори. Тие го плашеа, тепаа, понекогаш додека спиеше го бодеа со бодила, го удираа со трнови гранки, за кога ненадејно ќе се разбуди да изговори некој збор. Но, кога се уверија дека момчето навистина е немо, го известија преподобниот за него. Тој им нареди да му го намачкаат јазикот со свет елеј. И кога во недела на светата Литургија започна да се чита светото Евангелие и народот по обичај запеа: „Слава Тебе Господи“, и момчето јасно и гласно изговори: „Слава Тебе Господи!“

Од тогаш започна течно да зборува.

Преподобниот доживеа длабока старост и се наближи до својот блажен крај. Го предвиде тоа, ги извести своите ученици и им го напиша следното заветување:

„Чеда мои и браќа мои! Вие сте ми и едното и другото. Мои чеда, затоа што ве родив духовно и мои браќа зашто на сите нас заеднички отец ни е Бог, и јас заминувам кај Него. Но вас, мили мои, кои плачете поради разделбата со мене, не ве оставам сироти туку ве оставам и доверувам на Отецот наш, Кој создаде се, па и мене. Затоа Он, Кој ве створил со разумот и премудроста и потоа ја наведнал небесата и се симнал на земјата и умрел и воскреснал заради нас, нека биде со вас, како ваш премудар чувар од ѓаволот. Како Господ, Он ќе ве чува во послушноста на светата волја Своја а како Отец ваш, сомилосно и со раширени раце ќе ве повикува кај Себе, кога ќе грешите и паѓате. И Он, кој Себеси се предал на смрт за нас, нека ве соединува меѓусебно во еднодушност, за да му станете свои на небесниот Отец. Трчајте кон смирението, бидете послушни, сакајте го гостопримството, постот, бдеењето, сиромаштвото и особено држете ја првата и најголема заповед за љубовта, како и сѐ што ѝ доликува на побожноста. Чувајте ја вистинската вера, чувајте се од еретичкиот плевел и во ништо не отстапувајте од вашата мајка, светата Црква. Ако сето тоа го извршите, ќе бидете совршени во доблестите“.

Кога го напиша таквото заветување на своите духовни деца, преподобниот нареди да се прочита пред него, додека тие плачеа поради разделбата со него. На три дена пред неговото блажено преставување, на полноќ некои од најдостојните негови ученици се удостоија да видат каако кај него дојдоа и го посетија сите од памтивека светители Божји: Пророци, Апостоли, Маченици и ликови на Светии во светлина и слава небесна. Тие со њубов го поздравија и му наложија да се причести со Божествените Тајни. А кога дојде денот на неговото разрешување од телото, дојде со сиот свој клир патријархот Евтимиј, приемникот на Акакиј. А пак гореспоменатата жена Ираида, која беше разрешена од бездетноста по молитвите на преподобниот Даниил, подготви се што беше потребно за неговото чесно погребение. Во тоа време се затекна тука еден бесомачен човек, кој стоејќи крај столбот зборуваше дека гледа ангели и многу светители како се симнуваат од небото кај преподобниот и ги именуваше светителите што ги гледаше. И преподобниот и богоносен отец наш Даниил, радосен поради своето заминување, ја предаде својата чесна и света душа во рацете Божји. Имаше осумдесет години и три месеци од раѓањето?.

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ СТАРЕЦ КУКША

Преподобниот старец Кукша го нарекуваат свети Серафим Саровски на дваесеттиот век. Всушност, во тоа страшно столетие исполнето со мракот на нечовечки злосторства, Господ ни го испрати тој голем старец како восхитувачки пример за вера, надеж и љубов. Низ последните времиња на агонија, тој, ќе речеме со Евангелските зборови, беше како светилник, кој гореше и нѐ грееше, така што ни беше дадено да се порадуваме барем малку на неговата светлина.

Неговиот живот на границата меѓу два века е поврзувачка нишка не само меѓу минатото, богато со богатства на духовност, и сегашноста, која имаше толку потреба од нив, но и иднината, чии што тајни беа откриени прред неговиот прозорлив поглед.

Како обичен селски син, тој уште од младоста ја почувствувал врз себе Божјата Промисла. Кога момчето Козма (така се викал при светото Крштение) го посетил заедно со поклоници Ерусалим, близу до световните светињи на христијанството над него се случиле редица од чудеса, кои ја означувале неговата голема иднина.

Во Ерусалим со Козма се случиле два чудесни настани, кои го предназначувале понатамошниот негов живот.

Постоел обичај сите поклоници, и особено неплодните жени, да се потопуваат во водата на Силоамската бања. Жената, која што прва ќе успеела да се потопи во водата, Господ и дарувал да роди дете. Наоѓајќи се крај Силоамската бања, Козма стоел близу до изворот. Некој одеднаш го турнал и тој паднал дирекно во водата од бањата и излегол целосно мокар. Луѓето започнале да се смеат, велејќи дека тој сега ќе има многу деца. Но, тие зборови се докажале како пророчки, бидејќи подоцна преподобниот навистина имал многу духовни чеда. А кога поклониците биле во храмот „Воскресение Христово“, тие многу сакале да се помазат со елеј од кандилата што горат на Гробот Господов. Тогаш ангел Господов невидливо го превртел средното кандило и го излеал врз Козма целиот елеј. Луѓето брзо го опкружиле и со рацете го собирале елејот што течел врз неговата облека, и благоговејно се помазувале со него.

Тој настан претскажал дека подоцна Благодатта Божја, која изобилно почива врз преподобниот, неоскудно ќе се излева преку него врз луѓето.

Старецот отишол на Света Гора со благослов на големиот киевски старец Јона, познат на сите со својата прозорливост и чудотворства. На Света Гора Кукша живеел под раководството на опитни духовни наставници. Таму имал достап до непроценливото наследство на древната светоотечка мисла, ја поминал школата на монашкиот живот. Та нели тогаш тоа бил Атон на преподобниот Силуан, Атон на кој што се подвизувале во молитвено тихување десетици илјади руски монаси. Атон во времето на расцвет!

Долгогодишниот живот на Света Гора му лежеле огромна полза, му помогнале при растежот како Божји слуга, монах, христијанин. Кога се вратил во својата родина, тој, слично на Антониј Кнево Печерски, ѝ ја донел на руската земја духовноста на Света Гора, откако станал нејзин извор за илјадници луѓе.

Изминале години. На педесет и шест годишна возраст Кукша ненадејно се разболел, како што се мислело, безнадежно. Било одлучено неодложно да го пострижат во голема схима. На 8 април 1931 година при постригот го нарекле по името на свештеномаченико Кукша, чин што мошти се наоѓале во Блиските Пештери. Се разбира, душата на преподобниот уште тогаш била подготвена за населување во небесните обители, но Господ му ги продолжил деновите на земниот живот, за да им служи на луѓето за нивното спасение. По постригот Кукша започнал да се опоравува и наскоро потполно оздравел.

Еднаш во Киево-Печерската Лавра пристигнал од Полтава поранешниот нејзин жител, остарениот митрополит Серафим, за да ја посети омилената обител и да се збогува со неа пред својот крај. По неколку поминати денови во Лаврата, тој се подготвил за заминување. На простување сите браќа започнале да пристигаат еден по еден кај владиката, за да земат благослов од него. Светителот, изнемоштен од староста, ги благословил сите, седејќи во храмот. По стапките на другите пристапил и отец Кукша. Кога се целивале, прозорливиот митрополит Серафим воскликнал:

„О, старче, одамна ти е подготвено место во оваа пештера!“

Од 1917 година за светата Православна Црква и за целиот народ настапило време на огнени искушенија. Преподобниот Кукша целосно ги споделил со народот тие искушенија.

На 3 април 1934 година бил ракоположен во чинот јероѓакон, 8 на 3 мај во чинот јеромонах. Откако била затворена Киево-Печерската Лавра, старецот служел до 1938 година во Киев, во црквата на Воскресенското предградие. Било потребно човек да биде многу храбар за да служи како свештеник во тоа време. Од 1938 година за старецот започнал тежок осумгодишен исповеднички подвиг. Бил осуден како служител на култот, на пет години логор во градот Вилма, Молотовска област, а по одлежувањето на тој рок, на три години заточение.

Така, на шеесет и три годишна возраст отец Кукша се одзвал на истоштувачката дрварска работа во гората. Работата била многу тешка, особено преку зимата. во големите студови. Но, имајќи постојано на ум дека преку мноѓу неволји треба да се влезе во Царството Божјо (Д.А. 14, 22) и дека страдањата на сегашното време не се ништо во споредба со славаша која што ќе ни се јави (Рим. 8,18), старецот, потпомаган од Божјата благодат, не само што трпеливо и благодушно го поднесувал тешкиот затворенички живот, но често и ги крепел духовно сите околу него.

Еве, како еднаш Господ, гледајќи ја храброста на исповедниците, отворено за сите ги утешил и поткрепил Своите мили чеда во надежта и трпението. Заедно со преподобниот Кукша во логорот имало многу духовници и монаси и монахињи. Во тоа време Киевски епископ бил преосветениот Антониј, кој добро го познавал отец Кукша и го почитувал. Еднаш отецот, додека бил во логорот добил од преосветениот Антониј пакет во кој што владиката благоволил да стави заедно со суварките сто частици исушени резерви Свети Дарови. Проверувачите не ги забележале Светите Дарови или пак ги сметале за суварки.

- Но, зарем можеме сами да ги употребуваме Светите Дарови, во состојба кога мнозина свештеници, монаси и монахињи, наоѓајќи се долги години во затвори, беа лишени од таа утеха? - раскажуваше подоцна старецот. - Им кажав на неколкумина свештеници дека сум добил Свети Дарови. Верните со голема претпазливост ги известија своите да бидат подготвени во одреден ден на одреденото незабележително место за конвојот да примат Света Причест. Направивме епитрахили од крпи, насликавме на нив крстови со молив. Откако ја кажавме молитвата, ги благословивме епитрахилите, ги ставивме на себе, и ги сокривме под облеката. Ние свештениците се сокривме во честакот. Монасите и монахињите поединечно доаѓаа кај нас, ние брзо ги покривавме со епитрахилите - крпи, откако им читавме разрешителна молитва и ги разврзувавме од гревовите. Така за едно утро по патот кон работата се причестија сто души наеднаш. Колку се радуваа и Му благодареа на Бога за неговата голема милост!

Еднаш старецот тешко се разболе. Го задржале во болница, бил близу смртта. Но, Господ очигледно го сочувал Својот угодник и го кренал од смртната постела. Нема да умрам, но ќе живеам и ќе ги разгласувам делата Господови (Пс. 117, 17) - се преисполнило со благодарност срцето на Христовиот исповедник.

Старецот се сеќавал:

- Беше тоа по Велигден. Бев толку слаб и гладен, што се нишав од ветрот. А сонцето грее, птичките пеат, снегот веќе беше започнал да се топи. Чекорам во зоната покрај бодликавата жица, нестрпливо ми се сака да јадам, а зад железната жица готвачите носат на своите глави од кујната кон масите тепсии со банички за чуварите. Над нив летаат врани. Се помолив: „Врано, врано, ти си го хранила пророкот Илија во пустината, донеси ми и мене парченце баничка“. И ненадејно слушам над главата: „Га-а! Га-а!“ И една баничка удри во моите нозе. Враната ја беше грабнала од тепсијата на некој од готвачите. Ја зедов баничката од снегот, со солзи Му заблагодарив на Бога и се заситив.

Во пролетта на 1943 година, по истекот на пресудата, на празникот на свети великомаченик Георгиј Победоносец, го ослободиле отец Кукша и тој се упатил на заточение кон Соликамската област, кај едно село крај градот Кунгура. Откако зел благослов од епископот во градот Соликамск, тој често вршел богослужење во соседното село. Луѓето се собирале кај него како кај светилник запален во ноќта.

Така старецот се подвизувал до ослободувањето во работа, во трпение, во деноноќна молитва.

Во 1947 година рокот на заточението истекол. Го завршил осумгодишниот исповеднички подвиг. При сето тоа време ништо не го разделило старецот од љубовта Божја (Рим. 8, 35,39) и тој како доблесен Христов војник, овенчан со исповедничкиот венец, бил победник во тој страшен бран.

Во 1947 година се вратил во Киево-Печерската Лавра и бил примен од браќата со голема радост. Го извршувал послушанието свеќар во Блиските Пештери.

Господ му го наложува на искусниот и опитен во духовниот живот преподобен Кукша, кој ја запечатил својата ревност за Христа со најразлични искушенија, однапред очистен преку поднесувањето на неволји, лишувања и гонења, подвигот на служење на страдалното човештво по патот на духовното згрижување на луѓето - старечеството. Безбожието, маловерието, неопходноста, тагата, гревовното ропство, ги носат луѓето кај преподобниот, во моменти кога искушенијата достигнуваат до врвот и стануваат неописливи, кога надежта секнува. И старецот беше онаа нераскинлива скала на вистинската вера, на непоколебливата надеж во Бога, во која бессилно се разбиваа распенетите бранови на многуликото зло. Преку него, страдањата во висината на севозможните искушенија, луѓето го започнуваа тешкиот и тесен, но вистински пат на спасението. Само Господ знае на колку луѓе помогнал и колку луѓе прегрнал со својата сепростувачка и сепокривачка љубов, која толку многу ги привлекувала луѓето кои се стремат кон него од сите краишта на земјата. Како и половина век пред тоа, кога во Ерусалим поклониците го опкружувале Козма и се обидувале да земат од главата и од облеката од чудесно излеаниот елеј од кандилото, за да се помазат со него, така и сега кај отец Кукша во нашата страдална земја се појавила низа од несекнувачка редица од луѓе, жедни за Божјата помош и благодат, што се излевале преку молитвата, духовните совети и поуки на светиот подвижник.

Преку молитвите, трпението и состраданието, со добриот збор и духовниот совет, старецот ги одвраќаше од безбожието и гревот и ги обраќаше кон Бога, ги вразумуваше закоравените во неверието, ги поткрепуваше маловерните, ги бодреше малодушните и оние што роптаат, ги омекнуваше жестоките, ги смируваше и утешуваше очајните, ги будеше заспаните во гревовниот сон, дремнатите во заборавот и неодговорноста.

Старецот никогаш не ги осудуваше оние што согрешиле и не ги одбегнуваше, туку напротив, секогаш ги примаше со сострадание. Говореше:

- Јас самиот сум грешен и ги сакам грешниците. На земјата нема човек кој не згрешил. Само Господ е без грев а сите ние сме грешни.

Преку целиот негов живот исповедта беше неговото основно послушание и сите се стремеа да се исповедаат кај него и да добијат душеспасителни совети и поуки.

Старецот Кукша го имаше од Бога дарот на духовното расудување и читање на помислите. Тој беше голем прозорливец. Пред него се откриваа дури и најсокриените чувства, кои самите луѓе одвај можеа да ги осознаат, а тој ги разбираше и објаснуваше, од кого и како произлегле. Мнозина одеа кај него за да му раскажат за своите неволји и да побараат совет, а тој, без да го исчека објаснувањето, веќе ги пречекуваше со потребниот одговор и духовен совет. Се случуваше уште пред да застанат пред неговата врата, тој веќе да го нарекува секого по име, иако ги гледа за прв пат во животот. Господ му откриваше.

Богоборната власт го заплашуваше и загрозуваше животот на Божјиот угодник. Тој постојано беше следен и гонет. Во 1951 година го преместија отец Кукша од Киев во Почаевската Лавра „Свето Успение Богородично“. Пресвета Богородица, Која што преподобниот преку целиот свој живот толку многу Ја сакаше, го прими Својот избраник тука, каде што Таа чудесно се јавила во древноста.

Во Почаев старецот го исполнуваше послушанието на проскинитарен пред чудотворната икона, кога монасите и богомолците ја целиваа. Освен тоа преподобниот Кукша требаше да ги исповеда луѓето. Ги исполуваше своите задолженија со татковска загриженост за сите дојденци. Тактично и со убов ги изобличуваше нивните пороци и прозорливо ги предупредуваше на духовни падови и претстојни несреќи.

Сите, кои што пристигаа во Почаевската Лавра, се трудеа задолжително да дојдат на исповед кај преподобниот Кукша. Во храмот стоеја стотици луѓе во редица кај него. Тој примаше мнозина и во својата ќелија, без да се жали и минувајќи речиси без одмор по цели денови, независно од одминатата возраст и старечките болештини.

Каква сенародна љубов ужуваше старецот се гледа од следното. Според светогорски обичај, тој преку целиот свој живот одеше само со чизми. Од многуте и долготрајни подвизи по нозете имаше длабоки варикозни вени. Еднаш, додека стоел пред чудотворната икона на Божјата Мајка, една вена на ногата му пукнала и чизмата му се наполнила со крв. Го одвеле во ќелијата и го положиле на постелата. Дошол познатиот по исцеленијата игумен Јосиф (во голема схима Амфилохиј), му ја прегледал ногата и рекол:

- Подготви се, оче, да си заминеш (односно да умреш), и си тргнал.

Сите монаси и мирјани топло се помолиле со солзи на Божјата Мајка да му дари здравје на скапоцениот, мил и сакан старец. По една седмица игуменот Јосиф повторно отишол кај преподобниот Кукша, му ја прегледал речиси зараснатата рана на ногата и со возхитување воскликнал:

- Твоите духовни чеда те измолиле!

Во текот на три години преподобниот Кукша секојдневно служеше рана Литургија во Пештерскиот храм, со исклучок на ретките денови кога беше болен. За време на Литургијата, стоејќи до престолот, тој сиот се преобразуваше, стануваше некако светол, воздушен. Како што преподобниот Силуан Атонски, кој Го познал Бога преку Светиот Дух, сакал сите луѓе да Го познаат Бога, така и старецот Кукша, кој некогаш се подвизувал истовремено со преподобниот на Света Гора, многу сакаше оние што ја бараат Божјата милост и благост да познаат колку е благ Господ и колку неописливо блаженство е да биде човек со Него.

Една духовна ќерка на старецот раскажува дека многу сакала да дознае како се чувствува тој за време на Божествената Литургија. Бог му го открил тоа на старецот.

- Еднаш, кога влегов во Пештерниот храм кога отец Кукша служеше во него Божествена Литургија -раскажуваше таа, - веднаш почувствував голема блискост на душата до Бога, како наоколу да немаше никого, а бевме само Бог и јас. Секој возглас на отец Кукша ми ја вознесуваше душата горе и ја преполнуваше со таква благодат, како да стоев на небото пред лицето на Самиот Бог. На душата ми беше како дете чисто, необично светло, лесно и радосно. Ниту една странична мисла не ме беспокоеше и не ме одвлекуваше од Бога. Се наоѓав во таква сотојба до крајот на Литургијата. По Литургијата сите чекаа отец Кукша да излезе од олтарот, за да земат благослов од него. Тој ме благослови, ми ги фати цврсто двете раце, ме поведе со себе, додека внимателно со насмевка се вгледуваше во моите очи, или поточно, преку очите во мојата душа, како да се обидува да види во каква состојба е таа, после таа чиста молитва. Сфатив дека батушката ми даде можност да го доживеам истото свето блаженство, во кое што пребиваше тој секогаш за време на Божествената Литургија.

А друга Божја слугинка раскажува дека еднаш видела во олтарот на Пештерниот храм, за време на извршувањето на Божествената Литургија до отец Кукша еден благолепен маж, кој што служел заедно со него. И кога таа му соопштила за тоа, тој рекол дека тоа бил преподобниот Јов Почаевски, кој постојано служел со него и строго и заповедал да не ја открива пред никого таа вистина се до неговата смрт.

- Понекогаш тој ме благословуваше - вели таа - откако ќе ги поставеше двете дланки крстообразно врз мојата глава, умствено ја кажуваше молитвата и јас се исполнував со необична радост и безгранична љубов кон Бога, со невоздржлива желба да се ослободам (од гнилежното тело) и да бидам со Христос. Сите земни маки ми изгледаа ништожни во споредба со таа сепроголтувачка љубов. Поминував по три дни во таква состојба.

Така преподобниот Кукша ја поткрепувал верата на почетниците.

Тука, во Почаевската Лавра, преку старец Кукша поранешни богоборци стигнуваа до верата, секташи наоѓаа покајание, многу словесни овци од Христовото стадо - духовни чеда на старецот се облекуваа во ангелскиот образ (монаштвото). За сите нив тој наоѓаше пат во Животот.

Браќата од Лаврата се однесуваа со љубов кон старецот, но мразителот на секое добро, лукавиот непријател на спасението, посеа завист во еден од нив. Врз преподобниот, кој преку целиот свој живот ја трпеше човечката завист и злоба, во полна мера се исполнија зборовите од Светото Писмо: пророк не бива без почит, освен во татковината и во својот дом (Мат. 13, 57). Старецот благодушно и трпеливо ги поднесуваше причинуваните неправди пред духовното раководство на луѓето. Во април 1957 година црковното свештеноначалство му наредува да биде во затвор „со цел усовршување на аскетскиот живот и носење на висок великосхимнички подвиг“ и кон крајот на април 1957 година во Страсната седмица од Великиот Пост го преместуваат во Крештатицкиот манастир „Свети Јован Богослов“ во Черновицката епархија.

Во малиот манастир „Свети Јован Богослов“ беше многу тивко и едноставно. Доаѓањето на старецот во таа обител беше благотворно за неа. Духовниот живот на браќата живна. Како што овците брзаат по пастирот, на каде што ќе тргне тој, така и духовните чеда се стремеа по добриот пастир, кон тивката обител на апостолот на љубовта, а по нив тргна и Божјиот народ. По цели дни богомолци како трудољубиви мравки се нижеа во колона по планинските патеки, едни кон планината а други во обратна насока. Градбите и објектите во обителта се зголемуваа основно преку средствата, давани на отец Кукша, кои што тој веднаш ги даваше на манастирот. Самиот тој, покрај старечката слабост, се чувствуваше добро таму. Често повторуваше: „Тука сум дома, тука сум на Света Гора! Еве таму долу цветаат градини, како да се маслинови дрвја на Света Гора! Тука е Света Гора!“. И навистина во таа света обител се чувствуваше голема Божја благодат. Таму луѓето добиваа утеха и исцеленија по молитвите на преподобниот Кукша, врз кого што почиваше благодатта на древните Отци.

Кон крајот на својот живот старецот повторно претрпе многу зла, таги и следење од богоборната власт. Непријателот на човечкиот род не ја поднесува благосостојбата и благоденствието на Светата Црква. Така, во почетокот на шеесетите години на дваесетиот век, ѓаволот крена нов бран од гонења против Црквата. Со залагање на новите богоборци управници беа затворани храмови, манастири, духовни училишта. Свети апостол Павле вели дека сите што сакааш да живеат благочеситво во Христа Исуса ќе бидат гонети (2 Тим. 3,12). Духовниот авторитет, сеопштото почитување и народната љубов, кои ги поседуваше старецот предизвикаа жестока омраза кај безбожната власт.

Кратко пред расформирањето на манастирот, за време на Божествената Литургија преподобниот Кукша се наоѓаше во олтарот на храмот „Покров Богородичен“. Одеднаш една свеќа падна од свеќникот врз жртвеникот. Покровците и воздухот, со кои што бед покриени путирот и дискосот пламнаа. Огнот веднаш беше згаснат а преподобниот Кукша рече:

- Непријателот ме брка од тука.

Тоа навистина набрзо се случи.

Во 1960 година го затворија Черновицкиот женски манастир. Ги преместија монахињите во машкиот манастир „Свети Јован Богослов“ во селото Крештаник, а монасите ги испратија во Почаевската Лавра. Го назначија игуменот архимандрит Михаил (во голема схима Митрофан) за парохиски свештеник недалеку од селото Крештаник, а отец Кукша беше испратен во Одескиот машки манастир „Свето Успение Богородично“.

На 19 јули 1960 година старецот пристига во Одескиот манастир, каде што ги поминува последните четири години од својот страдален подвижнички живот. Но, на оние кои Го љубат Бога, се им дејствува за добро (Рим. 8, 28). Преместувањето од манастир во манастир за старецот беше само бессилна смелост на демоните. Господ ја обрна злобата на демоните и напразните усилби на богоборците кон добро, за спасение на човечките души. Благодарение на преместувањето на старецот по различни манастири, овците од Христовото стадо на целиот југ беа духовно згрижени од благодатниот старец.

Жителите на манастирот „Свето Успение Богородично“ со љубов го дочекаа старецот. Му беше одредено послушание да ги исповеда луѓето и да помага при вадењето на частиците од просфорите за време на извршувањето на проскомидијата.

Сакајќи со сета своја душа да биде на прагот на Божјиот дом (Пс. 83,11), старецот го сакаше Божјиот храм и постојано се стремеше да присуствува на манастирските богослуженија. Стануваше рано наутро, го читаше своето молитвено правило, и се трудеше да се причестува секој ден. Сакаше да служи Литургија, и при тоа многу ја сакаше раната Литургија. Велеше дека раната Литургија е за подвижниците а доцната за постниците. Старецот не им разрешуваше на причастниците да пристапуваат со пари кај Светата Чаша, за да не станат како Јуда. И на свештениците им бранеше да стојат крај престолот со пари во џебот и да извршуваат Божествена Литургија. Секој ден, пред да отиде во храмот, старецот ја облекуваше под неговата надворешна облека својата светогорска власеница од бели коњски влакна, кои болно му го боцкале целото тело.

Келијата на старецот во манастирскиот корпус беше расположен во непосредно соседство со храмот „Свети Никола“. Населија кај него и послушник ќелијник, но старецот, и покрај немоќта на напреднатата возраст, не сакаше туѓа помош и велеше:

- Ние самите сме си послушници дури до смртта.

И покрај забраната на властите да го посетуваат светиот старец, луѓето и тука не се лишуваа од неговото духовно згрижување. Свјатјејшиот Московски и на цела Русија патријарх Алексиј први многу го сакаше отец Кукша. Уште додека беше во манастирот „Свети Јован Богослов“, се случуваше старецот кога ќе седна да пие чај да го земе во рака портретот на неговото светост Алексиј први, да го бакне и да каже:

- Ние со неговата Светост пиеме чај.

Зборовите му се исполнија штом тој заживеа во Одескиот манастир. Патријархот одеше таму секое лето и секогаш го канеше благодатниот старец на чашка чај, сакаше да беседи со него, го прашуваше како било во Ерусалим и на Света Гора во доброто старо време.

Духовниот живот на великосхимникот е интимен, сокриен од светот. Преподобниот ја сакаше ноќната молитва... Служејќи му на страдалното човештво, тој, вдлабочувајќи се во себеси, во скришната соба на срцето (види Мат. 6,6) како во пустина, живееше напрегнат внатрешен живот, стоејќи секогаш пред Бога, според реченото од пророкот: Моите очи секогаш се кон Господа (Пс. 24, 15).

Во последната година од животот на старецот, Свјатјејшиот патријарх Алексиј први го благослови да отиде во Свето Троицката Лавра на празникот Наоѓање на светите мошти на преподобниот Сергиј Радонежски. По празничната Литургија, кога старецот излезе од храмот „Света Троица““ го заобиколија од сите страни, барајќи благослов. Тој долго ги благословуваше луѓето во сите насоки и смирено молеше да го пуштат. Но, народот не го пушташе. Одвај, по доста време, најпосле со помош на други монаси со големи напори се довлечка до својата ќелија.

Денот на животот на старецот Кукша веќе завршуваше кон ноќта. Еднаш тој со радосно лице ѝ рече на еден своја духовна ќерка:

- Божјата Мајка сака да ме земе кај Себе.

Игуменијата на Света Гора и на сите што монахуваат - Пресвета Богородица, Која го беше повикала преподобниот кон монаштвото, сега го повикуваше кај Себе од земните трудови и неволји.

Во октомври 1964 година старецот падна и си ја скрши бедрената коска. Додека лежеше извесно време во таква состојба на студената и влажна земја, тој настина и се разболе од пневмонија. Никогаш не примаше лекарства и Светата Црква ја нарекуваше лечебница. Дури и додека страдаше од предсмртното заболување, исто така се откажа од секаква медицинска помош, гледајќи во Господа Бога, Единствениот свој помошник и покровител, и причестувајќи се секој ден со Светите Тајни Христови.

Блажениот подвижник го предвиде својот крај. Духовната ќерка на старецот схимонахиња А. се сеќава:

- Батушката понекогаш велеше: „Деведесет години -и Кукша го нема. И ќе го погребаат брзо, брзо, ќе земат лопати и ќе го закопаат“.

И навистина, зборовите му се исполнија сосем точно. Тој почина во два часот по полноќ, а во два часот попладне, во истиот ден, над неговата гробна могила веќе се издигаше крст. Почина на околу деведесет години.

Властите, од страв од собирање на многу народ, сакаа да го променат погребението на старецот во манастирот и настојуваа тој да биде погребан во неговиот роден крај. Но, игуменот на манастирот, вразумен од Бога, одговори мудро:

- За монахот роден крај е манастирот.

Властите дадоа два часа рок за погребението. Сиот црковен народ беше толку вознемирен од тие околности, така што неговата Светост, патријархот Алексиј први со вознемиреност рече:

- Зошто постапивте така со посмртните останки на старецот Кукша?

Така, откако го изоде земниот пат, откако ги истрпе сите искушенија и откако воздивна од дното на душата: „Врати се, душо моја, во твојот спокој, зашто Господ ти стори добро“ (Пс. 114 6), на 11/ 24 декември 1964 година преподобниот Кукша се престави во Господа, во населбите каде што почиваат сите праведници, испраќајќи таму молитви за сите кои прибегнуваат кон неговото молитвено застапништво.

Старецот Кукша им припаѓа на оние родни праведници, кои во последните векови слично на свети Серафим Саровски, Оптинските и Глинските старци, со своето служење на Бога му светеа на светот со светлината на љубовта, трпението и состраданието.

Преподобниот беше многу кроток и смирен. Но не се умилкуваше на никого, не беше човекоугодник. Не се плашешеш да го изобличи грешникот, без да се сообрази со својата должност и чин, и го правеше тоа деликатно, со љубов кон Божјиот образ, со цел да ја разбуди неговата совест и да го поттикне кон покајание.

Се случуваше старецот да минува низ храмот, за да отиде на местото на извршување на исповедта а народот е многу, сите места за минување се полни и никогаш нема да замоли да го пуштат туку застанува зад сите и чека, кога ќе се укаже можност да помине, без да се турка и да ги вознемирува луѓето.

Преподобниот имаше искрено смиреномудрие. Ја одбегнуваше човечката слава и дури се плашеше од неа, сеќавајќи се на реченото од псалмопевецот: Не нам, Господи, не нам, а на Твоешо име дај му слава, заради Твојата милост, заради Твојата вистина (Пс, (13, 9). Затоа ги извршуваше добрите дела незабележливо, воопшто не ја сакаше славата, секогаш се трудеше да ги сочува или избави од неа своите духовни чеда.

Преподобниот ги советуваше своите духовни чеда да ги осветуваат со светена вода сите нови работи и продукти, а пред спиење да ја поросуваат ќелијата (собата) со светена вода.

Ги победуваше сите животни искушенија преку сеќавањето на искупувањето на човечкиот род од Спасителот и на Неговото животворно Воскресение. На својата духовна ќерка, монахиња М. и беше рекол:

- Кога ќе те поведат нанекаде, не тагувај а со духот секогаш стој до Гробот Господов - како што прави Кукша. Јас бев и во затвор, и на заточение, а со духот секогаш стоев до Гробот Господов!

Отец Кукша живееше и делуваше во духот и силата на Оптинските старци, и беше заедно со нив благословен од Бога со дарби на прозорливост, лекување, исцеление на душевни и телесни недостатоци и на највисокиот призив во делото на домоградителството на спасението на светот - стареческото згрижување на човечките души. За него може со право да се каже дека ја беше достигнал мерата на светите Отци.

Неговите поуки беа кратки, но содржеа сѐ што е неопходно за спасението на секој прашувач. А тоа е невозможно без познавање на Божјата волја. Затоа старецот не зборуваше од човечка мудрост туку со содејството на благодатта на Светиот Дух, Кој го просветуваше.

Преподобниот несомнено го имаше и дарот на прозорливоста. Еднаш еден генерал, отккао се беше преоблекол во цивилна облека, пристигна во Почаевската Лавра и љубопитно гледаше како преподобниот исповеда. Старецот го повика кај себе и беседеше со него извесно време. Генералот си тргна од кај старецот доста блед, крајно вознемирен и потресен, и прашување:

- Каков човек ли е тој? Од каде го знае сето тоа? Го изобличи целиот мој живот!

Кога бев во манастирот „Свети Јован Богослов“, преподобниот ја испрати својата духовна ќерка В. да ја разгледа околината и да најде терен каде што може да се изгради голема зграда за многу монаси. Таа тргнала и по молитвите на старецот нашла убаво место на ридот, точно над манастирот. Кога се вратила Старецот и рекол дека таму ќе има голема манастирска зграда и дека тој ќе треба да го подготви теренот. Претскажувањето започна да му се исполнува по триесет години. По отворањето и завршувањето на манастирот, ново поколение монаси, кое не го познаваше старецот и неговото претскажување, започна да гради храм и монашка зграда на истото место, за кое што станува збор.

Во градот П. живееле духовните чеда на старецот И. и младата ќерка М. По една година и шест месеци М. одлучила да се омажи и го запрашала преку своја пријателка старецот за свадбената облека. Старецот одговорил:

- М. никогаш нема да се омажи!

Посетителката рекла дека младите веќе подготвиле се за свадбата, останало уште да се сошие венчалниот фустан и по Велигден ќе се венчале. Но, старецот повторно уверено повторил:

- М. никогаш нема да се омажи!

Една седмица пред свадбата кај М. ненадејно се појавиле епилептични напади (тоа порано никогаш не и се случило) и исплашениот свршеник веднаш ја оставил. По неколку години М. го прими монаштвото со името Галина а мајка и со името Василиса.

Кај старецот често доаѓаше неговата духовна ќерка Е. Таа беше научен работник -хемичар а нејзиниот сопруг рударски инженер, голем специјалист по подземни рударски слоеви. Нејзиниот сопруг не беше крстен и таа многу тагуваше поради тоа и дури сакаше да се разведе од него, но старецот и нареди да трпи и да се моли, и ја уверуваше дека ќе стане христијанин. По смртта на старецот таа отишла на поклонение во Псково Печерскиот манастир и се договорила маж и да ја придружува. Во Печерскиот манастир има Богосоздадени пештери, во кои ги погребуваат починатите монаси. Е. му предложила на сопругот да ги погледне ковчезите, кои овде по обичај не се закопувааат туку се поставуваат еден врз друг во пештерите. Штом ги видел сводона пештерите, нејзиниот сопруг, како рударски инженер, бил поразен од тоа што ронливиот песок со векови не се рони, се држи како карпа и нема рушење. Тоа видливо чудо му оставило исклучителен впечаток. Тој сфатил дека песокот се држи само од Божјата сила и посакал неодложно да се крсти, а потоа се венчаше со жена си и како дете беше предаден на Бога и на духовните отци.

Една жена пристигна кај старецот со својата тага. Млада ја омажиле во семејство на старообредници, свештеници старообредци и ги крстиле децата и таа сметаше дека тоа крштение е неважечко. Сакаше да дознае од старецот како сега да ги прекрсти своите полнолетни деца. Со солзи пристапи кон вратата на преподобниот (во Почаев) а тој и излезе во пресрет, ја благослови и без да и дозволи ни збор да изговори, рече:

- Не плачи! Твоите деца се крстени! Крстени се!

Божјата слугинка В., жителка на Одеса, раскажува дека еднаш внуката на нејзината сестра, 15 годишно девојче, дошла кај неа на гости на извесно време. По два дена В. ненадејно добила телеграма од сестра си (бабата на девојчето), тоа веднаш да се врати дома. Возбудена и растревожена В. со телеграмата побрзала кај преподобниот, за да ја дознае причината за повикот на девојчето. На нејзиното прашање старецот смирено рекол:

- Не сум прозорлив.

Но В. упорно го молела за одговор. Тогаш старецот започнал да и раскажува дека родителите на девојчето (внукот на В. и неговата сопруга) отишле да ловат риби и, како што се изразил старецот, паднале кај рибите, односно се удавиле и додал дека сопругата ќе ја најдат во водата по пет дена а сопругот по девет, при што ги нарекол по име, без некогаш да ги знаел. И навистина сѐ така се случило.

Еднаш старецот стоел опкружен од народот. Кон него се приближил еден млад човек, кој имал сопруга и две деца. Старецот одеднаш извикал:

- Јеромонах!

Оној што се протурка низ луѓето рекол дека е оженет и има две деца, но старецот повторно го нарекол јеромонах и побарал благослов од него. Подоцна, кога сопругата му починала и децата го уредиле својот живот, тој човек станал јеромонах.

Една благочестива девојка го замолила старецот да ја благослови за монаштвото, но тој ја благословил да се омажи. И наредил да се занимава со домаќинството, откако и рекол дека таму ја чека еден студент и Господ ја благослови со многудетност. Таа имаше седум деца.

Еднаш старецот му рекол на игуменот архимандрит Михаил:

- Да си ги земеме торбичките и да отидеме во Почаев да умреме.

По расформирањето на манастирот отец Михаил беше назначен за парохиски свештеник. Наскоро тој се наканил да отиде во Почаевската Лавра, си Ја зел торбичката и пристигнал во Почаев. Преку ноќта му се слошило, го пострижале во голема схима, го нарекле Митрофан и тој починал. (отец Михаил беше игумен на Крештатицкиот манастир „Свети Јован Богослов“).

Духовната ќерка на старецот Т. еднаш отишла кај него и го затекнала вознемирен и тажен. Т. запрашала за причината за неговата вознемиреност. Старецот со жалење одговорил:

- Брат ми починал, починал брат ми... - И се подготвил да појде во храмот. По Литургијата, кога ја сретнал Т., старецот и рекол:

- Туку што во олтарот ми дадоа телеграма дека брат ми Јован починал.

А самиот уште пред да ја добие телеграмата знаел за тоа. Со своите духовни очи ја прозрел смртта на својот роден брат и тагувал за него.

Схимонахињата А. се сеќава:

- Во 1961 година сакав да стапам во женски манастир, но во тоа време беше многу тешко, властите не дозволуваа. Се вработив во трпезаријата на Одеската духовна богословија. Живеев во конаците. Многу сакав да бидам духовно чедо на отец Кукша. Дознав каде живее. Отидов до вратата на ќелијата и започнав да тропам. Вратата долго време не се отвораше и веќе си мислев дека старецот нема да ме прими. Но потоа, кога ја отворив вратата, го видов старецот кај седи пред иконите. Старецот, кој пред тоа не ме познаваше, рече:

- Дојди, мое духовно чедо. Дојди.

Ме прими за свое духовно чедо, ми даде совети, поуки, и ме благослови да се причестувам на празниците. Еднаш на празникот на свети апостол Јован Богослов, откако присуствував на раната Литургија, не се причестив со Светите Тајни, бидејќи не се бев подготвила. По службата го видов батушката за да земам благослов, но не ме благослови а сурово ми рече:

- Зошто не се причести денес? Што, зарем за ракичка да те водам?

Со тоа ме изобличи за непослушание и ми ја покажа својата прозорливост, зашто не беше видел кој бил присутен кај Светата Чаша.

Побарав прошка и старецот благослови да го прочитам правилото пред Света Причест и се причестив на доцната Литургија.

Наминав по некоја работа кај него - продолжи мајка А., - а тој ми вели дека спроти храмот „Свети Никола“ седи еден дебел човек, со шапка, кој што е многу гладен и да му дадам храна.

Излегов со храната и навистина спроти црквата „Свети Никола“ седеше еден дебел маж со шапка. Отидов кај него и му реков дека старец Кукша му предлага храна. Тој се восхити, заплака и рече дека навистина три дена немал јадено ништо и останал без сили, дека не може да стане од клупата. Всушност на станицата му ги украле работите и парите. Му беше срам да побара од некого и беше паднал во големо униние. Долго се вохитуваше на прозорливоста на старецот.

Се сеќавам кога старецот ми рече:

- Ти благодарам што ме разврза.

Долго време не можев да ги разберам тие зборови. И одвај многу подоцна ја сфатив нивната смисла. Кога го ставија старецот во ковчегот, јас му ја заврзав главата со завој, за устата да му биде затворена, но го погребаа толку брзо, така што одвај при излегувањето од храмот се сетив дека треба да ја симнам преврската. Му се обратив на игуменот на манастирот, тој благослови и го одврзав. Ете, така се исполнија зборовите на преподобниот.

Старецот велеше:

- Нема да пуштаат, но ти преку оградата, и оп, - кај Кукша.

И навистина, по погребението гробиштата беа затворени, портите беа заклучени со катанец. Се сетив на претскажувањето и благословот на старецот и одев кај него на гробот, при што ја прескокнував оградата.

Монахињата М. раскажува дека еднаш, кога била на братските гробишта на машкиот манастир во Одеса, старецот Кукша отишол таму и кога се доближил до едно место ѝ рекол:

- Ете, тука ќе ми ископаат гроб, но нема да лежам тука, на тоа место е закопан ковчег. За мене ќе направат подземна ниша во земјата (тој посочи во северен правец од местото каде што беше ископан гробот) и таму ќе ми го постават ковчегот.

Така и се случи. Кога старецот почина, ископаа гроб на претскажаното место, но на неговото дно се најде нечиј ковчег, погребан порано. За да не копаат друг гроб, одлучија да направат подземна ниша во северен правец и таму го поставија гробот на старецот.

Преподобниот Кукша го имаше дарот на молитвата, иако поради смирението го криеше тоа од блиските.

Во манастирот имаше еден послушник. Тој го извршуваше послушанието да го мете и чисти дворот на манастирот. Кога тоа занимање му досадило, тој го замолил отец Кукша:

- Батушка, помолете се да заврне дожд и да ја измие земјата.

- Добро, ќе се помолам.

По два часа на безоблачното небо се појавиле дождовни облаци, заврнал пороен дожд го измил сето ѓубре од земјата и послушникот тој ден се одморил...

Преподобниот постојано пребиваше во молитвено општење со светиите. Еднаш го прашуваат:

-Зарем не ви е досадно сам, батушка?

Тој бодро одговора:

- Но, јас не сум сам. Ние сме четворица: Козма, Константин, Ксенофонт и Кукша (сите тие му биле небесни покровители).

Старецот имаше непрестајна молитва.

Божјиот дар на лекување и исцеление на душевните и телесните недостатоци дејствуваше во преподобниот, како додека беше жив така и по неговата смрт. Тој исцелуваше мнозина со својата молитва.

Божјата слугинка А. се разболела од рак. На челото и се појавил малиген син тумор, кој се повеќе се зголемувал. И предложиле операција и таа веќе во очајание отишла кај старецот. Отец Кукша ѝ наредил да не се оперира, ја исповедал, ја причестил, и дал метално крстче и ѝ наредил да го притиска постојано врз туморот. Таа го правела тоа. Откако отседнала кај старецот четири дена, во кои секој ден се причестувала, таа и мајка и си заминале дома. По пат го притискала крстчето на челото и брзо забележала дека половината од туморот исчезнал и на тоа место се појавила бела глатка кожа. Дома, по две седмици од ракот не останала ни трага.

Преподобниот исцелил една своја духовна ќерка во нејзино отсуство од психичко заболување, кое ја измачувало цел месец, откако го прочитал нејзиното писмо, со молба да се помоли за неа. Откако старецот го добил писмото, таа потполно оздравела.

Невозможно е да се опишат и набројат сите случаи на исцеленија на болни и хендикепирани од старецот, бидејќи тој вршел такви секојдневно, во текот на десетолетија.

- Во есента на 1993 година, - се сеќава една негова духовна ќерка, - отидов на гробот на отец Кукша и таму видов многу луѓе, кои беа пристигнале од Молдова. Тие раскажаа дека една жена била болна од тешко заболување на стомакот. Откако зела земја од гробот на старецот, таа ја допрела до стомакот и заспала. Кога се рабудила се почувствувала исцелена.

На ист начин се исцелила и една жителка на Одеса, седумдесет и две годишната М.

Има многубројни сведоштва за тоа како со премачкување со земја од гробот на преподобниот на болни места по телото со осипи, рани, тумори, или при намачкување со елеј од кандилото на неговиот гроб, раните оздравувале и се очистувале.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЛУКА,

новиот Столпник

Преподобниот Лука Столпник живеел во времето на Византискиот цар Роман и Константин Порфирородни, зетот на царот Роман и син на царот лав Мудриот а за патријархувањето на Теофилакт, син на царот Роман. Во тоа време Бугарите го нападнаа Византиското царство и со царска наредба Лука бил земен во војската и учествувал во војната. Во таа војна беше очевидец на загинувањето на илјадници луѓе, но по промисла Божја излезе од војната жив и неповреден. Тој го виде во своето спасение прстот Божји, па ја презре сета суета на овој свет и стана монах, Покажа голем успех во подвижништвото и беше ракоположен за презвитер. Ревносен во доблестите, тој носел тешки синџири и шест дена во седмицата не јадел ништо, само во седмиот земал по една просфора и малку зелје. Потоа се качи на еден столб и помина на него три години. Потоа, упатен со глас Божји од небото, тој отиде на гората Олимп. Таму си стави камен во устата, за да не го наруши подвигот на молчанието. Од таму отиде во Цариград и најпосле во градот Халкидон, каде што повторно се качи на еден столб, на кој што правеше безбројни чудеса цели четириесет и пет години, па отиде кај Господа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МИРАКС

Светиот маченик Миракс беше родум од Египет. Потекнува од христијански родители во градот Тенестија. Бил крстен, одгледан и воспитан во беспрекорната и чиста вера Христова. Но, во својата младешка лекомисленост, тој подлегна на влијанието на непријателот на секое добро, ѓаволот, отиде кај тамошниот Емир и се одрече од Христа. И не само тоа, туку откако го извади од себе појасот и го згази крстот, зеде во рацете меч и со силен глас викна:

- Агарјанин сум! Од денес повеќе не сум христијанин!

Со таквото свое одрекување од Христа, Миракс стекна углед и почит кај Емирот и неговата околина. Тој долго време воопшто не помислуваше на своето спасение. Но, неговите родители дознаа за неговиот пад и не престануваа сесрдно да Го молат Бога да го покае нивниот син и да го врати во Христовата вера. Нивната молитва роди плод. Господ ги услиша нивните молитви и го натера срцето на Миракс да се покае. Тој отиде кај своите родители и рече:

- Премили родители мои, со помрачен ум јас сторив страшно дело. Но, еве ме сега кај вас, со молба повторно да станам христијанин и да бидам со вас.

На тоа родителите му одговорија:

- Чедо, откако го стори тој грев, ние пролеавме многу солзи и не престанавме да се молиме на Бога, Бог да те просветли и да те врати кон нашиот Спасител Христос. Затоа сега да и благодариме на Неговата добрина. Но, како што и самиот знаеш, се плашиме од Емирот да останеш со нас, за да не го истури својот гнев врз нас. Затоа, ако сакаш да ја смириш својата совест и да најдеш милост пред Бога, а и нас да не спасиш од одговорност и да Му станеш мил и близок на Христа, та да можеш да посредуваш пред него за сите свои ближни, појди кај Емирот и како што некогаш бестрашно си се одрекол од Христа, така сега бестрашно исповедај ја својата вера во Него. Стори го тоа како ние ништо да не знаеме. И сигурно Бог ќе го уреди патот според Својата блага волја и ќе ги услиша нашите молитви.

Миракс со вера во благословот и молитвите на своите родители, се упати кај Емирот и неговите великодостојници. Излезе пред него, го опаша појасот, се осени со чесниот дрвен крст, го целиваше и започна силно да вика:

- Господи, Христе мој, помилуј и спаси ме!

Ваквата смелост ги запрепасти сите. Емирот го фати и му рече:

- Што се случува со тебе? Какво зло ти се случило?

Миракс одговори:

- Одвај си дојдов на себе од она ѓаволско помрачување што ме снајде и се вратив кај мојот Бог Христос, и повторно станав христијанин, каков што бев порано. И еве, дојдов пред вас и пред сите да Го исповедам Господа Христа и да изјавам дека ја проколнувам вашата вера.

Емирот нареди веднаш да го одведат во темница и да го држат таму три дена без храна и вода. Потоа го извади да му суди. Миракс повторно Го исповедаше Христа, па го претепаа и повторно заклучија во темница. По три дена пак му судеа, при што повторно бестрашно Го исповедаше Христа Господа, па го тепаа со воловски жили и целото тело му го покрија со рани. Пак го фрлија во темница и по три дена повторно го извадија Емирот да му суди. Кога го виде и понатаму цврст и непоколеблив во исповедањето на Христа, нареди немилосрдно да го тепаат. Најпосле донесе одлука да му се отсече главата.

Слугите го качија на кораб, го одведоа на морската шир и му дозволија да се помоли на Бога. Потоа му ја отсекоа главата и го фрлија во морето. Што се случило понатаму со неговото тело, дали испливало од морето, не се знае. Но, неговата чесна глава исплива и некои благочестиви христијани ја препознаа и ја чуваа како скапоцен бисер. Кога дојде тоа до ушите на Емирот, почитувачите на светиот маченик му дадоа сто златника како откуп и добија дозвола непречено да ја чуваат. Тие изработија сребрен ковчег и со долична чест ја положија во него светата глава. Од тогаш па до денес, светата глава на светиот страдалник Миракс точи од себе благомирисно миро и прави многу и најразлични исцеленија, во слава на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, утврдувајќи ја верата кај оние што се сомневаат во небесната слава на светиот маченик.

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ НИКОН СУВИОТ, ПЕЧЕРСКИ

Сеќавајте се на затворениците како да сте врзани за нив (Евр. 13, 3), заповеда затвореникот за Господа свети апостол Павле. Покорувајќи се на оваа заповед, да се сетиме на чудесата на блажениот затвореник Никон, преку кого очигледно се пројавила силата на Господа, кој ги ослободува затворениците од оковите. Овој блажен беше од градот Киев, син на многу угледни родители. Кога дојде во Печерскиот манастир, тој доброволно го зароби во послушност на Христа својот разум и себеси целосно, и стана искусен монах. Потоа, за време на наездите на злочестивите Татари, заедно со свети Евстратиј Печерски беше заробен, одведен од манастирот во нивната земја и таму држан во окови. Еден христољубив жител на градот Киев дојде таму да ги откупи заробениците, но блажениот Никон се сокри од него. Христољубецот помисли дека се крие зашто има во Киев богати роднини и сака тие да го откупат. Затоа откупи многу заробеници, се врати во Киев и раскажа за него. Кога дознаа роднините, отидоа кај татарите со големо богатство да го откупат, но тој им рече:

- Немојте залудно да го трошите своето богатство. Ако Господ сакаше да бидам слободен, немаше да ме предаде во рацете на овие беззаконици. Бог ги предава во ропство оние што сака а ние го примаме доброто од Него, па зарем нема и злото?

Сродниците го искараа и не го откупија, па се вратија назад со своето богатство.

Кога татарите не успеаја да земат злато за него, започнаа немилосрдно да го мачат слугата Божји. Го мачеа полни три години секој ден. Го злоставуваа, го врзуваа, му ги оковаа рацете и нозете, го гореа, го сечеа со ножеви, го измачуваа со глад и жед, не му даваа да јаде по неколку дена. Лете по три дена го држеа врзан на жешкото сонце а зиме го фрлаа во снегот. Сето тоа му го правеа безбожните татари, за да биде откупен. Но, блажениот Никон Му благодареше на Бога за сѐ и непрестајно се молеше. По извесно време им објави на своите мачители дека Христос бадијала ќе го ослободи од нивните раце, за што веќе беше известен. Тој им зборуваше:

- Мене ми се јави мојот брат Евстратиј, кого вие го предадовте на евреите да го распнат. Затоа тие ќе бидат осудени заедно со своите претци кои викале: „Крвта негова на нас и нашите деца“. А вие, бедници, ќе бидете мачени заедно со Јуда, кој го предаде Господа на крстни страдања. Маченикот, кој ми се јави, ми рече дека по три дена ќе бидам во манастирот, заради молитвите на светите отци Антониј и Теодосиј и останатите угодници Печерски со нив.

Татаринот, кој го беше одвел преподобниот во ропство, помисли дека има намера да побегне, па му ги потсече жилите под колената, за да не може да оди и постави силна стража околу него. Но, на третиот ден напладне, додека целата стража со оружјето во раце го опкружуваше преподобниот, тој стана невидлив. Стражарите само слушнаа глас, кој говореше:

- Фалете Го Господа од небото!

Така светителот на чудесен начин невидливо беше пренесен во Печерската црква на Пресвета Богородица и тоа кога за време на Божествената Литургија започнаа да се пеат Причасните. И веднаш сите браќа се собраа околу него и го прашуваа како се нашол тука. На почетокот тој сакаше да го сокрие ова преголемо чудо, но сите што го опкружуваа и гледаа окован во тешки синџири и целото тело во гнојни рани, а особено кога видоа како од потсечените жили му тече крв, на сите можни начини се обидуваа да го натераат да им ја каже вистината. Тогаш тој им раскажа се што се случи, но не дозволи да му ги симнат оковите од нозете и рацете. На тоа игуменот му рече:

- Брате, ако Господ сакал да останеш во овие окови, не би те спасил од ропството. Затоа покори се на нашата молба.

Потоа му ги симнаа оковите и од нив браќата направија работи потребни за олтарот.

По некое време, бидејќи со Татарите беше склучен мир, во Киев дојде оној татарин што го држеше Никон во ропство. Тој го посети Печерскиот манастир и кога го виде својот поранешен роб го препозна и подробно сѐ му раскажа на игуменот и браќата за него. И повеќе не се врати назад во својата земја, туку полн со умиление прими свето крштение и заедно со други татари, кои беа дошле во Киев, стана монах и со нив го заврши својот живот во покајание во Печерскиот манастир, служејќи му како послушник и ученик на својот поранешен роб, блажениот Никон.

Се случија и многу други прекрасни чудеса со овој блажен и свет отец, од кои ќе споменеме неколку. Еднаш, додека блажениот беше во ропство, се разболеа заробениците од гладот и бедата и беа на умирање. Тогаш блажениот, и самиот роб со нив, им заповедаше да не вкусуваат од храната на незнабошците и со своите молитви им подари оздравување и направи на невидлив начин да се ослободат од оковите.

Додека беше во ропство, се разболе татаринот кај кога што беше роб. Кога беше на умирање, тој им заповедаше на жената и децата робот Никон да го распнат високо на неговиот гроб. Но, блажениот провиде дека овој татарин ќе се покае на крајот од животот, па се помоли за него и го исцели, и така се спаси себеси од телесната смрт а татаринот не само од телесната туку и од душевната.

Блажениот Никон се нарекува Суви поради големата испостеност на своето тело. Тоа се случи кај него од неговото преголемо постење и од крвта што ја изгуби за време на ропството, та можел заедно со пророкот Давид да рече за своето здравје пореметено во ропството: „Се исуши како цреп силата моја“ (Пс. 21, 16), и „Коските мои како во топилница изгореа“ (Пс. 101, 4). А ние, восхитувајќи се на чудесната сила негова, не телесна туку онаа својствена на Бестелесните Сили Небесни, што да речеме? Само истото што и светиот Апостол: „Оваа ризница ја носиме во глинени садови“ (2Кор. 4, 7). Овој затвореник, чудесно ослободен од оковите, при својата телесна исушеност, навистина гореше со огнот на љубовта Божја, блескајќи со добрите и богоугодни дела. Затоа и беше ослободен од оковите на телото, и за минливата исушеност во овој живот тој по смртта доби од Бога несвенлива негнилежност на своето тело, во кое тој и до денес пребива во пештерата. А пак со својот дух влезе во наследството непропадливо, чисто, кое нема да изгние или овене, сочувано на небесата (1 Петар 1, 4), крај изворот на вечниот живот, и доби несвенлив венец на славата. Со тој венец, нека по молитвите на преподобниот угодник Божји Никон се удостоиме и ние да бидеме овенчани од Царот на славата Христа Бога, Кому слава со беспочетниот Отец Негов и со Пресветиот и Благ и Животворен Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЛЕОНТИЈ АХАЈСКИ

Преподобниот Леонтиј живееше за време на последните Палеолози и во времето по нив. Беше родум од Монемвасија Пелопонеска од богати и побожни родители Андреј и Теодора. На крштението го доби името Лав и бидејќи ги изучи школите татко му го испрати во Цариград да се усовршува во философијата. Заради неговите способности и доблести, царот многу го почитуваше и сакаше. Кога умре татко му, Лав се врати во својот крај и во се и се потчини на својата мајка, иако беше голем философ и многу ценет. Мајка му сакаше да се повлече во манастир и таму богоугодно да го помине остатокот од животот, па го наговори сина си да се ожени и да го наследи целото нивно богатство. Тој се согласи, иако не го сакаше светот.

И во светот Лав живееше богоугодно доблесен живот, зашто имаше ангелско мудрување. Но, неговото срце гореше со Божествен копнеж, сиот да Му се предаде на Бога и да Му служи. Доби три деца и ја убеди сопругата да остане со децата во домот со имотот, и појде да ја исполни желбата на својата душа, или подобро речено на Евангелието Христово кое гласи: „Секој што ќе остави куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или земја заради Моето име, ќе прими сто пати онолку и ќе добие живот вечен“ (Мт. 19, 29). Најде еден свет маж, на име Менид, искусен во монашкото живеење, му се потчини и беше вброен во неговите послушници. Кога го прими ангелскиот образ го доби името Леонтији со таква ревност ги отпочна своите аскетски подвизи и толку многу се трудеше, така што за кратко време ги надмина во доблестите сите браќа и соподвижници и сите му се восхитуваа.

Меѓутоа копнежот да ги види и подржува делата и на другите свети мажи го одведе во Света Гора. Таму најде доблесни монаси, се подвизуваше со нив и многу пот пролеа заради доблестите, трудот и подвизите. Бидејќи таму започнаа многу да го ценат, блажениот ја напушти Света Гора, дојде и се насели во пусто место на Пелопонез. Таму сосем сам Му се молеше на Бога. По неговите молитви а по милоста Своја, Бог му одреди место за подвизување во северниот дел на Пелопонез, на планината Клока, над Егија. Таму поднесуваше студ и горештини, и со многу други трудови ги победи сите противнички демонски сили и стигна до совршено бестрастие. Тома и Димитриј Палеолог, кои управуваа со Пелопонез, многу го почитуваа преподобниот, и од љубов кон него, на местото на неговото подвизување изградија храм на Архангел Михаил и многу други објекти, та стана и остана манастир до денес.

Преподобниот Леонтиј со своите мудри и божествени зборови и содејството на божествената благодат стана пример за спасението на многумина. Го предвиде својот крај, зашто виде пресветли Ангели како го повикуваат на небото. Така во мир го предаде својот дух во рацете Божји, околу 1450 година. Неговото свето тело беше положено во истата пештера каде што се подвизуваше и тоа точи исцеленија за оние што со вера му пристапуваат. Да се избавиме и ние од вечното мачење со милоста Божја, по молитвите на преподобниот и богоносен отец наш Леонтиј, и да се удостоиме на Небесното Царство. Амин.

СПОМЕН Н А СВЕТИОТ МАЧЕНИК ВАРСАВА

Светиот маченик Варсава беше од Персија. Тој бестрашно ја исповедаше својата вера во Христа, вистинскиот Бог. 3атоа  поглаварот на Персија му ја отсече главата. Така храбриот страдалник го прими венецот на мачеништвото.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ:

АИТАЛ и АКЕПСИЈ

Овие свети маченици беа од Персија, од градот Арбил. Аитал беше прво незнабожечки жрец во градот Арбил. Кога слушна за Христовата вера, реши да се обрати кај христијанскиот епископ, со надеж да добие исцеление од болеста што го беше снашла. Епископот веднаш го исцели со своите молитви од болеста крварење. Тогаш тој се запозна со вистините на христијанската вера и живот. Кога стана христијанин беше посветен за презвитер и се врати во својот град, каде на своите сограѓани започна да им ја проповеда Христовата вера. Поради тоа беше обвинет кај управникот на областа, и пред него Го исповедаше Христа Бога. Затоа управникот нареди, та му ги отсекоа ушите, па го фрлија во темнина.

Свети Акепсиј беше ѓакон. Фатен, тој ја исповедаше својата вера во Христа. Затоа немилосрдно го тепаа, па заедно со Дитал го опатија кај царскиот архимаг. Тој ги изведе пред царот. И пред нето тие ја објавија својата вера во Христа и поради тоа и на двајцата им ги отсекоа главите. Така овие блажени исповедници ги примија Венците на мачеништвото.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ:

ТЕРЕНЦИЈ, ВИКЕНТИЈ, ЕМИЛИЈАН и ВЕВЕЈ

Овие свети маченици пострадаа за Христа Господа посечени со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПОДВИЖНИЦИ:

ПЕТАР и АКЕПСИМ

Се подвизувале и се упокоиле во Персија.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ НАШИ:

ВИХИЈАН и НОМОН

Биле монаси подвижници. На Кипар се почитуваат како светители. Нивните свети фрески од 14 век се наоѓааат во храмот посветен на нив во селото Анагиа, кај Никозија на Кипар а и во други цркви. Инаку другите Синаксари не ги споменуваат.

НЕДЕЛА НА СВЕТИТЕ ПРАОТЦИ

пред Раѓањето Христово

Во деновите на предпразненството на Раѓањето Христово, во неделата која се паѓа меѓу 11 и 17 декември, се празнува споменот на сите старозаветни Праотци, светите Патријарси, Пророците и Праведниците, кои живееле пред Законот даден на Синај, како и оние што живееле за време на Законот, односно сите свети Праотци од родоначалникот праотец Адам до светиот праведен Јосиф, свршеникот на Пресветата Богомајка на Христа спасителот. Заедно со нив оваа недела се спомнуваат и сите Старозаветни Пророци кои го пророкувале доаѓањето на Христа Спасителот Мојсеј и Самуил, па се до Захариј и Јован Крстител. Исто така оваа недела се спомнуваат и сите старозаветни Праведници, кои се оправдале во верата во доаѓањето на Месијата Христос Спасителот и тој ден се прославува нивната голема вера и богоугодни доблести. Особено пак се спомнуваат и се слават благочестивите Три Момчиња: Ананиј, Азариј и Мисаил и со нив пророкот Даниил, кои во огнената печка Вавилонска, среде разгорениот пламен таинствено ја изобразувале тајната на Света Троица и тајната на овоплотувањето Христово од Света Дева, која огнот на Божеството не ја изгоре.

Поимено пак во оваа недела на Праотците Христови се спомнуваат и следните свети Праотци: светите и праведни првосоздадени прародители Адам и Ева, праведните Авел - синот Адамов, праведниот Сит - син Адамов, праведниот Енос - син Ситов, Каинан - син Еносов, Малеил - син Каинанов, Јаредсин Малеилов, Енох - син Јаредов, Матусал - син Енохов, Ламех - син Матусалов, праведниот Ное - син Ламехов, Сим и Јафет - синови Ноеви, Арфаксад - син Симов, Каинан - син Арфаксадов, Сал - син Каинанов, Евер - син Салин (според кој беа наречени Евреите), Фалек - син Еверов, Рагав - син Фалеков, Серух - син Рагавов, Нахор - син Серухов, Тара - син Нахоров, светиот праведен патријарх Авраам - син Тарин, и Лот - внук Авраамов, патријархот Исак - син Авраамов, Патријархот Јаков (наречен Израил) - син Исаков, светите Дванаесет Патријарси и нивните синови: Рувим, Симеон, Левиј, Јуда од чие што колено е Христос, Завулон, Исахар, Дан, Гад, Асир, Нефталим, прекрасниот Јосиф патријархот, и најмладиот Венимијан; потоа Фарес и Зара - синови близнаци на патријархот Јуда, Есром - син Фаресов, Арам - син Есромов, Аминадав - син Арамов, Наасон - син Аминаданов, Салмон - син Наасонов, Вооз - син Салмонов, Овид - син Воозов, Јесеј - син Овидов, од чие колено произлезе Давид Цар и Пророк, Богоотец Христов по тело; потоа Соломон цар - син Давидов, Ровоам цар - син Соломонов, Авија цар - син Ровоамов, Аса цар - син Авијин, Јосафат цар - син Асин, Јорам цар - син Јосафатов, Озија цар - син Јорамов, Јоатам цар - син Озијин, Ахаз цар - син Јоатамов, Езекија цар - син Ахазов, Манасија цар - син Езекијин, Амон цар - син Манасијин, Јосија цар - син Амонов, Јехонија цар - син Јосијин, Салатиил - син Јехонијин, Зоровавел, кој го обнови храмот Ерусалимски, Авуид - син Зоровавелов, Елиаким - син Авиудов, Азор - син Елиакимов, Садок - син Азоров, Ахим - син Садоков, Елиуд - син Ахимов, Елеазар - син Елиудов, Матан - син Елиазаров, Јаков - син Матанов и праведниот Јосиф - син Јаковов, свршеникот на Пресвета Дева Марија (Лк. 3, 23-38 и Мт. 1, 1-16). Исто така се спомнува и светиот и праведен Мелхиседек, свештеник на Бога Севишниот, светиот и праведен Јов Могустрадалниот, светиот пророк и боговидец Мојсеј и братот негов пророк и првосвештеник Арон, првосвештениците Елеазар и Финес син негов и Ор, праведниот Исус Навин и Халев; праведните Судии Израилски: Девор и Варак, судијата Ефтај, судиите Гедеон и Самсон, И праведната Јаила; светиот пророк Самуил, пророк Натан, големиот Пророк Илија Тесвиќанинот и Пророк Елисеј, Олда Пророчицата, Јездра и Немија водачите Израилски, Исус првосвештеникот и Симон големиот јереј. Потоа уште се спомнуваат Дванаесетте мали пророци: Осија, Јоил, Амос, Авдија, Јона, Михеј, Наум, Авакум, Софрониј, Агеј, Захариј и Малахиј; исто така светиот пророк Михеј Џ, пророкот Самеј, пророк Азарија, Анан пророк, Варух пророк, Ахија пророк, Четирите свети Големи Пророци: Исаија, Еремија, Езекил и Даниил со Трите Момчиња: Ананиј, Азариј и Мисаил, и најпосле светиот пророк и првосвештеник Захариј, таткото на свети Јован Претеча, а и самиот свети Јован Претеча и Крстител Христов.

Од светите и праведни жени, освен веќе споменатите, се спомнуваат оваа недела и овие: светата и праведна прамајка Сара - жена Авраамова, праведната Ревека - жена Исакова, праведната Лија - прва жена Јаковова и праведната Рахила - втора жена Јаковова, Асионета - жена Јосифова, Раава Хананејка, Маријам - сестра Мојсеева, праведна Рута - баба Давидова, праведна Сарафтеја на која и бил испратен пророк Илија, праведната Соманиќанка, која го прими пророкот Елисеј, праведната Јудита, праведната Естира, праведната Ана - мајката Самуилова, праведната Сузана, за која зборува пророкот Даниил, праведната Соломија богоносица, и праведните родители на Пресвета Богородица Јоаким и Ана.

На сите овие свети Праотци на Пресвета Богородица и преку Неа на Праотците Христови по тело им се пее оваа недела на богослужението следниот прекрасен тропар во нивна чест а во слава на Христа Бога и Спасител наш (глас 2):

„Со вера си ги оправдал Праотците, свршувајќи ја однапред преку нив Црквата од незнабошците. Се фалат и слават овие Светии, дека Онаа Која бессемено Те родила е плод благословен од нивното семе. По нивните молитви, Христе Боже, спаси ги душите наши“.